истражување

Undefined

По трагите на новинарските истражувања #3

Tags: 

Една година подоцна можеме да ја затвориме приказната за наводната фабрика за пасоши и кредибилитетот на делови од македонското истражувачко новинарство.

Во ноември 2014 неделникот Фокус излезе со ексклузивна приказна за фалслификување пасоши за изборите во пролетта истата година. Авторот на тоа новинарско истражување тврдеше дека во МВР нема 2 АФИС уреди кои што се искористени за правење на фалсификувани документи. Сите овие тврдења беа осуетени на овој блог и беа понудени докази кои што укажуваа на тоа дека приказната на Фокус тешко ги исполнува критериумите за веродостојност: 1, 2, 3.

И покрај јавно достапните аргументи зошто приказната на Фокус не држи вода, сервисите за проверка на факти ги игнорираа написте, а неделникот и неговиот новинар ги собраа македонските новинарски награда и тоа прва награда од МИМ и втора награда од ЕУ инфо центарот, двете за истражувачко новинарство.

На 11 ноември 2015 во служба стапи новиот министер за внатрешни работи. До денес 02.12.2015 министерот не изјавил дека е отворена истрага за двата АФИС уреди што недостасуваат од МВР, како што тврдеа написите во ФОКУС. Но, министерот потврди дека АФИС служи само за проверка на отпечатоци во кривични истраги, како што тврдеа текстовите на овој блог, и дека истиот е во МВР (иако е исклучен и не работи). Патем, нема најва ни за истрага на наводните фалсификувани пасоши.

Од гледна точка на јавноста ова значи две работи: или новиот министер е корумпиран како и неговиот претходник и не поведува истрага за очигледни дела кои што го загрозуваат легитимитетот на изборите или приказната на Фокус не држи вода.

Ако треба да му се верува на Фокус, тогаш секој што смета дека треба да имаме фер избори треба да бара од новото МВР да ги најде АФИС-ите. Алтернативно и согласно кодексот на ЗНМ, Фокус може да се извини за FUD написи и новинарот да ги врати наградите.

Мало дополнување со нови информации за операторите и прислушувањето

Tags: 

Откако започна објавувањето на прислушуваните разговори, едно од прашањата што останува да лебди: дали и колку била вклученоста на телекомите во прислушувањето на 20 илјади граѓани во изминатите години?

Операторите излегоа со изјави за медиуми дека тие постапувале по законот. Сепак и само површна анализа на законите кажува дека тоа не е целата приказна. На пример, Т-Мобиле го цитираше новиот Закон за електронски комуникации, притоа намерно или случајно заборавајќи, дека тој се применува од февруари 2014. Медиумите утврдија дека дел снимките се однесуваат на настани кои се случиле во период 2011 -2013. Тогаш на сила бил стариот закон.

Дополнитено истражување на законскисте пропис нѐ донесе до знаењето дека спорните членови од стариот Закон за електронски комуникации, меѓу нив и членот кој што пропишуваше постојана врска меѓу операторите и МВР и со тоа овозможуваше масовно следење на комуникации, се поништени со одлука на Уставниот суд во декември 2010. Прашањето што се постави, оттука беше:

Дали телекомуникациските водови востпоставени кога Законот бил донесен (во јуни 2010) се прекинати кога тие одредби се поништени со одлука на Уставниот суд на РМ (декември 2010)?

За таа цел испратив барања за слободен пристап до информации од јавен карактер до операторите и до АЕК со прашањето:

Кои дејства ги презеде операторот со цел спроведување на одлуката на Уставниот суд на Република Македонија У. Број: 139/2010-0-1 од 15.12.2010 г.?

Односно:

Кои дејства ги презеде Агенцијата за електронски комуникации со цел утврдување на спроведувањето на одлуката на Уставниот суд на Република Македонија У. Број: 139/2010-0-1 од 15.12.2010 г. од страна на телекомуникациските оператори?

Барањата ги испратив во март и деновиве конечно ги добив сите одговори од операторите, додека АЕК не одговори ништо.

