македонија

За потребата за бележење на причините за неуспех

Tags: 

Секое предавање за стартапи вклучува охрабрување дека неуспехот е дел од процесот на правење бизнис. Инвеститори кои што држат предавања велат дека попрво би вложиле во некој со просечна идеја и неуспешно искуство, отколку во некој со супер идеја и без искуство на пораз во бизнис светот. Падни седум пати, стани осум пати или слични источни поговорки се користат да се илустрира процесот до стигнување до успех преку неуспеси.

Сепак, освен ако не наоѓам голема дискусија некаде, ми се чини дека во Македонија има многу малку податоци и дискусија за тоа зошто стартапите не успеваат. Со планот стартапите да бидат еден од главните двигатели на економски раст во Македонија, поддржани од државни институции како Фондот за иновации и технолошки развој (ФИТР) кој што дизајнира програми и политики за инвестирање, прашањето за неуспех би требало да добие поголемо внимание.

Разбирањето на причините за неуспех може да има советодавна улога за државните програми за финансирање и за другите сегашни и идни стартапи. Ова е од посебно значење ако причините за неуспех најчесто не се лоцирани внатре во фирмите (на пр. лош менаџмент), туку надвор во околината во или со која што тие работат (на пр. високи кирии за деловен простор). ФИТР и другите државни институции што помагаат во спроведувањето на програмите за економски раст, на проблемите кои што се од внатрешна природа кај компаниите, можат релативно полесно да понудат решенија (како на пример обуки за подобрување на менаџерските способности, подобрување на меѓучовечки вештини, учење на други потребни знаења итн.). Но, работите стануваат многу покомплицирани ако треба да се интервенира во работи што не се во директна надлежност на државните институции кои примарно работат со стартапи. Затоа податоците за неуспех може влијае и на други државни политики.

Ако на пример, стартапите не успеваат поради тоа што не можат да најдат дополнителни програмери за да ги испорачаат производите што ги ветиле на пазарот, а тоа како последица го попречува економскиот раст, тогаш ФИТР ќе може да го советува Министерството за образование за промена на образовни програми. Ако пак скапите кирии или недостатокот на деловен простор во Скопје се проблем, тоа може да биде сигнал за градежниот сектор или за локалните власти од други градови кои би понудиле поприфатливи услови за стартапи.

И така натаму, може да се понудат други примери: пристап до пазари, контакти од клиенти, формирање конзорциуми помеѓу домашни и странски компании за поголеми проекти за кои надлежностите се наоѓаат кај други државни институции и кои соодветно би можеле да се вклучат, сѐ со цел постигнување на што е можно поголем позитивен ефект економскиот раст.

Станување осум пати е супер. Уште подобро е кога знаеш зошто паѓаш. Ако некаде има такви податоци, оставете коментар.

Објавено на IT.mk: https://www.it.mk/za-potrebata-za-belezhene-na-prichinite-za-neuspeh/

Кој ќе ги пробие референдумские ехо-комори?

Tags: 

Може ли битката за референдумот за спогодбата помеѓу Македонија и Грција да се добие на Твитер? Краткиот одговор е – не.

Но, да бидеме фер, поточниот одговор е најверојатно не, бидејќи како што укажуваат најголем дел од истражувањата направени над твитовите на илјадници твитерџии низ светот, политичката поделба меѓу твитерџиите опстојува и покрај (навидум) лесниот начин да се разменуваат информации на социјалните мрежи.

Поуките од истражувањата може да се сумираат вака: Иако постојат случаи кога корисниците од спротивна политичка идеологија комуницираат помеѓу себе, ретко кога се случува да споделуваат информации од другата политичка страна (Коновер и др., 2011). Корисниците воглавно се групираат со други корисници со исти политички ставови, и нивните интеракции воглавно се во тие групи отколку надвор од нив (Грузд, 2012). Посебно кога станува збор за политички прашања информациите воглавно се разменуваат помеѓу луѓе со иста политичка идеологија, со задршка дека либералните твитерџии е поверојатно да се впуштат во ширење на информации преку идеолошката бариера (Барбера и др., 2015). Политичарите (или подобро речено - твитер профилите на политичарите) не може да го премостат овој јаз бидејќи, најчесто, обидите за двонасочна комуникација и конструктивен дијалог (што би се сметало за посакувано) се предмет на тролање, напади и друго вознемирување на тие политичари (а не дебата и дијалог) (Теохарис и др., 2016).

Со други зборови, ако твитате за или против референдумот најверојатно ве читаат само тие што се согласуваат со вас, а ако го водите профилот на некој владин функционер тогаш, ако воопшто твитате, најверојатно најдобро е воопшто да не твитате за референдумот. (Патем, дали истото важи и за Фејсбук? Можеби, веројатно, но не знаеме, бидејќи Фејсбук не дава лесен пристап за истражување на содржините како што тоа го прави Твитер.)

Што може да научат советниците за односи со јавност и стратезите за јавно мислење во двата табора од горните истражувања?

Освен ако немаат смислено нешто навистина ново и иновативно, тогаш времето, парите и другите ресурси што се трошат на твитер кампањата за и против референдумот се најверојатно попусто потрошени. Се чини дека со веќе легендарната „Мрежна измама“, Морозов (2011) погодил во сржта на нештата кога пишал дека твитовите нема да ги намалат нашите национални, културни и религиски разлики, туку дека напротив може да ги нагласи уште повеќе.

Ако навистина целта на спротиставените групи е да се убедат една со друга дека спротивната страна е подобра, тогаш Твитер, и социјалните мрежи воопшто, не се медиумот преку кој што тоа може да се стори. Онолку колку што може да се рече дека прашањето на референдумот е прашање за дебата, размена на мислења или взаемно поучување, тогаш може да се каже дека таа дебата всушност, барем сега за сега, не се случува.

Објавено на Радио Слободна Европа, 18.8.2018: https://www.slobodnaevropa.mk/a/29425735.html

Сите прашања за правото и неправото на општината Карпош

Tags: 

Две групи на одлуки во стручната јавност беа оценети како незаконски, а во пошироката јавност оценети на скалата од непопуларни до штетни, но само една од нив беше повлечена. Тука мислам на одлуките на Претседателот на Републиката за ослободување од гонење на лицата поврзани со истрагите на Специјалното јавно обвинителство и за одлуките на Советот на Општина Карпош за деталните урбанистички за Карпош 4 и за Тафаталиџе.

Судбината на овие одлуки, за чија законитост (или подобро незаконитост) јавноста е согласна, поставува неколку интересни прашања:

1. Кој е тој правен механизам кој на Претседателот му дозволува да ги повлече незаконитите одлуки?

2. Дали тој механизам на повлекување е ексклузивен, т.е. дали му припаѓа само на Претседателот или им стои на располагање и на другите државни органи како што е Општината?

3. Ако ѝ стои на располагање, тогаш зошто не го користи?

4. Ако не ѝ стои на располагање, тогаш што треба да се стори за овој механизам на повлекување да се стави на располагање на општината (и другите)?

Понатаму, главниот аргумент на експертската јавност е дека неправо не може да создава право, па оттука прашање број 5 е: како една одлука за детален урбанистички план, патем за која веќе и дефинитивно Уставниот суд утврди дека не е донесена согласно закон, создала право – односно создала бројни поединечни одлуки за градење кои се сметаат за законити.

Мисловниот процес на Уставниот суд исто така е интересен за разгледување: тој утврдил дека не биле почитувани уставните и законските одредби при донесувањето на деталните урбанистички планови, но воедно одлуките за овие планови ги укинал, а не ги поништил. Па оттука уште едно прашање: како одлуки кои во старт се ништовни и кои според Уставниот суд чинат повреда на начелото на владеењето на правот, како темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија, сепак определен временски период остануваат законити?

И последно, како Уставниот суд презема некој вид на нормативна функција, нешто за што експертите во врска со случајот за Законот за помилување едногласно кажуваат дека ја нема – со прости зборови дека судот не може да создава закони, тоа го прави само Собранието, или во случајот со урбанистичките планови само општините, и вели дека незаконитата одлука на општината е всушност законита од нејзиното незаконито донесување па сѐ до интервенцијата на судот?

Не знам дали овие прашања ќе го добијат експертскиот одговор. Објаснувањето дека во објекти изградени по незаконитите урбанистички планови се вложени пари е кусогледо изоставување на вкупната кост-бенефит анализа во врска со квалитетот на живот што Уставниот суд требал да ја направи при неговото одлучување. Во меѓувреме, се чини дека активистите од Карпош ќе останат со веројатниот одговор дека понекогаш во Македонија и неправото создава право.

Првично објавено на Радио Слободна Европа: https://www.slobodnaevropa.mk/a/29393700.html

Нејаснотии за следењето на комуникациите

Tags: 

оја е поентата да се има специјализирана агенција која ќе се грижи за законско спроведување на мерката следење на комуникации, која е регулирана со разни мерки и проверки ако Законот за следење на комуникации дозволува спроведување на мерката на следење на комуникации без посредство на ОТА и операторите?

Ова прашање произлегува директно од највозбудливиот член во новиот Закон за следење на комуникациите – членот 17, којшто зборува за постоењето и начинот на употреба на посебни технички уреди и опрема.

Оние коишто ја следат темата за следење на комуникации веројатно претпоставуваат за какви посебни технички уреди и опрема станува збор: на овој медиум веќе се пишуваше (уште во 2013) за истражувањето кое што откри FinFisher во Македонија, а на крајот на минатата година ComputerWeekly пишуваше и за StingRay опрема која на Македонија ѝ е продадена од Велика Британија. Ова се само два од многуте можни посебни технички уреди и опрема коишто постојат, а за кои има некакви информации дека се наоѓаат во Македонија. Членот 17 е уште една дискретна потврда дека ваквата технологија е тука.

Три поенти вреди да се истакнат во врска со овие технологии. Прво, популарно наречените StingRay технологии се во матни законски води од аспект на човековите права и постојат основани очекувања дека Европскиот суд за човекови права ќе донесе одлука којашто ќе ја забрани нивната употреба. За ваква одлука веќе има судска пракса во случајот Захаров против Русија, во врска со технологии коишто не гарантираат таргетирано и поединечно следење на комуникациите. А StingRay е токму таква технологија: таа имитира мобилна телефонска кула и го презема сообраќајот од сите телефони што се во околината – значи и од оној за којшто има судски налог за следење, но и од сите други кои се наоѓаат во нејзиниот радиус случајно. Понатаму, FinFisher е технологија којашто, иако се употребува таргетирано, се шири преку инфицирање на уредите слично на она кое настанува со компјутерски вирус и друг измамнички софтвер. Така, дури и во случај службите за следење да пратат е-пошта до нивната цел за следење, доколку тој/таа ја отвори таа пошта на компјутер што не е нејзин (како што е чест случај со употребата на сервисите како GMail или Yahoo) сосема е возможно предмет на надзор да станат туѓи компјутерски или телефонски уреди. Воопшто земено, двете технологии се однесуваат непријателски кон телекомуникациските мрежи и ја поткопуваат нивната безбедност, од што на крај штета трпи целото општество.

Второ, членот 17 не нуди детали за тоа во кои случаи ќе може да се користат овие технологии. Ако системот се поставува така што ОТА е централниот и главен начин како ќе се следат комуникациите, тогаш дополнителни технички уреди и опрема би требало да бидат некаков исклучок од тоа правило, нешто што, како што нивниот опис вели, се прави дополнително. Но, дали се навистина дополнителни и кога се, и за кои дела, случаи и околности ќе се користат наспроти случаите во кои ќе се користат услугите на ОТА, не може да се прочита во законот. Според извештајот од Јавното обвинителство, мерката следење и снимање на телефонските и други електронски комуникации во постапка утврдена со посебен закон во 2016 година се употребила во 29 случаи против вкупно 192 лица. Месечната или друга временска дистрибуција на овие случаи не е позната, но ако значајно зголемениот број пријавен во овој извештај од 2016 го земеме за нормален во годините што следат, не е тешко да се замисли дека овие технологии можат да се користат буквално во секој случај (Македонија има купено шест StingRay уреди, FinFisher секако овозможува следење на повеќе од еден уред истовремено, а можеби постојат и дополнителни уреди за кои не знаеме).

Трето, и интересно за адвокатите кои што работеле во кривичните предмети каде имало следење на комуникации досега, е дека овие технологии пред овој нов закон за следење комуникациите не постоеја во македонскиот правен поредок. Па оттука прашањето е дали оние што во изминативе години (од 2012 наваму) биле следени со StingRay или FinFisher се осудени правично, т.е. дали доказите прибрани со овие технологии биле дозволени и законски прибавени.

Со среќа нека ни се реформите.

Првично објавено на РСЕ, 12.5.2018: https://www.slobodnaevropa.mk/a/29222433.html.

Највозбудливиот член од новиот ЗСК

Tags: 

Највозбудливиот член од новиот Закон за следење на комуникациите е членот 17.

Членот во став 1 вели: Посебната истражна мерка може да се спроведе и со помош на посебни технички уреди и опрема кои овозможуваат спроведување на мерката без посредство на ОТА и операторите.

Овој член фактички признава дека има повеќе од еден систем за следење на комуникации (т.е. тој што од МВР се носи во ОТА и во кој што учестуваат телекомуникациските оператори и друг (или други).

Понатаму членот вели дека оваа опрема се чува во јавното обвинителство. Едно од поинтересните прашања е каде се чувала до сега?

Инаку, оваа опрема за која не е потребно посредство на ОТА и операторите е (слична на) ФинФишер.

Но, она што е највозбудливо во овој член е што не пишува (или барем јас не можам да видам во достапниот пдф?) кога/како/во врска со кое кривично дело може да се бара спроведување на посебна истражна мерка со посебни технички уреди и опрема. Ако навистина нема ограничување, тогаш возможно е ОТА, и покрај нејзината замислена блиска и уредна регулација во однос на заштита на човековите права, да биде целосно заобиколена така што обвинителството и правосудната полиција ќе ја користат оваа друга опрема со која што располагаат.

Кон реформите во Инситутот на сметководители (ИСОС) на РМ

Tags: 

Навистина е ретко блогов да ја напушти вообичаената програма за слободен софтвер, авторски права, следење на комуникации, политика и слично, но работните околности кои ме принудија да ја следам работата на ИСОС, како и фактот дека на последната јавна средба на 20 април 2018 неговите претставници ми одзедоа збор под изговор дека некој од телефон ми кажува кои прашања да ги поставувам, додека јас се обидував на малиот екран да ги читам обемните документи за кои што требаше да се дискутира, а кои беа објавени само неколку часови претходно, ме принудува забелешките што писмено ќе ги доставам утре и до ИСОС и до Министерството за финансии да бидат и овде - за секој случај.

Коментари во врска со предложениот финансиски план и статут на ИСОС

1. Финансискиот план не содржи наративен дел кој што подобро ќе ги објасни ставките што се напишани со бројки, посебно во однос на тоа дали тие бројки се достижни. На пример, според финансискиот план точка 1.1 и 1.2 предвидени се 19.260.000,00 денари од членарини. Од друга страна во тарифникот за годишна членарина е предвидено дека таа се плаќа до 31 јануари наредната година. Сосема е возможно сценарнио во кое главнината од членарината ќе се прибере во периодот декември 2018 – јануари 2019. Оттука логично е прашањето како ќе се финансира Институтот во периодот кога би имало слаба наплата на членарина. Се разбира, план за ова финансирање можеби и постои, но тој не е приложен во финансискиот план, нема приложено објаснување за можните проблеми со паричните текови, и оттука нејасно е како членовите на ИСОС можат да донесат информирана одлука на гласањето во врска со овој финансиски план. Ова е генерален проблем на форматот на финансискиот план.

2. На страната на расходите во точка 2.1 недостастува објаснување како и зошто се покачува бројот на вработени во ИСОС во месец јули (се вели дека од 7 се оди на 9 – веројатно вработени бидејќи делот е за бруто плати).

3. Понатаму на страната на расходите точка 2.11 содржи износи за разни софтвери.

а) Нејасно е каква е таа апликација за која што ИСОС плаќа месечен надомест од 61.000 денари, зошто се плаќа тој надомест, дали може да се најде алтернативно поефтино решение итн.

б) Нејасно е како се оценети цените на чинење на новите апликации што се предвидуваат. Разликата во цените е премногу мала помеѓу две апликации кои имаат значително различни побарувања на компјутерски и човечки ресурси за да изработат и да се стават во употреба. Никакво разумно гласање по оваа точка не би можело да се прави без да се види спецификацијата за овие апликации, роковите во кои треба да бидат испорачани итн.

в) Посебно чудна е предвидената апликација за електронско гласање. Електронско гласање не постои во предлог статутот објавен на веб страницата на ИСОС на 20 април 2018. Сепак на средбите со членовите беше кажано дека некаква електронска селекција ќе се прави на кандидатите што сакаат да вршат некаква функција во ИСОС. Ваква селекција би била спротивна на одредбите на статутот ваков каков што е предложен. Значи статутот треба да се измени и дополни (во член 50 и 51) за да предвиди различни форми на електронско гласање, селекција или слично. Дополнително сомнително е како во финансискиот план е веќе предвидена некаква апликација за која нема основ во предложениот статут на ИСОС и истата се очекува да се користи веќе во месец мај 2018. Може да се заклучи дека апликацијата веќе е нарачана и е при крај во нејзината изработка. Нејасно како е тоа направено без да се утврди дали воопшто ќе има електорнско гласање и кои ќе бидат правните норми околу тоа.

г) Кончено нејасно е и колку се вкупните трошоци за овие апликации (total costs of ownership), какви договори се потпишувале, чии се авторските права, извнорни код и како се решени обврските за одржување и надградба на софтверите. Несоодветно направени договори во врска со овие работи можат да го заглават ИСОС, а со тоа и неговите членови, во долгорочни финансиски обврски кон трети лица (компании), кои што финансиски обврски можат да претставуаат сериозен товар на буџетот на ИСОС и трошок за неговите членови.

Вакуум-175: Член 175 го нема повеќе во ЗЕК

Tags: 

На блогов не сум пишувал за темата прислушување од 9 декември 2017, па морам уште на почеток да се извинам за затајувањето на моето внимание кон оваа тема.

Но, во оној период кога не се знаеше дали собранието работи или не работи, или пак можеби во зафатениот даночен период, сеедно, собранието ги изгласало промените на Законот за електронски комуникации со кои членот 175 се брише (Службен весник на РМ бр 21/2018 од 02.02.2018 г.).

Сега, има неколку поенти поради кои ова е важно.

Прво, бришењето на член 175 ја разотркива целокупната зезанција на Владата со Уставниот суд кога (во октомври 2017 г.) кога тврдеа дека без 175 не може законски да се следат комуникации.

Ако е ова точно, тогаш укинувањето на 175 во февруари и носењето на Законот за оперативно-техничка агенција и Законот за следење на комуникациите во април (објавени во Службен весник бр. 71/2018 од 12.04.2018 - кои што сѐ уште не се на сила(?)) создал вакуум-ситуација, во која целосно била ускратена можноста да има какво било законско следење на комуникациите што би било во рамките на заштита на уставниот поредок на Македонија и борбата против организираниот криминал и корупција.

Прашањето што дополнително се поставува во врска со ова е што е со кривичните предмети што се водени во овој два-три месечен период (меѓу кои имаше и некои високо-профилни апсења): дали се користени посебни истражни мерки што вклучувале следење на електронски комуникации и ако да, како со оглед на тоа дека го нема 175?

Ако пак, вакуумот постоел само во ПР одделот на Владата, тогаш останува прашањето зошто Владата го наметна тоа мислење во јавноста, и му се замеша во работа на Уставниот суд кога тој се чинеше на чекор до укинување на 175 (патем, сега постапката пред Уставен во врска со 175 е беспредметна).

Второ, прашањето што останува исто така неодговорено е што се случува со опремата во телекомуникациските оператори во овие два месеца. За потсетување член 175 е оној што наредуваше дека „Операторите се должни да ги обезбедат сите неопходни технички услови.... електронски комуникациски водови до овластениот орган....“. Без член 175 оваа опрема не е законска, водовите не се законски. Дали ги демонтираа? Дали е опремата пратена на уништување? Мојата кладба е дека - не.

Сѐ на сѐ ми се чини дека произволното однесување во врска со законите што треба да го регулираат следењето на електроонските комуникации од страна на тековната власт е вредно за потсмев. Дали е неспособност или намерно заплеткување на конците на ионака комлицираната (и прилично неуставна) ситуација, останува да нагаѓаме.

Дополнето (22.04.2018): Навистина во членот 6 од измените (видно од последната страница од PDF документот погоре) стои дека промените на ЗЕК (а со тоа и бришењето) ќе почне да се применуваат од започнувањето на примената на Законот за следење на комуникациите. Доколку постои слободен израз во пишувањето на закони би можело да се заклучи дека од владата мислеле на идниот (хипотетички) закон за следење на комуникациите (кој што во февруари 2018 не постои).

Но, начинот на кој што е напишан членот, и воопшто потребата за доследни и логични закони, значи (според мене) дека ЗЕК се применува веднаш по истекот на вообичаените (и пропишани во членот 6) осум дена, бидејќи примена на закон за следење на комуникации (веќе) има преку стариот закон за следење на комуникациите (Службен весник на РМ 121/06 и др.).

Сѐ на сѐ каша-попара.

Неиновативно решение за #ОброкЗаСите

Tags: 

Секогаш кога ќе видам оглас на кој за политички прашања се отвара конкурс за иновативни решенија, во морозовски стил, прво се запрашувам зошто воопшто политичко прашање е дадено на некакви технолошки фирми да го иновираат: дали во државниот орган, конкретно Министерството за труд и социјална политика, нема луѓе кои што можат да најдат решение што е специфично од нивната стручност (а познавам двајца-троја бистри луѓе во тимот на министерката), или станува збор за декларативно барање решение во кое треба да се сврат некои пари во некои фирми притоа да се пофали претприемништвото (на кое патем, во духот на претрпиемачката идеологија, не би му ни требале државни поттикнувања за да биде остварено)?

Уште на самиот почеток се чини дека пишувачите на повикот ги имаат измешано лончињата. Повикот вели:

Основна цел на повикот е да се поттикне развој и примена на иновативни решенија во различни сегменти од општеството за подобрување на квалитетот на живеење.

