интернет

Кој ќе ги пробие референдумские ехо-комори?

Tags: 

Може ли битката за референдумот за спогодбата помеѓу Македонија и Грција да се добие на Твитер? Краткиот одговор е – не.

Но, да бидеме фер, поточниот одговор е најверојатно не, бидејќи како што укажуваат најголем дел од истражувањата направени над твитовите на илјадници твитерџии низ светот, политичката поделба меѓу твитерџиите опстојува и покрај (навидум) лесниот начин да се разменуваат информации на социјалните мрежи.

Поуките од истражувањата може да се сумираат вака: Иако постојат случаи кога корисниците од спротивна политичка идеологија комуницираат помеѓу себе, ретко кога се случува да споделуваат информации од другата политичка страна (Коновер и др., 2011). Корисниците воглавно се групираат со други корисници со исти политички ставови, и нивните интеракции воглавно се во тие групи отколку надвор од нив (Грузд, 2012). Посебно кога станува збор за политички прашања информациите воглавно се разменуваат помеѓу луѓе со иста политичка идеологија, со задршка дека либералните твитерџии е поверојатно да се впуштат во ширење на информации преку идеолошката бариера (Барбера и др., 2015). Политичарите (или подобро речено - твитер профилите на политичарите) не може да го премостат овој јаз бидејќи, најчесто, обидите за двонасочна комуникација и конструктивен дијалог (што би се сметало за посакувано) се предмет на тролање, напади и друго вознемирување на тие политичари (а не дебата и дијалог) (Теохарис и др., 2016).

Со други зборови, ако твитате за или против референдумот најверојатно ве читаат само тие што се согласуваат со вас, а ако го водите профилот на некој владин функционер тогаш, ако воопшто твитате, најверојатно најдобро е воопшто да не твитате за референдумот. (Патем, дали истото важи и за Фејсбук? Можеби, веројатно, но не знаеме, бидејќи Фејсбук не дава лесен пристап за истражување на содржините како што тоа го прави Твитер.)

Што може да научат советниците за односи со јавност и стратезите за јавно мислење во двата табора од горните истражувања?

Освен ако немаат смислено нешто навистина ново и иновативно, тогаш времето, парите и другите ресурси што се трошат на твитер кампањата за и против референдумот се најверојатно попусто потрошени. Се чини дека со веќе легендарната „Мрежна измама“, Морозов (2011) погодил во сржта на нештата кога пишал дека твитовите нема да ги намалат нашите национални, културни и религиски разлики, туку дека напротив може да ги нагласи уште повеќе.

Ако навистина целта на спротиставените групи е да се убедат една со друга дека спротивната страна е подобра, тогаш Твитер, и социјалните мрежи воопшто, не се медиумот преку кој што тоа може да се стори. Онолку колку што може да се рече дека прашањето на референдумот е прашање за дебата, размена на мислења или взаемно поучување, тогаш може да се каже дека таа дебата всушност, барем сега за сега, не се случува.

Објавено на Радио Слободна Европа, 18.8.2018: https://www.slobodnaevropa.mk/a/29425735.html

#ЗдравоТаравари: Кратка анализа на твитер кампањата

Tags: 

Кампањата #ЗдравоТаравари на социјалната мрежа Твитер започна на 19 јуни 2017 околу 16 часот. На 22 јуни 2017 година во 13:10 часот ги симнав (веројатно) сите 1142 твитови кои ги содржат двата хаштага за комуникација со новиот министер за здравство на Р. Македонија: #PërshëndetjeTaravari и #ЗдравоТаравари. Тоа се твитови од околу 72 часа.

Ако се отстранат сите ретвитови, тогаш остануваат 294 твитови (пораки со оригинална содржина) кои што се напишани со овој хаштаг. Твитањето и ретвитањето на хаштагот може да се види подолу. Високите вредности за твитови и ретвитови се во вечерните и утринските часови. Но возбудата на твитерџиите од првите 36 часа се чини дека исчезнува во вторите 36 часа од избраниот период. ​

tweets_retweets

Ваквиот тренд може да значи дека политичкиот маркетинг помеѓу македонските корисници на Твитер е со краток здив. Се чини дека дури и лошите шеги („#ЗдравоТаравари дали да јадам бурек со месо или баничка со сирење за појадок?“ - испратен од @dRskata1 на 22 јуни во 10:37 наутро) кон министерот Таравари не издржуваат повеќе од 3 дена: веќе на 22 јуни само 3 дена по отпочнувањето на кампањата, бројот на оригинални твитови со хаштагот е помалку од 5 на час.

Водечките тројца твитерџии кои го користат хаштагот за пишување на оригинални твитови се @evilblonddemon, @LOshGZE и @Carbonoxid со 28, 16 и 13 твитови.

Но, кога ќе се споредат водечките твитерџии од #ЗбогумТаравари со водечките твитерџии од ранг листите на Time.mk (T-index, Top by Reach и Top by Followers), само една твитер сметка (@evilblonddemon) е присутна во најактивните/најпопуларните 20 генерално во Македонија и на хаштагот #ЗдравоТаравари. Ова можеби може да се толкува како сигнал дека политичките кампањи не се од посебен интерес на онаа група на корисници што ја создава водечката содржина на Твитер.

distribution.twitterers

Анализа на дистрибуцијата на споменувања на хаштагот од отпочнувањето на кампањата укажува на тоа дека најголем дел од активните сметки се појавуваат само еднаш до два пати, додека само 25 твитерџии имаат 10 или повеќе твитови и ретвитови со хаштагот #ЗдравоТаравари. Најактивните сметки имаат 40 до 60 твитови и ретвитови во рамките на 72 часа, што претставува еден твит на темата ЗдравоТаравари секои 1.2-1.8 часа (72-108 минути).

На крај, од овие 1142 твитови, посебно паѓа во очи е дека во нив речиси исклучиво се користи македонскиот хаштаг. Освен првичниот твит од министерството за здравство, еден твит со линк до вест на PortAlb, и еден твит што прашува дали се користи хаштагот, сите други (седум) твитови се ретвити на првиот твит на министерството. Тоа значи дека вкупно 9 твитови во периодот на првите 72 часа на кампањата го искористиле албанскиот хаштаг. Ова може да биде индикација за бројот и активноста на корисниците што го зборуваат албанскиот јазик на Твитер во Македонија, како и индикација за тоа дека можеби комуникацијата на министерството со албанските граѓани би требало да се одвива на други канали, наместо на Твитер.

Првично објавено на Радио Слободна Европа: https://www.slobodnaevropa.mk/a/28576600.html

Опремата за следењена комуникации во истрагата на Специјалното јавно обвинителство и законските можности за нејзина употреба

Tags: 

Помилувањата на претседателот Иванов го поместија фокусот на јавниот интерес подалеку од прашањата за неовластеното следење на комуникациите. Сепак, тоа е тема на овој блог веќе некое време, и со мало задоцнување, еве што ново и важно треба да се прибележи.

На прес-конференцијата на Специјалното јавно обвинителство (СЈО) од 30.03.2016 година беше објавено дека истрагата на СЈО е во врска со нелегалното следење на комуникациите. Прес-конференцијата содржи повеќе настани кои се собрани во таблерен преглед овде. Целта на овој текст е да ги поврзе тие настани со законските измени што се случуваа во Македонија, за кои досега често сум пишувал (линкови на дното).

Претставниците на СЈО изјавија дека некаде во 2008-2009 од страна на ДБК е купена нова опрема за следење на комуникации. Новата опрема определен период работела паралелно со старата (што е вообичаена пракса). Потоа, оваа нова опрема останува во функција сѐ до нејзиното уништување во март 2015 година. Со оглед на тоа дека истрагата на СЈО е во врска со нелегалното следење на комуникациите, кое пак е евидентно од снимките објавени од г. Зоран Заев, може да се заклучи дека има сомнение дека оваа била користена за таа намена.

Законските основи за масовоно следење на комуникации стапуваат на сила на 1.7.2010. Значи, опремата што имала техничка можност масовно да следи комуникации, требало да почне да функционира на тој датум. Прашањето што произлегува од овде е дали опремата во периодот од нејзиното купување до 1.7.2010 функционирала со ограничен капацитет или не? Ова е важно затоа што масовното следење на комуникации мора да се оствари со соработка на телеком операторите, и токму тоа го пропишува законот за електронски комуникации што стапува на сила на 1.7.2010. Како што веќе забележавме операторите би можеле да побараат од МВР спецификација за таа опрема само откако законот стапил на сила. Претходно не би можеле да знаат какви би биле нивните обврски во иднина.

Оттука прашањето за истрагата е дали опремата функционирала ограничено до 1.7.2010, па целосно согласно законот до 15.12.2010, па потоа повторно ограничено согласно одлуката на Уставниот суд сѐ до новиот закон од февруари 2014. Дека оваа опрема користена по одлуката на Уставниот суд на начин што не е дозволен говори тоа што меѓу снимките веќе беа идентификувани разговори кои што се случиле во 2011 (на пример, од рушењето на „Космос“).

Но, г. Заев на прес-конференциите во февруари 2015 изјави дека има „снимки дека било прилслушувано и во 2007, 2008 и во 2009 година“. Ако сите прислушувани материјали со кои располагал СДСМ се сега кај СЈО тогаш обвинителите можат веднаш да проверат и да утврдат дали навистина има снимки, што би било индикација дека опремата била во употреба веднаш по набавката и законот воопшто не се чекал.

Ваков расплет во истрагата уште повеќе ќе натежне на МВР и ДБК, но и на операторите чии директори се појавија во списокот на помилувани на еделен период работела паралелно со старата (што е вообичаена пракса). Потоа, оваа нова опрема останува во функција сѐ до нејзиното уништување вопретседателот Иванов.

Слично на темата:
http://novica.discindo.org/mk/node/846
http://novica.discindo.org/mk/node/844
http://novica.discindo.org/mk/node/841
http://novica.discindo.org/mk/node/839
http://novica.discindo.org/mk/node/836
http://novica.discindo.org/mk/node/830

Доверливи, освен ако...

Tags: 

Тековната дебата во (дел од) македонската јавност е каде, ако воопшто ја има, е одговорноста на телекомуникациските оператори во врска со масовното прислушкување на телефонски разговори што го објави претседателот на СДСМ Зоран Заев, а потоа во нивниот извештај го констатираше работната група на Рајнхарт Прибе.

Ова прашање се поставува затоа што период од 2011 - 2014 година на сила е Закон за електронските комуникации кој што е делумно поништен од Уставниот суд на Република Македонија.

Во тој контекст, важно е да се види што било дозволено со законот од моментот кога одлуката на судот стапила на сила. Краток преглед на промените и поништувањата има овде.

Законот следи логика на правило и исклучоци. Согласно член 111 комуникациите се доверливи, освен во исклучоци пропишани со Законот. Со други зборови, ако нешто не е во законот како исклучок од доверливоста, тогаш тоа не е дозволено.

Член 111 став 2 од Законот вели дека секое следење, прекинување, снимање, чување, пренесување и пренасочување на комуникациите и податоците мора да биде во согласност со Законот. Со други зборови, активности што ги прават комуникациите недоверливи се забратени, ако тие не се во согласност со Законот.

Уставниот суд го „скратува“ член 112 во ставовите 7 и 8. Ставот 8 предивидувал операторите за надлежноит орган да „овозможат постојан и директен пристап до своите електронски комуникациски мрежи, како и услови за самостојно преземање на податоците за сообраќај“. Оттука согласно членот 111 секое снимање, прекинување, снимање, чување, пренесување и пренасочување на комуникациите и податоците не смее да се случува преку постојани директен пристап што МВР го има до операторите, затоа што таков пристап не е во согласност со Законот.

Оттука, кредибилна истрага би требала да утврди дали навистина, како што вели извештајот на Рајнхарт Прибе, „УБК може[ла] да пресретнува комуникации директно, автономно и непречено“. Ако тоа се утврди во истрага на, на пример, Специјалното јавно обвинителство, тогаш ќе биде јасно дека операторите помогнале во следење, прекинување, снимање, чување, пренесување и пренасочување на комуникации што не било согласно Законот за електронските комуникации што важел од 2011 до 2014 година.

Но, дали таква истрага ќе се поведе е сосема друго прашање.

Слично на темата:
http://novica.discindo.org/mk/node/844
http://novica.discindo.org/mk/node/841
http://novica.discindo.org/mk/node/839
http://novica.discindo.org/mk/node/836
http://novica.discindo.org/mk/node/830

Молкот на операторите

Tags: 

Од февруари 2015 опозицијата предводена од Зоран Заев објавува т.н. бомби кои што ја откриваат „вистината за Македонија“. Тие тврдат дека снимките содржат наводни скандали, корупција, злоупотреби од страна на водечките луѓе во Владата и владејачките прартии. Но, исто така тврдат дека овие снимки не се само некои или неколку снимки кои што случајно се направени, туку дека се дел од милиони записи од следење на комуникации на повеќе од 20.000 граѓани. И додека оваа приказна воглавно останува непроменета, еден нејзин дел се менува: тоа делот за улогата на телекомуникациските оператори во оваа афера. Првичните изјави (12.02.2015) на Зоран Заев се дека прислушувањето не било возможно без знаење на операторите, но веќе по две недели (27.02.2015) Заев на прес-конференцијата за бомба #5 изјави дека одговорност нема кај операторите.

Бидејќи ваквите изјави покренуваа сомнеж за тоа што навистина се случило во врска со наводното масовно прислушување на 20.000 граѓани, уште во февруари започнав со истражување на законите. Тогашната анализа ме доведе до следните сознанија:

1. Член 115 став 2 од Законот за електронски комуникации овозможил користење на технологија за масовно прислушување во јуни 2010;
2. Оваа законска можност, сепак (за среќа?) траела само 6 месеци затоа што Уставниот суд на Република Македонија ги поништил одредбите со одлука во декември 2010;
3. Истиот тип на прислушување повторно е законски овозможен во февруари 2014 со новиот Закон за електронски комуникации.

Според повеќе извори (опозицијата, новинарите, аналитичарите) голем дел од снимките потекнуваат од период 2011-2014 година, па логичното прашање, ако тврдењето за 20.000 луѓе и милиони разговори е неоспорено, е што се случило со технологијата (кратко) дозволена во 2010 во периодот 2011-2014?

Логично, барем за мене, беше ова прашање да го поставам до операторите (Т-Мобиле, Македонски телеком, ВИП и ОНЕ) и до регулаторот (АЕК) во форма:

1. Кои дејства ги презеде операторот со цел спроведување на одлуката на Уставниот суд на Република Македонија У. Број: 139/2010-0-1 од 15.12.2010 г.?

2. Кои дејства ги презеде Агенцијата за електронски комуникации со цел утврдување на спроведувањето на одлуката на Уставниот суд на Република Македонија У. Број: 139/2010-0-1 од 15.12.2010 г. од страна на телекомуникациските оператори?

Понатаму, бидејќи бројот на случаи за кои судовите дозволиле посебни истражни мерки, што меѓу другото вклучува и следење на комуникации, е јавно достапна информација, логично е и да ги прашам операторите колку барања стигнуваат кај нив поедниечно, посебно во однос на задржаните податоци од нивните корисници. Ова е комплетно статистичка информација: ако знаеме дека во 2013 имало 226 одобрени следења на комуникации тогаш информацијата по оператор ќе ни каже кој оператор со колку барања придонесол во истрагата.

Сите овие барања беа одбиени најчесто по основ „класифицирана информација“, освен АЕК која воопшто не одговори. За сите е поведена постапка пред Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информации од јавен карактер и сега го чекам нивниот одговор. Се надевам дека Комисијата ќе најде дека одговори на прашања за спроведување на судска одлука и прашање поврзано со анонимна статистика не може да останат непознати за јавноста.

До нивинот одговор, во оваа галерија се одговорите на операторите.

Објавено на ОКНО 5.6.2015: http://okno.mk/node/47618

Софтвер за истражувачки медиуми

Tags: 

За оние кои во Македонија се бават со истражувачко новинарство, First Look, издавачот на The Intercept - медиумот каде што продолжи да работи Глен Гринвалд откога замина од Гардијан, објави две софтверски алатки што ја олеснуваат работата на новинарите.

Едната е AutoCanary, алатка која што автоматски ја известува јавноста дека медиумот не добил „наредба за молчење“ од страна на некоја владина служба.

Другата е PDF Redact Tools, алатка со чија помош може да се анонимизираат (т.е. отстранувааат метаподатоци) и уредуваат PDF документи.

Двете алатки се достапни за GNU/Linux и MacOS, додека за Windows сега за сега ја има само AutoCanary.

Значи правец https://firstlook.org/code/project/.

Мало дополнување со нови информации за операторите и прислушувањето

Tags: 

Откако започна објавувањето на прислушуваните разговори, едно од прашањата што останува да лебди: дали и колку била вклученоста на телекомите во прислушувањето на 20 илјади граѓани во изминатите години?

