Во приказ(н)ите на мрачниот среден век на Европа, често се раскажува за тоа како знаењето било заклучено во одаите на привилегираното свештенство. Потоа дошла машината за печатење на Гутенберг и се случила демократизацијата на знаењето.
Да се стави ова во денешен контекст е малку потешко, но некои паралели се очигледни: тогаш законите на општеството ги регулирала сакралната власт, а помалку и световната; денес, свештениците имаат помала, иако на некои места сосема релевантна улога, па тука се сите закони на државите. Но, денес приказната не завршува тука. Како што обемно елаборира Лесиг во својот „Код и другите закон на киберпросторот“, програмскиот код исто така има големо влијание за тоа што денес се случува во on-line и of-line светот.
Директен повод за ова потсетување на законите на новото време е Денот на слободата на документите. Денот кој се одбележува трета година по ред во последната среда од месец март е меѓународен настан организиран од заедницата на корисници на слободен софтвер со цел промовирање на слободните формати за документи и отворените стандарди. Водечки пример меѓу овие е Отворениот формат за документи.
Овој настан е насочен кон подигнувањето на јавната свест против катедралите/црквите на новото време – затворените формати за документи – кои ги заклучуваат податоците и информациите и ги прават недостапни за јавноста.
Прашањата за форматите на документите и отворените стандарди се жешка тема во Европа.. Лично, мачно ми е секогаш кога треба да се направи некаква поента да кажам дека штом Македонија сака да стане членка на ЕУ, мора да го следи примерот на (некои од) земјите од Унијата и да ги прифати отворените стандарди во сите јавни институции (и да ги следи препораките на Европската рамковна програма за интероперабилност).
Сепак, и без препораките и советите од страна, треба да бидеме свесни дека чувањето на јавните податоци во формати кои зависат од волјата на една компанија не може да биде добра практика. Најпознатите (колку-толку) документирани примери од македонското секојдневие се услугите кои Централниот депозитар за хартии од вредност и Централниот регистар на Македонија ги нудат само преку документи кои се достапни во форматот на Microsoft Office. Но, и едноставно пребарување на Google кажува дека на владините веб страници на пример има преку 12.000 документи во .doc формат, а во .odt едвај дваесет.
Достапноста на податоците е тесно поврзана со форматот во кој тие се складирани. Ми се чини дека денес нема никакви информации во јавноста за тоа како се складиираат податоците кои се финансирани со буџетски средства. Тука пред сѐ се вбројуваат сите работи за кои е задолжен Државниот завод за статистика. Што ќе се случи ако таму одлучиле сите податоци да ги чуваат во формати кои работат само со определен софтвер или платформа, а тие производи поради разни причини станат недостапни?
Незаинтересираноста за овие прашања во наши услови надополнета со тесните интереси за промовирање на определени компании може да нѐ однесе во ново мрачно доба.
Но ќе завршам со Даглас Рушков и неговата порака дека мора (или барем треба) да научиме како системите работат, дека ако не бидеме тие кои ќе програмираат, тогаш ќе бидеме програмирани. Ми се чини дека битката против затворените формати е дел совладувањето на вештините што ги носи дигиталното доба.