Submitted by Новица on
Tags:
Доаѓаат празници и имам нешто повеќе слободно време, па го исполнувам со читање на пропуштени содржини од изминатите месеци. И еве нешто возбудливо за читање. Подолу е целиот текст за ерес во медиумите, пренесен од Лугархија од ноември 2008.
Како да објавите ерес во водечките весници
автор: Ѕврмбат Кркуљ
Францускиот семиотичар Мишел Фуко има покажано дека оние кои ги контролираат мисловните машини (масовните медиуми), ги контролираат умовите на луѓето.
Како и многу други аутсајдери, мене ме вчудоневидува производството на „вести“ од страна на оние кои ги контролираат весниците и телевизиите. Затоа во последно време почнав да експериментирам со методи што му овозможуваат на поединецот да ги разбие редовите на моќниците.
Во весниците има мислења од познати колумнисти. Тие се одбрани со цел да создадат привид на различни гледни точки и богатство на мислења, но во реалноста тие покриваат тесно поле помеѓу екстремната десница и лојалната не толку десна опозиција. Дисидентските текстови, без разлика на тоа колку нивните факти се убедливи или нивната логика брилијантна, имаат многу мала шанса да бидат објавени.
Затоа тука се „писмата до уредникот“. Тоа е единственото место каде што може да се искажат поинакви мислења. Но, ова го знаат и секторите за односи со јавноста на политичките и религиозните групи, па го полнат сандачето на уредниците со пропаганда. Така на овој начин може да се објават екстремни фашистички мислења кои „угледните“ колумнисти не се осмелуваат да ги спомнат. Но, на овој начин, покрај нив може да се протнат и вистински либерални и еретички мислења.
Во последните години имам напишано стотици писма до водечките весници. Оние потпишани со мое име завршуваат во корпата. Но, имам далеку поголема стапка на успех кога пишувам под псевдоним, особено ако општествено-етничкиот призвук на името одговара на содржината на текстот.
Најефективната инфо-хакерска техника е да избегнете отворено искажување на дисидентски мисли. Едноставно присвоете ја моменталнта линија на естаблишментот. Одберете го најзлогласниот и најзапаливиот аспект на закоравената позиција. Преувеличете го малку и бранете го со пасиониран жаргон на вистински верник. Сатирата е најдобар учител за оние кои се глуви за логиката и доказите.
Базирано на: „How to Publish Heresy in Mainline Publications“ од Тимоти Лири, прв пат објавено во „Trajectories“ во 1989 г.