предавања

Undefined

Архитектура и политика

Tags: 

Намерата ми беше за ова да пишувам откако ќе го слушнам и денешното предавање на Томислав Медак, но бидејќи есапот дома и на пазар не е ист, одиме вака.

Пред 2 дена го слушав Теодор Целакоски од Мултимедијалниот институт од Загреб на тема „Уметност и активизам – формати и значења на политичкото дејствување и влијание на независната културна сцена“. Предавањето беше за хрватското движење „Право на град“ каде што Тео има активна улога, а кое го организира (релативно) успешниот граѓански протест за зачувување на улицита „Варшавска“ во Загреб. Како што разбрав, од предавањето има аудио снимка, и бидејќи не сакам овде да го раскажувам, заинтересираните може да го пингаат организаторот.

Моето видување е дека приказната за хрватското право на град е интересна за нас од повеќе аспекти и од неа можат да се црпат лекции за Скопје2014 - всушност мислам дека некои од тие лекции се добро научени (или барем добро набубани - да се изразам школски) од локалните актери.

Предавањето мене ми послужи да си потврдам некои свои размислувања што може да се сумирааат во една реченица: „Архитектурата е политика“. Мислам дека причините за неуспехот на Прва архи-бригада и Плоштад Слобода како две главни групи што ја водеа опозицијата против Скопје2014, но и на другите јавни опозиционери (нема да наведувам имиња сега), а во поново време и на Асоцијацијата на архитекти лежат во погрешното јавно пишување и објаснување токму на оваа реченица.

Намерно не велам „разбирање“ бидејќи веројатно е дека меѓу овие луѓе има такви (сите?) кои ја разбираат. Останува тоа дека таа не беше искомуницирана на начин што ќе биде приемчив за јавноста.

Архитектите згрешија (и грешат) што инсистираат на тоа дека прашањето за изгледот на Скопје е прашање на архитектура: стручна дебата за стиловите, правците и материјалите што се користат во градењето. Таквата стручна дебата ја промашува суштината и ја оттуѓува јавноста. Дури и „Форум Скопје“ што треба да биде хм - форум, всушност е настан затворен за пошироката јавност - освен архитекти и ретки заинтесирани, други луѓе нема. Нема ни опозиција. Тоа е повеќе или помалку настан на кој се случува „Preaching to the choir“.

Другите општествени активисти слично згрешија (и грешат) што го шират прашањето длабоко во политика, во поширок или преширок контекст на политичка борба (на пример: фати го крадецот!). Ваквиот пристап исто така ја оттуѓува јавноста. Тој не нуди јасни пораки туку повеќе материјал за медиумски шпекулации, а во опкружување во кое ретко и тешко се прави разлика меѓу „партиското“ и „политичкото“ исходот очигледно е уште еден хор.

Да сумирам: Скопје2014 е политичко прашање. Такво треба да биде од интерес на граѓаните во едно демократско општество, кои се политични по самото тоа што живеат во политичка творба (држава). Сфаќам дека сето ова тешко се голта во Македонија, но токму тоа требаше да биде и целта на опозицијата на Скопје2014 - да создаде заедничка точка на интерес околу која ќе се сплотат различни групи (секоја со своја поширока агенда?), но кои ќе понудат дискусија во врска со политичко-граѓанскиот аспект на проектот. Тоа не се случи. Можеби премногу се разликуваме од Хрватска и тоа е добар изговор, но можеби требаше малку повеќе напор за да се артикулира една јасна порака што ќе биде приемчива за поголем број луѓе.

На крај, ќе беше убаво да видиме како независната сцена (сфатена што е можно пошироко) во Македонија се здружува околу едно прашање - со што ќе го докажеше и своето постоење, но наместо тоа ќе живееме со уште една епизода на меѓусебни потценувања и обвинувања.

За едно гну

Tags: 

Читајќи ги реакциите по предавањето на Ричард Сталман се чусвтвувам како да завршила некоја наша гиковизија во која наместо риба, главната улога ја имало некое гну.

