право

Undefined

Сите прашања за правото и неправото на општината Карпош

Tags: 

Две групи на одлуки во стручната јавност беа оценети како незаконски, а во пошироката јавност оценети на скалата од непопуларни до штетни, но само една од нив беше повлечена. Тука мислам на одлуките на Претседателот на Републиката за ослободување од гонење на лицата поврзани со истрагите на Специјалното јавно обвинителство и за одлуките на Советот на Општина Карпош за деталните урбанистички за Карпош 4 и за Тафаталиџе.

Судбината на овие одлуки, за чија законитост (или подобро незаконитост) јавноста е согласна, поставува неколку интересни прашања:

1. Кој е тој правен механизам кој на Претседателот му дозволува да ги повлече незаконитите одлуки?

2. Дали тој механизам на повлекување е ексклузивен, т.е. дали му припаѓа само на Претседателот или им стои на располагање и на другите државни органи како што е Општината?

3. Ако ѝ стои на располагање, тогаш зошто не го користи?

4. Ако не ѝ стои на располагање, тогаш што треба да се стори за овој механизам на повлекување да се стави на располагање на општината (и другите)?

Понатаму, главниот аргумент на експертската јавност е дека неправо не може да создава право, па оттука прашање број 5 е: како една одлука за детален урбанистички план, патем за која веќе и дефинитивно Уставниот суд утврди дека не е донесена согласно закон, создала право – односно создала бројни поединечни одлуки за градење кои се сметаат за законити.

Мисловниот процес на Уставниот суд исто така е интересен за разгледување: тој утврдил дека не биле почитувани уставните и законските одредби при донесувањето на деталните урбанистички планови, но воедно одлуките за овие планови ги укинал, а не ги поништил. Па оттука уште едно прашање: како одлуки кои во старт се ништовни и кои според Уставниот суд чинат повреда на начелото на владеењето на правот, како темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија, сепак определен временски период остануваат законити?

И последно, како Уставниот суд презема некој вид на нормативна функција, нешто за што експертите во врска со случајот за Законот за помилување едногласно кажуваат дека ја нема – со прости зборови дека судот не може да создава закони, тоа го прави само Собранието, или во случајот со урбанистичките планови само општините, и вели дека незаконитата одлука на општината е всушност законита од нејзиното незаконито донесување па сѐ до интервенцијата на судот?

Не знам дали овие прашања ќе го добијат експертскиот одговор. Објаснувањето дека во објекти изградени по незаконитите урбанистички планови се вложени пари е кусогледо изоставување на вкупната кост-бенефит анализа во врска со квалитетот на живот што Уставниот суд требал да ја направи при неговото одлучување. Во меѓувреме, се чини дека активистите од Карпош ќе останат со веројатниот одговор дека понекогаш во Македонија и неправото создава право.

Првично објавено на Радио Слободна Европа: https://www.slobodnaevropa.mk/a/29393700.html

Обичајот на подарување

Tags: 

Во официјалниот наратив интелектуалната сопственост често, ако не и единствено, се поврзува со правата што авторите, уметниците и воопшто креативната фела (треба да) ги имаат со единствена цел да бидат мотивирани да создаваат уште повеќе и, се разбира, да можат да живеат достоинствен живот. Напишано вака, тоа звучи розово за секој (потенцијален) автор. Но, во реалноста секогаш има нешто повеќе од замислените концепти – па дури и за ваков неодреден концпет како што е интелектуалната сопственост. [За проблематичноста на терминот „интелектуална сопственост“ сум пишувал порано, па овде нема да се задржуваме на тоа.]

Денешната приказна нѐ носи 12 години назад во времето кога светот се плашеше од милениумската бубачка. Во далечната 1999 мала библиотека во Нов Зеланд, соочена со финансиски ограничувања, одлучила да го замени својот стар софтвер кој ќе престане да работи поради Y2K со ново решение кое ќе биде слободен софтвер. Така беше родена Koha – првиот слободен софтвер што нуди комплетно решение за управување со библиотечен фонд. Името, како што често бидува во светот на гнуата, има пошироко значење. Koha на маорски јазик (јазикот на домородните жители на Нов Зеланд) значи давање подарок или придонес и го опишува и самиот обичај на взаемно подарување. Во јануари 2000-тата библиотеките од Нов Зеланд на светот му ја подарија Koha.

Премотувајќи ја лентата до денес ќе видите многу успех зад проектот Koha - бројни награди и распространета меѓународна употреба. Но, деновиве вестите поврзани за Koha водат до молба за донации и правна помош: корпорација од Соединетите држави ја регистира трговската марка (trademark) за Koha во САД и истото сака да го направи во Нов Зеланд, со што проектот повеќе нема да има право на користење на името (кое, за потсетување, всушност е збор од јазикот на Маорите) кое го носи од своето зачнување во 1999 г. [Американската корпорација влегува во приказната на Koha откако купила компанија што комерцијално нудела поддршка за библиотечниот систем. Оваа компанија била одговорна и за менаџирање на доменот koha.org.]

Трговските марки се едни од монополите кои државите им ги даваат на граѓаните и компаниите за да обезбедат ограничен монопол за употреба на имиња или логоа. Тие се дел од она што популарно и заводливо се нарекува „интелектуална сопственост“. Потсетете се, целта е обезбедување на авторите. Како тогаш да се обезбедат луѓето што работат на Koha?

Ова не е прв пат проект што е слободен софтвер да се најде загрозен од страна на трети лица на полето на тровските марки. Linux, кернелот со кој работат најголем дел од дистрибуциите на слободен софтвер, имаше слично сценарио во 1994 година. Иако тогашниот исход денес изгледа правилен, не треба да се заборави дека тогаш големите пари на корпорациите беа на страната на Линус Торвалдс. Koha, барем за сега, ја нема таа поддршка.

Исходот на оваа битка за „интелектуална сопственост“ ќе се знае за најмалку 3 месеци кога завршува жалбениот процес во Нов Зеланд. Без разлика дали Koha ќе мора да го смени името, или ќе продолжи да го употребува со плаќање на лиценца, или ќе победи, нивниот подарок останува да се употребува во библиотите низ целиот свет.

Текстот е објавен на it.com.mk: Обичајот на подарување.

***

Како и изминативе неколку недели, во следниот период, еднаш неделно (во сабота) ќе пишувам по еден ваков текст (на тема слободен софтвер, авторски права, интеренет, граѓански права итн.) за it.com.mk. Текстовите ќе се појавуваат на мојот блог следниот ден (во недела).

За слободата на говорот

Tags: 

Во ретко несувопарен текст објавен деновиве во Службен весник и достапен на интернет може да се види како судовите во Македонија, од најниските до највисоките, ја ценат слободата на говор.

Накратко станува збор за барање до Уставниот суд од адвокат од Скопје за заштита на слободите и правата гарантирани со член 16 од Уставот на Републиката, а повредени со пресуди од пониските судови.

Барањето е во врска со дело „клевета“. Не знам до која мера македонското судство функционира на принципот „преседан“, но оваа одлука личи на нешто што може да влијае во поставувањето стандарди во врска со други предмети за ова дело.

Посебно интересна е нормативната анализа, и на судот и на судијата Игор Спировски кој има издвоено мислење, во која може да се препознаат вредностите што ги имаат и застапуваат македонските судии.

Лично се согласувам со издвоеното мислење на судијата Спировски, меѓу другото и дека „слободата на изразување не е обезбедена само за пријатни и ненавредливи изјави и ставови со кои се согласуваме или кон кои сме индиферентни, туку и за изјави што се вознемирувачки или шокантни.“