Пазарот и исламот, некогаш и сега

Tags: 

Во книгата „Долг“ [за која веќе пишував два пати: 1, 2], Дејвид Гребер ја истражува улогата на парите, долгот, односите меѓу стопанството и државата, и нивната улога во развојот на пазарите. Посебно интересно е да се прочита делот за средновековното доба на Блискиот Запад т.е. исламскиот арапски свет кој за големите цивилизации на Индија и Кина се наоѓа на запад. Средновековниот ислам, вели Гребер, ентузијастички ги прифаќа законите кои ги гледа како религиозна институција, но ја гледа владата како несреќна нужност, институција која вистинските верници би требало да ја избегнуваат.

Во овој свет, на владата се гледа како на воена сила, потребна можеби за да ја брани верата, но во основа таа е надвор од општествто. Од друга страна, исламот од почетокот има позитивно гледање на трговијата. Дури и Мухамед го започнува својот возрасен живот како трговец и ниеден исламски мислител никогаш не ја смета чесната потрага по профит како нешто неморално или штетно за верата. Пазарите функционирале на репутација, а договорите се склучувале со ракување. Всушност, целата економија функционирала без државни механизми за присилба, без полиција да ги уапси тие што ќе направат измама, без извршители да го запленат имот на должникот. Славењето на трговците кои што биле главните актери на овие средновековни пазари е првата популарна идеологија за слободен пазар.

Гребер вели дека идеалите никогаш не треба да се мешаат со реалниста и дека пазарите некогаш биле целосно независни од владата. Исламските режими се обидувале да ги применат вообичаените стратегии за манипулирање на даночната политика или за интервенции во трговското право. Сепак постоело силно чувство дека тоа тие не треба да го прават. Еднаш ослободена од античките чуми на долг и ропство, локалната чаршија станала, во најголема мера, нависокиот израз на човековата солидарност и нешто што постојано треба да се чува од државен упад. Според зборовите на Пророкот, во ситуација на слободен пазар цените зависат од волјата на Бог [за оние кои не го знаат економоскиот канон, основоположникот на економијата - Адам Смит - слично вели дека невидлива рака го регулира пазарот].

Да го затвориме сега кругот со објаснување зошто сето ова цитирање на „Долг“. Во документот „Evaluation of EC Country Strategy: FYR Macedonia 1996-2001“ [pdf има на Интернет], авторите се осврнуваат на економија на Р. Македонија и велат: „Економијата останува поделена помеѓу големи фирми загубари кои се во државна сопственост, помогнати со субвенции, и од друга страна сектор на мали и средни претпријатија кој е динамичен и често надвор од формалната економија, и избегнува да плаќа даноци. Справувањето со оваа дихотомија е отежнато поради фактот што работниците во првиот се воглавно етнички Македонци, а во вториот воглавно се етнички Албанци.“

Би било премногу за сигурно да речам дека навистина Исламската традиција на немешање на државата во пазарот е заслужна за ваквата поделеност на економијата на Македонија како што ја оцениле авторите на горниот извештај. Сепак, ми се чини дека сличноста помеѓу двата описа на секторот кој постои надвор од државата [оној во средноит век и оној кај нас] е очигледна.

На крај, можеби сите оние маалски коментари дека кога на пазарче си купуваш од Албанец добиваш почесна услуга имаат и подлабоко значење.

1 Comment

Odlicna komparativna analiza.

Odlicna komparativna analiza. I niz ovoj primer moze da se naseti pricinata zosto e denes Islamot meta za otstrel, zasto ako vekje ednas vo istorijata dokazal kako moze najdobro da se uredi edno opstestvo so primena na Boziji, a ne samo covecki zakoni, togas e povekje od jasen stravot na kapital sistemot od konkurencijata ;)