Submitted by Новица on
Tags:
Пред некој ден добив права за пишување на новиот cloud за пишување Medium (да ова овде). Не се сеќавам кој точно проблем на жителите на интернет треба да го реши новиов сервис, но според она што може да се прочита од врските што се појавуваат на разни места бројот на корисници се зголемува. Но, прашањето останува. Зошто да се има уште едно место за пишување на интернет?
Јас веќе имам блог (на некој начин), додуша пренаменет во home-page и речиси сигурно содржински пренаменет на теми што нема да бидат Македонија. Потоа имам неколку tumblr-и за разните web-проектичиња, два блога на заедницата (Сподели и Мозила), како и scribd со подолги текстови. Заборавам нешто сигурно, но на крај тука е и twitter. А тоа не е ни пишување.
Medium? Каква корист од тебе?
Го спуштам капакот од лаптопот и погледнувам на масата пред мене. Таму стои малото тефтерче каде што запишувам кои книги би требало да ги најдам за читање во иднина. Го проверувам списокот еднаш неделно и барам на интернет и шкртам и допишувам, и кога ќе се потроши наоѓам исто такво мало тефтерче за истата намена. И така ми текнува дека имам уште неколку тетратки, тефтери, бележници, нотеси итн. што ги користам за разни намени. Еден стандарден тефтер за на работа. Еден А5 рекламен матријал тефтер за брзи белешки, to-do-то за денот. Едно џебно тефтерче за секој случај во џебот за низ град (добри идеи секогаш може да се случат). Уште еден тефтер за неразработени идеи, следење на проекти. Куп хартија за брзи белешки што треба да се вметнат во папките со разработените проекти. Еден за општи мисли за вознемиреност. И секако многу стари започнати такви книшки со работи што останале незавршени, некои од нив со пишуванки од канаста на задните страници.
Тоа се премногу места за пишување. Компјутерот неповрзан на интернет е уште една виртуелна соба со ливчиња и тетратки.
Medium — само уште едно место за пишување тогаш. Содржината ќе зависи, како и секогаш, од чуден збир на фактори кои што и не можам да ги набројам. Како што и не можам да објаснам како одбирам тефтер за дневните to-do-а, а како за идеите. Се разбира, некои остануваат на полица засекогаш.
Medium може да остане во обележувачот во Firefox.
Дополнето 10.4.2015: престанав да го користам Medium кога од непознати причини не ми дозволуваше да се пријавам во апликацијата неколку дена по ред. Содржината од таму ја мигрирав овде.