За оние кои не следат, вчера во преполнета сала во Холидеј-ин Ричард Сталман од фондацијата за слободен софтвер одржа предавање на тема „Авторските права против општеството во доба на компјутерските мрежи“ во кое објасни како било пред да постои системот на авторски права, како и зошто тој систем бил зачнат и до каде е работата денес. Прошарано со малку историја за слободен софтвер и неочекуваното играорство на битолски ора на Сталман, предавањето ги вклучи следниве работи: Во антиката авторски права не постоеле, автори постоеле, копирање било дозволено, се правело рачно ако книгата доживеала да не биде запленета од локалниот буџован. Потоа во Европа ја измислиле машината за печатење, која за волја на вистината всушност е измислена во Кина многу векови порано, но Европејците со своето повторно измислување на неа шлапнале закон за печатење (анг. copyrigt) чија примарна цел била да го регулира печатењето на книги. Како таков, тој бил насочен кон индустријата и лесно се применувал, бидејќи лесно се контролирале неколкуте издавачи што постоеле (во денешни услови мислете на закон на банки и банки - освен во случајот на Грција). Целта на законот била создавање на дополнителна корист за јавноста, за општеството: машината за печатење го направила издавањето на книги во голем обем ефтино и лесно, монополот што го имале издавачите над печатење на една книга се оправдувал со поголемата корист што јавноста ја имала од достапноста на оваа книга (економската анализа зад ова е едноставна, но да не се рашириме премногу).

Потоа технологијата направила уште еден голем чекор напред и условите повтроно се промениле, но наместо општеството повторно да одбере модел што ќе му носи поголема корист, сега сме заглавени во систем што потенцијално може да ги третира сите граѓани како криминалнци, не е поволен за повеќето автори и воглавно служи да се одржи опстанокот на една индистрија. Оваа елаборација беше дополнета со бројни примери (како на пример правото на анонимно купување на книга) со кои веројатно и најзакоравените поддржувачи на авторските права ќе се сложат дека беа на место и се важни за дебатата за едно слободно и демократско општество... но не е важно. Македонија не е ниту едното нити другoто, па затоа и мојaтa гиковизиска реакција на текстовите како што е „Македонија е ветената земја за идеите на Сталман“.

Македонија, или било која друга земја, би можела да биде ветената земја кога би била суверена во носењето на своите закони и би направила систем во кој авторските права траат 10 години. Македонија не е тоа, и всушност, како и сите други земји е тивок поклоник на агендата на САД, преку WTO / WIPO, за тоа како треба да изгледаат овие права и оние кои заедно со нив се туркаат под чадорот „интелектуална сопственост“.

Слободата е главната категорија во тоа што Сталман го работи и говори. Софтверот е слободен, но не е бесплатен. Мешањето на овие два поими има некаква логика во англискиот јазик, но не и во македонскиот. Да го правите тоа значи намерно да занемарувате клучни работи во врска со одреден концепт. Кога ќе размислите за тоа и сите физички објекти се слободни, како што вели и тој до оној момент додека реалноста на нештата тоа го дозволува. Прашањето за слободен софтвер не е прашање за тоа колку пари чини тој или како се дистрибуира. Клучното прашање е дека му дава контрола на корисникот во својата работа - нешто што неслободниот софтвер, платен или не, легален или не, не може никогаш да му го даде на корисникот. Ако користите MS Windows XP - па макар и неговата најнелегална копија - сигурно е дека тој подеднакво како и легалната копија во било која државна институција, испраќа приватни податоци назад во Редмнод. Така вистинското прашање за секој човек кој седнува на компјутер денес не е дали некој софтвер може бесплатно да се симне од интернет, туку колку е спремен да плати за да добие контрола врз својот компјутер. Неслободниот софтвер кој е набавен нелегално не станува автоматски слободен. Освен привремената можност за споделување, тој не исполнува ниту еден од другите услови за слобода.

