Од фиоката: Полициската бруталност и општествената класа

Tags: 

Нова Македонија на 23.08.2011 објави малку скратена верзија на овој текст. Благодариме за тоа.

Јас и Миша Поповиќ почнавме да го пишуваме текстов некаде кон крајот на јуни. Многу работи се случија од тогаш и нешто од тоа се рефлектира во напишаното (пр. Англија). Подолу е целиот текст онака како што стои во нашите документи.

--------------------------------------------

Полициската бруталност и општествената класа

„Do no wrong, so clean cut... Dirty his hands, it comes right off
Police man“ (Pearl Jam - W.M.A.)

Нема многу песни кои така очигледно се занимаваат со прашањето за детерминираноста на полициската бруталност. Во исечокот кој Еди Ведер ни го пружа како сеќавање за поводот за оваа песна, тој вели: „Си седам така со еден тип со потемен тен, и дојдоа цајкани, возејќи наоколу со своите моторцикли, обидувајќи се да изгледаат кул. И така дојдоа, право кон нас. Ме игнорираа мене и почнаа да го малтретираат него. Споредено со мене, човекот изгледаше како господин. Но, тие почнаа да го малтретираат него...“(1)

Ако малку се оддалечиме од расниот контекст на песната, можеме да ја поставиме следнава хипотеза: дали полициската бруталност има своја општествена предодреденост и во Македонија? Сметаме дека ова прашање е клучно за да се објаснат некои аспекти на протестите кои во Македонија се случуваа во јуни 2011 г.

Кога на случаите на полициска бруталност гледаме како на несреќни случки кои на луѓето им се случуваат по принципот на лоша лотарија, тогаш лесно е да се аргументира дека оваа појава може да биде сечиј проблем. Сепак, ограничениот број на граѓани што протестират на улиците укажува на тоа дека преовладува мислење, макар и несвесно, дека полициската бруталност не ги засега сите.

Поради ова, сакаме да аргументираме дека постојат фактори што определуваат дека полицијата ќе биде брутална во определени случаи. Тие случаи може да се препознаат, што значи дека таа бруталност не е случајна. Потоа, дека тие фактори се општествено конструирани, и во определени случаи општествено прифатени, а затоа и премолчани.

Да се вратиме за момент на Еди Ведер. Во неговото објаснување ќе видиме дека расната припадност го детерминира односoт кој полицијата го има кон граѓаните. Прашањето за раса не е референтно во Македонија, но нуди можност да ја префрлиме анализата кон слични општествени групи како што е класната припадност.

Во општество кое не се базира на јасни стандарди и владеење на право, односот на институциите кон поединецот е директно зависен од тоа кој е претставникот на институциите и во која средина и пред кои граѓани, тој/таа ја претставува институцијата односно државата. Првото се однесува на лицата кои се одговорни за вршење на службена должност. Второто се однесува на актуелизираниот или перцепираниот општествен капитал на граѓани или групи, коj што пак се базира на определена припадност, па дури и на перцепција за определена припадност.

Да го објасниме oвa со едноставен пример. На полицаецот му е лесно да стопира Југо на улица за да го казни ако возачот направил прекршок. Но, од друга страна, ако возилотo е скапо Бе-ем-ве, тогаш полицаецот ќе се запраша и „кој е тој што го вози тоа возило?“ Ова произведува слични појави и во други контексти и/или ситуации. Полициската пракса е различна во различни делови од еден урбан простор и различни делови од земјата. Дали ова тврдење е 100% точно(2) или не, не е толку важно, колку што е важна перцепцијата дека тоа е така.

За тоа дека перцепцијата игра клучна улога кога станува збор и за македонските протести против полициската бруталност говори и фактот што во првите денови на протестите, пред да се знаат вистинските факти за убиството, во јавноста и во медиумите се говореше дека човекот што го сторил тој чин е припадник на полициската единица „Алфи“. Ова не е случајно. Во општеството постои определена конструкција за тоа како се однесуваат токму овие полициски службеници. Таа конструкција се базира на искуството, а не е случајно што таквото „препознавање“ доаѓа од определена група на луѓе - пред сѐ студенти и млади луѓе, токму истите групи кои медиумите ги препознаа како учесници на протестите против полициската бруталност. Кажано со други зборови, полицијата е склона кон бруталност или друг вид на непочитувњае на законите, правилата и стандардите во оние средини каде што тоа се смета за дозволено. Ваквата конструкција на сфери или групи е препознаена не само од полициските работници, туку и до пошироката јавност, од медиумите и од политичарите.

