хакови

Undefined

KDE splash screen

AttachmentSize
Binary Data mkdsplash.tar_.gz178.02 KB

Tags: 

Пред некое време си направив splash screen за KDE. Не е ништо посебно, само кажува дека KDE-то е на македонски јазик. Еве како изгледа.

Ако го сакате симнете (178k) ја архивата, отпакувајте и mkd директоримот ископирајте го во $HOME/.kde/share/apps/ksplash/Themes/. Потоа одберете го splash screen-от во контролниот центар на KDE.

Хакирање на медиумите

Tags: 

Пред да продолжите да читате надолу прочитајте за маестралната уметност на владеење на Саркози: врска.

ОК. Сега читајте надолу.

Маестралната уметност на владеење на Груевски

Скопје - Откако дојде на премиерската функција во Македонија Никола Груевски секој ден изненадува, па и неговите противници признаваат дека потезите кои ги влече не ги остава рамнодушни Македонците. Никола Груевски е на сите страни, во Брисел, во Трново, Скопје, на Водно, во Охрид, новинарите се опсипани со комуникеа од Илинденска бб и преку нив Македонците се запознати со сите постапки на нивниот сеприсутен премиер.

Никола Груевски, исто како и за време на предизборната кампања за чија оркестрација се интересираа дури и штабовите на американските претседателски кандидати стана вистински мајстор во уметноста на владеењето и комуникациите. „Тој го надминува се' она што ги имавме видено до денес“, пишува колумнистот на еден од најтиражните македонски регионални весници „Република“.

Премиерот кој сака да го промени начинот на владеење, по првите денови поминати на Илинденска бб изгледа дека успеа, барем засега. Тој не го слуша државниот апарат, техноструктурите, кои во една технократска да не речеме бирократска држава како Македонија, сака да провери се', Груевски секојдневно испишува по едно поглавје од уметноста за владеење. Македонските коментатори се согласуваат дека тој веќе успеа во едно: да му завидуваат. На последниот самит на Нато во Охрид, тој ја претстави Македонија во одлично светло и лобираше за прием во светската безбедносна организација иако тоа не беше на агендата. Заедно со министрите, без разлика на полемиката предизвикана во Македонија, спроведува компјутеризација на училиштата во Македонија. Тој е еден од творците на даночната реформа во Македонија. Начинот на неговото делување е одраз на еден нов стил на владеење.

На внатрешен план неговиот стил исто така ги дезориентира Македонците. Изборот на социјал-демократот Ивица Боцевски за гласноговорник на Владата, иако главниот збор го има Груевски, потоа на Габриела Коневска Трајковска (без политички стаж) за вицепремиер и раководител со секретаријат за европски прашања, кооптирањето на млади кадри, како Зоран Ставревски и Миле Јанакиевски, назначувањето на еден од ретките „преживеани“ политичари од социјализмот во Министерството за правда ја докрајчи македонската опозиција.

Груевски не ги заборави ни обичните Македонци. Тој беше со селаните кога им беше најтешко - кога оганот, беснеејќи по локалните шуми, пламтеше пред нивните черги. Премиерот на македонската држава не запира никогаш – тој беше со јуниорските репрезентивци во мал фудбал за да им го честита трофејот, а на 2 јуни на скопското сајмиште на концерт на Зубин Мехта, чија организација ја побара лично тој.

Гледајќи го како владее и работи се добива впечатокот дека неговите министри имаат многу мака да го следат. Министрите мораат да се задоволат со улогата на извршители на програмските определби на Груевски. Тие што се сведоци на апсењата од висок профил, и покрај негодувањата, видоа дека македонските граѓани го одобруваат ловот на криминалците. Анкетите велат дека конечно во Македонија се врати оптимизмот.

Пред ваквата раздвиженост на премиерот, македонските набљудувачи на политичката сцена, како коментаторот на „Република“ се запрашуваат:

„Дали Никола Груевски е човекот кој прави премногу или човек кој се сака самиот себеси премногу? Би рекле, дека тој е политичка ѕверка хранета со чувството за стратегија, со тактичката грижа и жедта за резултати, кој оди нанапред не барајќи да се заштити“. Накратко, како што пишува „Република“, Груевски ја презема одговорноста за сите негови и за потезите на на Владата. Затоа работливиот Груевски го зафаќа целиот медиумски простор. Македонците можат да следат како се пилотира државата, речиси во директен пренос.

Хакирањето заврши. Благодарност до Котле за идеите.

Волшебник за КК лиценци на македонски јазик

Tags: 

Абе вода стои, ние од слободен софтвер не стоиме. :)

Ми требаше нешто мене овој волшебников. Знаев дека сум го видел некаде, ама сум го изгубил ли обележувачот... што ли веќе.

И после долга претрага го најдов, а сега го има и на македонски благодарение на Марко и Александар.

Повелете, видете за што се работи: http://cclw.lugola.net.

Update: http://www.cclw.lugola.net - треба и www во врската. Не знам зошто.

Update2: Сега е ок со двете URL-а.

Не е баш дека ништо не се случува во Ниш

Tags: 

Некаде прочитав дека белата позадина троши значително повеќе струја од црната. Кога Гугл би прешол на црна страница, светот би заштедил 750 мегавати струја. Јас еве со правам мал придонес кон штедењето на енергија со изменето css на блогов.