Авторските права ја играат клучната улога во оваа разлика. Вистинскиот хак на Сталман е употребата на рестриктивнот закон за овозможување на екосистем на споделување на знаење и софтвер. Но бидејќи и предавањето на беше за GNU и GPL, ќе останам и сега понастрана од тоа. Вообичаената аргументација на индустријата и медиумите дека авторските права им служат на авторите. Но ретко кој ги прашува авторите за тоа. До сега не сум запознал ниту еден автор кој напишал или насликал или снимил нешто поради тоа што знаел дека тоа ќе биде заштитено. Причините секогаш се полични: желба да се каже нешто, желба да се презентира човек во јавноста, желба да се дискутира за некоја идеја. И овој текст јас го пишувам од прилично лична причинa: видов дека текстот на Виктор се појавил на ОКНО, а мојот текст на слична тема од пред неколку месеци не успеа да се најде на страниците на овој наш веб магазин. Во секој случај авторските права денес многу повеќе служат за контрола на јавноста и општеството и измешани со техничките мерки за заштита прават заложници од луѓето. Прашајте некој автор дали би сакал неговиот читател да ја даде книгата на комшијата кој претходно не чул за него и со тоа тој да добие уште еден читател. Сега пробајте да го направите тоа со електронска книга затворена во DRM. Желбата во дел од јавноста да се заштити индустријата која (нужно) ги експлоатира и авторите и уживателите на уметноста не е објаснува од ниту една перспектива: во капитализмот нормално е да умираат (и да се раѓаат нови) индустрии и тоа е неизбежен дел од конкурентската борба, во демократските општества слободата на граѓаните е поважна од профитот на корпорациите.

Споредувањето на неволноста на Сталман да го продаде своето плишано гну за помалку од 1300 денари со практиката на индустријата без ваше знаење да инсталира софтвер на вашиот компјутер за да ви забрани да го пуштите дискот што легално сте го купиле во нивната продавница е несериозно и наивно. Прво тука е прашањето на цената на чинење на доброто: можеби гнуто навистина чини 1300 денари и цената не може да оди под тоа. Ако го купите за 1300 денари, продавачот не остварува профит. Сѐ повеќе од 1300 е доброволно - како и што беше. Ова не е случај со дисковите кои се продаваат по цени повеќе десетици пати повисоки и со кои индустријата всушност остварува монополски профити - спуштањето на тие цени нема да ги направи нив да бидат во загуба. Подеднакво важно е дека Сталман гнуто го продава без скриени rootkit-ови во него и без ограничувања на неговата употреба, додека големите медиумски куќи тоа не го прават така.

Слободата или ви е важна или не. Ако не, тогаш што и да има Сталман да каже не е многу важно.

Кога веќе не направивме џингл за RMS...

Tags: 

Кога пред неколку години се дозна дека RMS играл македонско оро на песна за Битола, Македонија реши да му се заблагодари за оваа промоција со инсталирање на GNU/Linux на сите компјутери во училиштата.

RMS во Скопје

Ричард Сталман е назад во Македонија за прв пат по многу години. Иако веќе не е во години за играње, сѐ уште добро се држи со зборување. Така, на темата „Авторските права против општеството“ RMS ќе ѝ се обрати на скопската публика на 3 јуни во 18 ч во Холидеј-ин.

Хакерска етика @ NYUS во Сарај

Tags: 

Да продолжам со неделата на заблогадарувања - благодарност до Дарко Булдиоски и проф. Дона Колар-Панов за поканата и отстапеното време да одржам кратка презентација на темата „Зошто хакерите хакираат“.

За мене тоа беше добра прилика да споделам некои нови работи со кои се сретнав, посебно преку читањето на „Хакерска етика“ - книга која ја има во библиотеката на 2с.мк. Презентацијата беше само врв од сантата мраз на голема тема за работната етика која доминира денес и можните промени кои хакерската може да ги донесе.

Но настрана од тоа, атмосферата на часот по Дигитални медиуми и сајбер култура беше нешто што не сум го видел на друго место во Македонија. Да беше пред 5 години, ќе се запишев таму на постипломски. Се разбира не знам дали сите часови се такви, но овој беше отворен и поттикнувачки за учесниците.

Ни требаат повеќе вакви студии.

Лесиг на iCommons во Јапонија

Tags: 

Предавањето на Лорен Лесиг на годинешниот iCommons Summit: врска.