Операторите излегоа со изјави за медиуми дека тие постапувале по законот. Сепак и само површна анализа на законите кажува дека тоа не е целата приказна. На пример, Т-Мобиле го цитираше новиот Закон за електронски комуникации, притоа намерно или случајно заборавајќи, дека тој се применува од февруари 2014. Медиумите утврдија дека дел снимките се однесуваат на настани кои се случиле во период 2011 -2013. Тогаш на сила бил стариот закон.

Дополнитено истражување на законскисте пропис нѐ донесе до знаењето дека спорните членови од стариот Закон за електронски комуникации, меѓу нив и членот кој што пропишуваше постојана врска меѓу операторите и МВР и со тоа овозможуваше масовно следење на комуникации, се поништени со одлука на Уставниот суд во декември 2010. Прашањето што се постави, оттука беше:

Дали телекомуникациските водови востпоставени кога Законот бил донесен (во јуни 2010) се прекинати кога тие одредби се поништени со одлука на Уставниот суд на РМ (декември 2010)?

За таа цел испратив барања за слободен пристап до информации од јавен карактер до операторите и до АЕК со прашањето:

Кои дејства ги презеде операторот со цел спроведување на одлуката на Уставниот суд на Република Македонија У. Број: 139/2010-0-1 од 15.12.2010 г.?

Односно:

Кои дејства ги презеде Агенцијата за електронски комуникации со цел утврдување на спроведувањето на одлуката на Уставниот суд на Република Македонија У. Број: 139/2010-0-1 од 15.12.2010 г. од страна на телекомуникациските оператори?

Барањата ги испратив во март и деновиве конечно ги добив сите одговори од операторите, додека АЕК не одговори ништо.

Во одговорите Македонски телеком, Т-Мобиле и Оне ги одбиваат барањата повикувајќи се на одредби од законот кои предвидуваат класифицирање на информации поврзани со прашањата за следење на комуникациите. Вип нуди поопширен текст без да се повика на класифицирани информации, но сепак не го одговара прашањето што е поставено во барањето.

Затоа сите овие барања ги обжалувам кај Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информации од јавен карактер.

Ќе објавувам нови детали така како што ќе стануваат достапни. Добиените одговори на ова URL или подолу во slideshow.

ПС. Ако некој има совет која организација би можела да помогне во подмирување судски трошоци во случај ова да продолжи кон Управен суд, молам пишете e-mail.

Црвениот телефон и статус-квото во Готам

Tags: 

Што всушност сака да ни каже Телма?

Пред повеќе од две години пишував за суперхероите и новинарството:

Она против што суперхероите се борат со своите ласерски очи и пајакови мрежи е истото за кое новинарите мора да пишуваат без страв. Според Џенифер Робинсон, новинарството е професија која е посветена на транспарентноста, вистината и отчетноста, и професија која треба да ги руши корумпираните влади, да зборува за неправдата и нееднаквоста и да им даде глас на безгласните.

Денес дознав дека трескањето на црвениот телефон било кампања.

Имала ли поп-култура повторно влијание во тоа како е смислена оваа кампања?

Најпознатиот црвен телефон е телефонот на кој одговара Бетмен кога му е потребен на Готам.

Што ни кажува црвениот телефон?

1. Во контекст на вообичаеното читање дека Бетмен е супер-херој кој што треба да го спасува градот од криминалците, некревањето на црвениот телефон би значело дека супер-херојот одбива да одговори на повикот за помош што му е потребна на градот и неговите жители.

Ако новинарите се супер-херои што треба да зборуваат на место на немоќните, тогаш одбивањето на кревањето на слушалката е знак дека новинарите ја одбиваат улогата за луѓе кои ја зборуваат вистината во лицето на моќта.

Во контекст на македонскиот пејсаж на неслободни медиуми (117 место според индексот на Репортери без граници за 2015 година), со некревањето на телефонот нашите присакувани супер-херои всушност кажуваат дека сѐ уште не се спремни да ја заземат оваа општествена улога.

2. Во контекст на читањето што го нудат Падник и Жижек каде Бетмен е плутократот кој го поседува Готам и оттука само си ги штити своите интереси кога се бори против тие што сакаат нешто поинаку (нешто против статус-квото), некревањето на црвениот телефон би значело дека супер-херојот сменил страни.

Ако Бетмен не истрчува (како и секогаш до сега) да им помогне на богатите кои по секоја цена сакаат да го одбранат својот статус и привилегија, тогаш нешто поинаку се случува.

Во контекст на случувањата во земјава, тоа би значело дека Телма понатаму одбива да одговара на повиците на власта. Ако е така, тогаш конечно браво, но останува горчината дека до сега црвениот телефон функционирал за власта.

На крај, можеби нема ништо толку елаборирано во кампањата со црвениот телефон, па и кој да ја смислувал сакал само да направи лесна поента.

Сепак, не штети да прашаме што всушност сака да ни каже Телма?

Корупцијата на Републиката е огромна

Tags: 

Злосторничкото здружување за кое зборува опозицијата е само дел од комплетната корупција на Републиката

Вчерашната (бомба #5) прес-конференција на Зоран Заев ми го привлече вниманието кога тој на новинарско прашање одговори дека операторите не се одговорни за ова што се случува со неовластеното прислушување.

Нормално, се заинтересирав за ова прашање и еве што открив.

Продолжената рака за неконтролирано следење на следење на комуникациите е пуштена во јуни 2010 година. За тоа предупредувале пратеници на СДСМ и известувале странски медиуми, Ваквите одредби (конкретно член 115 од Законот за електронски комуникации („Службен весник на Република Македонија“ бр.13/2005, 14/2007, 55/2007, 98/2008 и 83/2010, 13/2012, 59/2012, 123/2012, 23/2013), одете на pravo.org.mk за детали) се поништени со одлука на Уставен суд во декември 2010 година.

Прашањето што се поставува е што се случило со спроведениот вод до МВР што операторите морале да го постават кога стапил на сила тој член 115?


Опремата што оперторите морале да ја имаат во период од јуни 2010 до декември 2010 според одредбите на Законот за електронски комуникации што тогаш бил на сила.

Ако тоа што го вели до сега Зоран Заев е вистина, односно неовластено прислушувани се преку 20.000 граѓани, во долги периоди, а тоа не може да се прави со комбиња или подвижни базни станици, како што вели Петар Поповски, а сето тоа е во период што е од 2011 до 2014 година, тогаш може да се заклучи дека овој вод не е прекинат.

Не успеав да најдам дали неспроведување на одлука на Уставен суд е некаков прекршок што е казнив. Сепак, согласно истиот Закон за електронски комуникации, операторите што што овозможуваат незаконско пренесување и пренасочување на комуникациите и податоците (член 111/став 2) и со тоа ја нарушуваат доверливоста на комуникациите (член 111/став 3) прават прекршок казнив според член 138/став 16 и член 139/став 30. Казните се во проценти од нивните приходи.

Идеално, надзорниот орган за телекомуникациски прашања требало да ги казни операторите кога би утврдил дека ова прекршување постои. Сега тоа повеќе не може да се стори, за најголемиот дел од периодот 2011–2014, затоа што друг закон, Законот за прекршоците јасно вели дека „Прекршочната постапка не може да се поведе ниту да се води ако помине една година од денот кога е сторен прекршокот.“ (член 42/став 1 — Службен весник на РМ бр 62/06).

Затоа велам дека корупцијата на Републиката е поголема од она што веројатно можеме да замислиме. Погледнато наназад изгледа дека за сите овие активности постоел широк консензус, ако не за поддржување, тогаш секако за непостапување тие активности да се спречат. Одговорност, прво морална, треба да понесат сите директори на операторите, директорите на АЕК, надлежните инспектори итн. За инспекторите и други што не спровеле надзор можеби може да има и нешто во врска со злоупотреба на службена должност.

Понатаму, одговорност мора да понесат и судиите на Уставен суд. Со одлука на Уставен суд во 2010 година е поништен членот 115 од Законот за електронски комуникации. Но, во февруари 2014 година изгласан е нов Закон за електронски комуникации (Службен весник на РМ бр. 39/2014) кој што во неговиот член 175 има идентични одредби за комуникациски водови.


Член 175 од Законот за електронски комуникации од 2014 година.

Прашањето, логично, е: Ако тие водови не биле уставни во 2010, како се уставни во 2014? Уставниот суд молчи во врска со овој Закон цела една година, иако по неговиот деловодник (член 9 и 14) има обврска да поведува иницијативи за проверка на уставност и законитост на законите. (Јас ќе го потсетам Уставниот суд за ова обврска со поднесок во понеделник.)

На крај, последниот воз за прекршочна постапка за операторите е во понеделник 2 март 2015. Новиот Закон за електронски комуникации е на сила од 3.3.2014 година. Значи, водовите до МВР се законски од тој датум. Но, водовите не биле законски на 2.3.2014, а во понеделник истекува едната година за поведување на прекршочна постапка. Дали и за ова ќе го видиме комплетното лице на корумпираната Република или пак ќе видиме поведување прекршочна постапка? Одговорот останува да лебди во нашите кошмари.

Корупцијата, не Републиката.

Дополнето: Согласно член 377 став 2, 3 и 6 од кривичниот законик, правните лица оператори и одговорните лица во операторите може да одговараат за неизвршување на судската одлука на Уставниот суд

Оттука, може да се поднесе кривична пријава против операторите и нивните директори за основано сомневање дека не постапиле според погоре наведената одлука на Уставниот суд.

2.3.2015 — Објавено на ОКНО.мк: http://okno.mk/node/45050

Дружината на јавниот интерес

Tags: 

One Ring to rule them all, One Ring to find them,
One Ring to bring them all and in the darkness bind them

Денес, во дигиталното доба, неовластениот надзор е прстенот на Саурон.

Тој што го контролира ќе владее и навистина е така — ВМРО-ДПМНЕ владее веќе 9 години.

Но сега овој дигитален прстен се дотркала во рацете на СДСМ на Зоран Заев. Разговорите, наводно 1.6 милиони датотеки аудио снимки, се кај него. Тие можат да бидат искористени за контрола на луѓето. Оттука прашањето е дали Заев ќе биде силен како Фродо или слаб како Смигол.

А затоа што навиваме за Фродо, може да се даде само еден предлог: Да се формира дружина на прстенот, т.е. на јавниот интерес. Фродо не го носеше тој товар сам.

Од што би се состоела таа дружина?

1. Датабаза со следените телефонски броеви достапна на интернет: Софтверот да овозможи безбедна проверка на телефонски број на граѓанинот, увид во снимените материјали, можност за внесување на лични податоци за да се генерира тужба за неовластено следење која што се испраќа на негов e-mail во PDF.

2. Датабаза со снимките што се од јавен интерес: Повеќејазична база со сите транскрипти што се дистрибуираат до медиумите што ќе може да се пребарува по клучен збор.

3. Апликација што ќе ги презентира и објаснува релациите меѓу лицата што се на снимките и за кои се зборува во снимките.

Овие снимки мора да останат во колективната меморија како една гаранција плус дека вакво нешто повеќе нема да се повтори.

Кој е последниот изговор?

Tags: 

Се разбира — „Само да не се врати СДСМ“ е најголемата идеолошка победа на ВМРО-ДПМНЕ. Постојат повеќе објаснувања зошто е ова тотална катастрофа за граѓанството, но наместо тоа да се задржиме на еден мал поглед кон иднината:

Дури и да се случи утре како резулат на бомбите владата да поднесе оставка (а нема да се случи утре), потребни ќе бидат барем шест месеци да се организираат избори. Тоа ќе биде оној период за попис, избирачки список, изборен законик, техничка/експертска влада итн.

Шест месеци е доволен период за луѓе да се приклучат во СДСМ за да го подобрат нивниот капацитет, или да се приклучат кај некоја друга политичка партија (ЛДП, ЛП, ГРОМ, па дури ВМРО-ДПМНЕ — и нив ќе им треба подобри, попаметни и поспособни за демократија луѓе), ако баш СДСМ се целосно одвратни за граѓанството. Или пак, конечно да се формира долгопосакуваната трета опција.

Јасно е. Изборите се празник за демократијата затоа што тоа е денот кога се заокружува ливче и како и на секој празник не се работи.

А граѓаните, според Уставот, имаат обврски и останатите 1459 дена.

Нема други изговори.

Политичката партија, јавниот интерес и корупцијата на Републиката

Tags: 

Кој може да каже колку корупција е потребна за една нормална држава?

Да започнам со рекапитулар на очигледното: неовластено масовно прислушкување е прекршување на законите, Уставот, меѓунардните декларации за човекови права и за тоа виновниците мора да бидат казнети. Тоа е атомска бомба за приватноста и демократијата, која подразбира тајност и на нашите одлуку и не може да функционира кога ваков надзор постои. Ова не е ништо ново, барем за оние што редовно читаат што доаѓа од малиот камп за дигитални слободи што воглавно гравитира околу 2с.мк и КИКА. Но, мислам дека е згодно да се повтори за сите оние кои не се во тек: 1, 2, 3, 4, 5, 6

Но, дебатата не завршува тука. Ако тоа што го вели Зоран Заев е вистина и неовластено се прислушувани 20.000 луѓе од страна на домашнте служби, тогаш тоа е македонската елита, како што утврдивме македонскиот 1%, прислушувана од неа самата, се разбира не буквално, туку посредно — овозможувајќи ги мерките на еден или друг начин во подолг временски период. Секако, вината за тоа најмногу лежи во главната владеачка партија ВМРО-ДПМНЕ која што ги контролира клучните институции, но соработници се сите институции и нивни претставници не сакале да спроведат мерки и проверки или пак ако не можеле, тогаш не си заминале од функциите, односно останале да ги уживааат плодовите на привилегијата власт. Ако нешто во поп-културата или секојднвеното сфаќање на нештата стигнало од мислите на Хана Арент тогаш тоа е идејата за баналноста на злото. Ми се чини дека молкот на целокупниот институционален апарат е токму тоа.

Оттука објавите на СДСМ на Заев всушност, покрај откривање на постоењето на неовластеното масовно прислушување, се и војна помеѓу едниот процент. Остатокот сме повикани да дадеме поддршка. Но, дилемата, иако можеби тешко може да се артикулира, лесно може да се препознае: дали даваме поддршка од принцип — затоа што корупцијата на Републиката мора да заврши, или од нужност — затоа што катастрофалното деветгодишно владеење на ВМРО-ДПМНЕ мора да заврши? Ова не е наивна разлика. Ако секој што е некој во оваа земја е прислушуван, а кога веќе сме сложни дека тоа е масивно нарушување на уставниот поредок, тогаш прашањето за времето што доаѓа единствено е колку проценти од нив се корумпирани?

Македонското „протекување“ на тајните снимки не е налик на ниеден пример од популарната меморија. Ова што го доживуваме не е ни Елсберг со документите за Пентагон, нити Никсон со Вотергејт, нити Викиликс со телеграмите, нити Сноуден со НСА. Не е дури ни филмскиот расплет од новата Борнова трилогија кога Мет Дејмон во улога на Џејмс Борн по факс ги праќа документите за злоупотреба на неговата организација до NYT. Не е — едноставно затоа што СДСМ не е новинарска организација како NYT или Гардијан, нити пак како Викиликс има желба да стане тоа. Aко монополот врз овие информации ги има политичка партија, може ли да се потпреме на тоа дека политичка партија ќе ги спроведе обврските на медиумите за служење на јавниот интерес? Може ли таа да биде четвртиот столб на власта, кога, очигледно и логично, претендира да биде првиот столб?

Овие прашања ставаат специфичен товар на СДСМ на Заев. Ако решат навистина да му служат на јавниот интерес, радикално како Викиликс или умерено како Гардијан, тогаш треба да ги обелоденат и снимките што ќе ги разоткријат и луѓето што се блиски до нив. Статистиката вели дека сигурно има такви луѓе. Будалесто би било да веруваме дека само елитата што е асоцирана со ВМРО-ДПМНЕ е корумпирана. Дури и односот да е 90% наспроти 10%, би требало во служба на јавниот интерес да знаеме сѐ. Така сите објави ќе го доведат во прашање не само постоењето на ВМРО-ДПМНЕ, туку и на СДСМ и другите политички партии онакви какви што ги знаеме. Ова е тој специфичен товар што го носи СДСМ на Заев, и што нѐ враќа назад на прашањето принцип или нужност. Впрочем од нив зависи каков вид на поддршка ќе добијат, од нивната одлука дали ќе бидат џелат само на ВМРО-ДПМНЕ или на сите оние што 25 години ја буткале Републиката во бездна, па така и самите на нив. Со други зборови, треба да видиме дали ќе ги видиме само големите злоупотреби како што се наводите за местенки во Врховниот суд или и малите кои што веројатно постојат од страна на локалните моќници во локалните судови. Ова е тешка одлука.

