ФПИОМ може ли да ми подариш 60 евра + ДДВ?

Tags: 

Вчера (10.12.2005) на едукативната сесија на саем, како претставник на Слободен софтвер Македонија, зборував за замките на неслободниот софтвер за замките на неслободниот софтвер. Ја споменав и Националната стратегија за информатичко општество. Таа, уште на почетокот, во препораките за развој на информатичко општество чита:

За да можат граѓаните на Република Македонија да бидат чинители на информатичкото општество потребно е градење на кохерентни политики за да можат сите сектори да нудат е-услуги коишто ќе бидат унифицирани, стандардизирани, едноставни за користење, независни од софтверска платформа, достапни за сите граѓани без оглед на нивната локација и нивниот социјален статус, имајќи ги предвид потребите на граѓаните, а со помош на ИКТ-алатките граѓаните да партиципираат во целокупните општествени процеси, како и во процесот на донесување на одлуките на локално и на национално ниво.

Гледате: независни од софтверска платформа! Фондот за ПИОМ нуди некоја си е-услуга, дел од е-влада или не знам што. Услугата е софтвер за МППП.

Ќе видите дека овој софтвер не е независен од софтверската платформа. За да работи потребен му е Microsoft Windows 98 SE или понов и .NET Framework. Дали работи со Mono? Секако дека не. Па, што да правиме сега?

Да речеме имам фирма која мора според закон да доставува извештаи за МППП во електронска форма. (Искрено и ова ми е спорно. Не ми е јасно зошто да ме условува некој да ги доставувам податоците во електронска форма, кога можам на хартија. Значи мислам дека и овде треба да имам избор.)

Доставувањето во електронска форма во случајот на ФПИОМ и Р. Македонија значи дека јас немам право на избор. Јас не можам да одлучам каква софтверска платформа ќе користам. Можеби сакам да си користам Ubuntu или Mandriva, или можеби сум посветен корисник на Apple Mac OSX. Тоа не значи ништо. Морам да купам лиценца за Windows XP home (тоа е најевтиното што се продава во нашиве дуќани), за да можам да ги исполнувам задолжителните законски обврски во државава. Значи, трошоците ќе ми се зголемат, а јас не сакам. Сакам бесплатна лиценца за MS Windows XP.

Претпоставувам дека има некоја законска одредба која забранува вакви условувања од државата. Знам дека на времето, во лошиот социјализам, државата имала право да наложи што и од каде да се купува. Немало пазар, се било плански, бла, бла, бла. Во нашава, сега пазарна економија, државата пак сака да ме тера да користам нешто. Пазар бе.

Претпоставувам дека има и некоја законска одредба која забранува потпишување на договори против волјата на една од странките. Ова е многу поважно, ексик нека се парите. При инсталација на Microsoft Windows XP се појавува едно прозорче исполнето со End User License Agreement. Популарната EULA не е само лиценца. Тоа е нешто повеќе како договор кој што корисникот го склучува со производителот на софтверот, во овој случај Microsoft. Microsoft на крајот на EULA напишал дека ако не се сложувам со условите пропишани во неа можам да го вратам производот назад и да си ги добијам парите назад. Јас не се сложувам со EULA. Едноставно не сакам да го потпишам тој договор. Мислам дека ќе биде штетен за мене и мојата фирма. Смее ли некој (па макар тоа бил ФПИОМ?!?) да ме принудува да потпишам договор за кој сметам дека не е во мој интерес?

Се обидов да добијам одговор на прашањето што да правам ако не користам MS Windows. На веб страницата на ФПИОМ поставив прашање пред една недела на кое што сѐ уште нема одоговор. На телефонскиот број за поддршка (15215) љубезната* девојка не можеше ништо посебно да ми каже освен дека на сесиите за информирање било речено дека оние кои не можат да се снајдат треба да си најдат програмери кои ќе им завршат работа и дека за повеќе информации треба да го барам Атанас од ИКТ секторот на фондот. Го барав и Атанас, ама не успеав да го добијам.

Епа тоа. Стратегијата уште не заживеала, а веќе е сериозно поткопана. Е-не може вака!

* Да, во принцип се љубезни ваквите специјализирани служби во државава. Само една работа ме мачи. Разговорот најчесто почнува: „па дечко види вака...“, за кога ќе стане посериозно да се смени: „господине тоа можете да го видите...“. Надвор од темата, ама можеби погодно за некој друг текст.

ПС. Слободен софтвер Македонија има потреба од правен советник. Бараме некој човек што е заинтересиран за прашања поврзани со вакви работи, а кој сака некој дел од слободното време волонтерски да го посвети на промовирање на слободата во работата со компјутерите.