Ова е едно од неколку што Лесиг ги одржува во последно време, каде што објаснува за својот (умерен) став кон прашањето за авторските права.

Слично на ова предавање, е и она од 23c3: врска.

Но, овде на крај има едно интересно соочување со Џон Пери Барлоу (мислам), па секако го препорачувам тој дел.

Ова ако не ви здосадил да го гледате. :)

Патем, Лесиг (ќе) има и нова книга: врска.

Дополнување: во последно време сѐ нешто се појавува информација дека Лери го одржал „последното“ предавање. Пред последното да биде она на iCommons, последно беше ова на Стенфорд: врска. :)

Стив Џобс за животот, универзумот и останато

Tags: 

Ми се чини дека сум ги читал овие приказни, но штом веќе ми влета видето со говорот на rss, можам да го ставам и на блог.

http://www.youtube.com/watch?v=UF8uR6Z6KLc

Идеи кои вреди да се споделат

Tags: 

Одлична презентација на Ханс Рослинг, професор по интернационално здравје од Шведска, на овогодинешната TED (Technology Entertainment Design) конференција (Википедија: Technology Entertainment Design).

Софтверот за кој што говори Ханс и кој се користи за презентацијата е на Фондацијата Gapminder и, се разбира, го има на Гугл: tools.google.com/gapminder.

Сите знаеме дека Македонија тапка во место, ама еве шанса тоа и да го видиме. Па погледајте.

А за оние кои не знаат, Слободен софтвер Македонија од 28.11.2006 ќе споделува знаење на Факултетот за електротехника и информациски технологии.

10 убиствени можности на ГНУ/Линукс

Tags: 

Презентацијата која не се случи на овогодинешниот инсталационен фестивал. :)

10. OpenOffice.org и PDF

OpenOffice.org не е апликација која што може да се користи само под ГНУ/Линукс, но сепак, тоа е главниот канцелариски пакет на овој оперативен систем. Која е најдобрата опција на ОО.о? Print to PDF.

Си пишувате некој документ, табела, презентација... било што, и со еден клик добивате PDF документ. Ми се чини дека не мора посебно да објаснувам зошто е добро да си имате PDF верзија од некој документ. Океј, OO.o работи и под Windows па опцијава можете и таму да ја користите. А и другите канцелариски пакети во ГНУ/Линукс, како на пример KOffice, го можат истово, па очигледно правењето PDF документи не би требало да биде голем проблем за никого.

9. Konqueror и аудио

Konqueror е менаџерот на датотеки за KDE, попознат како швајцарскиот нож на KDE. Може да прави еден тон работи. Прелистувачот на аудио дискови веројатно е една од најкул можностите. Ставате аудио диск во вашиот CD уред, кликате на Konqueror, па Сервиси и таму избирате Аудио CD. Ви се прикажува содржината на CD-то со песните во различно формати и правањето MP3-јки никогаш не било полесно. Copy&paste на соодветната папка и сте завршиле работа. Сепак, јас би препорачал да правите ogg-ови исто преку Konqueror. Тоа е форматот на заедницата на слободен софтвер.

8. Amarok и сите негови опции...

Amarok апликацијата за аудио репродукција на KDE. Значи, си направивте ogg-ови од вашето CD и сега си го пуштате музичето во Amarok. Навистина не ми е позната состојбата на други слични апликации, особено на тие што се за Windows, ама Amarok има збир неверојатни опции. Омилени ми се можностите Amarok да ги прибере информациите за изведувачите од Wikipedia и текстовите на песните од... некој друг сервис од Интернет. Претпоставувам дека оние опции за сликички од албуми, подредување на песните по слушаност и сл. се веќе стандардни кај поголем број вакви апликации. Ако не се, тогаш ги имате во Amarok.

7. Повеќе десктопи

KDE (и сите други десктоп околини за ГНУ/Линукс) има можност за додавање повеќе десктопи. Стандардот вообичаено е четири. Ова со десктопиве (работните површини) е прилично практична работа. На еден декстоп си отварате едни апликации, на друг други апликации. Не ви се прави мешаница. На апликациите можете да им кажете на кој десктоп да се отвараат. Скокањето од еден на друг десктоп е едноставно - и со глушец и со тастатура.

