јавни добра

Undefined

Јавниот превоз и редистрибуцијата

Tags: 

Со дозволувањето пензионираните граѓани бесплатно да ги користат услугите на ЈСП Скопје во вторник и петок, градските власти создадоа индиректни субвенции за приватните автобуски превозници.

Пред оваа интервенција патниците го бирале автобусот по одредени критериуми. Сега тие критериуми се променети. Имено, патниците треба да го засметуваат и дополнителниот број на патници што исклучиво го користат превозот од ЈСП.

Поради ова некои од оние патници кои плаќаат можат да се одлучат да се возат со приватните превозници, и со тоа ним да им го зголемат приходот. Под претпоставка дека ова не би се случило инаку, со интервенцијата на градот всушност се случила двојна редистрибуција: прво од градската каса кон ЈСП и второ од граѓаните кои плаќаат за превоз кон приватните превозници.

Приватизација на јавното

Tags: 

Што е заедничко за маалскиот фудбалски дриблер, активистот на Прва архи бригада и корисникот на интернет загрижен за приватноста, анонимноста и законите како ACTA?

Сите се плашат од загубата на јавните простори.

Маалските фудбалски терени ги има сѐ помалку. Училишните пак се даваат под концесии. Најчесто, за да се игра фудбал денес треба да се плати од 1000 до 1500 денари за термин. Но, не е само дека фудбалерите имаат потешкотии да се забавуваат. На слободните терени, кога искусните тимови гледаа европско, порано можеше помладите да играат фудбал, сервис, тенис, школка, ластик...

Кога пред три години ПАБ на протест сакаше да укаже на губењето на малку поинаков, но неспорно, подеднакво јавен простор, тоа не наиде на пошироко разбирање. Бројот на нешта што може да се прават на сега поинаку организираниот плоштад е помал од порано, и некои групи на граѓани сигурно се исклучени од тој ресурс. Уште многу други места во Скопје (а можеби и во други градови во Македонија) од јавни преминаа во приватни.

Токму оваа метафора на преминувањето на физичкиот простор од јавен во приватен ја корисат и Апелбаум и Клајнер на Република 2012 кога зборуваат за монополите на друштвените мрежи:

„Кога зборуваме за права, зборуваме за права во јавниот парк. Но нашиот друштвен простор веќе не е јавниот парк, туку е трговскиот центар каде службата за обезбедување има апсолутна и тотална моќ“.

Како и нашите паркови кои се полнат со трговски центри (и други контролирани институции), така и слободниот и отворен интернет се полни со места каде не сме корисници, туку сме производи. Гибсон нѐ потсети дека интернет е мета-град. Тешко е да се замисли град без јавни простори.

И кога е јасно дека сите три групи на граѓани во основа водат иста битка, можат ли да соработуваат овие три? Не знам дали може да го одговорам ова прашање, но може да потсетам следниот пат кога ќе се собираме за некоја кауза од јавен интерес во физичкиот свет, тоа да не го правиме на приватниот имот на корпорациите од мета-градот.

Отворени градови

Tags: 

Оваа не е вообичаениот тип на текст што се појавува овде, но ете да го споделам ова кратко и корисно видео од годинешната re:publica во Берлин: https://www.youtube.com/watch?v=YZqHXNUFLgM

Станува збор за најава за проект за отворени градови, користење на товорени податоци за создавање на услови за поубаво живеење во градовите. Од тоа што може да се види на сајтот на проектот во него се вклучени Хелсинки, Берлин, Амстердам, Париз, Рим, Барселона и Болоња (ако воопшто некој и би се изненадил од овој попис).

Па тоа, мал heads-up за скопските градски активисти.

Улис и зомбија

Tags: 

Ова е првиот наслов на кој помислив кога прочитав дека од 1 јануари 2012 делата на Џејмс Џојс влегуваат во јавниот домен во ЕУ. За оние кои не знаат Џојс се смета за „родоначелник и втемелувач на модерниот прозен и експериментален пристап“ [според Википедија на Македонски]. Насловот не е случаен. Една исто така голема авторка Џејн Остин, чии дела од поодамна се наоѓаат во јавниот домен, има добиено проширувања и преработки со зомбијата како централна тема. Книгата се вика „Гордост и предрасуди и зомбија“ и настрана од поволните критики што ги има добиено, ова дело претставува еден од светлечките примери за тоа што може да се прави кога културата е слободна. Уште еднаш, по кој знае кој пат, познатиот рефрен на Лоренс Лесиг: „Креативноста секогаш се надоградува на минатото“ - совршено го сумира овој уметнички потфат, како и можностите што стојат пред нас.

