лично

Undefined

Некои белешки за случки од животот

Tags: 

Блогов речиси воопшто и да не содржи текстови за лични прашања. Ќе направам исклучок сега, бидејќи на страна од личната трагедија, ми се чини дека е добро да се прибележат можните системски проблеми, и да се следи случајов, ако воопшто се добијат некакви други информации, за на крај да видиме и како ќе заврши.

Случајот за кој пишувам има две верзии, се разбира, една официјална и една неофицијална. Неофицијалната е работа во тек, т.е. семејството се обидува да дознае што сѐ и што точно се случило, преку разни формални и неформални канали – па затоа треба да се разгледува со доза на резерва. Но, и официјалната верзија отвара интересни прашања. Приказната до сега:

Еден член на моето пошироко семејство е сместен во ЈЗУ Психијатриска болница – Скопје, или популарно нареченото болница Бардовци. Пред 10-тина дена старателот добива повик од социјалниот работник дека лицето е пренесено во градска болница „8-ми Септември“ поради скршеница на ногата.

Според официјалната верзија на настаните, за скршеницата се претпоставило кога во болницата виделе дека лицето криви, па виделе дека има голема модрица на ногата, и утврдиле дека во некој момент претходниот ден лицето се лизнало на влажен под и паднало. Докторите во „8-ми Септември“ не можат ни да потврдат, ниту да не потврдат дека станува за скршеница од пад. Не знам дали може да се дијагностицира типот на скршеницата и/или причините за нејзиното настанување. Сепак докторите од „8-ми Септември“ велат дека тоа не е единствената скршеница, туку дека на ногата има и една постара скршеница. Оттука, дури и да се земе здраво за готово приказната дека скршеницата е од пад, останува нејасно како семејството не било информирано за претходна скршеница на нога, за која, веројатно, исто така била потребна интервенција од некоја од градските болници.

Сега, неофицијалната верзија. Првото нешто што повреденото лице му го кажува на членот на семејството при посета во градската болница е дека повредата е од удар од кола. Го гледате проблемот со оваа изјава: не само што сериозно противречи на официјалната, туку со оглед на состојбата на пациентот, т.е. тоа дека е пациент на психијатриска болница, секогаш има доза скептицизам кон неговите изјави. Сепак, семејството решава да проба да најде некои други информации. Се вртат телефони, се бараат луѓе, знаете типично македонска шема. И доаѓа информација дека ноќта пред денот кога лицето било пријавено во „8-ми Септември“ на главната улицата кај психијатриската болницата, имало полиција и брза помош по пријава од локален вработен, за тело што лежи на патот.

Повторно пауза: можно е информацијата да се однесува на сосема друго лице. Сообраќајка во ноќта можеби се случила, но лицето што лежи повредено во градската болница можеби воопшто да не било учесник. Но, ваков настан јас не можев да најдам во билтените на МВР околу датумите кога се случило ова – го знаеме датумот на прием во „8-ми Септември“. Од друга страна, до онаа мера до која што информациите добиени преку луѓе може да се сметаат за веродостојни, се поставува прашањето дали сите посериозни настани треба да се објават во дневен билтен на МВР или ако не, по кој критериум се одлучува за објавување на настани.

Оттука, ако не станува збор за два посебни настани, од кои едниот сепак не е премногу јавен, и меѓу кои, по игра на голема случајност на исто време и место, и при ограничени информаци, може да се заматат границите, и под претпоставка дека информацијата добиена од луѓе е веродостојна, тогаш лицето:

  1. во текот на ноќта било излезено од психијатриската болница,
  2. било удрено од возило,
  3. случајот бил пријавен во МВР после некое време од случаен човек што го видел телото што лежи на улица,
  4. полиција и брза помош дошле, веројатно пружиле прва помош, и го вратиле назад во психијатриската болница,
  5. во психијатриската болница се чекал следниот ден за повредата да се пријави во „8-ми септември“,

Оваа верзија – неофицијалната - содржи многу „ако“ и многу претпоставки. Ако (повторно ако) некако излезе дека е вистинита, тогаш ќе открие координација помеѓу неколку државни служби - психијатриската болница, брзата помош, градската болница и МВР, со цел официјалната приказна да биде бенигна – лизгање на влажен под, и ќе постави повеќе прашања почнувајќи од тоа како и зошто на пациенти од психијатриска болница им е дозволено да се шетаат во ноќта надвор од собата, зградата, па и дворот на болницата, па сѐ до кој е возачот што ја причинил повредата и дали се трага по него. Морам да признаам дека дури и мене неофицијалната приказна ми се чини неверојатна. Некој да ми го раскажува ова, веројантно неколку пати ќе возвратам со „нема шанси“.