Секако ваквиот специфичен товар на СДСМ на Заев делумно произлегува од состојбата во која со години наназад се наоѓа македонското новинарство, а пред сѐ поради неговите спреги токму со истата елита. Доколку имавме весник со барем половина од капацитетот на Гардијан, можеби СДСМ ќе можеше да ги предаде документите таму и да се посвети на тоа што вообичаено го прават партиите — програма и избори бидејќи така се менува власта во демократските држави и во оние кои барем претендираат да станат такви. Последново само ја комплетира сликата за тоа каква комплицирана и обемна работа нѐ чека во обновата на општеството и Републиката што треба да следи. Но, одговорноста за тоа да стигнеме во точка во која што обнова ќе биде возможна во моментов целосно е во рацете на СДСМ на Заев.

Луѓето не се плашат наивно од изреката „сите се исти“. Сите го препознаваме прашањето за вредностите, прашање кое што е многу важно. Гаранцијата за тоа дека некој локален моќник веќе во 2017 нема да ги клика копчињата во ДБК треба да биде двојна: таквите што сега кликаат некои копчиња во општинска соба да бидат исчистени сега и Уставот и законите да бидат променети заради поголема заштита на граѓаните.

Под претпоставка дека сѐ што беше до сега кажанао од страна на СДСМ е точно, ваков расплет е можен во едно „Черчилијанско сценарио“. СДСМ на Заев да ја обелодени комплетната „Вистина за Македонија“ и штом оваа „војна за вистината“ заврши, тој да си замине и да имаме можност да избереме „цивилен премиер“, а елитата што ќе ги пополнува клучните места по институциите да биде целосно испразнета од луѓе што имале врска со корупцијата изминатите 25 години.

Клопчето што сега го одмотува Заев може да биде преседан за решавање на сите политички битки во иднината. Којзнае дали СДСМ се спремни на тоа.

Објавено на ОКНО 19.2.2015: http://okno.mk/node/44741

Три поенти за прислушувањето

Tags: 

Дигиталното прислушување е атомска бомба за приватноста.

Ако тоа што го вели Зоран Заев е вистина и прислушувани се 20.000 луѓе, како е тоа спроведено?

Ми се чини забуната потекнува од идеите што ги имаме за прислушување. Тие потекнуваат од стари Бонд филмови и сцени како онаа од „Sneakers“ со Роберт Редфорд. Тоа е романтично минато.

Со денешната технологија може се снима сѐ што протекува низ каналите на комуникација. Замислете цевка со вода и вентил што ја отвора од страна. Но, наместо да истекува водата и да имате намален проток во главната цевка дел од протокот се „копира“ во вентилот. Тоа е возможно бидејќи станува збор за дигитална технологија Никој рачно не стиска „record“, туку целиот канал се снима на харддиск. Потоа тој е достапен неограничено и се преслушува назад по потреба. Тоа е и целиот проблем на bulk дигиталното прислушување. Тоа е и суштината на многу дебати од Викиликс/Сноуден наваму.

Понатаму нема никакви технички ограничувања. Белки не мислите дека МВР си рекле во некој момент: „еј, не снимаме зашто ни е полн харддискот“? Оваа дебата хипстерски беше разрешена уште пред 5–6 години, мислам кога уредникот на Wired се смееше на тоа дека шиткаат телефонски секретарки што снимаат максимум 100 пораки или така нешто… само додај поголем storage и тоа е тоа. А хардисковите се денес сѐ поевтини и поевтини.

Така што, баталете муабет дали некој дал конкретен налог за тоа баш тој ден, тој и тој разговор да се снима. Ако тоа што го тврди Зоран Заев е вистина, налогот за 20.000 лица и нивните телефони бил даден еднаш некогаш и потоа се снимало сѐ. Технологијата тоа го дозволува. Не сме во 1970 па да мора некој дома да ти мести уред на фиксниот телефон и да пази да не го извадиш или откриеш.

И овде е и вториот проблем со bulk дигиталното прислушување: кога има „протекување“ тие што снимале не знаат ни што точно е снимено, ниту што точно од снименото е изнесено надвор од серверите. Ако навистина станува збор за whistleblowers од МВР, тогаш тие што ги истражуваат протекувањата имаат тешка задача да видат што е изнесено од службените харддискови. (За потсетување, ни НСА не знае што сѐ и што точно изнесол Сноуден.)

Но, што е со бројката од 20.000? Брза математика: Во Македонија живеат околу 2 милиони луѓе. Околу 550 илјади се пензионери, околу 350 илјади се ученици во основни и средни училишта и студенти. Уште околу 120 илјади се деца во претшколска возраст. (Бројкиве се извадени од новински написи од google.) Значи остануваат 1 милион пост-студенти — пред-пензионери. ДЗС вели дека од нив околу 690 илјади се вработени. Сигурниот облог е дека 20.000 се дел од овие 690 илјади, но таа група може и понатаму да се намалува, ако ги извадиме земјоделците, градежните работници, занаетчиите, и воглавно сите професии кои што немаат некакво поголемо општествено влијание. Наједноставно овие 20.000 е македонскиот 1% — најбогатите и највлијателните граѓани.

***

Која е користа да бидат бидат прислушувани македонските 1%? Мене ми текнува само тоа дека разговорите што тие ги воделе се чувани како гаранција. Треба да одам на состанок со тебе и знам што си зборувал. Тоа е огромна предност.

Но, ако може да им се верува нешто на филмовите, тоа е дека незаконски прибраните докази не можат да се користат на суд. Така што какви и криминали да содржат сите овие снимки, за секое од тие дела ќе треба да се прибираат нови докази. Оттука објавувањето на снимките најпрво може биде корисно за една голема катарза на општеството во која голем број на луѓе ќе си заминат од јавниот живот. Долго време живееме во општество во кое поткупот, но и многу други „услуги“ се земаат како вообичаена работа од страна на мнозинството граѓани. Ако снимките послужат за вакво прочистување, тогаш тоа ќе биде голем плус за нас.

Се разбира, ова не значи дека сите 20.000 луѓе што биле прислушувани направиле нешто незаконско.

***

Настрана од ова, неспорно кривично дело останува неовластеното прислушување. За една држава што долго време се бави со проблемот на неовластено прислушување од времето на комунизмот, целосно е поразително два пати по ред да влегува во нова епизода од неовластено прислушување од една партија. Останува на граѓаните да оценат на избори дали е тоа дозволиво.

Но, пред тоа потребна ни е суштинска дебата за законските реформи што мора да се направат. Дигиталното прислушување е атомска бомба за приватноста, а проблемот со атомските бомби не го решаваме со уништување на атомската технологија. Напротив, го решаваме со закони што ја контролираат употребата на атомската бомба.

Неовластеното дигитално прислушување во Македонија е свесно и плански организирано и одобрено од истиот 1% — од нашата елита: од владата со предлозите за законите што овозможуваат прислушување без мерки и проверки, преку собранието што ги изгласало тие промени, преку уставниот суд што не презел ништо против нив, преку телеком операторите кои не им наложиле на нивните правни тимови да се борат против овие решенија… и така натаму. Со други зборови, ова не се случува затоа што неколку луѓе сковале заговор против Македонија, како што веројатно едноставно се прикажува во јавноста. Ова е заговор од многу поголема група на луѓе, од кои секој одработувал по еден дел за да се овозможи системот да функционира онака како што сега гледаме дека функционира. Сите тие во идеален свет би поднеле оставки и никогаш не би требало да добијат јавна функција.

Планот за враќање на приватноста, за да можеме да ја окуражиме нашата демократска свест и потенцијал, од страна на законодавството, би требал да вклучува посилна уставна заштита на приватноста на комуникациите, контроли на дигиталното следење што ќе ги спроведуваат операторите, вклучување на народниот правобранител во секоја постапка на следење на комуникации заради обезбедување на почитување на човековите права. А можеби, по примерот на Аргентина и нивните тајни служби (чија разврска исто така се случува деновиве), треба да разговараме и за распуштање на македонските тајни служби и нивно градење одново на здрави темели.

Планот за враќање на приватноста, за да можеме да ја окуражиме нашата демократска свест и потенцијал, од страна на граѓаните би требал да вклучува обуки за масовно користење на алатки за енкрипција на дигиталните комуникации.

Не смееме да дозволиме сапуницата неовластено прислушување да има четврта епизода.

16.2.2015 објавено на ОКНО: http://okno.mk/node/44646

Објавување во време на медиумски мрак

Tags: 

Да замислиме, само за момент, дека тоа што го вели Зоран Заев е вистина: дека СДСМ има материјали што докажуваат сѐ најлошо за владата на ВМРО-ДПМНЕ, дека тие материјали ќе се објават без разлика на личните судбини на неколкумина од опозицијата, и дека тоа ќе се случи после следната недела. Прашањето што следи е: каде ќе објавуваат?

За среќа скорашната историја ни нуди примери за тоа како се објавувуваат документи кои што потекнуваат од активност на whistleblowing. Случаите со Wikileaks и Едвард Сноуден се само-објаснувачки. Потребни се традиционални мејнстрим медиуми кои што ќе можат да ги пренесат информациите до крајниот читател, соџвакани и презентирани така што ќе постигнат најголемо влијание. Се разбира ова не е и ништо ново. Стратегијата да се објавува на интернет, на фејсбук страници, на јутуб канали и слично, без водство или барем поддршка од традиционалните канали, едноставно нема да функционира. Кога ќе го споредиме тоа искуство со сликата не медиумите во Македонија исходот изгледа мрачен. Водечите весници, како што видовме минатата недела, не можат да објават насловна со наводна тепачка на градоначалник, а не пак нешто што би можело да го руши целокупниот политички естаблишмент.

Во македонски контекст посебно важен е и случајот со Кежароски. Новинарот е осуден за објавување на документи. Од денешна гледна точка, и во најоптимистичко надевање на тактиката на СДСМ, и под горните претпоставки, одложувањето на објавувањето се чини како купување време во кое судските власти во земјава треба да ја укинат пресудата за новинарот со што би се создал чист простор за новинарите да можат слободно да пишуваат. Но, тоа не е сѐ.

Тактиката би требало да вклучува уште неколку договори или виткање на раце кои што е логично да се случуваат. Така доколку доказите тоа го содржат може да се очекува дека некои луѓе ќе добијат „исчезнување на тие документи“ во замена за поддршка при објавувањето. Тука пред сѐ би можеле да се вбројуваат луѓето од Јавното Обвинителство (кои нема да поведуваат кривични постапки за објавувањето), но и бизнисмените што се издавачи на весници, имаат телевизии и/или портали со поголем тираж и достапност до публика од Фокус, Либертас и Слободен печат.

Не верувам дека може да се замисли поинаква тактика за дисеменација на овие најавени документи во ситуација кога имаме де-факто медиумски мрак. Од она што може деновиве да се види и прочита се чини дека стисокот на ВМРО-ДПМНЕ на медиумскиот простор сѐ уште е силен.

Останува да видиме дали некој во опозицијата има одговор на прашањето: „Дали ако дрво падне во шума и никој не го види, дрвото навистина паднало? “— во услови кога Македонија се наоѓа на најниското место на листите на слобода на медиуми и слобода на изразување во последните десетина години.

Одбрана од неовластен надзор

Tags: 

Приказната за опозициските бомби кои што ќе ја срушат владата полека се хомогенизира околу масовен неовластен надзор на комуникации. Дали тоа е навистина така, останува да видиме.

Но, во меѓувреме добро би било да се потсетиме на алатките со чија помош можеме да се ослободиме од надзорот.

Првиот очигледен совет е дека ако сакате приватност кога одите некаде треба да го оставите мобилниот телефон дома. Мобилните телефони сами по себе се уреди за надзор. Вашата положба може да се добие преку базните станици со кои се врзува телефонот.

Вториот очигледен совет е дека треба да стоите понастрана од производи што се изградени на затворени платформи (Apple е пример за тоа). Ако не можете да видите што прави уредот, тогаш не може да знаете дали прави нешто против вас.

Третиот совет е — седете понастрана и од социјалните мрежи како Facebook.

Четвртиот совет е да користите енкрипција. Енкрипцијата на електронска пошта е стара алатка но (релативно) комплицирана за употреба и често поради тоа непопуларна. Но додека се чека на елегантно решение за пошта (се вика mailpile), можете да ги опремите вашите телефони со алатки за тајност. Инсталирајте textsecure и redphone за да имате пораки налик на viber и voip кои што ќе бидат енкриптирани. Исто така можете да ги опремите вашите компјутери и телефони со алатки за анонимност — инсталирајте tor.

Тајноста и анонимноста се клучни својства на приватноста. А без приватност не можеме да носиме автономни одлуки — одлуки кои се нужни во демократското општество. Не би требало да има потреба за други аргументи за употреба овие алатки.

Ова е втор пат влада на ВМРО-ДПМНЕ да добие обвинување за масовен неовластен надзор на комуникации. Поговорката вели: „Fool me once, shame on you; fool me twice, shame on me“. Треба да ги заштитиме нашите комуникации со алатките што ни ги нуди дигиталното доба, но треба да ги заштитиме и нашите права со алатките на демократијата и да се погрижиме оваа партија никогаш повеќе да не ја добие довербата на граѓаните за формирање влада.

6.2.2015 објавено на ОКНО: http://okno.mk/node/44384

Залудната потрага по општествено-одговорни е-бизниси

Tags: 

Подолго време off.net.mk е на тапет дека не објавува доволно вести за активистичките активности што се случуваат во Македонија, а од скоро дел од критиките се насочија и кон newmadia.mk (поради учеството на Драган Павловиќ Латас на нивната конференција) и blogirame.mk (поради сплетот на околности што доведе до тоа 2 дена по големите студентски протести каде што имаше прекин на мрежата на TMobile, истата команија да дели награди на нивниот настан).

Ваквите „повици за правда“ се беспредметни.

Сите овие (и други) профитни компании (или профитни проекти) немаат мисија да застапуваат никакви општествено значајни прашања (кои и да биле тие), туку имаат мисија да прават профит (некои го прават тоа повеќе или помалку успешно од другите — на пример во случајот на blogirame.mk тоа е само зголемување на видливоста на брендот).

Оттука, воопшто не разбирам зошто да им се поставуваат повисоки барања на овие ентитети одошто на пример им се поставуваат на било кои други фирми (па дури и во пред интернет времето). Единственото објаснување што го гледам е дека овие три или уште неколку други се поврзани со луѓе кои се релативно познати / достапни за комуникација онлајн, па оттука се чини згодно да бидат пингани за сешто.

Залудно е сето тоа, па за сите што мислат дека сепак јавниот простор треба да биде простор за дебата, мало навраќање на Џејкоб Апелбаум и Дмитри Клајнер (Република 2012„Кога зборуваме за права, зборуваме за права во јавниот парк. Но нашиот друштвен простор веќе не е јавниот парк, туку е трговскиот центар каде службата за обезбедување има апсолутна и тотална моќ“.

Приватните ентитети не се јавен парк. Тоа важи и за интернет.

Цензура е кога не можеме да кажеме „ало“

Tags: 

„Кога вистината е заменета со тишина, тишината е лага.“ — Евгениј Ефтуштенко

На 10.12.2014 год. за време на вториот студентски марш во Скопје во определен период немаше мобилни мрежи.

Во неговото известување Т-Мобиле инсистира дека имало техничка грешка, што секако влијаело и на функционирањето на другите оператори. Од друга страна, многумина се посомневаа дека станува збор за намерен прекин како последица на притисок или барање на Владата на РМ. Но, причините поради немаше мобилни мрежи во моментов се помалку важни.

Тоа што е важно е дека како последица на прекинот во Македонија за време на студентски протест се случи цензура. Цензурата по дефиниција е потиснување на говор или друга форма на комуникацијаhttp://okno.mk/node/43044

Кога е тишина најлесно се слуша: За нашиот постојан молк за надзорот под кој живееме

Tags: 

Пред точно една година Арангел Ангов пишуваше за тогаш новооктриениот ФинФишер во Македонија. Сепак, темата не привлече поголем интерес. Со исклучок на IT.com.mk и НоваТВ никој друг не известуваше за откритијата од Универзитетот во Торонто.

2013 продолжи да тече со нови и нови известувања за надзорот на комунациите благодарение на работата на Глен Гринвалд и Гардијан, на основ на материјалите кои ги предал Едвард Сноуден, но ние овде речиси и да не се заинтересиравме тие за детали.

Сега конечно, можеби има нешто кон што може повнимателно да го свртиме нашето внимание. Новата книга на Гринвалд (штотуку издадена) содржи информации кои досега беа непознати. Од интерес за македонската јавност се овие две сликички:


Партнери во програмата за надзор — извор: http://en.wikipedia.org/wiki/No_Place_to_Hide_%28book%29


Фондови за партнерите — извор: Но http://en.wikipedia.org/wiki/No_Place_to_Hide_%28book%29

Погоре може да се прочита името на Македонија меѓу партнерите вклучени во програмата за надзор, како и тоа дека државава добила околу 100.000,00 долари (колку што може да се интерпретира графиконот) за своето учество во неа.