Внимателно читање на ова набиена реченица открива дека целта се иновативни решенија, а не подоборување на квалитетот на живеење. Да, наведено е дека иновативните решенија се за подобрување на квалитетот на живеење, но ништо не ветува дека некое успешно иновативно решение ќе успее и да го подобри квалитетот на живеењето. Со други зборови, сосема возможно е да имате успешно иновативно решение кое што нема да постигне ништо во реалноста, и историјата на претприемачките потфати е полна со вакви примери, а внимателните следачи на повиците за решенија во земјава ќе се сетат дека такви примери имаме и дома: барем 3 апликации за пријавување на дупки на улици и слично беа прогласени за успех, иновација во комуникација со власта, локалната власт и што знам што не, но ефектот, до сега, е практично нула.

Но, можеби и не е баш фер да се осуетат веднаш напорите за иновативни решенија - кој знае, нешто може и да вроди со плод.

Сепак, останува прашањето зошто најкомпетентана институција во државата за решавање на социјалните проблеми - Министерството за труд и социјална политика решава овој проблем да го понуди за решавање на, во суштина, некомпетентни лица, кога токму на тоа министерство на располагање му стои целиот негов кадар, а таму каде што нема директна надлежност може со интервенции преку владата, собранието или ЗЕЛС да постигне цели за квалитетен живот. А еве и како на еден сосема неиновативен начин може да се постигне #ОброкЗаСите:

Министерството за труд и социјална политика има најдобри и најточни податоци за тоа кои се и каде живеат сиромашните граѓани. Тоа е задолжено за исплаќање на социјалната помош и други надоместоци. Дури и да ги нема сите податоци, министерството може многу полесно да добие податоци од, на пример, фондот за ПИОМ, одошто тоа може да го направи било која иновативна компанија.

Вооружено со овие податоци министерството може да направи план за отварање на кујни низ критичните точки во државата. Го користам овде зборот кујни во поширока смисла на зборот - не нужно дека во нив мора нешто да се готви. За отварањето на овие кујни министерството може да побара помош од владата, од министерството за транспорт и врски или која и да е институцијата што е надлежна за ПУИК (или како и да се вика сега агенцијата за државен станбен и деловен простор). ПУИК може да ги обезбеди тие кујни, дуќани, киосци, каде што би можела да се чува и од каде што би можела да се дели храната. Како бонус вработени во овие кујни може да бидат токму граѓани од ранливите групи.

За да ги поттикне компаниите што продаваат храна (и готова и свежа) да не ја фрлаат храната што е вишок, Министерството за труд и социјална политика, во соработка со Министерството за правда и Управата за јавни приходи може да ги заведе донациите кон овие кујни за храна да бидат третирани како донации од јавен интерес за кој во тековното законодавство постојат даночни поттикнувања. Различни модели може да се употребат за ова. На пример, супермаркетите може да даваат овошје и зеленчук, но може и во соработка со ресторани или и во рамките на нивните кујни (кујни веќе има во сите поголеми супермаркети), да приготвуваат оброци од таа храна што инаку би завршила во ѓубре. Кујните на министерството така би држеле само готова храна, т.е. за нејзино чување би биле потребни само фрижидери (а не и целосна опрема за готвење итн.).

Дистрибуцијата на храната до овие кујни исто така би можела да се смета за донација од јавен интерес. Така некоја компанија што можеби има храна, но нема начин како да ја превезе, ќе стапи во контакт со компанија што може да ја превезе: двете компании ќе имаат даночен поттик да учествуваат во оваа одговорна акција.

Сето ова ми се чини дека е возможно без да се прават законски измени (како оние во Франција каде што со закон се забрани фрлање на храна од страна на супермаркети) - иако, нормално, и такви опции му стојат на располагање на министерството доколку сака да спроведе политики за поквалитетен живот.

Овие неиновативни решенија, што воглавно припаѓаат во рамките на надлежностите на државните институции, ми текнаа додека чекав ред во АВРМ и скролав на телефон и го видов твитот од профилот на министерката. Дали навистина на никој во министерството не му текнало ништо слично, па решенија за оброк за сите се бараат од пошироката јавност која воглавно е некомпетентна за социјални политики?

Не ми е јасен политичкиот есап на СДСМ

Tags: 

Не ми е јасен политичкиот есап на СДСМ. Кому покажуваат сила со носење закон на мускули? ВМРО добива поени. Буквално им даваат материјал да градат grievance наратив. (А ВМРО се добри во тоа.) ДУИ добива поени и патем и сите други албански партии.

Понатаму, го антагонизираат Иванов кој ако ништо друго им треба да ги потпишува (кхм) реформските закони во клучна ЕУ/НАТО година. Може сега со повеќе пакост да им ги враќа и да го забавува процесот. Очигледно, и ВМРО останува бајаги антагонизирано, а 2/3 мнозинство закони не се носат без нив.

Во основа прават уставна криза во клучна ЕУ/НАТО година, а не се ни стигнати до името.

Од друга страна можеа да се договорат со Ахмети законот да оди, и со подобар текст, како прва точка после следни избори можеби и со СДСМ претседател на Република (за да нема застој), ако ги споеја изборите. А следни избори секако би морало да има поскоро ако (кхм) реформите ги спроведат и добијат преговори со ЕУ. Плус го имаа СЈО да ги подуплашат ДУИ за да се почека за законот за јазици, а да се туркаат ЕУ реформите.

Сакам да речам или јас сум глуп, или тие се глупи, или има некој смрдлив пазар од кој уште ни пола не сме виделе.

Без капацитет за владеење

Tags: 

Што точно треба да прават граѓаните откако на МојВоздух ќе видат дека некој голем загадувач се наоѓа на 2 километри од нивната улица или населба?

Ова прашање, за оние што следат, е една од главните дилеми за кои што често пишува Евгени Морозов; може ли технологијата да ги реши проблемите на граѓаните онаму каде што државата затајува? Но, навистина, што можат да направат граѓаните со овие нови информации? Да протестираат пред малата фабрика што нема филтер? Да го блокираат дотурот на отпад на приватната депонија? Физички да се пресметаат со оние што палат огнови на отворено или оние што во нивните печки ставаат гуми или друг опасен материјал? Сето ова е личи на лакрдија.

Државата располага со сите можни механизми и поединечно и групно да се справи со проблемите со загадувањето.

Централниот регистар на Македонија има податоци за сите компании; оттаму може да се извадат податоци за тоа кои компании имаат дејност поврзана со отпад; кои се нивните локации, било седишта или подружници; и таму на лице место да се направи проверка за тоа како тие се справуваат со отпадот.

Онаму каде што Централниот регистар нема да може да помогне тука е Управата за јавни приходи која знае кои сѐ субјекти плаќаат даноци (на пример за вработени) или со други зборови имаат некаква активност. Потоа тука е и градот Скопје кој што има податоци за компаниите според фирмарините што ги наплаќа.

Анализа на овие податоци може да каже и не само кој овластено и чисто или не работи со отпад, туку и кои компании имаат веројатност да исфрлаат отпад кој што би придонесувал кон загадување. Државниот завод за статистика е тука да дополни со класификацијата по дејности која што е пренесена во Централниот регистар.

Понатаму, тука е и државното претпријатие за стопанисување со станбен и деловен простор (популарно, од времето, наречено ПУИК) кое што на граѓаните кои немаат дом (па затоа се принудени да живеат и греат на отворено) може да им обезбеди социјални станови, дури и бесплатни, бидејќи подобро мал број на луѓе во бесплатни државни станови отколку голем број на луѓе со респираторни болести предизвикани од диви огнови.

Министерството за внатрешни работи има евиденција за сите возила што се возат во Македонија. Може да се искористат тие податоци за правање на план на еднократен увоз на субвенционирани мали градски возила за жителите што им треба ново нискозагадувачко возило под услов да се откажат од старото. Па потоа тука се и опциите за забрана за стари дизел возила, или забрана на дизел возила воопшто.

Работи како ширење на мрежата за парно и субвенционирање на цената на парното исто така се во надлежност на некое ниво на власт - било влада и град Скопје, како и, во времето додека дојде гасот по цефки, дотур на гас во резервоари за најкритичните предгарија и приградски места.

Со други зборови апликацијата МојВоздух наскоро само на површината на нештата ќе овозможи попрецизно лоцирање на загадувачите на воздухот. Всушност ќе овозможи многу поточно да видиме каде сѐ државата потфрла во нејзината обврска за заштита на животната средина или попрецизно за заштита на нејзините граѓани (даночни обврзници). Со оглед на тоа дека загадувањето веќе наликува на траен проблем, всушност ќе добиеме целосна слика за недостигот на капацитет на владењее во подолг временски период во Македонија.

Македонија нема проблем со непознавањето на вистинските причини за загадувањето, туку со неволност да се откријат причините преку механизмите со кои државата располага, бидејќи тие можат да водат кон политичко тешки одлуки. Нема бенигни решенија на тешките проблеми.

Се разбира, ништо од ова не е за да го обесхрабри Горјан Јовановски во неговите напори за подигнување на свесноста со загадувањето преку МојВоздух. Опасноста останува дека и со прецизност од 7×3.5км некои државни служби да се правдаат дека тоа е голема површина да се пребара.

Можноста за масовно прислушување останува и со новите закони

Tags: 

Има (барем) четири поенти што треба да се направат во врска со реформите за следењето на електронските комуникации.

Прво, дека формирањето на Оперативно техничка агенција (преку Предлог-законот за оперативно техничка агенција) не е спектакуларна реформа како што претставниците на Владата сакаат да ја прикажат и да нѐ уверат. Кога Рајнхард Прибе во неговиот веќе легандарен извештај од 2015 година (на стр. 8) вели дека УБК не треба да има директен пристап до техничката опрема за следење, тој всушност вели дека не доликува во модерна демократска република од 21 век тајната полиција да има пристап до овие уреди, бидејќи тоа потсетува на некое друго време, можеби од 20-тиот век, Студената војна, и пропратниот декор. Во реалноста на Македонија одлуката УБК да има пристап до следењето на електронските комуникации за потребите на кривичната постапка е донесена некаде на ниво на влада или министерство. Ниту тековниот Закон за следење на комуникациите, ни тековниот Закон за електронските комуникации не пропишуваат дека тоа треба да биде УБК. Малку поинаку организирано Министерство за внатрешни работи би можело да има, да речеме, Оперативно техничка дирекција (наместо нова Оперативно техничка агенција) која ќе работи независно и стручно и УБК ќе нема директен пристап до опремата. Поради ова, Предлог-законот за оперативно техничка агенција не носи некакви посебни новости, освен конечното признание на македонската влада дека, навистина, тајната полиција не би требало да се занимава со сторителите на кривичните дела онака како што ги дефинира законот, туку тоа би требало конечно да му припадне на некој друг помалку брутален државен орган.

Второ, дека во предложените реформи владата го игнорира останатиот и многу поважен дел од препораката на Прибе (т.е. втората реченица од истиот параграф каде се наоѓа погоре споменатата препорака против УБК): дека свичовите треба да бидат во просториите на операторите, а потоа операторите да бидат тие што ќе го пренасочат сигналот до соодветниот државен орган. Дека владата го игнорира овој дел од препораката може да се види во членот 60 од Предлог-законот за следење на комуникациите, којшто по содржина е сличен на членот 175 од тековниот Закон за електронските комуникации за којшто Уставниот суд поведе постапка за оценување на уставноста по долг период на чување на иницијативата во фиока, а владата предложи да не се укине, којшто пак е сличен со членот 115 од стариот Закон за електронските комуникации за којшто Уставниот суд донесе одлука за поништување во далечната 2010 година. Ако Уставниот суд држи до себе, тој би требало да ги поништи и член 175 од тековниот Закон за електронските комуникации и членот 60 од идниот (ако остане ваков) Закон за следење на комуникациите. Вакви одлуки од Уставниот суд не би биле посебно радикални бидејќи една таква е веќе донесена и патем во голема мера е поткрепена со пресуди од Европскиот суд за човекови права. Во меѓувреме, можеме да заклучиме дека владата нема намера да се откаже од тоа некој нејзин орган (во случајот Оперативно техничката агенција) да има директен пристап до електронските комуникации на граѓаните (во членот 3 од Предлог-законот за оперативно техничка агенција стои дека таа е таа што активира следење на комуникации). Дополнително овде треба да се укаже и на тоа што Владата планира клучните детали во врска со начинот на вршење на работите за следење на комуникации да ги решава со подзаконски акт кој по природата на нештата е изложен на многу помалку проверка и контрола, а особено не од Собранието.

Трето, дека реформите воопшто не се занимаваат со прашањето на задолжителното задржување на податоците од страна на операторите, моментално пропишано во членот 176 од Законот за електронските комуникации, т.е. членот 176 останува таков каков што е таму каде што е. Овој член е домашна примена на директива на ЕУ којашто во меѓувреме беше доведена во прашање од Судот на правдата на ЕУ. И иако овој суд (за разлика од Европскиот суд за човекови права) нема надлежност во Македонија, сепак не би било премногу да се очекува една реформски ориентирана влада која ита да ја внесе Македонија во ЕУ да ги земе како насоки пресудите на овој суд коишто велат дека државите не можат да наметнат генерална обврска на провајдерите на електронски телекомуникациски услуги да ги задржуваат податоците на корисниците.

Четврто, дека предложените нови, исто како и тековните важечки закони кои се занимаваат со прашањата за електронски комуникации се прават глуви и слепи за технологиите со кои располага Министерството за внатрешни работи, а за кои не е потребна правна или техничка соработка со телекомуникациските оператори. Овие технологии ја напаѓаат мобилната или интернет мрежа и овозможуваат директен пристап до уредите и содржината на корисниците. Молчењето на домашните власти вреди малку кога овие технологии странците ги најдоа во Македонија и на техничко ниво (во истражувањето на CitizenLab од 2013 година), и на купопродажно ниво (во истражувањето на ComputerWeekly објавено пред неколку дена). Чудно е за една реформски ориентирана влада, којашто се залага за заштита на човековите права, да не предложи мерки и проверки за овие технологии во реформите на законите за следење на електронските комуникации.

Во заклучок, предложените реформи на следењето на електронските комуникации не се она што надевавме, или да цитирам пријател - не беше баш реално да очекуваме дека во ова доба некој ќе се претргне да размонтира ефективен систем за масовно прислушување. Сигурно има и други поенти кои треба да се направат во врска со предложените законски измени – но последна овде и веројатно со пристојна доза на иронија е тоа дека, со оглед на потребното 2/3 мнозинство во Собранието за некои од овие закони, без разлика дали ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ ќе соработуваат или не, со вакви предлози можноста за масовно прислушување останува или со новите или со старите закони.

Прво објавено на Радио Слободна Европа.

Краток коментар за новиот Предлог-закон за следење на комуникациите на ЕНЕР

Tags: 

Со Предлог-закон за следење на комуникациите (член 60) Владата го префла членот 175 од Законот за електронски комуникации, за кој што Уставниот суд, по долго држење на предметот во фиока, поведе постапка за оценување на уставноста, од Законот за електронските комуникации (ЗЕК) во Законот за следење на комуникациите.

Овој член, т.е. неговата содржина, веќе еднаш е прогласен за неуставен од страна на Уставниот суд во 2010 година, кога беше дел од стариот Закон за електронските комуникации како членови 115 и 115а.

Уставниот суд своето мислење за неуставност на ваквите одредби не го базира само на сопствена оценка, туку и на пресуди на Европскиот суд за човекови права како што е Contreras v. Spain (1998), а од скоро релевантна и Zakharov v. Russia (2006).

Предлог-закон за следење на комуникациите, во copy/paste членот 60 исто така го игнорира клучниот дел од препораката на работната експертска група на ЕУ (популарно наречен изветашај на Прибе) во која се вели дека свичовите треба да бидат преместени во просториите на операторите, кои сигналот ќе го пренасочуваат до соодветен надлежен орган по добиена судска наредба (стр. 8).

Дека оваа препорака од Прибе се игнорира се гледа и во Предлог-законот за оперативно техничка агенција каде во член 3 став 1 алинеја 1 „активира и создава услови за следење на комуникации“. Ако ОТА активира, тогаш операторите сигурно ги немаат свичовите.

Дополнително, со оглед на недореченоста на членот 60 (т.е. содржината на членот што е пренесена од 115/115а преку 175 од ЗЕК), која недореченост ја нотирал и Уставниот суд во неговата одлука од 2010 како реална закана од самоволно и произволно мешање на државните органи во приватниот живот, а во врска со членот 3 од Предлог-законот за оперативно техничка агенција, треба да се укаже и на тоа што Владата планира клучните детали во врска со начинот на вршење на работите за следење на комуникации да ги решава со подзаконски акт кој по природата на нештата е изложен на многу помалку проверка и контрола, а особено не од Собранието на РМ.

Членот 60 од предлог-ЗСК и членот 3 од предлог-ЗОТА во врска со членот 60, ако останат вакви какви што се сега. со сигурност ќе се најдат пред Уставен суд веднаш по изгласувањето од Собранието.

Дополнето: Ниту предлог-ЗСК ни предлог-ЗОТА не содржат јасни и недвосмислени одредби дека целокупната опрема за следење на електронските комуникации ќе прејде во надлежност на ОТА. Тука пред сѐ мислам на опремата која што знаеме дека е купена од страна на Владата од британската фирма Гама, а која што на ниво на технологија работи така што ги напаѓа телекомуникациските мрежи (а не е само пасивен пренесувач на сигналот).

За вакуумот на Министерот за внатрешни работи

Tags: 

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски во интервјуто во емисијата „360“ на „Алсат-М“ рекол дека укинувањето на членот 175 од Законот за електронски комуникации од страна на Уставниот суд во овој момент ќе доведе до вакуум-ситуација, во која целосно ќе биде ускратена можноста да има какво било законско следење на комуникациите што би било во рамките на заштита на уставниот поредок на Македонија и борбата против организираниот криминал и корупција, вели министерот за внатрешни работи (извор: Мета.мк).

Ако е вистинит овој исказ на министерот тогаш и во периодот од 2010 година, кога Уставниот суд ги поништи сличните одредби од стариот Закон за електронски комуникации, до 2014 кога е донесен новиот Закон за електронски комуникации, целосно била ускратена можноста да има какво било законско следење на комуникациите. Ако е тоа така, тогаш сите следења на комуникациите што Јавното обвинителство на Република Македонија ги пријавило во извештаите до Собранието на Република Македонија не биле законски. Ако тоа е така, тогаш сите пресуди што се донесени со доказите собрани од таквото нелегално следење на комуникации би требало да се доведат во прашање. Така осудените лица би требало да побараат поништување на пресудите и оштета од државата.

Понатаму, бидејќи такво незаконско следење се случило, кривично би требало да одговараат припадници на министерството за внатрешни работи, на јавното обвинителство и на телекомуникациските оператори.

Незгодно.

Претходно (опширно) за истата тема: Како власта ни ги следеше комуникациите.

Илузијата на локалното владеење

Tags: 

Скопје и Битола, градови кои се помеѓу 10-те најзагадени градови во Европа, добија нови градоначалници, а Тетово којшто е во истата група ќе почека уште една седмица за конечниот исход од локалните избори. Сеедно на резултатите, градоначалниците ќе се соочат со прашањето за загадувањето.

Според податоците на Државниот завод за стататистика од Статистичкиот годишник за 2017 година во Скопје, Битола и Тетово живеат околу 688.000 жители. Ова не ги вклучува блиските селски општини како на пример Арачиново, Илинден за Скопје, или Јегуновце за Тетово. Овие три додаваат уште 36.000 жители на горната бројка. Колку точно е вкупната бројка на жители погодени од загадувањето на овие градови тешко е да се пресмета. Но, дури и со конзервативна пресметка дека во областите што ги зафаќа загадувањето на Скопје, Битола и Тетово живеат 700.000 жители, дали може да се каже дека тоа што ⅓ од населението на Македонија живее во екстремно загадени услови е само проблем на тамошните локални власти?

Друг начин да се гледа проблемот секако е низ економска перспектива. Скопскиот регион учествува со 43% во бруто домашниот производ на Македонија според податоците на ДЗС за БДП по региони за 2014 година. Може ли да се сметаат за локален проблем здравствените проблеми на работниците и работодавачите што создаваат речиси пола од производот на државата? Или, од друга страна, кои се економските трошоци од загадувањето во економски најсилниот регион во државата? Дали пад во домашен производ поради овие проблеми ќе оди на грб на локалната или централната власт?

Ми се чини дека овие работи ја илустрираат илузијата на локалното владеење во Македонија. Скопје е поделено на три партии по општини плус еден градски градоначалник. Досегашното искуство кажува дека сите овие супер си тераат локални тедери за огради и тротоари додека општите остануават нечепнати. А општите во нашиот случај се и државни. Без вклучување на централна власт со многу, многу непопуларни мерки нема да се решат вакви проблеми кои само се маскирани како локални бидејќи никој и не зборува за податоците што се скриени во фасадите на градовите.

Во очекување на реформа кон помалку личен идентификациски број

Tags: 

Пред околу година и половина пишував дека избирачкиот список стави крај на заштитата на личните податоци. Во пресрет на новите локални избори, и покрај тогашната интервенција на Дирекцијата за заштита на лични податоци (ДЗЛП), ситуацијата не е сменета. На веб страницата на Државната изборна комисија (ДИК) сѐ уште можете да добиете име и презиме, матичен број, адреса и гласачко место на кој било граѓанин со малку компјутеризирано кликање по нивните форми.

Еден од начините да се спречи оваа и други злоупотреби на лесно достапниот матичен број е негова промена во нешто што не е така едноставно за пресметување и само по себе не оддава лични податоци како ден, место, година на раѓање и пол. Во рамките на проектот „Граѓаните во Собранието“, од Слободен софтвер Македонија предлагаме токму ваква реформа на структурата на матичниот број на граѓанинот. Практично, тоа значи промена на членот четири каде што е дефинирана структура на матичниот број.

Следејќи го ветувањето на владата предводена од СДСМ дека државата ќе го слуша граѓанскиот сектор, ова е добра прилика за повикување на тоа ветување и барање реформата за матичен број да се вклучи во два значајни проекти на владата и ДЗЛП кои се во тек: ДЗЛП има повик за консултации за новиот Закон за заштита на личните податоци, а владата ја забрза постапката за регистрар на население.

