политика

Изгубената република

Tags: 

Одговорот што Бенџамин Фрекнлин го дал на некоја гопоѓа која го прашала што направиле на уставната конвенција со помош на интернет станува голем културен мим. „Република, госпоѓо, ако можете да ја зачувате“ - одговорил тој.

Професорката Zephyr Teachout [не знам како би се пишало нејзиното име на кирилица], цитирана во „Изгубената република“ на Лоренс Лесиг, повеќе ја осветлува уставната традиција на САД и светогледот на основачите на оваа држава: „Граѓанството е јавна функција. Граѓаните можат да бидат корумпирани и да ја користат својата функција за приватна корист, наместо за јавна корист. Тие се фундаментално одговорни за интегритетот на нивната влада“.

Навистина ова е светоглед на државници кои што работеле во времето на просветителството, и рефлексот вели дека ништо од ова не може да биде корисно за нас сега. Но, ете, повнимателно читање на Уставот на Република Македонија открива слични вредности, кои поверојатно е да се таму по традиција, а не по дизајн.

Член 2

Во Република Македонија суверенитетот произлегува од граѓаните и им припаѓа на граѓаните. Граѓаните на Република Македонија власта ја остваруваат преку демократски избрани претставници, по пат на референдум и други облици на непосредно изјаснување.

Лоша среќа за граѓаните, но никаде во Уставот не се вели дека тие може да се откажат од ова што им е доделено со членот 2. И иако не сум правник сепак ми се чини дека граѓанството како јавна фунција може да се препознае во овој член. Ако власта граѓаните не ја остваруваат како што е погоре напишано, тогаш тоа значи приватна, а не јавна корист.

Тешко е ова вака сега да се соџвака. Никогаш, барем додека учев јас, немавме час, предавање или слободна активност на која некој ќе ни рече: „Еј деца, Републиката произлегува од вас [поточно од вас штом станете полнолетни] и вие сте одговорни за остварувањето на власта во неа.“

***

Овој невообичаено долг вовед тука е за следново. По изборите, но веќе и неколку години наназад, главното прашање што ја преокупира јавноста, е дали Бранко ќе си од од СДСМ. Вистина, по изборите дебатата се вжешти и сега прашањето е кога Бранко ќе си оди. И можеби некои луѓе [многу луѓе?] ја депонираат својата доверба за подобро утре на бројчето на СДСМ. Но бавењето со ова прашање воопшто е погрешно читање на членот 2 од Уставот и тесно поимање на духот на вредностите што тој ги носи. Судбината на Република Македонија не треба никако да се поврзува со судбината на некој политичар или политичка партија, затоа што ултимативно Републиката се граѓаните. [Од друга страна ако има некаков макар и премочлан заговор за ова да не стане јасно и јавно знаење за сите, тогаш тоа е потешкиот проблем со кој треба да се соочиме. Но, да ја оставиме таа дебата малку на страна.]

Со други зборови, што Бранко и СДСМ ќе одлучат да прават, треба да биде од мала грижа за нас од аспект на власта што [ете за жал] мораме да ја остваруваме во Републиката. Ако утре нив ги снема, нашата одговорност нема да се зголеми, ако утре тие станат најдобрата партија на светот, нашата одговорност нема да се намали. Подобра партија можеби ќе ја намали нашата работа, но нашата одговорност е фиксна.

Но, никој никогаш не рекол дека имањето и чувањето на Република е лесно. Всушност, многу републики од минатото не опстанале и многу и денес се мачат - вклучувајќи ја и нашата. Овде кај нас ете можеби работата ќе излезе потешка одошто се надевавме. Порано пишав дека нашето колективно бавење со судбината на некоја политичка партија доаѓа од тоа што ние би сакале одговорноста за Републиката да е едноставно помала, полесна и мераклиска. Мислевме дека таа одговорност се растоваривме уште пред неколку години кога со двете раце гласавме за ценрално-десна, реформирана, исчистена од стари лица, технократска партија. Но, токму ВМРО-ДПМНЕ е нашето најголемо разочарување. И агонизирањето околу Бранко е вртење во тој круг - ајде средете се, да гласаме и да завршиме со тоа. На крајот токму тоа го зборува и Груевски - СДСМ да се среди, да заличи, за товарот за Републиката [вклучително и неговиот] едноставно да биде полесен.

Но, во основа, ова е погрешното прашање. Не можеме да посветуваме време на ова. Членот 2 од Уставот не вели дека власта ќе ја остваруваме преку симпатични и реформирани партии. За овие избори, картите беа поделени и ние моравме да ја одиграме раката со нашата јавна функција на ум. А таа не завршува тука. Речиси како да изборите се денот кога граѓанинот се одмара и во десетте минути во своето локално училиште се обидува да делегира дел од своите обврски. Ова е тоа што треба да го научиме и потоа да го пренесеме тоа знаење на другите. Да, знам дека ова треба да го правиме после работа, кога сме изморени или кога порадо би пошле во кафана.

***

Во култниот филм на Ричард Линклејтер „Waking Life“ Луис Меки, професор по филозофија на Универзитетот на Тексас во Остин, го поставува следното прашање:

„Кои се бариерите кои ги спречуваат луѓето да го достигнат својот вистински потенцијал? Одговорот на ова може да се најде во следното прашање: Која е најуниверзалната човечка карактеристика: страв или мрза?“

Ова е прашањето што останува и за нас.

Текстот е пренесен и на ОКНО: http://www.okno.mk/node/27069

Последен поздрав до моите цинични пријатели

Tags: 

Две прашања се важни за изборите што се случија во Македонија. Првото е дали се согласуваш со работите што се случуваат во земјата? Ако одговорот е да, тогаш текстов за тебе завршува тука. Ако одговорот е не, тогаш прашањето што следи е дали преку овие избори можеше ти да преземеш нешто за тоа што се случува?

Одговорот на второто прашање е да. Не „да“ затоа што имаш граѓанско право (или некој ќе рече обврска) да гласаш. Не „да“ затоа што некој друг ќе ти го земе гласот. Иако и овие понекогаш може да бидат доволни причини, сепак не „да“ поради нив. „Да“ затоа што нешто навистина можеше да се смени. Признавам не знам што, не знам колку, не знам ни дали со стопостотна сигурност (затоа што луѓе се премислуваат, менуваат припадност итн.), но сепак можноста беше таму.

Можноста беше таму на многу прагматично ниво. Кога се случуваат работи во државата со државни пари, одлуките за тоа можеби ги носат горе високо, но тие често се спроведуваат долу. А долу во Македонија, по законот за децентрализација, е во општините (затоа нели и општина Центар е одговорна за проектот „Скопје 2014“). Затоа ако не се согласуваш со тоа што се случува во земјата (на пример, ако мислиш дека барем половина од приказните за корупција и перење пари се вистинити, или дека барем третина од тендерите се наместени, ако мислиш дека буџетот не требаше да се донесе така како што беше донесен, или едоставно додај си го твојот гнев овде….), тогаш изборите беа токму за да смениш дел од администрацијата која спроведува дел од одлуките што овозможуваат такви активности. Која администрација? Под секој градоначалник имаш неколку директори на неколку јавни претпријатија кои што на еден или друг начин добиваат пари од државни каси. Под секој градоначалник имаш некоклу тендери кои што на еден или друг начин добиваат пари од државни каси. (Да речеме, јас сакам да извадам некои пари за партиските активности. Можам, со помош на градоначалникот, да исплатам на лица пари за чистење на банкините на некои регионален пат.) Додај обем на тоа и добиваш големо купче.

Се согласуваш со ова до овде. Велиш да, можноста беше таму. Но, велиш, како да знам дека новиот градоначалник нема да продолжи со истата работа. И се разбира, нема целосен одговор на ова прашање. Но, дури и процесот да не може да се сопре, можеби може да се попречи, да се направи побавен, да се предизвика прекин во мрежата, некои луѓе да мораат да покриваат траги, некои да бидат фатени… итн. Не е многу тоа. Не е многу бар сега. Но додај обем повторно. Додај време.

Но велиш, опозицијата ништо не понуди. Нивниот лидер - ѓубре, велиш. Секако. Во ред. Но, не го заборавај прашањето од почетокот. Се надевам се уште си со мислата дека не ти се допаѓа што сега се случува во Македонија. Замисли дека има неизлечива болест. Лекот не е пронајден. Но, можеби напредокот на болеста може да се забави. Глупа утеха за пациент кој умира, велиш. Секако. И сепак. Додај време. Можеби лекот ќе биде пронајден.

Но велиш, не ја разбирам оваа алегорија со болеста. Знам дека следиш фудбал. Еве, замисли дека си Арсен Венгер, твојот тим губи. Треба да направиш нешто. Го сакаш Лео Меси, ама не можеш да го добиеш. На пазарот е само Давид Виља. Стар е. Се повредува често. Сепак, може да биде корисен играч додека не дојде вистинската прилика за трансфер.

Но прозорецот се затвори. Играта продолжува, а тебе се уште не ти се допаѓа тоа што се случува. ОК. Позз.

Прв пат пишано на: http://therealpsmst.tumblr.com/post/46410253299
Текстот е пренесен и на Нова ТВ: http://novatv.mk/index.php?navig=8&cat=6&vest=1993

Пародија на демократијата

Tags: 

@Parmakovski на твитер сподели досетка за политичката ситуација во Македонија.

Но, поентата на Пармаковски [за жал] не е само хумористична.

Пол Колиер во „Милијардата од дното“ ја опишува „пародијата на демократија“ во која може да заглават државите. „Изборната конкуренција може брзо да се воведе и во условите кои ветуваат најмалку“ - вели тој. Но, истовремено предупредува дека изборната конкуренција не е доволна бидејќи може да ги направи работите полоши со тоа што клиентелизмот ќе ја победи чесната политика во борбата за гласови. „Изборите одредуваат кој ја има моќта, но не и како таа моќ се користи“, - нѐ потсетува Колиер. Оттука, прашањето што треба да се одговори, е дали епизодата на избори без проверки и контроли ќе биде само минлива фаза или ќе се претвори во главна одлика на општеството.

И токму тоа е прашањето на кое треба да го бараме одговорот за Република Македонија по тромесечната политичка криза [по 24 декември 2012 г.].

Колиер предлага дека бранот на избори треба да биде следен од ентзузијазам за политички ограничувања. Инстументите што можат да помогнат за ова се два. Првиот е минимум стандард за слобода на медиумите кои сѐ уште фигурираат како ефикасна алатка за детаљна инспекција на политичарите и политиката. Вториот е начинот на прибирање и трошење пари во изборната конкуренција со цел да се обезбедат избори во кои гласачите нема да бидат потплатувани.

Мислам дека овие две се соодветни за да се одреди позицијата на Македонија во пародијата на демократијта. На рангирањето на Репортери без граници, државата паѓа во континуитет веќе четири години. Исто така, финансиите на партиите остануваат темна тема во Македонија.

Ова се „помалку видливите аспекти на демократијата“ кои недостасуваат во Македонија. Во држава [речиси] без проверки и контроли, изборната конкуренција без ограничувања, за разлика од економската конкуренција која обезбедува преживување на способните, создава нови услови на политичка конкуренција каде клиентелизмот обезбедува преживување на корумпираните.

Со Тери Гилијам барем можеме да се насмееме.

Текстот е објавен на РСЕ: http://www.slobodnaevropa.mk/content/article/24918746.html

Rant за пост-24.12-Македонија

Tags: 

<rant>

Опозицијата нема да оди на локални избори во март 2013 г. Па што? Нели опозицијата, посебно нејзниот предводник СДСМ и посебно главниот во СДСМ Бранко Црвенковски се најголемото зло што некогаш ја снашло Македонија? И сега тие се откажуваат. Па тоа ти е како Саурон да речеше: - „Еј ОК, другари хобити, елфови и други одам јас да мачам други луѓе“. Нели, опозицијата со тие позиции што ги имаше, и контакти и врски и влијанија беше најголемиот кочничар на напредните реформи на Владата и другите државни институции? Па решиле да се распуштат и тоа му доаѓа како колективната свест на Боргите да престанала да работи. Што може да биде лошо во тоа? Ако најниските од најниските, ѓубрето од целиот универзум решило повеќе да не се бави со активности во македонското општество, тогаш зарем не треба да прославуваме? Не е ваљда дека сакаме да кажеме дека грст луѓе се опасни и штетна и кога се во системот и кога е надвор од него? Не е ваљда дека сакате да кажеме дека грст луѓе се појаки од цела држава со сите граѓани, политички партии, полицајци и други органи?

Покрај тоа, опозицијата, осебно нејзниот предводник СДСМ и посебно главниот во СДСМ Бранко Црвенковски се најголемите лузери, нели? Мислам губеа таму 3-4 избори по ред. И сега уште муабет да се троши на нив. Па гледал ли некој филм во кој квотербекот и најјаките фудбалери, додека ги муваат чирлидерките, зборуваат за тоа како таму на часот по хемија двајца нрдови се скарале? Јас не сум гледал таков филм. Кој е тој филм?

Популарните метафори на страна, ако нешто е сигурно, повлекувањето на СДСМ (ако навистина остане така на среден рок) ќе значи уште потешка работа за сите полиберални луѓе, групи и организации во земјава (tough luck хех). Затоа што колку и да се овие зли и лузери, сепак нема никаква гаранција дека бришаниот простор сам од себе ќе роди помалку зла и помалку лузерска опција. Некој ќе мора да се избори за таа. А на празен простор, конкуренцијата е поголема. Но тоа е битка која треба да се очекува малку потаму во иднината. Така што кога ќе се заситиме од цинизмот, можеби ќе почнеме да се спремаме за тоа.

Но до тогаш, останува да го одговориме прашањето за тоа што ќе правиме со тие што одат на избори. Ако не сме со комплетно испран мозок и ако малку останало од когнитивните способности, тогаш треба да се помачиме и да најдеме одговор на тоа кој се потпиша и стави печат на сите кредити за задолжување (ваљда некој не му го „позајмуваше“ државниот печат на Бранко еј?) или на тоа кој ги купуваше телевизиите и весниците (ваљда не му ги шитнаа на Бранко за да го турне низ брдо тој рејтингот на новинарски слободи) или на нешто трето - кому како му се поважни прашањата.

ok pozz.

</rant>

Рационалниот избор на политичките партии

Tags: 

Во интервју за Гласот на Америка, вицепремиерот Теута Арифи вели:

„Политичката реалност во Македонија е една реалност каде етничката фрагментација не е одбегната, ниту во реалниот живот, ниту во политичкото дејствување. (...) Имајќи го во предвид фактот дека политичките партии фактички функционираат по етничка линија и кога одат на избори, секако, даваат голем приоритет на тие прашања. (...) Јас мислам дека ние од оваа реалност во моментов не можеме да избегаме, а уште помалку би требало оваа реалност да се преправаме дека ја нема.“

и

[Поголема лојалност на Албанците кон Македонија, меѓутоа и за пофлексибилен и поотворен однос на Македонците за прашања што се од интерес за Албанците (од прашањето)] ...не може да се постигне преку избори. На избори, ќе постигнете да избирате кои политички партии ќе водат од едната и од другата страна.

Ладната рационалност на Теута Арифи може да биде одличен пример за наставата на Економскиот факултет каде се предава теоријата на рационален избор. Суштината на тероијата е дека „поединците се однесуваат како да ги одмеруваат трошоците наспроти бенефициите за да дојдат до дејство што ја максимизира нивната лична корист“. Тоа е теорија што е длабоко навлезена во доминантиот [и за Македонија] неолиберален пејсаж.

Така ако на политичките партии гледаме на „поединци“ - а всушност се и „правни лица“ кои најчесто настапуваат како едно во јавноста, што друго воопшто можеме да очекуваме од „лица“ кои што се во бизнисот на освојување на најмногу гласови на избори?

Теоријата на рационален избор нуди објаснување кое е едноставно. Тие се стремат да освојат најмногу гласови и според тоа ги одбираат опциите што ги носат најлесно до целта - а тоа во нашиот случај, како што забележува и Арифи, е етничката карта. [Се разбира слично објаснување може да се понуди и за однесувањето на поединците што играат на етничката карта за својот успех, но за сега настрана со тоа.]

Слика од: liberation.typepad.com.

Прашањето е што може да се направи за рационалниот избор на партиите да не биде етничката карта? Арифи има одговор:

Тоа што треба да го направиме е да ја следиме интегративната филозофија на Охридскиот рамковен договор, која би дала можност за поголема етничка интеграција и меѓуетничко разбирање. Сметам дека вредностите на и идеите како што се ЕУ и НАТО се големи надетнички идеи кои можат да дадат придонес на оваа кохезија.

Но, ова не е нешто што ќе го направат партиите. Нема да го направат затоа што треба да освојат гласови, а гласови сега се освојуваат по етничка линија.

Значи ова е политичко-активистичкиот предизвик за 2013 и натаму. Тоа на што мораме да се посветиме како општество е за партиите да го направиме изборот на етничката линија нерационален. Со други зборови, за нив мора да стане очигледно дека повеќе гласови на избори ќе добијат ако одиграат на не-етничка карта.

Накратко за исходот од мнозинско-малцинските политички и оружени борби по СФРЈ

Tags: 

Ми се чини корисно навраќањето на пишувањата на Дејан Јовиќ за причините за распадот на Југославија како и на други теми, како што е војната во Македонија во 2001.

Посебно, тука интересна е расправата за правата на малцинствата и мнозинствата, или со социјалистичката терминологија на СФРЈ за етничките групи и конститутивните народи. Како што сум прибележал и порано принципот на нема-мнозинство / нема-малцинство во СФРЈ е една од најинтересните особености на државата. Ова дури не е ни само замислен принцип, туку, како што наведува Јовиќ, навистина сите групи (дури и Србите) биле малцинство во однос на сите други во државата.

