хакови

Undefined

Играјќи си со јавните податоци

Tags: 

Трети декември е датумот кога се одржува годишниот хакатон за отворени податоци. Во основа ова е еднодневен настан што се одржува во разни градови во светот на кој хакерите се собираат со цел да создадат апликации и презентации од отворени јавни податоци. Последново се однесува на податоци кои ги прибрале различни државни служби (како на пример Завод за статстика) и кои се јавно достапни, да речеме на интернет, во формати кои овозможуваат лесно манипулирање со нив.

До сега движењето за отворени податоци има создадено неколку корисни апликации: OpenSpending со која може да се визуелизираат буџетите на локалните или државните власти, Mapit кој служи за мапирање на поштенски броеви и административни области и Open311Api кој е отворен стандард за следење на транспарентност, ефикасност и отчетност во градовите. Сигурно има и други алатки. Ова се само првите три набројани на OpenDataDay.org.

Оваа година хакатонот за отворени податоци случајно доаѓа по објавениот цртеж на Рандал Мунро, авторот на XKCD, насловен „Пари“. Иако направен помалку или повеќе шегаџиски, а секако во стилот на познатиот стрип, цртежот ги наведува сите изводи што се искористени за да се направи оваа визуелизација. Несомнено ова е уште еден добар пример за тоа што можат граѓаните да прават со јавно достапни податоци. Можеме само да шпекулираме дека сето ова е очекуван ефект од чекорот на администрацијата на Барак Обама да го стартува Data.gov и да ги направи податоците што ги собира извршната власт на САД достапни за граѓаните. Овој чекор го следеа и други земји на OECD.

Ова не е само прашање на хакерско зезање. Оправданоста на јавниот достап до државно-собраните податоци може да се објасни на повеќе начини: ако граѓаните веќе еднаш платиле за собирањето на податоците (преку даноци), тогаш сите податоци собрани на таков начин треба да бидат достапни за користење без надоместок; или, податоците што ги собираат државните институции треба да бидат достапни на увид за граѓаните да бидат поинформирани и полесно да можат да се вклучат во јавната дебата што демократските системи ја бараат; или преку увидот во податоците прибрани од државата, граѓаните можат да остварат подобра контрола над институциите на системот.

Македонските иницијативи од ваков тип се бледи. На почетокот на годинава @budgetmk твиташе информации од Буџетот на Р. Македонија за 2011 г. Во 2010 година на youtube се појави видео што ги презентира податоците за сообраќајни несреќи објавени од МВР наспорти кампањата што ја презентираше Владата на РМ за користењето на дрога и безбедноста во сообраќајот.

Дали знаете за други вакви примери во земјава? Дали има отворен извор на јавни податоци во Македонија или пак апликации изградени околу податоци кои што државата ги направила јавно достапни? Бидејќи нема овој трети декември да правиме хакатон, можеме барем да ја истражиме состојбата со отворените податоци во Македонија.

Текстот е објавен на it.com.mk: Играјќи си со јавните податоци.

Репринт: Маестралната уметност на владеење на Груевски

Tags: 

На 1.8.2007 година дописникот на Утрински од Париз испратил еден многу позитивен текст за Саркози до својата редакција во Скопје. Текстот го има во архивите на Утрински. Се вика: Маестралната уметност на владеење на Саркози. Не се сеќавам што тоа друго сум правел пред Илинден 2007, освен што блогов забележал преработка на текстот во македонски контекст. Па бидејќи се избори, и така весело е, еве уште еден репринт од архивите на airborne.

Пред да продолжите со читање, задолжително видете го текстот од Утрински весник.

Маестралната уметност на владеење на Груевски

Скопје - Откако дојде на премиерската функција во Македонија Никола Груевски секој ден изненадува, па и неговите противници признаваат дека потезите кои ги влече не ги остава рамнодушни Македонците. Никола Груевски е на сите страни, во Брисел, во Трново, Скопје, на Водно, во Охрид, новинарите се опсипани со комуникеа од Илинденска бб и преку нив Македонците се запознати со сите постапки на нивниот сеприсутен премиер.

Никола Груевски, исто како и за време на предизборната кампања за чија оркестрација се интересираа дури и штабовите на американските претседателски кандидати стана вистински мајстор во уметноста на владеењето и комуникациите. „Тој го надминува се' она што ги имавме видено до денес“, пишува колумнистот на еден од најтиражните македонски регионални весници „Република“.