Но, љубителите на проза со зомбија не се единствените што се радуваат на оваа вест. Според текст од American University единствениот наследник на имотот на Џојс, неговиот внук Стефен Џојс, будно и жестоко ги бранел правата од делата на Џојс, дејствувајќи против јавноста што сакала да го слави големиот писател и против академската заедница за која делата на Џојс се од големо значење.

Така оваа година за прв пат на 16 јуни, на Блумсдеј – денот кога се случува „Улис“ и денот кога светот го слави Џејмс Џојс, тие прослави нема да бидат модерирани од страна на режимот на авторски права.

Радоста сепак ја нема во целиот свет. На многу од книгите на Џојс авторските права остануваат да важат во САД уште најмалку десетина години. Делата на Џејмс Џојс не се единствената жртва на проширувањето на режимот на авторски права во САД. Како што објави Центарот за проучување на јавниот домен, ако законот за авторски права останеше во формата од 1976 година на 1 јануари 2012 на јавниот домен ќе му се приклучеа: „Враќањето на кралот“ од Толкин, „Крадци на тела“ од Џек Фини, два од трите главни филмови на Џејмс Дин - „Источно од рајот“ и „Бунтовник без причина“ и уште дузина други култни дела.

Додека ја чекаме „Улис и зомбија“ преземањето од интернет на „Улис“ и другите дела на Џејмс Џојс е слободно – периодот од живот + 70 важи и во Македонија. Повелете на проектот Гутенберг.

Текстот е објавен на it.com.mk: Улис и зомбија.

Играјќи си со јавните податоци

Tags: 

Трети декември е датумот кога се одржува годишниот хакатон за отворени податоци. Во основа ова е еднодневен настан што се одржува во разни градови во светот на кој хакерите се собираат со цел да создадат апликации и презентации од отворени јавни податоци. Последново се однесува на податоци кои ги прибрале различни државни служби (како на пример Завод за статстика) и кои се јавно достапни, да речеме на интернет, во формати кои овозможуваат лесно манипулирање со нив.

До сега движењето за отворени податоци има создадено неколку корисни апликации: OpenSpending со која може да се визуелизираат буџетите на локалните или државните власти, Mapit кој служи за мапирање на поштенски броеви и административни области и Open311Api кој е отворен стандард за следење на транспарентност, ефикасност и отчетност во градовите. Сигурно има и други алатки. Ова се само првите три набројани на OpenDataDay.org.

Оваа година хакатонот за отворени податоци случајно доаѓа по објавениот цртеж на Рандал Мунро, авторот на XKCD, насловен „Пари“. Иако направен помалку или повеќе шегаџиски, а секако во стилот на познатиот стрип, цртежот ги наведува сите изводи што се искористени за да се направи оваа визуелизација. Несомнено ова е уште еден добар пример за тоа што можат граѓаните да прават со јавно достапни податоци. Можеме само да шпекулираме дека сето ова е очекуван ефект од чекорот на администрацијата на Барак Обама да го стартува Data.gov и да ги направи податоците што ги собира извршната власт на САД достапни за граѓаните. Овој чекор го следеа и други земји на OECD.

Ова не е само прашање на хакерско зезање. Оправданоста на јавниот достап до државно-собраните податоци може да се објасни на повеќе начини: ако граѓаните веќе еднаш платиле за собирањето на податоците (преку даноци), тогаш сите податоци собрани на таков начин треба да бидат достапни за користење без надоместок; или, податоците што ги собираат државните институции треба да бидат достапни на увид за граѓаните да бидат поинформирани и полесно да можат да се вклучат во јавната дебата што демократските системи ја бараат; или преку увидот во податоците прибрани од државата, граѓаните можат да остварат подобра контрола над институциите на системот.

Македонските иницијативи од ваков тип се бледи. На почетокот на годинава @budgetmk твиташе информации од Буџетот на Р. Македонија за 2011 г. Во 2010 година на youtube се појави видео што ги презентира податоците за сообраќајни несреќи објавени од МВР наспорти кампањата што ја презентираше Владата на РМ за користењето на дрога и безбедноста во сообраќајот.

Дали знаете за други вакви примери во земјава? Дали има отворен извор на јавни податоци во Македонија или пак апликации изградени околу податоци кои што државата ги направила јавно достапни? Бидејќи нема овој трети декември да правиме хакатон, можеме барем да ја истражиме состојбата со отворените податоци во Македонија.