Згодно ќе биде да се потсетиме на неколку забележителни цитати:

„Po kojim god se kriterijima prava manjina uspoređivala, socijalistička bi Jugoslavija bila iznad, ne ispod, onoga što su manjinama (kao takvim, dakle ne članovima manjinskih grupa kao građanima!) ponudile zapadno-evropske zemlje i Sjedinjene Američke Države. Uvođenje zapadnih standarda tretiranja manjina, prema tome, znači oduzimanje nekih prava i statusa koji su bili jamčeni za vrijeme socijalizma, a ne proširenje tih prava. Nije čudno, stoga, da Albanci na Kosovu, baš kao ranije i Srbi u Bosni i Hrvatskoj odbacuju razne zapadnoevropske prijedloge, smatrajući da time gube mnogo, a ne dobivaju ništa; ništa osim liberalne demokracije, za koju – kao što je već objašnjeno ranije u ovom tekstu – nikad nisu mnogo marili.“

„Separatistički nacionalisti, poput Tuđmana, osjećali su da je demokratska Jugoslavija smrtna opasnost za hrvatski nacionalizam. Demokratska bi Jugoslavija stvorila jugoslavensku političku naciju i ne bi dopustila postojanje više političkih nacija na istom prostoru gdje ona postoji. Hrvatska nacija bila bi kulturalna kategorija, koja bi opstala kao lingvistička, religijska, možda i ekonomska zajednica, ali bi izgubila status koji je imala u socijalističkoj Ju goslaviji. Ne samo hrvatska nego sve jugoslavenske nacije (uključujući srpsku) postale bi u demokratskoj Jugoslaviji ono što jesu – manjina stanovništva. Nacionalizam bi bio dopušten, ali bi nasilje bilo zaustavljeno.“

и

„Njihovo [на сепаратистичките националисти м.з.] je pitanje bilo logično i glasilo je, da parafraziramo Vladimira Gligorova, zašto bismo bili manjina u velikoj državi, kad možemo biti većina u maloj? To je pitanje razbilo Jugoslaviju, a potom bi – da nije bilo međunarodne intervencije – razbilo i Bosnu i Hercegovinu, Hrvatsku, Makedoniju, te SR Jugoslaviju (posebno Srbiju).“

Сето ова е интересно затоа што може да се искористи за after-the-fact преглед на државите што се создадоа од / по СФРЈ и посебно за тоа што меѓународната заедница дозволи да се случи на различни места каде што етничкиот микс беше (а некаде и сѐ уште е) изразен.

Велам значи, ова ќе биде after-the-fact преглед, без да навлегувам во причините за тоа зошто баш така нешто се случило и / или некои други последици [но, можеби ќе биде корисно за некои идни текстови]. Значи низ призмата на прашањето на Глигоров, прибележуваме кому му успеа да стане мнозинство во мала држава, по принципите на западната либерална-демократија:

Словенија ✔
Хрватска ✔
Босна и Херцеговина ✗
Србија ✗ (но, мошне веројатно Косово ✔, остатокот од Србија ✔)
Црна Гора ✔
Македонија ✗

Транзицијата како скршени ветувања

Tags: 

На транзицијата во Р. Македонија може да гледаме како на двослоен процес. Прво, тоа е политичката транзицијата од социјалистичка федеративна единица кон самостојна демократска држава. Второ, тоа е економската транзиција од самоуправна економија кон пазарен капитализам. Ги користам овие термини помалку слободно и можеби тие не ги опишуваат најпрецизно сите процеси, но мислам дека се доволно илустративни за да го означат период пред и по 1991 година, и како такви ќе послужат на целта на овој текст.

Нормативната цел на транзицијата, секако, е [или би требало да биде] приклучување на Р. Македонија во групата на т.н. „нормални држави“, т.е. развиени држави од Западот, со економски раст и развој и политички права и слободи. Ова всушност е ветувањето на транзиција – дека на крајот на овој мачен процес, Македонија ќе биде во добро државно друштво и дека нејзините граѓани [или барем нивните деца] ќе ги уживаат плодовите на нивната мачна работа и ќе живеат подобро од кога било. Сега кога транзиција [барем формално] е завршена [бидејќи условите на пазарно-ориентирана демократија се задоволени], останува да оцениме и дали ветувањето е исполнето.

Во неговата одлична книга „Долг“ [за одлична рецензија видете овде], Дејвид Гребер го следи развојот на парите и менувањето на човечките односи како последица на тоа. За нас во овој контекст потребна ни е анализата за напуштањето на кејнзијанските економски политики во 1970-тите години и скорашната финансиска криза. Гребер вели дека реформите на Роналд Реган во САД и Маргарет Тачер во Велика Британија, т.е. збирот на политики што подоцна го добија називот „неолиберализам“, се начинот на кој што во државите на благосостојба е објавено дека „сите претходни договори се откажани“. Тука се мисли на договорите помеѓу граѓаните [но пред сѐ работниците] и државата дека ќе има работни места и права на работниците, бесплатно образование и здравство, економска безбедност итн. До 1990-тите, вели Гребер, сите имаа политички права, но тие права станаа економски безначајни. За да се заменат овие, на граѓаните има се ветува дел од капиталистичкиот сон – секој може да биде капиталист. Но, финансиската криза, го крши и ова ветување. Сите не може да поседуваат ни куќа, а камо ли акции во корпорации или растечки стартапи.

Во нашиот контекст, правата, како избори, повеќе партиски систем и слично, исто така беа испорачани во 1990-тите. Сепак, она што важеше за земјите од „глобалниот југ“ во тоа време не важеше за Македонија. На пример, жените и во СР Македонија можеа да гласаат или одат на факултет, а истото важеше и за сите етнички групи политички-идеолошко дефинирани во контекстот на тогашната држава. Она што се случи во Македонија, покрај промовирањето на новите права [избори, повеќе партиски систем], вклучи поништување на некои претходни права. Во оваа смисла, поништувањето на правата на Албанската етничка заедница [од концепот на СФРЈ/СРМ според кој нема-мнозинство и нема-малцинство, во концептот мнозинство и малцинства, па до Охридскиот договор (за повеќе може да се види во „The Macedonian–Albanian political frontier: the re-articulation of post-Yugoslav political identities“)] и нивното повторно освојување е централната политичка битка во Македонија изминативе 20 години. Тоа е исто така највидниот доказ за тоа дека транзиција го прекршила своето ветување во политичката сфера – за подобри услови за живот од претходно за сите граѓани на Република Македонија. Со терминологијата на Гребер, македонската транзиција не успеала да одржи макар и економско безначајни политички права. Напротив, таа укинувала таму каде што сме биле и понапред.

Неолибеларните економски политики што започнуваат уште во 1991 и го доживуваат својот подем во следната декада, а посебно по 2001 година само ја дополнуваат оваа слика. „Кризата на вклучувањето“ - неуспехот и неможноста да се обезбеди благосостојба, доаѓа на нашата врата истовремено со ветувањето дека добрите времиња се тука некаде, зад аголот. Но, транзицијата обременета со неолибералните реформи недвосмислено го крши ветувањето кон работниците за економската благосостојба. Во оваа смисла можеби е уште полесно да се разбере Славој Жижек кога вели на штрајк денес се осмелуваат да одат судиите, лекарите, полициските службеници и државната администрација. Тоа се единствените преостанати групи за кои ветувањето за економска благосостојба не е сѐ уште целосно скршено. Но, за останатите тоа одамна е завршено. Најдобар показател за ова е веројатно статистичкиот податок за Индексот за човековиот развој чии вредности одат надолу иако бруто домашниот производ, барем во скоро време оди нагоре.

Гребер вели дека ако движењата од турбулентните 1960-ти години ги гледаме како барања за вклучување, тогаш тие движења подразбираат дека политичката еднаквост е безначајна без некое ниво на економска безбедност. Транзицијата во Македонија тогаш е комплетно спротивен процес. Таа не успеа да ги одржи ни политичките права, ниту да ја осигура економската безбедност на граѓаните на Македонија. Дожиевавме да ја посведочиме борбата за првото во некоја форма, но и таа е далеку од готова. За второто веројатно ќе треба да почекаме уште некое време. Затоа единствено може да се заклучи дека ветувањата кон нас не се исполнети. Тие се скршени. Со зборовите на Др. Мартин Лутер Кинг јуниор [како што е цитиран во истава книга]: „државата [Америка] ни даде [на црнците] лош чек. Тоа е чек што се врати со ознаката 'недоволно пари'“.

Републиката ни должи.

Европската комисија за авторските права и др. во 2012 во Македонија

Tags: 

Стана обичај на блогов да го закачувам делот од извештајот на ЕК за Македонија што се однесува на авторски права. Па еве го и за 2012 година.

4.7. Chapter 7: Intellectual property law
Some progress was made in the area of copyright and neighbouring rights. The amount of single equitable remuneration for reproduction for private use of written works, phonograms and videograms was regulated; the compliance with the acquis remains to be confirmed. The commission for mediation in the field of copyright and neighbouring rights is now the institution responsible to provide opinion on the tariff schemes of the collective rights management (CRM) societies that are to obtain licences. Two CRM societies are currently active. The cooperation of the unit responsible for copyright in the Ministry of Culture with the relevant institutions was limited. In this area, the country is advanced. Further progress was made in the area of industrial property rights. The London Agreement on the application of Article 65 of the European Patent Convention that aims at reducing the costs for patent translation was ratified. A license regime for chartered valuators in the area of industrial property was set up. Implementing legislation on registration of designation of origin and geographical indications of agricultural products was adopted. The State Office for Industrial Property (SOIP) continued the cooperation with the World Intellectual Property Organization, European Patent Office, European Patent Academy and other relevant bodies. Trainings and public wareness raising activities related to intellectual property rights (IPR) continued. In 2011, Academy for Judges and Prosecutors delivered 16 trainings on protection of IPR, including training of trainers, to 328 members of the judiciary as part of the continuous training. The National Strategy for intellectual property has yet to be updated. In the area of industrial property rights, the country remains well advanced.
Some progress can be reported as regards enforcement. The Law on customs measures for protection of IPR was amended to allow for processing of requests for such measures free of charge. The 2011-2013 Strategy for customs measures for protection of IPR was adopted. The increased competencies of the State Market Inspectorate (SMI) when seizing counterfeit items have had a positive impact. 49 police inspectors from the Ministry of Interior (MoI) deal with infringements of IPR. The Bureau on Pharmaceuticals (BP) seized counterfeit life-style medicines that were being sold in pharmacies, but there is no awareness as regards the threats posed by counterfeit medicines to the health and safety of the consumers. The Coordination Body for Intellectual Property (CBIP) undertook 12 coordinated actions in 2011, which is a drop by half compared to 2010. Cooperation of the CBIP with the Agency for Managing Confiscated Property continued, but the number of goods publicly destroyed decreased significantly in 2011. Competencies for IPR are spread across many law enforcement institutions (CBIP, SMI, MoI, BP, Customs administration, Ministry of Justice etc.) which creates a complex, rather than effective system IPR protection. In 2011, a total of 126 court procedures were initiated for violations of IPR. About 15 prison sentences and a number of fines on criminal offences were issued to individuals by the specialised IPR departments of the courts. Development of a methodology for collecting and exchanging statistical data on IPR is at an early stage; however the exchange of data between the law enforcement institutions is not systematic. Awareness that counterfeit affects also foodstuffs, cosmetics, hygiene products, medicines, toys, technical and electronic equipment is low and such goods are being sold in the streets and green markets. The trade in counterfeit medicines and fake products via the internet is still not subject of criminal prosecution. The cooperation between authorities to trace counterfeit channels and tackle the ‘counterfeit pyramid’ is limited, both at national and international level.

Conclusion
Some progress was made in the area of intellectual property regarding both the legislative framework and administrative capacity. Implementation remains a challenge and the collective rights management system is still underdeveloped. A solid track record on investigation, prosecution and trial of IPR-related cases has yet to be established, as violations of IPR continue. The level of awareness of IPR among the institutions and public remains low. Overall, preparations in the field of IPR are moderately advanced.

Целиот извештај е достапен на следнава врска: http://ec.europa.eu/enlargement/countries/strategy-and-progress-report/i...

Политиката на изразувањето

Tags: 

Зошто закон за граѓанска одговорност за навреда и клевета? Зошто некој закон воопшто? Еден начин да се гледа на законите е како на инструменти со кои општествата се грижат добрите работи во нив да напредуваат, а лошите да бидат сопрени. Можеби ваквата разлика меѓу нештата понекогаш е тешко да се одреди, но општествата имаат вредности и се грижат за интересот на своите членови, а денес, речиси секогаш по дефиниција, за интересот на нивното мнозинство.

Така на пример, закон што регулира задолжително средно образование за децата во едно општество, очигледно носи во себе определени вредности: дека образованието е корисно за поедницните, дека кога мнозинство од граѓаните на едно општество се образовани, тоа е подобро за целото општество, дека образованите граѓани можат активно да учествуваат во демократските процеси и сето тоа му служи на јавниот интерес, и така натаму.

Законите понекогаш одат еден спроти друг. На пример, тоа е случајот со законите што регулираат сопственост и оние што регулираат експропријација. Иако сопственоста е еден од темелите на модерните општества, се креираат алатки за нејзино преуредување ако тоа е од корист за пошироката заедница, за општеството. Се разбира, постојат различни начини на кои ова се прави (некои подобри, некои полоши), но целта овде не е да зборуваме за тоа. Целта е да укажеме дека општеството ограничува определено право, кога тоа му служи на поширокиот – јавен интерес. Вредностите што се вградени во оваа постапка се очигледни. Приватната добивка или корист не треба да ја надвладува јавната.

Но, истово не важи за (предлог) законот за граѓанска одговорност за навреда и клевета. Напротив, важи спротивното. Законот ограничува едно право – правото на слобода на изразување кое го уживаат сите граѓани на општеството за да заштити приватен интерес. Повторно, може тоа да го направи на подобар или полош начин (и многу веројатно нашиот закон во изготвување припаѓа во втората група), но повторно овде не е главното прашање за имплементацијата, туку за вредностите од кои се поаѓа за да се стигне до неа. Зошто со законите како овој го ставаме приватниот интерес пред јавниот?

Ми се чини дека одговорот на ова прашање се крие во проучувањето на тоа чиј поточно интерес се штити: дали е тоа јавноста во целина или е некоја потесна група? Колку што ми е познато не постои референтна листа на сите судски случаи кои за предмет имале навреда или клевета. Сепак, она што се добива како впечаток од медиумите и јавната дебата е тоа дека најчесто на страната на тужителите се наоѓаат луѓе кои настапуваат од позиција на моќ: политичари и други јавни личности, а на страната на тужените се помалку моќни (или немоќни) поединци. Не сме чуле за случај во кој двете страни се обични граѓани за кој правдата ќе нема многу избор, освен да биде слепа. Заклучокот што се наметнува е дека законите како овој служат за заштитување на интересот на елитите во општествата. А бидејќи членовите на елитите речиси секогаш се и јавни личности, законот всушност служи за заштита на приватниот интерес на јавни личности. Ова не се вредности што треба да ги застапуваме.

Првичната цел на обезбедувањето и уживањето на правата на слобода на изразување и слобода на печатот е да се овозможи на моќта да ѝ се зборува вистина. Но, зошто да не ѝ се зборува и хумор, карикатура, сарказам, пародија, па дури и лага? Ако македонските политичари навистина сакаат да го приближат општеството во кое живееме до епитетот „слободно“, тогаш треба да се откажат од кроење на закони што ќе ја ограничуваат слободата на изразување на сметка на нивните приватни чувства, или во најмала рака да се изземат себе си и сите други јавни лица од можноста под таквите закони да поведуваат постапка против останатата јавност.

Малку е веројатно дека ова ќе се случи. Како што сме виделе и до сега, домашните политички елити немаат идеолошки или било каков друг проблем да се здружат за да си обезбедат подобри услови. Најсликовит пример можеби се покачувањата на платите што си ги доделуваат. Колку и да ни се нејасни идеите за демократски вредности и јавен интерес, можеме да бидеме сигурни дека овие не се тие. Затоа на прашањето зошто закон за граѓанска одговорност за навреда и клевета кај нас има само еден одговор: затоа што на моќта не ѝ се допаѓа што имаме да кажеме.

Интернет и страв: мислете на децата

Tags: 

Можеме ли да замислиме таков интернет на кој содржината што ќе се објавува ќе мора да помине низ некаков филтер? Што ако навистина голем дел од интенрет е шкарт и, за доброто на сите, некој одлучи да го подобри квалитетот на содржините?

Еве што вели Владата на Р. Македонија за содржините на интернет:

„Истражувања покажаа дека скоро 2/3 од содржините на интернет можат да бидат штетни за децата и младите како што се промовирање на самоубиство, булимија или анорексија, промовирање на употреба на алкохол, дрога и други наркотични средства, нанесување штета на самите себе, откривање на лични податоци, сајбер малтретирање, специфични ризици кои се однесуваа на мобилните телефони, зависности и друго“.
Извор: Нова Македонија

Колку и да е оваа изјава неоснована, бидејќи никаде нема референца кои се тие истражувања, таа пренесува определен став. Ако сте родител и прочитате дека шансите да му се случи нешто лошо на вашето дете при секое излегување надвор се 60-70% тогаш сигурно ќе сакате да преземете нешто во врска со тоа. Неспорно, оваа изјава на Владата нѐ тера да преземеме нешто во врска присуството на нашите деца на интернет. Тоа го прави со ширење на страв.

Слика од:it.com.mk.

Одлично предавање на оваа тема одржа дана бојд пролетва на SXSW. Живееме во култура на страв. Стравот, вели таа, може систематски да се генерира за да ги мотивира или потчини луѓето. Тие што имаат моќ одамна го користат стравот за да ги контролираат луѓето. Стравот е корисен затоа што ги тера луѓето да посветат внимание и така да следат наредби. Интернет, и социјалните медиуми на него, како врвни примери за медиуми кои функционираат преку посветување внимание се одлично место за засилување на стравот. Интернетот ги прави видливи нештата што сакаме да ги видиме, но исто така ги прави видливи нештата што не сакаме да ги видиме. Тоа е извор на голема количина на страв – вели бојд.

Погоре цитираната изјава од Владата вели дека „постојат повеќе од 41 милиони изрази на пцовки и лоши зборови напишани со кирилично писмо и околу 106 милиони такви изрази со латинично писмо“ и потоа, „затоа Владата ќе преземе широк спектар на мерки и активности во кои ќе бидат вклучени претставници на целото општество“. Но, не ја гледаме Владата или било кој друг да презема мерки за сигурно поголемиот број на вербални пцовки што секојдневно се изрекуваат пред децата, дома и во училиштата, па и сите оние пцовки што ги изрекуваат децата меѓу себе на улица или во училница. Зголемената видливост значи и зголемен страв.

