it.com.mk

Undefined

Интернет и страв: мислете на децата

Tags: 

Можеме ли да замислиме таков интернет на кој содржината што ќе се објавува ќе мора да помине низ некаков филтер? Што ако навистина голем дел од интенрет е шкарт и, за доброто на сите, некој одлучи да го подобри квалитетот на содржините?

Еве што вели Владата на Р. Македонија за содржините на интернет:

„Истражувања покажаа дека скоро 2/3 од содржините на интернет можат да бидат штетни за децата и младите како што се промовирање на самоубиство, булимија или анорексија, промовирање на употреба на алкохол, дрога и други наркотични средства, нанесување штета на самите себе, откривање на лични податоци, сајбер малтретирање, специфични ризици кои се однесуваа на мобилните телефони, зависности и друго“.
Извор: Нова Македонија

Колку и да е оваа изјава неоснована, бидејќи никаде нема референца кои се тие истражувања, таа пренесува определен став. Ако сте родител и прочитате дека шансите да му се случи нешто лошо на вашето дете при секое излегување надвор се 60-70% тогаш сигурно ќе сакате да преземете нешто во врска со тоа. Неспорно, оваа изјава на Владата нѐ тера да преземеме нешто во врска присуството на нашите деца на интернет. Тоа го прави со ширење на страв.

Слика од:it.com.mk.

Одлично предавање на оваа тема одржа дана бојд пролетва на SXSW. Живееме во култура на страв. Стравот, вели таа, може систематски да се генерира за да ги мотивира или потчини луѓето. Тие што имаат моќ одамна го користат стравот за да ги контролираат луѓето. Стравот е корисен затоа што ги тера луѓето да посветат внимание и така да следат наредби. Интернет, и социјалните медиуми на него, како врвни примери за медиуми кои функционираат преку посветување внимание се одлично место за засилување на стравот. Интернетот ги прави видливи нештата што сакаме да ги видиме, но исто така ги прави видливи нештата што не сакаме да ги видиме. Тоа е извор на голема количина на страв – вели бојд.

Погоре цитираната изјава од Владата вели дека „постојат повеќе од 41 милиони изрази на пцовки и лоши зборови напишани со кирилично писмо и околу 106 милиони такви изрази со латинично писмо“ и потоа, „затоа Владата ќе преземе широк спектар на мерки и активности во кои ќе бидат вклучени претставници на целото општество“. Но, не ја гледаме Владата или било кој друг да презема мерки за сигурно поголемиот број на вербални пцовки што секојдневно се изрекуваат пред децата, дома и во училиштата, па и сите оние пцовки што ги изрекуваат децата меѓу себе на улица или во училница. Зголемената видливост значи и зголемен страв.

дана вели дека дека оние што можат да го контролираат протокот на информации и оние што можат да го контролираат вниманието на луѓето се надмоќни. И токму во овој контекст треба да ги разбереме плановите на нашата Влада за „мобилизирање на потенцијалите за правилно искористување на интернетот“.

Текстот е одбјавен на it.com.mk: http://it.com.mk/internet-i-strav-mislete-na-detsata/

Интернет е новиот Гутенберг е новиот интернет

Tags: 

Честопати значењето на појавата на интернет се поистоветува со значењето на појавата на Гутенберговата печатница. Аргументацијата зад ова е едноставна: интернетот, како и печатницата, ги омоќува поединците и ја овозможува и забрзува ерозијата на општествените авторитети. Во времето на Гутенберг тоа била католичката црква. Денес тоа се државите.

Сепак, не толку видлива жичка ги поврзува Гутенберг, државите и интернет. Она што е технологија на пропаст за еден поредок, е технологија на раѓање на друг. Роберт Рајт во својата книга „Логиката на човечката судбина“ се осврнува на оваа идеја објаснувајќи дека печатницата мобилизирала и религиска и политичка непослушност. Како резултат фрагментација се случила во религискиот домен, но спротивен процес се случил на политичкиот пејсаж – и нациите-држави се родиле. Централизирањето на политичкиот авторитет во раниот 17 век е основна лекција во учебниците по меѓународно односи. Пред тоа, можеби можело да се каже дека сите луѓе имале еден бог, но немале еден владетел, или барем секако не имале само еден доволно долго. Политичкиот авторитет бил дисперзиран помеѓу кралеви, барони, грофови, витези итн. Сѐ додека не се појавила печатницата. Тогаш, за прв пат во човековата историја, се појавил инструмент за ефикасна комуникација кој можел да мобилизира широки групи на луѓе на основа на нивните сличности кои и понатаму ќе ги хармонизира, и тоа се случувало токму со првите испечатени весници – памфлети од Гутенберговата печатница. Како што вели Рајт, печатницата го засилила националното владеење со креирање на заедничка културна база на голема територија, стандардизирајќи ги обичаите, митологијата и пред сѐ јазикот.

