Submitted by Новица on
Tags:
Што е заедничко за маалскиот фудбалски дриблер, активистот на Прва архи бригада и корисникот на интернет загрижен за приватноста, анонимноста и законите како ACTA?
Сите се плашат од загубата на јавните простори.
Маалските фудбалски терени ги има сѐ помалку. Училишните пак се даваат под концесии. Најчесто, за да се игра фудбал денес треба да се плати од 1000 до 1500 денари за термин. Но, не е само дека фудбалерите имаат потешкотии да се забавуваат. На слободните терени, кога искусните тимови гледаа европско, порано можеше помладите да играат фудбал, сервис, тенис, школка, ластик...
Кога пред три години ПАБ на протест сакаше да укаже на губењето на малку поинаков, но неспорно, подеднакво јавен простор, тоа не наиде на пошироко разбирање. Бројот на нешта што може да се прават на сега поинаку организираниот плоштад е помал од порано, и некои групи на граѓани сигурно се исклучени од тој ресурс. Уште многу други места во Скопје (а можеби и во други градови во Македонија) од јавни преминаа во приватни.
Токму оваа метафора на преминувањето на физичкиот простор од јавен во приватен ја корисат и Апелбаум и Клајнер на Република 2012 кога зборуваат за монополите на друштвените мрежи:
„Кога зборуваме за права, зборуваме за права во јавниот парк. Но нашиот друштвен простор веќе не е јавниот парк, туку е трговскиот центар каде службата за обезбедување има апсолутна и тотална моќ“.
Како и нашите паркови кои се полнат со трговски центри (и други контролирани институции), така и слободниот и отворен интернет се полни со места каде не сме корисници, туку сме производи. Гибсон нѐ потсети дека интернет е мета-град. Тешко е да се замисли град без јавни простори.
И кога е јасно дека сите три групи на граѓани во основа водат иста битка, можат ли да соработуваат овие три? Не знам дали може да го одговорам ова прашање, но може да потсетам следниот пат кога ќе се собираме за некоја кауза од јавен интерес во физичкиот свет, тоа да не го правиме на приватниот имот на корпорациите од мета-градот.
1 Comment
Википедија е сеуште тука што
Submitted by Mite Mitreski (not verified) on
Википедија е сеуште тука што значи имаме некаков јавен простор