Се разбира, можете да имате различни позадини и различни имиња за секој десктоп. :)

6. Klipper

Klipper е апликацијата за clipboard (табла со исечоци) за KDE. Текстот на кој му правите Cut или Copy си живее таму некое време по Paste. Така ако ви притреба, не мора да ја барате апликацијата од која сте го ископирале текстот, па повторно да копирате. Си кликате на Klipper и си го пронаоѓате текстот... работата продолжува без застој.

5. Конзола

Конзолата е една прилично моќна апликација. Најблиску до неа во Windows е она што ви се покажува доколку со Run го пуштите cmd. Ама тоа најблиску е всушност прилично далеку. :)

Добро, да речеме дека конзолата баш и не е место каде почетниците најлесно ќе се снајдат, ама со време нејзината корисност и употребливост им станува јасна на сите корисници на ГНУ/Линукс. Што можете да правите во конзола? Па, горе-доле - сè. И тоа прилично брзо и едноставно штом ќе го поминете оној праг на основно познавање на работата на вашиот нов оперативен систем. (Еве, овој текст го пишувам во уредувач за текст кој работи во конзола. :))

4. Опции, опции, опции...

KDE е толку конфигурабилно што можете до бесвест да го прилагодувате однесувањето на вашата декстоп околина. Некои ќе речат дека ова и не е така добра варијанта - демек корисниците не сакале да се замараат со разно-разни детали. Јас мислам дека е супер да можам да го наместам системот да се однесува онака како што јас сакам (па макар и сакал да се однесува како Windows бидејќи на тоа сум навикнат).

Добро, понекогаш се заборава каде точно се поставувала некоја опција. Ама... затоа постои весела заедница на корисници која најчесто е спремна да помогне. :)

3. Eye Candy (Слатки за очи :))

Не дека ова е вистинското место да се спомене важноста на слободата при употребата на софтверот, ама можеби е најубавото. Слободниот софтвер секој може да го подобрува и да ги издава тие подобрувања и правањето на Eye Candy е огромен доказ дека за да придонесете во заедницата не мора да бидете програмер.

Значи, има огромни количини на разно-разни теми, икони, слики, тапети, декорации... со чија помош можете да го прилагодите изгледот на вашиот нов оперативен систем до онаа мера до која ви одговара. Ако баш сте се зажелеле за изгледот на Windows можете така да го нашминкате ГНУ/Линукс. Но, можете да го нашминкате и како царот на Eye Candy - Mac OSX.

Се разбира можете да го користите и природниот изглед на KDE (или некој друг), или пак тој да го подобрите (и тие подобрувања да ги споделите со другите корисници).

2. Игрички

Денес инсталирав KDE 3.5.2 и ако точно избројав во него има вкупно 36 игрички. Станува збор за онакви мали, лесни, време-губечки игрички. (Добро, има и некои кои не се баш лесни и комплетно време-губечки.)

Компирко (KTuberling) е таа која што одлучив да ја издвојам. Во основа имате еден компир и дузина очи, уши, носеви, усти и сл. и си ги редите така и си добивате некаков лик. Покрај компир имате и пингвин и аквариум и готовите уметнички дела можете да си ги снимите како слики... итн. :)

1. Копирање со глушец

Во работата со комјутери често се наоѓам пред Windows. И треба да завршам некоја работа, најчесто на интернет, пошта или слично. И пример, имам некое делче текст кое сакам да го ископирам од едно во друго јазиче на Firefox и го избирам текстот со глушец и правам middle-click во другото јаизиче и ништо не се случува. Фрустрирачки некако.

Ако го направите истово во ГНУ/Линукс, middle-click ќе ви направи Paste на текстот кој со избирање всушност сте го копирале (и тој веќе се наоѓа во Klipper). Тоа се 2 акции помалку во однос на работата која треба да ја направите во Windows. Каква поубиствена можност од ова?

Pages