дана вели дека дека оние што можат да го контролираат протокот на информации и оние што можат да го контролираат вниманието на луѓето се надмоќни. И токму во овој контекст треба да ги разбереме плановите на нашата Влада за „мобилизирање на потенцијалите за правилно искористување на интернетот“.

Текстот е одбјавен на it.com.mk: http://it.com.mk/internet-i-strav-mislete-na-detsata/

Интернет е новиот Гутенберг е новиот интернет

Tags: 

Честопати значењето на појавата на интернет се поистоветува со значењето на појавата на Гутенберговата печатница. Аргументацијата зад ова е едноставна: интернетот, како и печатницата, ги омоќува поединците и ја овозможува и забрзува ерозијата на општествените авторитети. Во времето на Гутенберг тоа била католичката црква. Денес тоа се државите.

Сепак, не толку видлива жичка ги поврзува Гутенберг, државите и интернет. Она што е технологија на пропаст за еден поредок, е технологија на раѓање на друг. Роберт Рајт во својата книга „Логиката на човечката судбина“ се осврнува на оваа идеја објаснувајќи дека печатницата мобилизирала и религиска и политичка непослушност. Како резултат фрагментација се случила во религискиот домен, но спротивен процес се случил на политичкиот пејсаж – и нациите-држави се родиле. Централизирањето на политичкиот авторитет во раниот 17 век е основна лекција во учебниците по меѓународно односи. Пред тоа, можеби можело да се каже дека сите луѓе имале еден бог, но немале еден владетел, или барем секако не имале само еден доволно долго. Политичкиот авторитет бил дисперзиран помеѓу кралеви, барони, грофови, витези итн. Сѐ додека не се појавила печатницата. Тогаш, за прв пат во човековата историја, се појавил инструмент за ефикасна комуникација кој можел да мобилизира широки групи на луѓе на основа на нивните сличности кои и понатаму ќе ги хармонизира, и тоа се случувало токму со првите испечатени весници – памфлети од Гутенберговата печатница. Како што вели Рајт, печатницата го засилила националното владеење со креирање на заедничка културна база на голема територија, стандардизирајќи ги обичаите, митологијата и пред сѐ јазикот.

Сега, каква врска има сето ова со интернет? Одоговорот на ова прашање доаѓа од советникот на Барак Обама за информациски и регулаторни прашања – Кас Санстајн. Тој смета дека мејнстрим медиумите (од кои нели голем дел се печатени) мораат да се натпреваруваат за внимание со секој блог, твит или фејсубк статус, додека токму ваквата диета на вести создава фрагментација на јавноста во делови кои не се изложени на туѓи гледишта и се слушаат само себе си. Цитиран во „Заробеници на облакот“ - одличен критички осврт на т.н. клауд-компјутинг – Санстајн вели дека кога општеството се фрагментира на ваков начин, различните групи ќе се поларизираат на таков начин што од нив може да се изроди екстремизам, и дури и омраза и насилство. Што е за право, фокусот на дискусијата на Санстајн е на лажните гласини што лесно и брзо се шират на интернет и како ти е може да ја ослабат ефективноста на владата и да го поткопаат нејзиниот легитимитет. Но, колку и добронамерно да звучи идејата на советникот на Обама за совладување на лажни гласини, не можеме а да не се сложиме дека владите честопати и со леснотија преминуваат од добронамерни идеи во злоупотреба на моќ. А спречувањето на еден говор, макар тој бил и целосно неверодостоен, е лизгава патека (која за волја на вистината е разодена на некои места во светот).

Накратко значи, и најсилната држава на светот, преку членови од нејзината администрација, смета дека интернетот е таква технологија што може до некоја мера да доведе до ерозија на авторитетот на државите. Како пример, се разбира, тука се настаните од Арапската пролет каде барем популарно се сметаше дека интернетот одигра клучна улога во делегитимирањето на тамошните влади и нивната подоцнежна смена.

Но, дали нации-држави можат да постојат без униформен гласник кој континуирано ќе го создава чувството на припадност кон поширока заедница, и дали интернет така фрагментирајќи ја јавноста може да го разгради сврзното ткиво на нациите-држави се прашања на кое што можеби нема да најдеме одговор. Од една страна поука може да се влече од католичкото свештенство во раниот 16 век кое сигурно не очекувало дека неколку листови хартија со критика на неговата доктрина набрзо ќе го прекине нивното вековно непредизвикано владение. Од друга страна, продирањето на клауд-компјутингот, носи ново (но и веќе видено) чувство на униформност. Како што велат авторите на погоре наведениот текст за облакот, интернет може да се спореди со градови држави или архипелаг на острови: податоците и содржината се распределени на различни сервери. Облакот е Бизмарковото обединување на Германија во кое порано различните политички ентитети се ставаат под централна влада. Тоа што ние воглавно доброволно му се предаваме на облакот, можеби значи дека ни се допаѓа чувството на припадност што тој, како и државите, го нуди. Тогаш можеби треба да имаме и сосема поинакво читање на идеите и иницијативите и на македонската влада за преземање активности на интернет.

Објавено на it.com.mk: Интернет е новиот Гутенберг е новиот интернет.

За важноста на слободниот софтвер и отворените стандарди - презентација на Е-општество 2010

Tags: 

По среќна случајност, освен ако Гугл не знаеше дека фрекфенцијата на текстови на блогов е намалена, при известувањето за стартувањето на Гугл драјв, си го најдов текстот-презентација од Е-општество 2010 и забележав дека го нема овде. Па бидејќи сѐ уште делува свежо, а темата е важна како и секогаш го пренесувам тука.

Во изминатава година бевме вклучени во проектот за пишување на предлог Национална политика за слободен софтвер. Тимот се состоеше од луѓе од Слободен софтвер Македонија – организацијата која јас овде ја претставувам, фондацијата Метаморфозис – која меѓу другото е организатор на оваа конференција и Министерството за информатичко општество заедно со заинтересирани страни од бизнис секторот, универзитетите и заинтересирани поединци од пошироката јавност.

Срцевината на политиката се 12 препораки кои што ги составивме. Препораките се однесуваат на работи што сметаме дека се важни за граѓаните и компаниите во контекст на развојот на информациското опшество, а посебно во однос на комуникацијата со државата.

Бидејќи времето е кратко ќе прејдам на главните поенти. Се разбира целиот текст е достапен на интернет заедно со дискусиите што ги имавме. На оваа врска можете да ја прочитате политиката во целост.

Па зошто ние потребна ваква политика?

Треба да погледнеме некои од услугите кои ги нудат јавните институции со кои граѓаните и компаниите мора да комуницираат по Закон.

Затоа посакуваме граѓаните и компаниите да имаат избор во тоа кој софтвер го користат при комуникација со државата. Има повеќе примери за ограничувања при изборот на софтвер, но бидејќи сме при крај на годината и завршните сметки ќе се спремаат наскоро, еве што Ви е потребно да доставите завршна сметка по електронски пат.

Приказната не е многу поразлична и со добро прочуениот софтвер за пресметка на платите.

Ова задолжително парче софтвер работи исклучиво на еден оперативен систем.

Кога компјутерите не би постоеле, тоа би било како морате да пишувате само со пенкала на Паркер или само на хартија од Молескин.

Да ја искористам оваа графичка претстава од Ханс Рослинг, она што сакаме да се постигне е јавноста да има поголем избор, увид и вклученост во она што го нарекуваме е-општество, а од кое дел се концептите за е-влада или е-образование.

Исто така сакаме да ги лоцираме добрите практики што ги имаме во Македонија и тие да послужат како пример за оние институции кои треба да се придружат на електронските новини или кои веќе се таму, но мора да се подобрат.

Но, дури и да ја имаме напишано најдобрата политика и таа да биде усвоена од надлежните институции, малку ќе се постигне без учество на граѓаните.

Се разбира, ние во Слободен софтвер Македонија можеме да завршиме дел од работата, но без активност од остатокот од јавноста тешко дека ќе можеме да ги постигнеме саканите цели за отвореност, пристапност и избор.

За да споделиме посакувано е-општество, треба да споделиме и дел од работата потребна да стигнеме таму.

Благодарам.

Идеалот за четвртиот столб

Tags: 

Поранешниот американски аналитичар на ЦИА и советник на неколку претседатели, Реј Мекговерн, цитиран во „Викиликс, откривање, слобода на говор и демократија: Новите медиуми и четвртиот сталеж“ (PDF), вели: „Четвртиот сталеж е мртов... заробен од владата и корпорациите, воено-индустрискиот комплекс и разузнавачкиот апарат“.

Ниту една друга професија во историјата на човештвото не била толку ценета во општеството, и од неа тоа толку не се плашело, за да ѝ додели епитет како што е четвртиот сталеж: четвртиот столб на општеството, покрај благородниците, свештенството и обичниот народ, или како што е седмата сила, мислејќи тука светска сила покрај останатите шест во Европа во 19-тиот век: Обединетото Кралство, Франција, Австрија, Прусија, Руското и Отоманското Царство.

Поскорешна ознака е четвртата власт, покрај законодавната, судската и извршната. Сите три се однесуваат на новинарството, на замислените идеални медиуми кои стојат како последна проверка за политичката власт.

Кое и да е нивното поетско име, често зборуваме дека тие се мртви. Да ја цитираме повторно Џенифер Робинсон: „Корпоративната сопственост на новинарските организации (понекогаш од истите корпорации кои поддржуваат одредени политичари и имаат интерес во државни тендери), комбиниран со економските притисоци на изумирачкио бизнис модел на традиционалните медиуми, значи помал фокус на традиционалната улога на медиумите и повеќе фокус на економските интереси и односите со моќта што ги штитат тие интереси. Некои велат дека традиционалните медиуми се поместиле од својата улога да бидат четврт столб, замислен дел од владеењето во демократија, во буквална „четврта гранка“ каде стариот печат е одвнатре и според тоа веќе го нема спротиставениот однос со тајноста, концетрацијата на моќ и корупцијата, однос кој е потребен за правилно да ја исполнува својата улога“.

Горниот параграф лесно може да се употреби за да се опише медиски могул како што е на пример Руперт Мардок. Но, иако не од толку голем размер, сепак сосема соодветствува и на македонскиот новинарско-медиумски пејсаж. Сопствениците на сите поголеми медиуми во Македонија се секојдневен дел од чаршиските разговори, а нивните односи со политичките елити се незаобиколив дел од фолклорот. (Службен преглед на електронските медиуми и детали за нив има на веб-страницата на Советот за радиодифузија.)

Дека потребата за независно новинарство кое пред сѐ ќе одговара пред граѓаните, не е само едно видување, говори и студијата на Бил Ковач и Том Росентил насловена „Елементите на новинарството: Што треба новинарите да знаат и јавноста да очекува“. Во ова дело базирано на опширно истражување, авторите изнесуваат 9 јасни принципи за новинарството меѓу кои се обврската кон вистината, лојалност кон граѓаните и независно надгледување на моќта. Авторите предупредуваат дека ако не ѝ се вратиме на теоријата за слободен печат, новинарите ризикуваат нивната професија да исчезне.

Слика од: http://www.toonpool.com/cartoons/Wikileaks_107207.

Која е тогаш иднината на новинарството?

Робинсон ги гледа Викиликс и нивниот модел како добар пример за новинарска организација која тежнее кон идеалот за четвртиот столб. Поради тоа што се финансирани од јавноста преку мали донации, тие остануваат единствено одговорни кон јавноста. Нивниот модел исто така ја отвора вратата за научното новинарство. Џулијан Асанж вели дека научното новинарство овозможува не само читање на новинска вест, туку и проверка на оригиналниот документ кој е основа за таа вест. Така читателот сам ќе може да оцени дали веста е вистинита или не. Јасно ова е и начин да се види дали новинарот ја исполнил обврската кон вистината.

Огромно прашање е дали и колку моделот на Викиликс - да се биде финансиран од јавноста и да се објавува вистина, може да се прилагоди во Македонија. Но, ова прашање оди рака под рака со прашањето дали демократија може да опстане без медиуми кои се стремат кон овој идеал. И додека работиме на појавувањето на новинарската организација која ќе биде отелотворување на четвртиот столб, да се потсетиме на познатата мисла на Томас Џеферсон: „Онаму каде печатот е слободен и секој човек знае да чита, сѐ е безбедно“.

Текстот е објавен на РСЕ.мк.

Овој текст е втор дел од пишувањата за новинарството. Првиот дел е „Поп-културата и новинарството“.

Скопје, ремиксан, брат

Tags: 

Дисклејмер: не сум некој филмски зналац. Ама, ете, сум гледал многу филмови. Исто така, предупредување да не читаат тие што не гледале.

Па го гледав „Скопје ремиксан“. Велам не сум некој филмски зналац, ама можам да кажам еј добар филм - кога ќе гледам добар филм, и едноставно по 2 часа во кино, тоа не можам да го кажам за овој филм.

Сега, не се разбирам во тоа каква се работа со камерата е правена или некои други такви технички детали. Но, мислам и дека тоа не е задолжително за чесен коментар. Од сите филмчиња што се во омнибусот само 2-3 ми оставија чувство на целосен филм, со приказна и слично. Тука се (ги користам насловите од Маклабас го брани Бит-пазар) „Скопски љубовџии“ на Ѓорче Ставревски, кој ми се чини и како најавтентичен од сите, потоа Свиркачот" на Вардан Тозија, кој е фин, но сепак само реинтерпретација на „V for Vendetta“ и до некаде "Опера" на Даријан Пејовски. Сѐ друго, јеби га. Не знам дали би добило и искрени 20 лајка на јутјуб.

Тоа околу филмското доживување.

Сега за уште две работи кои нужно некако одат рака под рака со филмов, бидјеќи, ми се чини, и авторите така сакале.

Прво, тоа е постојаното референцирање на „изгубеното Скопје“. Многу ми е тажно што, ете на некој начин, скопската уметничка оштрица во градов не може да излезе од таа рамка што е наметната од политичката оштрица, а тоа е инсистирање на единственото читање и разбирање на градот. Едните плачат за Скопје од пред-земјотресот, другите за Скопје на Танге, трети... како да не може да има повеќе Скопјиња, повеќе приказни што го идентификуваат градот и неговите жители (што би било и баш постмодерно, ако веќе баш сакате). Така што таа цела „ни го земаа градот“ реторика ми е бљак и мислам дека е прилично надвор од хм, современите текови, ако може така да се рече. Дека таа реторика постои во филмот пак, не е спорно, од постојаното потсетување, речиси документарно, на некои настани и/или времиња што се дел од историјата на градот. Што значи, не можеме да заклучиме дека тоа е дел од фикцијата која филмот (би) ја претставува(л).

Второ, а повразно со првото - секако, се импликациите кон политиката од ваквото презентирање во филмот. Колку и авторите да сакале да покажат среден прст кон политичарите и да испаднат фраери во Скопје со тој свој чин, сепак неспорно и на очиглед е дека филмот е снимен со пари од Македонскиот филмски фонд, кој што пак е во рацете на Владата на РМ, истата Влада што „ни го краде Скопје“. Сега, можеби личи субверзивно што ете македонските млади режисери направиле филм со пари од истата кофа од која се црпи за спомениците или што знам што, но со оглед на тоа дека (веројатно) се дале пари за сценарија кои требало да бидат видени претходно, заклучокот што може да се донесе е дека моќниците и не мислеле дека има нешто страшно во тоа што се кажува - за на пример да треба да се поправи или замолчи.

Ова ме потсети на Асанж-Жижек дебатата од лани, и за дискусијата за цензура. И да го цитирам Асанж: „Секогаш треба да гледаме на цензурата, всушност, како позитивен знак, и обидите за цензура како знак дека општеството не е целосно сошиено, сѐ уште не комплетно фискализирано, туку дека има сѐ уште некоја политичка димензија во него. Односно, дека тоа што луѓето го мислат, веруваат и чувствуваат и зборовите што ги слушаат всушност значи нешто“. Оттука, заклучокот е дека што се однесува до македонските политичари, ова филмско бунтување не значи ништо.

Алчност, поплаки и архитектура три години по 28.03

Tags: 

Неколку пати сум пишувал за книгата на Пол Колиер „Милијардата од дното“. Една од клучните поенти што авторот сака да ја одбрани е тоа дека воените (вооружените) конфликти во земјите од дното не се случуваат заради поплаки кон државата (системот), туку заради алчност.

Аргументацијата е едноставна. Бунтовничкиот водич одбира некој рудник на дијаманти и со своите блиски соработници го зазема. Потоа ги користи приходите од таму за да го финансира бунтот, но истовремено конструира grievance што ќе биде од корист за поширока мобилизација. Се разбира, ова не важи за сите конфликти. Но, книгата на Колиер, како и впрочем неговите истражувања, изобилуваат со статистички податоци за тоа кога вакви војни се случувале.

Немам намера сега детално да го објаснувам истражувањето на Колиер. Причината поради која пишувам за ова е 28.03 или три-годишнината од насилството што се случи на плоштадот Македонија. Некако чудно, кога вчера се потсетив на тие настани се сетив и на книгата и на целиот овој аргумент greed vs. grievance. И кога ќе ја погледнам дебатата во врска со архитектурата во градот, и генерално прашањата околу кои се кршат копјата, ми се чини како да доминираат гледиштата за grievance: градот што постоел, па бил срушен, па комунистите направиле бетон, па не смееле да се градат цркви во нивно време итн. - конструкции кои што сега јавно се артикулираат.

Но, никој (веројатно никој) не го погледна ова прашање од аспект на алчноста. Државното земјиште е последниот заеднички ресурс на ова општество (откако општествените претпријатија и рудници и сл. се продадоа, приватизираа или затворија поради нерентабилност). Тоа е последниот ресуср кој можеше да се освои. А, тука е и Колиер да нѐ потсети дека големата корупција во слабите држави секогаш се крие во градежништвото.

Ми се чини дека би било потрагично да се замисли ситуација во која во јавноста не би имало противење на ова губење на заедничкото само затоа што новите згради не се во барокен стил.

Уште неколку реченици за отворените влади

Tags: 

Во (веројатно) извиканиот говор на Евгени Морозов на TED, има интересна забелешка за пристрасноста на западниот свет кон улогата на технологијата: Наместо бомби, фрлете им ајпади и демократијата е неизбежна. Ми се чини дека за многу проблеми и нам овде во Македонија технологијата ни се чини како решението што неизбежно ќе донесе позитивни резултати. Последно, иницијативата за OpenData е уште едно место каде технологијата треба да помогне за подобра држава.