Премиерот кој сака да го промени начинот на владеење, по првите денови поминати на Илинденска бб изгледа дека успеа, барем засега. Тој не го слуша државниот апарат, техноструктурите, кои во една технократска да не речеме бирократска држава како Македонија, сака да провери се', Груевски секојдневно испишува по едно поглавје од уметноста за владеење. Македонските коментатори се согласуваат дека тој веќе успеа во едно: да му завидуваат. На последниот самит на Нато во Охрид, тој ја претстави Македонија во одлично светло и лобираше за прием во светската безбедносна организација иако тоа не беше на агендата. Заедно со министрите, без разлика на полемиката предизвикана во Македонија, спроведува компјутеризација на училиштата во Македонија. Тој е еден од творците на даночната реформа во Македонија. Начинот на неговото делување е одраз на еден нов стил на владеење.

На внатрешен план неговиот стил исто така ги дезориентира Македонците. Изборот на социјал-демократот Ивица Боцевски за гласноговорник на Владата, иако главниот збор го има Груевски, потоа на Габриела Коневска Трајковска (без политички стаж) за вицепремиер и раководител со секретаријат за европски прашања, кооптирањето на млади кадри, како Зоран Ставревски и Миле Јанакиевски, назначувањето на еден од ретките „преживеани“ политичари од социјализмот во Министерството за правда ја докрајчи македонската опозиција.

Груевски не ги заборави ни обичните Македонци. Тој беше со селаните кога им беше најтешко - кога оганот, беснеејќи по локалните шуми, пламтеше пред нивните черги. Премиерот на македонската држава не запира никогаш – тој беше со јуниорските репрезентивци во мал фудбал за да им го честита трофејот, а на 2 јуни на скопското сајмиште на концерт на Зубин Мехта, чија организација ја побара лично тој.

Гледајќи го како владее и работи се добива впечатокот дека неговите министри имаат многу мака да го следат. Министрите мораат да се задоволат со улогата на извршители на програмските определби на Груевски. Тие што се сведоци на апсењата од висок профил, и покрај негодувањата, видоа дека македонските граѓани го одобруваат ловот на криминалците. Анкетите велат дека конечно во Македонија се врати оптимизмот.

Пред ваквата раздвиженост на премиерот, македонските набљудувачи на политичката сцена, како коментаторот на „Република“ се запрашуваат:

„Дали Никола Груевски е човекот кој прави премногу или човек кој се сака самиот себеси премногу? Би рекле, дека тој е политичка ѕверка хранета со чувството за стратегија, со тактичката грижа и жедта за резултати, кој оди нанапред не барајќи да се заштити“. Накратко, како што пишува „Република“, Груевски ја презема одговорноста за сите негови и за потезите на на Владата. Затоа работливиот Груевски го зафаќа целиот медиумски простор. Македонците можат да следат како се пилотира државата, речиси во директен пренос.

Уште една иницијатива за хаклаб во Скопје

Tags: 

За случајните читатели на блогов, кои можеби се заинтересирани за хакирање, објавувам порака од нашата поштенска листа:

Случајно стапивме во контакт со некоја екипа уметници кои држат фини простории во центарот на градов. Разговаравме за тоа некако да се здружиме и да направиме заеднички простор каде меѓу другото ќе има и хаклаб.

Сѐ уште не знаеме дали тие ќе сакаат да делат простор со компјутерџии и под какви услови, но без разлика, ние може да пробаме да се преброиме колку луѓе сме, кој сѐ е зантересиран и колку пари е спремен да даде за кирија и трошоци, како некој вид на чланарина месечно.

Ако имате некои прашања, прашај те овде.

http://slobodensoftver.org.mk/hacklab - а ова е местото за пријавуање.

Ерес од Лугархија

Tags: 

Доаѓаат празници и имам нешто повеќе слободно време, па го исполнувам со читање на пропуштени содржини од изминатите месеци. И еве нешто возбудливо за читање. Подолу е целиот текст за ерес во медиумите, пренесен од Лугархија од ноември 2008.

Како да објавите ерес во водечките весници
автор: Ѕврмбат Кркуљ

Францускиот семиотичар Мишел Фуко има покажано дека оние кои ги контролираат мисловните машини (масовните медиуми), ги контролираат умовите на луѓето.

Како и многу други аутсајдери, мене ме вчудоневидува производството на „вести“ од страна на оние кои ги контролираат весниците и телевизиите. Затоа во последно време почнав да експериментирам со методи што му овозможуваат на поединецот да ги разбие редовите на моќниците.

Во весниците има мислења од познати колумнисти. Тие се одбрани со цел да создадат привид на различни гледни точки и богатство на мислења, но во реалноста тие покриваат тесно поле помеѓу екстремната десница и лојалната не толку десна опозиција. Дисидентските текстови, без разлика на тоа колку нивните факти се убедливи или нивната логика брилијантна, имаат многу мала шанса да бидат објавени.