Сега, каква врска има сето ова со интернет? Одоговорот на ова прашање доаѓа од советникот на Барак Обама за информациски и регулаторни прашања – Кас Санстајн. Тој смета дека мејнстрим медиумите (од кои нели голем дел се печатени) мораат да се натпреваруваат за внимание со секој блог, твит или фејсубк статус, додека токму ваквата диета на вести создава фрагментација на јавноста во делови кои не се изложени на туѓи гледишта и се слушаат само себе си. Цитиран во „Заробеници на облакот“ - одличен критички осврт на т.н. клауд-компјутинг – Санстајн вели дека кога општеството се фрагментира на ваков начин, различните групи ќе се поларизираат на таков начин што од нив може да се изроди екстремизам, и дури и омраза и насилство. Што е за право, фокусот на дискусијата на Санстајн е на лажните гласини што лесно и брзо се шират на интернет и како ти е може да ја ослабат ефективноста на владата и да го поткопаат нејзиниот легитимитет. Но, колку и добронамерно да звучи идејата на советникот на Обама за совладување на лажни гласини, не можеме а да не се сложиме дека владите честопати и со леснотија преминуваат од добронамерни идеи во злоупотреба на моќ. А спречувањето на еден говор, макар тој бил и целосно неверодостоен, е лизгава патека (која за волја на вистината е разодена на некои места во светот).

Накратко значи, и најсилната држава на светот, преку членови од нејзината администрација, смета дека интернетот е таква технологија што може до некоја мера да доведе до ерозија на авторитетот на државите. Како пример, се разбира, тука се настаните од Арапската пролет каде барем популарно се сметаше дека интернетот одигра клучна улога во делегитимирањето на тамошните влади и нивната подоцнежна смена.

Но, дали нации-држави можат да постојат без униформен гласник кој континуирано ќе го создава чувството на припадност кон поширока заедница, и дали интернет така фрагментирајќи ја јавноста може да го разгради сврзното ткиво на нациите-држави се прашања на кое што можеби нема да најдеме одговор. Од една страна поука може да се влече од католичкото свештенство во раниот 16 век кое сигурно не очекувало дека неколку листови хартија со критика на неговата доктрина набрзо ќе го прекине нивното вековно непредизвикано владение. Од друга страна, продирањето на клауд-компјутингот, носи ново (но и веќе видено) чувство на униформност. Како што велат авторите на погоре наведениот текст за облакот, интернет може да се спореди со градови држави или архипелаг на острови: податоците и содржината се распределени на различни сервери. Облакот е Бизмарковото обединување на Германија во кое порано различните политички ентитети се ставаат под централна влада. Тоа што ние воглавно доброволно му се предаваме на облакот, можеби значи дека ни се допаѓа чувството на припадност што тој, како и државите, го нуди. Тогаш можеби треба да имаме и сосема поинакво читање на идеите и иницијативите и на македонската влада за преземање активности на интернет.

Објавено на it.com.mk: Интернет е новиот Гутенберг е новиот интернет.

Отаде тајмлајнот @ #engagemk

Tags: 

Подолу е текстот што го спремив за конференцијата Engage. Ќе се најде вака на интернет.

Кога се подготвував да дојдам на оваа конференција, бев загрижен за тоа што ќе го кажам. Доаѓам од организаиција која воглавно се занимава со хакирање и не бев сигурен дали ќе можам да го спојам тоа со темата на овој настан. Но, тогаш се сетив на нашата вообичаена дефиниција за хакерите - луѓе кои игриво ги проучуваат сложените системи кои останатите ги земаат здраво за готово. Општеството е таков систем, a активизмот е потфат да се промени нешто во него. Значи, ќе зборувам за хакерите.

Но, исто така ова конференција е за социјалните медиуми. Па затоа мислам да започнам со приказната што нѐ враќа назад во далечната 1983 година, кога на тогашната „социјална мрежа“ - usenet, или тогаш популарните њуз групи, еден хакер напиша „статус“ за започнување на проектот за слободен Unix. Веројатно е вистина дека секој активизам започнува со некакво објавување на намерите. Ако сакате да го смените светот, зошто и да не го извесите за тоа? Не го знам точниот број на „лајкови“ што овој „статус“ ги добил, но можам да кажам неколку работи за ефектите од него, денес, речиси триесет години потоа.

Во приказнава станува збор за Ричард Сталман и за слободниот оперативен систем познат како GNU/Linux, можеби полесно препознатлив под имињата на некои од комерцијалните брендови кои се во секојдневна употреба. Придонесот на овој хак е огромен во светот на технологиите: од аспект на бизнисот тој е доминантен на сите поголеми пазари, не броејќи го пазарот на десктоп компјутери; од аспект на омоќувањето на луѓето тој е заслужен за достап на врвна технологија на места каде тоа инаку би било тешко замисливо; од аспект на прашањата за авторски права тој е ѕвезда водилка во креирањето на средини каде цути соработката и споделувањето, од Википедија до Creative Commons. Приказната за Сталман и ГНУ е навистина извонредна. Но, вистинското прашање овде денес е дали таа е толку невообичаена кога станува збор за активизам?

