ted

Undefined

Skopje: TEDxCity 2.0

Tags: 

I'm always happy when the local community manages to gather around an idea set up a podium for interesting discussion. The fact that this time it is a TEDx event makes me a little proud too because I back in 2010 I started the TEDx initiative in Skopje.

Over the years I've written few times about TEDx:

And many times about the city (of Skopje):

I hope we can talk about these things tomorrow.

(All links in Macedonian. Sorry.)

Лери Лесиг за Републиката на TED

Tags: 

Деновиве на интернет се појави и последниот говор на Лери Лесиг за изгубената Американска република што тој го одржа на овогодинешата TED конференција. Ова е едно од оние видеа што брзо се шират на мрежата и го ќаруваат вниманието на многу, многу луѓе. Некој преведувач веќе го титлува говорот на македонски јазик. Аргументите на страна, во осумнаесте миниту колку што зборива Лесиг последните две му се менува гласот и мислам дека може да се забележи напливот на чувства што го има додека зборува за ова важно прашање.

Се разбира Македонија не е САД и никакви директни паралели не се возможни. Но, ако одлучите да го гледате овој говор и ако сакате за нас овде да извлечете некои поенти (а ги има многу), тогаш ми се чини дека клучната е во тоа е дека пред да има леви или десни прашања (или ако сакате СДСМ и ВМРО прашања) мора да се одговори првото, основно прашање.

А тоа е прашањето за состојбата, здравјето и функционирањето на Републиката.

TEDxSkopje - една година потоа

Tags: 

Вчера се случи објавата на последните три видеа од TEDxSkopje 2010. Скоро една година откако разговарав за идејата за TEDx со Илина (поздрав!), TEDxSkopje 2010 е завршен (или ќе заврши во следниве 24 часа со качувањето на остатокот на видео материјалите на интернет). Тоа е добра временска дистанца да видиме (со препознатливите зборови на Мисирков): „Шчо напраифме и шчо требит да праиме за однапред?“

Мојата лична мотивација да се зафатам со TEDx беше да видам дали може да се направи, се разбира, во Македонија. Под „да се направи“ мислам на тоа да се организира настан што ќе ја постави сцената за поинаков (пред сѐ квалититативно) говор во јавната сфера. Денес, додека ги средувам впечатоците од вчерашните видеа, мислам дека тоа сме го постигнале. Ми требаше оволку време да го заклучам ова бидејќи јас на овие презентации всушност и прв пат ги гледам говорите на 12-те TEDx-совци. Затоа посебно мили ми е што вчера видов дека Небојша Вилиќ во својот говор ја допрел темата за јавниот настап.

Уште еден говор, оној на Клајд Масгрејв, прекрасно се надоврзува на тоа што се случуваше околу TEDxSkopje, почнувајќи од првите средби со идеи, па до последниот кадар што се монтираше. Идејата дека треба да им се помага на луѓето без да се бара нешто за возврат совршено се вклопува во приказната на триесетина луѓе кои одвоија од своето време, знаење, вештини и пари за да го смислат, спроведат и овозможат TEDxSkopje. Причините? Забава и задоволство. И овие две прецизно сумираат една од поентите на говорот на Никос Чаусидис.

Очигледно овие три говори имаат поголемо лично значење за мене. Не ги издвојувам како „објективно најдобри“, ниту пак ова е некаков заеднички став на целиот тим на TEDxSkopje. Ова нека биде мало појаснување, за некој од другите говорници да не се најде погоден. Патем, почнувањето и завршувањето по распоред беше уште еден личен приоритет.

Па, што следи?

Најлесно би било да се каже дека следи потрагата по говорниците за TEDxSkopje 2011. Но, за мене поважно е ширењето на квалитетот на јавниот говор и настап што TEDxSkopje помогна да се создаде, било тоа на интернет или во физички простор. Вторава работа секако е и поголем предизвик, па се надевам дека ќе причинува и поголемо задоволство.