Не се надевам дека некој овде ќе постави тешки прашања до надлежните институции за тоа што значат овие откритија, кои се последиците, што, кога и колку се надзира итн. Собранието не функционира ни кога во него има 123 пратеници. А за медиумите, не се ни сеќавам дали некогаш биле, макар и малку по теорија, кучиња чувари.

Ова кратка белешка нека стои колку некогаш во иднина да видиме каде сме биле и зошто, колективно, како општество, сме решиле да молчиме.

За надзорот како еколошки проблем и кратко за економските алатки за решенија во екологијата

Tags: 

Ќе користи ли некој gmail ако за него треба да плати данок?

Минатата година Ебен Моглен одржа серија предавања за откритијата на Едвард Сноуден и последиците што тие ги предизвикуваа(т).

Една од клучните поенти во овие предавања е во третиот дел каде Моглен почнува да зборува за приватноста и нејзината загуба како еколошки проблем:

I would ask you also—in thinking analytically about this substance “privacy” whose continuation I am asserting is essential to democracy’s survival—I would urge you also to consider that privacy is an ecological rather than a transactional substance. This is a crucial distinction from what you are taught to believe by the people whose job it is to earn off you.

The reason that we have to think about privacy the way we think about the other ecological crises created by industrial overreaching is that it is one. It’s that we can’t avoid thinking about it that way, no matter how much other people may try to categorize it wrongly for us.

Од економска гледна точка на еколошките проблеми се гледа со помош на т.н. екстерни ефекти. Екстерен ефект во оваа смила е било која корисност или трошок која што ја добива / трпи некоја страна која тоа немала намера да го прави. Екстерните ефекти можат да бидат позитивни или негативни. Но генерално кога зборуваме за екстерни ефекти, најчесто мислиме на негативните. Загадувањето на воздухот е очигледен пример.

Негативните екстерни ефекти во смисла на кризата со надзорот на интернет се тоа дека дури и да не користите електронска пошта од на пр. gmail сепак праќате пораки до некој што користи и со тоа ја изложувате вашата комуникација на надзор. Во суштина, колку и да изгледа контраинтуитивно, еколошката криза ја создаваат корисниците на сервисите како gmail (и самиот gmail се разбира) бидејќи ве изложуваат на трошоци (ерозија на приватноста) што вие не сте ги посакувале (очигледно — бидејќи ете си користите сопствен сервер за електронска пошта). Слично како кога возите точак и ги дишете издувните гасови на автомобилите што ги возат вашите комшии, пријатели и сограѓани, кога сурфате ги трпите негативните ефекти од мрежата во која учествувате.

Економијата се обидува да се справи со овие проблеми (на загадувањето) прекуалатки како што е „принципот загадувачот плаќа“. Поентата на ова е дека страната што е одговорна за загадувањето треба да ги сноси сите трошоци, вклучувајќи ги и оние кои се екстерни — т.е. влијаат на пошироката средина.

Оттука, ако го растегнеме принципот до ИКТ средината, државата, како на пример Бразил, може да го регулира надзорот од страна на странските агенции над своите граѓани со тоа што ќе го примени принципот загадувачот плаќа на оние граѓани што користат сервис за електронска пошта за кој се знае дека до него простип има НСА. Во основа ова би бил даночен товар за тие корисници. Приходите од тоа понатаму би можеле да одат за подобрување на домашната ИКТ инфраструктура.

Година на надзорот

Tags: 

Губењето на приватноста на читањето, пишувањето и собирањето (или дружењето) ги загрозува основните човекови права, кои, макар и неволно, се вградени во уставите на голем број на земји.

Кога на крајот на 2012 година Нова Македонија побара од мене да ги кажам моите очекувања за (животот на) Интернет во 2013 година, напишав дека не очекувам ништо различно од досегашните случувања:

„Во 2013 во светски рамки веројатно е да се очекува да се појават нови предлози, закони, договори кои ќе се обидат да спроведат слични решенија како веќе споменатите (ACTA, SOPA, PIPA) по веќе добро разработената пракса на „преместување на форумите“ - ако нешто не може да се изгласа во САД или договори во ЕУ ќе се договара во СТО, или пак ќе се предложи преку некоја друга организација, а потоа ќе се промовира како меѓународен стандард итн. За очекување е светската јавност да реагира на ваквите случувања како и до сега и веројатно ние од овде, ако ништо друго, ќе ја понудиме нашата принципиелна поддршка за зачувување на слободата на користење на технологии и пристап до Интернет.“

Но, не требаше да помине многу време за моите очекувања да зазвучат на посакуван оптимистички исход. Веќе во март, Citizen Lab од универзитетот во Торонто ги откри новите инсталации на FinFisher меѓу кои сега се наоѓаше и Македонија. Во мај Едвард Сноуден и Глен Гринвалд со Гардијан открија дека живееме во свет на сеприсутен и постојан надзор.Трговските договори наеднаш заличија на ситни проблеми.

Нема што многу да се напише за надзорот на Интернет, а веќе да не сте го прочитале на друго место. Но, да повториме: Американската агенција НСА заедно со агенциите на некои американски сојузници и во соработка (некаде присилна, некаде доброволна) со компаниите од Силиконската долина правела масивен и масовен надзор на комуникациите не Интернет: собирала мета-податоци, имала пристап до сервисите за електронска пошта, до мобилните телекомонукации, се обидувала да ги ослабне системите за енкрипција... Ова било возможно поради законите што во САД се стапени на сила по 9/11. Исто така, било возможно и поради ефтините технологии за надзор, ефтиниот достап до терабајти и терабајти и терабајти дискови за складирање на податоци. Можеби треба да напишеме збор повеќе за FinFisher, софтверот за кој Владата на РМ ниту потврди ни демантираше дека го има купено, но не постојат никакви официјални информации за инсталацијата на овој софтвер. На крајот на краиштата – ако тој софтвер не го купило МВР, тогаш тие треба да истражат кој тоа го сторил на нашата територија.

Но, сега веќе си мислите: „Не ме засега ова мене. Јас ништо не сум згрешил“. Вообичаениот тест на овој коментар е: „Да, секако, може да ми ја дадеш твојата лозинка за Facebook?“. Се разбира, никој не го положува овој тест.

Да се вратиме на надзорот. Што значи тоа кога ќе кажеме сеприсутен и постојан надзор? Во своите предавања за авторските права Лоренс Лесиг често го истакнува развојот на законот за авторски права од закон кој регулирал една индустрија во закон кој нѐ регулира сите нас. На неговите почетоци законот имал за цел да го регулира копирањето, умножувањето на книгите. Но, на Интернет секој клик е копирање, потенцира Лесиг. Додека го читате овој текст копија него се прави во кешот на прелистувачот што го користите. Законот и технологијата се мешаат на таков начин што секоја наша интеракција со авторското дело на интернет претставува кршење на некоја законска одредба. Истото се случува со надзорот. Пред дигиталната технологија надозорот на луѓето бил строго регулиран од физичките можности дури и онаму каде законите биле суспендирани. Најстрашната држава на надзор на 20-тиот век, Источна Германија, не можела да ги следи сите свои граѓани дури и да сакала тоа да го прави. Едноставно немало толку агенти за следење или немало толку службеници што можеле да ги читаат сите писма или немало технички можности да се прислушкуваат повеќе телефони одеднаш. Тогаш, законите за надзор, дури и онаму каде што биле злоупотребувани, биле таргетирани. Едноставно тоа бил надзор што не бил сеприсутен и не бил постојан.

Денес тоа повеќе не е така. Надзорот е насочен кон серверите на големите компании кои ги чуваат нашите податоци. Полесно е да се ископира сѐ отколку да се копа за деталите. Спакувани така на некои дискови во хангарите на агенциите нашите податоци ќе го дочекаат моментот кога доволно брз компјутер ќе може да ги обработи, ако претходно, се разбира, некој клучен збор не ги бутне понапред во редот. Во годините што следат ќе мораме да направиме многу за да излеземе од оваа ситуација. Но, прво мора да се сложиме дека оваа ситуација е погрешна, опасна и штетна. Потоа, техничките детали се лесни.

Сара Кендзиор во својата колумна на Ал-Џезира слика интересна слика за тоа што споделуваме на Интернет. Ниту еден наш профил не е целосна слика на нашата личност. Колку што споделуваме, толку и криеме, испуштаме или претеруваме. Најголемата опасност, вели таа, не е прибирањето туку интерпретирањето на податоците. Нашето одбрано, само-цензурирано и комплицирано изразување не е комплетната слика за нашата личност. Сепак, тоа е единствената слика што може да се изведе од податоците што се собрани:

„Најголемта опасност од надзорот на Интернет не е дека тие нѐ знаат, туку дека тие мислат дека нѐ знаат, и дека ние сме заложници на нивната интерпретација. Тие ќе шпионираат сѐ додека „нешто“ не се случи и тоа што ние наивно си го нарекуваме „живот“ ќе биде фрлено назад како докази.“

Вообичаената дискусија нѐ тера да заклучиме дека поради овие причини потребна е заштита на податоците. Но, Џејкоб Апелбаум објаснува дека дискусијата за заштита на податоците е погрешна. Тоа за што треба да зборуваме е заштита на луѓето, затоа што луѓето – ние, а не податоците, сме загрозени од надзорот. Губењето на приватноста, вели Апелбаум, всушност е губење на слободата, затоа што слободата подразбира ние да можеме да носиме одлуки во нашиот личен и приватен свет, свет кој што не треба да биде отворен на надворешни актери.

Губењето на приватноста на читањето, пишувањето и собирањето (или дружењето) ги загрозува основните човекови права, кои, макар и неволно, се вградени во уставите на голем број на земји. Сѐ додека не се договориме дека основните човекови права повеќе не се важни за нас, ние мораме да сториме сѐ за да ги заштитиме. Мора да се погрижиме дека на Интернет ќе можеме да имаме приватниот и личен простор во кој се развива нашата личност, нашите способности и мисли, и кој ќе ни служи за да ги одржуваме врските со нашите блиски без страв од надзор од држави или корпорации. Ова е нешто за кое што мораме да се согласиме.

Потоа, само останува лесниот дел. Мораме да им помогнеме на инжинерите и правнците да го направат она што треба да се направи за надзорот да ги изгуби епитетите сеприсутен и постојан. Се надевам сме чекор поблизу до согласност.

Среќни празници.

Оригинално објавено на РСЕ: http://www.makdenes.org/content/article/25212002.html

Facebook како логор: „Гејмификацијата“ на надзорот и неплатената работа.

Tags: 

По што се разликува Facebook од затвор или логор? Ако не го сметаме peer-pressure како доволно јака присила, тогаш само по тоа што никој на сила не нѐ тера да бидеме таму. Но остантатото, се додека можеме (сѐ уште?) да ја премостиме разликата меѓу физичкото и дигиталното, е исто.

Прво, претворени сме во commodity на компанијата (од корисник во потрошувач до потрошувачка стока). Продавани сме (нашиот social graph) и разменувани по потреба. Исто така и работиме за компанијата без надоместок. Нашиот дигитален труд се монетизира кај нив. Нашите кликови и „лајкови“ се стабилен проток на приход за тамошните нарачатели на реклами.

Второ, дури и најналудничавите претпоставки за надзор и следење се покажаа како точни. [Кој да верува на предвидувачките текстови на луѓето како Џулијан Асанж од 2008-9 година?] Facebook навистина е „шпионски шалтер“ (додуша не на ЦИА, туку на НСА). Кога кон ова ќе се додаде и тоа дека и вработените таму имаат пристап до сечии профили (за разлика од Google каде пристап имаа(т?) само алгоритми и скрипти), го прави тоа интернет место совршено за постојано набљудување на корисниците.

Зошто тогаш уште сме таму? Можеби затоа што не знаеме дека е тоа затвор сѐ додека личи на игра?

Во „Животот е убав“ Роберто Бенињи раскажува токму една таква приказна. Џошуа,синот на Гвидо, го проживува животот во концентрациониот логор верувајќи дека е тоа игра во која се собираат поени и за чиј победник првата награда е вистински тенк. Детето е премногу малечко да ја разбере вкупната монструозност низ која поминува. Игнорантноста повторно е благослов. Ние не сме ниту деца, ниту неинформирани за надзорот под кој сме ставени. Треба да си признаеме дека вистински тенк (ниту бар вистински iPad) нема на крајот на играта. Треба да си признаеме, всушност, дека ова е и игра која што нема крај.

Тоа што го прави „Животот е убав“ пријатен за гледање е драмската иронија дека ние како гледачи знаме повеќе од ликовите во филмот и однапред знаеме за нивната судбина. Тоа што го прави оптимистичен филм е славењето на непоразливоста на човекот дури и во најтешките услови. Но ние не живееме во филм, и расплетот за нашите дигитални логори останува сами да го напишеме.

Социјалните медиуми и моќта

Tags: 

Во извонредната и во интернет време стара книга „Мрежната илузија“, авторот Евгениј Морозов ќе напише: „Твитовите нема да ги замаглат сите наши национални, културни и религиски разлики; тие можат всушност да ги акцентираат. Сајбер-утопиското верување дека интернет ќе нѐ претвори во убер-толерантни граѓани на светот, кои ќе ги тргнат на страна злите предрасуди и ќе го отворат умот кон она што го гледаат на мониторите, се покажа како неосновано. Во повеќето случаи, единствените луѓе што сѐ уште веруваат во идеалот на електронското глобално село се оние што ќе станеа толерантни космополити и без интернет: шетаната интелектуална елита. Обичните луѓе не читаат страници како Global Voices - агрегаторот на најинтересните блогерски написи од целиот свет. Наместо тоа многу поверојатно е тие да го користат интернет за повторно да ја откријат нивната култура - и ако смееме да речеме, нивната национална нетрпеливост.“

Морозовската визија за интернет за многумина е мрачна и неговото пишување е предмет на чести критики. Но, ако можеме барем делумно да се согласиме со горната оценка, тогаш за очекување е да најдеме пресликување на општеството - вистинскиот живот во онлјан светот - на интернет.

Од друга страна, еден од клучните аргументи на луѓето вообичаено поврзувани со Силиконската долина [Клеј Ширки, Итан Цукерман, меѓу другите и за разлика од Морозов], е дека алатките на интернет, ако не веднаш тогаш на крајот на денот, ќе помогнат во општеството и тоа не само во високоразвиените земји од Запад, туку на Глобалниот југ, онаму каде што често нема демократија, слобода на печат или економски развој. Глорификацијата на интернет и на технологиите надградени над него кажува дека пресликувањето навистина е можно, и дека шансите всушност се поголеми за либерален, демократски исход.

***

На медиумите, воглавно се гледа како на организации кои имаат две [главни] функции: една да ја разградуваат моќта и втора да ја воспоставуваат моќта. Првата е поочигледна и за неа почесто се зборува. [На пример, тоа до сега било тема на три мои текстови на РСЕ: „Поп културата и новинарството“, „Идеалот за четвртиот столб“ и „Пирамидата на цензурата“.] Но, како што забележува Роберт Рајт во неговата книга „Логиката на човековата судбина“ со појавата на печатницата на Гутенберг за прв пат во историјата имало инструмент за ефикасна комуникација кој можел да мобилизира широки групи на луѓе на основа на нивните сличности кои и понатаму ќе ги хармонизира, и тоа се случувало токму со првите испечатени весници. Како што вели Рајт, печатницата го засилила националното владеење со креирање на заедничка културна база на голема територија, стандардизирајќи ги обичаите, митологијата и пред сѐ јазикот. Создавањето на националните држави веројатно ќе било потешко без печатницата. Исто така и создвањето на јавното мислење и неговото управување.

[Мојот впечаток е дека во Македонија речиси и да не се зборува за оваа втора фунција на медиумите, но и дека токму таа е таа која е подоминантна и можеби затоа и повеќе пишуваме за првата. Примери за [обиди за] хомогенизација на јавното мислење има безброј. „Нашиот јужен сосед“ прв ми паѓа на памет, па можеби и обидите се успешни.]

***

Ако медиумите играат клучна улога во разградување и воспоставување на моќта и ако интернет денес сигурно игра некаква улога, тогаш кои се можните расплети?

Мислам дека интернет и социјалните медиуми носат демократизација на каналите [со секоја задршка дека воопшто може да се зборува за демократизација на платформи кои наликуваат на трговски центри], но не и на вештините. Вистина, денес е полесно од кога било да се објави, но што е тоа што ќе се објави сепак останува целосно зависно од вештината, а не од платформата. Во однос на медиумите, тоа ми се чини уште повеќе важно. Ако зборуваме за воспоставување на моќта, за хомогенизирање на јавното мислење и доминирање во јавните теми и дебати, тогаш технологиите се како алатки од соништата. Ако имате медиумски пејсаж што е доминиран од определен центар, тогаш тој денес лесно може од печат и екран да стигне преку апликација од фејскбук до сите компјутери, до мобилни уреди, до промовирани твитови и статуси, и со помош на верната публика што секако ја има да се сподели доволно пати и на доволно места што ќе го направи сеприсутен. Ако зборуваме за разградување на моќта, тогаш работите стануваат покомплицирани, затоа што едноставно предусловите за тоа се потешки.

