(Не)познато (не)знаење

Tags: 

Дополнето 29.02.2012 година: Овој текст е награден на конкурост на Diversity Media. Мојата благодарност.

Доаѓа крајот на годината. Меѓу другото тоа е период во кој се прават плановите за следната година. Така е и со економскиот раст. Деновиве научив дек очекуваната стапка на раст за 2012 година е помеѓу 3% и 4,5%. Она што не научив е дали проектираните стапки се номинални или реални. Тоа е важно прашање за економска анализа. Разликата помеѓу номиналната и реалната стапка на раст е инфлацијата. Ако номиналниот раст е 4%, а инфлацијата 2% тогаш реалниот раст е 2%. Ако номиналниот раст е 3% и инфлацијата е 3%, тогаш реалниот раст е нула. Со други зборови инфлацијата го јаде растот. Но, текстов не е час по економија.

Под претпоставка дека не сум пропуштил некој клучен параграф во новинарските текстови, се запрашувам зошто прашањето за економскиот раст на македонската економија не е подобро обработено? Колку е потребно да расте македонската економија за тоа да го почуствуваат граѓаните? И кога сме кај економските прашања, што значи тоа дека последниот кредит што го зеде државата е земен под многу поволни услови? Што е тоа своп? Колку точно камата треба да плати државата ако на тие и тие банки им должи толку и толку проценти?

Два записа од интернет ме поттикнаа да го пишувам, и пред сѐ повторно да размислувам за ова. Првиот е текстот на Горан Арсов во кој тој, меѓу другото, вели: „Повеќе од половината од учениците излегуваат од средно без да знаат дека струјата убива со затворање на струен круг;“, а вториот големиот цртеж „Кај се парите“ на авторот на XKCD Рандал Мунро.

Прашањата што ми текнаа додека се возев во автобус се: Колку всушност знае еден дипломиран економист од најдобриот факултет во земјава? Дали знае, на пример, да го прочита платниот биланс на Македонија? Или што знае еден дипломиран правник? Или... впишете ја професијта по желба и запрашајте се дали некој може да ги прибере податоците за парите во земјава, како тоа што го направил Рандал Мунро, и да направи сличен преглед? Поврзано со ова, секако, дали воопшто податоците се некаде достапни? Дали може да се направи било каков друг информативен преглед со податоци кои се актуелно релевантни за земјава?

Не сум направил никакво истражување. Но, ако морам да се обложам викендов тогаш ќе се обложам дека одговорите на горните прашања се негативни. Најблиску до некаков пресек за тоа што можеби младината (новите економисти и правници и друго) знае дојдовме за време протестите против полициска бруталност. Тоа што можеше да се насети е дека не знаеме многу, или знаеме малку, за тоа како функционира општеството, за тоа кои се правилата, законите, што може да се бара од институциите, па дури и кои се институциите... итн. Исто така, би се обложил дека ова не е непознато за центрите на моќ (политичките партии ако сакате). Тие знаат колку не знаеме - не само младите, туку сите.


Сликичка позајмена од: runningcauseicantfly.

Сфаќам дека ова е силен заклучок да се фрли вака без да се поткрепи со факти, но навистина не можам да смислам друго објаснување. Мислам дека може да пробаме со некоја теорија на заговор дека, на пример, сите новинари се некако поткупени, и ете никој не вади текст за најновото задолжување на држава. Се разбира, мислам на онаков текст со бројки и објаснувања и референци, а не на оние „државата задолжена, кој ќе плаќа, што ќе правиме“ текстови. Но, дури и да се сите новинари некако во овој заговор, зарем нема еден економист во земјава што може да ги прочита информациите, да спореди, најде и истражи и на крај вака како Горан да го објави текстот на интернет? И тогаш се присетувам на Уставниот суд и на Стамен Филипов, практично единствениот човек кој ја предизвикува уставноста на законите во земјава. Тоа е неговото хоби. Но, на пример, се бави ли адвокатската комора редовно и континуирано со уставноста на законите според кои инаку и работи?