Новиот Закон за заштита на личните податоци би требало да предвиди дека личен податок на граѓанинот може да биде и друг број којшто би му го доделил надлежен орган. Министерството за информатичко општество и администрација и Министерството за внатрешни работи, согласно напатствијата на владата за регистарот на граѓани, би требало да предложат промена на структурата на матичниот број и/или нов број којшто ќе го заменува матичниот број на личните документи во фази, но кој ќе биде дел од податоците што ќе се чуваат во регистарот, така што со тек на време, а без дополнителни трошоци на граѓаните, сегашниот матичен број ќе биде исфрлен од употреба. Ова е реформа којашто е спроведена во регионот. Примерот по кој што можеме да се водиме и кој тргнува од горе-долу иста основа поради заедничкото (законско) минато и иста структура на матичен број, а бил и од агендата за приближување кон Европската унија, е Хрватска.

Се разбира, ова нема да го реши проблемот што сега го имаме на веб страницата на ДИК. Но, можеме да се надеваме дека реформа на матичниот број на среден рок ќе овозможи генерално подобра заштита на личните податоци на граѓаните, а пред сѐ оние кои што тој моментално очигледно ги содржи.

Првично објавено на Радио Слободна Европа.

Прибе #2 за следењето на комуникации по промената на власта

Tags: 

Вториот извештај на експертската група за системски прашања за владеење на правото или општо познат како извештајот на Прибе [PDF врска] беше објавен на 15 септември 2015.

Тука треба да се прибележи дека извештајот сѐ уште препорачува дека УБК не треба да има директен пристап до опремата за следење на комуникации.

Но, генералниот тон на текстот мене ми звучи како да има малку надеж во успешни реформи и покрај забелешката дека владата покажала посветеност во реформите. Посебно загрижува тоа што е нотирано дека за амандмани на некои закони потребно е 2/3 мнозинство во парламентот, кога за промената на Законот за електронски комуникации (за кој истата експрертска група најде дека го дозволува директниот пристап во членовите 175 и 176) потребно е просто мнозинство, додека оној за следење на комуникациите (кој што бара 2/3 мнозинство) генерално не е спорен.

Останува да видиме што ќе биде, додека и можноста да не чујат без ограничување останува отворена.

Претходно (опширно) за истата тема: Како власта ни ги следеше комуникациите.

Како власта ни ги следеше комуникациите

Tags: 

Влијателната книга „Код и други закони на киберпросторот“ на Лоренс Лесиг во предговорот на првото издание започнува со приказна од конференција од 1996 година насловена „Компјутери, слобода и приватност“. На конференцијата имало двајца писатели на научна фантастика кои биле поканети да зборуваат за нивната визија за иднината. Вернон Винџи раскажал приказна за сеприсутна полиција која има контрола над технологијата што ја користиме. Том Медокс раскажал слична приказна во која улога на соработник, заради неговите интереси, има и бизнис секторот (Лесиг, 1999).

Дваесетина години подоцна дистописките предвидувања на писателите се чини се остварија. Откритијата на Едвард Сноуден ни кажуваат дека светските разузнавачки агенции можат да имаат директен пристап до нашите електронски комуникации на социјалните мрежи сопственост на корпорации каде што поминуваме голем дел од времето, но и до нашите мобилни телефони за чие функционирање се грижат телекомуникациските гиганти. После овие откритија, Ебен Моглен, уште еден истакнат правник од Соединетите Американски Држави (САД), понуди објаснување за како треба да се разбере приватноста и што значи тоа кога ќе ја изгубиме: приватноста се состои од тајност, анонимност и автономија, таа со овие нејзини делови е нужна за да постои демократско владеење (Моглен, 2013). Ќе се вратиме на Моглен кон крајот на овој текст.

Во позадина на овие настани, во Македонија во 2010 година собранието донесе закон (Службен весник на Р. Македонија, 83/2010) кој што дозволуваше полицијата директно, самостојно и непречено да ги следи комуникациите на граѓаните, без разлика дали е издаден судски налог или не (Закон за изменување и дополнување на законот за електронските комуникации, 2010). Овој закон е јавен вовед во последната политичка криза што ја живееме во Македонија. Подолу ќе се обидам да ги прибележам сите настани од правото, технологијата и нивната интеракција што ја одбележаа оваа криза. Иако логично би било да се очекува дека на каква било набавка на технологија ќе претходи донесување на законско овластување за тоа, постои основ да се мисли дека тоа во Македонија не е така. Затоа, приказната, сепак, започнува во 2008 или 2009 година.

Почетоците на следењето

На прес-конференцијата на Јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите (СЈО) на 30.03.2016 година беше објавено дека во текот на 2008 и 2009 година во Министерството за внатрешни работи во употреба има два системи за следење на комуникациите. Уништувањето на еден од овие системи е предмет на истрага на СЈО (СЈО, 2016a). Но, никаде до сега не е објавено ништо за тоа што овие системи можат да прават, а пред сѐ што може да прави системот што бил во употреба од 2008-2009 до моментот на неговото уништување. Односно, не знаеме дали со тој систем можело директно, самостојно и непречено да се следат комуникациите на граѓаните, без разлика дали е издаден судски налог или не. Сепак, знаеме дека незаконско следење на комуникациите имало, ако ништо друго од признанието на македонските пратеници кои во Законот за заштита на приватноста (Службен весник на Р. Македонија, 99/2016) во член 1 став 1 велат „Со овој закон се утврдува заштита на приватноста на граѓаните на Република Македонија, гарантирана со Уставот и Европската конвенција за човекови права, во врска со материјалите кои произлегуваат од незаконско следење на комуникации извршени во периодот од 2008 до 2015 година“ (нагласувањето е мое) (Закон за заштита на приватноста, 2016).

Со други зборови, и од страна на СЈО и од страна на Собранието на Р. Македонија имаме изјава дека незаконско следење на комуникации имало во 2008 и 2009 година. Но, не знаеме како тоа било спроведено. Ова е важно прашање, бидејќи одговорот може да го опише заговорот помеѓу државата и приватниот телекомуникациски сектор.

Пред да продолжиме, класичното сценарио во кое што се дозволува следење на комуникации е барање од обвинител за точно одредено лице во врска со некое дело, дозвола од судија, спроведување од полиција и горе-долу тоа е постапката опишана и во македонскиот закон за следење на комуникациите (за тоа подолу). Ова е постапката која веројатно и сите сме ја виделе на која било криминалистичка серија. Вака одобреното следење на комуникации е документирано во извештаите на Јавното обвинителство кои што се испраќаат до Собранието на Р. Македонија. Со оглед на тоа дека има истрага за незаконско следење на комуникациите, можеме да заклучиме дека истрагата на СЈО не се однесува на нешто што Јавното обвинителство побарало, судот дозволил и се спровело, а за тоа било известено и Собранието.

Оттука две сценарија се можни за периодот 2008-2009 година. Едното е дека системот за следење на комуникациите кој што тогаш бил ставен во функција овозможувал директно, самостојно и непречено следење. Тој бил инсталиран со премолчена согласност на операторите за телекомуникациски услуги, но без законска дозвола, и бил ставен во употреба. Второто е дека новиот ситем бил ист како и стариот и не дозволувал директно, самостојно и непречено следење. Сепак, операторите ги спроведувале налозите за следење исто така давајќи премолчена согласност, бидејќи за тоа не им била доставувана судска наредба. Кое и сценарио да се остварило, во двата случаи станува збор за заговор помеѓу полицијата и бизнисот, а на штета на граѓаните на Република Македонија. Патем двете сценарија продолжуваат да важат и за периодот што следи.

Измените на законот за електронските комуникации од 2010 г., Уставниот суд и Зоран Заев

Во јуни 2010, доаѓа ослободувањето од одговорност на телекомуникациските оператори. Со измените и дополнувањата на Законот за електронски комуникации изменети и дополнети се и членовите 112, 114, 115, 115-а и 155-б кои што ги обврзуваат операторите да набават и инсталираат опрема што овозможува директно, самостојно и непречено следење на комуникацииите и да му овозможат пристап на надлежниот орган (Закон за изменување и дополнување на законот за електронските комуникации, 2010). Законот стапил на сила на 1 јули 2010. Но, веќе во октомври истата година Уставниот суд го запира извршувањето на овие членови од законот за електронските комуникации (Уставен суд, 2010а), а два месеци подоцна оспорените делови кои дозволуваат директно, самостојно и непречено следење се поништени од страна на уставниот суд (Уставен суд, 2010б).

Треба да се направат две поенти во врска со овие собраниско-уставни настани од 2010 година. Прво, директно, самостојно и непречено следење на комуникацииите било дозволено само во еден краток период од јули до октомври 2010 година. Прашањето што дополнително треба да се постави е: дали тоа било возможно? Во овој краток период операторите биле должни прво „од овластениот орган за следење на комуникации да побараат техничка спецификација за видот и карактеристиките на опремата и интерфејсот“ (Закон за изменување и дополнување на законот за електронските комуникации, 2010) за воопшто да можат да ја исполнат нивната законска обврска за обезбедување на опремата.

Оттука, во овој период од 3-4 месеци, во сред лето и одмори, овластениот орган би требало прво да ја изготви техничката спецификација, операторите да ја побараат и добијат, потоа да спроведат постапка за набавка на опремата, да ја инсталираат, да ја пуштат во употреба и да му обезбедат пристап на надлежниот орган. Ова е единственото сценарио во кое операторите во врска со следењето на комуникации можеле да постапат согласно закон. Дали е ова навистина направено во тој краток временски период веројатно ќе биде откриено од страна на СЈО, но можеби не и за јавноста. Сите други варијатни би значеле дека операторите во соработка со Министерството за внатрешни работи (МВР) однапред знаеле какво ќе биде законското решение и техничката спецификација, па оттука и каква опрема ќе треба да набават, па сѐ што ќе им преостанело е на 1 јули да го вклучат копчето на „On“, откако претходно ги завршиле сите други активности. Вакво сценарио повторно укажува на заговор помеѓу полицијата и бизнисот, а веројатно и на силно влијание на полицијата врз законодавството – бидејќи дури и МВР и операторите да соработувале, тие по правило не би можеле да знаат дека Собранието ќе донесе баш таков закон каков што Владата побарала.

Со цел да се разјаснат некои од овие дилеми до МВР испратив барање за слободен пристап до информации со прашање кога е техничката спецификација е испратена до операторите, односно за одговор го барав само датумот. За жал одговорот што го добив е дека тоа е класифицирана информација од степен „строго доверливо“.

Се разбира, незаконско следење на комуникациите можело да се случува, дури и операторите да биле експедитивни во овие 4 месеци: МВР можело да следи преку новите брзо инсталирани системи без никој да знае за тоа. Со други зборови, законското (и експедитивно) инсталирање на опремата не го исклучува незаконското следење на комуникации од страна на полицијата. Но, за сите други снимки што ги чувме во „бомбите“ на Социјал-демократскиот сојуз на Македонија (СДСМ) или што ги има во архивата на СЈО, а кои што се од период пред 1 јули 2010 година и после 20 октомври 2010 година, сѐ до новиот закон за електронски комуникации од 2014 (за тоа подолу), операторите се виновни најмалку за нарушување на доверливоста на комуникациите што е прекршок казнив според истиот закон, и веројатно би требало да бидат казнети (тогаш, бидејќи сега е застарено) од надзорниот орган за комуникации – Агенцијата за електронски комуникации (АЕК). Дали непостапувањето на АЕК може да ги однесе нејзините претставници во некакви проблеми е прашање за друга прилика. Сето ова создава мрачна слика за заговор помеѓу полицијата и телекомуникацискискиот бизнис.

Второ, со решението и одлуката на Уставниот суд од 2010 година директно, самостојно и непречено следење на комуникацииите повеќе не е дозволено во Република Македонија. Прашањето во врска со ова е дали одлуката на судот е спроведена, и не само поради тоа што неспроведување на судска одлука е казниво според македонскиот кривичен законик. Дали одлуката е спроведена или не, всушност, ни кажува дали нелегалното следење на комуникациите по декември 2010 продолжило по првото или второто сценарио опишани погоре за периодот од 2008-2009 година. Понатаму, тоа што никаде нема информација дека МВР набавувало уште една опрема кога биле измените законот за електронски комуникации во 2010, може да значи дека опремата набавена 2008-2009 година можела да прави сѐ што законот ќе предвиди во 2010 година, што би значело дека цело време (додека траат промени на закони од Собрание и Уставен суд) технологијата е една и иста. За целосна слика сепак ќе треба да ги погледаме и набавките на операторите во периодот од 2008 до 2010 година.

Ова можеби е добро место да се потсетиме на силната промена на ставот на (сега премиерот) Зоран Заев. Првичните негови изјави се дека прислушувањето не било возможно без знаење на операторите (Вистиномер, 2015), но веќе по две недели Заев на прес-конференцијата за бомба #5 изјави дека одговорност нема кај операторите (Прес конференција на СДСМ, 2015). Увидот во набавките можеби треба да се надополни со објаснување за тоа како и каде исчезнала одговорноста на операторите.

За оние кои што ќе се запрашаат како со одлуката на Уставниот суд директно, самостојно и непречено следење на комуникацииите повеќе не е дозволено, одговорот е во членот 111 на законот. Таму прво се вели дека комуникациите се доверливи, па потоа се редат исклучоци од таа доверливост. Со одлуката на Уставниот суд, на пример, исклучокот од членот 114(6) кој што вели „На овластениот орган за следење на комуникации операторите на јавни комуникациски мрежи и давателите на јавни комуникациски услуги се должни да му овозможат постојан и директен пристап до своите електронски комуникациски мрежи, како и услови за самостојно одредување на моменталната географска, физичка или логичка локација на терминалната опрема на своите претплатници, односно корисници независно од нивната телекомуникациска активност“повеќе не постои. Затоа после декември 2010 година директно, самостојно и непречено следење на комуникацииите повеќе не е дозволено.

Сите опреми за следење

После декември 2010, Македонија влегува во тивок период во однос на законските решенија за електронски комуникации. Но следењето на комуникации, видно од сѐ што чувме во аудио формат, не е застанато. Исто така не е застанато ни набавувањето на нова опрема. Помеѓу 2010 и 2014 купени се најверојатноо уште четири опреми за следење на комуникации: во 2010 опрема од Велика Британија (СЈО, 2016b), во 2011 опрема што беше тема на прес конференција на СДСМ во 2015 (Призма, 2015), FinFisher кој што беше прв пат откриен во Македонија во 2013 (CitizenLab, 2013) и опрема која што некаде во 2014 е купена за да ја замени опремата од 2008-2009 (СЈО, 2016a).

Во меѓувреме опремата од 2008-2009 (која што е предмет на истрага на СЈО) е уништена во март 2015 (СЈО, 2016a). Опремата што потоа се користела и веројатно сѐ уште се користи е опрема на Ериксон (НоваТВ, 2016). Дали тоа е нова набавка или е само именување на брендот на некоја од претходните набавки не се знае. Во секој случај станува збор за многу опрема. Конечно, во некој момент (веројатно) во 2011 година Македонија потпишала таен договор за следење на комункациите со САД (The Intercept, 2014). Обемот и опфатот на оваа соработка е непознат.

Додека сето ова се случува законска дозвола за следење на комуникациите директно, самостојно и непречено не постои. Значи, следењето се случува или на поединечни барања на полицијата до операторите кои што се спроведуваат без судска наредба (бидејќи знаеме дека бројот на оние што се следени со судска наредба е далеку помал од бројот на оние што се следени во незаконското следење на комуникациите од 2008 до 2015), или одлуката на Уставниот суд во врска со Законот за електронските комуникации не е спроведена и полицијата ги следи комуникациите директно, самостојно и непречено.

Новиот закон за електронски комуникации, ситните разлики во тексот и извештајот на Прибе

Но, во февруари 2014 година Собранието на Р. Македонија носи нов Закон за електронски комуникации (Службен весник на Р. Македонија, 39/2014) во кој што може да се прочитаат малку поинакви одредби во врска со следењето на комуникациите (Закон за електронските комуникации, 2014). Во законот од 2010 година има пет членови што го регулираат следењето на комуникациите: 112, 114, 115, 115-а и 155-б; во законот од 2014 година има само два: 175 и 176.

Како што видовме, во членот 114(8) од законот од 2010 година, меѓу другото, дозволен бил директен и постојан пристап до мрежите на телекомуникациските оператори. Меѓутоа, слична одредба не постои во новиот закон од 2014 (или барем јас не можам да ја најдам). Тоа што може да се прочита во новиот закон во членот 175(1) е дека „Операторите се должни да ги обезбедат сите неопходни технички услови за да овозможат следење на комуникациите во нивните мрежи, согласно со Законот за следење на комуникациите“(Закон за електронските комуникации, 2014). Сличната одредба во членот 115(1) во законот од 2010 гласи: „Операторите на јавни комуникациски мрежи и давателите на јавни комуникациски услуги се должни на свој трошок да обезбедат соодветна опрема и интерфејс за спроведување на мерката следење на комуникациите која ќе се врши под услови и на начин утврдени со закон“ (нагласувањето е мое) (Закон за изменување и дополнување на законот за електронските комуникации, 2010).

Од нагласените делови се гледа, според мене, главната разлика помеѓу двата законски текста во врска со следењето на комуникаците. Стариот закон зборува за опрема и интерфејс во 115, а за тоа што таа опрема треба да овозможи зборува, на пример, во 112(8): „На овластениот орган за следење на комуникации операторите на јавни комуникациски мрежи и давателите на јавни комуникациски услуги се должни да му овозможат постојан и директен пристап до своите електронски комуникациски мрежи, како и услови за самостојно преземање на податоците за сообраќај“; или во 114(6) како што е цитирано погоре. Новиот закон зборува само за неопходни технички услови. Нема никаде објаснување за тоа што се тие технички услови или како се определува неопходноста.

Пред да продолжиме понатаму само кратко појаснување за тие што го читаат членот 175 во делот што се наоѓа после запирката: „согласно законот за следење на комуникациите“. Ова се однесува на условите и постапката за следење на комуникациите од правна гледна точка: за кои дела може да се следи, кој издава наредба за следење, кој може да побара следење итн. На пример членот 2 од законот од 2006 година почнува со: „Никој не смее без наредба на надлежен суд да врши следење на комуникациите“. Со други зборови „согласно законот за следење на комуникациите“ не се однесува на претходниот дел од одредбата каде што се спомнуваат неопходните технички услови. Законот за следење на комуникациите воопшто не се занимава со технички услови. Формулацијата „директен и постојан“ не се појавува во тој закон. Законот за следење на комуникациите може да се прочита во Службен весник на Р. Македонија бр. 121/2006, 110/2008, 4/2009, и 116/2012.

Значи, новиот Закон за електронски комуникации создава обврска за операторите да обезбедат неопходни технички услови, но тие услови никаде не се опишани. Во членот 175(3) сепак операторите се должни да побараат техничка спецификација за опремата и интерфејсот кои што треба да ги обезбедат на нивен трошок како што е пропишано во членот 175(2). Оттука возможно е нужните технички услови да се вметнати во техничка спецификација за видот и карактеристиките на опремата и интерфејсот, а таа техничка спецификација веројатно е класифицирана. Исто така возможно е нужните технички услови да се истите од 2010: директен и постојан пристап.

Постојат ли некакви аргументи да се поткрепи оваа претпоставка? Да. Во извештајот на работната група на Европската комисија предводена од Рајнхард Прибе се вели: „Дејствувајќи врз основа на Членовите 175 и 176 од Законот за електронски комуникации, секој од трите национални провајдери за телекомуникации ја екипираат Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК) со потребните технички апарати, овозможувајќи ѝ да ги копира директно целите нивни оперативни центри. Како последица, од практична гледна точка, УБК може директно да ги следи комуникациите, самостојно и непречено, без разлика дали е издаден или не судски налог во согласност со Законот за следење на комуникациите.“ (нагласувањето е мое) (Извештај на Прибе, 2015).

Повеќе прашања се отвараат од констатацијата на работната група на Европската комисја. Прво, врз основа на кои точно делови од членовите 175 и 176 УБК директно ги копира целите оперативни центри на телекомуникациските оператори? Да, согласно членовите 175 и 176 операторите треба да обезбедат опрема, интерфејс и технички услови, но тие не треба нужно да бидат такви што ќе овозможат директно, самостојно и непречено следење на комуникациите.

Можеби ова може делумно да се разјасни со увид во документацијата на операторите. Ако операторите постапувале законски тогаш во 2014 година требало да побараат техничка спецификација и согласно неа да обезбедат опрема, интерфејс и технички услови. Ако набавка нема, тогаш може со значајна сигурност да се тврди дека опремата набавена порано – во 2010 година или пред тоа – сега повторно е ставена во функција (ако воопшто била претходно исклучена соглсано одлуката на Уставниот суд) бидејќи техничката спецификација е еднаква. Ова може да оди во прилог на потврдување на претпоставката дека неопходните технички услови се вметнати во техничката спецификација, но во суштина, ништо не е сменето од она што Уставниот суд го прогласил за неуставно во 2010 година.

Доколку оваа претпоставка е барем и малку издржана тогаш треба да се постават уште неколку прашања: смее ли нешто како неопходни технички услови за следење на комуникации да се регулираат со нешто што е некаков подзаконски акт за техничка спецификација. Вообичаено подзаконски акти се објавуваат во службен весник, додека техничката спецификација е приватна комуникација помеѓу МВР и операторите. Како можеме да видиме дали неопходните технички мерки се во согласност со Уставот на Републиката и посебно во согласност со одлуката на Уставниот суд во врска со следењето на комуникации од 2010 година? Што можеле операторите да направат ако добиле техничка спецификација со услови кои што се забранети на ниво на закон од страна на Уставниот суд? Дали смееле да се противат? Дали повторно се решиле на премолчена согласност, патем ќарувајќи заштеди во не-набавка на опрема? Овие прашања можеби ќе бидат одговорени во истрагите на СЈО.

Знаевме дека нѐ следат и се плашевме

Во 2014 година граѓаните во анкета ги искажале нивните стравови од следењето на комуникациите (Македонски центар за европско образование, 2014). Според резултатите од анкетата дури 53% од испитаниците мислат дека македонските граѓани се плашат јавно да го искажат своето мислење, а 83% од испитаниците што мислат така, мислат и дека тоа е затоа што граѓаните се плашат од последици по нив и нивното семејство. Понатаму, речиси 64% од испитаниците сметаат дека тајните служби ги прислушуваат комуникациите на луѓето што ги сметаат за противници. И точно една година по новиот закон за електронски комуникации дознавме дека овие мислења и стравови не биле неосновани. Директниот и постојан пристап за следење на комуникации не само што постоел, туку и се користел. Во февруари 2015 (тогаш опозициската партија) СДСМ почна да објавува аудио снимки од прислушувани разговори.