Текстот е објавен на it.com.mk: Играјќи си со јавните податоци.

Free Speech Online: Колкав ти е хонорарот за Скопје 2014?

Tags: 

На Интернет се зборува дека текстот на Гоце со горниот наслов наишол на Гугл цензура.

Па воден од девизата: „I disapprove of what you say, but I will defend to the death your right to say it.“, Член 16 Став 2 од Уставот на Републиката и кампањата Free Speech Online, еве го целиот текст на Гоце и на ова интернет место.

Колкав ти е хонорарот за Скопје 2014?

Една работа никако да им стане јасна на сите „уметници“, инволвирани во проектот Скопје 2014.

„Уметниците“ се навредени и крајно изненадени, секогаш, кога некој новинар ќе се осуди да биде доволно дрзок и да го постави прашањето за хонорарот што го зеле, за да го произведат сопственото дело, за целите на проектот Скопје 2014. Се кочат, прават неартикулирани движења, се чешаат, превртуваат очи…

Не само што нема никаква причина за изненаденост, а уште помалку за навреденост, туку ценетите „уметници“ имаат обврска да ја соопштат вредноста на хонорарот, бидејќи него го добиваат од државни пари, од парите на јавноста, која инаку и сака да ја дознае бараната информација.

Дрскоста е во случајот на страната на „уметниците“, зашто упорно го драматизираат регуларното прашање и го сведуваат на домашно невоспитување или некултура.

Кога проектите би биле нарачани од приватна фирма, тогаш „уметниците“ „можат“ да изберат да се раководат од извесна политика за необјавување на тајни информации и да осудуваат за некултура. Но, во случајот со Скопје 2014 едноставно немаат избор.

Мислам дека граѓаните од Скопје се тотално збунети од ова однесување, па на моменти дури и го оправдуваат, со образложението дека „новинарите си го пикаат носот кадешто не им е работа“. Новинарите постојат за да „си го пикаат носот кадешто не им е работа“. Во изминативе неколку години, видовме што значи кога новинарите не го прават тоа – тотален колапс на системот, самоволие, корупциски скандали, непотизам до бескрај…

Па, почувани сограѓани, пред да почнете со поделбите и да застанете на страната на „уметниците“ сетете се дека парите коишто тие ги добиваат како хонорар, се обезбедени преку даноците што сите ние ги плаќаме. Новинарите, какви такви, се вашите пријатели, па можете само да бидете благодарни што некои од нив се доволно храбри да му пркосат на самоволието на оваа нетранспарентна власт.

Во случајот со Скопје 2014, постои само една апсолутна вистина, а тоа е: проектот е профитабилен.

Среќа што сум во Белград кога ќе штрајкуваат овие од ЈСП

Tags: 

Повеќе медиуми известија за планот на ЈСП за штрајк на 4-ти април, како и нивните барања откако им е блокирана сметката заради долг: врска (Утрински).

Јас мислам:

1. Кретени;

2. Градот/Владата (кој и да е) да го продаде ЈСП, макар и да ги загуби парите;

3. Градот да определи минимални услови кои возилата треба да ги исполнуваат за да возат на улица (да, и „приватниците“ ќе мора да си купат нови автобуси);

4. Градот да определи возен ред за сите линии: годишно време, месец, ден, час, минута...;

5. Градот да пресмета колку автобуси се потребни за да се почитува тој возен ред;

6. Градот да издаде точно толку лиценци (и ниту една повеќе) и да ги продаде на било кој што сака да ги купи (парите од лиценци да ги искористи за правење на тоа автоматско/електронско следење на автобусите;

7. Градот да определи максимална цена за билет;

8. Градот да определи единствен изглед на сите автобуски билети - сите да можат секаде да се користат;

9. Градот да обезбеди механички поништувачи на билети (види Белград).

Јас знам: нема шанси ништо од ова да се случи. Ако е убаво времето, спремете си го велосипедот за да стигнете на време кај и да одите на 4-ти април.

Уште вести за Скопје

Tags: 

Во Шпиц прочитав (мртва врска) дека:

Санос“ нуди проект според кој старите возила во јавниот сообраќај би се заменувале сукцесивно во наредните две години со месечно повлекување на 15 дотраени автобуси, а би се вовеле и нови линии за кои има потреба, но досега биле оценувани како нерентабилни.

Јас сакам нови автобуси во Скопје.