ВМРО промовира нова нормалност, а СДСМ прифаќа

Tags: 

Уште во февруари пишував за тоа дека многу нешта зависат од СДСМ на Заев. Посебно тоа се однесува на објавувањето на материјалите за кои се тврди дека потекнуваат од Републичкото МВР. Од тогаш до денес поминаа 20-тина прес-конференции со нови и нови материјали, но речиси ништо не се смени во политичката ситуација во земјата. Две поенти треба да се истакнат сега кога е за очекување дека ќе одиме на некаква „бомбашка“ пауза поради празниците што доаѓаат.

Прво, во врска со изјавата на Зоран Заев. Тој е цитиран дека изјавил:

„Формирав посебни тимови кои ги читаат и анализираат сите разговори и пораки од прислушуваните разговори.“

Ова е страшно опасна ситуација, ако е вистина. Тоа значи дека до сите разговори (се сеќавате, тие разговори се однесуваат на преку 20.000 македонски граѓани од кои сигурно добар дел не се ни политичари) имаат пристап тимови на луѓе од СДСМ кои слушаат и анализираат. Нема информација кои се тие луѓе, дали се обучени да го прават тоа, дали имаат познавања од правото што е релевантно за темата и кои гаранции постојат за тоа дека ова слушање нема да се претвори во своевиден „loveint“, како она кога вработените на NSA ги следеле своите љубовници или потенцијални кандидати/тки. Мислам дека не е невозможно да се замисли пример во кој некој член на тимот за анализа слуша љубовен разговор на некој бизнисмен и потоа го користи тој за своја лична користи. Додуша, ако изјавата на Заев е вистина, љубовните маки на тој бизнисмен се најмалиот наш проблем.

Второ, ВМРО успешно ја вози приказната дека Македонија е супер земја: слободна, демократска и така натаму. Еден од клучните аргументи во оваа приказна е тоа што осомничен за државен удар може да држи 20-тина прес-конференции и да изнесува разно-разни работи што се однесуваат на високи функционери на државата без притоа да трпи некакви последици. Имено, како што би рекле во ВМРО, во Кина или Северна Кореја, тоа не би било возможно. Со ова ВМРО промовира нова нормалност, а СДСМ ја прифаќа. За чудење се разбира не е тоа што ВМРО промовира постојана криза на политичкиот систем како нормално функционирање на Републиката, туку тоа што СДСМ ја прифаќа таа игра. Тоа е игра која се сведува на: не можеш да одржиш толку прес-конференции онолку пати колку што ние можеме да кажеме дека има слободни медиуми и демократија.

Во ваква ситуација не останува многу освен да се надеваме дека предлозите за „дружината на јавниот интерес“ (1, 2) ќе допрат до СДСМ: дека ќе најдат начин да ја прошират нивната политичка активност и дека снимките ќе им ги остават на експертите. Алтернативата е таа што и сега ја живееме: војна на прес-конференции и партиски настани во една постојана трка пред избори што може, ама не мора да се случат.