Во меѓувреме, во март 2015, Уставниот суд прими иницијатива за утврдување на уставноста на членот 175 од Законот за електронски комуникации. Постапката по оваа иницијатива Уставниот суд ја поведе две години подоцна (Радио Слободна Европа, 2017). Околностите сакаа Европскиот суд за човекови права можеби да им ја олесни работата на македонските судии наоѓајќи, во случајот Роман Захаров против Русија, во декември 2015 дека руските закони што дозволуваат „директен пристап до мрежата без специфични барања до провајдерите“ се во спротивност на Европската конвенција за човекови права, чиј потписник е и Р. Македонија (Радио Слободна Европа, 2017). Но, на конечната одлука од Уставниот суд сѐ уште чекаме.

Од сето погоре може да се заклучи дека во седумгодишниот период од 2008 до 2015 што е предмет на Законот за заштита на приватноста, и веројатно предмет на истрагите на СЈО, законска дозвола за директно, самостојно и непречено следење на комуникациите имало едвај нешто повеќе од 12 месеци (јули-октомври 2010 година и февруари – декември 2014 година). Сиот останат период станува збор за некаков вид на заговор помеѓу полицијата и бизнисот. Ако тоа нѐ потсетува на дистопијата опишана во воведните слики од Лесиг, тогаш можеби можеме да бараме утеха дека, ако ништо друго, што се однесува до следењето на комуникациите Македонија е во чекор со времето. (Друга аргументација од Лоренс Лесиг за корупцијата на републиката може да се понуди за сето ова, како и за одолговлекувањето на Уставниот суд, улогата на АЕК, и сегашното непостапување на Собранието. Но за тоа, можеби, во друга прилика.)

Во 2017 Македонија има нова Влада, нов Министер за внатрешни работи и нов директор на УБК, сите дојдени на нивните позиции со цел надминување на кризата произведена од следењето на комуникации. Но, условите за директно, самостојно и непречено следење на комуникациите сѐ уште постојат. Законот за електронски комуникации може да се промени со просто мнозинство, но тој, до сега – август 2017 година, не е ни на агендата на Собранието. Техничката спецификација што ја пропишува надлежниот орган може да се промени од страна на министерот, но секако тоа и да се случи нема да знаеме бидејќи е класифицирано. Веројатно од нас се очекува да веруваме дека опремата за следење на комуникациите сега нема да се злоупотребува. Можеби сега е вистинкиот момент за повторување на анкетата на Македонскиот центар за европско образование. Можеби граѓаните мислат дека сега тајните служби не ги слушаат разговорите на оние што ги сметаат за противници. Овие прашања остануваат да бидат одговорени од општествените истражувачи.

Но, ако ја прифатиме аргументацијата на Моглен, тогаш кризата во Македонија не е навистина завршена. Според Моглен без тајност демократско владеење не е возможно бидејќи луѓето не можат да разговараат за јавните работи со оние кои што сакаат и да ги исклучат оние со кои не сакаат да разговараат; без анонимност, која што е и централна на правото на слобода на говор, не може да се спроведува демократска политика; без автономија нема слободно носење одлуки, а автономијата не може да постои без тајноста и анонимност (Моглен, 2013). И сѐ додека констатацијата од извештајот на Прибе е точна, нема тајност и анонимност во Македонија, колку и од нас да се очекува да мислиме дека овој пат опремата не работи против нас. И сѐ додека констатацијата од извештајот на Прибе е точна, во Македонија нема демократско владеење.

Оригинално објавено на ОКНО.мк на 4.8.2017: https://okno.mk/node/65779

Дополнето: Во оригиналниот текст објавен на ОКНО.мк недостасува тоа дека во планот 3-6-9 на Владата на Р. Македонија на стр. 6 се наоѓа ветување за реформа на разузнавачките служби и тоа преку: „Започнување со инклузивна дискусија во Собранието за избор на моделот за реформа на системот на следење на комуникациите“ (План на Владата, 2017), но нејасно е кога таа дебата требало да започне, т.е. дали веќе треба да е започната или не. Заради целосна слика со оваа информација требаше го дополнам претпоследниот параграф на овој текст. Овој превид е мој. Му благодарам на Миша Поповиќ на укажувањето.

Нема лошо време за добра пропаганда

Tags: 

Во (далечната) 2007 во сега (мртвиот) Утрински весник се појави хвалоспев на Никола Саркози насловен Маестралната уметност на владеење на Саркози.

На 1 август 2007 го преработив тој текст за да се исмевам со широката поддршка што (тогаш) премиерот Никола Груевски ја уживаше помеѓу пошироката јавност така што секаде каде што пишуваше Саркози напишав Груевски, Франција - Македонија итн. Еве го тука. Десет години подоцна имаме нов премиер кој што го презеде првото место на листата на популарност пред околу 2 месеци. Затоа подолу е истиот текст, со една ситна разлика. Секаде каде што пишуваше Груевски сега пишува Заев, а другите имиња и настани се соодветно заменети итн. ја сфаќате постапката.

Маестралната уметност на владеење на Заев

Скопје - Откако дојде на премиерската функција во Македонија Зоран Заев секој ден изненадува, па и неговите противници признаваат дека потезите кои ги влече не ги остава рамнодушни Македонците. Зоран Заев е на сите страни во Софија, во Трст, во Сараево, во Скопје со одлуки за Струга и Требовоље за каде од аеродромот Александар Велики заминувајќи за подгорица испрати пожарникари од Бугарија. Новинарите се опсипани со комуникеа од Илинденска бр. 2 и преку нив Македонците се запознати со сите постапки на нивниот сеприсутен премиер.

Зоран Заев, исто како и за време на предизборната кампања за чија оркестрација се интересираа дури и штабовите на американските претседателски кандидати стана вистински мајстор во уметноста на владеењето и комуникациите. „Тој го надминува се' она што ги имавме видено до денес“, пишува колумнистот на еден од најтиражните македонски регионални весници „Фокус“.

Премиерот кој сака да го промени начинот на владеење, по првите денови поминати на Илинденска бр. 2 изгледа дека успеа, барем засега. Тој не го слуша државниот апарат, техноструктурите, кои во една технократска да не речеме бирократска држава како Македонија, сака да провери се', Заев секојдневно испишува по едно поглавје од уметноста за владеење. Македонските коментатори се согласуваат дека тој веќе успеа во едно: да му завидуваат. На последниот самит на за Западен Балкан во Трст, тој ја претстави Македонија во одлично светло и лобираше за прием во Европската Унија иако тоа не беше на агендата. Заедно со министрите, без разлика на полемиката предизвикана во Македонија, спроведува даночна реформа за поголема праведност во Македонија и обезбедува бенефиции за стечајните работници. Тој е еден од творците на договорот за добрососедство со Бугарија. Начинот на неговото делување е одраз на еден нов стил на владеење.

На внатрешен план неговиот стил исто така ги дезориентира Македонците. Изборот на еден од најбогатите бизнисмени Кочо Анѓушев за вице премиер за економски прашања во Владата, иако главниот збор го има Заев, потоа на Драган Тевдовски (без политички стаж) за министер за финасии, кооптирањето на млади кадри, како Бојан Маричиќ, Бранимир Јовановиќ и Дане Талески, и назначувањето на еден од ретките „преживеани“ политичари од груевизмот во Македонија во Министерството за надворешни работи ја докрајчи македонската опозиција.

Заев не ги заборави ни обичните Македонци. Тој беше со стружани кога им беше најтешко - кога оганот, беснеејќи на депонијата, се закануваше дека ќе ја уништи туристичката сезона. Премиерот на македонската држава не запира никогаш – тој беше со европските прваци РК Вардар за да им го честита трофејот, а на првиот ден од Владата ги отвори и вратите на владината зграда за македонските граѓани.

Гледајќи го како владее и работи се добива впечатокот дека неговите министри имаат многу мака да го следат. Министрите мораат да се задоволат со улогата на извршители на програмските определби на Заев. Тие што се сведоци на судските процеси од висок профил, и покрај негодувањата, видоа дека македонските граѓани го одобруваат ловот на корумпираните политичари. Анкетите велат дека конечно во Македонија се врати оптимизмот.

Пред ваквата раздвиженост на премиерот, македонските набљудувачи на политичката сцена, како коментаторот на „Фокус“ се запрашуваат:

„Дали Зоран Заев е човекот кој прави премногу или човек кој се сака самиот себеси премногу? Би рекле, дека тој е политичка ѕверка хранета со чувството за стратегија, со тактичката грижа и жедта за резултати, кој оди нанапред не барајќи да се заштити“. Накратко, како што пишува „Фокус“, Заев ја презема одговорноста за сите негови и за потезите на на Владата. Затоа работливиот Заев го зафаќа целиот медиумски простор. Македонците можат да следат како се пилотира државата, речиси во директен пренос.

Стигнува ли ехото од Захаров до Уставниот суд и до македонскиот Парламент?

Tags: 

Во март 2015 до Уставниот суд на Република Македонија доставена е иницијатива за уставноста на членовите на Законот за електронски комуникации кои што овозможуваат УБК „директно да ги следи комуникациите, самостојно и непречено, без разлика дали е издаден или не судски налог во согласност со Законот за следење на комуникациите“ (Извештај на Прибе). За таа иницијатива дури сега е поведена постапка (РСЕ, 21 јуни 2017).

И додека Уставниот суд размислува, а парламентарното мнозинство не презема измена на Законот за електронски комуникации (за чија измена е потребно само просто мнозинство), ние можеме да се потсетиме на пресудата на Европскиот суд за човекови права од случајот Роман Захаров против Русија која што е донесена во декември 2015 година. Пред да продолжиме со случајот, да се потсетиме и дека овој суд е истиот оној суд за кој во медиумите се чита дека пресудил против Македонија, најчесто за прекумерни казни за притвор или нехумано однесување кон затворени и притворени лица. За оние кои не се запознаени, Македонија е потписник на Европската конвенција за човекови права, која е меѓународниот договор што го создава судот, којшто пак се грижи за тоа договорните држави да не ја прекршуваат конвенцијата. Русија исто така е потписник на конвенцијата. Во принцип може да се каже дека она што ја прекршува конвенцијата во Русија ја прекршува и во Македонија.

Океј, што е Роман Захаров против Русија? Брзо пребарување на Википедија ќе ви каже дека тоа е „значаен случај“ во однос на членот 8 од конвенцијата – приватност. Во кратки црти Роман Захаров е уредник и издавач од Русија „кој во декември 2003 започнал судска постапка против наредбата бр. 70 од Државниот комитет за комуникации и информациски технологии. Наредбата барала телеком операторите да инсталираат опрема што дозволува, меѓу другото, директен пристап до мрежата без специфични барања до провајдерите“. (Извор: Zakharov v Russia: A refresher on how far Europe has come.)

Македонскиот Закон за електронски комуникации, т.е. делот од законот што е оспорен пред уставниот суд, меѓу другото, вели: „Операторите се должни на сопствен трошок да обезбедат и одржуваат опрема, соодветен интерфејс и да воспостават електронски комуникациски водови за пренос до овластениот орган за следење на комуникации, со цел да се овозможи следењето на комуникациите во нивната мрежа, согласно со Законот за следење на комуникациите (ч. 175(2)).“

Извештајот на Прибе вели: „Дејствувајќи врз основа на Членовите 175 и 176 од Законот за електронски комуникации, секој од трите национални провајдери за телекомуникации ја екипираат УБК со потребните технички апарати, овозможувајќи ѝ да ги копира директно целите нивни оперативни центри. Како последица, од практична гледна точка, УБК може директно да ги следи комуникациите, самостојно и непречено, без разлика дали е издаден или не судски налог во согласност со Законот за следење на комуникациите. […] УБК не треба да има директен пристап до техничката опрема која дозволува копирање на комуникацискиот сигнал. Во никакви околности УБК не треба да има практична способност за директно следење на комуникациите“.

Како пресуди Европскиот суд за човекови права во случајот Роман Захаров против Русија во однос на членот 8 од конвенцијата – приватност? Судот едногласно пресуди дека руските закони за надзор на комуникациите се некомпатибилни со Европската конвенција за човекови права, или просто речено судот пресуди во корист за Роман Захаров.

Поспецифично судот сметал дека „Захаров не требал да докаже ни дека е под ризик од тоа неговите комуникации да бидат следени. Всушност со тоа што домашниот систем не обезбедувал ефективен лек за лицето што сметало дека тој или таа е предмет на таен надзор, самото постоење на оспорениот закон претставувало мешање со правата кои Захаров ги има според членот 8“ и, дека „ризикот од систем за масовно тајно следење може да се користи за да ја поткопа и дури и уништи демократијата под велот дека ја штити“ (извор: Case of Roman Zakharov v. Russia: The Strasbourg follow up to the Luxembourg Court’s Schrems judgment).

Понатаму, судот ја разгледува и техничката можност за следењето и смета дека „систем што им овозможува на безбедносните служби и полицијата да имаат директен пристап до сите комуникации… ги поткопува кои било заштитни мерки кои ги има во системот за авторизација на следењето“ и, „дека полицијата и безбедносните служби можат да го заобиколат барањето да ја демонстрираат легалноста на следењето“ (извор: Lorna Woods: ECtHR case report and comment – Roman Zakharov v Russia (Grand Chamber)).

Во истиот текст Лорна Вудс заклучува дека, покрај рускиот на којшто директно се однесува, дека оваа пресуда покренува прашања за валидноста на други системи на масовно следење во однос на членот 8 од Европската конвенција за човекови права.

Накратко, се чини дека има многу сличности меѓу тоа како се спроведува надзор на комуникации во Русија и во Македонија, а рускиот начин не е во согласност со Европската конвенција за човекови права.

Останува прашњето дали оваа пресуда била разгледувана од страна на уставните судии тогаш кога била донесена, и ако да, тогаш зошто на судот му е потребно толку долго да ги увиди сличностите меѓу рускиот и македонскиот случај, па макар и да пресуди дека македонскиот случај опишан во поднесената иницијатива е различен поради причини што ќе ги најде за веродостојни во домашниот контекст. Секако, ова е прашање на кое не се надеваме дека ќе добиеме одговор.

Во меѓувреме, членовите од Законот на електронски комуникации што овозможуваат директно, самостојно и непречено следење на комуникации остануваат во сила, и, и покрај промената на власта во Македонија, УБК сѐ уште може да го прави тоа што го правеше и поради кое државата падна во големата политичка криза.

Оригинално објавено на Радио Слободна Европа: https://www.slobodnaevropa.mk/a/28599418.html

#ЗдравоТаравари: Кратка анализа на твитер кампањата

Tags: 

Кампањата #ЗдравоТаравари на социјалната мрежа Твитер започна на 19 јуни 2017 околу 16 часот. На 22 јуни 2017 година во 13:10 часот ги симнав (веројатно) сите 1142 твитови кои ги содржат двата хаштага за комуникација со новиот министер за здравство на Р. Македонија: #PërshëndetjeTaravari и #ЗдравоТаравари. Тоа се твитови од околу 72 часа.

Ако се отстранат сите ретвитови, тогаш остануваат 294 твитови (пораки со оригинална содржина) кои што се напишани со овој хаштаг. Твитањето и ретвитањето на хаштагот може да се види подолу. Високите вредности за твитови и ретвитови се во вечерните и утринските часови. Но возбудата на твитерџиите од првите 36 часа се чини дека исчезнува во вторите 36 часа од избраниот период. ​

tweets_retweets

Ваквиот тренд може да значи дека политичкиот маркетинг помеѓу македонските корисници на Твитер е со краток здив. Се чини дека дури и лошите шеги („#ЗдравоТаравари дали да јадам бурек со месо или баничка со сирење за појадок?“ - испратен од @dRskata1 на 22 јуни во 10:37 наутро) кон министерот Таравари не издржуваат повеќе од 3 дена: веќе на 22 јуни само 3 дена по отпочнувањето на кампањата, бројот на оригинални твитови со хаштагот е помалку од 5 на час.

Водечките тројца твитерџии кои го користат хаштагот за пишување на оригинални твитови се @evilblonddemon, @LOshGZE и @Carbonoxid со 28, 16 и 13 твитови.

Но, кога ќе се споредат водечките твитерџии од #ЗбогумТаравари со водечките твитерџии од ранг листите на Time.mk (T-index, Top by Reach и Top by Followers), само една твитер сметка (@evilblonddemon) е присутна во најактивните/најпопуларните 20 генерално во Македонија и на хаштагот #ЗдравоТаравари. Ова можеби може да се толкува како сигнал дека политичките кампањи не се од посебен интерес на онаа група на корисници што ја создава водечката содржина на Твитер.

distribution.twitterers

Анализа на дистрибуцијата на споменувања на хаштагот од отпочнувањето на кампањата укажува на тоа дека најголем дел од активните сметки се појавуваат само еднаш до два пати, додека само 25 твитерџии имаат 10 или повеќе твитови и ретвитови со хаштагот #ЗдравоТаравари. Најактивните сметки имаат 40 до 60 твитови и ретвитови во рамките на 72 часа, што претставува еден твит на темата ЗдравоТаравари секои 1.2-1.8 часа (72-108 минути).

На крај, од овие 1142 твитови, посебно паѓа во очи е дека во нив речиси исклучиво се користи македонскиот хаштаг. Освен првичниот твит од министерството за здравство, еден твит со линк до вест на PortAlb, и еден твит што прашува дали се користи хаштагот, сите други (седум) твитови се ретвити на првиот твит на министерството. Тоа значи дека вкупно 9 твитови во периодот на првите 72 часа на кампањата го искористиле албанскиот хаштаг. Ова може да биде индикација за бројот и активноста на корисниците што го зборуваат албанскиот јазик на Твитер во Македонија, како и индикација за тоа дека можеби комуникацијата на министерството со албанските граѓани би требало да се одвива на други канали, наместо на Твитер.

Првично објавено на Радио Слободна Европа: https://www.slobodnaevropa.mk/a/28576600.html

Петиции на кои државата ќе мора да одговори

Tags: 

Сите што одеа по улици изминативе години знаат колку пати беше повикувано на потпишување петиции. Дури и сега има петиција за менување на законот за продажба на алкохол и за избор на јавен обвинител.

Зоран Заев вети транспарентна и отворена влада. Тогаш зошто да не се следи примерот на САД и Велика Британија каде владата има нејзин систем за петиции на кои мора да одговори / или парламентот да ги разгледа штом ќе стигнат до определ праг на потписи.

На популација од 65 милиони во Велика Британија прагот е 10.000 за владин одговор 100.000 за парламент. Во Мaкедонија прагот секако би требало да биде понизок: можеби 100 со 1000.

Уставот на републиката во членот 2 вели дека Граѓаните на Република Македонија власта ја остваруваат преку (...) и други облици на непосредно изјаснување. Зошто тоа да не биде систем за електронски петиции?

Законот што ќе го регулира ова може да биде 10-тина члена:
1. Со овој закон се уредува ....
2. Владата ќе обезбеди систем за електронски петициии .....
3. Прагот ќе се определи на ....
4. Владата ќе одговори на петицијата во рок од 30 дена од постигнувањето на прагот...
5. Парламентот ќе расправа на комисја во рок од 30 дена од постигнувањето на прагот..
6. Локалната самоуправа ќе расправа во рок од 30 дена....
7. Одговорите ќе бидат објавени јавно...
8. Некоја казнена одребда во случај да се прави надлежната институција на тошо
9. Законот стапува на сила на ден

Ваков закон и систем за е-петиции на кои одговор е задолжителен е во согласност со програмата на владата и ќе биде комплементарен на мерки како „активна транспарентност“ и намалување на рокот на 15 за одоговор на барања за слободен пристап до информации.

Најдобро, нема да има никакви буџетски импликации за поставување на системот. Софтверот што го користи Белата куќа е Drupal 7 и е достапен на github. Јас ќе го инсталирам волонтерски, ако ваков закон се донесе.

(Оригинално објавено на Фејсбук.)

Препораките на Прибе за следењето на комуникациите ги нема во предлог-програмата на владата на Заев

Tags: 

Во извештајот на работната група на Прибе од 8 јуни 2015 година, веднаш по воведните напомени, како прва точка на извештајот е следењето на комуникациите.

Извештајот нашол дека:

„Дејствувајќи врз основа на Членовите 175 и 176 од Законот за електронски комуникации, секој од трите национални провајдери за телекомуникации ја екипираат УБК со потребните технички апарати, овозможувајќи ѝ да ги копира директно целите нивни оперативни центри. Како последица, од практична гледна точка, УБК може директно да ги следи комуникациите, самостојно и непречено, без разлика дали е издаден или не судски налог во согласност со Законот за следење на комуникациите.“ (Потенцирање мое.)

А понатаму препорачал:

„УБК не треба да има директен пристап до техничката опрема која дозволува копирање на комуникацискиот сигнал. Сопственичките преклопници (свичови) треба да се преместат во просториите на провајдерите на телекомуникациски услуги. Провајдерите треба да ги активираат и пренасочат сигналите кон надлежните агенции за спроведување на законот (Полицијата, Царинската управа и Финансиската полиција) или безбедносните агенции (Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК), Агенцијата за разузнавање и Службата за воена безбедност и разузнавање во рамките на Министерството за одбрана) само по добивањето на релевантен судски налог и само за целите на законско следење на комуникациите. Во никакви околности УБК не треба да има практична способност за директно следење на комуникациите.“ (Потенцирање мое.)

Сепак, измени на Законот за електронски комуникации не се наведени* во предлог-програмата на Владата на Зоран Заев објавена на 10.03.2017 година. (*Пребарување во документот не е возможно, па ова тврдење е врз основа на читање на деловите на документот што се однеусваат на човекови права.)

Овој исход во програмата доаѓа наспроти изјавите на Заев дека реформите на Прибе се прироритет на новата влада. На пример:

Предлог-програмата ветува барање на поширока поддршка за измена на Законот за следење на комуникациите. Иако промена на Законот за следење на комуникациите е потребна и е во врска со препораките на Прибе, промената на овој Закон согласно досегашната пракса бара 2/3 мнозинство. Во сегашниот состав на парламентот се чини дека тоа е невозможно, па веројатно и логично е владата на Заев да бара поширока поддршка, без експлицитно да ветува и негова измена.

