регион

Undefined

Архитектура и политика

Tags: 

Намерата ми беше за ова да пишувам откако ќе го слушнам и денешното предавање на Томислав Медак, но бидејќи есапот дома и на пазар не е ист, одиме вака.

Пред 2 дена го слушав Теодор Целакоски од Мултимедијалниот институт од Загреб на тема „Уметност и активизам – формати и значења на политичкото дејствување и влијание на независната културна сцена“. Предавањето беше за хрватското движење „Право на град“ каде што Тео има активна улога, а кое го организира (релативно) успешниот граѓански протест за зачувување на улицита „Варшавска“ во Загреб. Како што разбрав, од предавањето има аудио снимка, и бидејќи не сакам овде да го раскажувам, заинтересираните може да го пингаат организаторот.

Моето видување е дека приказната за хрватското право на град е интересна за нас од повеќе аспекти и од неа можат да се црпат лекции за Скопје2014 - всушност мислам дека некои од тие лекции се добро научени (или барем добро набубани - да се изразам школски) од локалните актери.

Предавањето мене ми послужи да си потврдам некои свои размислувања што може да се сумирааат во една реченица: „Архитектурата е политика“. Мислам дека причините за неуспехот на Прва архи-бригада и Плоштад Слобода како две главни групи што ја водеа опозицијата против Скопје2014, но и на другите јавни опозиционери (нема да наведувам имиња сега), а во поново време и на Асоцијацијата на архитекти лежат во погрешното јавно пишување и објаснување токму на оваа реченица.

Намерно не велам „разбирање“ бидејќи веројатно е дека меѓу овие луѓе има такви (сите?) кои ја разбираат. Останува тоа дека таа не беше искомуницирана на начин што ќе биде приемчив за јавноста.

Архитектите згрешија (и грешат) што инсистираат на тоа дека прашањето за изгледот на Скопје е прашање на архитектура: стручна дебата за стиловите, правците и материјалите што се користат во градењето. Таквата стручна дебата ја промашува суштината и ја оттуѓува јавноста. Дури и „Форум Скопје“ што треба да биде хм - форум, всушност е настан затворен за пошироката јавност - освен архитекти и ретки заинтесирани, други луѓе нема. Нема ни опозиција. Тоа е повеќе или помалку настан на кој се случува „Preaching to the choir“.

Другите општествени активисти слично згрешија (и грешат) што го шират прашањето длабоко во политика, во поширок или преширок контекст на политичка борба (на пример: фати го крадецот!). Ваквиот пристап исто така ја оттуѓува јавноста. Тој не нуди јасни пораки туку повеќе материјал за медиумски шпекулации, а во опкружување во кое ретко и тешко се прави разлика меѓу „партиското“ и „политичкото“ исходот очигледно е уште еден хор.

Да сумирам: Скопје2014 е политичко прашање. Такво треба да биде од интерес на граѓаните во едно демократско општество, кои се политични по самото тоа што живеат во политичка творба (држава). Сфаќам дека сето ова тешко се голта во Македонија, но токму тоа требаше да биде и целта на опозицијата на Скопје2014 - да создаде заедничка точка на интерес околу која ќе се сплотат различни групи (секоја со своја поширока агенда?), но кои ќе понудат дискусија во врска со политичко-граѓанскиот аспект на проектот. Тоа не се случи. Можеби премногу се разликуваме од Хрватска и тоа е добар изговор, но можеби требаше малку повеќе напор за да се артикулира една јасна порака што ќе биде приемчива за поголем број луѓе.

На крај, ќе беше убаво да видиме како независната сцена (сфатена што е можно пошироко) во Македонија се здружува околу едно прашање - со што ќе го докажеше и своето постоење, но наместо тоа ќе живееме со уште една епизода на меѓусебни потценувања и обвинувања.

TEDxZagreb

Tags: 

Објавени се повиците за учество и номинација на предавачи на регионалниот TEDxZagreb.

Тема на настанот е „Ум широко отворен“.

Со последниве (а и континуираните) глупости што се случуваат овде, тешко ми е да пронајдам некој кој би го номинирал. Сепак, ако има некој некаков предлог, коментарите се тука, а номинацијата е на Google docs.

Конференција за слободен софтвер во Косово

Tags: 

Утре одам за Пришитна. Таму овој викенд се случува голема конференција за слободен софтвер.

Ова е прва конференција од ваков тип во нашето поблиско соседство. Можеби слична на оваа е само хрватската.

Јас ќе имам мала презентација таму на тема „Заедници кои се распаѓаат“. Ќе зборувам за Македонија и нашата заедница.

Во 2002 г. работите околу слободниот софтвер почнаа слично и во Македонија: со конференција и гостин од ФСФ.

Седум години подоцна, „Слободен софтвер Македонија“ сѐ уште не може да добие прописни фондови за работа, сѐ уште нема свои канцеларии и бројот на луѓе кои активно придонесуваат секојдневно се намалува. Секако, нема ни конференција

Ќе зборувам за овие неуспеси. Најверојатно ќе биде кратко и можеби и другите луѓе кои патувааат од овде ќе придонесат некако во дебатата.

