Што да правите кога снабдувачот ќе ве затвори во неговиот кафез?

Tags: 

Мојата девојка Невенка е архитект и постојан корисник на Windows XP и најновиот AutoCAD. (Баш и ја раскажував приказната за архитектите на Денот на слободниот софтвер 2007 во Магор.) До скоро користењето на GNU/Linux на домашниот компјутер не и беше многу важно. Но, деновиве една случка ја прелеала чашата.

На Windows за IM се користат различни варијатни на Windows/MSN Messenger. Таа ја користеше верзијата 7.5 бидејќи таа е верзијата што и се допаѓаше.

Microsoft понудил надградби, таа ги инсталирала, констатирала дека 7.5 повеќе и се допаѓа и ги избришала. Оттогаш, па се до пред неколку дена, на понудената опција за Upgrade на софтверот таа кликала Cancel.

Но, од скоро Microsoft решил дека повеќе нема да може да се клика Cancel. При едно стартување се појавил прозорец за надградба на MSN без опција за откажување и без опција да се пријавите на услугата за IM. Понудената опција, поточно единствениот можен чекор за понатамошно разговарање со пријателите на мрежата на MSN била Windows Live Messenger - софтвер кој таа го пробала и кој не сакала да го користи. Сепак, кликнала Upgrade. Тоа бил единствениот начин во моментот да комуницира со своите пријатели.

Прочитавте за Vendor lock-in at its best. Добра лекција за некое предавање на Економскиот факултет. Патем, она што беше интересно е што приказнава ја раскажавме на полно гости во Магор, претежно корисници на Windows. На повеќето од нив не им се веруваше дека вакви работи се случуваат на овој оперативен систем.

Затворените еко-системи се лоши. Можете да ми верувате на зборот или можете да го прочитате Харвардовиот Roadmap for Open ICT Ecosystems. Ако сте уште на MSN време е да се префрлите на Jabber (и истото важи за spyware-от Skype). Ако уште ги снимате вашите документи во .doc време е да се префрлите на ODF. Исто така, новото Ubuntu излегува следниот месец. Нарачајте си копија штом ќе биде достапно!