Но, за измени на Законот за електронски комуникации, такво мнозинство не е потребно. На пример за измените од јуни 2010, вкупно гласале 65 пратеници (55 за, 1 воздржан, 9 против). Па, освен ако недогледувам во ситниот текст на СДСМ issuu сметка, каде се измените на Законот за електронските комуникации во предлог-програмата на владата што треба да ја укинат способноста за директно следење на комуникациите од страна на УБК?

Слично на темата:
http://novica.discindo.org/mk/node/859
http://novica.discindo.org/mk/node/854
http://novica.discindo.org/mk/node/848
http://novica.discindo.org/mk/node/846
http://novica.discindo.org/mk/node/844
http://novica.discindo.org/mk/node/841
http://novica.discindo.org/mk/node/839
http://novica.discindo.org/mk/node/836
http://novica.discindo.org/mk/node/830

Кулминација на заговорот против Републиката

Tags: 

Пишувам за незаконското следење на комуникации од страна на УБК уште од февруари 2015, кога опозицијата почна да ги објавува т.н. бомби. Во раните денови на оваа тековна политичка, општествена и морална криза нотирав дека СДСМ, поточно нејзиниот претседател, прво ги имплицираше операторите како активни чинители во прислушувањето, а потоа ја повлече таа изјава.

Првичните изјави (12.02.2015) на Зоран Заев се дека прислушувањето не било возможно без знаење на операторите, но веќе по две недели (27.02.2015) Заев на прес-конференцијата за бомба #5 изјави дека одговорност нема кај операторите. -- од Молкот на операторите, 4 јуни 2015.

Операторите исто така во нивните изјави стоеја на тоа дека работеле и работат согласно закон.

Сите овие изјави паднаа во вода денес, 18.11.2016, кога на конференцијата за печат на Специјалното јавно обвинителство беше објавено дека:

„Со незаконското следење на комуникациите на повеќе илјади лица кои живееле во Република Македонија во периодот од 2008 до 2015 година, ниту им се почитувани приватноста на личниот и семејниот живот, ниту пак била гарантирана тајност на комуникациите.“

Опремата која што е поставана во операторите и која што служи за следење на комуникации на начин што УБК има „директен, автономен и непречен“ пристап е дозволена согласно закон само во дел од овој 2008-2015 период, и тоа 1. од донесувањето на Законот за електронски комуникации во јуни 2010 до укинувањето на таквите одредби во декември 2010, и со донесувањето на новиот ЗЕК во февруари 2014 во кој што ги содржи истите укинати одредби и, за кои патем, Уставниот суд на РМ молчи веќе една година.

Всушност, во осумгодишниот период од 2008 до 2015 година, директен, автономен и непречен пристап бил дозволен согласно важечки Закон само 2.5 години. Ова значи дека или операторите обезбедувале пристап на конвенционален начин (т.е. начин што подразбира дека УБК не пристапува директно по своја желба во секој момент), притоа знаејќи дека нема судски наредби, или дека опремата за директен, автономен и непречен пристап функцинорала цело време и додека немало законски одредби за неа -- во овој случај би била во функција 2 години пред воопшто таков закон да се разгледува во Собранието на РМ.

Денешните изјави од СЈО ги фрлаат во вода изјавите на операторите дека работеле согласно закон. Законот им наложува на операторите мора да соработуваат со СЈО. Но, моралот бара најмалку оставки од нивните директори.

Објавено на:
http://www.slobodnaevropa.mk/a/28127647.html
http://www.radiomof.mk/stav-kulminacija-na-zagovorot-protiv-republikata/

Слично на темата:
http://novica.discindo.org/mk/node/854
http://novica.discindo.org/mk/node/848
http://novica.discindo.org/mk/node/846
http://novica.discindo.org/mk/node/844
http://novica.discindo.org/mk/node/841
http://novica.discindo.org/mk/node/839
http://novica.discindo.org/mk/node/836
http://novica.discindo.org/mk/node/830

Што читаат македонските научници?

Tags: 

Една од најголемите маки на македонските универзитети е пристап до современа научна литература. На овој проблем, од скоро, се нуди решение „преку интернет“. Пиратската библиотека Sci-Hub.org нуди пристап до околу 50 милиони научни трудови. Проценката е дека целокупното научно творештво досега изнесува исто така околу 50 милиони научни трудови. Оттука, возможно е Sci-Hub.org да нуди пристап до речиси сѐ што е објавено како научен труд во човековата историја.

Во април 2016 година, Sci-Hub.org објави серверски записи од неговиот веб сајт за периодот септември 2015 – февруари 2016 кои кажуваат кои и колку научни трудови се преземени, како и од кои држави се направени преземањата. Иако шест месеци е краток период, сепак податоците нудат увид во тоа што и колку наука се презема во Македонија. Трендот во Македонија е сличен со трендот во остатокот од светот. Порастот во преземањата во полугодието за кои има податоци изнесува повеќе од 300 отсто. Од европските земји тоа е слично со Естонија и Финска.

View post on imgur.com

Според Државниот завод за статистика, во Македонија во високообразовните институции, во академската 2015/2016 година, има 3.980 наставници и соработници. Во дадениот период, тие преземале нешто помалку од два труда по човек. Најблиску до оваа бројка во Европа се Словачка и Кипар. Во 2015, пак, Македонија има 815 објавени научни трудови или 0,2 трудови по наставник/соработник. Тоа ја става Македонија на исто ниво со Бугарија, Латвија и Литванија.

Интересен е контрастот што може да се направи со, на пример, Велика Британија. Со несомнено подобро опремени универзитети каде има широк пристап до литература, британските научници преземаат околу 1,5 трудови од Sci-Hub. Интуитивното мислење е дека Македонија како земја чиишто универзитети имаат многу тесен пристап до светските научни бази (ако воопшто имаат некаков пристап) би имала многу поголем број на преземања од регистрираните два по човек. Возможно е, се разбира, македонските научници да не се запознаени со постоењето на сервис како Sci-Hub.org, но можно е и да немаат потреба за голем број на научни трудови. Последново можеби се отсликува преку бројот на објавени трудови. Британските научници во година објавуваат 1,2 трудови по човек. Разликата од 1 труд по човек, во споредба со македонските научници, во светот во кој владее максимата објави или исчезни (publish or perish) е огромна.

Сето погоре укажува дека Македонија го следи трендот на сѐ поголемо преземање на научни содржини, но кога станува збор за додавање во научниот корпус нејзиниот придонес (или придонесот на нејзините научници) е незначителен.

Понатаму, податоците од Sci-Hub.org откриваат дека најголем број од преземањата во Македонија се случиле во Скопје – 4933. Другите поголеми универзитетски центри Битола, Тетово и Штип имаат по 191, 226 и 799 преземања соодветно. Во податоците има и 1139 преземања за кои нема локација што може да влијае на вкупната распределба, но јазот помеѓу Скопје и другите градови е голем. Останува да се истражи дали тој јаз се рефлектира и во научната работа на УКИМ наспроти другите универзитети.

View post on imgur.com

Се разбира, овие податоци не кажуваат ништо дефинитивно за македонската научна работа. Возможно е научните работници нивните материјали да ги набавуваат од друго место (колеги, сопствени средства, итн.). Но, возможно е и во Македонија едноставно да нема потреба од тековни научни истражувања кои што претежно се објавуваат во журнали (студиските програми да користат претежно книги, научните работници да не се вклучени во истражувачки проекти, итн.). Детално разгледување на податоците од Sci-Hub ќе покаже и кои теми и формати на трудови се од интерес на домашната научна јавност.

***

Минатата недела се осврнавме на бројот на преземања од Sci-Hub и со бројот на објавени трудови во Македонија во однос со некои други европски земји. Сега фокусот го поместуваме на тоа што се чита од страна на македонската научна јавност.

Од истражувањата што се правени на универзитетите во Велика Британија може да се види дека во просек британските научници читаат 39 научни материјали месечно, од кои 22 се трудови објавени во журнали. Ако претпоставиме дека еден научник од Македонија треба да чита исто за да биде на исто научно-истражувачко ниво со својот британски колега, тогаш останува прашањето како македонскиот научник се снабдува со литература. Сепак, одреден број на научни текстови се преземаат во Македонија.

Македонските научни читатели воглавно преземаат трудови од научни журнали и литература што се чита воглавно е издадена во последните 20 години. Најстариот труд што од Sci-Hub е преземен во Македонија е „Vital Statistics of Cavalry Horses“ од 1880 година. Анализа, пак, на насловите на документите открива дека најчесто преземан труд е „Genetic diversity of Brucella abortus and Brucella melitensis in Kazakhstan using MLVA-16“, кој што е преземен 44 пати. Двата наслова се неочекувани или барем необични. Интересно би било да се дознае која е причината за овие преземања.

Понатаму, податоците за издавачот во најголема мера недостасуваат во изворните податоци од Sci-Hub, но од она што е достапно, како најчест издавач кој е преземан предничи Institute of Electrical and Electronics Engineers (IEEE).

View post on imgur.com

Обидот да се презентираат насловите на трудовите во зборовен облак открива дека истражувања на теми како рак, енергија и иновации се помеѓу почестите кои што се преземаат. Веројатно е тогаш меѓу имињата на издавачи што недостасуваат да има и значителен број на медицински или биолошки журнали, покрај оние за инжинерство.

View post on imgur.com

Петте најчесто преземани публикации, пак, ги вклучуваат Renewable and Sustainable Energy Reviews со 70 преземања, American Journal of Physics со 65 преземања, Energy Policy со 61 преземања, Journal of Sound and Vibration со 51 преземања и Science со 51 преземања.

Ова покажува една шарена слика за темите од интерес на македонската научна јавност. Од една страна, со оглед на тоа дека има истражувања коишто велат дека еден преземен труд се споделува до 10 пати помеѓу научниците-колеги тогаш можеби ефектот од преземањето на мал број трудови во Македонија (0,2 по научник) да има поголем ефект. Така, на пример, бројот од 10 преземени трудови поврзани со теми за земјотресно инжинерство (од журналот „Soil Dynamics and Earthquake Engineering“) може да биде охрабрувачки дека таа струка настојува да биде во тек со научните новини - ако навистина и во Македонија споделувањето е на исто ниво како во Велика Британија или САД. Од друга страна, дури и споделување од 10 пати ги држи македонските научни работници далеку од Велика Британија во однос на месечна читачко-истражувачки просек.

Веројатно, без да се прашаат и самите научници повеќе не може да се знае за навиките, потребите за читање и истражување на македонските научници. Можеме да се надеваме дека со достапноста на материјали преку Sci-Hub работата ќе станува сѐ подобра.

Првично објавено во два дела на РСЕ:
http://www.slobodnaevropa.mk/a/28067002.html
http://www.slobodnaevropa.mk/a/28078012.html

Изборна програма 2016 #2

Tags: 

8. Изборната програма за 2016 треба да содржи ветување за укинување на ДБК. Нова агенција со јасни и ограничени надлежности за крај на децениските злоупотреби од политичарите.

9. Изборната програма за 2016 треба да содржи ветување за укинување укинување на законски одредби што овозможуваат легални злоупотреби на буџетот (како што се патните сметки на пратениците).

10. Изборната програма за 2016 треба да содржи ветување за реформа со што патарините што се плаќаат на уплатници.

11. Изборната програма за 2016 треба да содржи ветување за индустриска политика што препознава дека текстилната индустрија (и сличните на неа, кој се сеќава на тажниот извештај за производство на италјански чевли) е ќор-сокак за развој на домашното стопанство и ќор-сокак за развојот на кариерите и капацитетите на луѓето. Наместо ветувања за повисоки плати во тој сектор, ветувањето да биде за нови можности надвор од sweat-shops.

12. Изборната програма за 2016 треба да содржи ветување за сончево енергетско производство. Според ретките информации на интернет Македонија трошела околу 7000 гигават часови годишно пред неколку години. 7000 гигават часови од фабрики со соларни панели во Велика Британија се произведуваат за 6 месеци. Ваљда можеме и толку во земјата на сонцето за една година. Ова е директно поврзано со точката 1 - загадување.

(Првиот дел: http://novica.discindo.org/en/node/855)

Изборна програма 2016

Tags: 

1. Трите најголеми македонски градови се меѓу најзагадените во Европа: Скопје, Тетово, Битола. Изборната програма за 2016 г. мора да содржи ветување за значително намалување на загадувањето во 4 годишниот мандат (во пар со локалните избори што следат). Ова нема само силен популарен одек. Загадувањето има негативни ефекти на здравјето што се мерат во милиони долари. Оптеретувањето на фондот за здравство ќе биде намалено, и работната способност на луѓето ќе биде подобрена. Како екстерен ефект од двете тоа ќе значи повеќе пари во фондовите. Понатаму, подобрувањето на урбаните средини ќе ги направи нив попривлечни за живеење што може да влијае на намалување на трендот на иселување. Како под-проекти на оваа определба може да се вбројат: урбано зелено, мораториум на градење, подобар јавен превоз, велосипедски патеки, замена на возен парк итн.

2. Слободата на медиумите е на најниско ниво од осамостојувањето на Македонија. Темелник на нејзиното подобрување е укинувањето на страв кај новинарите и другите што пишуваат за политичко-општествени теми. Затоа изборната програма за 2016 треба да содржи ветување за одредби во законот за навреда и клевета што ќе оневозможат покренување на тужби од страна на политичари и други јавни личности кон новинари за периодот додека се на функција, и понатаму доколку пишувањето се однесува за периодот додека биле на функција. Секако тоа ќе значи дека ќе има и малку шунд во пишувањето (како и сега). Но, јавните личности ќе научат да трпат. А секако, малку шунд е подобро од многу страв.

3. Гарантирање на малцинските права. Изборната програма за 2016 треба да содржи ветување за промена Амандман 5 од Уставот да се промени така што губењето на службен јазик нема да се случи ако заедницата изгуби еден процентен поен во бројноста во општината. Како дел од ова, изборната програма треба да содржи ветување за мултијазично образование. Децата на водечките политичари први треба да бидат запишани во ваквите паралелки.

4. Брзо интегрирање во ЕУ. Изборната програма за 2016 треба да содржи ветување за почнување на пристапни преговори до крајот на мандатот. Со други зборови, мандатот што ќе се бара во 2020 да биде за комплетирање на влезот на Македонија во ЕУ. (Ако тоа значи и решавање на проблемот со Грција, тогаш и тоа е тука.)

5. 21 век, полицајци со автоматско оружје претресуваат граѓани за џоинт; казнуваат за преминување улица не на пешачки премин; легитимираат за прошетки во парк. Изборната програма за 2016 треба да содржи ветување дека ќе имаме полиција што нема да ги малтретира граѓаните.

6. Но и пошироко, изборната програма за 2016 треба да содржи ветување дека Македонија сѐ повеќе ќе се приближува до 21 век. Наместо младите да одат во Западна Европа за да живеат во 21 век, оние кои што сакаат да живеат во 19 век може да се преселат во Сомалија (на пример). Ова, меѓу другото, вклучува јасно раздвојување на државата од црквата, и нејзино соодветно даночење; гарантирање на правата на жените освоени во минатиот век (абортус како најважно); дозвола за истополови бракови.

7. Лакрдијата со студентски избори и игнорирањето на престапи од страна на таканаречените студентски лидери мора да заврши. Изборната програма за 2016 мора да содржи ветување за создавање на универзитет по западни стандарди. Студентското организирање е само дел од тоа, но е значаен чекор во отпуштањето на организацијата од партиските спреги. Водечките политичари исто така треба да ги запишат нивните деца на водечкиот македонски универзитет. Студирањето во странство на децата на оние што ги креираат домашните политики треба да заврши.

(Продолжува.)

Незаконско следење на комуникациите во Македонија

Tags: 

Сѐ уште нема ништо конечно во истрагите на Специјалното јавно обвинителство, но внимателно читање на прес-конференциите открива дека во Македонија на располагање на УБК во различни биле (најмалку?) четири системи за надзор на комуникации. Најмалку затоа што сѐ уште нема информација дали меѓу нив се вбројува израелската купопродажба што беше откриена во „бомбите“ на СДСМ.

Тековен преглед на информациите во врска со надзорот на комуникации има овде.

Ова можеби е едно од клучните реформски прашања на идната влада. Ќе има или република што не е во сенката на тајните служби?

Слично на темата:
http://novica.discindo.org/mk/node/848
http://novica.discindo.org/mk/node/846
http://novica.discindo.org/mk/node/844
http://novica.discindo.org/mk/node/841
http://novica.discindo.org/mk/node/839
http://novica.discindo.org/mk/node/836
http://novica.discindo.org/mk/node/830

Уставниот суд и рабовите на правниот поредок

Tags: 

Одлуката на Уставниот суд која што ги откажа изборите на 5 јуни беше дочекана со големо воодушевување. Таа утврдува дека поединечен акт на Собранието на Република Македонија може да се смета за пропис. Но, објаснувањето понудено во Одлуката за поништување на Одлуките за распуштање на Собранието на Република Македонија е необично штуро.

Во 7(3) судот вели дека „Уставниот суд е тој кој одлучува кој акт ќе го третира како пропис, подобен за уставно-судска оцена“. Потоа во 7(4) дека „ваков вид на одлука има универзално дејство и посредно се однесува на сите граѓани кои на непосредни избори го даваат својот глас за одреден пратеник на Собранието“.

Но, судот не нуди објаснување каде е границата на универзално дејство, или кои одлуки не се однесуваат посредно на сите граѓани. Дали универзалноста произлегува од функцијата на собранието како законодавен дом, или универзална одлука може да донесе и друг орган, како влада или министерство? Или, дали универзалноста е директно врзана со изборниот процес, па одлука што се однесува на изборите без разлика од кого е донесена, може да биде подложена на уставно-судска оцена? На пример, дел од одлуките на пржинските министри што ги поништи владата во политичкото надмудрување на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ исто така беа поврзани со изборниот процес. Дали Уставниот суд ќе се занимава со нив, или пак можеби со одлуките на Државната изборна комисија? Се разбира судот може во некое идно одлучување да објасни како некоја друга оспорена одлука нема универзално дејство или не се однесува на сите граѓани. Но, некој треба и да поднесе иницијативи до судот, бидејќи како што велат од таму „судот ретко работи по сопствена иницијатива“, иако неговиот деловник вели дека судот може да го прави тоа (ч. 14).

Но, да ја оставиме ноншалантноста на судот во однос на неговите уставни обврски како „органот кој ја штити уставноста и законитоста“ 7(3). Што всушност оценува судот по иницијативата поднесена од Талат Џафери? Дали судот оценува дали собранието смее да се распушти, или пак, дали собранието смее да се распушти со одложен рок? Судот не дава објаснување зошто неговата одлука се однесува на двете одлуки на собранието, а не само на оној дел каде што собранието вели дека одлуката важи од определен датум наместо веднаш.

Поинаку кажано, ваквиот пристап на судот ја доведува во прашање само-регулацијата на собранието: има ли тоа право да се само-распушти? Да, според ч. 63(6) од Уставот. Тогаш зошто / како судот одлучува дека одлуката е целосно неуставна, а не само во делот на одложеното дејство? И Уставниот суд во точката 8 од неговата одлука се занимава со одложеното дејство, а не со распуштањето. Зошто тогаш целосно поништување?

Поинаков пристап би бил дека втората одлука, онаа што ја одложува првата, е целосно неуставна: собранието е веќе распуштено. Но, првата одлука би требало да се разгледува посебно. Собранието се само-распушта: тоа е уставно. Собранието додава одложен рок: тоа не е уставно. Нејасно дали судот всушност сака да ја оценува намерата на собранието, наместо самата одлука што ја има пред себе: можеби може да се каже дека намерата на пратениците на владеачката коалиција е воведување на „правна несигурност и повреда на владеењето на правото“ 8(7). Но, судот тешко може да објасни како намера може да се толкува како пропис.

Проблемите за Македонија кога одлуката би била поинаква овде се очигледни: ако судот ја поништел одлуката за распуштање само во делот на одложеното важење тоа ќе значеше дека Собранието е распуштено од 23 февруари 2016 година, и сите други акти донесени од него потоа се ништовни, но и тоа дека роковите за избори согласно Уставот одамна се истечени. Така судот донесе одлука која што колку-толку ја зачувува нормалноста на ситуацијата во државата. Но, тоа што судот носи одлука што ја крпи политичката криза истовремено не значи дека таа одлука е целосно издржана. Како што стојат работите, во догледно време таа одлука нема да биде подложна на детална уставно-судска анализа.

Можеби во овој контекст на политички калкулации треба да се чита и одмолчувањето на судот кон ч. 5(2) од Законот за Собранието на Република Македонија кој што вели дека мандатот на пратениците трае „од денот на неговото верификување до денот на верификувањето на мандатот на новоизбраните пратеници“, иако во 8(3) судот вели дека „Со Уставот не е утврдено мандатот на пратениците во Собранието да продолжи во случај на распуштање на Собранието, ниту е предвидено во таков случај тие да продолжат со должноста“.

Текстот е оригинално објавен на РСЕ: http://www.slobodnaevropa.mk/a/27781884.html

Патот до 70 илјади

Tags: 

Двете главни критики што може да се прочитаат на социјалните мрежи против шарената револуција се дека протестите се мирни, а со мирни протести ништо не се постигнува, и дека повторување на една те иста работа не може да доведе до различни резултати од тие што сме ги добивале претходно – а тие воглавно биле неуспех во остварувањето на барањата на граѓаните што протестираат. Двете критики се неиздржани. Тие или укажуваат на неинформираност на луѓето што ги застапуваат, или пак се намерен обид за поткопување на протестите за промена на режимот на Никола Груевски.

Всушност, податоците за движењата што се бореле за промена на влада или остварување независност од 1900 до 2006 година кажуваат поинаква приказна. Ненасилните протести во споредба со насилните имаат два пати поголема шанса да успеат во остварување на нивните цели. Уште повеќе, ненасилните протести се поуспешни и во креирањето на демократски институции штом ќе заврши промената на владата.

Предноста на ненасилните протести е едноставна: тие можат да привлечат разнолика група на луѓе и да добијат поддршка од инаку неодлучните граѓани. Понатаму, зголемувањето на бројот на учесниците ќе го поврзе движењето со разни делови од опшеството и ќе влијае на оние граѓани кои се лојални на режимот. Дури и најлојалните поддржувачи на режимот против кој се бори ненасилното движење имаат секојдневни врски низ оштественото ткиво коишто на дол рок се поважни од судбината на автократот кој што моментално владее.