Отворени податоци е дел од големиот балон за отворена влада. Затоа, прашањето е дали можеме да имаме отворена влада без технологија? Неспорно, полесно е да ја имаме со помош на технологија, особено некоја отворена технологија како што е интернет. Но, еве, за момент да замислиме дека технологија баш и нема. Кои се отворените влади на минатото?

Ова е важно прашање бидејќи нужно нѐ втурнува во политичка дебата за тоа што всушност мислиме кога ќе кажеме отворена влада; што очекуваме од владата воопшто, наспроти кои алатки од светот на ИКТ мислиме дека таа треба да ги користи. Како што Морозов забележува, владите сосема успешно можат да користат технологија за да одржат авторитативност и за да наметнат репресија над граѓаните; можат да ги користат и најубавите софтверски алатки.

Значи, повторно, ова е дебата за вредностите. За оние од нас кои доаѓаат од светот на слободниот софтвер ова можеби и не е толку чудно. Слободниот софтвер е вредносно прашање: софтверот треба да биде слободен бидејќи тоа е единствениот начин трајно да се обезбеди слободата на корисниците на компјутери. Слободата е највисоката вредност што се застапува.

Прашањето е дали можеме ли да изнајдеме слична дефиниција за вредностите за отоворената влада?

Три поенти за интернет

Tags: 

Има едно меме што се шири на интернет откако започна мерењето на силите за договорите и законите кои што треба да владеат со него:

Освен тоа што изгледа кул на постоечката иконографија (Гај Фокс) да се додаде уште еден херој, ми се чини дека сликичкава затскрива неколку важни поенти, најмногу за и околу ACTA.

Прво, уште еднаш потврдува дека активизмот има широки ефекти кои се прелеваат во општеството. Далеку од тоа дека сите анти-ACTA активисти се свесни за неинтернетските последици за овој договор, но без разлика на тоа, од сопирањето на овој договор ќе има корист и некое сиромашно градче можеби во Африка кое чека испорака на генерички лекови. Со тоа, на некој начин, дури и оние кои немаат глас на интернет, ќе бидат помогнати од интернет.

Ова води до втората поента, а тоа е дека интернет е различен од другите (старите?) медиуми во една клучна работа: овозможува полесно да им помагаме на другите. На ова ми се чини мисли Џонатан Зитрејн кога ја опишува мрежата како „случајни чинови на добрина“. Ова е главната особина на интернет што мора да ја чуваме. Ако тоа помогне да се спаси светот, уште подобро.

Трето, иако е направено да биде смешно, мемето во трите сликички дискутира за една состојба која е денес - финансиска криза, а во четвртата за една состојба која може да дојде утре - државна контрола на интернетот. Првата серија сликички значи е за последиците што ги имаме денес - по 30 годишна организирана политичка активност против државата на благосостојба. Тоа е време, меѓу другото, без интернет - време кога идеите не се ширеле толку брзо колку денес. Тоа е времето кога, како што вели Лесиг во „Изгубената република“, САД (а можеби и други земји) од "Broadland" се претворила во "Richistan". Тоа што проширувањето на владеењето на богатите над сиромашните, се обидуваме да го спречиме преку интернет, а случајно, затоа што истата ACTA сака да го нормира интернет, можеби дава интересен увид за тоа би можел да изгледа светот, ако технологијата постоела порано.

Но, сигурно дава доволен доказ дека сега, со интернет, ACTA и оваа борба, се спротиставуваме на причините, а не на последиците.

Текстот е објавен на it.com.mk: Три поенти за интернет.

ACTA не е само за нас и Холивуд

Tags: 

Дискусијата за ACTA се шири сѐ повеќе. Ми се чини дека до сега воглавно зборувавме за последиците до овој договор во однос на тоа што ќе му се случи на интернет и нам како корисници. Ако им успее на активистите да го одбранат интернетот во ЕУ, тогаш и ние во Македонија ќе бидеме ќар.

Ако го читате овој текст од IP адреса што доаѓа од Македонија тогаш не е чудно да мислите дека колку и да сте против донесувањето и спроведувањето на спорната ACTA, нема што многу да направите освен некако електронски да ги поддржите сомрежаните од остатокот од светот каде заканата од договорот е понепосредна. Но, ACTA може да биде и многу важен преседан во меѓународното право, во начинот на склучувањето на договорите. Затоа мислам дека би било корисно да се напише нешто повеќе за историјата на трговските договори.

Еден од најпознатите случаи е Уругвајската рунда на преговори која под капата на GATT (General Agreement on Tariffs and Trade) траеше од 1986 до 1994 и меѓу другото резултираше со TRIPS (Trade Related Aspects of Intellectual Property Rights). Овој договор администриран од WTO (Светската трговска организација) е предводникот во меѓународното регулирање на прашањата поврзани со „интелектуална сопственост“. Но, идејата овде не е да ги дискутираме деталите во врска со овој договор, туку само да го погледаме времетраењето и опфатот на оваа рунда на преговори.

Во Уругвај, државите помеѓу себе преговараа осум години за да дојдат до некаков заеднички прифатлив договор. Ова е важно бидејќи во овие преговори беа вклучени многу земји, дури 123 – можеби сите од тој период, ја немам таа статистика. Јасно е дека земјите немаат иста моќ на преговарање, но ако ништо друго тогаш барем зборот на сите 123 е чуен на овие преговори.

ACTA од друга страна се преговараше едвај четири години, некаде од 2008 година. Во тие преговори вклучени се: САД, Канада, ЕУ, Швајцарија, Австралија, Мексико, Мароко, Нов Зеланд, Кореа и Сингапур. Не се вклучени Кина, Индија и Бразил. Сликата е самообјаснувачка. Ова е договор на земји со слични интереси. За контекст, потсетете се на приказната за Бразил и неговата одлука да не ги почитува патентите за лекови за СИДА. Интересите на земјите во развој и на растечките економии се различни од оние во т.н. Кантри-клуб на земји. Токму нивната заштитата е главната поента на ACTA. Никој овде не ги праша на пример земјите погодени со епидемија на СИДА дали ќе им одговара послободен проток на генерички лекови.

Трите главни грижи во врска со ACTA се можноста тој да биде имплементиран без ратификација од парламентите на земјите, да биде принудно наметнат над оние земји кои не учествувале во преговорите и да создаде услови приватни лица да бидат прогонувани без соодветна законска постапка. Но, тоа не е сѐ. Како што потсетува Жак Атали штом ќе биде донесен, ACTA може да избега од демократската контрола макар таа била само владите на овие неколку земји. Новоформираната ACTA комисија сама би го менувала текстот на договорот и би ги се грижела за негова примена.

Во сето ова, авторските права за нашите омилени холивудски блокбастери веројатно се второстепено прашање. Но, ако тие се доволен мотив да се приклучиме во битката, тогаш не треба многу двоумење. Да го цитирам Брус Стерлинг: „Можеби не сте заинтересирани за војната за дигитални права, но тоа не значи дека ја имате привилегијата да седите на трибините. Бидејќи другата страна е многу заинтересирана за вас.“

Текстот е објавен на it.com.mk: ACTA не е само за нас и Холивуд.

Акроними и активизам зад „тајмлајнот“

Tags: 

Изминатава седмица беше полна со настани. Вистина, веќе до средина, кога почнав да го пишувам овој текст, расправата за новиот американски закон Stop Online Piracy Act, беше одложена, па закажана, па повторно одложена за по Нова година, а Советот на министри за земјоделство и рибарство во ЕУ го прифати меѓународниот договор ACTA – договор кој на големо треба да ги регулира прашањата за авторските права и интернет.

Со оглед на тоа дека не сме ни дел од САД, ниту од ЕУ, можеби се чини дека овие вести немаат некоја посебна важност за нас овде во Македонија. Но, таквото гледиште би било наивно, ако не и штетно.

Не бидејќи примената на овие закони и договори можеме да ја избегнуваме – можеби и можеме на кратко, туку бидејќи тие откриваат многу суштински пораки за тоа како функционираат модерните држави и за тоа како идејата за демократија, а можеби и самата демократија, ќе треба повторно да се извојува.

Да почнеме со SOPA: Слешдот извести дека американскиот конгресмен кој го предложил овој закон во Конгресод на САД во последните 10 години има добиено речиси половина милион долари донации од ТВ, филмската и музичката индустрија, т.е. тие интересни групи што најмногу се жалат од интернет и мрежаните. Кога го прочитав ова, не можев, а да не се сетам на Лоренс Лесиг и неговата книга „Изгубената република“. Во неа се споменува интересно сеќавање на конгресменка (стр. 148): „Се сеќавам на коментар на познат делегат од Вирџинија што собира многу пари. Тој рече: „Наслони се кон зелените“, а не беше борец за здрава живтона средина.

Во книгата Лесиг на долго и широко објаснува како парите го корумпираат американскиот конгрес, и како републиката, претставничката демократија (се) губи.

Начинот на кој е изгласан договорот ACTA сигурно треба да ги натера и европските граѓани да се запрашаат за своите републики. Тешко е да се поверува дека министрите за земјоделство (па и нивните служби) се експерти за авторски права и трговски марки. Една од најголемите грижи за ACTA е во нејзиното претставување како „трговски договор“, т.е. нешто што е доволно да се усвои на ниво на извршна власт (влада), за кое не е потребно посебно одобрување од националните парламенти.

И покрај сѐ, битката против SOPA и ACTA продолжува, колку на интернет, толку и во конгресот и европскиот парламент. Се надеваме на победа на граѓаните против корпорациите и зависните влади; победа од која несомнено корист ќе имаме и ние тука; победа без која стигнувањето до некои други победи ќе бидат потешко. Кори Доктороу пишуваше: „Глобална мрежа... не е доволна да се отстрани диктатор, но сигурно не би сакал да правам револуција без таква мрежа“, а Клеј Џонсон од малку поинаква перспектива нѐ потсети на истото во „Драг интернету: веќе не е во ред да не знаеш како работи конгресот“.

Накратко, додека ја подразбираме важноста на светската мрежа, треба да престанеме да се залажуваме дека најинформирани и најпаметни мрежани го населуваат овој простор и дека револуцијата ќе бликне од „лајковите“ и „ретвитовите“, па дури и од долгите и аргументирани текстови и коментари. Тоа нема да се случи. Битките, без разлика за која цел, не завршуваат на нашиот ѕид или „тајмлајн“; тие можеби започнуваат таму, но течат и целат на улиците, плоштадите, дебатите и промовирањата, писмата и барањата до конгресмените и пратениците, а се градат во библиотеките и универзитетите, во учењето и истражувањето.

Активностите околу ACTA и SOPA се доказ за тоа и пример од кој треба да учиме.

Текстот е објавен на it.com.mk: Акроними и активизам зад „тајмлајнот“.

Јавната дебата и слободата на говор

Tags: 

Пред некое време имав вообичаено вжештена дискусија за општествените прилики. Во даден момент моите соговорници ме обвинија дека моето интересирање за нивната политичка припадност ме прави зависен од црно-белата перцепција на македонскиот општествен живот. Со други зборови, тврдеа тие, воопшто не е важно дали на пример се или не се поддржувачи на некоја политичка партија. Единствено важно е тоа што тие го кажуваат.

Се разбира се согласувам со тоа дека единствено важно е она што се кажува, а не и кој говори. И ако е така, тогаш зошто да не се понуди и таа информација? Значи, она што не успеав да одговорам тогаш е:

Напротив. Инсистирањето да не се одговори прашањето за политичката припадност е дел од црно-белото гледање на нештата.

Зошто? Бидејќи само преку прифаќањето на таков општествен контекст може да се оправда однесување што некако соодветстува на него. Поинаку кажано, ако мислам дека општеството е црно-бело и знам што значи тоа во јавноста, тогаш ќе го прилагодам своето однесување за да ја намалам можната штета по себе. Со не толку апстрактен пример, кога мислам дека излегување со водена коса не е добро и знам дека надвор е ладно, ќе ја исушам косата и ќе ставам капа за да ја намалам можната штета по себе.

Луѓето што одлучуваат да ја премолчуваат политичката припадност се приморани на водење на дискуии во кои секогаш се во опасност да бидат дискфалификувани ad-hominem. Овие луѓе го прилагодуваат говорот за да го спасат од дискфалификација. Тие се заложниците. Но, колку и будалесто да изгледаат некои политички убедувања, вистинитоста на искажаното мислење или понудената анализа не може да биде нивна жртва. Цитат што води до Роберт Пирсиг, но не можам да го потврдам, вели: „Најголемата светска будала може да каже дека сонцето свети, но тоа нема да го затемни него“.

Но, ова прашање оди и потаму од мудри цитати. Ваквото премолчување ја жртвува и слободата на говор. Политичката припадност или политичките убедувања се форма на говор. Со велење дека нема да кажеме кои се нашите бидејќи се плашиме од определени последици, всушност признаваме дека човековото право на слобода на говор е загрозено во нашето општество.

Секако, не велам дека сите треба да носиме маичка што ќе ги објавува нашите политички убедувања (и секако има луѓе што мислат дека тоа е добра идеја и тоа го прават), но велам дека секој пат кога ќе премолчиме нешто за нашата припадност плашејќи се од дискредитација на нашиот говор ја жртвуваме јавната дебата и ја жртвуваме слободата на говор. Учествувањето во оваа игра ја потхранува неа и ја прави поодржлива: како што повеќе луѓе го прават тоа, така тоа изгледа вообичаено, очекувано, природно за нештата на кои се однесува.

Затоа потребна е храброст и одлучност во дејствувањето. Прво, за јавната дебата да се издигне над навиките за ad-hominem напади и второ, за употребувата на правото на слобода на говор да добие целосен обем и опфат.

Реформата на високото образование

Tags: 

Од WikiLeaks’ Julian Assange & Philosopher Slavoj Žižek With Amy Goodman:

You know, you—by "you," I mean U.K. citizens here—what horrors are being made now in the U.K. university reform, new privatizations and so on and so on. This is all one concerted attack on the public use of reason. It goes on all around Europe. The name is so-called Bologna high education reform, and the goal is very clear. They say it. It’s to make universities more responsive to social life, to social problems. It sounds nice. What it really means is that we should all become experts. As a French guy, later minister, explained to me in a debate in Paris. For example, cars are burning in Paris suburbs. What we need is psychologists who will tell us how to control the crowd, urbanists who will tell us how to restructure the streets so that the crowd is easy to break up or whatever. Like, we should be here as a kind of a ideological or specialist serviceman to resolve problems formulated by others. I think this is the end of intellectual life as we know it.

Веројатно и други луѓе на други места го покренале ова прашање, така што не ми е јасно кој е посмешен: тие што го претставуваат тоа како супер идеја, или тие што бараат фаул.

(Не)познато (не)знаење

Tags: 

Дополнето 29.02.2012 година: Овој текст е награден на конкурост на Diversity Media. Мојата благодарност.

Доаѓа крајот на годината. Меѓу другото тоа е период во кој се прават плановите за следната година. Така е и со економскиот раст. Деновиве научив дек очекуваната стапка на раст за 2012 година е помеѓу 3% и 4,5%. Она што не научив е дали проектираните стапки се номинални или реални. Тоа е важно прашање за економска анализа. Разликата помеѓу номиналната и реалната стапка на раст е инфлацијата. Ако номиналниот раст е 4%, а инфлацијата 2% тогаш реалниот раст е 2%. Ако номиналниот раст е 3% и инфлацијата е 3%, тогаш реалниот раст е нула. Со други зборови инфлацијата го јаде растот. Но, текстов не е час по економија.

Под претпоставка дека не сум пропуштил некој клучен параграф во новинарските текстови, се запрашувам зошто прашањето за економскиот раст на македонската економија не е подобро обработено? Колку е потребно да расте македонската економија за тоа да го почуствуваат граѓаните? И кога сме кај економските прашања, што значи тоа дека последниот кредит што го зеде државата е земен под многу поволни услови? Што е тоа своп? Колку точно камата треба да плати државата ако на тие и тие банки им должи толку и толку проценти?

Два записа од интернет ме поттикнаа да го пишувам, и пред сѐ повторно да размислувам за ова. Првиот е текстот на Горан Арсов во кој тој, меѓу другото, вели: „Повеќе од половината од учениците излегуваат од средно без да знаат дека струјата убива со затворање на струен круг;“, а вториот големиот цртеж „Кај се парите“ на авторот на XKCD Рандал Мунро.

Прашањата што ми текнаа додека се возев во автобус се: Колку всушност знае еден дипломиран економист од најдобриот факултет во земјава? Дали знае, на пример, да го прочита платниот биланс на Македонија? Или што знае еден дипломиран правник? Или... впишете ја професијта по желба и запрашајте се дали некој може да ги прибере податоците за парите во земјава, како тоа што го направил Рандал Мунро, и да направи сличен преглед? Поврзано со ова, секако, дали воопшто податоците се некаде достапни? Дали може да се направи било каков друг информативен преглед со податоци кои се актуелно релевантни за земјава?

Не сум направил никакво истражување. Но, ако морам да се обложам викендов тогаш ќе се обложам дека одговорите на горните прашања се негативни. Најблиску до некаков пресек за тоа што можеби младината (новите економисти и правници и друго) знае дојдовме за време протестите против полициска бруталност. Тоа што можеше да се насети е дека не знаеме многу, или знаеме малку, за тоа како функционира општеството, за тоа кои се правилата, законите, што може да се бара од институциите, па дури и кои се институциите... итн. Исто така, би се обложил дека ова не е непознато за центрите на моќ (политичките партии ако сакате). Тие знаат колку не знаеме - не само младите, туку сите.


Сликичка позајмена од: runningcauseicantfly.

Сфаќам дека ова е силен заклучок да се фрли вака без да се поткрепи со факти, но навистина не можам да смислам друго објаснување. Мислам дека може да пробаме со некоја теорија на заговор дека, на пример, сите новинари се некако поткупени, и ете никој не вади текст за најновото задолжување на држава. Се разбира, мислам на онаков текст со бројки и објаснувања и референци, а не на оние „државата задолжена, кој ќе плаќа, што ќе правиме“ текстови. Но, дури и да се сите новинари некако во овој заговор, зарем нема еден економист во земјава што може да ги прочита информациите, да спореди, најде и истражи и на крај вака како Горан да го објави текстот на интернет? И тогаш се присетувам на Уставниот суд и на Стамен Филипов, практично единствениот човек кој ја предизвикува уставноста на законите во земјава. Тоа е неговото хоби. Но, на пример, се бави ли адвокатската комора редовно и континуирано со уставноста на законите според кои инаку и работи?