Во одговорите Македонски телеком, Т-Мобиле и Оне ги одбиваат барањата повикувајќи се на одредби од законот кои предвидуваат класифицирање на информации поврзани со прашањата за следење на комуникациите. Вип нуди поопширен текст без да се повика на класифицирани информации, но сепак не го одговара прашањето што е поставено во барањето.

Затоа сите овие барања ги обжалувам кај Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информации од јавен карактер.

Ќе објавувам нови детали така како што ќе стануваат достапни. Добиените одговори на ова URL или подолу во slideshow.

ПС. Ако некој има совет која организација би можела да помогне во подмирување судски трошоци во случај ова да продолжи кон Управен суд, молам пишете e-mail.

По трагите на новинарските истражувања #2

Tags: 

tl;dr Една набавка, една опрема, три афери.

Што е заедничко за сториите на НоваТВ (1 и 2), Фокус (1, 2, 3 и 4) и Буре весник (1)?

Сите зборуваат за сомнителни набавки на опрема. Но, за жал, сите на опремата ѝ доделуваат различни својства и намена.

Сѐ започнува со сторијата на НоваТВ. Првиот дел од сторијата е коректен. Како граѓани добиваме информации за кривична пријава за опрема што недостасува во Факулетот за безбедност во Скопје при УКЛО — Битола.

Во сторијата на НоваТВ професорката Фросина Ременски ја опишува опремата што недостасува на факултетот. Тоа се: електронски микроскоп, систем AFIS и опрема за пресретнување електронски комуникации. Системот AFIS e делот што е набавен со тендерот 43/2010. Другите два се набавувани во други тендерски постапки: 33/2010 за електронскиот микроскоп и 40/2010 за опремата за пресретнување.


извор — e-nabavki.gov.mk


извор — e-nabavki.gov.mk

Во моментот кога е огласен алармот на УКЛО, описот на опремата што била набавувана го знаат еден професор и веројатно експерт, претсавници на Транспарентност интернационал и новинари. Но, алармот не вклучува опасност за незаконито правење на биометриски документи.

Но, веќе во втората сторија на НоваТв се шпекулира за опрема набавена за МРТ. Велам — се шпекулира, затоа што доказот што е понуден за таа набавка е „Известување за склучен договор за јавна набавка“ (screenshot има на страницата на НоваТВ) јасно и недвосмислено вели дека набавена е една лабораторија по тендерот кој што е делив. Кога се чита тоа што НоваТв го пишува: — „Министерството за образование набавувало криминалистички и форензички лаборатории за Македонската радио телевизија.“ — се добива впечаток дека тие не кликнале на тендерот каде што пишува дека за МРТ се бараат студио и ауидио-визуелна лабораторија.

По ова, приказната продолжува да ја обработува Буре весник. Во тамошното истражување повторно се зборува за опремата што недостасува на Факултетот за безбедност и спорните набавки. Приложени се слики од Службен весник на РМ со попис на опремата.

Но, овој пат, и покрај тоа што може да се прочита што е таа опрема, се инсистира на тоа дека тоа е опрема за прислушување. Брзо гуглање вели дека тоа не е така: електронски микроскоп (33/2010) е микроскоп, AFIS на Morpho е база за форензика (43/2010) и FRED е мобилна станица за форензика (40/2010) — нешто налик на она што во серијата CSI го вадат од кола кога ќе излезат на терен.

На крај приказната за истата опрема ја зема Фокус. Спорни набавки, факултети, декани и истата опрема. Тоа е истата опрема што до пред малку беше опрема за следење на комуникации. Сега наеднаш системот AFIS станува систем со кој што можат да се прават биометриски пасоши и лични карти.

Но, Фокус ја повторува и истата грешка како НоваТВ. Без да ја провери документацијата на тендерот 43/2010 — каде што јасно се гледа дека се набавува еден AFIS — пишува дека набени се три AFIS системи, поентирајќи со тоа дека 2 од нив фалат.