Повторувањето на активностите има друга предност: во контекст на Македонија континуирана граѓанска активност секогаш е напредок. Овој пат репертоарот е дополнет со боење на градот. Тоа им дава можност на пасивните граѓани да видат дека нешто се случува во нивниот град. Можеби дисперзијата на протестите ќе има уште поголем ефект: бои во резиденцијалните делови на градот ќе ја пренесе пораката поблиску и до оние кои не шетаат во центарот. Но, и без тоа трагите остануваат видливи за сите.

Сепак, има и едно ограничување на оваа дискусија. Податоците од историјата кажуваат и дека ненасилните кампањи се секогаш успешни штом достигнат праг од 3,5 проценти од населението кое активно и континуирано учестува. За Македонија тоа е 70 илјади граѓани. Од една страна повторувањето на протестите секој ден во исто време и низ повеќе градови може бавно да достигне до точката од 70 илјади. Како што се шири мрежата на учесниците и учеството станува сѐ помалку ризично, тоа е очекуванио исход што би следел по некое време. Од друга страна прашањето што се поставува е дали опозицијата е толку слаба што не може да обезбеди 70 илјади граѓани кои што ќе го искажат своето незадоволство на улица. Тука не мислам само на СДМС туку и на сите други опозициски партии кои што, барем декларативно, се против режимот на Груевски. Тешко е да се замисли сценарио во кое сите тие немаат капацитет да мобилизираат 70 илјади граѓани. Другото сценарио е дека тие не сакаат да го сторат тоа, и тогаш шпекулациите за тајни преговори додека континуирано траат релативно малите по бројност протести имаат повеќе смисла. Останува на партиите да одговорат.

Но, да ја ставиме оваа бојка во контекст. На референдумот за зачувување на изгледот ГТЦ само во општина Центар имаше 17 илјади гласови. Прашањето за шарената револуција е како да ги мобилизира луѓето што гласаа против промената на фасада на трговскиот центар и дали за тоа е потребна некавка соработка со партиите или не. Има различни тактики за ова. Можеби една е „референдумски ден“: секои две седмици во недела на пладне да се бара масовност при што тоа може да се организира во секое маало без нужно собирање во центарот на градот. Тоа што протестите во историски контекст се на прав пат, не значи дека тактички прилагодувања на околностите не се потребни.

Во заклучок, критиките против шарената револуција се неосновани поради неинформираност или малициозност на нивните пропоненти. Континуираната активност на движењето е поважна од неговото бавно темпо на мобилизација. Последното повеќе отвара прашања за ангажманот и/или капацитетот на декларираните опозициски партии, отколку за патот по кој е тргнато движењето против режимот на Груевски. На шарената револуција ѝ преостанува да иновира во тактиките за да го рашири гласот онаму каде што ехото од центарот не стигнува.

Овој текст во голема мера е базиран на презентираните наоди од истражувањата на ненасилните протести достапни во ова видео.

Текстот е оригинално објавен на РСЕ: http://www.slobodnaevropa.mk/a/27747197.html

Уште малку белешки за помилувањето за да не пропаднат дискусиите од интернет во заборав

Tags: 

Повеќемина јавни личности тврдат дека претседателот Иванов нема основ во Законот за помилување да ги донесе одлуките за помилување.

Уставните судии што имаат издвоено (патем, зошто е издвоено, а на спротиставено?) мислење ценат поинаку:

Особено интересно е што со укинувачката интервенција на член 10 од Законот за изменување и дополнување на Законот за помилување се враќа во примена член 11 од Законот за помилување кој уредува дека Претседателот на Републиката по исклучок може да дава помилување и без спроведување на постапка за помилување пропишана со овој закон кога тоа е од интерес за Републиката, или кога посебни околности што се однесуваат на личноста и на кривичното дело укажуваат дека е тоа оправдано. Преку укинувањето на измените на законот овој член повторно се враќа во сила, а тој овозможува Претседателот да помилува определено лице без воопшто да се спроведе законски пропишана постапка во случај тој да смета дека е оправдано.

Ова ги става на спротиставена страна судиите Д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Сали Мурати и Д-р Гзиме Старова од позицијата на проф. Шкариќ и некои други луѓе од јавноста.

Понатаму, во извештајот „Уставна правда: функции и односи со други јавни органи“ (PDF), Уставниот суд вели:

[...] со укинувањето односно поништувањето, актот практично престанува да важи и веќе не е дел од правниот поредок [...]. Во таков случај надлежниот суд при одлучувањето по поединечните барање, не може да го измени законот, односно прописот кој е поништен, туку ќе го примени законот, односно прописот, што важел пред него (стр. 18, пара. 1).

Ова се однесува на судовите, и не знам до која мера, ако воопшто, се пренесува на други државни органи (како што е претседателот), но толкувањето стои дека се применува законот што важел претходно.

Краток одговор на повикот на претседателот за правно решение

Tags: 

Претседателот Иванов повикал за правно решение во врска со дадените, но одбиени, помилувања. Додуша не повикал на блогери, ама што е тука е.

Еден случај од тие поведени од Специјалното јавно обвинителство (СЈО) е тој за „тортура“. Обвинителките веќе рекоа дека тортура е кривично дело според македонскиот кривичен законик (ч. 142) и забрането со Европската конвенција за човекови права (ч. 3).

Сепак, постои уште еден меѓународен инструмент, кон кој Македонија е потписник (уште од 1994), и од кој произлегува обврска за кривично гонење за тортура: Конвенцијата против тортура.

Конвенцијата против тортура во ч. 1 речиси еднакво како во македонскиот кривичен законик ја дефинира тортурата. Но, поважно, и поврзано со барањето на претседателот, е тоа дека конвенцијата не препознава можност за помилување во врска со вакви дела, туку напротив, за нејзините потписници, создава обврска за кривично гонење на лицата за кои има сомнение дека направиле такво дело, или, ако тоа не е возможно - екстрадицкија. Обврската за кривично гонење секако не подразбира и осудување. Јавниот обвинител треба да ја има можноста да го изведе случајот пред суд, и таму да се утврди дали имало тортура или не.

Понатаму, согласно ч. 27 од Виенската конвенција за меѓународните договори (кон која Македонија исто така е потписник), земјите потписнички не смеат да се повикуваат на домашно законодавство (во наш случај Закон за помилување) со цел да не остварат обврски согласно меѓународен инструмент (Конвенција против тортура).

Оттука, претседателот Иванов може да ги повлече помилувањата за предметот „Тортура“ со образложение „технички превид“ т.е. неинформираност на неговиот кабинет за обврските на Републиката согласно меѓународниот инструмент.

Алтернативно, претседателот може да побара од јавното обвинителство, или СЈО може самостојно, да поднесе барање за заштита на законитоста до Врховниод суд и да го принуди судот да се произнесе во врска со обврските што државата ги има согласно горните меѓународни инструменти, па ако се почитуваат обрските од конвенцијата, судот да ги поништи одлуките за помилување.

Трето, тортура е дело за кое што постои универзална јурисдикција. Меѓудругото, било која земја потписничка на конвенцијата може да воспостави јурисдикција доколку жртвата е државјанин на таа држава: ч. 5(1c).

Бидејќи случајот е за Љубе Бошковски, кој што колку што е познато од медиумите има двојно државјанство, Хрватска би можела, доколу сака (доколку е политички корисно?) да бара воспоставување на јурисдикција, и тогаш за Македонија ќе има обврска за екстрадикција на лицата осомничени за тоа дело без разлика на тоа што имаат помилување согласно домашното законодавство.

Се разбира, претседателот можеби и не сака вистиснки да изнајде решение за повлегување на помилувањето и неговото соопштение да е само PR маневар. На крајот на краиштата, Македонија може да одбере да не ги почитува обврските што сама си ги презела.

Опремата за следењена комуникации во истрагата на Специјалното јавно обвинителство и законските можности за нејзина употреба

Tags: 

Помилувањата на претседателот Иванов го поместија фокусот на јавниот интерес подалеку од прашањата за неовластеното следење на комуникациите. Сепак, тоа е тема на овој блог веќе некое време, и со мало задоцнување, еве што ново и важно треба да се прибележи.

На прес-конференцијата на Специјалното јавно обвинителство (СЈО) од 30.03.2016 година беше објавено дека истрагата на СЈО е во врска со нелегалното следење на комуникациите. Прес-конференцијата содржи повеќе настани кои се собрани во таблерен преглед овде. Целта на овој текст е да ги поврзе тие настани со законските измени што се случуваа во Македонија, за кои досега често сум пишувал (линкови на дното).

Претставниците на СЈО изјавија дека некаде во 2008-2009 од страна на ДБК е купена нова опрема за следење на комуникации. Новата опрема определен период работела паралелно со старата (што е вообичаена пракса). Потоа, оваа нова опрема останува во функција сѐ до нејзиното уништување во март 2015 година. Со оглед на тоа дека истрагата на СЈО е во врска со нелегалното следење на комуникациите, кое пак е евидентно од снимките објавени од г. Зоран Заев, може да се заклучи дека има сомнение дека оваа била користена за таа намена.

Законските основи за масовоно следење на комуникации стапуваат на сила на 1.7.2010. Значи, опремата што имала техничка можност масовно да следи комуникации, требало да почне да функционира на тој датум. Прашањето што произлегува од овде е дали опремата во периодот од нејзиното купување до 1.7.2010 функционирала со ограничен капацитет или не? Ова е важно затоа што масовното следење на комуникации мора да се оствари со соработка на телеком операторите, и токму тоа го пропишува законот за електронски комуникации што стапува на сила на 1.7.2010. Како што веќе забележавме операторите би можеле да побараат од МВР спецификација за таа опрема само откако законот стапил на сила. Претходно не би можеле да знаат какви би биле нивните обврски во иднина.

Оттука прашањето за истрагата е дали опремата функционирала ограничено до 1.7.2010, па целосно согласно законот до 15.12.2010, па потоа повторно ограничено согласно одлуката на Уставниот суд сѐ до новиот закон од февруари 2014. Дека оваа опрема користена по одлуката на Уставниот суд на начин што не е дозволен говори тоа што меѓу снимките веќе беа идентификувани разговори кои што се случиле во 2011 (на пример, од рушењето на „Космос“).

Но, г. Заев на прес-конференциите во февруари 2015 изјави дека има „снимки дека било прилслушувано и во 2007, 2008 и во 2009 година“. Ако сите прислушувани материјали со кои располагал СДСМ се сега кај СЈО тогаш обвинителите можат веднаш да проверат и да утврдат дали навистина има снимки, што би било индикација дека опремата била во употреба веднаш по набавката и законот воопшто не се чекал.

Ваков расплет во истрагата уште повеќе ќе натежне на МВР и ДБК, но и на операторите чии директори се појавија во списокот на помилувани на еделен период работела паралелно со старата (што е вообичаена пракса). Потоа, оваа нова опрема останува во функција сѐ до нејзиното уништување вопретседателот Иванов.

Слично на темата:
http://novica.discindo.org/mk/node/846
http://novica.discindo.org/mk/node/844
http://novica.discindo.org/mk/node/841
http://novica.discindo.org/mk/node/839
http://novica.discindo.org/mk/node/836
http://novica.discindo.org/mk/node/830

Избирачкиот список стави крај на заштитата на личните податоци

Tags: 

Македонската (интернет) јавност лесно се скандализира и брзо заборава.

На 10.02.2016, Калина Зографска објави дека избирачкиот список на Република Македонија е достапен за преземање за секој што има основни програмерски вештини. Тогаш тоа беше страшна новост: што се случува со нашите лични податоци? Државната изборна комисија (ДИК) реагираше брзо и страницата беше тргната од интернет. Дваесетина дена подоцна, веб-страницата со избирачкиот список се врати на интернет со поинаков изглед, но исти функционалности. Тогаш тоа беше добра вест: конечно ќе можеме да го провериме списокот. Што се случи во тие дваесетина дена за јавноста што беше загрижена, сега да се радува на веб-страницата што ги содржи истите лични податоци?

Тековната дебата за избирачкиот список и личните податоци може да се сведе на една поента: моментално е политички опортуно избирачкиот список да биде достапен на начин на кој што е. Но, дебатата не завршува тука. Три прашања се важни во врска со достапноста на избирачкиот список на начинот на кој што е достапен. Сите носат пошироки последици.

Прво, иако законските обврски на ДИК да ги обработува податоците и да дозволува проверка не се спорни, многу е важно зошто ДИК не ги заштитува податоците од други несакани употреби како што го правеше тоа порано. Во претходните избирачки циклуси, апликацијата на ДИК бараше да внесете име и презиме и матичен број за ги проверите вашите податоци име на избирачкиот список. Ваквата проверка го ограничуваше пристапот: само оној што има два идентификувачки податоци - име и презиме со соодветен матичен број - може да ги види податоците.

Ова не е случај сега, кога за проверка на податоците доволно е да се внесе само еден идентификувачки податок – на пример матичен број. Матичните броеви се пресметуваат по формула која е достапна на интернет. Но, тоа не е сѐ. Пребарувањето по матичен број го дава името и презимето во резултати. Пребарувањето по име и презиме ја дава адресата и куќниот број во резултати. Пребарувањето по адреса ги дава сите лица што живеат на таа адреса во резултати. Сите пребарувања може да се автоматизираат со компјутерски операции. На твитер веќе се лицитираше дека целокупната операција лесно може да се автоматизира и дека всушност некои тоа веќе го направиле.

Второ, собирањето на податоците е прашање кое се игнорира. Замислете да можете да ги ископирате личните карти на сите граѓани. Токму тоа може да се направи со собирањето на податоците од избирачкиот список. Со овие податоци може да дознаете каде живеат луѓето (адреси), колку години имаат (матичен број) кои се нивните брачни другари (исти/слични презимиња), кои се нивните полнолетни деца и родители (разлика во години по матични броеви), кои се нивните родни места, ако се различни од местата на живеење (матичниот број) и кои се нивните гласачки места. Но тоа не е сѐ. Податоците можат да откријат и други (неизбирачки информации), како на пример можни закупски односи ако има различни презимиња на иста адреса. Ако ви се размислува злосторнички, можете да ги најдете становите во кои што живеат сами пензионери и да ги таргетирате за грабежи.

Споредете го ова со укажувањата на Дирекцијата за заштита на личните податоци (ДЗЛП). Ако, на пример, некоја библиотека во Македонија ја задржи вашата лична карта, тогаш таа постапува спротивно на важечките закони за заштита на личните податоци. Законите налагаат податоците да се собираат заради со закон утврдени цели и обработуваат согласно закон. Во случајот со избирачкиот список никој не контролира дали некој ги собира и обработува податоците согласно закон.

Два контра-аргументи се нудат на овие грижи за личните податоци. Прво дека овие податоци воопшто не се тајни или барем дека не треба да бидат тајни. Мислам дека препораките на ДЗЛП укажуваат на тоа дека, барем колку што се важечките закони во Македонија, овие податоци се тајни за употреба/обработка што не е пропишана со закон. Второ, дека секој што знае да го спроведе автоматското собирање на податоците не е заинтересиран за такво нешто, т.е. дека програмерите си имаат други занимации. Мислам дека ова за некого би било само добра програмерска забава, а за друг можност за малку екстра заработувачка. Мотивите и причините за евентуалната одлука дали собирањето да се направи (ако не е веќе направено) се отворени за дебата, а цената за ваква операција се лицитираше на (ситни) 300 евра.

Последно, но не и помалку важно, онлајн избирачкиот список на ДИК е првата итерација во Македонија на она што Евгени Морозов го нарекува „интернет солуционизам“ - вербата дека технологијата магично ќе ги реши проблемите на општеството.

Простиот алгоритам зад копчето* „Пријави“ на веб-страницата на ДИК треба да нѐ убеди дека стотина граѓани што се доволно гневни на ВМРО-ДПМНЕ ќе го прочистат списокот подобро од ДИК која што на располагање има повеќе бази на податоци од државни институции, платени експерти од три компании кои ги вкрстуваат податоците, дополнителни експерти кои прават надзор на процесот и партии кои внимаваат да не се повторат грешките од минатото. Со други зборови, апликацијата за избирачкиот список ги суспендира институциите на системот кои би требало да ги исполнат обврските (и за што барем номинално се бори опозициски ориентираната јавност).

Критиката кон ваква технолошка транспарентност не доаѓа само од Морозов, којшто е најгласниот скептик. Лоренс Лесиг, којшто е познат по оптимистички и значајни придонеси во технолошките дебати, исто така зборува на проблемите што за демократскиот систем ги носи интернет транспарентноста – иако во случајот на САД тоа е сосема поинаква тема. Дебатите за ова допрва ќе ги слушаме по разните НВО форуми.

На страна теоријата, апликацијата на ДИК, заради чудните безбедносни пропусти, овозможува кој било да кликне „Пријави“ на чии било податоци. Тоа, со елегантен софтверски код, може да се направи автоматски на целиот избирачки список и тогаш ДИК ќе мора да се соочи со 1.8 милион претставки од граѓани за грешки во избирачкиот список. Секако, само ако некој има мотиви и причини вака да си поигра или да ја блокира работата на ДИК.

Сето ова укажува дека достапноста на избирачкиот список на начин каков што е достапен е веројатно спротивна на членот 23 од Законот за заштита на личните податоци и дека процесот на интернет прочистување може да биде дополнителен проблем за институциите во кои сакаме да изградиме доверба. Дали сето ова натежнува над политичкиот опортунизам на достапен список што овозможува новинарски написи кои ќе ја скандализираат јавноста со фантомски гласачи на адреси на странски амбасади е прашање кое засега останува неодговорено.

*Треба да се забележи дека од моментот кога текстов беше напишан, до моментот кога беше објавен, ДИК одлучи да ја тргне функционалноста за електронско пријавување од апликацијата за избирачкиот список.

Претходно објавено на Радио слободна Европа.

Доверливи, освен ако...

Tags: 

Тековната дебата во (дел од) македонската јавност е каде, ако воопшто ја има, е одговорноста на телекомуникациските оператори во врска со масовното прислушкување на телефонски разговори што го објави претседателот на СДСМ Зоран Заев, а потоа во нивниот извештај го констатираше работната група на Рајнхарт Прибе.

Ова прашање се поставува затоа што период од 2011 - 2014 година на сила е Закон за електронските комуникации кој што е делумно поништен од Уставниот суд на Република Македонија.

Во тој контекст, важно е да се види што било дозволено со законот од моментот кога одлуката на судот стапила на сила. Краток преглед на промените и поништувањата има овде.

Законот следи логика на правило и исклучоци. Согласно член 111 комуникациите се доверливи, освен во исклучоци пропишани со Законот. Со други зборови, ако нешто не е во законот како исклучок од доверливоста, тогаш тоа не е дозволено.

Член 111 став 2 од Законот вели дека секое следење, прекинување, снимање, чување, пренесување и пренасочување на комуникациите и податоците мора да биде во согласност со Законот. Со други зборови, активности што ги прават комуникациите недоверливи се забратени, ако тие не се во согласност со Законот.

Уставниот суд го „скратува“ член 112 во ставовите 7 и 8. Ставот 8 предивидувал операторите за надлежноит орган да „овозможат постојан и директен пристап до своите електронски комуникациски мрежи, како и услови за самостојно преземање на податоците за сообраќај“. Оттука согласно членот 111 секое снимање, прекинување, снимање, чување, пренесување и пренасочување на комуникациите и податоците не смее да се случува преку постојани директен пристап што МВР го има до операторите, затоа што таков пристап не е во согласност со Законот.

Оттука, кредибилна истрага би требала да утврди дали навистина, како што вели извештајот на Рајнхарт Прибе, „УБК може[ла] да пресретнува комуникации директно, автономно и непречено“. Ако тоа се утврди во истрага на, на пример, Специјалното јавно обвинителство, тогаш ќе биде јасно дека операторите помогнале во следење, прекинување, снимање, чување, пренесување и пренасочување на комуникации што не било согласно Законот за електронските комуникации што важел од 2011 до 2014 година.

Но, дали таква истрага ќе се поведе е сосема друго прашање.

Слично на темата:
http://novica.discindo.org/mk/node/844
http://novica.discindo.org/mk/node/841
http://novica.discindo.org/mk/node/839
http://novica.discindo.org/mk/node/836
http://novica.discindo.org/mk/node/830

Моделирање на изборниот процес преку увид во личните податоци на граѓаните

Tags: 

Државната изборна комисија го објавува избрирачкиот список во формат што го прави достапен секому. Пред еден месец овој превид го пронајде Калина Зографска. Денес (3 март 2016) ДИК повторно го промовираше сајтот за избирачкиот список.

Сајтот изгледа поинаку од претходно, но неговите функционалности (или подобро речено нефункционалности) се исти. Било кој може да внесе матичен број и да ги добие податоците за лицето носител на тој број: неговото име и презиме, адресата на живеење, општина и избирачкото место.

Матичните броеви во Македонија се пресметуваат по формула. Компјутерска програма може да внесува точни матични броеви во формуларот на ДИК и да ги добива назад информациите за сите граѓани. Компјутерска програма може да ги погодува и бројките (т.н. CAPTCHA) што служат како некаква заштита.

Пребарувањето може да се прави по матичен број, по име и презиме и по адреса. Пребарувањето по име и презиме ја дава адресата и куќниот број во резултати. Пребарувањето по матичен број го дава името и презимето во резултати. Пребарувањето по адреса ги дава сите лица што живеат на таа адреса во резултати. Сите пребарувања може да се автоматизираат со компјутерски операции.

Со овие податоци може да дознаете каде живеат луѓето (адреси), кои се нивните брачни другари (исти/слични презимиња), кои се нивните полнолетни деца и родители (разлика во години по матични броеви), кои се нивните родни места, ако се различни од местата на живеење (од податоците на матичниот број), и кои се нивните гласачки места. Податоците можат да откријат и други (неизбирачки информации), како на пример закупски односи ако има различни презимиња/матични броеви на иста адреса.

Ако сте политичка партија што може да најми програмери да го направат сето ова, тогаш можете да имате целосен пристап до избирачкиот список и сите релации помеѓу луѓето, да ги вкрстувате тие податоци со вашите членски списоци, и/или (во зависност од тоа дали сте партија на власт) податоците да ги вкрстувате со други податоци што ви се достапни (како на пример лица вработени во државната администрација). На крај, со добро разработен модел можете да имате целосна контрола над изборниот процес.

