Submitted by Новица on
Tags:
Избори или не често се коментира за демократијата на политичките партии во Македонија. Долгогодишни лидери и партиски избори со еден кандидат се вообичаената слика. Интересното е во тоа што ова се случува во демократска Р. Македонија. За жал, не знам дали може некаде да се најдат информации за лидерството во СКМ во недемократската СР Македонија.
Но, за среќа, постои друга институција каде лесно може да се следи демократскиот капацитет. Оваа институција е важна од две причини: 1. Тоа е местото од каде доаѓаат најголем дел од високообразованите лица во земјава, или со други зборови, тие што во суштина подоцна во животот ги активно ги создаваат стандардите за политичкото однесување во општеството и 2. Тоа е местото каде што работат најголем дел од интелектуалците во земјава и со тоа местото од каде најчесто пристигнуваат критиките до политичките партии за нивната недемократичност.
Таа институција е Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“.
Така ако одите на списокот на ректори на УКИМ ќе видите дека во главно, ректорувањето траело две учебни години, се додека не стигнеме во деведесетите кога наеднаш ректорската задача трае повеќе. Не знам дали деканските истории се исто така достапни на интернет, но една прошетка низ холот на Филозовскиот факултет ќе Ви биде доволна да видите дека последниот декан служел од 1991 до 2009. Сега, ете веќе 2 години факултетот има нов декан. Не се сеќавам на годините, но и кога студирав на Економски, факултетот имаше долгогодишен декан.
Сигурен сум дека сето ова е регулирано со статути и слично и од формална точка е во ред. Затоа вистинското прашање е дали во недемократската Македонија промените во управите биле шминкерски колку да се рече дека ги има, и сега во демократска Македонија шминката е тргната и ги гледаме работите се такви какви што навистина биле и уште повеќе продолжуваат да бидат.