Сакам да мислам дека кога станува збор за активизам ова воопшто не е невообичаено. Кога се обидуваме да смените нешто во средината во која живееме, било тоа ѓубре на улица или цензура на интернет, по правило одиме спроти воспоставената пракса, спроти ветрот ако сакате. Размислете за тоа што Сталман требал да направи за да создаде слободен оперативен систем. Тој морал повторно да ги напише, буква по буква, знак по знак, сите програми, алатки и апликации што сочинуваат еден оперативен систем. Ќе се сложите дека неговиот статус на тогашниот „фејсбук“ сигурно предизвикал неколку „како не“ реакции. Сепак, сосема солиден оперативен систем постоел и тогаш и тој бил во широка и секојдневна употреба.

Активизмот можеби започнува со пишување на статус, проглас, манифест или слично, но вистинска, тешка, долготрајна работа мора да следи за тој навистина да предизвика некаква промена во општеството. Исто така, тој оди спроти авторитетот. Приказната за GNU/Linux немаше да биде комплетна без второто зборче во него: кернелот Linux. Напишан од тогашниот студент Линус Торвалдс, Linux е дело што директно му се спротиставило на професорот Танебаум, во тоа време авторитет по прашањето за пишување на ваков вид на софтвер. Тоа што Линус има опсежна дебата со Танебаум на тогашниот интернет, покажува дека форуми за дискусии и размена на идеи ретко недостасуваат. Тоа што го прави Linux посебен е времето посветено на негово пишување, а тоа е секој ден, ден за ден, во период од неколку месеци, со минимум сон.

Се разбира, ни Сталман ни Линус не работеле сосема сами. Нивната посветеност била инспирација за многу други луѓе кои им се приклучиле во овие потфати, но тоа што е многу интересно е дека и оние кои се приклучиле поради поинакви причини од оние на нивните оригинални автори помогнале во создавањето на ефекти кои што се прелеваат во пошироката средина. А тоа ми се чини е уште една од вистинските одлики на активизмот.

Википедија е уште еден пример кој совршено одговара на овој модел: спроти-ветрот-многу-работа-широки-корисни-ефекти. Кога идјеата за енциклопедија што секој ќе може да ја уредува прв пат е предложена, токму Сталман е тој што ќе рече дека за еден таков потфат се потребни десет години. Сепак, за само околу три години Википедија станува реалност која сите ја користиме.

Најскорешен ваков пример можеби е Викиликс. Настрана од сите приказни за таблоиди, или вашето убедување за оправданоста на оваа организација, во срцето на проектот стои макотрпна работа, надвор од вообичаните пракси, со ефекти кои се пошироки од тоа што било кој можел да очекува до пред неколку години.

Тешко е да се одговори на прашањето како ќе изгледаше светот ако сите овие, а и многу други, останеа на својата објава дека сакаат нешто да прават. Но, мислам дека со сигурност се повторува еден рефрен во овие неколку примери: пишувањето на нашиот манифест на нашиот блог нема да нѐ однесе многу далеку.

Некаде во 2004 година еден учесник на поштенска листа која се занимава со интернет, култура и технологија, напиша порака која лесно привлекува внимание, пред се поради текстот што е напишан со сите големи букви. Но, откако ќе ја прочитате, таму ќе видите многу интересна поента. Пишувањето на интернет е бесплатно. Реториката „ние сме добри, а тие се лоши“ има мала, ако воопшто има некаква, вредност. Она што е потребно е да се исполнуваат цели. Мислам дека тоа може да се направи само откако ќе го минимизираме прозорецот со нотификации. Предлагам да се обидеме веднаш.

Благодарност до Дамјан и Владан за брејнсторминг.

Исто така објавено на it.com.mk.

ACTA не е само за нас и Холивуд

Tags: 

Дискусијата за ACTA се шири сѐ повеќе. Ми се чини дека до сега воглавно зборувавме за последиците до овој договор во однос на тоа што ќе му се случи на интернет и нам како корисници. Ако им успее на активистите да го одбранат интернетот во ЕУ, тогаш и ние во Македонија ќе бидеме ќар.

Ако го читате овој текст од IP адреса што доаѓа од Македонија тогаш не е чудно да мислите дека колку и да сте против донесувањето и спроведувањето на спорната ACTA, нема што многу да направите освен некако електронски да ги поддржите сомрежаните од остатокот од светот каде заканата од договорот е понепосредна. Но, ACTA може да биде и многу важен преседан во меѓународното право, во начинот на склучувањето на договорите. Затоа мислам дека би било корисно да се напише нешто повеќе за историјата на трговските договори.