Секако, можам да прифатам дека овие информации, тексотви и анализи постојат, само не се стигнати до мене. Тоа ќе биде горчлив пораз за мојата умислена информираност. Но, само во случај да сум во право, следното прашање зошто не ги создаваме овие текстови? Дали има седржавен заговор? Дали сме мрзливи? Дали е едноставно полесно да твитнеме: „Леле, гледај ги, не ми се верува што прават...“? Дали... не знаеме?

Мислам дека точно е последното и мислам дека сите што треба да се грижат за состојбата (со знаењето) во општеството се свесни за ова незнаење и тоа го користат во своја полза. Тоа е тажна и поразителна мисла. Со неа може многу полесно да се објасни, на пример, оптимизмот што владее кај граѓаните на Македонија во очи на најголемите (економски) потреси во ЕУ, за кој деновиве пишуваа дневните весници (не можам да најдам URL). Но, со неа исто така може да се сврти работата на подобро. И покрај сѐ, ако нашиот главен проблем е незнаење, тогаш ако ништо друго знаеме како тој проблем може да се реши.

Тоа што ни треба е процес на учење. Може да го наречеме просветителство од мали размери или некако пофенси - сеедно - тоа што треба да се адресира на крајот на денот е нетолеранцијата и злоупотребата во црквата и државата. За среќа денес имаме нешто подобри услови за вакви активности со интернет како првата алатка достапна нам, но тоа никако не значи дека имаме помалку работа. Па ајде да ги засукаме ракавите.

***

Не знам како баш да го заклучам текстов. Го прочитав цел и не ми изгледа толку фокусиран колку што би сакал да биде. Се надевам ја пренесува поентата, ако не целосно и јасно, тогаш барем доволно за да поттикне на размислување.

3 Comments

Баш како што викаш за

Баш како што викаш за знаењето. Единствена критична информација, базирана на податоци, што ја имам видено до сега е графиконот за враќање на задолжувањата, од презентација на министерството за финансии...

Г-динот Стамен Филипов

Г-динот Стамен Филипов придонесува и кон академската мисла за уставното право во Р. Македонија. Еве негов текст за незивршноста на одлуките на Уставниот суд објавен во списанието Правен Дијалог: http://www.ihr.org.mk/mk/component/content/article?id=131
Човекот е редок пример за конструктивен граѓански активизам.

Во право си, текстот воопшто

Во право си, текстот воопшто не ти е фокусиран.

Добрите новинари (истражувачи) се во неделните и месечните магазини (тв емисии). Тие имаат време, финансии и, најбитно, "извори" за добри натписи. Се разбира, текстовите поминуваат преку филтер на уредникот, медијатoроска фигура помеѓу моменталната власт и спонзорите. Се друго од новинарската фела припаѓа во групата "општи работници во градежништвото". Текстот на Горан Арсов е лично согледување, а не анализа на различни документирани извори.

Знаење од било која област, од било кое ниво, се добива со проактивен интерес, кој пак зависи од повеќе ФАКТОРИ. Истото правило важи и за функционирање на нашето општество.

Законската материја, зависно од проблемот и слободното време, ја пратам уште од времето кога се распрашував за процедурите околу избегување на служење на воениот рок. 12-9 месеци без редовни месечни вежби со пукање, дури и сега, ми се губење време. Генерции и генерации пред мене го имаат поминато воениот рок со максимум 600 денари месечен надоместок, никој незнаејќи дека законот за одбрана, од самата независност, предвидува "ПРАВО" на просечна републичка плата за сите војници од категорија на невработени. Оние максимум 600 денари на времето, законски им "СЛЕДУВАА" на сите војници. Тоа што ти следува си го добиваш, но ПРАВАТА си ги бараш, ако не, среден прст и пријатно. Сега, аргументите ги косам со лекарите специјалисти, кои покрај договорите со ФЗО, што значи партиципација според референтни цени, наплаќаат од ракав, без фискални сметки, при што ароганција најчесто добивам од страна на албанските представници...