Бидејќи пишував за мојата недоверба кон професорите од УКИМ, мислам дека е фер да помогнам некои од нивните образложенија да се афирмираат. Еве го во целот текстот од професорката Елисавета Поповска, како што е објавен на on.net.
Во неодамнешната жолчна расправа што пред камерите се одвиваше помеѓу еден прилично изнервиран универзитетски професор и министерот Никола Тодоров, и тоа за време на протестот против измените на Законот за Високо образование, министерот на неколку наврати праша: „А со што тоа, професоре, во законот се урива автономијата на универзитетот“? Се чини дека токму во овој сегмент, ние, универзитетските професори, не успеавме доволно да се искажеме, а власта пак, со својата пропагандна машинерија, уште еднаш направи опасно извртување на тезите и вулгаризирање на ситуацијата: испадна дека за нас автономијата се однесува само на тоа што сакаме „самоволно да одлучуваме дали ќе држиме предавања и дали ќе пишуваме трудови“ и дека, демек, ускратување на ваквото право за нас било „упад“ во автономијата. Очигледно дека во овој момент се потребни и извесни статистички и стилистички анализи на самиот текст на Законот со коишто и формално, а со тоа можеби и поочигледно, ќе се илустрира императивниот тон на Законот којшто е силно изнијансиран, најблаго речено, со една голема недоверба во способноста универзитетскиот професор совесно да си ја извршува својата професија.
Имено, во последната верзија на текстот со измените на Законот (онаа којашто беше „ревидирана“ заедно со министерот и „аминувана“ од ректорите на четирите државни универзитети), зборовите „надлежен министер“ и „надлежно министерство“ се спомнуваат 26 пати. Самиот текст има 34 члена, од кои некои во себе инкорпорираат членови кои треба да се вградат во веќе постоечкиот Закон и тие се 19 на број. Значи, вкупно во овој текст има 53 членa со кои се прави измена и дополнување на веќе постоечките законски одредби. Ако оваа бројка се стави во корелација со фреквентноста на употребата на зборовите министер и министерство, испаѓа дека овие институционални инстанци се спомнуваат во секој втор член. Зборот професор се споменува 13 пати (двојно помалку отколку зборовите министер и министерство), и тоа воглавно кога се дефинираат неговите обврски, но не и неговите надлежности, бидејќи не постои ниту еден член во кој тој се споменува како фактор на одлука. Правото на одлука за секоја од засегнатите проблематики во овие законски одредби е во рацете на надлежниот министер. Нема никакво место за самоиницијативни предлози или за креативно проширување или модифицирање на формалните калапи во кои мора да се излее отчетноста што Универзитетот му ја должи на министерот, а со тоа и на Владата. Еве еден пример за илустрација: во членот 54 од постоечкиот Закон се истакнува дека Ректорот е должен најмалку еднаш во годината да поднесува извештај за својата работа до Сенатот, Универзитетскиот совет и до оснивачот, односно Владата. Тука ништо не е спорно бидејќи нужно е, во име на подобрување на квалитетот, периодично да се верификува соодветноста на работата и на Ректорот и на Универзитетот во целина. Но, во измените на овој закон се додава нов став кој гласи: „Содржината и формата на извештајот од ставот 2 на овој член поблиску се утврдуваат со уредба за содржината и формата на извештајот за работата на ректорот, која на предлог на министерството надлежно за високото образование ја донесува Владата на Република Македонија“ (член 2 од измените на Законот – мое подвлечено). Значи, Владата пропишува не само како ќе се пишува извештајот (формата), туку и што ќе се пишува во извештајот (содржината). Јас не знам дали правната логика дозволува дистинкција помеѓу поимите форма (како?) и содржина (што?) на еден текст, но ние, филолозите, сме исклучително чувствителни на разликата што постои помеѓу овие две инстанци на создавањето на еден текст: формата упатува на композицијата, на воочливите одлики на еден текст, на конвенцијата со која се пропишува жанрот (онака како што поезијата се разликува од романот, или како што еден правен текст се разликува од еден лекарски наод), а содржината е определена од семантичкото и семиотичкото полнење на текстот коешто го инвестира самиот автор. Ректорот како автор на извештајот е, пред сé, автор на неговата содржина, потчинувајќи се истовремено на обрзувачката логика на овој жанр, а тоа е искреноста и доследноста во претставувањето на фактите. Доколку Владата со уредба ја одредува содржината на извештајот, му го одзема авторството на ректорот или, најблаго речено, Владата му диктира на Ректорот што треба да напише во извештајот. Зарем ова не е упад во автономијата на Универзитеот?