Еден од најпознатите случаи е Уругвајската рунда на преговори која под капата на GATT (General Agreement on Tariffs and Trade) траеше од 1986 до 1994 и меѓу другото резултираше со TRIPS (Trade Related Aspects of Intellectual Property Rights). Овој договор администриран од WTO (Светската трговска организација) е предводникот во меѓународното регулирање на прашањата поврзани со „интелектуална сопственост“. Но, идејата овде не е да ги дискутираме деталите во врска со овој договор, туку само да го погледаме времетраењето и опфатот на оваа рунда на преговори.

Во Уругвај, државите помеѓу себе преговараа осум години за да дојдат до некаков заеднички прифатлив договор. Ова е важно бидејќи во овие преговори беа вклучени многу земји, дури 123 – можеби сите од тој период, ја немам таа статистика. Јасно е дека земјите немаат иста моќ на преговарање, но ако ништо друго тогаш барем зборот на сите 123 е чуен на овие преговори.

ACTA од друга страна се преговараше едвај четири години, некаде од 2008 година. Во тие преговори вклучени се: САД, Канада, ЕУ, Швајцарија, Австралија, Мексико, Мароко, Нов Зеланд, Кореа и Сингапур. Не се вклучени Кина, Индија и Бразил. Сликата е самообјаснувачка. Ова е договор на земји со слични интереси. За контекст, потсетете се на приказната за Бразил и неговата одлука да не ги почитува патентите за лекови за СИДА. Интересите на земјите во развој и на растечките економии се различни од оние во т.н. Кантри-клуб на земји. Токму нивната заштитата е главната поента на ACTA. Никој овде не ги праша на пример земјите погодени со епидемија на СИДА дали ќе им одговара послободен проток на генерички лекови.

Трите главни грижи во врска со ACTA се можноста тој да биде имплементиран без ратификација од парламентите на земјите, да биде принудно наметнат над оние земји кои не учествувале во преговорите и да создаде услови приватни лица да бидат прогонувани без соодветна законска постапка. Но, тоа не е сѐ. Како што потсетува Жак Атали штом ќе биде донесен, ACTA може да избега од демократската контрола макар таа била само владите на овие неколку земји. Новоформираната ACTA комисија сама би го менувала текстот на договорот и би ги се грижела за негова примена.

Во сето ова, авторските права за нашите омилени холивудски блокбастери веројатно се второстепено прашање. Но, ако тие се доволен мотив да се приклучиме во битката, тогаш не треба многу двоумење. Да го цитирам Брус Стерлинг: „Можеби не сте заинтересирани за војната за дигитални права, но тоа не значи дека ја имате привилегијата да седите на трибините. Бидејќи другата страна е многу заинтересирана за вас.“

Текстот е објавен на it.com.mk: ACTA не е само за нас и Холивуд.

Скопје не дише, но дали технологијта омоќува?

Tags: 

Пред неколку дена некој на интернет побара фаул поради тоа што соодветно одговорните лица решиле да го изгасат интернет изданието на мерењето на загаденоста на воздухот во Скопје. It.com.mk имаше своја вест за случката.

Се разбира, немам никаква намера да го оправдам потегот на градот или на Фармахем. Она што мене ми привлече внимание е речиси рефлексната реакција на луѓето на интернет - веќе вообичаените коментари; „срамота, како може, вака ли ќе кријат“ или слично.

Мислам дека ова е важно затоа што постојано. овде и другде, зборувам(е) за омоќувањето кое технолологијата што технологијата го прави возможно за обичните луѓе. Го имаш својот паметен телефон и гледаш нешто страшно, но ете правиш неколку фотографии кои не мора да се со најдобар квалитет, ги праќаш на Twitter, луѓето дознаваат, се случува револуција. Нели, исто како во Тунис лани.

Сепак, кога навистина ќе се соочиме со некаков проблем, првата помисла ретко е што може да направи мојот паметен телефон. Кога јас помислив на тоа, првиот резултат што го добив од Google беше Crowdsourcing Air Quality Mapping. Не знам дали ова веќе е и направено, но барем сега сме сигурни дека и други луѓе помислиле на истото, кога биле соочени со ист [или сличен] проблем.

Понатамошно Google истражување нѐ носи до тркалото на Копенхаген, кое не е панорамско тркало, ами велосипедско тркало што прибира разни урбани податоци (сообраќај, загаденост, врева, бучност итн.) и ги испраќа на интернет каде се достапни за обично информирање и, ако сакате, стручна анализа. Тркалото е со висока цена. Ако информациите се точни и непроменети, тоа чини околу $600, но којзнае, можеби MIT во соработка разни фондаии и донатори може да испорача тркала по бенефицирани цени за еден од најзагадените градови во светот.