Во моето сеќавање одекнува еден краток текст од Сет Годин од 2006 година. Како експерт по маркетинг, Годин ја објаснува разликата меѓу добра и лоша повратна информација. Накратко: никој не го бара вашето мислење, потребна е вашата анализа. Социјалните медиуми отвараат канали за сите и наеднаш секој може да го каже неговото мислење, но ретко кој снабдува анализа. А анализата е клучната особеност на онаа медиумска работа чија цел е првата функција: разградување на моќта и надгледување на власта.

Можеби токму затоа, во презентацијата за „Трите работи што новинарите ќе ги работат во 2050 година“, Анали Њуиц зборува за новинарите како професионални кои ќе мора да научат програмски јазици и други специфични технологии, а не да бидат на пример – вешти твитерџии.

Можат ли новинарите да бидат хакери? Или хакерите новинари? Или едноставно – дали можеме да очекуваме дека ќе се појават луѓе кои своите аналитички способности ќе ги поткрепат со технолошки вештини и ќе изнесат вистинити информации и детална анализа во јавноста, така што граѓаните ќе можат да носат информирани одлуки и покрај експлозијата на канали каде преовладуваат мислења? Ако можеме да сметаме дека примерите од нашата околина се доволно веродостојни тогаш одговорот е да.

Игралиштето уште еднаш се помести. Споделувањето на напишаниот текст на Фејсбук можеби е доволно за оние новинари кои сакаат да учествуваат во воедначување на јавното мислење, но не е доволно за оние новинари кои сакаат опстојат на идеалот за чувари на демократијата. Ова се стари вести на интернет.

Текстот е објавен на РСЕ: http://www.makdenes.org/content/article/24996086.html

Овој текст е изведен од предавањето „Социјалните медиуми и новинарството“ прв пат одржано на 25 април 2013 на на Високата школа за новинарство при МИМ, а потоа уште еднаш на 16 мај 2013 во хаклабот КИКА.

Dismantling of monuments will be tweeted? - A short note on the overdue Twitter revolution in Macedonia

Tags: 

The saying goes that everything is late in the Balkans [and even more so in Macedonia]. It seems that in the 2013 municipal elections the Twitter revolution finally happened in [to] Macedonia.

In the past few years there were couple of politically driven, socially charged issues [protest against police brutality, protest against rising electricity and heating prices] that used Internet, social networks and technology in general. However none of them were significantly successful.

Now finally praise is coming from mainstream pundits, and acknowledgment and gratification are coming from the mayor-elect of Centar municipality in Skopje. Twitter has won!

That is, of course, if we overlook the ongoing and extensive debate regarding the role of social networks in social movements - something that according to researches is hard to measure. For more, there is always Evgeny Morozov's writing criticizing the usual naivety of 'Tweets were sent. Dictators were toppled.'

Лери Лесиг за Републиката на TED

Tags: 

Деновиве на интернет се појави и последниот говор на Лери Лесиг за изгубената Американска република што тој го одржа на овогодинешата TED конференција. Ова е едно од оние видеа што брзо се шират на мрежата и го ќаруваат вниманието на многу, многу луѓе. Некој преведувач веќе го титлува говорот на македонски јазик. Аргументите на страна, во осумнаесте миниту колку што зборива Лесиг последните две му се менува гласот и мислам дека може да се забележи напливот на чувства што го има додека зборува за ова важно прашање.

Се разбира Македонија не е САД и никакви директни паралели не се возможни. Но, ако одлучите да го гледате овој говор и ако сакате за нас овде да извлечете некои поенти (а ги има многу), тогаш ми се чини дека клучната е во тоа е дека пред да има леви или десни прашања (или ако сакате СДСМ и ВМРО прашања) мора да се одговори првото, основно прашање.

А тоа е прашањето за состојбата, здравјето и функционирањето на Републиката.

2013 на Интернет

Tags: 

На почетокот на 2012 [технички на крајот на 2011] година Кори Доктороу (http://boingboing.net/2011/12/27/the-coming-war-on-general-purp.html) предвиде дека допрва нѐ чека војна во која големите корпорации и владите ќе се борат за целосна контрола над персоналните компјутери за општа употреба. Ова што до сега го гледаме, објаснува тој, во врска со авторските права и Интернет е само предвесник. Овој негов говор силно одекна во разните заедници на Интернет и мислам дека успешно го улови доминантното чувство за тоа каде може да се движи технолијата и општеството т.е. кодот и законот ако не посветиме доволно внимание на актуелните случувања.

ACTA, SOPA и PIPA, но и постојаната војна против Wikileaks, тужбите против p2p споделување податоци и против протестите (окупирањата) на Интернет на Anonymous се примери за тоа што и како мислат и делуваат некои од водечките држави и корпорации. Македонија не е недопрена од овие случувања, затоа што секоја законодавна или судска пракса може да се пренесе преку меѓународните институции или договори до земјите кои целат да станат членки на ЕУ и оние кои имаат обврски преку СОИС или СТО.

Но дури и гледано изолирано, Македонија имаше два нејзини моменти налик на SOPA или ACTA. Првиот, новиот Закон за граѓанска одговорност за навреда и клевета кој што во својата првична форма требаше да го регулира протокот на информации на Интернет, а во својата конечна останува да регулира „други форми на уреднички oбликувани програмски содржини кои се објавуваат, односно емитуваат дневно или периодично во пишана форма, звук или слика, на начин достапен за широката јавност.“ - што може да опфати чие било и какво било објавување на Интернет, како и недореченоста поради која може без судска постапка да се отстрануваат содржини од Интернет. Вториот е Правилникот за надоместоците за користење на фонограми и изведби на ММИ кој што цели да опфати огромен дел од употребата на музички дела.

Во двата случаи молкот на видни лица од стручната јавност, пред сѐ од правната струка, е застрашувачки и, ако треба да се потенцира едно нешто, тогаш ова е клучната работа што нас нѐ разликува од остатокот од светот. Битката против горните прописи во ЕУ или САД не ја водеа само активисти и хакери туку и истакнати интелектуалци - правници, економисти, политолози.

Во 2013 во светски рамки веројатно е да се очекува да се појават нови предлози, закони, договори кои ќе се обидат да спроведат слични решенија како веќе споменатите по веќе добро разработената пракса на „преместување на форумите“ - ако нешто не може да се изгласа во САД или договори во ЕУ ќе се договара во СТО, или пак ќе се предложи преку некоја друга организација, а потоа ќе се промовира како меѓународен стандард итн. За очекување е светската јавност да реагира на ваквите случувања како и до сега и веројатно ние од овде, ако ништо друго, ќе ја понудиме нашата принципиелна поддршка за зачувување на слободата на користење на технологии и пристап до Интернет. Посебно значајни во оваа смисла остануваат обидите да се создаде соодветна алтернатива на Facebook и другите слични приватни простори и места кои корисниците ги сметаат за „Интернет“ (https://www.freedomboxfoundation.org/), како и обидите да се создаде слободен хардвер за лаптопи (http://www.bunniestudios.com/blog/?p=2686), слободна платформа за мобилните уреди што ќе соодветстува на отворениот Интернет (https://wiki.mozilla.org/B2G/FAQ), како и постојанот подучување на сѐ-повеќебројните корисници за користењето на технологии како што е крипографијата (https://www.torproject.org/ и http://www.gnupg.org/).

Не помалку важно за нас во Македонија останува да ги довршиме започнатите активности против делови од горните домашни прописи кои силно удираат по идеалите за слобода и кои претставуваат опасност за слободата на говор и изразување. Но, исто така, и да останеме будни за некои други прописи да не се протнат низ стражата на оваа Интернет генерација. Постојаното образование на луѓето што доаѓаат во дигиталниот свет исто така преставува огромен предизвик.

Кога сѐ почесто во општеството се исцртува опасноста од целосна контрола над персоналните компјутери за општа употреба, и кога ги препознаваме обидите за потиснување на слободата во различни области, на нас останува да направиме сѐ за дистописка приказна „Право да читаш“ на Ричард Сталман да остане токму тоа - само приказна.

Кратка верзија во новогодишното (31.12) издание на Нова Македонија: Онлајн-пазарот ќе живне, борбата за слободен Интернет продолжува.

Граѓанството како јавна функција [или уште неколку идеи за навредата и клеветата]

Tags: 

Уште на почетокот, во неговиот наслов, новиот предлог-закон (мртво URL) покренува прашања. Што значи „граѓанска одговорност“? Дали е таа „одговорност на граѓаните“ или е „одговорност според граѓанското право“ или трето „нечија одговорност според граѓанското право“? Ова внимание кон деталите не е само вежба по граматика. Првото значи дека одговорност може да се бара кај сите граѓани, второто дека таа може да се бара од сите физички и правни лица како што се дефинирани во граѓанското право, и третото дека опфатот на одговорноста сепак е некако ограничен.

Мислам дека и покрај тоа што во мотивите и анализите за овој предлог-закон стојат новинарите и нивните интереси опфатот е преголем, посебно во делот каде одговорноста за делата се лоцира кај „други форми на уреднички oбликувани програмски содржини кои се објавуваат, односно емитуваат дневно или периодично во пишана форма, звук или слика, на начин достапен за широката јавност“. Кој може да каже дека еден профил на твитер не е уреднички обликуван од својот автор, нема програмски содржини, не емитува дневно или периодично во пишана форма, и не е достапен на широката јавност? Според тоа предлог-законот јасно натежнува кон опфаќање на сите граѓани во одговорност од навреда или клевета.

Но, ова, ми се чини, е помалиот недостаток.

Мислам дека предлог-законот не успева да направи разлика во третирањето на јавните работи [res publica] и приватните работи. Исто така мислам дека ова не е случајно. Навреда и клевета ретко, ако воопшто, се случуваат помеѓу приватни лица. Дури и да се случуваат, тие уште поретко завршуваат на суд. Настрана од рационализацијата дека закон се предлага заради угледот и честа на Перо и неговиот комшија Митко, она за што де-факто се предлага законот се приватните чувства за навреда и клевета што произлегуваат од говорот помеѓу јавните лица, во нивните секојдневни односи во јавната општествена сфера. Токму и во тоа е проблемот.

Ако јас напишам нешто за премиерот што тој можеби ќе го оцени за навреда или клевета, на тоа треба да се гледа како пишување на граѓанин на Републиката за премиерот на Републиката, а не како пишување на Новица за Никола. Оваа разлика е важна бидејќи, кога зборуваме за првиот случај, подоцнежната судска постапка би требало да ја води Република Македонија, а не физичкото лице кое ја врши функцијата на премиер на Републиката. Оваа разлика е исто така важна бидејќи казната што ќе ја изрече судот во првиот случај треба да ја отсликува јавноста на нашите функции и јавноста на спорот. Казната не би требало да биде плаќање кон физикото лице кое ја врши функцијата на премиер на Републиката, туку кон трезорската сметка на Републиката, или ако немам пари, тогаш во јавните работи што се извршуваат од страна на државата [на пример, чистење на улици].

Ова гледање на „граѓанството“ како „јавна функција“, додуша [и за жал] не е интимно со нашата традиција, туку потекнува од САД и нивното уставно право каде на граѓанската јавна функција се гледа како на темелно одговорна за интегритетот на владата. Не би требало дополнително да се објаснува дека истата идеја за „јавност“ важи и за новинарите, кои, барем што се однесува до западната традиција, се четвртата [покрај судската, законодавната и извршната] власт во демократските републики. [Патем, се разбира, идејата Републиката да води спор сама со себе, преку своите различни јавни функции за нејзиниот углед и чест е апсурдна, и тоа го прави ваквиот закон излишен за јавните работи].

Тоа што новиот предлог-закон не успева да ги воочи и исцрта овие разлики значи дека приватните чувства на лицата што извршуваат некои јавни функции остануваат да бидат третирани како поважни од изјавите на сите други јавни лица во јавната сфера. Ова особено важи во време кога Интернет ја вмрежуваа таа јавна сфера насекаде околу нас. Последново се потврдува всушност со погоре цитираниот дел од предлог-законот според кои одговорност се проширува да опфаќа „други форми на уреднички oбликувани програмски содржини кои се објавуваат, односно емитуваат дневно или периодично во пишана форма, звук или слика, на начин достапен за широката јавност.“

Пред затемнувањето | #член16

Tags: 

Секогаш е згодно работите да се објаснат со секојдневни примери.

Затоа:

Одговорност на сопствениците на зградата

Член 11

(1) Сопствениците на зградата преземаат одговорност, заедно со авторот на графитот, за надоместување на штетата која произлегува од овозможување на читање на навредливи или клеветнички графити.

Слика од Гоце Митевски.

(2) Сопствениците на зградата не одговараат за изнесена навреда или клевета како резултат на овозможување читање на навредливи или клеветнички графити под услов доколу:

1) докажат дека авторот на графитот нацртан на ѕидот на зградата не дејствувал под директна или индиректна контрола или влијание од страна на сопствениците на зградата, и

2) докажат дека не бил свесни ниту трeбал да бидат свесни дека навредлив или клеветнички графит е нацртан на ѕидот на зградата, или, во рок од 24 часа откако станале свесни за навредливиот и клеветнички карактер на графитот, ги презеле сите молерски и други мерки за отстранување на таквиот графит. Барање за отстранување на графитот може да поднесе и оштетеното лице.

Повеќе: http://skopjehacklab.github.com/blackout-mk/

Интернет и страв: мислете на децата

Tags: 

Можеме ли да замислиме таков интернет на кој содржината што ќе се објавува ќе мора да помине низ некаков филтер? Што ако навистина голем дел од интенрет е шкарт и, за доброто на сите, некој одлучи да го подобри квалитетот на содржините?

Еве што вели Владата на Р. Македонија за содржините на интернет:

„Истражувања покажаа дека скоро 2/3 од содржините на интернет можат да бидат штетни за децата и младите како што се промовирање на самоубиство, булимија или анорексија, промовирање на употреба на алкохол, дрога и други наркотични средства, нанесување штета на самите себе, откривање на лични податоци, сајбер малтретирање, специфични ризици кои се однесуваа на мобилните телефони, зависности и друго“.
Извор: Нова Македонија

Колку и да е оваа изјава неоснована, бидејќи никаде нема референца кои се тие истражувања, таа пренесува определен став. Ако сте родител и прочитате дека шансите да му се случи нешто лошо на вашето дете при секое излегување надвор се 60-70% тогаш сигурно ќе сакате да преземете нешто во врска со тоа. Неспорно, оваа изјава на Владата нѐ тера да преземеме нешто во врска присуството на нашите деца на интернет. Тоа го прави со ширење на страв.

Слика од:it.com.mk.

Одлично предавање на оваа тема одржа дана бојд пролетва на SXSW. Живееме во култура на страв. Стравот, вели таа, може систематски да се генерира за да ги мотивира или потчини луѓето. Тие што имаат моќ одамна го користат стравот за да ги контролираат луѓето. Стравот е корисен затоа што ги тера луѓето да посветат внимание и така да следат наредби. Интернет, и социјалните медиуми на него, како врвни примери за медиуми кои функционираат преку посветување внимание се одлично место за засилување на стравот. Интернетот ги прави видливи нештата што сакаме да ги видиме, но исто така ги прави видливи нештата што не сакаме да ги видиме. Тоа е извор на голема количина на страв – вели бојд.

Погоре цитираната изјава од Владата вели дека „постојат повеќе од 41 милиони изрази на пцовки и лоши зборови напишани со кирилично писмо и околу 106 милиони такви изрази со латинично писмо“ и потоа, „затоа Владата ќе преземе широк спектар на мерки и активности во кои ќе бидат вклучени претставници на целото општество“. Но, не ја гледаме Владата или било кој друг да презема мерки за сигурно поголемиот број на вербални пцовки што секојдневно се изрекуваат пред децата, дома и во училиштата, па и сите оние пцовки што ги изрекуваат децата меѓу себе на улица или во училница. Зголемената видливост значи и зголемен страв.

дана вели дека дека оние што можат да го контролираат протокот на информации и оние што можат да го контролираат вниманието на луѓето се надмоќни. И токму во овој контекст треба да ги разбереме плановите на нашата Влада за „мобилизирање на потенцијалите за правилно искористување на интернетот“.