Секако, можам да прифатам дека овие информации, тексотви и анализи постојат, само не се стигнати до мене. Тоа ќе биде горчлив пораз за мојата умислена информираност. Но, само во случај да сум во право, следното прашање зошто не ги создаваме овие текстови? Дали има седржавен заговор? Дали сме мрзливи? Дали е едноставно полесно да твитнеме: „Леле, гледај ги, не ми се верува што прават...“? Дали... не знаеме?

Мислам дека точно е последното и мислам дека сите што треба да се грижат за состојбата (со знаењето) во општеството се свесни за ова незнаење и тоа го користат во своја полза. Тоа е тажна и поразителна мисла. Со неа може многу полесно да се објасни, на пример, оптимизмот што владее кај граѓаните на Македонија во очи на најголемите (економски) потреси во ЕУ, за кој деновиве пишуваа дневните весници (не можам да најдам URL). Но, со неа исто така може да се сврти работата на подобро. И покрај сѐ, ако нашиот главен проблем е незнаење, тогаш ако ништо друго знаеме како тој проблем може да се реши.

Тоа што ни треба е процес на учење. Може да го наречеме просветителство од мали размери или некако пофенси - сеедно - тоа што треба да се адресира на крајот на денот е нетолеранцијата и злоупотребата во црквата и државата. За среќа денес имаме нешто подобри услови за вакви активности со интернет како првата алатка достапна нам, но тоа никако не значи дека имаме помалку работа. Па ајде да ги засукаме ракавите.

***

Не знам како баш да го заклучам текстов. Го прочитав цел и не ми изгледа толку фокусиран колку што би сакал да биде. Се надевам ја пренесува поентата, ако не целосно и јасно, тогаш барем доволно за да поттикне на размислување.

Кратки мисли за „окупирај го“

Tags: 

Читајќи го Žarko Puhovski дека: „oni koji trijumfalistički govore o tomu da je “arapsko proljeće dospjelo na Wall Street“ zaboravljaju da su arapski prosvjednici u većini htjeli (a u potpunosti i dobivaju) baš ono čega je prosvjednicima u Španjolskoj, Engleskoj, SAD-u (pa i Hrvatskoj) dosta – liberalnu demokraciju, naime.“, интересно е да се забележи дека дека „окупирај го“ во Македонија одекна по Вол стрит, а не и по Тахир.

Доказ ли е ова за тоа дека ние овде, во нашите светогледи и барања, повеќе се идентификуваме со либералните демократии од „првиот свет“, а не и со чудните / спорните режими од „третиот свет“?

Од фиоката: Идеологијата и градот

Tags: 

(tl;dr Ако правиш либерал-демократска држава по кројот на последната мода од ЕУ, зошто да не правиш и она што мислиш дека треба за таков град? Што ако либерал-демократското наследство доаѓа периодот што го гледаш како ропство? Дали можеш од него да ја извлечеш само архитектурата и што ако таа веќе не се вклопува во рамката за нормализација?)

Во својот текст „Деца на посткомунизмот“ Борис Буден зборува за однапред одредената транзиција и губењето на сеќавањето за комунистичкото минато кај земјите од поранешниот источен блок. Кога го читате текстот се чини како тој да зборува за земјите како Полска, Чешка и Словачка кои мирно и демократски го сменија системот во кој живееја до 1990 г. Патронизирањето на наднационалните институции како ЕУ за тоа што е демократија над овие држави се чини апсурдно, бидејќи нивните граѓани точно покажаа во тие времиња дека знаат што е тоа. Сепак, заборавањето на тоа и прифаќањето на транзицијата кон либерален-капитализам како единствено нешто кон кое една држава / општество може да се стреми е дел од европската нормализација. Исто така, ваквата одреденост кон некоја цел не е непозната за држави од овој блок, бидејќи и пред 1990 тие знаеја дека целта однапред се знае – комунизам.

Велам се чини дека тој зборува за овие источноевропски земји затоа што не знам до која мера истата анализа може да се примени на Македонија. Секако, Македонија најмирно ја напушти СФРЈ. Можеби и најдемократски. Но, дури и ова да не е така, Македонија сепак е дел од наративот за транзиција и нормализација кон вредностите на Европа: демократија, човекови права, слободен пазар итн. Нема да навлегуваме во тоа дали ова е добро или лошо. Само ќе го нотираме отсуството на избор. Или како што вели Буден: „[порано] политичката наука секогаш ја разгледуваше промената на режим откако ќе се случи. Се трудеше да извлече историски лекции екс-пост. Не беше заинтересирана за иднината, бидејќи исходот од ваков тип на транзиција, повеќе или помалку, беше отворен. Тој не завршуваше нужно во демократија.“

Ако нашата иднина е предодредена за либерална-демократија, тогаш кое е либерал-демократско наследство на Македонија, ако воопшто го има?
За ова се вртиме кон Дејан Јовиќ и неговата „Југославија: државата која одумре“. Јовиќ вели дека првата (или уставно гледано, првите две) Југославија – таа од пред II СВ е проект за градење на нација: „Југословенската нација не постоеше, но аргументот беше дека Србите, Хрватите и Словенците беа на пат да станат една нација на сличен начин на кој Италјанците во Италија го направија тоа.“ Ова е важно затоа што таа Југославија е либерал-демократска држава (до степенот до кој таа може да се смета за таква во (духот на) времето кога е формирана – види либерален цајтгајст во светот пред II СВ преку идеите на Вудроу Вилсон, Лигата на народите итн.)

Во тоа време територијата на денешна Р. Македонија е дел од (условно речено) српскиот влог во новата држава. Како што градењето на Југословенската нација започнува, архитектурата си ја зема својата (вообичаена?) улога. Токарев вели дека: „на конкурсот за градскиот центар [во Скопје] отворен во 1930, беше одбрано решение што одговараше на вкусот на тогашната влада“. „Тогашната влада“ е владата на (каква-таква) либерал-демократска Југославија. А објектите кои се градат во тој период се денешните симболи на старо-ново-2014 Скопје: банката, театарот итн. Се чини дека „градењето на нацијата“ во секое доба се случува со градењето на исти објекти. Но, тоа што е интересно за Македонија е дека овие објекти често се поврзуваат и со колонијалното владение на Србија.

Да споиме сѐ заедно. Денес, Македонија во ист период има „градење на нацијата“, „транзицијата кон демократија“, „нормализација кон Европа“ и исполнување на предодредената либерал-демократска иднина. Што се однесува до Македонија (владата, мејнстримот, како и да е) сите овие одат заедно. Бришење на отоманското минато, правењето градот да изгледа како другите европски градови е нормализирање на градот, исто како што приватизацијата, бришењето на работнички права типични за социјалистички држави е нормализирање на економијата, а Охридскиот договор, граѓанските права и мирните изборите нормализирање на демократијата итн.

Сепак, (немаше да го пишувам ова ако на крај нема „сепак“) „нормализаторите“ не мислат исто. На пример, последниот извештај на Европската комисија вели дека новиот урбан план за Скопје 2014 се чини како да создава поделби помеѓу во интер-етничките односи. Прашањата за правата на етничките заедници и стабилни односи помеѓу нив (Орхидски договор) секако се дел од нормализацијата, исто како што се добрососедските односи и регионалната соработка (ова секако се однесува на Грција).

Можеби нормализацијата кон либерал демократска Европа е преодредена, но можеби, исто така, може да биде одложувана. Среќен 8ми септември, по втор пат.

***

Фиоката е празна.

Имам уште 2-3 идеи кои за клучни зборови ги имаат „Македонија“ и/или „Скопје“, но колку и работите да изгледале појасни од било кога, истовремено никогаш не изгледале подалечни.

Од фиоката: Полициската бруталност и општествената класа

Tags: 

Нова Македонија на 23.08.2011 објави малку скратена верзија на овој текст. Благодариме за тоа.

Јас и Миша Поповиќ почнавме да го пишуваме текстов некаде кон крајот на јуни. Многу работи се случија од тогаш и нешто од тоа се рефлектира во напишаното (пр. Англија). Подолу е целиот текст онака како што стои во нашите документи.

--------------------------------------------

Полициската бруталност и општествената класа

„Do no wrong, so clean cut... Dirty his hands, it comes right off
Police man“ (Pearl Jam - W.M.A.)

Нема многу песни кои така очигледно се занимаваат со прашањето за детерминираноста на полициската бруталност. Во исечокот кој Еди Ведер ни го пружа како сеќавање за поводот за оваа песна, тој вели: „Си седам така со еден тип со потемен тен, и дојдоа цајкани, возејќи наоколу со своите моторцикли, обидувајќи се да изгледаат кул. И така дојдоа, право кон нас. Ме игнорираа мене и почнаа да го малтретираат него. Споредено со мене, човекот изгледаше како господин. Но, тие почнаа да го малтретираат него...“(1)

Ако малку се оддалечиме од расниот контекст на песната, можеме да ја поставиме следнава хипотеза: дали полициската бруталност има своја општествена предодреденост и во Македонија? Сметаме дека ова прашање е клучно за да се објаснат некои аспекти на протестите кои во Македонија се случуваа во јуни 2011 г.

Кога на случаите на полициска бруталност гледаме како на несреќни случки кои на луѓето им се случуваат по принципот на лоша лотарија, тогаш лесно е да се аргументира дека оваа појава може да биде сечиј проблем. Сепак, ограничениот број на граѓани што протестират на улиците укажува на тоа дека преовладува мислење, макар и несвесно, дека полициската бруталност не ги засега сите.

Поради ова, сакаме да аргументираме дека постојат фактори што определуваат дека полицијата ќе биде брутална во определени случаи. Тие случаи може да се препознаат, што значи дека таа бруталност не е случајна. Потоа, дека тие фактори се општествено конструирани, и во определени случаи општествено прифатени, а затоа и премолчани.

Да се вратиме за момент на Еди Ведер. Во неговото објаснување ќе видиме дека расната припадност го детерминира односoт кој полицијата го има кон граѓаните. Прашањето за раса не е референтно во Македонија, но нуди можност да ја префрлиме анализата кон слични општествени групи како што е класната припадност.

Во општество кое не се базира на јасни стандарди и владеење на право, односот на институциите кон поединецот е директно зависен од тоа кој е претставникот на институциите и во која средина и пред кои граѓани, тој/таа ја претставува институцијата односно државата. Првото се однесува на лицата кои се одговорни за вршење на службена должност. Второто се однесува на актуелизираниот или перцепираниот општествен капитал на граѓани или групи, коj што пак се базира на определена припадност, па дури и на перцепција за определена припадност.

Да го објасниме oвa со едноставен пример. На полицаецот му е лесно да стопира Југо на улица за да го казни ако возачот направил прекршок. Но, од друга страна, ако возилотo е скапо Бе-ем-ве, тогаш полицаецот ќе се запраша и „кој е тој што го вози тоа возило?“ Ова произведува слични појави и во други контексти и/или ситуации. Полициската пракса е различна во различни делови од еден урбан простор и различни делови од земјата. Дали ова тврдење е 100% точно(2) или не, не е толку важно, колку што е важна перцепцијата дека тоа е така.

За тоа дека перцепцијата игра клучна улога кога станува збор и за македонските протести против полициската бруталност говори и фактот што во првите денови на протестите, пред да се знаат вистинските факти за убиството, во јавноста и во медиумите се говореше дека човекот што го сторил тој чин е припадник на полициската единица „Алфи“. Ова не е случајно. Во општеството постои определена конструкција за тоа како се однесуваат токму овие полициски службеници. Таа конструкција се базира на искуството, а не е случајно што таквото „препознавање“ доаѓа од определена група на луѓе - пред сѐ студенти и млади луѓе, токму истите групи кои медиумите ги препознаа како учесници на протестите против полициската бруталност. Кажано со други зборови, полицијата е склона кон бруталност или друг вид на непочитувњае на законите, правилата и стандардите во оние средини каде што тоа се смета за дозволено. Ваквата конструкција на сфери или групи е препознаена не само од полициските работници, туку и до пошироката јавност, од медиумите и од политичарите.

Да одиме уште еден чекор понатаму. Перцепцијата за полицијата како брутален апарат во голема мера е зависна и од контекстот. Активноста на полицијата во населбите кои се означени како „проблематични“ остава различна слика отколку интервенциите во краевите кои ги замислуваме како помирни. Така на пример, медиумското известување на убиството на Мартин Нешковски, често го вклучуваше топонимското означување дека тоа се случило „на главниот плоштад“. Таквото означување ни овозможува, меѓу другото, и контекстуализација на случајот во компарација со други „места“ во градот. Во оваа смисла, инциденти во мирни краеви се настани на дисконтинуитет на мирот. Во спротивен случај тие се потврда на постоечкиот наратив. Преведено во перцепции, полициско возило кое патролира во мирно катче од градот се гледа како потврда на безбедноста, додека полициско присуство во проблематичен дел асоцира дека нешто непријатно се случило. Таквата дискурзивна хиерархизација на местата во градот и работата на полицијата, дава предност на полициската бруталност во посиромашните краеви во кои криминалот е на улица.

Дополнителна илустрација за овој аргумент даваат последните случувања од Лондон. Немирите избувнаа во Тотнам, можеби една од најпрепознатливите области од градот во која живее т.н. „ниска класа“ (the underclass). Последователното ширење на нередите се одвиваше токму според тој клуч -- области од Лондон со високо ниво на сиромаштија и невработеност. Тоа што бргу стана јасно е дека во тие краеви од градот, полицијата имала различна пракса и пристап кон граѓаните, со поголема доза на недоверба и бруталност.

Пошироката јавност во Обединетото кралство се чини дека се уште не може да прифати дека дел од причините за нередите се наоѓаат во нееднаквоста што ја продуцира системот. Но и покрај тоа, помеѓу политичките и интелектуалните кругови се повеќе се зборува за овој однос и се дебатира потребата од системско решение, а не полициска интервенција.

Мислиме дека токму овие аргументи даваат пошорок контекст на протестите во Македонија. Она што станува премолчано јавно знаење е дека сите ние сме свесни кога, каде и зошто се случува полициска бруталност, но бидејќи не се перцепираме себе си како дел од таа група или средина, сметаме дека тоа не нѐ засега и спремни сме да ја свртиме главата на друга страна. На крајот на денот, нашиот класен, етнички (и сличен) детерминиран светоглед го определува нашето однесување.

Досегашното одвивање на сите активности околу протестите против полициската бруталност во Македонија, можеби укажува на тоа дека јазот што произлегува од овој светоглед е голем. Тој постои и хоризонтално помеѓу врсниците (паролата „Станете од кафе“ совршено го илустрира ова) и вертикално помеѓу децата и родителите (за што како потврда служи употребата на паролата „Симнете се долу“).

Од друга страна, протестите до сега покажаа дека луѓето повеќе ја сметаат за проблем бруталноста одошто, на пример, кратењето на работничките права. Протестите што веќе неколку години по ред на 1ви мај ги организираат активисти и здруженија што се залагаат за поголеми работнички права привлекуваат 50-100 граѓани. Значи, очигледно е поместување во солидаризирањето помеѓу граѓаните во група која што го доживува некој проблем како заеднички.

Затоа, во врска со протестите прашањето што е клучно за пошироката јавност е дали полициската бруталност е и „твој“ проблем? Дали другите групи во општеството ќе ги прифатат за свои пораките кои ги артикулираа граѓаните што протестираа? Конечно, што е тоа што треба да се направи за да се премости овој јаз помеѓу различните општествеи групи?

Би било арогантно да се каже дека ги имаме одговорите на овие прашања. Сепак сметаме дека посочувањето на оваа класна предодреденост на полициската бруталност, но и протестите, придонесува кон ширењето на дебата и барањето на одговори. Најпосле, ако се согласиме дека полициската бруталност не е случајна тогаш напорите за нејзино надминување ќе можат да бидат насочени кон тоа што ја одредува. Со други зборови можеме да бараме подобрување на полициската работа и онаму каде што никој не очекува дека треба да има промена. Уште повеќе, ваквото разбирање на општествените активности може да послужи и за ширење на солидарноста за други прашања.

Од друга страна, ако грешиме во овие наши мисли, тогаш Македонија е многу посреќно место.

Белешки:
1 http://www.songfacts.com/detail.php?id=8823
2 Веројатно може да се пронајдат информации во билтените на МВР што ќе го потрекпат или отфрлат ова. Но, можеби како дополнителна илустрација можеме да го наведеме случајот за кој на Twitter пишуваше @vldmrk: http://www.twitlonger.com/show/bc74ap

Дополнето:The appearance of impropriety од Калина Зографска.

Мала анализа на текстовите од огласите за Законот за амнестија и хашките случаи

Tags: 

Деновиве печатените медиуми повторно се исполнети со страници политичка пропаганда. Поводот е автентичното толкување на Законот за амнестија со што таканаречените хашки случаи одат во историјата.

СДСМ објави стари изјави од Никола Груевски за тоа дека овие случаи нема (не може) да бидат предмет на преговори, а ете се испреговарало. ВМРО-ДПМНЕ објави дека СДСМ биле подготвени на ист таков - преговарачки - чекор само за да дојдат на власт.

Правните прашања на страна, еве што мене ми кажуваат двата огласа.

СДСМ го поставува како проблем неисполнетото ветување на Никола Груевски. Тој рече така, а сега прави вака. За нив воопшто не е спорно дека случаите треба да се решат на начин на кој што се решени, или било кој друг начин, и дали тоа решавање е добро или не. Ако беше спорно тоа, огласот ќе поентираше и со изјави од Али Ахмети. Сѐ што е тука тема е зошто Никола Груевски го погазил ветувањето за тоа дали, како и зошто (е спремен да) ги разрешува случаите.

Не знам дали ваквите изјави и акциите ex-post може да се ценат како лажење, но изгледа како СДСМ да сака да поентира токму на ваква перцепција од страна на гласачите. Ми се чини посебно важно што огласот пред сѐ комуницира со гласчите на ВМРО-ДПМНЕ. Гласачите на СДСМ секако веќе немаат доверба во Никола Груевски и неговата партија. Тоа што овој оглас има за цел е да ја намали довербата што другите - не-СДСМ гласачи - ја имаат во ВМРО-ДПМНЕ. Огласот во основа вели: еве доказ дека не може да им верувате. А ако не можете за ова (така важно прашање), тогаш дали можете воопшто да им верувате?