За крај, ќе се вратам на Небојша Вилиќ, кој во својата завршна мисла, згодно, исто како и Роп Гронгрип на 27c3, ја цитираше Маргарет Мид: „Never doubt that a small group of thoughtful, committed citizens can change the world. Indeed, it is the only thing that ever has.“

Отворен повик за TED независна иницијатива во Македонија

Tags: 

Ви пренесуваме идеја, мотив и инспирација во која можете слободно да се приклучите

Ова е отворен повик за неформално собирање на зависници на TED настани од Македонија, кои посериозно би сакале да се ангажираат во локализација на TED независен настан.

Целта на оваа е група е да покрене иницијатива која ќе го донесе ТED духот во Македонија и ќе адаптира нов начин на креирање во рамките на нашето локално живеење и творење.

Со овој јавен повик се надеваме ќе успееме во пронаоѓање на ентузијасти кои веќе расмислувале на оваа тема или пак можеби и посериозно се влезени во процесот на стекнување TEDx лиценца.

Со цел насочување и здружување на енергиите, би сакале заеднички со сите вас, да креираме концепт за TED настан кој би бил посериозен во обем, промоција и квалитет на говорници.

tedx

Што е TED?
TED (читај Технологија, Забава и Дизајн) е независна непрофитна фондација од САД, што во последните 20-тина години успеа да се прошири низ цел свет, анимирајки следбеници со завет за ширење на идеи кои вредат да се споделат ("ideas worth spreading" мисија). Овој концепт како вирален веќе е прифатен од голем број на ралични групи, здруженија и поедници, како основа во формирање на посебен независен формат на локално ниво со етикета TEDx.

Главната цел е да се соберат на едно место неверојатно талентирани ентузијасти кои ќе овозможат креирање на атмосфера за ширење на креативни идеи во рамките на технологија, забава и дизајн кои ќе се применливи во секојдневниот бизнис, општеството и глобални прашања. Сите презентации се лимитирани на 18 минути, што всушност го ограничуваат говорникот за многу кратко време да ја презентира својата долгогодишна работа на јазик што ќе биде интересен, разбирлив и прифатлив за публиката.

Значи, кои сме ние...

Моментална конфигурација на тимот:

  • Искуство во постојано гледање на TED видеа;
  • Искуство во преведување на TEDx видеа на Македонски јазик;
  • Основни познавања за начините и правилата во стекнување на TEDx лиценца;
  • Некои од нас веќе имаат присуствувано на TED настаните во Сараево и Загреб.

Нашата мисија е да пораснеме и да бидеме:

  • позабавни,
  • поинспирирани,
  • подружељубиви,
  • поинформирани,
  • покреативни.

Ако некој од вас веќе се пронајде во оваа наша мисија ќе ве замолимe слободно да се приклучите на Гугл групата tedmk и да пишувате ваши мислења и коментари. Нашата идеја е да ги поканиме сите што се пронаоѓаат во овој концепт за да на најдобар начин создадеме услови во чии рамки ќе можат да проговорат најинтересните, најиновативните говорници во Македонија.

Сараево и TEDx

Tags: 

TEDxSarajevo започна со авионски лет од скопскиот аеродром. За мене тоа беше прв лет со комерцијален превозник. Во Виена не се загубив на аеродромот, успешно следев знаци и упатства, па +1 за мене.

На патот до хотелот во Сараево бев изненаден од многу нови згради по главниот булевар во градот. Пред неколку години кога бевме таму на НСНД Сараево имаше многу дупки и огради, сега има згради, модерни згради. Тоа ме наведе да помислам како за сите градови во странство што ги посетувам велам дека се подобри од Скопје. Но, да не навлегувам во архитектонско-урбанистички дискусии. (Само попатна белешка дека православната црква во Сараево е дело на прочуениoт Андреја Дамјанов.)

Првиот ден помина главно во зезање низ чаршија. По утринскиот доручек со босанско кафе, ја прошетав чаршијата со помош на една студентка од Грција која во Сараево работи на докторската тема. Прошетката конечно откри НЛБ банкомат во земја од регионот - важно бидејќи НЛБ Тутунска рекламира дека нема провизија никаде на НЛБ банкомати со НЛБ картици, па да видиме. Подоцна, во пријателска атмосфера, но и видна табу тема, заедно со еден вработен од хотелот разговаравме за Евровизија.