Но, освен ако луѓето по кои семејството се распрашува за информации се лажговци (или нешто полошо), тогаш колку и да е неверојатна, можеби е вистина. Сега семејството чека официјални информации од разните инспекциски и други државни служби со различни надлежности од кои побарува информации. Дали тоа ќе даде одговори што ќе донесат разјаснување на ситуацијата останува да видиме.

Сеќавање на 11-ти Октомври

Tags: 

Ефтимовски Кире

Роден е 1923 година во село Сушица. Потекнува од многучлено сиромашно семејство. Уште како дете останал сирак без татко па бил присилен да оди на печалба во Белград, каде што работи како општ работник. Во слободните мигови постојано е во друштво со напредни работници и младинци, што му дава можност да се запознае со идеите на напредното работничко движење.

Во Белград останал до капитулацијата на стара Југославија. Веднаш по капитулацијата се враќа во своето родно место, се приклучува во напредното движење и станал член на Месниот народно-ослободителен одбор. Бил член и на партискиот актив на селото.

Во единиците на народно ослободителната војска стапил доброволно во мај 1944 година, како борец во составот на Првата македонско-косовска бригада. Со својата единица учестувал во сите борби и акции.

Загинал на 28 август 1944 година во борбите за ослободување на Кичево.

Ефтимовски Ѓоре

Роден е 1925 година во село Сушица. Потекнува од многучлено сиромашно семејство. Уште како дете оди на печалба во Белград како општ работник, каде што се запознава со идеите на напредното работничко движење.

За време на окупацијата на земјата во Белград е примен за член на СКОЈ, а нешто подоцна и за член на КПЈ. Кон крајот на 1941 година е уапсен од страна на Недиќевата полиција, но заради немање докази набрзо е пуштен на слобода. Особена активност и бестрашност покажува во вршењето на многу одговорни курирски задачи.

Во единиците на народно-ослободителната војска стапил доброволно во јуни 1943 година, како борец во составот на Космајскиот народно-ослободителен одред. Во една акција во 1944 година во Белград е заробен од германскиот фашистички окупатор и нешто подоцна стрелан во Бањица. За него постои спомен обележје на гробиштата на ослободителите на Белград.

Kad zaboraviš juli

Мета текст за пишувањето на интернет и општо: Пример за користење на Medium (но до април 2015 кога целата содржина ја вратив тука)

Tags: 

Пред некој ден добив права за пишување на новиот cloud за пишување Medium (да ова овде). Не се сеќавам кој точно проблем на жителите на интернет треба да го реши новиов сервис, но според она што може да се прочита од врските што се појавуваат на разни места бројот на корисници се зголемува. Но, прашањето останува. Зошто да се има уште едно место за пишување на интернет?

Јас веќе имам блог (на некој начин), додуша пренаменет во home-page и речиси сигурно содржински пренаменет на теми што нема да бидат Македонија. Потоа имам неколку tumblr-и за разните web-проектичиња, два блога на заедницата (Сподели и Мозила), како и scribd со подолги текстови. Заборавам нешто сигурно, но на крај тука е и twitter. А тоа не е ни пишување.

Medium? Каква корист од тебе?

Го спуштам капакот од лаптопот и погледнувам на масата пред мене. Таму стои малото тефтерче каде што запишувам кои книги би требало да ги најдам за читање во иднина. Го проверувам списокот еднаш неделно и барам на интернет и шкртам и допишувам, и кога ќе се потроши наоѓам исто такво мало тефтерче за истата намена. И така ми текнува дека имам уште неколку тетратки, тефтери, бележници, нотеси итн. што ги користам за разни намени. Еден стандарден тефтер за на работа. Еден А5 рекламен матријал тефтер за брзи белешки, to-do-то за денот. Едно џебно тефтерче за секој случај во џебот за низ град (добри идеи секогаш може да се случат). Уште еден тефтер за неразработени идеи, следење на проекти. Куп хартија за брзи белешки што треба да се вметнат во папките со разработените проекти. Еден за општи мисли за вознемиреност. И секако многу стари започнати такви книшки со работи што останале незавршени, некои од нив со пишуванки од канаста на задните страници.

Тоа се премногу места за пишување. Компјутерот неповрзан на интернет е уште една виртуелна соба со ливчиња и тетратки.

Medium — само уште едно место за пишување тогаш. Содржината ќе зависи, како и секогаш, од чуден збир на фактори кои што и не можам да ги набројам. Како што и не можам да објаснам како одбирам тефтер за дневните to-do-а, а како за идеите. Се разбира, некои остануваат на полица засекогаш.