Затоа интересно е да се разбере и позицијата на СДСМ. Ако тоа за што Џевад Адеми е цитиран во огласот на ВМРО-ДПМНЕ е вистина, тогаш СДСМ никогаш немал проблем да преговара, а посебно затоа што никогаш не рекол дека нема да преговара па и за вакво незгодно прашање. Значи во крајна линија, за СДСМ не е проблем што припадниците на поранешната ОНА добиле амнестија, туку единствено тоа дека ВМРО-ДПМНЕ отишла спроти своето ветување дека токму тоа нема да се случи.

Дебатата е значи околу вредностите: Никола Груевски не е лош затоа што ја направил зделката, туку затоа што рекол дека таква зделка нема да прави.

Сега, ако не се лажам, огласот на СДСМ излезе ден порано од оној на ВМРО-ДПМНЕ, така што вториот може да се чита како некој вид на одговор.

Во него, ВМРО-ДПМНЕ е преокупирана со тоа што сѐ СДСМ е спремен да направи за да дојде до власт. Повторно, прашањето за амнестијата (дали тоа е добро или лошо, исправно или не) не е на прво место, ако воопшто е и на некое место. И повторно, огласот комуницира пред сѐ со гласачите на ВМРО-ДПМНЕ. Тие што гласаат за СДСМ веќе знаат што сѐ оваа партија е спремна да направи. Затоа ова е оглас што треба да им објасни на гласачите на ВМРО-ДПМНЕ дека овој пазар е нужно зло. Ако не се направеше овој пазар, тогаш СДСМ ќе се испазареше попрво со ДУИ и ќе се вратеше на власт.

ВМРО-ДПМНЕ во основа ја брани својата позиција преку две точки.

Прво, дека подобро зделка за четирите случаи, отколку СДСМ или поточно Бранко Црвенковски да се врати на власт. Ова, се разбира, не е ништо ново, но е добар потсетник за оние со кратко сеќавање од изборите.

Второ, дека зделката не само што ги држи СДСМ надвор од власта, туку и се грижи Албанците да не претераат со своите барања. Подобро речено, на исполнувањето на барањата се гледа низ призмата на релативната дистрибуција на моќ помеѓу партиите. Во оваа смисла, огласот на ВМРО-ДПМНЕ е далеку понационалистички од оној на СДСМ. Тој ја повторува идејата за жртвувањето на неколкумина за да се спаси заедницата: мавровските работници се жртвуваат за да нема двојазичност на територијата на целата Република. А двојазичноста ќе беше тука, ако му се дозволеше на СДСМ да се испазари прв.

Но и покрај тоа што ова наликува на етнички национализам, ми се чини дека дебатата овде не може да избега од тоа дека ултимативниот непријател на Македонија е Бранко Црвенковски (и неговото СДСМ) и дека тие се спремни да ги жртвуваат сите важни прашања за Македонскиот народ само за да се вратат на власт. Спасувањето значи, не е спасување од Албаниците, иако до некаде тоа е екстерен ефект кој за многумина е позитивен. Спасувањето е од Бранко Црвенковски и ВМРО-ДПМНЕ, уште еднаш, е последната брана преку која тој не може да пројде за да се врати назад на власт. Тие го направија договорот со ДУИ и со тоа (можеби) ги погазија своите вредности во однос на конкретното прашање, но не ги погазија интересите на целото општество да се оттараси од транзициското зловреме.

Да останеме верни

Tags: 

Еден месец протести против полициска бруталност и три грешки што ги направивме.

1. Нема повеќе протести: Сѐ уште мислам дека протестите требаше да завршат во определен момент, но не сум сигурен дали тој момент дојде или дали беше изменаџиран како што треба. Можеше тоа да се направи со прогласување на победа (@vlashko_lobi) или со поставување на распоред од типот: „работете сега, а се враќаме на први септември да ве провериме“ (@unexploded_yet), но никако без посебно објаснување и/или премолчено прифаќање на тоа дека се уморивме или немаме време. Слоганот сепак беше „секој ден до оставка“. Со други зборови, моментумот за протестирање на улица е изгубен (@gdamjan) и тешко дека повторно ќе може да се собере поголема група на граѓани. Протестите можеби не постигнуваа многу, но постигнуваа нешто, а тоа е постојан притисок на полициските работници кои мораа да ја следат групата граѓани низ скопските улици.

2. Нема повеќе писмени дописи до институциите: По првичните испраќана на барања, претставки и слично, има навистина ограничена активност од ваков тип. Не броејќи го последното доставување на писма до пратениците, граѓаните не се ангажираа да извршат притисок по писмен пат до други институции кои имаат некаква надлежност или удел во случајот. Не, ова не е револуционерно, ниту нешто посебно забавно, но е мошне корисно, ако не поради нешто друго тогаш затоа што институциите мора да одговорат на секој писмен допис. Тоа е форма на граѓански притисок до институциите. Дури и прашањето за кое што гласно се мрчеше на интернет - наводното бришење на Facebook групи од страна на МВР - искамчи само едно барање за информации, наместо да има стотици барања од сите загрижени фејсбукџии.

3. Деманти, деманти, деманти: Не може да се напишат повеќе деманти одошто лажни, невистинити или спинувани вести што медиумите и новинарите решиле да ги пишуваат. Ако постои метод да се одвлече вниманието од главните прашања, тогаш тој сигурно вклучува поттик за пренасочување на вниманието кон други работи кои што се полични и одземаат многу време. Пишувањето на деманти е токму таква активност. Ова е стапица во која секој може да падне. Затоа мораме да потсетиме дека таа е токму тоа - стапица.

Од друга страна, мора да научиме лекции и да извлечеме поуки (@azder). Добро е да се види дека работи можат да се случуваат кога луѓе ќе се обединат околу едно прашање (@popmisa) и, исто така, дека битката со цинизмот е добиена - барем сега за сега. Понатаму, клучните идеи за кои што и до сега се пишуваше во различна форма на интернет се моќни. Развивање на поинаква или нова граѓанска свест и демонополизирање на политиката се идеи кои имаат голем потенцијал. Затоа, не е ни чудно што политичарите се уплашени.

Пред еден месец започнав со тоа дека цената на слободата е вечна будност. А овој запис го завршувам со завршните зборови на Славој Жижек од дебатата одржана во Лондон со главниот уредник на Wikileaks Џулијан Асанж, дека тие (Wikileaks) го промениле целото поле, а ние мора да останеме верни на тоа.

Нема подобра порака што може да се искористи денес во Македонија. Еден месец протести против полициската бруталност кои исто така ги променија работите. Ние мора да им останеме верни ним.

Види и:
http://novica.softver.org.mk/node/622
http://novica.softver.org.mk/node/623
http://novica.softver.org.mk/node/624
http://novica.softver.org.mk/node/625
http://novica.softver.org.mk/node/626
http://novica.softver.org.mk/node/627
http://novica.softver.org.mk/node/628
http://novica.softver.org.mk/node/629
http://novica.softver.org.mk/node/630
http://novica.softver.org.mk/node/631
http://novica.softver.org.mk/node/632
http://novica.softver.org.mk/node/633
http://novica.softver.org.mk/node/634
http://novica.softver.org.mk/node/635

Лично сведоштво за полициска бруталност

Tags: 

Беше тоа далечната 1998 година. Се враќавме од средно школо кон дома со точаци. Ми се чини дека само што ги имавме земено свидетелствата или пак беше тоа последниот училишен ден. Беше јуни.

На автобуската станица карши Драмски театар / хотел „Карпош“ нѐ сопре лице во цивилна облека. Промафта со значка и нѐ седна на клупата. Нѐ прашуваше дали точаците се наши и дали имаме доказ дека сме ги купиле. Веројатно сме биле збунети и уплашени. Не се ни сеќавам дали нешто одговоривме. Полицаецот беше решен да го расчистува случајот со сопственоста на точаците и повика комбе.

Додека го чекавме комбето бевме сведоци на полициска бруталност на скопските улици. Полицаецот што нѐ сопре нас имаше дискусија со еден човек - најверојатно Ром - околу 30 години. Зборовите на кои се сеќавам денес се нешто во смисла: „Кој ти даде дозвола да бришеш шофершајбни на мојата крстосница?“ Не се сеќавам што одговори човекот, но тоа што следеше беше тепање со шлаканици и тупаници. Не се сеќавам дека човекот се бранеше. Имаше крв.

Не можам ни да замислам колку страшно изгледало тоа за деца од 17 години. Десетина минути подоцна се возевме со точаците во комбе кон ПС Карпош. Не се сеќавам дали со нас се возеше и тепаниот граѓанин.

Во полициската станица нѐ заджаа некое време. Не знам дали полицијата има некоја посебна процедура за работа со малетни лица. Ако е тоа известување на родителите, тогаш тоа не се случи. Нѐ прашуваа дали имаме докази дека точаците се наши и слично. Нѐ пуштија после некое време, но ги задржаа точаците додека не донесеме докази за купување. Се сеќавам дека мојот локален продавач ми се смееше кога му реков дека треба да ми даде некоја сметка како доказ дека од него сум купил точак пред 3-4 години. Не се сеќавам како си ги добивме назад на крај.

Мојот го возам до ден денес.

Ping до велосипедската екипа. :-)

Види и:
http://novica.softver.org.mk/node/622
http://novica.softver.org.mk/node/623
http://novica.softver.org.mk/node/624
http://novica.softver.org.mk/node/625
http://novica.softver.org.mk/node/626
http://novica.softver.org.mk/node/627
http://novica.softver.org.mk/node/628
http://novica.softver.org.mk/node/629
http://novica.softver.org.mk/node/630
http://novica.softver.org.mk/node/631
http://novica.softver.org.mk/node/632
http://novica.softver.org.mk/node/633
http://novica.softver.org.mk/node/634

Слобода од страв

Tags: 

Уште едно писмо од поштенското сандаче, објавено со дозвола на авторката.

Психологот Абрахам Маслов ја предложил позната пирамида за хиерархија на човекови потреби која ја сочинуваат пет групи на потреби и тоа физиолошки потреби, потребите за сигурност и заштита, потребите за припадност, потребите за углед и почитување и потребите за самоактуелизација. Според Маслов некој потреби се базични и повеќе силни (моќни) за разлика од други потреби. Основата на пирамидата ја сочинуваат биолошките мотиви односно физиолошките потреби како на пример потребата за храна, вода, сон, секс итн. За човекот да ги задоволи повисоките потреби неопходно е да ги задоволи односно реализира потребите кои се наоѓаат подолу во пирамидата. Поинаку кажано, со зборовите од една песна на познатата група САФ: „не се стига далеку кога мора да се јаде“.

Ако физиолошки потреби се релативно добро задоволени, тогаш актуелен станува нов сет на потреби, кои се именуваат како потреби за сигурност и заштита (за безбедност, стабилност, заштита, слобода од страв, од вознемиреност и хаос, потребата за структура, ред, право итн.). Нам ни е потребно да се чувствуваме сигурни и безбедно во нашето семејство, но исто така нам ни е особено битно да се чувствуваме сигурно, заштитено и да бидеме ослободени од страв во просторот, средината односно општеството во кое што живееме.

Дали може да се стремиме кон повисоките потреби, ако ние постојано стравуваме и се грижиме за нашата сигурност? Како ќе се чувствуваме сигурно и безбедно ако полицијата е брутална и убива? Кој нѐ заштитува нас ако полицијата е брутална и убива?

Едни од основните човекови потреби во моментов се фрустрирани и не е случајно што многу луѓе во континуитет преку мирен протест го изразуваат својот став и потребата за ред, почитување на законот и сигурност. Поинаку кажано оваа потреба во моментот е актуелна и доминантна и го мобилизира човековото однесување.

Според Светската здравствена организација, здравјето е состојба на физичка, ментална и социјална добросостојба, а не само отсуство на болест или некаква немоќ. Оттука отсуството на болести не е единствен предуслов за здраво и среќно живеење, туку и амбиентот односно средината (пошироко сфатена) во која живееме и работиме е исто така круцијална за градење на здрави навики и здрав стил на живеење. Нам ни е потребно да живееме во средина во кој не ни се фрустрирани базичните потребни, средина во која сме заштитени од напади, убиства, хаос и средина во која ќе се негуваат хумани вредности.

За да создадеме организирана и сигурна средина мора јасно да го дефинираме концептот на добро и пожелно наспроти лошо и непожелно. Истовремено, да не заборавиме дека доброто се наградува и пофалува, а лошото се критикува и казнува, а не се прикрива.

Преку нудење на јасен концепт за она што е добро, а што лошо презентираме јасни и недвосмислени пораки кон помладите за тоа што се хумани вредности и како да се однесуваат.
Во еден текст кој што неодамна го прочитав е наведена следата мисла од Ниче: „Помнете дека вашата природа не е во вас, туку над вас.“ Да, секој од нас се стреми да се себеактуелизира и да го реализира својот максимален потенцијал, но истовремено одговорноста да човекот и неговата доблест и големина се огледува во тоа да биде буден, проактивен и одговорно да дејствува и да се стреми кон промени и менување за безбедно општество и подобро утре.

~ Даниела Неделкова

Види и:
http://novica.softver.org.mk/node/622
http://novica.softver.org.mk/node/623
http://novica.softver.org.mk/node/624
http://novica.softver.org.mk/node/625
http://novica.softver.org.mk/node/626
http://novica.softver.org.mk/node/627
http://novica.softver.org.mk/node/628
http://novica.softver.org.mk/node/629
http://novica.softver.org.mk/node/630
http://novica.softver.org.mk/node/631
http://novica.softver.org.mk/node/632
http://novica.softver.org.mk/node/633

Во филмовите што ги гледам новинарите се суперхерои и адвокатите имаат граѓанска должност

Tags: 

Многу работи се кажуваат на секојдневните трибини кај спомен куќата на Мајка Тереза. А многу и се појавуваат во медиумите. Прашањето е дали некој слуша?

Знаеме дека има десетици сведоци на случувањата на плоштадот пред две недели. Знаеме дека нивните искази ќе бидат клучни за тоа дали ќе има обвиненија за соучешништво и помагање. Овие сведоци се млади луѓе, кои веројатно немале никакво претходно искуство со сведочење во кривични случаи. Можеби се исплашени или можеби можат да бидат лесно заплашени.

Граѓаните што протестираат можат да направат разни работи, но не можат да дадат соодветен правен совет и да им помогнат да на овие луѓе полесно да се соочат со државните институции во кои довербата е така ниска. Па тогаш, каде се адвокатите, да се понудат во добра воља, со своето искуство и знаење да помогнат да се разреши овој случај? Дали адвокатите исто така имаат граѓанска должност?

И медиумите носат тежок товар. Граѓаните кои секој ден во шест се собираат кај спомен куќата на Мајка Тереза бараат одоговорност од држаните институции и тоа постојано се повторува. Но, дали мора да се потенцираат и други прашања? Имено, зарем одговорност во вршењето на работата не треба да се бара и од медиумите? Иако овие протести директно не се занимаваат со тоа прашање, доволно е да се чујат гласовите на граѓаните кои велат дека не им веруваат на медиумите. А во светот во кој растевме новинарите беа суперхерои секогаш на страната на доброто.

Види и:
http://novica.softver.org.mk/node/622
http://novica.softver.org.mk/node/623
http://novica.softver.org.mk/node/624
http://novica.softver.org.mk/node/625
http://novica.softver.org.mk/node/626
http://novica.softver.org.mk/node/627
http://novica.softver.org.mk/node/628
http://novica.softver.org.mk/node/629
http://novica.softver.org.mk/node/630
http://novica.softver.org.mk/node/631
http://novica.softver.org.mk/node/632

Буре барут

Tags: 

Ни кажува ли нешто тоа што една од најдобрите македонски драми отвара со сцена за полициска бруталност?

(Пауза.)

Ме памтиш? Возев нов црвен форд ескорт. Сите тогаш возеа канти. Ми го удри пикот. Бев со девојка. Сакав да бидам фраер. Ме извади надвор. Ме растури. Мама ми еба. За џабе. За курташак. Со пендрек меѓу нозе. Меѓу нозе, чичко Димитрија. Уште ме боли. Што ти згрешив толку, да си ебеш мамата. Те тужев. Џабе. Кадија те тужи, кадија те суди. Голем фраер беше. Јас бев никој и ништо. Два дена не станав од кревет. Третиот ден станав. Пак се вратив во кревет. Тестисите ми беа потечени како балони. Место јајца, лубеници. Две операции. Неуспешни. Долго време не смеев да погледнам во жена. Ме болеше кога ќе ми се дигне. Немам деца. Ебам ретко, ама лошо.

Види и:
http://novica.softver.org.mk/node/622
http://novica.softver.org.mk/node/623
http://novica.softver.org.mk/node/624
http://novica.softver.org.mk/node/625
http://novica.softver.org.mk/node/626
http://novica.softver.org.mk/node/627
http://novica.softver.org.mk/node/628
http://novica.softver.org.mk/node/629
http://novica.softver.org.mk/node/630
http://novica.softver.org.mk/node/631

За демократскиот амбиент

Tags: 

Зошто се критикуваат протестите?

Член 21 од Уставот на Републиката вели:
Граѓаните имаат право мирно да се собираат и да изразуваат јавен протест без претходно пријавување и без посебна дозвола.

Во таа смисла, нели секои протести се едновремено и засилување на уставните вредности и начела и одраз на демократскиот дух на едно општество?

Граѓаните може да протестираат за што сакаат и ако тоа го прават, тогаш политичарите треба да се горди што создале демократски амбиент за тоа да се случува.

Тогаш, дали протестите ги критикуваат тие што не сакаат демократија?

Повторно цитат за крај: The only way to practice democracy, is to practice democracy. (Од: Ших Ху.)

Види и:
http://novica.softver.org.mk/node/622
http://novica.softver.org.mk/node/623
http://novica.softver.org.mk/node/624
http://novica.softver.org.mk/node/625
http://novica.softver.org.mk/node/626
http://novica.softver.org.mk/node/627
http://novica.softver.org.mk/node/628
http://novica.softver.org.mk/node/629
http://novica.softver.org.mk/node/630

Fear is the mind-killer

Tags: 

Многумина пишуваат за тоа дека актуелната власт им всадува страв на граѓаните: страв од инспекции, од казни, од отпуштања... Низ призмата на овој страв се гледаат изборните резултати, но и ниската посетеност на протестите против полициската бруталност кои веќе десет дена се одржуваат во Скопје и во други градови низ Републиката.

