ДО Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје бул. „Крсте Мисирков“ бб – Скопје П Р Е Т С Т А В К А за поедноставено и бесплатно дистрибуирање на обрасци до студентите Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, во рамките на своите автономни надлежности во најкус можен рок треба да ги направи обрасците потребни за комуникација со Универзитетот, факултетите и другите служби достапни за студентите на интернет и бесплатно. Со ова ќе го намали финансискиот товар на студентите и ќе овозможи отстранување на посредниците во комуникација помеѓу студентите и Универзитетот кои остваруваат значителна финансиска корист. О Б Р А З Л О Ж Е Н И Е Секоја државна институција пропишува обрасци што служат за комуникација со неа и кои се задолжителни за употреба од страна на граѓаните или клиентите. Истото го прави и Универзитетот со пријавите за испит, листовите за пријавување и заверка на семестар и веројатно други обрасци. Но, за разлика од другите државни институции Универзитетот одлучува да наплаќа непропорционално високи цени за овие обрасци. За илустрација: во Агенцијата за катастар на недвижностите обрасците се бесплатни и достапни на интернет, во МВР обрасците за пасоши, лични карти и возачки дозволи се бесплатни, даночните пријави од УЈП се бесплатни и достапни на интернет, а дополнително Управата ги испраќа по пошта до обврзниците, Заводот за статистика исто така ги испраќа своите обрасци бесплатно по пошта до лицата што треба да предадат информации за статистички потреби, обрасците за регистрирање на фирми и сѐ друго на Централниот регистар на РМ се бесплатни и достапни на интернет. Погоре наведените државни институции со своите обрасци прибираат далеку поважни информации од граѓаните, како што на пример се пријавите за платени даноци. Истовремено тие валидноста на обрасците ја потврдуваат со печат. Универзитетот ја спроведува истата постапка за податоци од релативно помала важност, но од друга страна обрасците потребни за комуникација со Универзитетот се продаваат по високи цени од 30,00 до 50,00 денари. Не е потребна поголема анализа за да се утврди дека ова се арбитрарно високо одредени цени за листови хартија со тираж од стотици илјади чија цена на изработка не надминува неколку денари. Уште повеќе, ваквата практика ги погодува само студентите кои инаку се водат како група на граѓани што нема свои примања, и воглавно се смета за сиромашна. Ова се доволно примери за да прикажат една, во најмала рака, чудна практика од страна на Универзитетот. Бидејќи не постои никаква објективна причина за монополистичката дистрибуција и високо одредените цени на обрасците неопходни за комуникација помеѓу студентите и Универзитетот, Универзитетот треба во најкус можен рок да ги направи овие обрасци бесплатно достапни на интернет во PDF документи што можат електронски да се пополнуваат. Подносител Име и презимеНовица Наков Студент на факултет при УКИМ Адреса за пошта КО: Студентски Правобранител Никола Главинче бул. „Митрополит Теодосиј Гологанов“ бр. 28/13, Скопје