Транзицијата како скршени ветувања

Tags: 

На транзицијата во Р. Македонија може да гледаме како на двослоен процес. Прво, тоа е политичката транзицијата од социјалистичка федеративна единица кон самостојна демократска држава. Второ, тоа е економската транзиција од самоуправна економија кон пазарен капитализам. Ги користам овие термини помалку слободно и можеби тие не ги опишуваат најпрецизно сите процеси, но мислам дека се доволно илустративни за да го означат период пред и по 1991 година, и како такви ќе послужат на целта на овој текст.

Нормативната цел на транзицијата, секако, е [или би требало да биде] приклучување на Р. Македонија во групата на т.н. „нормални држави“, т.е. развиени држави од Западот, со економски раст и развој и политички права и слободи. Ова всушност е ветувањето на транзиција – дека на крајот на овој мачен процес, Македонија ќе биде во добро државно друштво и дека нејзините граѓани [или барем нивните деца] ќе ги уживаат плодовите на нивната мачна работа и ќе живеат подобро од кога било. Сега кога транзиција [барем формално] е завршена [бидејќи условите на пазарно-ориентирана демократија се задоволени], останува да оцениме и дали ветувањето е исполнето.

Во неговата одлична книга „Долг“ [за одлична рецензија видете овде], Дејвид Гребер го следи развојот на парите и менувањето на човечките односи како последица на тоа. За нас во овој контекст потребна ни е анализата за напуштањето на кејнзијанските економски политики во 1970-тите години и скорашната финансиска криза. Гребер вели дека реформите на Роналд Реган во САД и Маргарет Тачер во Велика Британија, т.е. збирот на политики што подоцна го добија називот „неолиберализам“, се начинот на кој што во државите на благосостојба е објавено дека „сите претходни договори се откажани“. Тука се мисли на договорите помеѓу граѓаните [но пред сѐ работниците] и државата дека ќе има работни места и права на работниците, бесплатно образование и здравство, економска безбедност итн. До 1990-тите, вели Гребер, сите имаа политички права, но тие права станаа економски безначајни. За да се заменат овие, на граѓаните има се ветува дел од капиталистичкиот сон – секој може да биде капиталист. Но, финансиската криза, го крши и ова ветување. Сите не може да поседуваат ни куќа, а камо ли акции во корпорации или растечки стартапи.

Во нашиот контекст, правата, како избори, повеќе партиски систем и слично, исто така беа испорачани во 1990-тите. Сепак, она што важеше за земјите од „глобалниот југ“ во тоа време не важеше за Македонија. На пример, жените и во СР Македонија можеа да гласаат или одат на факултет, а истото важеше и за сите етнички групи политички-идеолошко дефинирани во контекстот на тогашната држава. Она што се случи во Македонија, покрај промовирањето на новите права [избори, повеќе партиски систем], вклучи поништување на некои претходни права. Во оваа смисла, поништувањето на правата на Албанската етничка заедница [од концепот на СФРЈ/СРМ според кој нема-мнозинство и нема-малцинство, во концептот мнозинство и малцинства, па до Охридскиот договор (за повеќе може да се види во „The Macedonian–Albanian political frontier: the re-articulation of post-Yugoslav political identities“)] и нивното повторно освојување е централната политичка битка во Македонија изминативе 20 години. Тоа е исто така највидниот доказ за тоа дека транзиција го прекршила своето ветување во политичката сфера – за подобри услови за живот од претходно за сите граѓани на Република Македонија. Со терминологијата на Гребер, македонската транзиција не успеала да одржи макар и економско безначајни политички права. Напротив, таа укинувала таму каде што сме биле и понапред.

Неолибеларните економски политики што започнуваат уште во 1991 и го доживуваат својот подем во следната декада, а посебно по 2001 година само ја дополнуваат оваа слика. „Кризата на вклучувањето“ - неуспехот и неможноста да се обезбеди благосостојба, доаѓа на нашата врата истовремено со ветувањето дека добрите времиња се тука некаде, зад аголот. Но, транзицијата обременета со неолибералните реформи недвосмислено го крши ветувањето кон работниците за економската благосостојба. Во оваа смисла можеби е уште полесно да се разбере Славој Жижек кога вели на штрајк денес се осмелуваат да одат судиите, лекарите, полициските службеници и државната администрација. Тоа се единствените преостанати групи за кои ветувањето за економска благосостојба не е сѐ уште целосно скршено. Но, за останатите тоа одамна е завршено. Најдобар показател за ова е веројатно статистичкиот податок за Индексот за човековиот развој чии вредности одат надолу иако бруто домашниот производ, барем во скоро време оди нагоре.

Гребер вели дека ако движењата од турбулентните 1960-ти години ги гледаме како барања за вклучување, тогаш тие движења подразбираат дека политичката еднаквост е безначајна без некое ниво на економска безбедност. Транзицијата во Македонија тогаш е комплетно спротивен процес. Таа не успеа да ги одржи ни политичките права, ниту да ја осигура економската безбедност на граѓаните на Македонија. Дожиевавме да ја посведочиме борбата за првото во некоја форма, но и таа е далеку од готова. За второто веројатно ќе треба да почекаме уште некое време. Затоа единствено може да се заклучи дека ветувањата кон нас не се исполнети. Тие се скршени. Со зборовите на Др. Мартин Лутер Кинг јуниор [како што е цитиран во истава книга]: „државата [Америка] ни даде [на црнците] лош чек. Тоа е чек што се врати со ознаката 'недоволно пари'“.

Републиката ни должи.

3 Comments

Има еден добар текст (според

Има еден добар текст (според мене) од 1991 - Capitalism by democratic design? Democratic Theory Facing the Triple Transition in Eastern Europe од Claus Offe. Може си го читал. Како и да е, на едно апстрактно ниво тој објснува и воедно предвидува како двојната транзиција (и кон демократија и кон капитализам) создава опструкции, каде двата процеса се судираат создавајќи крајни резултати кои се девијации од посакуваниот модел (авторитарни режими, демократури...). Неговото предвидување е многу мрачно и се поклопува со нашето сценарио. Иако мора да признаеме дека имаше земји од Југо - Источна Европа кои поминаа пристојно (пр. Словенија, Чешка). Така што, причините за нашето сценарио не мора нужно да ги лоцираме само во судирот на капиталистичката логика од една страна и воспоставувањето на владеење на право и демократска држава од друга. Голема тема. :) Поздрав