Medium може да остане во обележувачот во Firefox.

Дополнето 10.4.2015: престанав да го користам Medium кога од непознати причини не ми дозволуваше да се пријавам во апликацијата неколку дена по ред. Содржината од таму ја мигрирав овде.

Моите омилени книги

Tags: 

Читам постојано. Читам во секоја прилика кога не одам или не сум одговорен за управување со возило. Кога сум во автобус ми се случува и да ја промашам станицата. Читам на англиски и на македонски. Читам се. Вообичаено читам 2-3 книги истовремено. Со нив заедно го читам и секојдневниот волумен на текстови од интернет: блогови, статии и слично. Понекогаш го читам и македонскиот дневен печат.

Мојата читачка навика се создаде во раните деведесети години. Бев 3-то или 4-то одделение кога за прв пат влегов во библиотеката „Другарче“ во Карпош 3. Не се сеќавам кој и како ја одбра книгата, но „Славните морепловци“ стана мојата омилена книга, или барем мојата омилена книга ако се одредува според тоа колку пати сум ја прочитал [десетина пати].

На ова се сетив деновиве кога случајно се најдов во разговор за книги. Ја побарав книгата на интернет страницата на градските библиотеки и дознав дека [најверојатно] станува збор за роман на рускиот писател Николај Чуковски. Книгата на која се сеќавам навистина е книга за познатите морепловци. Имињата на кои се сеќавам се Џејмс Кук и Абел Тасман. Сеќавањето на книгата буди убави чувства.

Но, зошто оваа книга? Неколку дена размислувам токму за ова. Зошто морепловците, а не на пример „Шеќерна приказна“ или било која друга книга наменета за 10-годишници? Одговорот ми се чини е, колку што се сеќавам и сега, дека тоа е книга за патувања и откривање на нови светови, места и луѓе. Моето прво летување заврши - уште пред и да започне - со запаление на белите дробови. Подоцнежните летни распусти никогаш не ме однесоа подалеку од македонските села. Бев заглавен во Скопје сѐ до моите доцни 20-ти години. Ми се чини дека прв пат излегов од земјава кога одев во Белград на една конференција за локализација на слободен софтвер некаде во 2005-2006 година.

Така, книга за патувања и истражувања напишана како голема авантура би била каква-таква можност за прошетка подалеку од локалниот пејсаж. Бродот отпловува во непознати води и патувањето е долго и неизвесно. Конечно, ете копно на хоризонот. Бродот се закотвува. Свежа вода и овошје за екипажот. Непозната цивилизација се открива пред нив. Какво доживување!

И тоа е доживување што ете, сфаќам, се повторува. Нешто подоцна, во времето кога интернет со брзина од 56k беше луксуз, патувањата низ мрежата ги дополнував со книгите на Вилијам Гибсон. Сајберспејс. Се вклучуваш. Имаш пристап до сите информации. Можеш да стигнеш секаде во светот. Екранот, или интерфејсот за поврзување на мрежата, е твојот личен брод. Клик. Клик. Можеш и да направиш некое добро дело додека си таму - барем во светот на Гибсон.

Патувањата се моите омилени книги.

Текстот е објавен на РСЕ: http://www.slobodnaevropa.mk/content/article/24944412.html

Што е блог ако не се пофалиш #3

Tags: 

Магистрирав пред некое време и дел од тезета како труд е објавена во Security Dialogues No. 6 журнал на Филозофскиот факултет. Тука.

Убаво е да се види и дека журналот е со open access и creative commons ознаки.

Влијателен?!

Tags: 

Па, денес ја добив следнава порака од Владимир Поповски:

Zdravo,porakava e od Vladimir Popovski urednik vo MTV sektor Vesti...Procitav nekolku statii za vas i za vasata rabota i zatoa bi sakal da bideme vo komunikacija i se razbira koga ke ima nesto znacajno povrzano so vas bi sakale da ja izvestime javnosta vo Makedonija.Bi bilo dobro koga ke doagjate vo Makedonija da dogovorime gostuvanje vo MTV.Vo MTV vo ovoj period se slucuvaat promeni uveren sum kon podobro,ja obnovuvame programata i tehnikata i se nadevam za kratko vreme ke bideme vistinski nacinalen servis;.Zatoa atraktivni gosti i ekskluzivi ke ni bidat predizvik,Pozdrav i sekoe dobro...

Не знам кој е Владимир, но Google враќа информација дека некој Владимир Поповски сепак по затварањето на А1 станал уредник во МТВ.

