слободен софтвер

Undefined

Софтвер за истражувачки медиуми

Tags: 

За оние кои во Македонија се бават со истражувачко новинарство, First Look, издавачот на The Intercept - медиумот каде што продолжи да работи Глен Гринвалд откога замина од Гардијан, објави две софтверски алатки што ја олеснуваат работата на новинарите.

Едната е AutoCanary, алатка која што автоматски ја известува јавноста дека медиумот не добил „наредба за молчење“ од страна на некоја владина служба.

Другата е PDF Redact Tools, алатка со чија помош може да се анонимизираат (т.е. отстранувааат метаподатоци) и уредуваат PDF документи.

Двете алатки се достапни за GNU/Linux и MacOS, додека за Windows сега за сега ја има само AutoCanary.

Значи правец https://firstlook.org/code/project/.

Состојбата на електронските услуги во РМ

Tags: 

Во 2005 година на блогов е забележан проблемот со софтверот за пресметка на плати.

Во 2010 година, проблемот со ЦРМ.

И двата постојат сѐ уште и денес - заедно со некои други.

Оваа година се туркаат напред и други, нови, електронски услуги. Новиот даночен систем на УЈП е таков. Сѐ уште е нејасно дали оваа услуга ќе може да се користи од GNU/Linux (се откажав после некои иницјални тестови, а понудувачите на сертификати нудат поддршка само за ситеми на Microsoft).

Но, дури и да се радуваме на тоа што нема да мора да зависиме од Internet Explorer, апликацијата зависи од Java која пак во последно време е безбедносен кошмар.

Вкупната оценка на сето ова не е добра. А покрај оваа констатација останува да се запрашаме и како да се мери успешноста на граѓанскиот ИКТ активизам во Македонија во однос на овие технологиите и услугите што тие ги овозможуваат?

2013 на Интернет

Tags: 

На почетокот на 2012 [технички на крајот на 2011] година Кори Доктороу (http://boingboing.net/2011/12/27/the-coming-war-on-general-purp.html) предвиде дека допрва нѐ чека војна во која големите корпорации и владите ќе се борат за целосна контрола над персоналните компјутери за општа употреба. Ова што до сега го гледаме, објаснува тој, во врска со авторските права и Интернет е само предвесник. Овој негов говор силно одекна во разните заедници на Интернет и мислам дека успешно го улови доминантното чувство за тоа каде може да се движи технолијата и општеството т.е. кодот и законот ако не посветиме доволно внимание на актуелните случувања.

ACTA, SOPA и PIPA, но и постојаната војна против Wikileaks, тужбите против p2p споделување податоци и против протестите (окупирањата) на Интернет на Anonymous се примери за тоа што и како мислат и делуваат некои од водечките држави и корпорации. Македонија не е недопрена од овие случувања, затоа што секоја законодавна или судска пракса може да се пренесе преку меѓународните институции или договори до земјите кои целат да станат членки на ЕУ и оние кои имаат обврски преку СОИС или СТО.

Но дури и гледано изолирано, Македонија имаше два нејзини моменти налик на SOPA или ACTA. Првиот, новиот Закон за граѓанска одговорност за навреда и клевета кој што во својата првична форма требаше да го регулира протокот на информации на Интернет, а во својата конечна останува да регулира „други форми на уреднички oбликувани програмски содржини кои се објавуваат, односно емитуваат дневно или периодично во пишана форма, звук или слика, на начин достапен за широката јавност.“ - што може да опфати чие било и какво било објавување на Интернет, како и недореченоста поради која може без судска постапка да се отстрануваат содржини од Интернет. Вториот е Правилникот за надоместоците за користење на фонограми и изведби на ММИ кој што цели да опфати огромен дел од употребата на музички дела.

Во двата случаи молкот на видни лица од стручната јавност, пред сѐ од правната струка, е застрашувачки и, ако треба да се потенцира едно нешто, тогаш ова е клучната работа што нас нѐ разликува од остатокот од светот. Битката против горните прописи во ЕУ или САД не ја водеа само активисти и хакери туку и истакнати интелектуалци - правници, економисти, политолози.

Во 2013 во светски рамки веројатно е да се очекува да се појават нови предлози, закони, договори кои ќе се обидат да спроведат слични решенија како веќе споменатите по веќе добро разработената пракса на „преместување на форумите“ - ако нешто не може да се изгласа во САД или договори во ЕУ ќе се договара во СТО, или пак ќе се предложи преку некоја друга организација, а потоа ќе се промовира како меѓународен стандард итн. За очекување е светската јавност да реагира на ваквите случувања како и до сега и веројатно ние од овде, ако ништо друго, ќе ја понудиме нашата принципиелна поддршка за зачувување на слободата на користење на технологии и пристап до Интернет. Посебно значајни во оваа смисла остануваат обидите да се создаде соодветна алтернатива на Facebook и другите слични приватни простори и места кои корисниците ги сметаат за „Интернет“ (https://www.freedomboxfoundation.org/), како и обидите да се создаде слободен хардвер за лаптопи (http://www.bunniestudios.com/blog/?p=2686), слободна платформа за мобилните уреди што ќе соодветстува на отворениот Интернет (https://wiki.mozilla.org/B2G/FAQ), како и постојанот подучување на сѐ-повеќебројните корисници за користењето на технологии како што е крипографијата (https://www.torproject.org/ и http://www.gnupg.org/).