Се разбира, многумина пишуваат за тоа дека вакво нешто не постои, дека стравот е измислица на опозицијата итн.

Ми се чини дека ова може да биде оштра дебата, па да претпоставиме, само за момент, дека стравот навистина владее во Македонија. (Ако второто е точно, тогаш има малку потреба за дебата.)

Значи, ако стравот владее, тогаш вистинското прашање е како да се справиме со системот кој е поставен така за да влева страв. Се разбира, политичките партии ќе речат дека ако се сменат едни, со другите нема да биде така, но тоа не дава одговор на прашањето: „Зошто некој *не* би користел така ефективен систем?“

Завршувам со мисла од Ralph Waldo Emerson: „Fear is an instructor of great sagacity, and the herald of all revolutions.“

Види и:
http://novica.softver.org.mk/node/622
http://novica.softver.org.mk/node/623
http://novica.softver.org.mk/node/624
http://novica.softver.org.mk/node/625
http://novica.softver.org.mk/node/626
http://novica.softver.org.mk/node/627
http://novica.softver.org.mk/node/628
http://novica.softver.org.mk/node/629

Бонус:
http://novica.softver.org.mk/node/603

10 причини зошто да протестираш против полициската бруталност

Tags: 

10. Пешачиш по неколку километри дневно, секој ден во шест, после ручек. Лекарите препорачуваат вежбање по долгите часови пред компјутер, добро е за здравјето, добро е за линијата. Се стегаш за на плажа.
9. Се гледаш со луѓе со кои одамна не си се видел/а во градот и запознаваш нови.
8. Имаш шанса да седнеш на „Илинденска“ бб.
7. Домашните обрвски никогаш не се толку интересни.
6. Го запознаваш градот.
5. Не стоиш на црвено.
4. Имаш за што да зборуваш - протестите се добар conversation starter (а тоа е важно бидејќи).
3. Сите добри девојки се на протест.
2. Домашните ќе те гледаат на ТВ.
1. Полициската бруталност мора да сопре и мора да се воведе надворешна контрола над МВР. Слободата ти е мила, а цената на слободата е вечна будност. Можеби твоите дејства ти се чинат бесмислени, но сеедно мора да делуваш, бидејќи кога и да се направи поделба помеѓу слободата и правдата ниту една од двете не е безбедна.

Види и:
http://novica.softver.org.mk/node/622
http://novica.softver.org.mk/node/623
http://novica.softver.org.mk/node/624
http://novica.softver.org.mk/node/625
http://novica.softver.org.mk/node/626
http://novica.softver.org.mk/node/627
http://novica.softver.org.mk/node/628

За МВР случајот „Мартин“ е расчистен

Tags: 

Дополнето 12.06.2011@18:17 ч.: По целодневно читање на законите (посебно тој за кривична постапка) излегува дека е прилично ризично да му се обраќаме на јавниот обвинител со поднесување на кривична пријава. Имено, има член во КЗ што вели дека за поднесување лажна пријава подносителот може да си заработи своја, а во услови какви што се тешко е да се има доверба дека вакво нешто не би се злоупотребило за акција против граѓаните што протестираат. Во овој контекст останува да се надеваме дека јавниот обвинител ќа ја води преткривичната постапка и истрагата на начин што ќе го одведе до прашањето за соучесништво при убиството на Мартин Нешковски. Останува да видиме.

Но, постои друг закон според кој можеме да се обратиме до ЈОРМ (и впрочем до било која друга институција) ЗАКОН ЗА ПОСТАПУВАЊЕ ПО ПРЕТСТАВКИ И ПРЕДЛОЗИ (Службен весник на РМ бр.82/08 од 8.07.2008 год.)

Член три од законов вели:
1) Подносител на претставка, односно предлог може да биде секое физички лице (во понатамошниот текст: подносител).
2) Подносителот на претставката, односно предлогот не смее да биде повикан на одговорност, ниту да трпи какви било штетни последици поради поднесувањето на претставката, односно предлогот и изнесувањето на ставови и мислења, освен ако со тоа не е сторено кривично дело.

Со горното предвид можеме да му пишуваме на обвинителството за тоа да ја спроведува постапката на начин што ќе ја убеди јавноста дека сѐ е како што треба, да биде транспарентно, да има редовни прес-конференции и слично.

-----

Не знам дали информациите можат да се проверат и во друг медиум и дали е базирана на изјави на претставници на МВР, но оваа вест се појавила вчера додека протестите се одржуваа.

------------------copy&paste од алфа.тв------------------
Нема казна за полицајците кои, според очевидците, му помогнале на специјалецот Игор Спасов да избега од местото каде до смрт го претепа Мартин Нешкоски. Портпаролот Иво Котевски тврди дека полицајците не знаеле оти нивниот колега од специјалната единица ,,тигар,, го уби момчето од Козле.

За МВР случајот е расчистен откако Спасов, по два дена бегство, сам се пријавил во полиција. Раководството на полицијата се амнестира од било каква одговорност-лична,морална или политичка. Денеска Котевски тврди дека за убиството на Мартин се информирале во понеделникот, истиот ден кога портпаролот на МВР тврдеше дека немаат информации за ваков случај.

МВР не го истражува ниту мотивот за убиството. Спасов требало да каже за тоа-вели Котевски. А Тигарот се брани со молчење.

Остана непознато и што, таа кобна ноќ, регистрираа камерите поставени на градскиот плоштад-непосредно до клупата каде е убиен Мартин.

http://vesti.alfa.mk/default.aspx?mid=36&eventid=37947

------------------copy&paste од алфа.тв------------------

Не знам каде на Фејсбук или другде се случува дискусија околу граѓанските протести и идеи за идни акции, но она што може да се направи следно е сите ние да поднесеме кривични пријави до Основното јавно обвинителство во Скопје.

Колку што ми е мене познато за поднесување на кривична пријава не се потребни потписи или слични работи, туку секој може да го направи тоа самостојно. Жарко Трајаноски во свој текст ги има набележано можните кривични дела, а во последниот драфт на петицијата која поминала некаков филтер кај луѓето што протестираат пишува дека одговорност (кривична или друга) треба да се бара и од тие што го помагале полицаецот што е осомничен.

Сигурно има правници меѓу луѓето што протестираат и може да се направи некаков текст. Поентата на ваква активност би било да се прошири протестот кон надлежната институција, но по каналот на која таа нормално и вообичаено функционира. Ако ~500 што протестираат однесат пријава во ЈОРМ тогаш тоа се 500 пријави на кои ЈОРМ мора задолжително да одговори, па макар и одговорило дека не поведува постапка.

Доставувањето на пријавата би се правело отприлика во исто време, така што пред архивата на ЈОРМ да се создаде редица на граѓани кои чекаат да достават документ.

Сето ова ќе биде добро поради најмалку три причини:

Прво луѓето и медиумите ќе видат што се случува и (ако медиумите го пренесат) тоа ќе ја зголеми видливоста на протестот. Не заборавајте дека до вчера имаше граѓани кои не само што не знаеја зошто се протестира, туку не знаеја дека воопшто се случило убиство.

Второ, ќе покаже дека граѓаните што протестираат не се само некои деца што викаат по улици, туку дека се запознаени како функционираат институциите и знаат да се обратат до соодветното место.

Трето, ќе побара почитување на институциите и правилата (законите) и одговорност за постапување од нивна страна што посебно е важно бидејќи во дел протестите се и против тоа што полициските служби како Алфи или Тигри не ги почитуваат правилата и ретко, ако воопшто, сносат одговорност.

Види и:
http://novica.softver.org.mk/node/622
http://novica.softver.org.mk/node/623
http://novica.softver.org.mk/node/624
http://novica.softver.org.mk/node/625
http://novica.softver.org.mk/node/626
http://novica.softver.org.mk/node/627

За стравот од политичките партии

Tags: 

Има што да се учи од холивудските филмови: Во „Јасна и присутна опасност“, Џек Рајан го советува американскиот претседател да не негира дека бил пријател со убиениот соработник на картелот во Колумбија. „Кога новинарите ќе прашаат дали сте биле пријатели“, вели Рајан, „речете им: не, бевме добри пријатели. Така ќе нема што да прашуваат“.

Или со други зборови... сите политички партии го поддржуваат протестот против полициска бруталност. Која е таа политичка партија што јавно ќе изјави дека мисли дека полициската бруталност е ОК?

Овој пат, ние ја поставуваме агендата.

Види и:
http://novica.softver.org.mk/node/622
http://novica.softver.org.mk/node/623
http://novica.softver.org.mk/node/624
http://novica.softver.org.mk/node/625
http://novica.softver.org.mk/node/626

Пораки од моето сандаче за писмата до пратениците и Мартин Нешковски

Tags: 

Следново го добив по е-пошта од мој пријател од Обединетото Кралство - Игор Граматиковски. Неколку поенти од негова страна зошто е потребно да им се обратиме на пратениците. URL-ата што се во текстот ги додадов јас.

-----------------------------

Новица,

Сакам да ти ја поздравам иницијативата за барање на конкретни акции и одговорност од страна на (идните) пратеници.

Не знам воопшто каква е практиката сега во Македонија, зашто одамна не живеам таму, но сакав да споделам некои искуства од Обединетото Кралство.

Мојот парламентарен претставник е Гленда Џексон, која некои од вас ќе ја знаат како глумица со добиен Оскар (генерација на родителите на моите родители). Во една прилика испратив писмо до нејзината канцеларија, барајќи поддршка за една моја активност – и добив телефонски повик од неа лично веќе следниот ден. Тогаш направив мало истражување и дознав дека сум бил исконтактиран не бидејќи беше изборна година, туку дека тука е законска долнжност на секој Парламентарец да одговори на секое баранје на нивен гласач – или лично или преку вработен во нивната канцеларија.

Покрај тоа, овдека е вообичаена практика (не знам дали е и законска должност) секој член на парламентот да држи редовни сесии со своите гласачи (нешто како ‘Консултации’ во МКД на факултет), и тие се одржуваат барем еднаш месечно – каде граѓаните доаѓаат со свои идеи, мислења и за жал најчесто – поплаки.

Сега, за да не испадне дека ја идеализирам ситуацијата, Гленда и јас не се сложивме и имавме 15 мин. непријатен разговор, во кој според мене, се покажа нејзиното непознавање на меѓународното право и политика, но нејсе – нејзината партија изгуби еден глас.

Многу поголема поддршка добив од мојот претставник во Европскиот Парламент, со кого сѐ уште сум понекогаш во контакт.

Сакам да испратам и голем поздрав до сите мои поранешни сограѓани, кои изразија несогласуванје со праксата на полициска бруталност во Македонија, и покажаа желба за борба и промени. А тоа самото е поголемо од идејата за поддршка на било која партија или дневна политика.

Поздрав,
Игор

„The only thing necessary for the triumph of evil is for good men to do nothing.“

--- Edmund Burke (1729-1797)
-----------------------------

Види и:
http://novica.softver.org.mk/node/622
http://novica.softver.org.mk/node/623
http://novica.softver.org.mk/node/624
http://novica.softver.org.mk/node/625

Make or brake за протестите

Tags: 

Make or brake за протестите - ќе биде тоа викендов.

Прво е соочувањето дека протестите не треба да бидат за правда за Мартин, оставка, казна за осомничениот и слично. Ова се краткорочни прашања кои (очигледно) власта нема (пре)голем проблем да ги испорача: правда ќе има, осомничениот е однесен во суд како и сите други, со маскирана полиција итн... ќе има судење, ќе биде брзо. Исходот може да биде секаков, од ослободување поради психолошки проблеми, до казна затвор... во секој случај судот ќе испорача правда.

Затоа протестите треба да бидат за нешто подолготрајно. Како што изгледа сум рекол повеќе пати, стопирање на полициската бруталност е некоја таква цел кон која може да се работи или пак поголема контрола над полициските работници од страна на разни, вакви, онакви институции.

Но, со ова заедно оди и соочувањето со тоа дека прашањето за (цивилното/граѓанското) надгледување над МВР и нивната одговорност пред правдата политичко прашање (како што беше твитано од Дамјан). Тоа ќе биде тешко да се објасни, особено пред мнозинство на луѓе што лесно ја поистоветуваат политиката со партиите.

Ако ова се преброди, тогаш артикулирањето на една јасна цел / парола / повик е многу важно. Нешто што ќе биде лесно да се каже набрзина, но доволно отворено на дополнителни објаснувања доколку луѓето сакаат да слушаат. Ако речам „Стоп за полициската бруталност“ или „Цивилна контрола на полицијата“, тогаш го даваме одговорот на новинарското: „зошто / за што протестирате?“

Како мислиме тоа да се постигне е друго, дополнително прашање. Можеме да не се согласуваме за сите начини како на пример цивилно да се контолира полицијата: некој ќе рече преку општините, а некој преку невладините организации. Иако ова е широка дебата, формулирањето на овие точки ќе зависи од тоа чија агенда ќе превладее на дебатите помеѓу луѓето што протестираат.

Да, луѓето имаат агенда. Ние сега не знаеме сѐ, но во група од 500 - 1000 луѓе сигурно има такви што гледаат шанса за пробив во кариера (политичка или друга), за фаќање на проектче за организацијата каде што работат, за промовирање на левичарски или десничарски идеи... итн. Затоа многу е важно луѓето што се фаќаат за микрофон/мегафон и што се обраќаат кон групата заради некоја цел да се легитимираат пред протестната јавност. (Јас го направив тоа пред да почнам со моите барања до идните пратеници).

Потоа, протестите мора да завршат пред да се издишат. Иницијативата треба да премине во омасовување. Собирањето на улица може да биде нешто што ќе се прави еднаш неделно за да се види до кај сме со работата, но вистинските активности треба да бидат меѓу луѓето што не се дел од оваа иницијална каписла, кои мислат дека нема за што да се бунат сега, кои не се запознаени со проблемот на полициска бруталност, или кои мислат дека бруталноста на полицијата не е воопшто проблем. И тоа се луѓе кои најверојатно не се на интернет. Значи работата треба да се пренесе во физичкиот свет.

На крај, активностите треба да бидат насочени кон поединечен ангажман на луѓето. Веќе утврдивме дека не е толку тешко да се соберат потписи, нити е посебно тешко да се собере група што ќе блокира крстосница. Меѓутоа, тешко е да се поттикнат луѓето да бидат храбри и самостојни. Проблемот со злоупотребата на моќ е постои, меѓу другото, и поради тоа што се очекува дека луѓето нема да се бунат. Не можам да го најдам текстот сега, но денешните печатени медиуми носеа вест дека во земјава постои некој центар за поплаки, но во кој воглавно никој не се поплакува бидејќи на сите им е страв.

Затоа, сосема точно затоа, мислам дека испраќањето на писма од лично име (било тоа ова што веќе го објавив на блогов или некое друго) е важно и како промена на ритам и како покажување на желба за надзор на политичарите, и како омоќнување на луѓето.

Постојат, истот така, и бројни оперативни работи што треба да се направат. Но овие се полесни за договарање штом работата ќе биде поставена на здрави нозе.

За крај, никогаш не заборавајте дека чекаат да направиме грешка во чекори. И тогаш шансата ќе биде пропуштена.

Види и:
http://novica.softver.org.mk/node/622
http://novica.softver.org.mk/node/623
http://novica.softver.org.mk/node/624

Писмото до идните пратеници

Tags: 

Добив многу коментари со различни предлози... добро било - не било добро.

ОК луѓе.

Текстот е јавен, блогот ми е без копирајт. Земете, преработете, но на крај - пратете.

Денес испративме триесетина писма. Повеќето од луѓето што пратија не ги познавам, ги видов за прв пат.

Доказ:

Поентата не ова праќање на писма е да станеме свесни дека имаме право да бараме работи од нашите пратеници. Ние ги праќаме во Собранието - затоа се „пратеници“. Не мора да ми објаснувате дека „државата морала да има единица како што се тигрите“. Тоа што сакам да го постигнам тука е многу писма со исти барања во сандачето на парламентарните партии.

Ќе смени ли тоа нешто? Не знам. Ние од кампот на слободниот софтвер сме и големи идеалисти. Така пред неколку години со праќање писма до пратениците во Европскиот парламент успеавме да ги сопреме софтверските патенти во Европа. Можеби и сега нешто ќе постигнеме!

За оние што сакаат да го напраат ова од дома, сами, ги прикачувам PDF-ата. Ако праќате, пратете препорачано, така ќе ви дададат белешка и таа белешка објавете ја на интернет за да видиме сите. Цената е 66,00 денари за писмо.

За оние што сакаат да праќаат со или групно, јас ќе бидам во 18:00 ч. денес во Ла Кафе. Ќе носам примероци од писмата. Купете си пликоа, при крај ми се. :-) Најблиската пошта е во ГТЦ.

Види и:

За Мартин Нешковски

За Мартин Нешковски #2

За Мартин Нешковски #2

Tags: 

Дополнето: Не се вадете со работа. И јас сум на работа. Сите имаме пауза!

Доста беше кликање, време е за лижење пликоа!

Друпалов ми вика дека текстот со писмото наменето за политичките партии е прочитано преку 3500 пати. Лесно е да се биде интернет активист, но не знам колку од вас се спремни да се потпишат под нешто што мислат дека е важно.

Утре околу пладне ќе пијам кафе во Пастел кај Нова Македонија / Европски универзитет / Букет.

Ќе имам ги испечатено писмата, адресирани соодветно.

Дојдете да земете копија и да го пратите од поштата што се наоѓа на кратка оддалеченост од местото.

Ако доцнам, тоа е поради работа, но ќе бидам таму. Еве и слика за да ме препознаете: http://www.flickr.com/photos/jamari/5771670195/in/set-72157626708071511

За Мартин Нешковски

Tags: 

Дополнето 3: По добиените коментари го дополнив писмото. Сѐ уште не сум пратил.

Дополнето 2: Јас ќе го испратам писмото денес. Подоцна ќе објавам и поштенски картончиња за доказ. Направете го истото, не ми пишувајте коментари со поддршка.

До сега често пати писмено сум се обраќал до државните институции. Меѓу највидните вакви се писмата што во име на Слободен софтвер Македонија ги пишував кога Владата потпишуваше договор со Microsoft и подоцна кога софтверот за пресметка на плати стана задолжителен, а тој работи само на MS Windows.