Раното попладне го поминав во потрага по книжарници, што ми е некако стандардна активност при посетата на екс-ЈУ градови. Успеав да ја најдам книгата на Дејан Јовиќ - Југославија, државата што одумре, а на работ бев да купам и некоја книга со филозовски анализи на принципите на Ѕвездени патеки (како Prime Directive), но во последен момент цената од 30 KM ме премисли.

Малку подоцна се одлучив за бањалучки ќебап во Кастел, баш на влезот во Баш чаршија, а потоа потрошив цел час да најдам место каде што има и пиво и наргиле. Потрагата не успеа, па се задоволив со 2-3 шишиња Сараевско пиво во Селтик пабот близу до вечнот оган.


После повеќе пива можеби упатствава се и корисни. Селтик паб во Сараево.

На крај, во Камерни театар 55 ја гледав Бог на кланицата на Јасмина Реза. Подоцна кога дискутирав со некои од домаќините за претставата, го споделив впечатокот дека во Сараево речиси на секое ќоше има некако културен настан. Ми се чинише дека можам да без план да шетам низ градот и да влетам на некој настан како театарска претстава или концерт. Мојата забелешка била на место рекоа тие. Сараево навистина изобилувало со културни настани.


Камерни театар 55

Вториот ден започна со рано будење и брз доручек, по што веднаш се упатив кон Obala meeting point, местото каде што се одржуваше настанот - всушност кино/кафуле (и можеби уште нешто) во еден објект (можеби потенцијален профил за нашата Кинотека). На влезот имаше мала збрка со пријавувањето, но ништо што би требало да се смета за посебен проблем. Некои од учесниците пак од своја страна одлучиле да не го почитуваат принципот на TED за опуштеност, па и покрај препораките на организаторот беа дојдени во одело и машна.


Постерот за TEDxSarajevo

Организациски, барем според некои од учесничките на насатанот, проблем претставуваше конференциоскиот nametag каде што пишуваше „Ucesnik“. Настанот се одвиваше по прецизен распоред. Дури ми се чини и дека заврши порано од предвиденото. Фотографирање не беше дозволено додека траеја презентациите, па затоа пренасочувам до официјалниот фото материјал. Но да одиме од почеток.


TED gender

По краткиот вовед на кураторот Мухамед Љеваковиќ, програмата ја започна Алмир Мукача од студенската организација Spajalica. Алмир презентираше нешто што би можело да биде типична TED приказна за тоа како група луѓе создаваат заедница за помагање на други луѓе. Во случајот станува збор за орагнизација која спојува лица (спаја лица) кои сакаат да им помогнат на своите колеги студенти кои се сиромашни. Функционираат така што секој член одвојува по една марка дневно (пола евро) за фондот наменет за студентите кои ќе добијат стипендии преку организацијата. Ми се чини дека вакви проблеми постојат и во Македонија, па еве една функционална и практична идеја како тие да се надминат (можеби ќе им се види интересно и на нашите Слободен индекс). Презентациата на Алмир беше проткаена со малку трема, но воглавно беше добра.

Следеше неговиот имењак Алмир Флисар, сарајлија кој сега живее и работи во Љубљана. Неговата презентација беше за... многу работи, но веројатно како главни теми можат да се одделат креативноста и образованието. Флисар се користеше со некои познати мантри како „не постојат проблеми, постојат само прилики да се биде креативен“, но и потсети на позитивниот дух на Сараево кој најдобро бил отсликан и со слоганот на Вучко од ЗОИ '84 што бил -- „нема проблем“.

Може да се рече дека првиот дел всушност за фокус ја имаше темата образование и заврши со TED презентацијата на Кен Робинсон.

Следеа три, за мене, прилично издишани презентации. Зијах Гафиќ зборуваше за фотографија и неговите проекти како фотограф на некои од водечките светски магазини (Time, Newsweek и сл.), и иако темата се чинеше интересна, веројатно фактот што презентацијата всушност беше статична видео снимка, многу одзеде од општиот впечаток.

Потоа Рудолф Бошњак зборуваше за своите проекти за електро-автомобили. Можеби јас и не се пронајдов во оваа прилично техничка тема за да ја оценам добро.

