По трагите на новинарските истражувања #2

Tags: 

tl;dr Една набавка, една опрема, три афери.

Што е заедничко за сториите на НоваТВ (1 и 2), Фокус (1, 2, 3 и 4) и Буре весник (1)?

Сите зборуваат за сомнителни набавки на опрема. Но, за жал, сите на опремата ѝ доделуваат различни својства и намена.

Сѐ започнува со сторијата на НоваТВ. Првиот дел од сторијата е коректен. Како граѓани добиваме информации за кривична пријава за опрема што недостасува во Факулетот за безбедност во Скопје при УКЛО — Битола.

Во сторијата на НоваТВ професорката Фросина Ременски ја опишува опремата што недостасува на факултетот. Тоа се: електронски микроскоп, систем AFIS и опрема за пресретнување електронски комуникации. Системот AFIS e делот што е набавен со тендерот 43/2010. Другите два се набавувани во други тендерски постапки: 33/2010 за електронскиот микроскоп и 40/2010 за опремата за пресретнување.


извор — e-nabavki.gov.mk


извор — e-nabavki.gov.mk

Во моментот кога е огласен алармот на УКЛО, описот на опремата што била набавувана го знаат еден професор и веројатно експерт, претсавници на Транспарентност интернационал и новинари. Но, алармот не вклучува опасност за незаконито правење на биометриски документи.

Но, веќе во втората сторија на НоваТв се шпекулира за опрема набавена за МРТ. Велам — се шпекулира, затоа што доказот што е понуден за таа набавка е „Известување за склучен договор за јавна набавка“ (screenshot има на страницата на НоваТВ) јасно и недвосмислено вели дека набавена е една лабораторија по тендерот кој што е делив. Кога се чита тоа што НоваТв го пишува: — „Министерството за образование набавувало криминалистички и форензички лаборатории за Македонската радио телевизија.“ — се добива впечаток дека тие не кликнале на тендерот каде што пишува дека за МРТ се бараат студио и ауидио-визуелна лабораторија.

По ова, приказната продолжува да ја обработува Буре весник. Во тамошното истражување повторно се зборува за опремата што недостасува на Факултетот за безбедност и спорните набавки. Приложени се слики од Службен весник на РМ со попис на опремата.

Но, овој пат, и покрај тоа што може да се прочита што е таа опрема, се инсистира на тоа дека тоа е опрема за прислушување. Брзо гуглање вели дека тоа не е така: електронски микроскоп (33/2010) е микроскоп, AFIS на Morpho е база за форензика (43/2010) и FRED е мобилна станица за форензика (40/2010) — нешто налик на она што во серијата CSI го вадат од кола кога ќе излезат на терен.

На крај приказната за истата опрема ја зема Фокус. Спорни набавки, факултети, декани и истата опрема. Тоа е истата опрема што до пред малку беше опрема за следење на комуникации. Сега наеднаш системот AFIS станува систем со кој што можат да се прават биометриски пасоши и лични карти.

Но, Фокус ја повторува и истата грешка како НоваТВ. Без да ја провери документацијата на тендерот 43/2010 — каде што јасно се гледа дека се набавува еден AFIS — пишува дека набени се три AFIS системи, поентирајќи со тоа дека 2 од нив фалат.

Заради појаснување: Што поточно е AFIS?

Постојано читаме дека имало три AFIS-а и дека два фалат. Каде се AFIS-ите? Барем кога јас читав вака, а пред да знам дека AFIS е акроним за Automated Fingerprint Identification Systems, мислев дека тоа се три уреди — да речеме три принтери и дека два од нив фалат.

Но, AFIS всушнсот е многу опрема. Само тој едниот за кој што сигурно се знае дека е набавен, според пописот од Службен весник на РМ содржи (ако точно избројав) 104 поедниечни парчиња хардвер меѓу кои има и маси, столчиња и кабинети.


извор — burevesnik.org

Така, тврдењето дека два фалат наеднаш изгледа многу чудно. Всушност, ако навистина фалат, фалат две цели соби со опрема. Не сакам да речам дека две цели лаборатории не може да се украдат. Секако дека може. Но, тогаш барем би сакал да прочитам некој доказ повеќе од референца кон тендер за што се добива впечаток дека никој не го прочитал.

Прашања за теоретичарите на заговор

Безразлика на сѐ — како што велат во американските филмови — сѐ е можно. Лаптопите од набавката на FRED може да се користат за следење на комуникации, како што може за тоа да се користи и обичен лаптоп. Принтерите и фотоапаратите од што се купени во AFIS системот може да се корисат за правење на биометриски документи, како што може и било кој принтер и фотоапарат (се сеќавате на ефтиниот избор на фотоапарати во станиците каде што се сликаме за лична карта). Можно е целата документација од тендерот 43/2010 да е фабрикувана, и не само од него туку и од сите други 200 тендери за универзитети за кои Буре весник вели дека се тендери за прислушна опрема.

Новинарите до сега не понудиле ниту еден извор дека навистина се набавени 3 AFIS уреди. Колку што знам не понудиле никаква анализа за тоа што сѐ е барано, купено, распределено и ставено во употреба со тендерите 20/2010, 25/201, 26/201 33/2010, 34/2010, 40/2010, 41/2010, 43/2010, сите за лаборатории за научни институции.

Сѐ е можно.

Но, можеме да судиме само по она што можеме да го потврдиме.

Претходно на темата:
По трагите на новинарските истражувања
Метаподатоците на фотографиите со пасоши

Дополнето 8.12.2014: Текстот е објавен на Окно http://okno.mk/node/42899