Текстот е одбјавен на it.com.mk: http://it.com.mk/internet-i-strav-mislete-na-detsata/

Интернет е новиот Гутенберг е новиот интернет

Tags: 

Честопати значењето на појавата на интернет се поистоветува со значењето на појавата на Гутенберговата печатница. Аргументацијата зад ова е едноставна: интернетот, како и печатницата, ги омоќува поединците и ја овозможува и забрзува ерозијата на општествените авторитети. Во времето на Гутенберг тоа била католичката црква. Денес тоа се државите.

Сепак, не толку видлива жичка ги поврзува Гутенберг, државите и интернет. Она што е технологија на пропаст за еден поредок, е технологија на раѓање на друг. Роберт Рајт во својата книга „Логиката на човечката судбина“ се осврнува на оваа идеја објаснувајќи дека печатницата мобилизирала и религиска и политичка непослушност. Како резултат фрагментација се случила во религискиот домен, но спротивен процес се случил на политичкиот пејсаж – и нациите-држави се родиле. Централизирањето на политичкиот авторитет во раниот 17 век е основна лекција во учебниците по меѓународно односи. Пред тоа, можеби можело да се каже дека сите луѓе имале еден бог, но немале еден владетел, или барем секако не имале само еден доволно долго. Политичкиот авторитет бил дисперзиран помеѓу кралеви, барони, грофови, витези итн. Сѐ додека не се појавила печатницата. Тогаш, за прв пат во човековата историја, се појавил инструмент за ефикасна комуникација кој можел да мобилизира широки групи на луѓе на основа на нивните сличности кои и понатаму ќе ги хармонизира, и тоа се случувало токму со првите испечатени весници – памфлети од Гутенберговата печатница. Како што вели Рајт, печатницата го засилила националното владеење со креирање на заедничка културна база на голема територија, стандардизирајќи ги обичаите, митологијата и пред сѐ јазикот.

Сега, каква врска има сето ова со интернет? Одоговорот на ова прашање доаѓа од советникот на Барак Обама за информациски и регулаторни прашања – Кас Санстајн. Тој смета дека мејнстрим медиумите (од кои нели голем дел се печатени) мораат да се натпреваруваат за внимание со секој блог, твит или фејсубк статус, додека токму ваквата диета на вести создава фрагментација на јавноста во делови кои не се изложени на туѓи гледишта и се слушаат само себе си. Цитиран во „Заробеници на облакот“ - одличен критички осврт на т.н. клауд-компјутинг – Санстајн вели дека кога општеството се фрагментира на ваков начин, различните групи ќе се поларизираат на таков начин што од нив може да се изроди екстремизам, и дури и омраза и насилство. Што е за право, фокусот на дискусијата на Санстајн е на лажните гласини што лесно и брзо се шират на интернет и како ти е може да ја ослабат ефективноста на владата и да го поткопаат нејзиниот легитимитет. Но, колку и добронамерно да звучи идејата на советникот на Обама за совладување на лажни гласини, не можеме а да не се сложиме дека владите честопати и со леснотија преминуваат од добронамерни идеи во злоупотреба на моќ. А спречувањето на еден говор, макар тој бил и целосно неверодостоен, е лизгава патека (која за волја на вистината е разодена на некои места во светот).

Накратко значи, и најсилната држава на светот, преку членови од нејзината администрација, смета дека интернетот е таква технологија што може до некоја мера да доведе до ерозија на авторитетот на државите. Како пример, се разбира, тука се настаните од Арапската пролет каде барем популарно се сметаше дека интернетот одигра клучна улога во делегитимирањето на тамошните влади и нивната подоцнежна смена.

Но, дали нации-држави можат да постојат без униформен гласник кој континуирано ќе го создава чувството на припадност кон поширока заедница, и дали интернет така фрагментирајќи ја јавноста може да го разгради сврзното ткиво на нациите-држави се прашања на кое што можеби нема да најдеме одговор. Од една страна поука може да се влече од католичкото свештенство во раниот 16 век кое сигурно не очекувало дека неколку листови хартија со критика на неговата доктрина набрзо ќе го прекине нивното вековно непредизвикано владение. Од друга страна, продирањето на клауд-компјутингот, носи ново (но и веќе видено) чувство на униформност. Како што велат авторите на погоре наведениот текст за облакот, интернет може да се спореди со градови држави или архипелаг на острови: податоците и содржината се распределени на различни сервери. Облакот е Бизмарковото обединување на Германија во кое порано различните политички ентитети се ставаат под централна влада. Тоа што ние воглавно доброволно му се предаваме на облакот, можеби значи дека ни се допаѓа чувството на припадност што тој, како и државите, го нуди. Тогаш можеби треба да имаме и сосема поинакво читање на идеите и иницијативите и на македонската влада за преземање активности на интернет.

Објавено на it.com.mk: Интернет е новиот Гутенберг е новиот интернет.

Идеалот за четвртиот столб

Tags: 

Поранешниот американски аналитичар на ЦИА и советник на неколку претседатели, Реј Мекговерн, цитиран во „Викиликс, откривање, слобода на говор и демократија: Новите медиуми и четвртиот сталеж“ (PDF), вели: „Четвртиот сталеж е мртов... заробен од владата и корпорациите, воено-индустрискиот комплекс и разузнавачкиот апарат“.

Ниту една друга професија во историјата на човештвото не била толку ценета во општеството, и од неа тоа толку не се плашело, за да ѝ додели епитет како што е четвртиот сталеж: четвртиот столб на општеството, покрај благородниците, свештенството и обичниот народ, или како што е седмата сила, мислејќи тука светска сила покрај останатите шест во Европа во 19-тиот век: Обединетото Кралство, Франција, Австрија, Прусија, Руското и Отоманското Царство.

Поскорешна ознака е четвртата власт, покрај законодавната, судската и извршната. Сите три се однесуваат на новинарството, на замислените идеални медиуми кои стојат како последна проверка за политичката власт.

Кое и да е нивното поетско име, често зборуваме дека тие се мртви. Да ја цитираме повторно Џенифер Робинсон: „Корпоративната сопственост на новинарските организации (понекогаш од истите корпорации кои поддржуваат одредени политичари и имаат интерес во државни тендери), комбиниран со економските притисоци на изумирачкио бизнис модел на традиционалните медиуми, значи помал фокус на традиционалната улога на медиумите и повеќе фокус на економските интереси и односите со моќта што ги штитат тие интереси. Некои велат дека традиционалните медиуми се поместиле од својата улога да бидат четврт столб, замислен дел од владеењето во демократија, во буквална „четврта гранка“ каде стариот печат е одвнатре и според тоа веќе го нема спротиставениот однос со тајноста, концетрацијата на моќ и корупцијата, однос кој е потребен за правилно да ја исполнува својата улога“.

Горниот параграф лесно може да се употреби за да се опише медиски могул како што е на пример Руперт Мардок. Но, иако не од толку голем размер, сепак сосема соодветствува и на македонскиот новинарско-медиумски пејсаж. Сопствениците на сите поголеми медиуми во Македонија се секојдневен дел од чаршиските разговори, а нивните односи со политичките елити се незаобиколив дел од фолклорот. (Службен преглед на електронските медиуми и детали за нив има на веб-страницата на Советот за радиодифузија.)

Дека потребата за независно новинарство кое пред сѐ ќе одговара пред граѓаните, не е само едно видување, говори и студијата на Бил Ковач и Том Росентил насловена „Елементите на новинарството: Што треба новинарите да знаат и јавноста да очекува“. Во ова дело базирано на опширно истражување, авторите изнесуваат 9 јасни принципи за новинарството меѓу кои се обврската кон вистината, лојалност кон граѓаните и независно надгледување на моќта. Авторите предупредуваат дека ако не ѝ се вратиме на теоријата за слободен печат, новинарите ризикуваат нивната професија да исчезне.

Слика од: http://www.toonpool.com/cartoons/Wikileaks_107207.

Која е тогаш иднината на новинарството?

Робинсон ги гледа Викиликс и нивниот модел како добар пример за новинарска организација која тежнее кон идеалот за четвртиот столб. Поради тоа што се финансирани од јавноста преку мали донации, тие остануваат единствено одговорни кон јавноста. Нивниот модел исто така ја отвора вратата за научното новинарство. Џулијан Асанж вели дека научното новинарство овозможува не само читање на новинска вест, туку и проверка на оригиналниот документ кој е основа за таа вест. Така читателот сам ќе може да оцени дали веста е вистинита или не. Јасно ова е и начин да се види дали новинарот ја исполнил обврската кон вистината.

Огромно прашање е дали и колку моделот на Викиликс - да се биде финансиран од јавноста и да се објавува вистина, може да се прилагоди во Македонија. Но, ова прашање оди рака под рака со прашањето дали демократија може да опстане без медиуми кои се стремат кон овој идеал. И додека работиме на појавувањето на новинарската организација која ќе биде отелотворување на четвртиот столб, да се потсетиме на познатата мисла на Томас Џеферсон: „Онаму каде печатот е слободен и секој човек знае да чита, сѐ е безбедно“.

Текстот е објавен на РСЕ.мк.

Овој текст е втор дел од пишувањата за новинарството. Првиот дел е „Поп-културата и новинарството“.

Авторски права и државни творби

Tags: 

Највозбудливиот текст што го читав деновиве е трудот на Џејмс Фридман насловен „Заштита на државните тајни како интелектуална сопственост: Стратегија за гонење на Викиликс“. Трудот е достапен на ssrn.com и за да се преземе не се потребни лозинки или слично.

Фридман во својот труд не се занимава со нормативното прашање дали треба да се користи законот за авторски права против новинарско-разоткривачка организација како што е Викиликс, туку со тоа дали може да се користи штом заинтересираните страни ќе одговорат на прашањето за потребата.

Заклучокот е да, и како што вели тој, иако изгледа непрактично, сепак можната употреба на законот за авторски права во оваа насока е фасцинантна - од гледна точка на академскиот работник во правните науки.

Текстот оди точка по точка и ги разгледува можните употреби на законот со оглед на некои ограничувања кои постојат во речиси сите закони за авторски права што се важечки во државите. Заедничките ограничувања произлегуваат од конвенциите и договорите што ги имаат потпишано државите (Берн, ТРИПС и сл.), и токму тоа што се заеднички може да биде добар предуслов заеднички да се надминат.

На пример, тука е одредбата дека „авторски права не се достапни за ниту едно дело на владата на САД“ кое во македонскиот закон е напишано во член 16 став 2: „Како авторско дело, во смисла на овој закон, не се сметаат: службените текстови од политичка, законодавна, административна и судска природа и нивните службени преводи“. Никаде до сега не сум прочитал правна анализа за обемот и опфатот на оваа одредба за Македонија, но според Фридман сосема е можно доколку ваква одредба (во трудот е анализирана Шведската јурисдицкија поради фактот што серверите на Викиликс беа воглавно сместени таму) нуди некаква заштита на некои дела поврзани со работата на македонските власти, истата да може да се побара и за дела на САД (диполоматските телеграми), и според тоа САД да поведе постапка во соодветните држави за своите дела.

Покрај ова тука се и ограничувањата од Уставот на САД кои се однесуваат на авторските права, потоа првиот амандман, и соодветно на нив законите за слобода на говор или слободен печат кои важат во другите јурисдикции (Шведска). Џејмс Бојл од Универзитетот Дјук е цитиран во трудот со: „Да се гони Ал Капоне за даночно затајување, наместо за продажба на алкохол е една работа, но ова е мост предалеку“.

Она што мислам дека би било одлична дополнителна анализа на можниот случај против Викиликс со употреба на законот за авторски права е преглед на одредбите од ACTA и тоа во врска со наведените ограничувањата што ги носи денешниот режим на авторски права. На пример, ако ACTA содржи одредби кои ги олеснуваат правните бариери за успех на една ваква замислена тужба, тогаш тоа дефинитвно ќе даде друго значење на овој договор и ќе создаде уште помрачна слика за неговите заговорници.

Да. Прочитајте го текстот.

За славата на италијанскиот филм

Tags: 

Добро позната приказна од светот на софтверот е дека софтверското „пиратство“ всушност им помага на компаниите чии производи се шират нелегално. Тоа дури го потврдува и основачот на Мајкрософт, Бил Гејтс.

На оваа стара поента се сетив за време на отварањето на неделата на италијански филм во Кинотеката на Македонија, кога амбасадорот на Република Италија во поздравниот говор рече дека порано италијанскиот филм бил насекаде во светот, а денес веќе тоа не е така. Филмовите, рече тој, ги нема ни на штандовите на уличните препродавачи.

Не е тајна дека најторентуваните филмови се најчесто оние од холивудскитата продукција. Ако софтверската нелегална дистрибуција го „сее светскиот пазар и го прави Мајкрософт стандард“, тогаш дали можеме да кажеме дека нелегалната дистрибуција на филмови „го прави Холивуд стандард“?

Ако бев министер за култура на Италија и ако требаше да мислам како да му ја вратам славата на италијанскиот филм ќе се свртев кон интернет.

Три поенти за интернет

Tags: 

Има едно меме што се шири на интернет откако започна мерењето на силите за договорите и законите кои што треба да владеат со него:

Освен тоа што изгледа кул на постоечката иконографија (Гај Фокс) да се додаде уште еден херој, ми се чини дека сликичкава затскрива неколку важни поенти, најмногу за и околу ACTA.

Прво, уште еднаш потврдува дека активизмот има широки ефекти кои се прелеваат во општеството. Далеку од тоа дека сите анти-ACTA активисти се свесни за неинтернетските последици за овој договор, но без разлика на тоа, од сопирањето на овој договор ќе има корист и некое сиромашно градче можеби во Африка кое чека испорака на генерички лекови. Со тоа, на некој начин, дури и оние кои немаат глас на интернет, ќе бидат помогнати од интернет.

Ова води до втората поента, а тоа е дека интернет е различен од другите (старите?) медиуми во една клучна работа: овозможува полесно да им помагаме на другите. На ова ми се чини мисли Џонатан Зитрејн кога ја опишува мрежата како „случајни чинови на добрина“. Ова е главната особина на интернет што мора да ја чуваме. Ако тоа помогне да се спаси светот, уште подобро.

Трето, иако е направено да биде смешно, мемето во трите сликички дискутира за една состојба која е денес - финансиска криза, а во четвртата за една состојба која може да дојде утре - државна контрола на интернетот. Првата серија сликички значи е за последиците што ги имаме денес - по 30 годишна организирана политичка активност против државата на благосостојба. Тоа е време, меѓу другото, без интернет - време кога идеите не се ширеле толку брзо колку денес. Тоа е времето кога, како што вели Лесиг во „Изгубената република“, САД (а можеби и други земји) од "Broadland" се претворила во "Richistan". Тоа што проширувањето на владеењето на богатите над сиромашните, се обидуваме да го спречиме преку интернет, а случајно, затоа што истата ACTA сака да го нормира интернет, можеби дава интересен увид за тоа би можел да изгледа светот, ако технологијата постоела порано.

Но, сигурно дава доволен доказ дека сега, со интернет, ACTA и оваа борба, се спротиставуваме на причините, а не на последиците.

Текстот е објавен на it.com.mk: Три поенти за интернет.

ACTA не е само за нас и Холивуд

Tags: 

Дискусијата за ACTA се шири сѐ повеќе. Ми се чини дека до сега воглавно зборувавме за последиците до овој договор во однос на тоа што ќе му се случи на интернет и нам како корисници. Ако им успее на активистите да го одбранат интернетот во ЕУ, тогаш и ние во Македонија ќе бидеме ќар.

Ако го читате овој текст од IP адреса што доаѓа од Македонија тогаш не е чудно да мислите дека колку и да сте против донесувањето и спроведувањето на спорната ACTA, нема што многу да направите освен некако електронски да ги поддржите сомрежаните од остатокот од светот каде заканата од договорот е понепосредна. Но, ACTA може да биде и многу важен преседан во меѓународното право, во начинот на склучувањето на договорите. Затоа мислам дека би било корисно да се напише нешто повеќе за историјата на трговските договори.

Еден од најпознатите случаи е Уругвајската рунда на преговори која под капата на GATT (General Agreement on Tariffs and Trade) траеше од 1986 до 1994 и меѓу другото резултираше со TRIPS (Trade Related Aspects of Intellectual Property Rights). Овој договор администриран од WTO (Светската трговска организација) е предводникот во меѓународното регулирање на прашањата поврзани со „интелектуална сопственост“. Но, идејата овде не е да ги дискутираме деталите во врска со овој договор, туку само да го погледаме времетраењето и опфатот на оваа рунда на преговори.

Во Уругвај, државите помеѓу себе преговараа осум години за да дојдат до некаков заеднички прифатлив договор. Ова е важно бидејќи во овие преговори беа вклучени многу земји, дури 123 – можеби сите од тој период, ја немам таа статистика. Јасно е дека земјите немаат иста моќ на преговарање, но ако ништо друго тогаш барем зборот на сите 123 е чуен на овие преговори.