Овој за мене неинтересен дел дефинивно го потвдри професорката по комуникологија Фахира Фезиќ Ченгиќ која сакаше да зборува нешто за катастрофата не медиумите, па го цитираше Бодријар, за на крај да остави впечаток на интернет скептик кој нафрла теории на заговор. Со оглед на тоа дека таа неколку пати низ говорот спомна дека на сила и против нејзината желба ја натерале да дојде на настанот, а дел публиката ја поздрави со тивки „ајде оди си“ коментари, сликата за овој говор несреќно се комплетираше.


Салата каде што се одржуваше настанот

За среќа работите брзо ги поправи Дамир Имамовиќ, музичар кој свири севдах, што излезе и сосема добро во духот на TED каде што настапи често имаат музичи и танцови групи. Неговото музицирање беше испреплетено со приказни за потеклото на скалите кои се користат во најголем дел од песните што се сметаат за босански. Едната молска скала (чие име го заборавив) всушност, во некоја форма, потекнува од Индија, таму свирена во мелодии на ситар, додека пак дурската варијанта на истата скала (простете пак немам име) звучи повесело (и поарапски). Бројот на севдах-песни кои се базираат на овие две скали е огромен. Дамир имаше цела листа со такви песни од кои засвире повеќе за да го докаже своето музичко откритие. Ми се чини дека ова беше навистина презентација во духот на „идеи кои вредат да се споделат“. Музиката патувала од Азија до Босна и Херцеговина и со тоа и самата докажала дека е токму таква идеја. Музицирањето на Дамир беше дополнето со Бенџамин Зендер. Всушност, често имаше вакви интермеца со презентации од TED меѓу кои и онаа за манчмелоуто, иако јас лично, на таа тема би го одбрал Ричард Сент Џон.

По паузата, измешаните впечатоци продолжија со Русмир Махмутќехалиќ, чија презетнација изгледаше на предавање од факултет. По него следеше Кенан Шурковиќ кој имаше интересна приказна зошто одбрал да се бави со уметност (книгата „Историја на модерното сликарство“ била единствената што го преживеала бомбардирањето на неговиот стан) и како почнал да го издава списаниео за исламска уметност. Тој зборуваше и за тоа како меѓусебно си влијаеле исламската и западната уметност, посебно во делот на апстрактната уметност (пред сѐ во сликарството).

Потоа следеше уште еден професор - Фикрет Алиќ кој иако зборуваше за корисни еко-иновации, сепак настапи премногу маркетиншки, што патем е во спротивност со принципите на TED, и тоа го направи неговиот говор да изгледа повеќе како за на саем. Паѓа во очи ваквата раштрканост на темите, можеби Бошњак и Алиќ ќе беа подобри во еден блок, но можеби организаторот сакал да добие разновидност во текот на целиот ден.

Вистински хит беше Неџат Ибришимовиќ, писател које е кандидат за Нобелова награда од БиХ. По долгогодишна работа и најпродаван роман во последните години во БиХ, што по тираж го надминал и „Дервиш и смрт“, Неџат изјави дека сѐ уште не е сигурен дека сака да биде писател. Тој ја објасни својата работа на книгата преку концептот „совршеното е непријател на доброто“. Патем дознав дека приказната во романот „Вечник“ многу наликува на „Човекот од Земјата“. За жал, немам време да ја купам книгата.

Следеше Сулејман Бугари, кој колку што разбрав е свештено лице. Неговото излагање беше мешавина на проповедање и приказна за центарот за одвикнување од зависност од дрога кој што помогнал да го основа. Иако се чини дека тој е мошне популарен во Сараево, мој впечаток е дека местото не му е на TED, особено поради што промивирањето на религиски агенди е забрането на ваквите настани. Вреди да се забележи дека тој веројатно беше и најдобриот говорник на настанот. Неговиот колега од христијанската заедница, извесен Мирко Мајданџиќ го откажал своето присуство.

Интермецото што следеше беше Ханс Рослинг, за што не мислам дека потребно дополнително објаснување.

Пред крајот зборуваше и Саладин Пашалиќ, кој и покрај интересната животна и бизнис приказна (стартување на бизнис во станот каде што бил потстанар - правење на успешен бизнис - и среќно потоа до крајот на животот), некако успеа да произведе празна презентација.