Затоа тука се „писмата до уредникот“. Тоа е единственото место каде што може да се искажат поинакви мислења. Но, ова го знаат и секторите за односи со јавноста на политичките и религиозните групи, па го полнат сандачето на уредниците со пропаганда. Така на овој начин може да се објават екстремни фашистички мислења кои „угледните“ колумнисти не се осмелуваат да ги спомнат. Но, на овој начин, покрај нив може да се протнат и вистински либерални и еретички мислења.

Во последните години имам напишано стотици писма до водечките весници. Оние потпишани со мое име завршуваат во корпата. Но, имам далеку поголема стапка на успех кога пишувам под псевдоним, особено ако општествено-етничкиот призвук на името одговара на содржината на текстот.

Најефективната инфо-хакерска техника е да избегнете отворено искажување на дисидентски мисли. Едноставно присвоете ја моменталнта линија на естаблишментот. Одберете го најзлогласниот и најзапаливиот аспект на закоравената позиција. Преувеличете го малку и бранете го со пасиониран жаргон на вистински верник. Сатирата е најдобар учител за оние кои се глуви за логиката и доказите.

Базирано на: „How to Publish Heresy in Mainline Publications“ од Тимоти Лири, прв пат објавено во „Trajectories“ во 1989 г.

Овој 11 Октомври

Tags: 

Денес имам посебна радост поради тоа што конечно имам парно дома. Но тоа не е сѐ.

Денес на плоштадот во Скопје имаше мал настан за прашањата за приватност во времево во кое живееме.

Постерот за кампањата „Слобода или страв“

Додека бев присутен голем број на минувачи застанаа да видат што е работата, па можеби тоа е добар чекор во запознавање на јавноста со овие проблематични и осетливи теми.

Потоа, следеше дебата во Точка на тема „Зошто востанието го кренале комунисти?“

Револуционерно знаме

Претпоставувам дека на други места ќе се појават подолги текстови за дебатава. Јас сакам само да речам секоја чест за академикот Коле Чашуле и едно благодарам за приказната што ја раскажа на почетокот за тоа како се готвело востанието.

На крај, Спин монстер е повторно во акција (на некој начин :-)).

Би било кул да се проба на СЗ

Tags: 

Домашна ламба од cd-а:

http://lifehacker.com/348759/build-your-own-cd-stack-lamp

http://www.flickr.com/photos/iamthechad/tags/cdlamp/

http://www.tcnj.edu/~jones37/cd.html

Само не знам што е тоа „cold cathode lamp“ и дали се продава некаде локално.

Танцува со мечките

Tags: 

Ми се чини дека приказната за осудената мечка е добро позната за сите. Сепак, можеби и не се знае дека пчеларот ја бркал со турбо фолк. (Врска.)

И додека цел свет се чуди како во Македонија се осудуваат мечки, екипата на СпинМонстер (меѓу кои и 3ца жители на планетава), го сработи едноминутниот филм „Танцува со мечките“ за конкурсот на овогодинешниот Скопски филмски фестивал.

Филмот ја истражува истата тема, од малку поинаква перспектива. Па погледајте и гласајте.

http://youtube.com/watch?v=yo5ydtldoqg

П.С. Се гласа со СМС на 14747 и содржина SFF 007. :)

Естрадата однапред запознаена со исходот од преговорите за името

Tags: 

Денес, во утринската емисија на Фолк радио, фолк дивата Соња Тарчуловска изјави дека планира да ја препее македонската народна песна „Јас сум Македонка“. Рефренот чии стихови се врежани во свеста на сите македонци од 7 до 77 години ќе завршува со нов стих:

Дали сум пиринка, егејка, вардарка... јас сум Скопјанка.

Пејачката образложи дека ова го прави со цел да го приближи новото име на државата до граѓаните.

Веднаш по ова, линиите на радиото се вжештија. Преку илјада граѓани се јавија во радиото. Некои од нив ја поддржаа идејата, а некои со навредувачки коментари ја критикуваа и пејачката и радио станицата.

Набргу по ова, на скопското радио Канал 103 се огласи фронтменот на Прогресивната македонска група Пи-Ем-Џи. Според Мирко Попов тие веќе од поодамна знаат за новото име на државата благодарение на нивната долгорочна тесна соработка со странски ди-џеи и промотори. Затоа нивниот хит кој датира уште од 2005 година го носи името „Скопјанка“. Имено, тогаш членовите на групата сакале песната да го носи името „Македонка“, но како што рече Попов, Претседателот (Тери Френсис) му пренел на Дарко дека сепак подобро име е „Скопјанка“.

Pages