Јас не сум премногу технолошки поткован, па мојов текст е на ниво на спекулација дека, да, можно користејќи нови технологии да се направи сервис на интернет кој ќе биде подобар, покорисен, поинформативен и поубав од досегашната „Скопје дише“ страница. Знам и барем едно место во градов каде ваков потфат би се прифатил ако заради ништо друго, тогаш заради предизвикот.

Целава работа може да биде „секое чудо за три дена“, и можеби никогаш нема да видиме „Скопје дише 2.0“. Сепак, тоа останува многу, многу блиска можност. Јас останувам да се надевам дека ќе ја користам мојата претплата за 3G за нешто повеќе од Twitter.

Текстот е објавен на it.com.mk: Скопје не дише, но дали технологијта омоќува?

Право да читаш

Tags: 

Се чини сите деновиве пишуваат на тема ACTA, па за овој текст да не биде повторување, се вртиме кон Ричард Сталман и неговиот пророчки есеј / расказ насловен „Право да читаш“.

Текстот е спекулативен увид во државно-корпоративната контрола над употребата на компјутерите. Напишан е во далечната 1997 година и до скоро беше сметан за „само уште едно парче научна фантастика“. Но, како што вели Вилијам Гибсон, реалноста е често пати почудна од она што и најлудата научна фантастика пробува да го предвиди.

Текстот е пренесен во целост подолу.

Право да читаш

(Од „Патот кон Тајхо“, колекција на текстови за предвесниците на Лунарната револуција, објавени во Луна Сити во 2096.)

За Ден Халберт, патот кон Тајхо започна на факултет - кога Лиза Ленц го замоли да ѝ го позајми неговиот компјутер. Нејзиниот беше расипан, и доколку не успееше да позајми друг, ќе паднеше на семестралните испити. Не се осмелуваше да праша никого освен Ден.

Ова му наметна дилема на Ден. Мораше да ѝ помогне - но доколку ѝ го позајмеше компјутерот, таа ќе можеше да ги прочита неговите книги. Покрај фактот што можеше да оди долги години во затвор доколку му дозволи на некој друг да ги прочита неговите книги, идејата сама по себе го шокираше. Како секој, уште од основно училиште беше научил дека позајмувањето на книги е валкано и погрешно - нешто што само пиратите би го направиле.

И немаше многу шанси да се спаси од СПА - службата за заштита на софтвер. На часот по софтвер, Ден научи дека секоја книга има надгледувач за авторски права кој ја известува службата за Централно лиценцирање за тоа кога, каде и од кој ја чита секоја книга. (Тие ги користеа овие информации за да ги фатат пиратските читатели, но исто така и за да ги продаваат информациите за личниот интерес на читателите на продавачите.) Следниот пат кога неговиот компјутер ќе биде вмрежен, Централно лиценцирање ќе дознае. Тој, како сопственик на компјутерот, ќе добие најстрога казна бидејќи не презел чекори за спречување на криминалното дело.

Секако, Лиза најверојатно немаше намера да ги чита неговите книги. Можеби компјутерот ѝ требаше само за да ја напише семинарската работа. Но, Ден знаеше дека таа доаѓа од семејство од средната класа и дека едвај ги покриваше трошоците за школувањето, а камо ли и оние за читањето книги. Можеби ќе успее да дипломира само доколку ги прочита неговите книги. Тој ја разбираше оваа ситуација: и тој самиот мораше да позајмува пари за да ги плати сите трудови на истражувачите кои ги читаше. (10% од тие плаќања беа наменети за авторите на тие трудови и бидејќи Ден целеше на академска кариера, се надеваше дека неговите трудови, доколку бидат доволно цитирани, ќе му донесат доволно пари за да го врати заемот.)

Подоцна Ден ќе научи дека постоеше време кога секој можеше да оди во библиотека и да чита весници, па дури и книги без да мора да плати. Постоеја независни учени луѓе кои читаа илјадници страници без да добијат владини грантови за користење на библиотека. Но во 1990-тите и комерцијалните и непрофитните издавачи почнаа да наплаќаат за пристап до содржината. До 2047 година библиотеките кои нудеа бесплатен јавен пристап до литература беа само далечно сеќавање.

Секако, постоеја начини да се заобиколи СПА и Централно лиценцирање и секако тие беа нелегални. Ден имаше соученик на часот за софтвер, Френк Мартучи, кој беше дошол до нелегална алатка за дебагирање, која ја користеше за да го излаже кодот на надгледувачот за авторски права кога читаше книги. Но, тој им кажа на многу пријатели за тоа и некој од нив го предаде на СПА за награда (студентите кои имаа долгови лесно беа намамувани во предавство). Во 2047, Френк беше во затвор, не за пиратско читање, туку за користење на дебагер.