ACTA од друга страна се преговараше едвај четири години, некаде од 2008 година. Во тие преговори вклучени се: САД, Канада, ЕУ, Швајцарија, Австралија, Мексико, Мароко, Нов Зеланд, Кореа и Сингапур. Не се вклучени Кина, Индија и Бразил. Сликата е самообјаснувачка. Ова е договор на земји со слични интереси. За контекст, потсетете се на приказната за Бразил и неговата одлука да не ги почитува патентите за лекови за СИДА. Интересите на земјите во развој и на растечките економии се различни од оние во т.н. Кантри-клуб на земји. Токму нивната заштитата е главната поента на ACTA. Никој овде не ги праша на пример земјите погодени со епидемија на СИДА дали ќе им одговара послободен проток на генерички лекови.

Трите главни грижи во врска со ACTA се можноста тој да биде имплементиран без ратификација од парламентите на земјите, да биде принудно наметнат над оние земји кои не учествувале во преговорите и да создаде услови приватни лица да бидат прогонувани без соодветна законска постапка. Но, тоа не е сѐ. Како што потсетува Жак Атали штом ќе биде донесен, ACTA може да избега од демократската контрола макар таа била само владите на овие неколку земји. Новоформираната ACTA комисија сама би го менувала текстот на договорот и би ги се грижела за негова примена.

Во сето ова, авторските права за нашите омилени холивудски блокбастери веројатно се второстепено прашање. Но, ако тие се доволен мотив да се приклучиме во битката, тогаш не треба многу двоумење. Да го цитирам Брус Стерлинг: „Можеби не сте заинтересирани за војната за дигитални права, но тоа не значи дека ја имате привилегијата да седите на трибините. Бидејќи другата страна е многу заинтересирана за вас.“

Текстот е објавен на it.com.mk: ACTA не е само за нас и Холивуд.

Кратки мисли за SOPA и PIPA по извојуваната победа (барем за сега)

Tags: 

Една од поинтересните работи во врска со пресметката за SOPA и PIPA беше одобрувањето и радувањето кај интернетџиите на координираниот настап на корпорациите како Google против законите и всушност против лобито на забавната индустрија (Wikipedia овде не се вбројува).

Се создаваше перцепција значи како ние сурферите да имаме ист интерес со овие компании.

Нема да кажам како е ова погрешно на некое етичко ниво, или не знам анти-капиталистички фазон или нешто трето. Само изразувам чудење како корпоративиот пејсаж го перцепиравме како зададен, фиксен и непроменлив во своето спротиставување.

А деновиве еве го IPO-от на Facebook, и веќе за некој месец можеби ќе читаме како тој го купува WarnerBros, а Google го купува Universal. Тогаш сликата ќе се промени и SOPA и PIPA ќе имаат многу повеќе смисла за овие компании кои денес (или вчера) подржаа акција против овие закони.

Тогаш ќе започне вистинската битка.

Законите и интернет

Tags: 

Веќе сите знаат дека на 18 јануари 2012 „интернет штрајкуваше против SOPA“. Дури и очајните македонски медиуми на некој начин ја пренесоа веста. Мајка ми беше загрижена дека нема да може да се чуе со брат ми на Skype дека нема да сме имале интернет од пет наутро до пет попладне...

Накратко, повеќе водечки веб страници беа недостапни еден ден: Википедија на англиски јазик, BoingBoing, reddit, imgur и слично. Тоа се страници кои се длабоко поставени во техно-либертаријанството на Силиконската долина, анти-авторитативноста, анти-цензурата и повразни граѓански вредности, што ми се чини дека за чудење ќе беше овие страници да не затвореа тој 18 јануари [или некој друг ден]. Ним, до некаде, им се приклучи и еден од најголемите иноватори на интернет - порно индустријата, и можеби овие две заедно е сѐ што многумина од нас подразбираат под „интернет“: википедија и порно. Да се рече дека интернет е многу повеќе од тоа е истакнување на очигледното, но несомнено улогата на овие е значајна.

Има [барем] две клучни точки во врска со SOPA (и PIPA) што одат преку тесното „википедија не ми работи“ гледиште во врска со овие закони. Првата произлегува од честото мислење или убедување - „па јас не сум пират, не даунлоадирам од интернет, немам филмови на харддиск...“ и на неа кратко може да се одговори со коментарот на pssvr на reddit: „Ниедна тиранска, мизерна влада не доаѓа на власт ветувајќи им на луѓето тиранија и мизерија“. Коментарот е одговор на друг малку подолг коментар за тоа како Данска ја живее својата епизода со цензурата на интернет; за тоа како добрите намери и ограниченоит опфат и опсег се губат штом ќе биде поставена инфраструктурата. Сигурен сум дека имало „добри намери“ и кога пред петнаесетина години се донсувале договорите во WIPO што подоцна се искористени за носење на DMCA. Секој што е на интернет од 2000-тата знае дека оттогаш има постојана кампања за елимирање на DRM, но успехот најблаго речено е ограничен. Последиците од ова поместување на законските регулативи можеби најсликовито ги објаснува Кори Доктороу во својот говор на 28c3 - „Надоаѓачката војна на компјутерите за општа употреба“.

Втората пак произлегува токму од искуството со DMCA и се однесува на мислење или убедување дека сето ова нас, овде, во Македонија не нѐ засега. Впрочем ова е битка во Соединетите држави, за нивни закони кои воглавно се однесуваат нивни компании, во изборна година, и секако надвор од сите главни грижи што ние тука ги имаме. Поупатени луѓе од мене веќе го адресираа ова прашање. На пример, тука е текстот на Мајкл Гајст, „Зошто Канаѓаните треба да учестуваат во протестот против SOPA/PIPA“ кој беше рециклиран и на BoingBoing. Но, ете да не останам покусо со мој коментар, ќе упатам на Законот за авторското право и сродните права (Службен весник на РМ, бр. 115 од 31.08.2010 година), Оддел 1: Заштита на технолошки мерки, каде започнува нашата „DMCA во мало“. Тоа се одредби кои се внесени во законот без многу врева, јавна дебата или земање предвид на истражувања или анализи во врска со DRM кои постојат со оглед на тоа дека законот во САД е донесен во 1998, а кај нас 12 години подоцна, и оттука поминато е доволно време да се направи проценка. Јасно, на увозот на законски мерки нема царина или други бариери, но позагрижувачки е тоа што одредбите може да дремат на хартија сѐ додека во еден момент не се искористат против нешто што само во фуснота ја има идејата за авторските права.

Но, ете сме назад на нормално функцинирање на мрежата. Затемнувањето против SOPA и PIPA имаше мерлив успех. До крај останува да видиме дали на Википедија ќе треба да ѝ се заблагодаруваме за нешто повеќе од обезбедување на лесно разрешување на кафански расправии.

Текстот е објавен на it.com.mk: Законите и интернет.

Акроними и активизам зад „тајмлајнот“

Tags: 

Изминатава седмица беше полна со настани. Вистина, веќе до средина, кога почнав да го пишувам овој текст, расправата за новиот американски закон Stop Online Piracy Act, беше одложена, па закажана, па повторно одложена за по Нова година, а Советот на министри за земјоделство и рибарство во ЕУ го прифати меѓународниот договор ACTA – договор кој на големо треба да ги регулира прашањата за авторските права и интернет.

Со оглед на тоа дека не сме ни дел од САД, ниту од ЕУ, можеби се чини дека овие вести немаат некоја посебна важност за нас овде во Македонија. Но, таквото гледиште би било наивно, ако не и штетно.

Не бидејќи примената на овие закони и договори можеме да ја избегнуваме – можеби и можеме на кратко, туку бидејќи тие откриваат многу суштински пораки за тоа како функционираат модерните држави и за тоа како идејата за демократија, а можеби и самата демократија, ќе треба повторно да се извојува.

Да почнеме со SOPA: Слешдот извести дека американскиот конгресмен кој го предложил овој закон во Конгресод на САД во последните 10 години има добиено речиси половина милион долари донации од ТВ, филмската и музичката индустрија, т.е. тие интересни групи што најмногу се жалат од интернет и мрежаните. Кога го прочитав ова, не можев, а да не се сетам на Лоренс Лесиг и неговата книга „Изгубената република“. Во неа се споменува интересно сеќавање на конгресменка (стр. 148): „Се сеќавам на коментар на познат делегат од Вирџинија што собира многу пари. Тој рече: „Наслони се кон зелените“, а не беше борец за здрава живтона средина.

Во книгата Лесиг на долго и широко објаснува како парите го корумпираат американскиот конгрес, и како републиката, претставничката демократија (се) губи.

Начинот на кој е изгласан договорот ACTA сигурно треба да ги натера и европските граѓани да се запрашаат за своите републики. Тешко е да се поверува дека министрите за земјоделство (па и нивните служби) се експерти за авторски права и трговски марки. Една од најголемите грижи за ACTA е во нејзиното претставување како „трговски договор“, т.е. нешто што е доволно да се усвои на ниво на извршна власт (влада), за кое не е потребно посебно одобрување од националните парламенти.

И покрај сѐ, битката против SOPA и ACTA продолжува, колку на интернет, толку и во конгресот и европскиот парламент. Се надеваме на победа на граѓаните против корпорациите и зависните влади; победа од која несомнено корист ќе имаме и ние тука; победа без која стигнувањето до некои други победи ќе бидат потешко. Кори Доктороу пишуваше: „Глобална мрежа... не е доволна да се отстрани диктатор, но сигурно не би сакал да правам револуција без таква мрежа“, а Клеј Џонсон од малку поинаква перспектива нѐ потсети на истото во „Драг интернету: веќе не е во ред да не знаеш како работи конгресот“.

Накратко, додека ја подразбираме важноста на светската мрежа, треба да престанеме да се залажуваме дека најинформирани и најпаметни мрежани го населуваат овој простор и дека револуцијата ќе бликне од „лајковите“ и „ретвитовите“, па дури и од долгите и аргументирани текстови и коментари. Тоа нема да се случи. Битките, без разлика за која цел, не завршуваат на нашиот ѕид или „тајмлајн“; тие можеби започнуваат таму, но течат и целат на улиците, плоштадите, дебатите и промовирањата, писмата и барањата до конгресмените и пратениците, а се градат во библиотеките и универзитетите, во учењето и истражувањето.

Активностите околу ACTA и SOPA се доказ за тоа и пример од кој треба да учиме.

Текстот е објавен на it.com.mk: Акроними и активизам зад „тајмлајнот“.

Повеќе од беџ

Tags: 

Собирањето на значки не е ново хоби, но дали овој пат може да има и некои поголеми екстерни ефекти?

Сега кога знаеме дека двеста и деведетесет луѓе може да се соберат на едно место во Скопје заради искористување на попусти, можеме да се запрашаме дали социјалните мрежи како Foursquare може во нашава средина да се искористат и за нешто друго покрај бизнисот и забавата?

Во јануари 2011, за време на револуцијата во Тунис, тамошниот блогер Slim Amamou го искористи Foursquare за да се пријави во тамошното МВР откако беше уапсен. Во ноември 2010 апликацијата се користише планирано и организирано за време на изборите за конгресот на САД, а и есенва за време на Occupy Wall Street, масовната употреба на сервисот помогна да се добие појасна слика за големината на протестите. Покрај тоа што оваа употреба на социјалната мрежа може да биде корисна и за активистите и за новинарите, кои можат полесно да најдат нови случувања преку пријавите на сервисот, не треба да ја заборавиме и мрачната анализа на Евгени Морозов за тоа дека авторитарните режими можат да го користат интернет сосема комонто за да ја зголемат контролата над граѓаните во државата.

Можеби никогаш нема да знаеме дали последново е причина за неупотребата на Foursquare од страна на граѓаните што учестуваа(т) во граѓанскиот активизам против полициската бруталност што трае скоро половина година, или пак причините некои други, помалку загрижувачки, како на пример Web 2.0 неписменост. Сепак, останува тоа дека во текот на целиот период Foursquare не се користеше ни за да се прикаже масовноста, ниту за да се објави посетувањето на институциите на државата каде што се носе документи за официјална комуникација. Но, колку што ми е познато, дури и славеничките активности како просалвите за кошаркарските победи, или добротворните активности како собирањето на стара облека или државно организираните акции за пошумување не го користат сервисот за да ја зголемат својата присутност на интернет и настаните да ги прикажат како попривлечни преку бројот на луѓе што се присутни таму.

Деновиве Дана Бојд во соработка со Microsoft Research одлучи да отвори некои посериозни прашања во врска со технологиите и социјалните мрежи – нивната улога во трговијата со луѓе. Ова е горливо прашање и во Македонија. Не знам дали и како Foursquare (или било која друга социјална мрежа) може да помогне, но знам дека нема причина да се сомневаме во иновативноста на луѓето.

Во очекување на нов настан каде фокусот нема да биде потрошувачкиот дух, се потсетуваме дека по затворското пријавување тунишанецот Слим се пријави од министерската канцеларија во новата влада на Тунис.

Текстот е објавен на it.com.mk: Повеќе од беџ.

Што не прочитав изминатата седмица

Tags: 

1. Џонатан Зитрејн за смртта на персоналниот компјутер:

This is especially troubling as governments have come to realize that this framework makes their own censorship vastly easier: what used to be a Sisyphean struggle to stanch the distribution of books, tracts, and then websites is becoming a few takedown notices to a handful of digital gatekeepers.

2. Долг разговор со Џулијан Асанж и дел 2.

Correct, and optimistic about any organization, or any country, that engages in censorship. We see now that the US State Department is trying to censor us. We can also look at it in the following way. The birds and the bees, and other things that can’t actually change human power relationships, are free. They’re left unmolested by human beings because they don’t matter. In places where speech is free, and where censorship does not exist or is not obvious, the society is so sewn up—so depoliticized, so fiscalized in its basic power relationships—that it doesn’t matter what you say.

(...)

Likewise, there is an idea that these great American companies, Facebook and Twitter, gave the Egyptian people this revolution and liberated Egypt. But the most popular guide for the revolutionaries was a document that spread throughout the soccer clubs in Egypt, which themselves were the most significant revolutionary community groups. If you read this document, you see that on the first page it says to be careful not to use Twitter and Facebook as they are being monitored. On the last page: do not use Twitter or Facebook. That is the most popular guide for the Egyptian revolution. And then we see Hillary Clinton trying to say that this was a revolution by Twitter and Facebook.

3. Од коментарите на (Не)познато (не)знаење: Стамен Филипов - Причини за неизвршување на одлуките на уставниот суд.

4. Осврт на промената на конзервативните вредности - Libertarians and Conservatives must choose: Competitive Enterprise or Idolatry of Property:

Anyone who actually reads Adam Smith also knows that he went on and on about that "fair and open" part! Especially how excessive disparities of wealth and income destroy competition. Unlike today's conservatives, who grew up in a post-WWII flattened social order without major wealth-castes, Smith lived immersed in class-rooted oligarchy, of the kind that ruined markets, freedom and science across nearly 99% of human history. He knew the real enemy, first hand and denounced it in terms that he never used for mere bureaucrats..

Обичајот на подарување

Tags: 

Во официјалниот наратив интелектуалната сопственост често, ако не и единствено, се поврзува со правата што авторите, уметниците и воопшто креативната фела (треба да) ги имаат со единствена цел да бидат мотивирани да создаваат уште повеќе и, се разбира, да можат да живеат достоинствен живот. Напишано вака, тоа звучи розово за секој (потенцијален) автор. Но, во реалноста секогаш има нешто повеќе од замислените концепти – па дури и за ваков неодреден концпет како што е интелектуалната сопственост. [За проблематичноста на терминот „интелектуална сопственост“ сум пишувал порано, па овде нема да се задржуваме на тоа.]

Денешната приказна нѐ носи 12 години назад во времето кога светот се плашеше од милениумската бубачка. Во далечната 1999 мала библиотека во Нов Зеланд, соочена со финансиски ограничувања, одлучила да го замени својот стар софтвер кој ќе престане да работи поради Y2K со ново решение кое ќе биде слободен софтвер. Така беше родена Koha – првиот слободен софтвер што нуди комплетно решение за управување со библиотечен фонд. Името, како што често бидува во светот на гнуата, има пошироко значење. Koha на маорски јазик (јазикот на домородните жители на Нов Зеланд) значи давање подарок или придонес и го опишува и самиот обичај на взаемно подарување. Во јануари 2000-тата библиотеките од Нов Зеланд на светот му ја подарија Koha.

Премотувајќи ја лентата до денес ќе видите многу успех зад проектот Koha - бројни награди и распространета меѓународна употреба. Но, деновиве вестите поврзани за Koha водат до молба за донации и правна помош: корпорација од Соединетите држави ја регистира трговската марка (trademark) за Koha во САД и истото сака да го направи во Нов Зеланд, со што проектот повеќе нема да има право на користење на името (кое, за потсетување, всушност е збор од јазикот на Маорите) кое го носи од своето зачнување во 1999 г. [Американската корпорација влегува во приказната на Koha откако купила компанија што комерцијално нудела поддршка за библиотечниот систем. Оваа компанија била одговорна и за менаџирање на доменот koha.org.]

