Буџетски белешки за изборите

Tags: 

Прочитав дека доколку СДСМ победи на изборите ќе воведе најниска плата од 9.000,00 денари. Звучи топло и убаво да се гарантира најниска плата.

Има ли некакви информации за тоа кои сектори на стопанството ќе бидат погодени од оваа мерка?

Да речеме дека во земјава има 100.000 вработени што имаат плата од 7.000,00. Нивната плата би пораснала за 2.000,00 и за тие луѓе тоа би значело нешто. Вкупно тоа би биле 200.000.000,00 денари. И, и вкупно тие пари би значеле нешто.

Но, тоа што не го пишува во предизборниот говор е дека и приливите од персонален данок на доход (ПДД) ќе се зголемат. Со даночно ослободување од околу 7.000,00, денес луѓето со пониски плати не плаќаат ПДД. Ако нивните плати наеднаш пораснат, тогаш на овие дополнителни двеста милиони ќе се плати 10% данок.

Се разбира, не знам дали можеби планираат даночното ослободување да го покачат на 9-те илјади, но ова е интересно да се анализира од аспект на тоа дека големината на буџетот денес е критикувана од СДСМ. Значи - додавање уште повеќе пари на веќе големиот буџет или...?!

Понатаму, како што вели програмата на СДСМ, грижејќи се за социјалната праведност тие ќе го вратат скалестото оданочување кај ПДД. Јас сум за социјална праведност, но очигледен ефект од оваа мерка исто така ќе биде зголемување на приходите во буџетот.

Можеби вака сакаат да компензираат за дупките што би се појавиле ако навистина истовремено ги спроведат мерките за намалување на казните, опомена па казна и слично, но тоа сѐ уште не остава со огромен и не баш продуктивен буџет. Што е за право во програмата има и дека „Структурата на трошењето од државниот буџет мора да се менува. “. Ова не е никако дополнително објаснето, па мене и не ми се верува дека позначајна промена на структурата е можна без отпуштања во јавната администрација.

1 Comment

Интересно и добро

Интересно и добро согледување. Сепак една работа за мене е контраверзна, имено како социјалната праведност се врзува со скалестото оданочување кај ПДД? Според мене социјалната праведност ја има и со рамното оданочување на ПДД, со оглед што истото се врши на пријавената сума. Секако 10% данок на 9.000,00 денари е 900,00 денари а на 90.000,00 денари е 9.000,00 денари. Значи оној кој повеќе заработува плаќа во апсолутна бројка поголем данок, што е и логично.

Дали тоа значи дека они што повеќе заробутуваат од скалите кои се предвидуваат ќе бидат еднакви пред уставот и општеството ако дополнително би се оданочиле со повисока даночна стапка? За мене ова претпоставува контраверзно прашање.

Да бидам до крај конкретен во размислувањата, јас би одел со повисоки даночни стапки за луксузните добра (луксузни автомобили, моторни возила, пловни објекти, повеќекратни стамбени објекти и слично) што според мене е по коректен пристап. Можеби е потребна и промена на начинот како се оданочуваат недвижнините (становите) кои не се користат за живеење, но тоа ми се чини излегува од темата.