Дали некој ова го има направено е прашање кое што останува отворено. До тој одговор, стојат две помали прашања како: зошто ДИК два пати во еден месец објавува практично ист сајт со податоци на граѓаните; и зошто законодавецот (да не речам партиите преку пратениците) смислиле решение што ги става податоците на граѓаните на увид, со опција тие да бидат тргнати по барање на граѓаните, наместо обратно.

Строго доверлив датум за среќни празници

Tags: 

2015 ја завршувам со одговор од новото (пост-пржинско) Министерство за внатрешни работи. За мене останува нејасно како може датум да биде класифицирана информација со степен на класификација „строго доверливо“.


Но, поважно, зошто е тој датум важен?

Да се потсетиме:
Со измените на Законот за електронски комуникации во 2010 година (Службен весник на РМ бр. 83/2010) опремата за прв пат е поставена во операторите. Но, многу брзо потоа, во декември 2010 Уставниот суд на Република Македонија ги поништува членовите од законот што овозможуваат „директно, автономно и непречено“ прислушување. Поништувањето значи дека ваквиот пристап на ДБК до операторите е нелегален, а нивна обврска била да го прекинат. Ако таа одлука на Уставниот судот е почитувана, тогаш од каде снимки од 2011 година (на пример, од рушењето на „Космос“)?

Но, ова е само дел од приказната.

Со член 74/(4) од истиот закон „операторите на јавни комуникациски мрежи и давателите на јавни комуникациски услуги се должни од овластениот орган за следење на комуникации да побараат техничка спецификација за видот и карактеристиките на опремата и интерфејсот“ за следење на комуникациите.

Значи имаме закон кој што стапил на сила на 1.7.2010 година и чии одредби за следење на комуникации се поништени на 15.12.2010 година. Тоа значи дека во рок помал од пет месеци операторите побарале, а МВР ја составило техничка спецификација за видот и карактеристиките на опремата и интерфејсот, и потоа операторите успеале да набават таква опрема преку прибирање на понуди на меѓунардониот пазар, ја инсталирале и обезедиле пристап за МВР.

Барањето погоре прашува колку поточно е тој рок од помалку од 5 месеци.

Ако МВР им ја доставило спецификацијата во септември, тогаш рокот е помал. Се разбира возможно е спецификацијата МВР да ја имало спремно од претходно и да ја доставило веднаш по стапувањето на сила на законот односно по примањето на барањето од операторите. Меѓутоа тоа може отвори прашања за замаглување на границата помеѓу извршната и законодавната власт (т.е. како би можело да знае МВР кои ќе бидат намерите на законодавецот?). Понатаму, прашање е колку време е потребно за инсталирање на таква опрема. На пример, ако за тоа се потребни работи врз мрежата на операторот што траат неколку месеци, тогаш кога е завршена монтажата? Но, и со оглед на тоа дека сите оператори во Македонија се меѓународни корпорации што следат ISO стандарди и имаат правила за набавки, можат ли воопшто да набават нешто „по скратена постапка“ и ако да како? Се разбира, постои можност и оваа спецификација да била доставена уште порано, на пример во 2009 и законот само да го „покрил“ ова поврзување помеѓу операторите и МВР. И ова се само дел од прашањата.

Сите овие сценарија отвараат прашања за, во најмала рака, неетичка врска помеѓу операторите и МВР. Оваа врска треба да се истражи. И токму, ми се чини, тоа беше една од поентите на договорот од Пржино. Тоа што пост-пржинско МВР не сака да го обелодени датумот на доставување на техничката спецификација до операторите е уште еден клинец во ковчегот во кој ја пренесуваме надежта за подобро утре.

Среќни празници.

По трагите на новинарските истражувања #3

Tags: 

Една година подоцна можеме да ја затвориме приказната за наводната фабрика за пасоши и кредибилитетот на делови од македонското истражувачко новинарство.

Во ноември 2014 неделникот Фокус излезе со ексклузивна приказна за фалслификување пасоши за изборите во пролетта истата година. Авторот на тоа новинарско истражување тврдеше дека во МВР нема 2 АФИС уреди кои што се искористени за правење на фалсификувани документи. Сите овие тврдења беа осуетени на овој блог и беа понудени докази кои што укажуваа на тоа дека приказната на Фокус тешко ги исполнува критериумите за веродостојност: 1, 2, 3.

И покрај јавно достапните аргументи зошто приказната на Фокус не држи вода, сервисите за проверка на факти ги игнорираа написте, а неделникот и неговиот новинар ги собраа македонските новинарски награда и тоа прва награда од МИМ и втора награда од ЕУ инфо центарот, двете за истражувачко новинарство.

На 11 ноември 2015 во служба стапи новиот министер за внатрешни работи. До денес 02.12.2015 министерот не изјавил дека е отворена истрага за двата АФИС уреди што недостасуваат од МВР, како што тврдеа написите во ФОКУС. Но, министерот потврди дека АФИС служи само за проверка на отпечатоци во кривични истраги, како што тврдеа текстовите на овој блог, и дека истиот е во МВР (иако е исклучен и не работи). Патем, нема најва ни за истрага на наводните фалсификувани пасоши.

Од гледна точка на јавноста ова значи две работи: или новиот министер е корумпиран како и неговиот претходник и не поведува истрага за очигледни дела кои што го загрозуваат легитимитетот на изборите или приказната на Фокус не држи вода.

Ако треба да му се верува на Фокус, тогаш секој што смета дека треба да имаме фер избори треба да бара од новото МВР да ги најде АФИС-ите. Алтернативно и согласно кодексот на ЗНМ, Фокус може да се извини за FUD написи и новинарот да ги врати наградите.

Окамовиот меч за прислушувањето

Tags: 

Има еден пасус во извештајот на експертската група превдодена од Рајнхарт Прибе кој што посредно ја лоцира одговорноста на телекомуникациските оператори во Македонија. Тоа, се разбира не е ништо ново, бидејќи за таа одговорност пишувам подолго време, но кога тоа ќе го напише европски експерт, како по обичај, тоа посилно одекнува во јавноста:

На основа на членовите 175 и 176 од Законот за електронски комуникации, секој од трите национални провајдери на телекомуникации ја обезбедува УБК со потребниот технички апарат, што ѝ овозможува да ги преслика директно нивните целосни операцски центри. Како последица, од практична гледна точка, УБК може да пресретнува комуникации директно, автономно и непречено, без разлика на тоа дали има или не судска наредба согласно Законот за следење на комуникациите. (стр. 5-6 од извештајот од 8 јуни 2015 на експертскат гупа на Европската комисија.)

Извештајот на експертската група за нас потврдува две работи: дека опрема постои во операторите и дека таа опрема е во употреба.

Сепак, прашањето на кое постојано бараме одговор е од кога таа опрема функционира? Сѐ помалку има сомнеж дека ДБК работејќи без налог ги прекршувала законите и Уставот на Република Македонија, но дали тоа го сториле и операторите?

Членовите 175 и 176 од Законот за електронски комуникации се на сила од февруари 2014 година кога е изгласан цитираниот Закон за електронски комуникации (Службен весник на РМ бр. 39/2014). Но, како што чувме од снимките и научивме од новинарските анализи разговорите се водени во различни периоди, и постојат снимки уште од 2011 година. Како се направени овие снимки ако тогаш на ДБК не и било овозможено „директно да ги преслика нивните целосни операциски центри“?

Всушност со измените на Законот за електронски комуникации во 2010 година (Службен весник на РМ бр. 83/2010) опремата за прв пат е поставена во операторите. Но, многу брзо потоа, во декември 2010 Уставниот суд на Република Македонија ги поништува членовите од законот што овозможуваат „директно, автономно и непречено“ прислушување. Поништувањето значи дека ваквиот пристап на ДБК до операторите е нелегален, а нивна обврска била да го прекинат. Ако таа одлука на Уставниот судот е почитувана, тогаш од каде снимки од 2011 година (на пример, од рушењето на „Космос“)?

Операторите стојат на ставот дека работеле согласно закон, но постојат стотици снимки кои покажуваат чад од нивните дирекции. Поговорката е: каде што има чад, таму има и оган. И додека тие не се ни трудат да ја вратат довербата на јавноста во нивното работење со податоците на корисниците, Агенцијата за електронски комуникации и Дирекцијата за заштита на личните податоци, кои се задолжени за надзор на телекомуникациите и правата на приватност корисниците, остануваат мирни и рамнодушни кон масовната злоупотреба што ја сведочиме.

Окамовиот меч е принцип што вели дека од можните хипотези треба да ја одбереме таа што содржи најмалку претпоставки. Еве ја: Операторите не ја исклучиле опремата инсталирана во 2010 и со тоа ја прекршиле одлуката на Уставниот суд и овозможиле непречено прислушување и кога законот тоа не го барал од нив.

На операторите им е доделена важна и одговорна улога во општеството и според законите мора да се грижат за приватноста и доверливоста на податоците на нивните корисници до кои имаат пристап. Во време кога дигиталните комуникации играат сѐ поважна улога во општествените и политичките случувања нивната одговорност само се зголемува. Ако сакаат да ни покажат дека тие одговараат на предизвикот и дека горната хипотеза не е точна, тогаш можат да ги објават актите со кои нивните директори наредуваат исклучување и демонтирање на опремата што овозможувала директен пристап до комуникациите согласно одлуката на Уставниот суд. Ако тие акти содржат класифицирани информации, ќе се задоволиме и со документи прошарани со црни полиња како од филмовите. До тогаш: каде што има чад, таму има и оган.

Објавено на Радио Слободна Европа.
Делумно пренесено на Либертас.
Објавено на ОКНО.
Објавено на IT.com.mk.

Молкот на операторите

Tags: 

Од февруари 2015 опозицијата предводена од Зоран Заев објавува т.н. бомби кои што ја откриваат „вистината за Македонија“. Тие тврдат дека снимките содржат наводни скандали, корупција, злоупотреби од страна на водечките луѓе во Владата и владејачките прартии. Но, исто така тврдат дека овие снимки не се само некои или неколку снимки кои што случајно се направени, туку дека се дел од милиони записи од следење на комуникации на повеќе од 20.000 граѓани. И додека оваа приказна воглавно останува непроменета, еден нејзин дел се менува: тоа делот за улогата на телекомуникациските оператори во оваа афера. Првичните изјави (12.02.2015) на Зоран Заев се дека прислушувањето не било возможно без знаење на операторите, но веќе по две недели (27.02.2015) Заев на прес-конференцијата за бомба #5 изјави дека одговорност нема кај операторите.

Бидејќи ваквите изјави покренуваа сомнеж за тоа што навистина се случило во врска со наводното масовно прислушување на 20.000 граѓани, уште во февруари започнав со истражување на законите. Тогашната анализа ме доведе до следните сознанија:

1. Член 115 став 2 од Законот за електронски комуникации овозможил користење на технологија за масовно прислушување во јуни 2010;
2. Оваа законска можност, сепак (за среќа?) траела само 6 месеци затоа што Уставниот суд на Република Македонија ги поништил одредбите со одлука во декември 2010;
3. Истиот тип на прислушување повторно е законски овозможен во февруари 2014 со новиот Закон за електронски комуникации.

Според повеќе извори (опозицијата, новинарите, аналитичарите) голем дел од снимките потекнуваат од период 2011-2014 година, па логичното прашање, ако тврдењето за 20.000 луѓе и милиони разговори е неоспорено, е што се случило со технологијата (кратко) дозволена во 2010 во периодот 2011-2014?

Логично, барем за мене, беше ова прашање да го поставам до операторите (Т-Мобиле, Македонски телеком, ВИП и ОНЕ) и до регулаторот (АЕК) во форма:

1. Кои дејства ги презеде операторот со цел спроведување на одлуката на Уставниот суд на Република Македонија У. Број: 139/2010-0-1 од 15.12.2010 г.?

2. Кои дејства ги презеде Агенцијата за електронски комуникации со цел утврдување на спроведувањето на одлуката на Уставниот суд на Република Македонија У. Број: 139/2010-0-1 од 15.12.2010 г. од страна на телекомуникациските оператори?

Понатаму, бидејќи бројот на случаи за кои судовите дозволиле посебни истражни мерки, што меѓу другото вклучува и следење на комуникации, е јавно достапна информација, логично е и да ги прашам операторите колку барања стигнуваат кај нив поедниечно, посебно во однос на задржаните податоци од нивните корисници. Ова е комплетно статистичка информација: ако знаеме дека во 2013 имало 226 одобрени следења на комуникации тогаш информацијата по оператор ќе ни каже кој оператор со колку барања придонесол во истрагата.

Сите овие барања беа одбиени најчесто по основ „класифицирана информација“, освен АЕК која воопшто не одговори. За сите е поведена постапка пред Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информации од јавен карактер и сега го чекам нивниот одговор. Се надевам дека Комисијата ќе најде дека одговори на прашања за спроведување на судска одлука и прашање поврзано со анонимна статистика не може да останат непознати за јавноста.

До нивинот одговор, во оваа галерија се одговорите на операторите.

Објавено на ОКНО 5.6.2015: http://okno.mk/node/47618

Мало дополнување со нови информации за операторите и прислушувањето

Tags: 

Откако започна објавувањето на прислушуваните разговори, едно од прашањата што останува да лебди: дали и колку била вклученоста на телекомите во прислушувањето на 20 илјади граѓани во изминатите години?

Операторите излегоа со изјави за медиуми дека тие постапувале по законот. Сепак и само површна анализа на законите кажува дека тоа не е целата приказна. На пример, Т-Мобиле го цитираше новиот Закон за електронски комуникации, притоа намерно или случајно заборавајќи, дека тој се применува од февруари 2014. Медиумите утврдија дека дел снимките се однесуваат на настани кои се случиле во период 2011 -2013. Тогаш на сила бил стариот закон.

Дополнитено истражување на законскисте пропис нѐ донесе до знаењето дека спорните членови од стариот Закон за електронски комуникации, меѓу нив и членот кој што пропишуваше постојана врска меѓу операторите и МВР и со тоа овозможуваше масовно следење на комуникации, се поништени со одлука на Уставниот суд во декември 2010. Прашањето што се постави, оттука беше:

Дали телекомуникациските водови востпоставени кога Законот бил донесен (во јуни 2010) се прекинати кога тие одредби се поништени со одлука на Уставниот суд на РМ (декември 2010)?

За таа цел испратив барања за слободен пристап до информации од јавен карактер до операторите и до АЕК со прашањето:

Кои дејства ги презеде операторот со цел спроведување на одлуката на Уставниот суд на Република Македонија У. Број: 139/2010-0-1 од 15.12.2010 г.?

Односно:

Кои дејства ги презеде Агенцијата за електронски комуникации со цел утврдување на спроведувањето на одлуката на Уставниот суд на Република Македонија У. Број: 139/2010-0-1 од 15.12.2010 г. од страна на телекомуникациските оператори?

Барањата ги испратив во март и деновиве конечно ги добив сите одговори од операторите, додека АЕК не одговори ништо.

Во одговорите Македонски телеком, Т-Мобиле и Оне ги одбиваат барањата повикувајќи се на одредби од законот кои предвидуваат класифицирање на информации поврзани со прашањата за следење на комуникациите. Вип нуди поопширен текст без да се повика на класифицирани информации, но сепак не го одговара прашањето што е поставено во барањето.

Затоа сите овие барања ги обжалувам кај Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информации од јавен карактер.

Ќе објавувам нови детали така како што ќе стануваат достапни. Добиените одговори на ова URL или подолу во slideshow.

ПС. Ако некој има совет која организација би можела да помогне во подмирување судски трошоци во случај ова да продолжи кон Управен суд, молам пишете e-mail.

Прашања за нашата дневна доза патриотски микс - бомба 18

Tags: 

Целта на СДСМ со бомбите не е да кажат само што правеле ВМРО, туку и дека тие тоа не би го правеле (или нема да го прават) кога би биле на нивно место. Тоа беше една од клучните поенти на говорот на Радмила Шеќеринска во Универзална сала на 10.3.2015 г.:

Не ја бараме поддршката за еден Сашо или Никола да се смени со друг. Ја бараме поддршката за да ја преземеме одговорноста и работите да се сменат.

Во таа смисла експлоатирањето на прашањето за автентично толкување на Законот за амнестија е чуден политички потег. СДСМ го обвинува Груевски за „лажен патроитизам“? Зошто? Зарем лажен партиотизам е кривично дело? Дополнително и многу важно, ВМРОвците речиси сигурно нема да му замерат на Груевски за ова, затоа што се добро истренирани да знаат дека ако не беше донесено ова толкување, СДСМ ќе се вратеше на власт. Ова е објаснето со анализа на несмасните и непринципиелни PR активности на двете партии во 2011 г. За кого тогаш е наменето разоткривањето на „лажен патроитизам“? Дали СДСМ ветува нов законско решение за овие случаи, како што ветува слобода на медиуми и промена на правилата за законите за комуникации? Дали договор за тоа е постигнат со очекуваниот коалициски партнер ДУИ?

Понатаму, веќе се знае дека автентичното толкување е чист политички потег и веројатно е да се очекува дека истиот потег би го направила било која Македонска влада, па дури и таква која би ги вклучувала СДСМ. Имено постои и телеграма објавена на Wikileaks каде може да се прочита дека СДСМ калкулирале на оваа тема пред изборите во 2006 година:

Prime Minister Buckovski told the EU Special Representative on February 10 that the government’s decision to ask for the cases “by the end of this year” was deliberately ambiguous. Ethnic Macedonians would understand that the cases finally were coming back for possible prosecution, answering past criticism that only ethnic Macedonians — such as former Interior Minister Boskovski, currently facing a war crimes trial in The Hague — had been called to account for their participation in the 2001 conflict. DUI would receive some satisfaction from the private knowledge that the first of the cases would probably not be returned until late 2006, and that the primary defendant in that case likely would be former NLA commander Daut Rexhepi (also known as Commander Leka), who is currently associated with rival ethnic Albanian party DPA.

За потсетување, случаите во Хаг ги прати Владата на широката коалиција десет дена пред изборите во 2002 година и со тоа дефакто да го одложи постапувањето по нив за најмалку 4 години. Исто така постои и телеграма објавена на Wikileaks каде може да се прочита дека Груевски не му било сеедно што ова прашање му останало на маса:

Gruevski replied that he understood the point, but he is in a delicate position politically. He would have no problem if the Chief Prosecutor or the courts ruled that the amnesty law indeed applies and the cases are dropped, but he believes he cannot take a stand on the issue other than to let the cases proceed. He is concerned that the main ethnic-Albanian parties, DPA and DUI, may soon introduce a measure asking parliament to take a stand on the issue. While he understood that his coalition deal with DUI could be on the line, he told us that he cannot go along with criticizing the prosecutions and then face the ethnic-Macedonian community, especially because the ICTY recently convicted ethnic-Macedonian former MoI official Johan Tarculovski of war crimes.

На крај, бомбата му оди целосно во прилог на Али Ахмети. Ако тој е доволно силен успешно да преговара за нешто вакво (а очигледно бил), тогаш Албанците уште повеќе ќе го сакаат. Сето ова е наспроти најавите за бомбите дека нема да се поштеди криминалот кај никого, па вклучувајќи ги и Албанските партии. Оттука нема некое логично објаснување зошто СДСМ ја пука оваа бомба…? Што е целта? Зајакнување на позициите на ДУИ? Меѓуетничко растревожување?

Во кратки црти, СДСМ нема поинакво принципиелно ниту правно стојалиште во врска со ова прашање, објавувањето нема да предизвика гнев кај ВМРОвците затоа што тие веќе знаат дека тоа е помало зло и конечно, ова нема да придонесе никако за помирување на двете заедници.

Потоа ги имаме медиумите. Призма пишува:

Случаите „Водство на ОНА“, „Непроштено“, „Мавровски работници“ и „Липковска брана“ беа процесуирани во Меѓународниот суд на правдата во Хаг, но во 2008 година тие беа вратени во надлежност на македонските судови.

Што значи „процесурирани“? Телеграмата од Американската амбасада е многу попрецизна:

ICTY agreed to review the cases in 2002, but the tribunal declined to prosecute — or even investigate — and returned the files to Macedonia.

Новинарскиот напис пишува за разговорите објавени од страна СДСМ дека се „наводно помеѓу министрите“, но не пишува никаде дека станува збор за „наводни воени злосторства“. За жал, настаните во законска смисла се наводни сѐ додека Суд не каже поинаку. Меѓународниот суд во Хаг не покренал ни истрага за овие случаи. Кој ја сноси одговорноста во Македонската политика за ова одлагање? Што ако во годините додека тие случаи седеле во фиока во Хаг, во Македонија на терен се уништувале докази?

Да се вратиме на законите. Автентичното толкување веројатно е правно нерелевантно. Ако тоа е спротивно на меѓународното право (UN Convention on the Non-Applicability of Statutory Limitations to War Crimes и други конвенции ратификувани во Република Македонија), а меѓународните договори кога ќе се ратификуваат имаат приоритет над домашните закони, тогаш некој следен јавен обвинител може да рече дека ова автентично толкување е ништовно и одново да ги отвори предметите. За ваков расплет веројатно постојат многу инструменти, вклучувајќи и нови законски текстови што некој иден парламентарен состав би го изгласал. Дали имаме ветување дека тоа ќе се случи?

Но, и да се потсетиме дека пред толкувањето од Собрание, Македонскиот правосуден систем почна да ги работи еден од овие случаи. Што ако виделе дека нема каде да се стигне со овие случаи? Јавните коментари, препораките и барањата на организации како Amnesty International, се дека треба да има судска завршница, но тоа не значи дека нужно ќе има *позитивна судска завршница за жртвите*:

Macedonia’s international obligations are to thoroughly and impartially investigate all cases returned from the ICTY and, if there is sufficient admissible evidence, to ensure that all those allegedly responsible for violations of international humanitarian law are brought to justice.

Така што, кога веќе го имаме мислењето (Wikileaks телеграма погоре) на експертите на OSCE дека од тоа што го виделе Република Македонија нема ни доволно докази, ни доволно добри јавни обвинители и судии (и покрај многу одржани обуки) да ги работи случаите:

Additionally, OSCE has official observer status and has had the opportunity to review the files. Their experts here characterize the evidence they have seen as relatively scanty and the prosecutors and judges as apparently unprepared, despite being trained.

