Submitted by Новица on
Tags:
Дигиталното прислушување е атомска бомба за приватноста.
Ако тоа што го вели Зоран Заев е вистина и прислушувани се 20.000 луѓе, како е тоа спроведено?
Ми се чини забуната потекнува од идеите што ги имаме за прислушување. Тие потекнуваат од стари Бонд филмови и сцени како онаа од „Sneakers“ со Роберт Редфорд. Тоа е романтично минато.
Со денешната технологија може се снима сѐ што протекува низ каналите на комуникација. Замислете цевка со вода и вентил што ја отвора од страна. Но, наместо да истекува водата и да имате намален проток во главната цевка дел од протокот се „копира“ во вентилот. Тоа е возможно бидејќи станува збор за дигитална технологија Никој рачно не стиска „record“, туку целиот канал се снима на харддиск. Потоа тој е достапен неограничено и се преслушува назад по потреба. Тоа е и целиот проблем на bulk дигиталното прислушување. Тоа е и суштината на многу дебати од Викиликс/Сноуден наваму.
Понатаму нема никакви технички ограничувања. Белки не мислите дека МВР си рекле во некој момент: „еј, не снимаме зашто ни е полн харддискот“? Оваа дебата хипстерски беше разрешена уште пред 5–6 години, мислам кога уредникот на Wired се смееше на тоа дека шиткаат телефонски секретарки што снимаат максимум 100 пораки или така нешто… само додај поголем storage и тоа е тоа. А хардисковите се денес сѐ поевтини и поевтини.
Така што, баталете муабет дали некој дал конкретен налог за тоа баш тој ден, тој и тој разговор да се снима. Ако тоа што го тврди Зоран Заев е вистина, налогот за 20.000 лица и нивните телефони бил даден еднаш некогаш и потоа се снимало сѐ. Технологијата тоа го дозволува. Не сме во 1970 па да мора некој дома да ти мести уред на фиксниот телефон и да пази да не го извадиш или откриеш.
И овде е и вториот проблем со bulk дигиталното прислушување: кога има „протекување“ тие што снимале не знаат ни што точно е снимено, ниту што точно од снименото е изнесено надвор од серверите. Ако навистина станува збор за whistleblowers од МВР, тогаш тие што ги истражуваат протекувањата имаат тешка задача да видат што е изнесено од службените харддискови. (За потсетување, ни НСА не знае што сѐ и што точно изнесол Сноуден.)
Но, што е со бројката од 20.000? Брза математика: Во Македонија живеат околу 2 милиони луѓе. Околу 550 илјади се пензионери, околу 350 илјади се ученици во основни и средни училишта и студенти. Уште околу 120 илјади се деца во претшколска возраст. (Бројкиве се извадени од новински написи од google.) Значи остануваат 1 милион пост-студенти — пред-пензионери. ДЗС вели дека од нив околу 690 илјади се вработени. Сигурниот облог е дека 20.000 се дел од овие 690 илјади, но таа група може и понатаму да се намалува, ако ги извадиме земјоделците, градежните работници, занаетчиите, и воглавно сите професии кои што немаат некакво поголемо општествено влијание. Наједноставно овие 20.000 е македонскиот 1% — најбогатите и највлијателните граѓани.
***
Која е користа да бидат бидат прислушувани македонските 1%? Мене ми текнува само тоа дека разговорите што тие ги воделе се чувани како гаранција. Треба да одам на состанок со тебе и знам што си зборувал. Тоа е огромна предност.
Но, ако може да им се верува нешто на филмовите, тоа е дека незаконски прибраните докази не можат да се користат на суд. Така што какви и криминали да содржат сите овие снимки, за секое од тие дела ќе треба да се прибираат нови докази. Оттука објавувањето на снимките најпрво може биде корисно за една голема катарза на општеството во која голем број на луѓе ќе си заминат од јавниот живот. Долго време живееме во општество во кое поткупот, но и многу други „услуги“ се земаат како вообичаена работа од страна на мнозинството граѓани. Ако снимките послужат за вакво прочистување, тогаш тоа ќе биде голем плус за нас.
Се разбира, ова не значи дека сите 20.000 луѓе што биле прислушувани направиле нешто незаконско.
***
Настрана од ова, неспорно кривично дело останува неовластеното прислушување. За една држава што долго време се бави со проблемот на неовластено прислушување од времето на комунизмот, целосно е поразително два пати по ред да влегува во нова епизода од неовластено прислушување од една партија. Останува на граѓаните да оценат на избори дали е тоа дозволиво.
Но, пред тоа потребна ни е суштинска дебата за законските реформи што мора да се направат. Дигиталното прислушување е атомска бомба за приватноста, а проблемот со атомските бомби не го решаваме со уништување на атомската технологија. Напротив, го решаваме со закони што ја контролираат употребата на атомската бомба.
Неовластеното дигитално прислушување во Македонија е свесно и плански организирано и одобрено од истиот 1% — од нашата елита: од владата со предлозите за законите што овозможуваат прислушување без мерки и проверки, преку собранието што ги изгласало тие промени, преку уставниот суд што не презел ништо против нив, преку телеком операторите кои не им наложиле на нивните правни тимови да се борат против овие решенија… и така натаму. Со други зборови, ова не се случува затоа што неколку луѓе сковале заговор против Македонија, како што веројатно едноставно се прикажува во јавноста. Ова е заговор од многу поголема група на луѓе, од кои секој одработувал по еден дел за да се овозможи системот да функционира онака како што сега гледаме дека функционира. Сите тие во идеален свет би поднеле оставки и никогаш не би требало да добијат јавна функција.
Планот за враќање на приватноста, за да можеме да ја окуражиме нашата демократска свест и потенцијал, од страна на законодавството, би требал да вклучува посилна уставна заштита на приватноста на комуникациите, контроли на дигиталното следење што ќе ги спроведуваат операторите, вклучување на народниот правобранител во секоја постапка на следење на комуникации заради обезбедување на почитување на човековите права. А можеби, по примерот на Аргентина и нивните тајни служби (чија разврска исто така се случува деновиве), треба да разговараме и за распуштање на македонските тајни служби и нивно градење одново на здрави темели.
Планот за враќање на приватноста, за да можеме да ја окуражиме нашата демократска свест и потенцијал, од страна на граѓаните би требал да вклучува обуки за масовно користење на алатки за енкрипција на дигиталните комуникации.
Не смееме да дозволиме сапуницата неовластено прислушување да има четврта епизода.
16.2.2015 објавено на ОКНО: http://okno.mk/node/44646