Подоцна Ден ќе научи дека постоеше време кога секој можеше да има алатки за дебагирање. Дури постоеја бесплатни алатки кои можеа да се добијат од CD или преку Интернет. Но обичните корисници почнаа да ги користат за да ја заобиколат заштита за копирање и еден судија пресуди дека тоа станало основна употреба на тие алатки во праксата. Ова значеше дека тие се нелегални. Програмерите на тие дебагери беа испратени во затвор.

Секако, на програмерите сè уште им требаа алатки за дебагирање. Производителите на вакви алатки во 2047 дистрибуираа ограничен број на копии и тоа само на официјално лиценцирани програмери. Дебагерот кој Ден го користеше на часот по софтвер беше зад посебен огнен ѕид за да може да се користи само за време на часот.

Исто така беше возможно заштита да се заобиколи доколу се инсталира модифициран системски кернел. Ден подоцна ќе дознае за слободните кернели, дури и целосни слободни оперативни системи, кои постоеја околу крајот на векот. Но, овие не само што беа нелегални, како и дебагерите, туку и кога човек би имал таков оперативен систем не би можел да го инсталира без да ја знае администраторската лозинка на неговиот комјутер. А таа информација не ја кажуват ни ФБИ ни корисничката поддршка на Мајкрософт.

Ден заклучи дека просто не може да ѝ го позајми копјутерот на Лиза. Но, бидејќи ја сакаше, не можеше да одбие да ѝ помогне. Секоја можност да разговара со неа го исполнуваше со блаженство. И тоа што таа одбра да го праша него за помош, можеби значеше дека и таа го сака него.

Ден ја разреши дилемата правејќи нешто уште помалку замисливо. Ѝ го позајми компјутерот и ѝ ја кажа својата лозинка. Вака, ако Лиза ги чита неговите книги, Централно лиценцирање ќе мисли дека тој ги чита. Ова сè уште беше криминал, но СПА не може автоматски да дознае за тоа. Може да дознае само доколку Лиза го издаде.

Секако, доколку училиштето дозне дека тој ѝ ја кажал лозинката на Лиза, тоа ќе биде крај за нивното образование, без разлика на тоа за што точно Лиза ја користела лозинката. Политиката на училиштето беше дека секое пореметување на надгледувањето на употребата на компјутери од страна на студентите е основа за дисциплинарни мерки. Не беше важно дали си направил нешто лошо. Прекршокот ја оневозможуваше администрацијата да те проверува. Тие претпоставуваат дека правиш нешто забрането и не им треба да знаат што е тоа.

Вообичаено студентите не беа бркани заради ова, барем не директно. Наместо тоа им беше забрануван пристапот до училишниот компјутерски систем, што значеше дека на крај нема да положат ниту еден од нивните испити.

Подоцна Ден ќе научи дека ваквата политика на универзитетите започна 1980-тите, кога студентите во голем број почнаа да користат компјутери. Претходно, универзитетите имаа поинаков пристап кон дисциплината: ги казнуваа активностите кои беа штетни, а не оние кои само покренуваа сомнеж.

Лиза не го пријави Ден во СПА. Неговата одлука да ѝ помогне водеше до нивниот брак и исто така ги натера да се запрашаат за тоа што беа учени за пиратството како деца. Парот почна да чита за историјата на авторските права, за Советскиот Сојуз и неговите ограничување за копирање и дури и оригиналниот устав на САД. Се преселија во Луна, каде најдоа други, кои исто како нив избегале далеку од долгата рака на СПА. Кога востанието Тајхо започна во 2062, универзалното право да се чита набрзо стана една од неговите основни цели.

Текстот е објавен на it.com.mk: Право да читаш.

Законите и интернет

Tags: 

Веќе сите знаат дека на 18 јануари 2012 „интернет штрајкуваше против SOPA“. Дури и очајните македонски медиуми на некој начин ја пренесоа веста. Мајка ми беше загрижена дека нема да може да се чуе со брат ми на Skype дека нема да сме имале интернет од пет наутро до пет попладне...

Накратко, повеќе водечки веб страници беа недостапни еден ден: Википедија на англиски јазик, BoingBoing, reddit, imgur и слично. Тоа се страници кои се длабоко поставени во техно-либертаријанството на Силиконската долина, анти-авторитативноста, анти-цензурата и повразни граѓански вредности, што ми се чини дека за чудење ќе беше овие страници да не затвореа тој 18 јануари [или некој друг ден]. Ним, до некаде, им се приклучи и еден од најголемите иноватори на интернет - порно индустријата, и можеби овие две заедно е сѐ што многумина од нас подразбираат под „интернет“: википедија и порно. Да се рече дека интернет е многу повеќе од тоа е истакнување на очигледното, но несомнено улогата на овие е значајна.

