TEDxSkopje - една година потоа

Tags: 

Вчера се случи објавата на последните три видеа од TEDxSkopje 2010. Скоро една година откако разговарав за идејата за TEDx со Илина (поздрав!), TEDxSkopje 2010 е завршен (или ќе заврши во следниве 24 часа со качувањето на остатокот на видео материјалите на интернет). Тоа е добра временска дистанца да видиме (со препознатливите зборови на Мисирков): „Шчо напраифме и шчо требит да праиме за однапред?“

Мојата лична мотивација да се зафатам со TEDx беше да видам дали може да се направи, се разбира, во Македонија. Под „да се направи“ мислам на тоа да се организира настан што ќе ја постави сцената за поинаков (пред сѐ квалититативно) говор во јавната сфера. Денес, додека ги средувам впечатоците од вчерашните видеа, мислам дека тоа сме го постигнале. Ми требаше оволку време да го заклучам ова бидејќи јас на овие презентации всушност и прв пат ги гледам говорите на 12-те TEDx-совци. Затоа посебно мили ми е што вчера видов дека Небојша Вилиќ во својот говор ја допрел темата за јавниот настап.

Уште еден говор, оној на Клајд Масгрејв, прекрасно се надоврзува на тоа што се случуваше околу TEDxSkopje, почнувајќи од првите средби со идеи, па до последниот кадар што се монтираше. Идејата дека треба да им се помага на луѓето без да се бара нешто за возврат совршено се вклопува во приказната на триесетина луѓе кои одвоија од своето време, знаење, вештини и пари за да го смислат, спроведат и овозможат TEDxSkopje. Причините? Забава и задоволство. И овие две прецизно сумираат една од поентите на говорот на Никос Чаусидис.

Очигледно овие три говори имаат поголемо лично значење за мене. Не ги издвојувам како „објективно најдобри“, ниту пак ова е некаков заеднички став на целиот тим на TEDxSkopje. Ова нека биде мало појаснување, за некој од другите говорници да не се најде погоден. Патем, почнувањето и завршувањето по распоред беше уште еден личен приоритет.

Па, што следи?

Најлесно би било да се каже дека следи потрагата по говорниците за TEDxSkopje 2011. Но, за мене поважно е ширењето на квалитетот на јавниот говор и настап што TEDxSkopje помогна да се создаде, било тоа на интернет или во физички простор. Вторава работа секако е и поголем предизвик, па се надевам дека ќе причинува и поголемо задоволство.

За крај, ќе се вратам на Небојша Вилиќ, кој во својата завршна мисла, згодно, исто како и Роп Гронгрип на 27c3, ја цитираше Маргарет Мид: „Never doubt that a small group of thoughtful, committed citizens can change the world. Indeed, it is the only thing that ever has.“

1 Comment

Само не сум сигурен дали

Само не сум сигурен дали сфатив добро од текстов, се уште си дел од TEDxSkopje така?