Ми се чини дека има и еден сервис кој е таков црн гугл ама сега не ми текнува на url-то.

ps. ми текна

Размена: ништо не се случи.

Tags: 

Гик-хак собирот во Сараево низ слики: http://www.flickr.com/photos/novica/tags/размена/

(Flickr работи и со кирилични лепенки (tag-ови). Супер.)

А еве и луд доказ дека хакирањето не е само со компјутери:

Во Скопје времето беше топло и суво, па јас лежерно си ги земав старите патики за пат. Но, Сараево беше друга приказна - ладно и дожд.

Старите патики, се разбира попуштени во својата градба, не се снаоѓаат најдобро на дожд, па веќе во првите неколку часа беа жива вода. Соочен со опасноста водените обувки да влијаат лошо по моето здравје, веднаш по враќањето во станот каде што бевме сместени ги исушив патиките со фен. Потоа, за да се обезбедам од иден упад на водата до моите нозе во патиките ставив влошки (онакви женски, за месечен циклус). :)

Вистински хак

Се покажаа како посебно ефективни. Ја собраа водата што навлегуваше низ дупките на ѓонот, а други проблеми не предизвикаа.

Владата замеси леб, опозицијата бара погача. Системот функционира.

Tags: 

Кибер котле известува за кршењето леб на Илинденска ББ (мртва врска):

Вечерва Владата традиционално ја кршеше Бадниковата погача. Но, како што дознаваме, оваа година паричето се паднало кај опозицијата, што внесе немир во редовите на Владата.

Повеќе институции веднаш побрзаа со свои изјави (што се покажа како целосно непријатно за новинарите кои едвај земаа здив и се надеваа дека на раат ќе ја варат сармата попладнево).

Од Антикорупциската комисија велат дека постојат сериозни сомневања дека тестото го месела вујна на еден од министрите. Не сакајќи да именуваат никого, тие рекоа дека ќе го тераат случајот до крај и дека нема да замижат пред уште еден пример за непотизам.

На заедничка прес-конфренција од Царината и МВР пак беа покажани фотографии од бело брашно тип 400 кое единиците на овие служби го фатиле веднаш по влезот во Македонија од соседна Бугарија. Тие се сомневаат дека брашното е дел од поголемите количини од кои бугарските власти сакаат да се ослободат, бидејќи во ЕУ не се јаде (толку многу) леб.

Портпаролот на главната опозициска партија и оваа прилика ја искористи да ја критукува Владата дека тера само по свое бидејќи не се консултирала со нив за изборот на паричката, иако таа паднала во нивното парче. Тој најави дека ако и за Василица биде исто, партијата нема да учествува повеќе на никакви прослави, па дури ни на 2 мај.

Вести од други места: Коледе пендрек на Вуна (мртва врска).

Македонија се ребрендира!

Tags: 

И од тука ѕирка решение за спорот со името: Република Макетонија. :D

P.S. Боите за знамето ги земав од t.ht.hr, а знамето од мк.Википедија, Интернетот од Миша.

RSS за по дома

Tags: 

Им ја сурфав малку (повеќе) страницата на моите пријатели НМП и видов дека на нивниот дел за вести немаат rss. Страницава, нели не им е некој модерен CMS, ниту ваква скриптичка како мојов блог каде rss има како стандардна опција.

Затоа чепнав малку по Интернет да видам како всушност се прави rss feed и не било тешко. Следи quick&dirty rss за сите вљубеници во статички страници и обичен html.

Чекор 1. Отверете го вашиот омилен текстуален уредувач. Во него внесете содржина што сакате да оди на rss:

Првата групна изложба на НМП

Првата групна изложба на НМП ќе се одржи во Младински Културен Центар од 8 до 15 април, на која прсти ќе фрлат 16 автори со пар попатни циркуски изненадувања.

http://www.nmp.com.mk/novo.html

Чекор 2. Додајте тагови на содржината, вака:
<item>
<title>Првата групна изложба на НМП</title>
<description>Првата групна изложба на НМП ќе се одржи во Младински Културен Центар од 8 до 15 април, на која прсти ќе фрлат 16 автори со пар попатни циркуски изненадувања</description>
<link>http://www.nmp.com.mk/novo.html</link>
</item>

Додавањето нови (повеќе) вести очигледно е со додавање повеќе тагови и содржина меѓу нив.

Чекор 3. На врвот на документот внесете:

<?xml version="1.0"?> <rss version="2.0"> <channel>

А на неговото дно:

</channel> </rss>

Чекор 4. Снимете го документот со некое име од типот feed.xml.

Чекор 5. Качете го документот на сервер во root-от на веб страницата.

Чекор 6. Изменете го index.html документот од вашата веб страница така што во делот <head></head> ќе додадете нешто вакво:

<link rel="alternate" type="application/rss+xml" title="НМП/rss" href="http://www.nmp.com.mk/feed.xml">

Чекор 7. Пуштете муабет!

НМП, читате? Да си направите feed! :)

Користена литература: Making An RSS Feed и Creating an RSS Feed.

Pages