Item, во веќе „извиканиот“ член за составот на нововостановената институција Одбор за акредитација и евалуација на високото образование (член 70), и понатаму е задржан срамниот сооднос 8:7 помеѓу професори-членови избрани од Интеруниверзитетската конференција и членови избрани од страна на Владата. Останатите 4 членови на Одборот кои доаѓаат од МАНУ, од Советот на работодавачите и од редот на студентите и понатаму остануваат сива зона на лоби активности – доволно е од нив да се придобијат најмногу тројца и да настане надгласување на ставовите на универзитетските професори во корист на владините ставови. Но, врвот на парадоксот е што претседателот на Одборот не си го избираат самите членови на истиот тој Одбор, туку Владата е таа која што го именува од редот на членовите, и истиот тој го претставува и застапува Одборот пред Владата. Значи, Владата не само што во голем дел влијае врз составот на Одборот, туку си го избира и соговорникот, оној со којшто официјално ќе комуницира околу активностите на Одборот. Лесно е да се претпостави дека Владата на оваа функција ќе си ги поставува своите претставници: зошто да си има работа таму со некои „бунтовни“ професори кои со своите опонирања би им го одземале драгоценото време на Владините достоинственици, бидејќи „работата е и онака веќе завршена“ ? Зарем игнорирањето на желбата на членовите на Одборот сами да се изјаснат за тоа кого сакаат да ги претставува пред Владата не е упад во автономијата на Универзитетот?
Item, со измените на ЗВО се предвидува, заради обезбедување на квалитет на високото образование, и надворешна евалуација (член 69) која ќе се одвива според насоките и упатствата кои ги сугерира Европската Асоцијација за евалуација на високото образование (ENQA). Ако, и треба да биде така. Ние како Универзитет треба да ги согледаме нашите позиции во самиот европски високообразовен простор и да настојуваме да обезбедиме воедначен квалитет на образованието со другите универзитетски компоненти на овој меѓународен простор. Тоа е и основната идеја на Болоња процесот. Но, откако законот утврдува дека оваа евалуација ќе ја вршат комисии по одделни области во чиј состав ќе има најмалку тројца професори од меѓународно признати универзитети, следи ставот: „Надворешната евалуација се врши под критериуми утврдени со упатство за начинот на обезбедување и оценување на квалитетот на високообразовните установи и на академскиот кадар во Република Македонија, кое го донесува министерот надлежен за работите на високото образование“ (мое подвлечено). Така, во рамките на еден ист член имаме став и контра-став. Откако убаво е образложено дека надворешната евалуација ќе се врши според прифатените постапки, стандарди и насоки кои се применуваат во ENQA, на крајот од членот се поентира со одредба дека сепак, министерот е тој што ќе донесе упатството како да се оценува квалитетот на вискообразовниот процес и на академскиот кадар. Значи, министерот, не само што нема да земе предвид упатства и критериуми сугерирани од домашни експерти, туку се поставува и над оние кои што се меѓународно утврдени, па си донесува свои упатства и тие, конечно, се „највалидните“. Ваквата завршна одредба не само што личи на упад во автономијата на Универзитетот, туку имплицитно сугерира и недоверба во секакви други правилници, па дури кога тие доаѓаат и од меѓународни инстанци.
Item, дојдовме до фамозниот проблем со самоевалуцијата, односно со оценувањето на работата на професорите од страна на студентите. Оваа законска одредба воопшто не е нова, таа веќе ја има во постоечкиот закон и веќе се применува на некои факултети. Во такви околности е сосема извртена и дефокусирана тезата дека професорите се бунат против тоа да бидат оценувани од нивните студенти: сосема е нелогично тие да се бунат толку многу post festum против една веќе законски оперативна одредба. Напротив, за професорот е важно мислењето на студентот коешто треба да му послужи како коректив: професорот така ќе може себеси да си се позиционира и да се нивелира, односно посоодветно да одговори на потребите на студентите. Она против што протестираат професорите е можноста оваа постапка да стане момент на инструментализација на одмаздољубивоста на студентите кои не учат и не успеваат да ги положат испитите; можност личната непосветеност од страна на одредени студенти во изучувањето на одредена академска материја обратно пропорционално да се одрази врз личната посветеност на професорот во одржувањето на одредени критериуми за нивото на квалитет кое е потребно за таа иста материја да се оцени како совладана. Поедноставно кажано, со оглед на тоа што резултатите од самоевалуацијата ќе се земаат предвид при напредувањето на професорот, нели е логично да се запрашаме дали тој можеби нема вака да биде ставен во понижувачка позиција на „додворување“ и снижување на критериумите само за да добие „преодна оценка“ и од непосветените студенти?