како и тоа дека Македонските претставници во власта, поточно јавниот обвинител, признале дека немаат доволно докази:

Protoger added that the Chief Prosecutor told him that it appears that there is solid evidence against only four of the 19 defendants in the Mavrovo case, and Xhemaili is not one of them. (Which begs the question why the other 15 are being tried at all.)

тогаш нели е подобро за целото општество да се заборави ова и да се залечат раните на овој начин, отколку да се оди на суд и жртвите да изгубат, а нивните наводни мачители да прогласат судска победа?

Помислете на ова за момент. Што ако имаме целосна судска постапка по која има правосилна пресуда дека лицата обвинети не се виновни? Каков ефект ќе има тоа тогаш во општеството? Најлесно да зборуваме како законот за овие случаи не се применил и дека со тоа Македонија е надвор од меѓународните правни норми, но дали во конкретниов случај има и нешто друго што треба да се земе предвид? Возможно ли е воопшто во етнички поделена држава каде што малцинството во континуитет нема доверба во судскиот систем, а мнозинството дури и смета дека не треба да се протестира за судските одлуки (како пример за тоа е случајот „Монструм“), да се има судење налик на ова што се пика под тепих?

Дополнително, судењето треба да се случува во околности во кои, видно од другите протечени разговори презентирани во бомбите на СДСМ, „судството е корумпирано и неспособно“. Зошто би имале судовите способност да судат комплицирани воени случаи, кога не можат да расчистат релативно полесни случаи за корупција? Или пак, кога веќе судовите се „на Мијалков и фамилијата“ дали би барале од ВМРО да ги отворат постапките во Суд и таму да донесат „политички поволни“ пресуди?

Што ако со оваа одлука, покрај политичката прагма за одржување на коалицијата, ВМРО и Груевски заштедиле време, пари, нерви и сѐ друго што што ќе трпеле семејствата на жртвите? Дали со овој потег тие всушност понудиле помирување и ја покажале желбата за простување кај Македонците, наместо да раскопуваат рани? Дали од веројатни правни губитници кај кои би се развил нов гнев создале од Македонците политички победници со помирувачка волја? Ова се незгодни прашања на кои што објавена содржина како бомба број 18 не дава одговор и кои што веројатно и во иднина ќе ги премолчуваме.

Можеби сепак оваа бомба е само за да се охрабрат ДУИ. Директно од САД. Да се надеваме дека не е за меѓуетнички тензии.

ВМРО промовира нова нормалност, а СДСМ прифаќа

Tags: 

Уште во февруари пишував за тоа дека многу нешта зависат од СДСМ на Заев. Посебно тоа се однесува на објавувањето на материјалите за кои се тврди дека потекнуваат од Републичкото МВР. Од тогаш до денес поминаа 20-тина прес-конференции со нови и нови материјали, но речиси ништо не се смени во политичката ситуација во земјата. Две поенти треба да се истакнат сега кога е за очекување дека ќе одиме на некаква „бомбашка“ пауза поради празниците што доаѓаат.

Прво, во врска со изјавата на Зоран Заев. Тој е цитиран дека изјавил:

„Формирав посебни тимови кои ги читаат и анализираат сите разговори и пораки од прислушуваните разговори.“

Ова е страшно опасна ситуација, ако е вистина. Тоа значи дека до сите разговори (се сеќавате, тие разговори се однесуваат на преку 20.000 македонски граѓани од кои сигурно добар дел не се ни политичари) имаат пристап тимови на луѓе од СДСМ кои слушаат и анализираат. Нема информација кои се тие луѓе, дали се обучени да го прават тоа, дали имаат познавања од правото што е релевантно за темата и кои гаранции постојат за тоа дека ова слушање нема да се претвори во своевиден „loveint“, како она кога вработените на NSA ги следеле своите љубовници или потенцијални кандидати/тки. Мислам дека не е невозможно да се замисли пример во кој некој член на тимот за анализа слуша љубовен разговор на некој бизнисмен и потоа го користи тој за своја лична користи. Додуша, ако изјавата на Заев е вистина, љубовните маки на тој бизнисмен се најмалиот наш проблем.

Второ, ВМРО успешно ја вози приказната дека Македонија е супер земја: слободна, демократска и така натаму. Еден од клучните аргументи во оваа приказна е тоа што осомничен за државен удар може да држи 20-тина прес-конференции и да изнесува разно-разни работи што се однесуваат на високи функционери на државата без притоа да трпи некакви последици. Имено, како што би рекле во ВМРО, во Кина или Северна Кореја, тоа не би било возможно. Со ова ВМРО промовира нова нормалност, а СДСМ ја прифаќа. За чудење се разбира не е тоа што ВМРО промовира постојана криза на политичкиот систем како нормално функционирање на Републиката, туку тоа што СДСМ ја прифаќа таа игра. Тоа е игра која се сведува на: не можеш да одржиш толку прес-конференции онолку пати колку што ние можеме да кажеме дека има слободни медиуми и демократија.

Во ваква ситуација не останува многу освен да се надеваме дека предлозите за „дружината на јавниот интерес“ (1, 2) ќе допрат до СДСМ: дека ќе најдат начин да ја прошират нивната политичка активност и дека снимките ќе им ги остават на експертите. Алтернативата е таа што и сега ја живееме: војна на прес-конференции и партиски настани во една постојана трка пред избори што може, ама не мора да се случат.

Груевски по патот на Мечијар, наместо Заев по патот на Ѓинѓиќ

Tags: 

За споредбите за расплет на Македонската политичка криза

Критиките кои што го споредуваат Груевски со Милошевиќ или Чаушеску се песимистички. Не затоа што таквите споредби немаат смисла, туку затоа што тоа што следеше во Србија и Романија по овие двајца не е пат кој што е пријатен за одење. Океј — не знам многу за Романија, иако често за нив се вели дека не се многу различни од нашево балканско милје, но Србија дефинитивно е заебан пат: од убиство на премиер, до кревање на популарност на радикална партија, во нешто што го нарекуваат пост-демократско општество и Белград на вода. Па дури можеби во ова сме пред Србите.

Нејсе, доста песимизам. Некаде во 2010–2011 слушав предавање од тогашниот (не знам дали е сѐ уште) амбасадор на Р. Словачка во Р. Македонија — Д-р Роберт Кирнаг. Тоа беше класично предавање за ЕУ интеграции преку искуството на Словачка во кое што амбасадорот кажа неколку зборови за тоа дека Словачка немало да стигне таму каде што е ако општеството не се справело со Владимир Мечијар. Тогаш не знав кој е Мечијар и не се сеќавам кога за прв пат отворив Википедија за да прочитам. Како и да е Мечијар е оптимистичката верзија за тоа што по Груевски. Се разбира, никакво сценарио не може да се пресликува целосно од едно на друго место и, се разбира, Словачка денес не е место без проблеми, но да видиме што може да се извлече како поука.

Мечијар бил премиер на Словачка што од Западот бил обвинуван автократско владеење, непочитување на демократијта, употреба на државните медиуми за пропаганда, корупција, проблематична приватизација и употреба на тајните служби на Словачка за киднапирање на синот на претседателот на државата. (Прочитајте ја статијата на Википедија во целост.)

Неговата Народна партија — движење за демократска Словачка била постојано популарна. Формирана како националистичка, конзервативна и против приватизацијата, била популистичка и со променлива идеологија. На изборите во 1998 кога започнал крајот на Мечијар партијата победила со 27% од гласовите, но никој друг не сакал да коалицира со нив и така нивниот крај на политичката сцена почнал да се наѕира.


Успех на парламентарни избори на партијата на Мечијар (извор: Википедија)

Следејќи го примерот на Словачка мислам дека Македонските политичари треба да одлучат да му стават крај на ВМРО, дури и ако граѓаните (слично како во Словачка) решаваат да гласаат за него уште некое време. Мислам дека ова е помалку радикален расплет од оној со Србија по Милошевиќ со кој многу полесно и почесто се лицитира од сите страни.

Предизвикот треба да дојде од лево така што СДСМ на Зоран Заев ќе престане да мантра дека ВМРО ѝ треба на Македонија. Но, предизвик треба да дојде од десно каде што ќе се формира партија која што ќе ги промовира десните економски политики и конзервативните општествени вредности, но која што ќе стои далеку, далеку од „вечната идеја на ВМРО за Македонското национално обединување“. Овој предизвик очигледно нема да дојде од „Амстердамската тројка“, што медиумите со радост ја пречекаа, која што има намера да го спасува ВМРО од Груевски. Напротив Димитров треба да биде парафразиран од некој друг од десницата — едноставно: треба да дозволиме и да се осигураме дека ВМРО ќе стане и остане најголем срам на Македонија.

Објавено на ОКНО, 23.3.2015: http://okno.mk/node/45672

Дистрибуирана наспроти целосна корупција

Tags: 

Зошто мислам дека целосната корупција е проблем само за мал број на луѓе

Постои една комична анегдота од судскиот систем на САД која што ја прикажува суштината на идејата за владеење на правото:

On Feb. 18, 1986, frustrated that heavy rains had prevented some jurors from reaching his court, U.S. District Court Judge Samuel King said, “I hereby order that it cease raining by Tuesday. Let’s see how that works.”

California immediately entered five years of severe drought, with strict water rationing.

When colleagues reminded King of his order in 1991, he said, “I hereby rescind my order of February 18, 1986, and order that rain shall fall in California beginning February 27, 1991.” Later that day the state received 4 inches of rain, the heaviest storm in a decade, and two further storms added another 3 inches.

In a letter to a local newspaper, King said this was “proof positive that we are a nation governed by laws.”

Идеалот што го имаат САД и нејзините граѓани за нивниот судски систем е важен. Се разбира тој идеал секогаш не се пресликува во реалноста, но се појавува постојано во популарната култура, во филмови и серии, во книги што зборуваат независноста на судството итн.

Но, идеалот што го имаат САД и нејзините граѓани за нивниот судски систем не се пресликува во Македонија. Истражувањата на јавното мислење велат дека мнозинството Македонски граѓани мислат дека постои широко распространета корупција.

Анегдотите од секојдневието кај нас не вклучуваат приказни како онаа погоре. Од „мала пажња“ преку „мотивирање на службениците“ до сето она што го слушаме на снимките кои ги објавува Зоран Заев се соочуваме со корупција за која воглавно, како мнозинство граѓани, сметаме дека е нормална. Се разбира, има луѓе што мислат дека тоа е неприфатливо, но тие барем според податоците се во малцинство.

Затоа сакам да предложам една идеја за да го разбереме доминантниот светоглед во јавноста: додека малкумина мислиме дека целосната корупција што ја слушаме е недозволива, многумина мислат дека проблемот е само во тоа што корупцијата е централизирана или монополизирана, наместо дистрибуирана — како порано.

Лоренс Лесиг едноставно ја објаснува корупцијата: тоа е кога нештата се зависни од нешто што не би требало да бидат зависни. Или со други зборови нештата се независни односно без корупција само кога се зависни од тоа што треба да бидат зависни. Ми се чини дека кога постои дистрибуирана корупција, и со нашата склоност да ја прифаќаме, ние сме поподготвени да се справиме со неа. Ти можеш да најдеш врска, но и јас можам, ти ќе платиш, јас ќе платам повеќе и така натаму. Но, кога таа ќе се централизира тогаш конкуренцијата исчезнува. Сите не можат да бидат 100% посветени на групата ја централизира корупцијата и тука за прв пат се појавува нашиот проблем — не со корупцијата, туку само со нејзината дистрибуција.

Почнувајќи од конференциите за печат на опозицијата каде што се зборува дека целата држава е заложник на само неколку луѓе, па до секојдневните коментари дека сегашното раководство на ВМРО-ДПМНЕ не е право ВМРО, т.е. тоа се некои кои го киднапирале него - мислам дека во сето тоа штом се загребе под површината може да се прочита оваа мнозинска загриженост за степенот на централизација на мрежите на подароци и услуги кои кај нас функционираат на месото на оние за мерки и проверки.

Сето ова конечно кулминира во стравот дека СДСМ се исто толку лоши како и ВМРО — ако не и повеќе. Години на пропаганда сигурно го имаат својот удел во ова, но мислам и дека надежите повеќе се дека по 9 години ВМРО може и да попушти и да се врати на старото — дистрибуирано: „крадеше, ама имаше за сите“, додека на СДСМ би му требале уште цели 9 да дојде до таа точка.

Ова мислам дека е тажната состојба на нештата со која или од која се плаши мнозинството кое се држи до девизата „сите се исти“.

Црвениот телефон и статус-квото во Готам

Tags: 

Што всушност сака да ни каже Телма?

Пред повеќе од две години пишував за суперхероите и новинарството:

Она против што суперхероите се борат со своите ласерски очи и пајакови мрежи е истото за кое новинарите мора да пишуваат без страв. Според Џенифер Робинсон, новинарството е професија која е посветена на транспарентноста, вистината и отчетноста, и професија која треба да ги руши корумпираните влади, да зборува за неправдата и нееднаквоста и да им даде глас на безгласните.

Денес дознав дека трескањето на црвениот телефон било кампања.

Имала ли поп-култура повторно влијание во тоа како е смислена оваа кампања?

Најпознатиот црвен телефон е телефонот на кој одговара Бетмен кога му е потребен на Готам.

Што ни кажува црвениот телефон?

1. Во контекст на вообичаеното читање дека Бетмен е супер-херој кој што треба да го спасува градот од криминалците, некревањето на црвениот телефон би значело дека супер-херојот одбива да одговори на повикот за помош што му е потребна на градот и неговите жители.

Ако новинарите се супер-херои што треба да зборуваат на место на немоќните, тогаш одбивањето на кревањето на слушалката е знак дека новинарите ја одбиваат улогата за луѓе кои ја зборуваат вистината во лицето на моќта.

Во контекст на македонскиот пејсаж на неслободни медиуми (117 место според индексот на Репортери без граници за 2015 година), со некревањето на телефонот нашите присакувани супер-херои всушност кажуваат дека сѐ уште не се спремни да ја заземат оваа општествена улога.

2. Во контекст на читањето што го нудат Падник и Жижек каде Бетмен е плутократот кој го поседува Готам и оттука само си ги штити своите интереси кога се бори против тие што сакаат нешто поинаку (нешто против статус-квото), некревањето на црвениот телефон би значело дека супер-херојот сменил страни.

Ако Бетмен не истрчува (како и секогаш до сега) да им помогне на богатите кои по секоја цена сакаат да го одбранат својот статус и привилегија, тогаш нешто поинаку се случува.

Во контекст на случувањата во земјава, тоа би значело дека Телма понатаму одбива да одговара на повиците на власта. Ако е така, тогаш конечно браво, но останува горчината дека до сега црвениот телефон функционирал за власта.

На крај, можеби нема ништо толку елаборирано во кампањата со црвениот телефон, па и кој да ја смислувал сакал само да направи лесна поента.

Сепак, не штети да прашаме што всушност сака да ни каже Телма?

Корупцијата на Републиката е огромна

Tags: 

Злосторничкото здружување за кое зборува опозицијата е само дел од комплетната корупција на Републиката

Вчерашната (бомба #5) прес-конференција на Зоран Заев ми го привлече вниманието кога тој на новинарско прашање одговори дека операторите не се одговорни за ова што се случува со неовластеното прислушување.

Нормално, се заинтересирав за ова прашање и еве што открив.

Продолжената рака за неконтролирано следење на следење на комуникациите е пуштена во јуни 2010 година. За тоа предупредувале пратеници на СДСМ и известувале странски медиуми, Ваквите одредби (конкретно член 115 од Законот за електронски комуникации („Службен весник на Република Македонија“ бр.13/2005, 14/2007, 55/2007, 98/2008 и 83/2010, 13/2012, 59/2012, 123/2012, 23/2013), одете на pravo.org.mk за детали) се поништени со одлука на Уставен суд во декември 2010 година.

Прашањето што се поставува е што се случило со спроведениот вод до МВР што операторите морале да го постават кога стапил на сила тој член 115?


Опремата што оперторите морале да ја имаат во период од јуни 2010 до декември 2010 според одредбите на Законот за електронски комуникации што тогаш бил на сила.

Ако тоа што го вели до сега Зоран Заев е вистина, односно неовластено прислушувани се преку 20.000 граѓани, во долги периоди, а тоа не може да се прави со комбиња или подвижни базни станици, како што вели Петар Поповски, а сето тоа е во период што е од 2011 до 2014 година, тогаш може да се заклучи дека овој вод не е прекинат.

Не успеав да најдам дали неспроведување на одлука на Уставен суд е некаков прекршок што е казнив. Сепак, согласно истиот Закон за електронски комуникации, операторите што што овозможуваат незаконско пренесување и пренасочување на комуникациите и податоците (член 111/став 2) и со тоа ја нарушуваат доверливоста на комуникациите (член 111/став 3) прават прекршок казнив според член 138/став 16 и член 139/став 30. Казните се во проценти од нивните приходи.

Идеално, надзорниот орган за телекомуникациски прашања требало да ги казни операторите кога би утврдил дека ова прекршување постои. Сега тоа повеќе не може да се стори, за најголемиот дел од периодот 2011–2014, затоа што друг закон, Законот за прекршоците јасно вели дека „Прекршочната постапка не може да се поведе ниту да се води ако помине една година од денот кога е сторен прекршокот.“ (член 42/став 1 — Службен весник на РМ бр 62/06).

Затоа велам дека корупцијата на Републиката е поголема од она што веројатно можеме да замислиме. Погледнато наназад изгледа дека за сите овие активности постоел широк консензус, ако не за поддржување, тогаш секако за непостапување тие активности да се спречат. Одговорност, прво морална, треба да понесат сите директори на операторите, директорите на АЕК, надлежните инспектори итн. За инспекторите и други што не спровеле надзор можеби може да има и нешто во врска со злоупотреба на службена должност.

Понатаму, одговорност мора да понесат и судиите на Уставен суд. Со одлука на Уставен суд во 2010 година е поништен членот 115 од Законот за електронски комуникации. Но, во февруари 2014 година изгласан е нов Закон за електронски комуникации (Службен весник на РМ бр. 39/2014) кој што во неговиот член 175 има идентични одредби за комуникациски водови.


Член 175 од Законот за електронски комуникации од 2014 година.

Прашањето, логично, е: Ако тие водови не биле уставни во 2010, како се уставни во 2014? Уставниот суд молчи во врска со овој Закон цела една година, иако по неговиот деловодник (член 9 и 14) има обврска да поведува иницијативи за проверка на уставност и законитост на законите. (Јас ќе го потсетам Уставниот суд за ова обврска со поднесок во понеделник.)

На крај, последниот воз за прекршочна постапка за операторите е во понеделник 2 март 2015. Новиот Закон за електронски комуникации е на сила од 3.3.2014 година. Значи, водовите до МВР се законски од тој датум. Но, водовите не биле законски на 2.3.2014, а во понеделник истекува едната година за поведување на прекршочна постапка. Дали и за ова ќе го видиме комплетното лице на корумпираната Република или пак ќе видиме поведување прекршочна постапка? Одговорот останува да лебди во нашите кошмари.

Корупцијата, не Републиката.

Дополнето: Согласно член 377 став 2, 3 и 6 од кривичниот законик, правните лица оператори и одговорните лица во операторите може да одговараат за неизвршување на судската одлука на Уставниот суд

Оттука, може да се поднесе кривична пријава против операторите и нивните директори за основано сомневање дека не постапиле според погоре наведената одлука на Уставниот суд.

2.3.2015 — Објавено на ОКНО.мк: http://okno.mk/node/45050

Дружината на јавниот интерес

Tags: 

One Ring to rule them all, One Ring to find them,
One Ring to bring them all and in the darkness bind them

Денес, во дигиталното доба, неовластениот надзор е прстенот на Саурон.

Тој што го контролира ќе владее и навистина е така — ВМРО-ДПМНЕ владее веќе 9 години.

Но сега овој дигитален прстен се дотркала во рацете на СДСМ на Зоран Заев. Разговорите, наводно 1.6 милиони датотеки аудио снимки, се кај него. Тие можат да бидат искористени за контрола на луѓето. Оттука прашањето е дали Заев ќе биде силен како Фродо или слаб како Смигол.

А затоа што навиваме за Фродо, може да се даде само еден предлог: Да се формира дружина на прстенот, т.е. на јавниот интерес. Фродо не го носеше тој товар сам.

Од што би се состоела таа дружина?

1. Датабаза со следените телефонски броеви достапна на интернет: Софтверот да овозможи безбедна проверка на телефонски број на граѓанинот, увид во снимените материјали, можност за внесување на лични податоци за да се генерира тужба за неовластено следење која што се испраќа на негов e-mail во PDF.

2. Датабаза со снимките што се од јавен интерес: Повеќејазична база со сите транскрипти што се дистрибуираат до медиумите што ќе може да се пребарува по клучен збор.

3. Апликација што ќе ги презентира и објаснува релациите меѓу лицата што се на снимките и за кои се зборува во снимките.

Овие снимки мора да останат во колективната меморија како една гаранција плус дека вакво нешто повеќе нема да се повтори.

Кој е последниот изговор?

Tags: 

Се разбира — „Само да не се врати СДСМ“ е најголемата идеолошка победа на ВМРО-ДПМНЕ. Постојат повеќе објаснувања зошто е ова тотална катастрофа за граѓанството, но наместо тоа да се задржиме на еден мал поглед кон иднината:

Дури и да се случи утре како резулат на бомбите владата да поднесе оставка (а нема да се случи утре), потребни ќе бидат барем шест месеци да се организираат избори. Тоа ќе биде оној период за попис, избирачки список, изборен законик, техничка/експертска влада итн.

Шест месеци е доволен период за луѓе да се приклучат во СДСМ за да го подобрат нивниот капацитет, или да се приклучат кај некоја друга политичка партија (ЛДП, ЛП, ГРОМ, па дури ВМРО-ДПМНЕ — и нив ќе им треба подобри, попаметни и поспособни за демократија луѓе), ако баш СДСМ се целосно одвратни за граѓанството. Или пак, конечно да се формира долгопосакуваната трета опција.

Јасно е. Изборите се празник за демократијата затоа што тоа е денот кога се заокружува ливче и како и на секој празник не се работи.

А граѓаните, според Уставот, имаат обврски и останатите 1459 дена.

Нема други изговори.

Страници