Не помалку важно за нас во Македонија останува да ги довршиме започнатите активности против делови од горните домашни прописи кои силно удираат по идеалите за слобода и кои претставуваат опасност за слободата на говор и изразување. Но, исто така, и да останеме будни за некои други прописи да не се протнат низ стражата на оваа Интернет генерација. Постојаното образование на луѓето што доаѓаат во дигиталниот свет исто така преставува огромен предизвик.

Кога сѐ почесто во општеството се исцртува опасноста од целосна контрола над персоналните компјутери за општа употреба, и кога ги препознаваме обидите за потиснување на слободата во различни области, на нас останува да направиме сѐ за дистописка приказна „Право да читаш“ на Ричард Сталман да остане токму тоа - само приказна.

Кратка верзија во новогодишното (31.12) издание на Нова Македонија: Онлајн-пазарот ќе живне, борбата за слободен Интернет продолжува.

Предавања на ФИНКИ #1 и #2

Tags: 

На 13 и 20 ноември 2012 г. на ФИНКИ се одржаа првите две предавања од планираниот распоред на Слободен софтвер Македонија.

Првото беше за општествените последици на слободниот софтвер, второто за етикиата на хакерите. Предававме јас и Дамјан.

Од првото предавање излезе оваа ex-post белешка, а по целовечерна сесија за github презентацијата од второто предавање е доспапна на интернет: Зошто хакерите хакираат?

Добри вести: Расте употребата на слободен софтвер во Македонија

Tags: 

Според информациите собрани од страна на Државниот завод за статистика на Р. Македонија во 2010 и 2011 година употребата на слободен софтвер бележи раст во приватниот сектор (мали, средни, големи претпријатија) и јавниот сектор (министерства, агенции, јавни претпријатија и локална самоуправа).

Супер интересно, според податоци од ДЗС, е тоа дека преку 90% од институциите на централната и локалната власт користат Firefox или Chrome.

Целиот текст на: http://www.slobodensoftver.org.mk/vesti/upotreba_na_sloboden_softver_vo_rm

На браникот на слободата: 10 години од основањето на Слободен софтвер Македонија

Tags: 

На 28 октомври 2002 година се одржа основачкото собрание на Слободен софтвер Македонија.

Денес одбележуваме 10 години постоење, работа, хакирање и споделување.

„Слободен софтвер Македонија на тапет“ во виолетова варијанта на македонски јазик

„Слободен софтвер Македонија на тапет“ во виолетова варијанта на македонски јазик од Гоце Митевски.

Собранието се одржа во тогашниот „Пингвин Паб“ карши автобуската станица „Рекорд“ во Скопје. Присутни беа 15 основачи. Беше изгласан првиот статут на организацијата и првото раководство. За претседател беше избран Иван Стојмиров. Во управниот одбор членуваа уште и: Александар Ников, Арангел Ангов, Васко Митанов, Дамјан Георгиевски, Дарко Стојчев и Игор Петрески.

Повеќе:
slobodensoftver.org.mk
Важни настани

За важноста на слободниот софтвер и отворените стандарди - презентација на Е-општество 2010

Tags: 

По среќна случајност, освен ако Гугл не знаеше дека фрекфенцијата на текстови на блогов е намалена, при известувањето за стартувањето на Гугл драјв, си го најдов текстот-презентација од Е-општество 2010 и забележав дека го нема овде. Па бидејќи сѐ уште делува свежо, а темата е важна како и секогаш го пренесувам тука.

Во изминатава година бевме вклучени во проектот за пишување на предлог Национална политика за слободен софтвер. Тимот се состоеше од луѓе од Слободен софтвер Македонија – организацијата која јас овде ја претставувам, фондацијата Метаморфозис – која меѓу другото е организатор на оваа конференција и Министерството за информатичко општество заедно со заинтересирани страни од бизнис секторот, универзитетите и заинтересирани поединци од пошироката јавност.

Срцевината на политиката се 12 препораки кои што ги составивме. Препораките се однесуваат на работи што сметаме дека се важни за граѓаните и компаниите во контекст на развојот на информациското опшество, а посебно во однос на комуникацијата со државата.

Бидејќи времето е кратко ќе прејдам на главните поенти. Се разбира целиот текст е достапен на интернет заедно со дискусиите што ги имавме. На оваа врска можете да ја прочитате политиката во целост.

Па зошто ние потребна ваква политика?

Треба да погледнеме некои од услугите кои ги нудат јавните институции со кои граѓаните и компаниите мора да комуницираат по Закон.

Затоа посакуваме граѓаните и компаниите да имаат избор во тоа кој софтвер го користат при комуникација со државата. Има повеќе примери за ограничувања при изборот на софтвер, но бидејќи сме при крај на годината и завршните сметки ќе се спремаат наскоро, еве што Ви е потребно да доставите завршна сметка по електронски пат.