Има [барем] две клучни точки во врска со SOPA (и PIPA) што одат преку тесното „википедија не ми работи“ гледиште во врска со овие закони. Првата произлегува од честото мислење или убедување - „па јас не сум пират, не даунлоадирам од интернет, немам филмови на харддиск...“ и на неа кратко може да се одговори со коментарот на pssvr на reddit: „Ниедна тиранска, мизерна влада не доаѓа на власт ветувајќи им на луѓето тиранија и мизерија“. Коментарот е одговор на друг малку подолг коментар за тоа како Данска ја живее својата епизода со цензурата на интернет; за тоа како добрите намери и ограниченоит опфат и опсег се губат штом ќе биде поставена инфраструктурата. Сигурен сум дека имало „добри намери“ и кога пред петнаесетина години се донсувале договорите во WIPO што подоцна се искористени за носење на DMCA. Секој што е на интернет од 2000-тата знае дека оттогаш има постојана кампања за елимирање на DRM, но успехот најблаго речено е ограничен. Последиците од ова поместување на законските регулативи можеби најсликовито ги објаснува Кори Доктороу во својот говор на 28c3 - „Надоаѓачката војна на компјутерите за општа употреба“.

Втората пак произлегува токму од искуството со DMCA и се однесува на мислење или убедување дека сето ова нас, овде, во Македонија не нѐ засега. Впрочем ова е битка во Соединетите држави, за нивни закони кои воглавно се однесуваат нивни компании, во изборна година, и секако надвор од сите главни грижи што ние тука ги имаме. Поупатени луѓе од мене веќе го адресираа ова прашање. На пример, тука е текстот на Мајкл Гајст, „Зошто Канаѓаните треба да учестуваат во протестот против SOPA/PIPA“ кој беше рециклиран и на BoingBoing. Но, ете да не останам покусо со мој коментар, ќе упатам на Законот за авторското право и сродните права (Службен весник на РМ, бр. 115 од 31.08.2010 година), Оддел 1: Заштита на технолошки мерки, каде започнува нашата „DMCA во мало“. Тоа се одредби кои се внесени во законот без многу врева, јавна дебата или земање предвид на истражувања или анализи во врска со DRM кои постојат со оглед на тоа дека законот во САД е донесен во 1998, а кај нас 12 години подоцна, и оттука поминато е доволно време да се направи проценка. Јасно, на увозот на законски мерки нема царина или други бариери, но позагрижувачки е тоа што одредбите може да дремат на хартија сѐ додека во еден момент не се искористат против нешто што само во фуснота ја има идејата за авторските права.

Но, ете сме назад на нормално функцинирање на мрежата. Затемнувањето против SOPA и PIPA имаше мерлив успех. До крај останува да видиме дали на Википедија ќе треба да ѝ се заблагодаруваме за нешто повеќе од обезбедување на лесно разрешување на кафански расправии.

Текстот е објавен на it.com.mk: Законите и интернет.

Улис и зомбија

Tags: 

Ова е првиот наслов на кој помислив кога прочитав дека од 1 јануари 2012 делата на Џејмс Џојс влегуваат во јавниот домен во ЕУ. За оние кои не знаат Џојс се смета за „родоначелник и втемелувач на модерниот прозен и експериментален пристап“ [според Википедија на Македонски]. Насловот не е случаен. Една исто така голема авторка Џејн Остин, чии дела од поодамна се наоѓаат во јавниот домен, има добиено проширувања и преработки со зомбијата како централна тема. Книгата се вика „Гордост и предрасуди и зомбија“ и настрана од поволните критики што ги има добиено, ова дело претставува еден од светлечките примери за тоа што може да се прави кога културата е слободна. Уште еднаш, по кој знае кој пат, познатиот рефрен на Лоренс Лесиг: „Креативноста секогаш се надоградува на минатото“ - совршено го сумира овој уметнички потфат, како и можностите што стојат пред нас.

Но, љубителите на проза со зомбија не се единствените што се радуваат на оваа вест. Според текст од American University единствениот наследник на имотот на Џојс, неговиот внук Стефен Џојс, будно и жестоко ги бранел правата од делата на Џојс, дејствувајќи против јавноста што сакала да го слави големиот писател и против академската заедница за која делата на Џојс се од големо значење.

Така оваа година за прв пат на 16 јуни, на Блумсдеј – денот кога се случува „Улис“ и денот кога светот го слави Џејмс Џојс, тие прослави нема да бидат модерирани од страна на режимот на авторски права.

