Владата замеси леб, опозицијата бара погача. Системот функционира.

Tags: 

Кибер котле известува за кршењето леб на Илинденска ББ (мртва врска):

Вечерва Владата традиционално ја кршеше Бадниковата погача. Но, како што дознаваме, оваа година паричето се паднало кај опозицијата, што внесе немир во редовите на Владата.

Повеќе институции веднаш побрзаа со свои изјави (што се покажа како целосно непријатно за новинарите кои едвај земаа здив и се надеваа дека на раат ќе ја варат сармата попладнево).

Од Антикорупциската комисија велат дека постојат сериозни сомневања дека тестото го месела вујна на еден од министрите. Не сакајќи да именуваат никого, тие рекоа дека ќе го тераат случајот до крај и дека нема да замижат пред уште еден пример за непотизам.

На заедничка прес-конфренција од Царината и МВР пак беа покажани фотографии од бело брашно тип 400 кое единиците на овие служби го фатиле веднаш по влезот во Македонија од соседна Бугарија. Тие се сомневаат дека брашното е дел од поголемите количини од кои бугарските власти сакаат да се ослободат, бидејќи во ЕУ не се јаде (толку многу) леб.

Портпаролот на главната опозициска партија и оваа прилика ја искористи да ја критукува Владата дека тера само по свое бидејќи не се консултирала со нив за изборот на паричката, иако таа паднала во нивното парче. Тој најави дека ако и за Василица биде исто, партијата нема да учествува повеќе на никакви прослави, па дури ни на 2 мај.

Вести од други места: Коледе пендрек на Вуна (мртва врска).