Приказната не е многу поразлична и со добро прочуениот софтвер за пресметка на платите.

Ова задолжително парче софтвер работи исклучиво на еден оперативен систем.

Кога компјутерите не би постоеле, тоа би било како морате да пишувате само со пенкала на Паркер или само на хартија од Молескин.

Да ја искористам оваа графичка претстава од Ханс Рослинг, она што сакаме да се постигне е јавноста да има поголем избор, увид и вклученост во она што го нарекуваме е-општество, а од кое дел се концептите за е-влада или е-образование.

Исто така сакаме да ги лоцираме добрите практики што ги имаме во Македонија и тие да послужат како пример за оние институции кои треба да се придружат на електронските новини или кои веќе се таму, но мора да се подобрат.

Но, дури и да ја имаме напишано најдобрата политика и таа да биде усвоена од надлежните институции, малку ќе се постигне без учество на граѓаните.

Се разбира, ние во Слободен софтвер Македонија можеме да завршиме дел од работата, но без активност од остатокот од јавноста тешко дека ќе можеме да ги постигнеме саканите цели за отвореност, пристапност и избор.

За да споделиме посакувано е-општество, треба да споделиме и дел од работата потребна да стигнеме таму.

Благодарам.

Краток коментар кон „Збогум пирати?!“ од Diversity Media Production

Tags: 

Минатата недела дадов кратка изјава за прилог на Diversity Media Production посветен на авторските права. Текст и аудио има тука: http://diversitymedia.mk/index.php/217

Целата изјава беше подолга, но на крај има само неколку реченици од мене:

„Веројатно поголем ќе биде трошокот за некоја компанија од таму да дојде да ги чита законите, да најми луѓе и да истражува. Меѓутоа, од друга страна, проблемот може да биде и во недоследната примена на законот, затоа што тој може да се искористи за замолчување на лица или организации ако утврдат дека користеле некоја нелиценцирана содржинаˮ вели Наков и посочува пример:

„Во Русија, затворени се неколку организации кои што се борат за човекови права на основа на тоа дека користат нелиценциран „Виндоус“.„

Сега, откако го прочитав текстот морам да додадам уште два коментара, кон двете други изјави што се во истиот прилог.

Прво тука е маченичката изјава на продуцентот на „Панкот не е мртов“:“„Сум изгубил три години за да се направи со триста маки и некој го постави на Интернет. И уште дава коментари дека е тоа општествено добро и дека треба сите да го гледаат и дека тој тоа што го направил е многу добро дело. Што е тој? Робин Худ, што...?! револтирано прашува Попов. “.

Брзо гуглање за филмот дава дека филмот е поддржан од филмскиот фонд со 250.00,00 евра. Мислам дека нашата, како општество, принципиелна позиција во врска со авторските дела што се финансирани од државниот буџет, треба да биде дека сите тие дела ќе бидат бесплатно достапни за сите граѓани на Републиката. Во оваа смисла, повеќе симпатии имам за Холивуд кој плаче за своите филмови, бидејќи таму сѐ се плаќа од личен џеб.

Македонските филмаџии не се првите што финансирани од државата саакаат да максимизираат приходи од авторскиот монопол. Книгите на МАНУ се безобразно скапи, исто како и толковниот речник кој го издава Институтот за Македонски јазик, ако добро се сеќавам од посетите на саемите.

Второ, изјава на В. Пепељуговски, претставник на BSA (организација што ги штити интересите на Мајкрософт, Адоби и сличните големци) во Македонија: „Тука губат големите компании. Но, тука губи и државата преку неплатени даноци, ДДВ, промет, данокот на добивка, неплатени царини, неплатени придонеси... Тоа се огромни штети што се мерат во милиони американски долари, но и кои се мерат во изгубени работни места“.

Ова е уште еден FUD каков што ми се чини навикнавме да слушаме од Пепељуговски. Не само што сите овие давачки не ги наплаќа државата кога купуваме софтвер, туку и научните студии се јасно против пропагандата на Холивуд:

Time and again, the studies show that the effect on markets is marginal, and that the big entertainment companies are opposed to file-sharing a means of suppressing competition and innovation (http://boingboing.net/2012/05/07/meta-analysis-of-studies-on-fi.html).

На крај да не го заборавиме The $8 billion iPod кој иако презентиран со смешен тон е базиран на релевантни статистички податоци (http://blog.ted.com/2012/03/20/the-numbers-behind-the-copyright-math/).

Отворени градови

Tags: 

Оваа не е вообичаениот тип на текст што се појавува овде, но ете да го споделам ова кратко и корисно видео од годинешната re:publica во Берлин: https://www.youtube.com/watch?v=YZqHXNUFLgM

Станува збор за најава за проект за отворени градови, користење на товорени податоци за создавање на услови за поубаво живеење во градовите. Од тоа што може да се види на сајтот на проектот во него се вклучени Хелсинки, Берлин, Амстердам, Париз, Рим, Барселона и Болоња (ако воопшто некој и би се изненадил од овој попис).

Па тоа, мал heads-up за скопските градски активисти.

Страници