Последен беше кураторот Љеваковиќ, кој накратко ја кажа својата визија зошто смета дека TED може да биде важен за БиХ: разменувањето идеи може да биде платформа за надминување на национализмот и сите ние сме повеќе малцинство во мнозинство во сите групи кои постојат во општеството. За воља на вистината јас бев вистинско малцинство на TEDxSarajevo: изгледа бев единствениот кој не е од БиХ, а можеби и единствениот кој не е од Сараево.

Последниот аплауз го затвори настанот, бидејќи најавениот networking не се случи. Речиси сите напуштајќи ја салата, го напуштија и објектот, па и јас се вратив во соба да ги запишам сите овие работи додека се тазе.

Општиот впечаток ми е дека ова беше одлично организиран TEDx настан, кој во некоја мера потфрли со содржината (или барем со начинот на нејзиното презетнирање). Најавено е дека следниот TEDx настан во Сараево ќе биде во октомври, па останува да се види како ќе се променат работите. Патем, додека ги запишувам овие последни реченици на твитер се појави TEDxNYed: This is bullshit.

За крај ми остана да забележам дека босанските студенти одамна располагаат со врвна литература од економските науки на мајчин јазик. На штандот што беше поставен во предворјето на салата може да се видат преводи на Семјуелсон, Менкју, Кругман и многу други на мајчиниот јазик на граѓаните на БиХ. Изданијата беа и од раните 2000-ти и од последниве години. Не можам да не помислам дека Македонија изгуби толку многу време. Сѐ уште не знам дали со новиов проект на владата добивме конечно добивме превод на Семјуелснон.

Вечерта се вратив во чаршијата на наргиле и хурмашица, Забавната вечер ја прекина еден келнер кој сакаше да се надмурува со мене за пола марка, но ова никако не може да го засени одличното чувство за градот и неговите жители. Патувањето не помина без стандардните приказни дека некој имал стрина или вујна од Македонија што се омажила за некој од ЈНА и слично.

Последните зборови ги допишувам на аеродромот во Виена, каде е-читачите како Kindle се попопуларни од лаптопите. Нема wifi тука, па текстов ќе појде на интернет штом ќе се приберам дома.

Дополнување: Откако одморив и го препрочитав текстов и си го вратив филмот од презентациите, заклучкот е едноставен: тие презентации што беа со приказна беа успешни. Секако и раскажувачот на приказната е важен, но публиката ќе препознае добра и искрена приказна дури и ако говорникот се збуни или има трема.

TEDxZagreb

Tags: 

Објавени се повиците за учество и номинација на предавачи на регионалниот TEDxZagreb.

Тема на настанот е „Ум широко отворен“.

Со последниве (а и континуираните) глупости што се случуваат овде, тешко ми е да пронајдам некој кој би го номинирал. Сепак, ако има некој некаков предлог, коментарите се тука, а номинацијата е на Google docs.

Зошто општествата пропаѓаат?

Tags: 

Само што го гледав Џеред Дајамонд на ТЕД. Во својот говор тој објаснува зошто општествата пропаѓаат и дали можат да сторат нешто за да се спасат.

Тој има пет критериуми според кои оценува кои се шансите едно општество да преживее, односно спаси од колапс. Решив да видам како се применуваат тие на Македонија. Еве ги:

1. Човечко влијание на околината, уништување на природните ресурси (ОКТА, загадени вода, истребена пастрмка, изгорени и исечени шуми (и донекаде пошумени со нови), Велешка топилница, ФЕНИ...)
2. Климатски промени: Да.
3. Односи со соседни пријателски општества, кои му помагаат на општеството (кога нема поддршка што се случува?): Македонија баш и нема некои традиционални пријатели. Сепак, ако е да се цени преку трговската размена (увоз/извоз), тогаш големиот дефицит е добар индикатор за лоша состојба, како и рецесија во економиите на најголемите партнери.
4. Односи со непријателски општества: традиционално непријателски односи со сите комшии, блокиран пристап до странство (шенген), учество во војни....
5. Политички, економски, социјални и културни фактори, кои овозможуваат полесно или потешко решавање на проблемите: национализам, шовинизам, кратковидост...?

Дајамонд објаснува и како може некое општество да се спаси, или пак, зошто општествата не се спасуваат. Препорачувам секој да си го погледа предавањето и да оцени какви се шансите на нашето општество.