Заради појаснување: Што поточно е AFIS?

Постојано читаме дека имало три AFIS-а и дека два фалат. Каде се AFIS-ите? Барем кога јас читав вака, а пред да знам дека AFIS е акроним за Automated Fingerprint Identification Systems, мислев дека тоа се три уреди — да речеме три принтери и дека два од нив фалат.

Но, AFIS всушнсот е многу опрема. Само тој едниот за кој што сигурно се знае дека е набавен, според пописот од Службен весник на РМ содржи (ако точно избројав) 104 поедниечни парчиња хардвер меѓу кои има и маси, столчиња и кабинети.


извор — burevesnik.org

Така, тврдењето дека два фалат наеднаш изгледа многу чудно. Всушност, ако навистина фалат, фалат две цели соби со опрема. Не сакам да речам дека две цели лаборатории не може да се украдат. Секако дека може. Но, тогаш барем би сакал да прочитам некој доказ повеќе од референца кон тендер за што се добива впечаток дека никој не го прочитал.

Прашања за теоретичарите на заговор

Безразлика на сѐ — како што велат во американските филмови — сѐ е можно. Лаптопите од набавката на FRED може да се користат за следење на комуникации, како што може за тоа да се користи и обичен лаптоп. Принтерите и фотоапаратите од што се купени во AFIS системот може да се корисат за правење на биометриски документи, како што може и било кој принтер и фотоапарат (се сеќавате на ефтиниот избор на фотоапарати во станиците каде што се сликаме за лична карта). Можно е целата документација од тендерот 43/2010 да е фабрикувана, и не само од него туку и од сите други 200 тендери за универзитети за кои Буре весник вели дека се тендери за прислушна опрема.

Новинарите до сега не понудиле ниту еден извор дека навистина се набавени 3 AFIS уреди. Колку што знам не понудиле никаква анализа за тоа што сѐ е барано, купено, распределено и ставено во употреба со тендерите 20/2010, 25/201, 26/201 33/2010, 34/2010, 40/2010, 41/2010, 43/2010, сите за лаборатории за научни институции.

Сѐ е можно.

Но, можеме да судиме само по она што можеме да го потврдиме.

Претходно на темата:
По трагите на новинарските истражувања
Метаподатоците на фотографиите со пасоши

Дополнето 8.12.2014: Текстот е објавен на Окно http://okno.mk/node/42899

По трагите на новинарските истражувања

Tags: 

tl;dr Само една AFIS лабораторија во тендерската документација.

„Новинарот има обврска да се образува во јавност.“ — вели Џозеф Кембел во неговата серија интервјуа „Моќта на митот“, и тоа го направив јас денес откако решив да истражам нешто повеќе во врска со нашата афера за пасоши.

Прво, аферата со опрема што е исчезната или на друг начин спорна воопшто не е нова. За оваа опрема пишувала НоваТВ во август 2013 година. Сепак, тоа што е чудно е како оваа „криминалистичка опрема“ (НоваТВ) од 2013 преминала во опрема за која „се знае дека дел од опремата можела да се употреби и за биометриски документи — пасоши и лични карти“ (Фокус бр. 994) во 2014 година.

Всушност такво нешто не се знае. Ако опремата како што тврди Фокус е AFIS, е истата што ја користи американското ФБИ, е набавена од ќерката на Safran — Morpho, тогаш со таа опрема не може да се прават биометриски документи, бидејќи просто тоа е форензичка опрема.

Дека таа опрема е набавена е неспорно и од информациите што ги има Фокус (бр. 994, стр. 13) каде што се гледа документ за примопредавање на опрема помеѓу Safran и Министерството за образование и наука. Тaа опрема е MetaMorpho.

Францускиот Safran продава опрема за правење на пасоши и лични карти, но досега нема никаде информација од никого дека таква опрема е набавувана во Македонија, ниту пак Македонија фигурира на листата на клиенти за биометриски документи на оваа компанија. За потсетување, Македонија набавувала опрема за пасоши во 2005 година. Таа опрема според информациите од минатото чини 23 милиони евра.