За мене лично, ми се чини дека ова ќе биде последната активност поврзана со слободен софтвер што ќе ја правам локално/регионално.

7 години звучи и некако предолго.

И книги од ова лето

Tags: 

Прочитав две книги летово. Па ајде да споделам:

1. „Strah od pletenja“ на Vedrana Rudan. По се изгледа збирка колумни од неделникот „Nacional“. Пишува за актуелни секојдневни теми во Хрватска и тоа прилично жестоко. За да видите отприлика за што се работи, еве еден текст кој го има во книгата: „Ne sanja svaki rob snove o slobodi“.

„Zovem se Ana, imam trideset godina, živim u Hrvatskoj, Hrvatska je u Evropi, godina je 2003. Rodila sam se u diktaturi, odrasla u demokraciji. Roditelji su mnogo uložili u moje školovanje, misle da je obrazovanje bitno. Diplomirala sam dva fakulteta, govorim engleski, talijanski i njemački, služim se ruskim. Posao sam dobila bez problema, radim u austrijsko-hrvatskoj firmi kao programerka, ima nas dvadesetak, svi smo mladi i ambiciozni, želimo uspjeti i postići nešto u životu. Opisat ću vam svoj radni tjedan.“

2. The Undercover Economist на Tim Harford. Краток преглед на главните делови од микроекономија со нови примери. Ако сте студирале економија, и ако сте запамтиле, ништо ново, но интересно за читање во секој случај. Ако не сте студирале економија, шанса да видите дали тоа е за вас (читам баш сега уписите на факултетите се во тек). Лесен и разбирлив јазик и објаснувања што ќе ве натераат да си речете „зошто ние не правиме така“. Можеби треба да се преведе и да им се шибне како задолжителна предизборна литература на сите политичари. Книгата малку и идеализира со слободен пазар и слободна трговија... но тоа не ја прави помалку интересна.

Неколку белешки од летните патувања

Tags: 

1. Да постоеше Југославија немаше да плаќам роаминг кога ќе одев на море.
2. Немаше да плаќам ни банкарски провизии.
3. Societe Generale и T-Mobile сепак се погрижиле да гледам препознатливи брендови.
4. Квалитетот на јавните тоалети се зголемува како оди човек на север. Се прашувам дали состојбата на јавните тоалети е во корелација со БДП?
5. Патиштата исто. Може да се каже дека јавните работи стануваат подобри на север. Република, нели тоа беше јавна работа? Изгледа, Македонија баш и не е република.
6. Македонија ја копира Хрватска за многу работи. Поточно, македонските политичари ги копираат хрватските колеги за многу работи.
7. Кризата е заебана во Хрватска. Таму долговите доспеале за наплата.
8. Сплит ја има Диоклецијановата палата. Грчките колонии од п.н.е. стигнале до Вис (Иса). Дали хрватите се исто толку антички колку што се и македонците? Дали Диоклецијан е хрватски како што Александар е македонски?
9. Подобро, зошто Александар не е Македонски како што и Диоклецијан не е хрватски?
10. Ако не зборуваш БКС, тогаш зборуваш словенечки јазик. Освен кога зборуваш македонски. (БКС е кратенка за босански-хрватски-српски. Ја користат германците кога ќе чујат како некој зборува југословенски (не јужнословенски)).
11. Стрипови се супер работа. Така научив БКС, односно српско-хрватски на времето. Сега симнувам торент од 10 гига со Загор.
12. Добро е кога ќе се најдеш во плантажа со смокви. Зрели смокви.
13. Ах, нема врска. Сите ние сме браќа.
14. Единствените граничари што ги малтретираат своите граѓани кои се враќаат во својата држава се македонските граничари.

Унгарија потпишала договор со Мајкрософт и еве што се случило

Tags: 

http://www.youtube.com/watch?v=wUZNw7h96WU - Балмер гаѓан со јајца

http://nagyorgy.uw.hu/ - која е математиката?

Ме потсети ова на Македонија некако, па да го прибележам.

Новогодишна честитка до нашиот министер

Tags: 

Ги знаете сите оние приказни како соседните држави ја престигнуваат Македонија на патот кон ЕУ, НАТО, иднината, развојот, економскиот раст и сл.?

Еве уште една таква потенцијална приказна. На српските блогови се збореше неколку дена, а еве сега и објава од нивното министерство: Србија оди на слободен софтвер.

Останува да видиме дали ова ќе се исплони. Некои сметаат дека е предизборен трик. Лично мислам дека покрај Косово, сите други предизборни зезанции во Србија се лук и вода.

Дали Македонија, која во очите на меѓународната заедница на слободен софтвер важи за една од повозбудливите приказни, ќе заостане повторно и по кој знае кој пат зад своите соседи?

Одговорот ќе го чекаме во новата година.

И толку од мене во оваа 2007.

Pages