(Во случај да се појават тролови, во времето на овие писма до државата луѓе блиски / симпатизаери на тогаш владеачката СДСМ ме етикетираа како вмровец. Сега пак, кога во соработка со МИО ја правевме Националната политика за слободен софтвер, приказната беше обратна).

Скоро пишував и до УКИМ за нивната скандалозна пракса на продавање на студенските испитни пријави и други обрасци.

Денес сакам да пишувам до парламентарните партии што треба наскоро да седнат во законодавниот дом.

Сакам од нив да побарам поголем надзор над полицијата од страна на Собранието на Републиката, распуштање на „Алфи“, „Тигри“ и некои други промени во Законот за внатрешни работи / полиција.


Слика: @kenzoawa

Но, ова не сакам да го направам сам. Не ми е страв - за тоа барем сведочи мојот минат труд. Сепак мислам дека ова ќе успее ако сите ние гласачите граѓани им пишеме на граѓаните кои ги испраќаме да нѐ претставуваат во собранието.

Сѐ уште не знам како би го организирал ова. Но, писмото што сакам да го пратиме е во продолжение. Амандмани, од тие што се поупатени, секако се добредојдени.

----------------------
ДО
Име на политичка партија
Адреса
- за претседателот на партијата -
- за идните пратеници во Собранието на Републиката -

Почитувани сограѓани,

Тешко ми е што морам да Ви пишувам само неколку дена по најмирните избори некогаш одржани во слободна и демократска Македонија, но цената на слободата е вечна будност.

Како што веројатно веќе знаете, рано наутро на 6-ти јуни на плоштадот Македонија во Скопје почина млад човек откако бил претепан од лице за кое Министерството за внатрешни работи објави дека е работник на полицијата.

Ова не е прв ваков настан, но се надевам дека ќе биде последен. Слабата контрола над полицијата води до многу проблеми. Се чини дека препораките на МВР за однесувањето на полицијата важеа само до завршувањето на изборите на 5-ти јуни 2011 година.

Затоа од вас како мои претставници во законодавниот дом на Републиката, барам да го промените законот што го регулира работењето на полицијата и тоа да биде прва точка на дневниот ред по свечената седница во парламентот, за која се надевам дека ќе биде и комеморативна.

Моите барања до вас за измените на законите се како следи:

1. Распуштање на специјалните единици на полицијата како што се „Алфи“, „Тигри“ и други.

2. Задолжително присуство на униформиран полициски работник при секој контакт на полицијата со граѓаните.

3. Избор на министер и заменик министер на МВР со консезус помеѓу сите политички партии.

4. Задолжително доделување на општествено корисна работа на сите полициски работници како дел од секојдненвите работни обврски. Задолжителна обука за контрола на гнев за сите полициски работници.

5. Зголемена контрола над Министерството за внатрешни работи од страна на Собранието на Републиката за која ќе можеме да сведочиме преку месечни извештаи или слично.

6. Зголемени казни во Кривичниот законик за делата што работници во МВР ќе ги сторат без разлика дали се или не се во служба / на работа.

7. Намалување на буџетот на МВР за секое кривично дело што ќе ги изврши негов работник.

8. Замена на Секторот за внатрешна контрола со независно тело.

9. Контрола при вработувањето на нови кадри во МВР од страна на независни граѓански комисии, составени од волонтери, кои ќе имаат контролна функција за проверка на криминалното минато на апликантите.

10. Јавно достапни на интернет работни истории (CV-ја) со сите информации за дисциплиски казни, психолошки профили и слично на сите работници во МВР.

11. Доколку тоа не го сторат сами, актуелните функционери во МВР кои што се одговорни за случувањата во полицијата поврзани со овој немил настан во кој елитна единица за контратероризам се користела за обезбедување на митинг, да ги разрешите и отпуштите од работа.

Се надевам дека ќе посветите нужно потребно време на овие мои барања. Се надевам исто така дека ќе ги сфатите сериозно.

Вашата работа и обврска во Собранието на Републиката е да ја осигурате слободата во Републиката.

Со тага,
Име и презиме
Адреса
----------------------

П.С. Знам дека денес имаше некои извици на протестот кои прават лоша слика: педери, цигани и слично. Фокусирајте се луѓе.

Цената на слободата е вечна будност.

Дополнето: Адресите на политичките партии во идниот парламент

ВМРО - ДЕМОКРАТСКА ПАРТИЈА ЗА МАКЕДОНСКО НАЦИОНАЛНО ЕДИНСТВО
ул. „Македонија“ бр. 17а, 1000 Скопје, Република Македонија

Демократска унија за интеграција
ул. „Панче Неделковски“ бр.47, 1000 Скопје, Република Македонија

Социјалдемократски Сојуз на Mакедонија
ул. "Бихаќка" бр. 8, 1000 Скопје, Република Македонија

Демократска партија на Албанците
Плоштад Илирија 15/1, 1200 Тетово, Република Македонија

Национална демократска преродба
ул. „Битпазарска“ бр. 60, 1000 Скопје, Република Македонија

Викиликс - 1 : 0 - Македонија

Tags: 

Колку што денес успеав да прочитам и разберам идејата за тоа дека работата на Викиликс е добра и дека обзнанувањето информации е корисно доживела мала морална победа - и тоа на телевизија. (Види и слика: http://i.imgur.com/I94hB.jpg)

Не е којзнае што, но добро е од време на време на човека да му се потврди дека срцето му е на вистинското место.

За поранешни дебати види: http://novica.softver.org.mk/node/553

Буџетски белешки за изборите

Tags: 

Прочитав дека доколку СДСМ победи на изборите ќе воведе најниска плата од 9.000,00 денари. Звучи топло и убаво да се гарантира најниска плата.

Има ли некакви информации за тоа кои сектори на стопанството ќе бидат погодени од оваа мерка?

Да речеме дека во земјава има 100.000 вработени што имаат плата од 7.000,00. Нивната плата би пораснала за 2.000,00 и за тие луѓе тоа би значело нешто. Вкупно тоа би биле 200.000.000,00 денари. И, и вкупно тие пари би значеле нешто.

Но, тоа што не го пишува во предизборниот говор е дека и приливите од персонален данок на доход (ПДД) ќе се зголемат. Со даночно ослободување од околу 7.000,00, денес луѓето со пониски плати не плаќаат ПДД. Ако нивните плати наеднаш пораснат, тогаш на овие дополнителни двеста милиони ќе се плати 10% данок.

Се разбира, не знам дали можеби планираат даночното ослободување да го покачат на 9-те илјади, но ова е интересно да се анализира од аспект на тоа дека големината на буџетот денес е критикувана од СДСМ. Значи - додавање уште повеќе пари на веќе големиот буџет или...?!

Понатаму, како што вели програмата на СДСМ, грижејќи се за социјалната праведност тие ќе го вратат скалестото оданочување кај ПДД. Јас сум за социјална праведност, но очигледен ефект од оваа мерка исто така ќе биде зголемување на приходите во буџетот.

Можеби вака сакаат да компензираат за дупките што би се појавиле ако навистина истовремено ги спроведат мерките за намалување на казните, опомена па казна и слично, но тоа сѐ уште не остава со огромен и не баш продуктивен буџет. Што е за право во програмата има и дека „Структурата на трошењето од државниот буџет мора да се менува. “. Ова не е никако дополнително објаснето, па мене и не ми се верува дека позначајна промена на структурата е можна без отпуштања во јавната администрација.

Колиер, па Рузвелт

Tags: 

Elections determine who is in power, but they do not determine how power is used. (од A Charter for Democracy.)

и

The first truth is that the liberty of a democracy is not safe if the people tolerate the growth of private power to a point where it becomes stronger than their democratic State itself. That, in its essence, is fascism — ownership of government by an individual, by a group or by any other controlling private power. (од Simple Truths message to Congress.)

Избори 2011 (уште еден репринт)

Tags: 

Приказната за овчарот и волкот е премногу добра за да не се објави повторно и во овој изборен циклус (прв пат беше 2006, втор 2008).

Во неа овчарот (не знам од кои причини) неколку пати по ред крева лажна узбуна дека волк го нападнал стадото овци. Добрите соселани неколку пати пристигнуваат да помогнат и констатираат дека момаков лаже, дека џабе трчале во ноќта до трлото, дека рогозинските ритуали им се прекинати без потреба. Така тие донесуваат колективна одлука од типот: кој го е*е овчарот. И како што обично бива (во народните приказни), следниот ден (ноќ) стадото навистина е нападнато од волк. Овчарот вика, писка, урла, бара помош тра-ла-ла... а соселаните ги нема нигде.

Кои се можните поврзаности на нашите избори со оваа приказна?

1. Овчарот се партиите. Селаните се гласачите. Овците се Р. Македонија. Партиите, секои 2, 3, 4 години, викаат да се гласа заради икс (важни) причини, и:
а) лажна узбуна е, гласачите ќе го проѕрат тоа и ќе си останат дома;
б) гласачите ќе улетаат на уште една лажна узбуна;
в) волкот (кој и да е) е во трлото, ама гласачите поучени од претходните лажни узбуни одлучуваат да го игнорираат овчарот.

2. Овчарот е ЕУ, НАТО, Меѓународната заедница. Овците се граѓаните на Р. Македонија (затворени во котар). Селаните се партиите кои дотрчуваат на секој повик на овчарот, и:
а) лажна узбуна е, изборите немаат никаква врска со иднината на овците, селаните веќе го сконтале тоа;
б) лажна узбуна е, ама селаните (партиите) не го сконтале тоа;
в) волкот (кој и да е) е во трлото, ама партиите имаат попаметна работа.

3. Овчарот се граѓаните, овците во котарот се Р. Македонија. Волкот се партиите и другите елити, вакви или онакви кои мама ебаваат наоколу, селаните се меѓународната заедница и:
а) лажна узбуна е, ѓраѓаните само викаат помош ама немаат вистинска намера да си ја спасат татковината, имотот, достоинството... или што и да е тоа што им значи во трлото, селаните доаѓаат џабе;
б) лажна узбуна е, меѓународната заедница го знае тоа и не аби чевли по брбушки;
в) волкот е во трлото, меѓународната заедница си брка друга работа.

Полицијата и реформите

Tags: 

Без да бидам премногу драматичен, како кец на десетка за ова што сакав да го искоменитрам ми дојде „речиси сообраќајката“ што пред малку ќе ми се случеше на крстосницата А. Циборовски - Влае/Хром (кај училиштето „Димо Хаџи Димов“). Имено, еден полициаец во униформа, управувајќи необележано возило и зборувајќи на мобилен телефон помина на црвено во правец кон Центар, но за среќа прикочи во последен момент, а јас заокружив малку на широката крстосница, која ете, пак за среќа беше воглавно празна.

А денешниот Утрински пишува токму за полцијата:

Полицајците со убав збор и насмевка на лице, но без цигари и пиво в раце на 5 јуни ќе треба да обезбедат одржување мирни и демократски избори во земјава. Лошите навики, како што се гласно смеење и зборување, седење по кафеани, лут поглед и незаинтересираност, чуварите на законот ќе треба да ги остават зад себе за време на изборниот процес.

Останува нејасно зошто препораките што ги дава МВР кон своите вработени се баш сега пред избори, и дали всушност важат и по гласањето, на пример на 6-ти јуни? А, важат ли и сега?

Дали тоа што МВР направило ваков прирачник за своите вработени е доказ дека реформите во полицијата за нејзино променување по урнекот на европските полиции се тотален неуспех?

Ќе видиме на 6-ти, а?

Репринт: Маестралната уметност на владеење на Груевски

Tags: 

На 1.8.2007 година дописникот на Утрински од Париз испратил еден многу позитивен текст за Саркози до својата редакција во Скопје. Текстот го има во архивите на Утрински. Се вика: Маестралната уметност на владеење на Саркози. Не се сеќавам што тоа друго сум правел пред Илинден 2007, освен што блогов забележал преработка на текстот во македонски контекст. Па бидејќи се избори, и така весело е, еве уште еден репринт од архивите на airborne.

Пред да продолжите со читање, задолжително видете го текстот од Утрински весник.

Маестралната уметност на владеење на Груевски

Скопје - Откако дојде на премиерската функција во Македонија Никола Груевски секој ден изненадува, па и неговите противници признаваат дека потезите кои ги влече не ги остава рамнодушни Македонците. Никола Груевски е на сите страни, во Брисел, во Трново, Скопје, на Водно, во Охрид, новинарите се опсипани со комуникеа од Илинденска бб и преку нив Македонците се запознати со сите постапки на нивниот сеприсутен премиер.

Никола Груевски, исто како и за време на предизборната кампања за чија оркестрација се интересираа дури и штабовите на американските претседателски кандидати стана вистински мајстор во уметноста на владеењето и комуникациите. „Тој го надминува се' она што ги имавме видено до денес“, пишува колумнистот на еден од најтиражните македонски регионални весници „Република“.

Премиерот кој сака да го промени начинот на владеење, по првите денови поминати на Илинденска бб изгледа дека успеа, барем засега. Тој не го слуша државниот апарат, техноструктурите, кои во една технократска да не речеме бирократска држава како Македонија, сака да провери се', Груевски секојдневно испишува по едно поглавје од уметноста за владеење. Македонските коментатори се согласуваат дека тој веќе успеа во едно: да му завидуваат. На последниот самит на Нато во Охрид, тој ја претстави Македонија во одлично светло и лобираше за прием во светската безбедносна организација иако тоа не беше на агендата. Заедно со министрите, без разлика на полемиката предизвикана во Македонија, спроведува компјутеризација на училиштата во Македонија. Тој е еден од творците на даночната реформа во Македонија. Начинот на неговото делување е одраз на еден нов стил на владеење.

На внатрешен план неговиот стил исто така ги дезориентира Македонците. Изборот на социјал-демократот Ивица Боцевски за гласноговорник на Владата, иако главниот збор го има Груевски, потоа на Габриела Коневска Трајковска (без политички стаж) за вицепремиер и раководител со секретаријат за европски прашања, кооптирањето на млади кадри, како Зоран Ставревски и Миле Јанакиевски, назначувањето на еден од ретките „преживеани“ политичари од социјализмот во Министерството за правда ја докрајчи македонската опозиција.

Груевски не ги заборави ни обичните Македонци. Тој беше со селаните кога им беше најтешко - кога оганот, беснеејќи по локалните шуми, пламтеше пред нивните черги. Премиерот на македонската држава не запира никогаш – тој беше со јуниорските репрезентивци во мал фудбал за да им го честита трофејот, а на 2 јуни на скопското сајмиште на концерт на Зубин Мехта, чија организација ја побара лично тој.

Гледајќи го како владее и работи се добива впечатокот дека неговите министри имаат многу мака да го следат. Министрите мораат да се задоволат со улогата на извршители на програмските определби на Груевски. Тие што се сведоци на апсењата од висок профил, и покрај негодувањата, видоа дека македонските граѓани го одобруваат ловот на криминалците. Анкетите велат дека конечно во Македонија се врати оптимизмот.

Пред ваквата раздвиженост на премиерот, македонските набљудувачи на политичката сцена, како коментаторот на „Република“ се запрашуваат:

„Дали Никола Груевски е човекот кој прави премногу или човек кој се сака самиот себеси премногу? Би рекле, дека тој е политичка ѕверка хранета со чувството за стратегија, со тактичката грижа и жедта за резултати, кој оди нанапред не барајќи да се заштити“. Накратко, како што пишува „Република“, Груевски ја презема одговорноста за сите негови и за потезите на на Владата. Затоа работливиот Груевски го зафаќа целиот медиумски простор. Македонците можат да следат како се пилотира државата, речиси во директен пренос.

Мала автобуска анализа

Tags: 

Додека се возев денес во еден од новите автобуси на ЈСП некако се присетив на молбите на директорот на македонската компанија „Санос“. Тој јавно ја повикуваше македонската влада да ја одбере оваа македонска компанија за набавката на новите автобуси.

Не сакам да отварам некаква дебата за моралната исправност на одлуката за набавката таква каква што е, ниту пак за можните неправилности во набавка што треба да се спроведе согласно закон.

Но, затоа еве една мала економска анализа.

Да претпоставиме, како што љубат да речат економистите, дека јавната набавка е целосно исправно спроведена, дека нема неправилности и скриени информации, дека е транспарентна и непристрасна.

Да претпоставиме, исто така, дека компаниите што наддаваат работат комплетно според законите, сите вработени им се пријавени, редовно плаќаат даноци во своите земји, немаат скриени приходи и слично.

Ако суровините потребни за производство на автобуси се достапни на слободен пазар (на пример можеби светска берза), тогаш цените со кои компаниите ќе наддаваат ќе зависат единствено од нивните способности и перформанси на пазарот т.е. од нивната конкурентност. Нивната конкурентност пак е функција на трудот, капиталот и технологијата со која располагаат, и можеби некои (за фирмите) екстерни фактори (како што се на пример царините).

Значи, ако „Санос“ не може да победи на тендер во услови опишани погоре, тогаш тој не е доволно конкурентен, но - тоа е тоа нели - во капитализмот победуваат најдобрите.

Само што „Санос“ е македонска компанија која работи со трудот што го купува на македонскиот пазар на труд и капиталот што го купува од македонските банки, и според правилата што ги пропишува македонската влада. Ако оваа компанија не може да победи на тендер во Македонија, тогаш каква порака им испраќа Македонија:

1. На потенцијалните инвнеститори за тоа каков квалитет на бизнис може да имаат ако инвестираат овде;
2. На странските донатори и кредитори кои со години наназад вложуваат пари во реформирањето на разните делчиња од економијата за таа да стане поконкурентна;
3. И, воглавно, на сите заинтересирани за успешноста на реформите што се спроведуваат?

Тоа.

Пронајди „софтвер“ во партиската програма на СДСМ

Tags: 

Од PDF-то достапно на: http://www.sdsm.org.mk/upload/PROGRAMA_PDF_Web.pdf

Информатичко - комуникациските технологии, развојот и младите

Развивање на свеста на младите за почитување на интелектуалната сопственост, особено на софтверските решенија, со што ќе создадеме правна стабилност и транспарентност во функционирањето на македонските претпријатија, без која влезот на ниту еден меѓународен пазар е невозможен.

Види и: Пронајди „софтвер“ во партиската програма на ЛДП

Pages