Радоста сепак ја нема во целиот свет. На многу од книгите на Џојс авторските права остануваат да важат во САД уште најмалку десетина години. Делата на Џејмс Џојс не се единствената жртва на проширувањето на режимот на авторски права во САД. Како што објави Центарот за проучување на јавниот домен, ако законот за авторски права останеше во формата од 1976 година на 1 јануари 2012 на јавниот домен ќе му се приклучеа: „Враќањето на кралот“ од Толкин, „Крадци на тела“ од Џек Фини, два од трите главни филмови на Џејмс Дин - „Источно од рајот“ и „Бунтовник без причина“ и уште дузина други култни дела.

Додека ја чекаме „Улис и зомбија“ преземањето од интернет на „Улис“ и другите дела на Џејмс Џојс е слободно – периодот од живот + 70 важи и во Македонија. Повелете на проектот Гутенберг.

Текстот е објавен на it.com.mk: Улис и зомбија.

Хакер(к)ите на филм

Tags: 

Сѐ уште трае празничната сезона, па тоа нека биде изговор да не се впуштаме во сериозни теми. Наместо тоа, еве краток осврт на една од презентациите што се одржаа на 28c3 – Behind Enemy Lines насловена „Хакот нема да биде прикажан на телевизија“.

Презентацијта всушност е некој вид на препорака за филмови кои ја третираат темата на хакирањето, хакер(к)ите и културата, и навистина не станува збор за некој, барем за мене, список со непознати филмови.

Каспар Клемен Миро наведува дваесетина филмови во кои хакерите имаат некаква улога. Некои од тие наслови се и дел од филмовите што јас со задоволство ги гледам во голем број репризи: „Џони Мнемоник“, „Душкала“, „Воени игри“...

Но, предавањето не е само набројување на филмовите. Миро презентира и десет тези за тоа како се претставуваат хакерите во филмовите. Помеѓу поинтересните ми се чинат тоа дека чест мотив во филмовите е хакерите да носат очила на кои се рефлектира екранот во кој гледаат, потоа дека компјутери на Епл често се дел од хакерските сцени и тоа дека жените имаат споредна улога и често се прикажани како помалку способни.

Се разбира може да се најдат и спротивни примери за овие тези и токму тоа ја прави целата работа интересна за дискусија. Миро одржува и подолг список на филмови за хакери, па погледајте нешто по желба додека ни трае новогодишната дремка.

Јас планирам да го гледам „Девојката со тетоважа на змеј“.

Текстот е објавен на it.com.mk: Хакер(к)ите на филм.

Хакерската заедница во 2011

Tags: 

На 3-ти јануари 2011 го напишав отворениот повик за хакери. Една година подоцна има неколку работи од нашево опкружување на кои вреди да се потсетиме, што луѓето кои игриво ги проучуваат системите што другите ги земаат здраво за готово ги направија:

1. Во 2011 во Македонија се одржаа четири НСНД настани – во Куманово, Штип, Охрид и Струмица. НСНД е името на локалните и регионални хакерски средби на кои ништо не се случува, но се разменува знаење и вештини за разни технологии и понекогаш за општествени прашања. Настаниве не се спектакуларни, но нивната цел е пред се да ги зближуваат луѓето со слични интереси. Мене ми се чини дека во тоа успеваат целосно.

2. Скопскиот хаклаб КИКА успеа да преживее уште една година и едно селење. Барем за сега хаклабот осанува главното сврталиште на луѓето кои сакаат да се идентификуваат со горниот опис.

3. Посебно ми е мило што во и околу хаклабот свое место си најдоа и повеќе девојки. Програмата GNOME Women Outreach фати здрав корен во нашата заедница и веќе има две девојки кои учестувале или учестуваат во проектот. Ова може да биде темел за уште поголеми хакерски активности и женско вклучување во што инаку често се смета за „машки работи“.

4. Започнавме емисија на Канал 103 што се бави со прашањата за авторски права, дигитални слободи, интернет, цензура, граѓански права и што не, прашања со кои се занимаваат и хакерите што ги познаваме и со кои соработуваме и се дружиме во регионот, но и пошироко.

5. Ја направивме и претставивме 3D led коцката. Нема што да се пишува. Погледајте го видеото. :-)

6. Последно на списокот, но никако најмалку важно ја напишавме и предадовме на Владата на Р. Македонија, Националната политика за слободен софтвер, документ кој ако биде прифатен, усвоен и применет може да има големо влијание на тоа како државата комуницира со граѓаните и компаниите во дигитална форма и да обезбеди поголема транспарентност во нејзиното работење.

Овој список никако не е комплетен. Ова се само неколку работи кои се највидливи, но уште многу работи се случија изминатава година што ми даваат надеж да мислам дека хакерската заедница во Македонија расте и си го наоѓа своето место. Бројката сѐ уште не е толку голема, можеби дваесет или триесет луѓе, но хакерскиот дух се шири и сите сме заслужни за тоа.

Happy Hacking!

Текстот е објавен на it.com.mk: Хакерската заедница во 2011.

Pages