Да одиме уште еден чекор понатаму. Перцепцијата за полицијата како брутален апарат во голема мера е зависна и од контекстот. Активноста на полицијата во населбите кои се означени како „проблематични“ остава различна слика отколку интервенциите во краевите кои ги замислуваме како помирни. Така на пример, медиумското известување на убиството на Мартин Нешковски, често го вклучуваше топонимското означување дека тоа се случило „на главниот плоштад“. Таквото означување ни овозможува, меѓу другото, и контекстуализација на случајот во компарација со други „места“ во градот. Во оваа смисла, инциденти во мирни краеви се настани на дисконтинуитет на мирот. Во спротивен случај тие се потврда на постоечкиот наратив. Преведено во перцепции, полициско возило кое патролира во мирно катче од градот се гледа како потврда на безбедноста, додека полициско присуство во проблематичен дел асоцира дека нешто непријатно се случило. Таквата дискурзивна хиерархизација на местата во градот и работата на полицијата, дава предност на полициската бруталност во посиромашните краеви во кои криминалот е на улица.

Дополнителна илустрација за овој аргумент даваат последните случувања од Лондон. Немирите избувнаа во Тотнам, можеби една од најпрепознатливите области од градот во која живее т.н. „ниска класа“ (the underclass). Последователното ширење на нередите се одвиваше токму според тој клуч -- области од Лондон со високо ниво на сиромаштија и невработеност. Тоа што бргу стана јасно е дека во тие краеви од градот, полицијата имала различна пракса и пристап кон граѓаните, со поголема доза на недоверба и бруталност.

Пошироката јавност во Обединетото кралство се чини дека се уште не може да прифати дека дел од причините за нередите се наоѓаат во нееднаквоста што ја продуцира системот. Но и покрај тоа, помеѓу политичките и интелектуалните кругови се повеќе се зборува за овој однос и се дебатира потребата од системско решение, а не полициска интервенција.

Мислиме дека токму овие аргументи даваат пошорок контекст на протестите во Македонија. Она што станува премолчано јавно знаење е дека сите ние сме свесни кога, каде и зошто се случува полициска бруталност, но бидејќи не се перцепираме себе си како дел од таа група или средина, сметаме дека тоа не нѐ засега и спремни сме да ја свртиме главата на друга страна. На крајот на денот, нашиот класен, етнички (и сличен) детерминиран светоглед го определува нашето однесување.

Досегашното одвивање на сите активности околу протестите против полициската бруталност во Македонија, можеби укажува на тоа дека јазот што произлегува од овој светоглед е голем. Тој постои и хоризонтално помеѓу врсниците (паролата „Станете од кафе“ совршено го илустрира ова) и вертикално помеѓу децата и родителите (за што како потврда служи употребата на паролата „Симнете се долу“).

Од друга страна, протестите до сега покажаа дека луѓето повеќе ја сметаат за проблем бруталноста одошто, на пример, кратењето на работничките права. Протестите што веќе неколку години по ред на 1ви мај ги организираат активисти и здруженија што се залагаат за поголеми работнички права привлекуваат 50-100 граѓани. Значи, очигледно е поместување во солидаризирањето помеѓу граѓаните во група која што го доживува некој проблем како заеднички.

Затоа, во врска со протестите прашањето што е клучно за пошироката јавност е дали полициската бруталност е и „твој“ проблем? Дали другите групи во општеството ќе ги прифатат за свои пораките кои ги артикулираа граѓаните што протестираа? Конечно, што е тоа што треба да се направи за да се премости овој јаз помеѓу различните општествеи групи?

Би било арогантно да се каже дека ги имаме одговорите на овие прашања. Сепак сметаме дека посочувањето на оваа класна предодреденост на полициската бруталност, но и протестите, придонесува кон ширењето на дебата и барањето на одговори. Најпосле, ако се согласиме дека полициската бруталност не е случајна тогаш напорите за нејзино надминување ќе можат да бидат насочени кон тоа што ја одредува. Со други зборови можеме да бараме подобрување на полициската работа и онаму каде што никој не очекува дека треба да има промена. Уште повеќе, ваквото разбирање на општествените активности може да послужи и за ширење на солидарноста за други прашања.

Од друга страна, ако грешиме во овие наши мисли, тогаш Македонија е многу посреќно место.

Белешки:
1 http://www.songfacts.com/detail.php?id=8823
2 Веројатно може да се пронајдат информации во билтените на МВР што ќе го потрекпат или отфрлат ова. Но, можеби како дополнителна илустрација можеме да го наведеме случајот за кој на Twitter пишуваше @vldmrk: http://www.twitlonger.com/show/bc74ap

Дополнето:The appearance of impropriety од Калина Зографска.