Објаснување за системот на електронска здравствена картичка од гледна точка на зависност од еден понудувач

Tags: 

„Зависност од еден понудувач“ или на англиски „vendor lock-in“ е честа тема на овој блог. Уште во далечната 2005 пишував за наметнувањето на софтвер од определен производител за да може софтверот за плати да работи (ФПИОМ може ли да ми подариш 60 евра + ДДВ?), а во февруари 2010 се навративме на темата преку ЦРМ (Централен регистар на Македонија == Комплетна зависност од еден понудувач).

Во врска со првиот случај, софтверот за плати, Слободен софтвер Македонија заедно со фондацијата Метаморфозис испрати допис до надлежните институции (Соопштение до медиумите за софтверот од ФПИОМ. Одговор во никогаш не добивме, а софтверот сѐ уште се користи. Во меѓувреме направивме и вики страница каде што секој може да ги прибележува ваквите примери.

Неколку ИКТ политики, стратегии и акциски планови подоцна, еве сме на истата точка, овој пат за друга електронска услуга што ја нуди извршната власт во Р. Македонија. Според (ограничените) информации што се достапни, софтверот што треба да го користат лекарите во Македонија работи само на оперативни системи на Microsoft, и тоа не на сите оперативни системи направени од овој производител. Како доказа еве слика од страницата на Фонд за здравствено осигурување на Македонија.

Секој што малку следи што се случува на пазарот на оперативни системи знае дека Windows XP повеќе не се продава, така што сите се принудени да купат верзија на Windows 7, чија професионална верзија се продава за речиси 150 евра.

Мразам да ја правам оваа математика, но ете, вие сте лекар, имате пациенти, тие имаат електронски картички, вие мора да имате читач, а имате стар компјутер на кој Windows 7 не може да работи, или користите GNU/Linux или Mac OS X или... и морате да потрошите куп пари за лиценца за Windows 7 и можеби за хардвер за тој да работи.

Најлесната споредба на зависноста од еден понудувач со не ИКТ светот е оваа: сите имаме здравствени книшки од хартија. Зависност од еден понудувач во случај со нив би бил кога лекарите би морале да користат пенкала од само еден производел за да напишат тоа што треба да напишат во здравствената книшка.

Никој не би помислил дека вакво нешто може да се протне во хартија-и-пенкало светот. Но, во дигиталниот свет сѐ е можно...

2 Comments

Сроден случај на овој е и

Сроден случај на овој е и оној со централизирање на издавањето на рецепти -- систем поврзан со ЕЗК. Секоја аптека требаше да има софтвер и читач на ЕЗКартички, издадените рецепти да се читаат од централниот систем и да се издаваат на пациентите.

Се појави проблем, бидејќи неколку големи системи со аптеки во Македонија користат Linux на своите работни станици во аптеките, а читачите имаа драјвери само за Windows OS.
Кога од изведувачот на системот, една хрватска фирма, побаравме да овозможи користење на читачите и на Linux, т.е. да обезбеди соодветни драјвери, ни побараа 40.000 евра (!) за тоа. Нивното објаснување беше дека во ToR-от (условите за изработка), стриктно бил наведен само Windows OS, и затоа немаат компатибилност со Linux.

Не сум сосема сигурен, но мислам дека имплементацијата на овој систем е во застој, ако не и потполно прекината.