Нејсе, освен оваа новина во самоевалуацијата, има и една друга. Имено, за потребите на истата ќе се изготви Државен електронски систем за самоевалуација. Веднаш по ова следи одредбата: „Содржината, формата и начинот на користење на Државниот електронски систем за самоевалуација ги пропишува министерот надлежен за работите на високото образование“ (член 6 од измените). Оваа одредба е во спротивност со погоре наведената одредба од истиот член на ЗВО (член 77) каде што се вели дека самоевалуацијата ќе ја изведуваат комисии (избрани од редот на наставниците од страна на Сенатот, односно од наставно-научниот совет) и истата ќе ја вршат според „упатство за самоевалуација и обезбедување и оценување на квалитетот на високообразовните установи, кое го донесува Сенатот на Универзитетот, односно органот на самостојната високообразовна установа“. Повторно запаѓаме во хијатусот помеѓу содржината и формата и проблемот на авторството: кој ја одредува содржината на анкетните листови – Универзитетот или министерот? Доколку министерот пропишува единствен унифициран модел на анкетирање на студентите, не водејќи притоа сметка за специфичностите на разни факултети кои покриваат различни, често пати некомпатибилни научни области (на што најмногу се чувствителни самите професори и поради што секако треба да постојат варијации во анкетните прашања), зарем тоа не е упад во автонимијата на Универзитетот?
Последниве денови сме сведоци на уште една жестока владина рекламна кампања којашто оди во скоро сите медиуми. Со неа се пропагираат вредностите на измените на Законот за Високо образование. Ја следам рекламата и не можам да и се изначудам: кому му е наменета? против кого е наменета? која и е пораката? бидејќи секоја реклама си има и целна група и порака. Рекламите со себе носат текст (вербален или визуелен), но истовремено сугерираат и развиваат контекст. Не верувам дека постои барем еден жител во Македонија кој не се согласува со текстот на рекламата којшто ги потенцира „сублимираните“ вредности и предности на Законот кој претендира да биде европски. Не верувам дека постои барем еден универзитетски професор кој би настапил против вака поставените тези за подобрување на високообразовниот наставен процес – впрочем, и ние посакуваме подобар квалитет во образованието и приближување до европските модели. Доколку со еден ваков текст се согласуваме сите, тогаш и универзитетските професори и студентите и министерот се од истата страна на барикадите – тие посакуваат исти нешта. Доколку е тоа така, тогаш ваквата реклама станува фалична во нејзиниот основен принцип на постоење, а тоа е нејзината перформативна моќ, односно нејзината мисија дека мора некого да убеди во нешто. Бидејќи оваа реклама не мора никого во оваа земја да убедува во нужноста да се има посовршено образование, таа нема повеќе мисија, нема повеќе оправдание за постоење. Но, таа сепак постои. Зошто? Таа всушност ја црпи својата животна сила од контекстот кој го фаворизира и го креира. Контекстот, или скриената порака, најсимплифицирано кажано е следниов:„ еве какво совршенство од закон ние нудиме, а тие неработници не го прифаќаат. И уште мавтаат со некаква си приказна за автономија и слобода.“
Веќе се навикнавме на фактот дека секоја владина реклама текстуализира кампања и контекстуализира анти-кампања (на пр. со рекламата против абортусот истовремено се прави анти-реклама на застапниците на абортусот); односно, сосема е јасно дека основниот креативен принцип врз којшто почиваат владините реклами е секогаш при пропагирањето на одредени „вредности“ да се контекстуализира напад против противниците на тие исти „вредности“ (макар овие противници биле и измислени). Сега кога сите ја пробивме оваа „финта“, ретко кој се фаќа на јадицата на суптилните пораки за посовршено утре; на сите им е јасно дека сепак „има нешто гнило во државата Данска“, дека зад префинетите рекламни формули за совршен образовен систем на утрешнината се крие цел еден систем на уредби, упатства, правила и прописи кои директно треба да ги носат министерот и Владата, без да прашуваат никого и ништо, ниту професорите, а уште помалку студентите откако претходно ќе ги инструментализираат во реализацијата на својата кауза.
Доказ дека тие всушност и не се толку загрижени за студентите? Да се обидам: наместо да трошат пари за толку скапи кампањи, можеа да ги искористат истите за подобрување на условите во самата база на високообразовниот процес, онаму кадешто студентот го поминува најголемиот дел од денот – да опремат лаборатории, да облагородат простори во коишто тој ќе се чуствува пријатно да работи (училници, читални, библиотеки, студентски домови), да изградат нови објекти и училници со коишто ќе се растерети пренатрупаноста во веќе постоечките простории, да обезбедат соодветна литература и во оригинал, но и на добар и стручен превод, да овозможат повеќе стипендии за студиски престои и стручни усовршувања итн. итн. итн...
Елисавета Поповска
универзитетски професор