Еве го мојот одговор:

Здраво Владимир. Ми се чини дека имате пишано на погрешна адреса. Пред сѐ јас живеам во Скопје, а понатаму - ништо значајно со мене не се случува. Се надевам ќе го најдете вистинскиот соговорник и Ви посакувам успех во работата. Поздрав.

За банкетот на знаењето – во чест на Арон Шварц

Tags: 

Некаде во август 2010 се наоѓав на универзитетски кампус во САД. Бев на гости и со лаптоп, па додека читав статии на google reader кликнав на вест што во себе содржеше врска до истражување на употребата на социјалните медиуми од страна на ИТ гигантите во рекламирањето на нивните производи. Како да отворам уште една страница на јавниот интернет, мојот Firefox ми отвори pdf документ од академски журнал. Не обратив поголеми внимание на овој настан се додека не се обидов да дојдам до истиот текст кога се вратив во Скопје. За кратко, всушност, бев на „банкетот на знаењето“.

Ова - „банкетот на знаењето“ - е терминот што Арон Шварц го користи за да ја опише ситуацијата во која се наоѓат луѓето, пред сѐ студентите, професорите и другите универзитетски вработени, во развиениот запад кои имаат лесен и постојан универзитетски пристап до новите и старите истражување, научни трудови и книги.

Подоцна, во 2011, во уште една универзитетска тура во Гетеборг ќе бидам потсетен на можноста што ние, луѓето од другата страна на paywall-от не можеме да ја имаме. Најновата повторена одлика на светот е привилегијата за пристап до знаење.

Граничниот пристап до оваа привилегија или трошките од банкетот ќе ги добијам во 2012 кога и сам морав да пишувам еден подолг академски текст. Пријатели, познаници и интернет странци со пристап зад затворените мрежи ми помогнаа да дојдам до трудовите што ми беа потребни да ја завршам мојата работа. На крај се израдував кога видов дека македонскиот журнал каде што ќе се појават делови од мојата работа е со ознаката Open Access.

Ретко пишувам лични текстови. Денот кога последен пат пишував за Радио Слободна Европа беше денот кога интернет беше преплавен со вести за смртта на Арон Шварц. Тоа саботно утро беше едно од најмачните за мене. Се сеќавам како со неверување гледав во мониторот на сите твитови и како вест по вест читав за трагичниот настан. Не го познавав Арон, но сум запознаен со неговата работа и со делот од таа работа кој наводно беше нелегален.

Овој текст е мал симбол во негова чест и краток повик за продолжување на неговата работа.

Арон беше дел од пошироко движење кое се залага за отворен пристап до информации, научни трудови и книги. Неговиот герилски манифест за отворен пристап (https://gist.github.com/4535453) ја исцртува борбата за пристап до знаењето кое сѐ повеќе и повеќе се дигитализира и станува дел од корпорациските облаци.

Овде во Македонија не сме помеѓу оние привилегираните кои имаат пристап. Но, можеме да придонесеме отворајќи го пристапот до документите кои ние ги создаваме и да подадеме рака на оние што се уште подалеку од масата каде што се служи знаењето. Со зборовите на Арон приватизацијата на образованието може да се сопре со отворање на знаењето, споделување на информациите и истражувањата и заедничка соработка. Голем дел од работата допрва следи.

Фала Арон.

Текстот е објавен на РСЕ: http://www.makdenes.org/content/article/24895092.html.

Награда за airborne

Tags: 

Цитирано од diversitymedia.mk:

Диверзити Медиа Продакшн, денеска 29 февруари, во 12 часот во просториите на Клубот на Новинари во Скопје ги објави наградите за млади блогери „Биди NEWS BLOGER“.

Првото место му припадна на Новица Наков за текстот „(Не)познато (не)знаење“

Второто на Фатлуме Дервиши за блогот “Концептот за демократија во земјите во транзиција” и Третото место на Моника Петровска и Маја Пероска за текстот „Демократија - слобода да си ги избереме нашите сопствени диктатори“.

Прес сѐ чинам дека е потребно да искажам пофалба за Diversity Media што одлучија да прават ваков конкурс. Потоа, благодарност од Елена Игнатова од Метаморфозис што ми кажа дека постои конкурост. Потоа, мал дел од овој успех е и за сите луѓе со кои разговараме на разни теми и од кои разговори произлегуваат многу од текстовите овде.

Текстот што ја освојува наградата е достапен тука: (Не)познато (не)знаење . За мене, тоа не е највредниот текст на ова место изминатава година, но тоа никако не ја намалува вредноста на ова признание.

На крај, благодарност за наградата и искрено жалење што не можев да присуствувам. Работните обврски натежнаа токму околу пладне.

Страници