Мислам дека ова ги фрла во вода тврдењата за евентуална поврзаност на тендерите на МОН за набавка на опрема и аферата производство на пасоши.

Сепак, може да истражиме дали навистина во Македонија има набаваено 3 AFIS-а, бидејќи дури и опрема за проверка на отпечатоцити и одржување на криминалистички бази не би требало да биде во ничија друга сопственост освен на МВР (настрана можните нелегални примопредавања помеѓу МОН, УКЛО и МВР).

За таа цел може повторно да се навратиме на испратницата (acceptance certificate) од Safran (Фокус 994, стр. 13). Ако Safran навистина донесол и монтирал три комплета ваква опрема тогаш би требало да има три испратници — по една за секоја локација каде што е таа монтирана. Понатаму може да се провери договорот бр. EP 18–60/22 од 26.09.2011 година (склучен меѓу МОН и Safran) и во него да се побараат податоци за тоа колку и каква опрема е испорачана. Логично е да се очекува дека Safran би барал овие документи да бидат точни и веродостојни пред да ги потпише, бидејќи едноставно доколку на испратницата се вели едно, а на договорот друго, тогаш во некој момент МОН би можел да побара договорот да се исполни до крај. Safran сигурно тоа не би го дозволил.

Но, ако сето тоа се чини комплицирано, доволно е да се види тендерската документација на тендерот бр. 43/2010 која што е достапна на web страницата на Бирото за јавни набавки (не можам да најдам permalink, но може сами да проверите на https://e-nabavki.gov.mk/).

Лаболаториите што се набавуваат се 1 AFIS и 2 студиски опреми за МРТ.

Човечето што повикува на теорија на заговор сега ми вели да допишам дека ете можеби со сета опрема заедно вака може да се прават фалсификат пасоши, но дајте прво да провериме дали во МТВ има ново студио и аудио-визуелна опрема и дали таа е купувана исто така од Safran. Но, тендерот 43/2010 е делив и според документацијата купен е само еден дел — AFIS:

Дополнето 4.12.2014: Според информациите од јавните набавки во 2007 година во државата Западна Вирџинија набавката на основниот систем AFIS од истиот производител чини 2.950.000 долари.

Набавката во Македонија според сите извори е околу 152 милиони денари или околу 2,5 милиони евра.

Претходно на темата: Метаподатоците на фотографиите со пасоши

Следно на темата: По трагите на новинарските истражувања #2

Објавено на Окно на 5.12.2014: http://okno.mk/node/42836

Метаподатоците на фотографиите со пасоши

Tags: 

tl;dr Од септември 2014, со Samsung Galaxy S4 GT-I9515.

Веста што ја објави Фокус предизвика голем интерес, па затоа овие дополнителни информации може да бидат исто така од корист во јавната дебата.

На веб страницата на весникот објавени се шест фотографии. Пет од тие фотографии најверојатно се фотографирани на 9 и 10 септември 2014 година. Тоа може да се види од метаподатоците на фотографиите.

Шестата фотографија е уредувана во Photoshop најверојатно од страна на редакцијата на Фокус за да се скрие идентитетот на лицето.

Според метаподатоците фотографиите се направени со Samsung Galaxy S4 (GT-I9515) телефон кој што се продава од мај 2014 година. Дури и да бил купен веднаш по пуштањето во продажба, овој телефон не би можел да се користи за фотографирање на нешто што би било поврзано со минати изборни процеси. (Последните избори завршија на 27 април 2014 г.)

Оттука освен ако некој не си играл претходно со метаподатоците на овие фотографии (а тоа е можно и лесно со обично уредување во Photoshop како во фотографија бр.6), овие фотографии навистина се направени во септември 2014 година со уред кој што не е постар од 6 месеци и патем е релативно скап (20.000+ МКД малопродажна цена).

Дополнето 30.11.2014: Во печатеното издание на Фокус има уште една фотографија каде што е прикажана некаква машина. Таа фотографија не е објавена на веб страницата. На фотографијата може да се видат неколку букви од брендот на машината. Истражувањето на датабазата на брендови на WIPO покажува еден бренд што многу наликува на исечокот од фотографијата. Тоа е Original Perfecta брендот на компанија за производство на машини за сечење хартија.

Брендот бил во сопственост на комбинатот Вернер Ламберц од Лајпциг, Источна Германија, регистриран за Данска јурисдикција во 1963 година.

Дополнето — најчести прашања:

1. Нели Samsung Galaxy S4 е достапен на пазарот од 2013?

Постојат два модели на Galaxy S4. Едниот објавен во 2013. Тоа е моделот GT-I9505. (Врска до продажба на T-Mobile.) Вториот е Galaxy S4 Value Edition модел GT-I9515 пуштен во продажба во мај 2014 како што потврдува и информацијата од врската погоре во текстот.

2. Дали е можно фотографиите да се направени во септември 2014 така што е фотографирано видеото?

Фокус објави дека добил видео и фотографии:

Без да разгледуваме колку е лесно со мобилен телефон да се фотографира видео што се прикажува на монитор и притоа да се добијат солидни фотографии, видеото што е објавено од страна на Фокус не ги содржи истите кадри што се прикажани на фотографиите. Така што или Фокус не го добил целиот видео материјал, или објавениот материјал не е целосен, или фотографиите се направени независно. Во секој случај премногу „или“.

Дополнето 01.12.2014:

Нецелосна верзија на овој текст е објавена на Курир: http://kurir.mk/makedonija/vesti/180825-FOTO-Sto-pokazuvaat-metapodatoci...

Со ситни измени текстот е објавен и на: Република http://republika.mk/?p=352925, Евести http://evesti.mk/2014/12/01/sto-pokazuvaat-metapodatocite/, Радио Слободна Македонија http://rsm.mk/web/?p=21192, Пулс 24 http://puls24.mk/makedonija/vesti/foto-sto-pokazuvaat-metapodatocite-na-..., Мрежа.мк http://www.mreza.mk/%D1%88%D1%82%D0%BE-%D0%BF%D0%BE%D0%BA%D0%B0%D0%B6%D1....

Дополнето 02.12.2014:

Текстот е во целост објавен на Окно: http://okno.mk/node/42741.

Делови во Вечер: http://vecer.mk/makedonija/n-snimkata-so-pasoshite-ne-e-pravena-vo-maked...

Сите вести од time.mk: http://www.time.mk/?q=%D0%BC%D0%B5%D1%82%D0%B0%D0%BF%D0%BE%D0%B4%D0%B0%D...

Следно на темата: По трагите на новинарските истражувања

Економските последици на г-дин Браун

Tags: 

За некако да го завршам серијалот со економија и политика и слично, линкам до едно видео од Royal Society for the encouragement of Arts, Manufactures and Commerce (на видеава се навлеков деновиве откако го гледав тоа од Жижек).

Во анимацијата насловена The Economic Consequences of Mr Brown, професорот од Оксфорд Stein Ringen зборува за последиците што ги оставило владеењето на Лабуристите во Велика Британија.

Неговиот заклучок, по спроведеното истражување за клучните точки што самата партија си ги задала пред изборната победа, е дека сѐ е по старо. И покрај големата доверба, и покрај мнозинството и поддршката, и покрај растот и големиот буџет на располагање, и покрај компетенциите кои несомнено ги имале министрите на Блер и подоцна Браун, крајниот ефект е чиста нула. Тие не успеале да направат ништо од тоа на што сами се нафатиле да работат.

Ова е контроверзно. Но е и отрезнувачко. Би било убаво да се види ваква анализа за Македонија.

Патем, и за крај, се сеќавам на една реченица чиј извор сега не можам да го најдам. Се вели вистинскиот тачерист не е Тачер и владата по неа, туку Блер и тоа што тој во духот на Тачер направил.

Денес е 15 септември, па влечете паралели како што ви е мило.