Трговските марки се едни од монополите кои државите им ги даваат на граѓаните и компаниите за да обезбедат ограничен монопол за употреба на имиња или логоа. Тие се дел од она што популарно и заводливо се нарекува „интелектуална сопственост“. Потсетете се, целта е обезбедување на авторите. Како тогаш да се обезбедат луѓето што работат на Koha?

Ова не е прв пат проект што е слободен софтвер да се најде загрозен од страна на трети лица на полето на тровските марки. Linux, кернелот со кој работат најголем дел од дистрибуциите на слободен софтвер, имаше слично сценарио во 1994 година. Иако тогашниот исход денес изгледа правилен, не треба да се заборави дека тогаш големите пари на корпорациите беа на страната на Линус Торвалдс. Koha, барем за сега, ја нема таа поддршка.

Исходот на оваа битка за „интелектуална сопственост“ ќе се знае за најмалку 3 месеци кога завршува жалбениот процес во Нов Зеланд. Без разлика дали Koha ќе мора да го смени името, или ќе продолжи да го употребува со плаќање на лиценца, или ќе победи, нивниот подарок останува да се употребува во библиотите низ целиот свет.

Текстот е објавен на it.com.mk: Обичајот на подарување.

***

Како и изминативе неколку недели, во следниот период, еднаш неделно (во сабота) ќе пишувам по еден ваков текст (на тема слободен софтвер, авторски права, интеренет, граѓански права итн.) за it.com.mk. Текстовите ќе се појавуваат на мојот блог следниот ден (во недела).

За читање од отворените јазичиња

Tags: 

1. Интервју – Јоже Менцингер, економскиот гуру од Словенија, допира интересни прашања за ЕУ, Југославија, и Маркс и Кејнз кон крајот што ме носи до

2. Отвореното писмо на Џоан Робинсон - од кејнзијанец до марксист - интересно четиво за тоа што има во Маркс кога од него ќе се одземе Хегел - се разбира според неа.

3. Отворено писмо до Greg Mankiw - во кое студентите објаснуваат зошто го напуштаат воведниот курс по економија на Харвард, имено поради очигледната наклонетост на предавањата кон определени политичко-економски стојалишта / теории. Поврзано со ова, од овој блог: Неолиберализмот и образованието и Уште за економијата и идеологијата.

4. Бетмен плутократот - весела, но длабоко контекстуализирана анализа за едниот процент (наспроти 99%).

Отаде печатот: некои идеи за весниците (дури и во Македонија)

Tags: 

Дополнето: Септември 2012. Се чини токму таква идеја како што се предлага во текстов е реализирана од страна на македонска команија: Македонскиот Ambio.me е финалист на WebFest, има шанса да оди на ТеchCrunch Disrupt.

Пред (околу) две недели веста за дигиталните изданија на македонските весници одекна во јавноста (и на интернет, пример: За претплатата на Вест и дигиталните изданија на Дневник и Утрински). Се разбира, нема што многу да се каже на примерот на „Вест“. Тоа е технолошки ќор-сокак, комплетно несоодветен со интернетската инфраструктура и идеја воопшто.

Но, сѐ не е загубено.

Замислете весник што ќе продава пред сѐ електронска претплата. Да, како „Вест“, но со веб-страница што ќе изгледа современо (модерно), по сите најнови технолошки нишани (html5, permalinks, location aware, разни интеграции и сл.), апликација за мобилните уреди што ќе наликува на Google+ или Facebook, постојано освежувани содржини со дневник на промени, врски до подолгите извори во странство и многу, многу локална содржина. И замислете исто така многу локални реклами. На пример, кога ќе го отворите весникот од мобилниот уред, а сте на пат во Охрид, покрај текстот што ги читате да се појави дискретна реклама за локалниот ресторан (бидејќи мобилниот уред знае каде сте и знае колку е часот - дали е ручек време на пример). Замислете и дека дневно на sms добивате QR код (или слично) со кој во трафиката можете да земете печатено издание, бесплатно, ако баш сакате да го имате тој број засекогаш, на хартија.

Секако, ова не звучи како нешто што би можел да го направи некој печатен медиум. Попрво би рекол дека некој како Тime.mk ќе успее да ја склопи инфраструктурата на интернет и потоа ќе направи договор со некој весник за последниот чекор (локалната содржина) во имплементацијата.

Уште повеќе што идејава гледа со двете очи кон иднината (нови генерации - публика што не е носталгична кон хартија, нови технологии - мобилен интернет и уреди, постојана достапност и постојани вести), а би рекол дека денешниве наши весници повеќе мислат како да продадат копија повеќе на пензионерите (и сега како „Вест“ на дијаспората).

Да завршам со најчестата аналогија која се користи за судирот меѓу стариот бизнис и новите технологии (веројатно на Сет Годин), за тоа дека бројот на железнички компании во авионскиот превоз е нула, бидејќи железничките компании мислеле дека се во железничкиот бизнис, а не во транспортниот бизнис.

Па ако често не сме во бизнисот во кој што мислиме дека сме, тогаш треба почесто да се прашаме во кој точно бизнис сме. Ова не може да не важи и за медиумите.

Behind enemy lines: Белешки од webit '11

Tags: 

Ова е прв пат да сум на конференција „зад линиите на непријателот“. По сите конференции за корисници, хакери и активисти, ова е мојата прва конференција за корпорации.

Ако има една реченица која може да го опише настанот во Софија, тогаш тоа е дека [за големиот бизнис] просечниот корисник [на интернет] е потрошувач. Тоа е мантрата што одекнуваше, и разбирливо, бидејќи тоа пред сѐ беше настан од компании за компании. Facebook, Google, Yahoo, Microsoft и други дојдоа да ги потсетат подзаспаните претприемачи од (југо)-источниот дел од Европа дека на интернет има пари што чекаат да бидат заработени. Ова не е ништо ново. Компаниите постојат за да прават пари. Сепак интересно беше да се чујат, макар и повторени, овие зборови од некои од највисоките преставници во Европа на големците од САД.

Не го пишувам ова значи за да го спорам, на пример, Facebook во неговото стојалиште дека сака да владее со интернет и има потенцијален пазар од 800 милиони потрошувачи или слично.

Но, ќе го спорам излагањето на Пламен Русев [и веројатно многумина како него], кои што во ова сакаат да маскираат моќ на/за луѓето, влијание во општеството или некој друг привлечен buzzword за возбудување на дигиталните маси.

Не дека Facebook (и таквите како него) не може да биде корисна алатка [дури и ако не сте претприемач], но секое идеализирање ја искривува сликата. Само во последниве месец дена Google ја даде електронската пошта на еден активист на американските власти без соодветен налог, a Facebook избираша профили на lgbtq луѓе (на холандски). Веројатно нема посебна потреба да ги спомнувам претходните случувања со Wikileaks (хостинг на Amazon и Twitter профилите на активистите).

Па кога следниот пат ќе помислите дека го менувате светот like по like, потсетете се дека на крајот, и во просек, вие се уште еден [потенцијален] потрошувач. Големите интернет бизниси го прават тоа со нас. Од корисник, во потрошувач, во потрошувачко добро.

Викиликс - 1 : 0 - Македонија

Tags: 

Колку што денес успеав да прочитам и разберам идејата за тоа дека работата на Викиликс е добра и дека обзнанувањето информации е корисно доживела мала морална победа - и тоа на телевизија. (Види и слика: http://i.imgur.com/I94hB.jpg)

Не е којзнае што, но добро е од време на време на човека да му се потврди дека срцето му е на вистинското место.

За поранешни дебати види: http://novica.softver.org.mk/node/553

Блогот за Кинотека

Tags: 

Веќе 3 години блогот Кинотека дневно ја објавувва програмата на Кинотеката на Македонија, притоа користејќи повеќе сервиси на интернет: blogger (за блог запис), twitter (за кратко инфо), upcoming (за календар).

Кога во 2008 година го започнав целта беше програмата да биде подостапна на „интернетски“ начин. Во тоа време, единствено беше достапна на хартија и на форумот кој тогаш го одржуваше кинотеката, кој по многу нешта беше непрактичен.

Немам податоци, но ми се чини дека сервисот што го изградив(ме) е корисен.

Изминатиот месец тековниот уредник Андријана го најави своето повлекување од блогот, па местото е отворено за кој било што сака да продолжи да го уредува овој кино сервис.

Процесот на објавување помеѓу различните интернет сервиси е речиси целосно автоматизиран, а и содржината како таква доаѓа готова од селекторот од Кинотека. Треба само да се објавуваат информации со неколку клика, но веројатно не е толку лесно колку што звучи. :-)

Можеби веќе блог + твитер + слично не е штос во Македонија откако сите се на фејсбук. Но, еве да не остане ненапишано.

Репринт: Другата страна на интелектуалната сопственост

Tags: 

На 26.04.2010 година локалната гико-хакерска-слободен-софтвер заедница организираше паралелна прослава на светскиот ден на интелектуална сопственост. Вообичаено, во Македонија овој ден се одбележува со палење на музички дискови на Дрисла и некој пригоден говор од претставници од надлежните институции. Лани ние пуштавме музика на 103ка и имавме некоја мини дебата / видео проекција во КИКА.

Оваа година не стигнавме да се организираме како минатиот пат. Сепак, текстот што по повод овој ден го напишав лани, нималку ја нема изгубено релевантноста и сѐ уште е актуелен. Затоа денес, една година подоцна, еве го во целост во продолжение:

Скоро 200 години се поминати од денот кога Томас Џеферсон, еден од татковците на САД, во своето писмо до Ајзак Мекферсон ќе напише: „Оној кој добива идеја од мене, добива упатство без да ме осиромаши, исто како што оној кој од мојата ламба ќе го запали својот оган, добива светлина без да ме затемни мене“.

Денес Соединетите држави и голем број од нивните корпорации се најревносните заштитувачи на идеите преку концептот за интелектуалната сопственост. Ставовите и интересите на големите корпорации со силно лобирање се преточуваат во политики на владите и меѓународните организации. Дел од ова сеопфатно лобирање е затскривањето на различните типови на регулација за информациските добра во терминот „интелектуална сопственост“. Во него се кријат авторското право и сродните права, патентите, трговските марки, жиговите, дизајнот... Постојат различни закони за сите овие, и целта на секој од нив е различна. Но, за пропагандата наједноставно е да ги нарече сите тие интелектуална сопственост и пирати сите луѓе кои на било кој начин прекшиле некоја од сѐ поекспанзивните одредби за заштита, поистоветувајќи ги со стереотипот за крадци и убијци.

Не е потребна длабока анализа за да се открие проширениот опфат на законите. На пример, законот за авторските права (популарниот копирајт) започнал како индустриска регулација. Неговата единствена цел била да им даде поттик на издавачите да прават општествено корисна дејност (издавање на книги) со тоа што им давал временски ограничен монопол над издавањето на некое дело. Тој ги регулирал само нив - издавачите. Немал никакво влијание за активностите на авторите, ниту за активностите на читателите. Денес овој закон регулира речиси сѐ што можете да замислите: дали можете да пеете песна во јавност, дали може да снимите домашно видео со прослава каде се пее некоја песна или на телевизорот во позадина се прикажува некој филм, дали можете да снимите емисија од ТВ за да ја гледате со пријателите, дали можете да снимите веб страница од интернет. Тој е главниот закон во борбата против „пиратите“, а може да се прекрши и само со едно обично инсталирање на легално набавена софтерска програма на вашиот комјутер во една единствена копија. Дополнет со закон или одредби за „менаџмент на дигиталните права“ (DRM) тој може да заклучи дела кои инаку припаѓаат на јавниот домен, културното наследство и народното творештво.

Новите уреди како iPad, iPhone, Kindle, PlayStation и сличните, сѐ повеќе го ограничуваат корисникот во однос на тоа што тој може да прави со содржините на нив. Пример за вакво ограничување има во голем број електронски книги чие авторско право е истечено, како што се делата на старогрчките филозофи или Шекспир. Електронските верзии што се дистрибуираат често ограничуваат копирање, печатење, па и аудио репродукција на текстот. Сличен пример во Македонија со законите кои што на интернет ги објавува страницата pravo.org.mk: копирањето на текст е оневозможено на PDF документите.

Покрај медиумски ескпонираната војна со пиратството, борбата за тоа кој ги контролира идеите и информациите се одвива и на други фронтови. Примерот кој можеби буди најмногу сочувство е оној на Бразил. Јужноамериканската држава соочена со епидемија на СИДА пред неколку години одлучи да ги прекрши патентите на големите фармацевтски компании и да произведува генерички лекови за своите граѓани. „Ова не е објава на војна со корпорациите“, - рекоа тие, „ова е борба за живот“.

Многу време пред Бразил да одлучи да ги земе работите во свои раце, истото го направија и програмерите. Во сега далечната 1984, започна проектот ГНУ со цел создавање слободен компјутерски оперативен систем, систем што на корисниците ќе им дава слободи (да го користат, проучуваат, променуваат и дистрибуираат), наместо да им наметнува ограничувања (да можат да го користат на само еден компјутер). Проектот е предводен од Ричард Сталман, тогашен врвен истражувач на Институтот за технологија во Масачусетс, кој исто така е заслужен за уште еден револуционерен пробив и тоа во правото. Со создавањето на Општата јавна лиценца, главната лиценца со која се дистрибуира ГНУ, Сталман го свртел на глава законот за авторското право – од ограничувачки во ослободувачки – и за чудо тоа им се допаднало на луѓето, и на програмерите и на корисниците. Производот од овој проект денес е познат под имиња на различни брендови. Најпознат, или можеби за Македонија најважен, е Ubuntu.

Тоа што следи во следниот четврт век е живо создавање на екосистем и заедница на слободен софтвер, но и прелевање на ефектите во други сектори. На Томас Џеферсон веројатно би му било мило да знае дека денес имаме неверојатна инфраструктура за споделување на идеи – интернетот и неговиот развој е тесно поврзан со развојот на слободниот софтвер, нивните истории се испреплетени. Но, поместувањето не застанува кај технологијата. Работата на Лоренс Лесиг, професор по уставно право од Харвард, и создавањето на широко движење за слободна култура е доказ за желбите и интересот на луѓето насекаде низ светот за еден поинаков систем за авторски права. Проникливиот рефрен: „I. Креативноста и иновациите секогаш надградуваат над минатото. II. Минатото секогаш се обидува да ја контролира креативноста што сака да надградува над него. III. Слободните општества ја овозможуваат иднината со ограничување на минатото. IV. Нашето општество сѐ помалку е слободно.“ нѐ потсетува дека интересите на општеството секогаш треба да бидат први и дека едно слободно општество треба да го надмине влијанието на големите корпорации кои воглавно пред себе го имаат својот интерес.

Докази дека корпорации и традиционална, строга, заштитничка примена на авторските права не се нужно потребни за создавање се слободната светска енциклопедија Википедија, но и места како Џамендо, каде музиката се објавува од авторите под некоја од лицените на Криејтив комонс, проект што токму Лесиг го предводеше. Влијанието на сите овие граѓански активности носи резултати и во политиката. Веб страница на Белата куќа користи една од Криејтив комонс лиценците, а влијанието во Европа е уште поголемо. Пиратски партии кои ги поврзуваат прашањата за авторски право со слободата на говор и граѓански слободи има во голем број земји на стариот континент, а тие свои претставници имаат во Европскиот парламент.

Иако речиси сета бука доаѓа од страна на (условно речено) обичните граѓани и академијата, има и гласови од внатре кои укажуваат на тоа дека моделот на издавачката индустрија денес им одговара на многу малку автори. Стив Албини, еден од водечките продуценти во музичкиот бизнис, вели дека на членовите на просечен бенд повеќе им се исплати да работат во Севен-илевен (7-11). Профитите навистана одат во корпорациите, а не кај авторите.

Битката е далеку од завршена. Можеби крајно бескорисната, но сепак јавно експлоатираната, војна со пиратството продолжува, а паралелно со неа се турка нова, построга регулатива која речиси сигурно ќе биде иста за сите држави во светот.

За сѐ што се случува надвор, имаме локален пример во Македонија. Како мала и невлијателна држава Македонија го следи примерот на големите, па така и кај нас законите стануваат сѐ порестриктивни. Иако можеби ретко во целост применувани, тие ќе стануваат пречка за граѓанските слободи и за развојот на креативноста, а уште денес можат да се прекршат со неколку едноставни клика на компјутер.

Денес е светскиот ден на интелектуална сопственост кој се одбележува по десети единаести пат. Под капата на WIPO (Светската организација за интелектуална сопственост), негова цел е да ја подигне јавната свест и разбирањето за сите овие прашања, но и да ја слави креативноста.

Ширењето на моралниот круг

Tags: 

Вчера (завчера) еден од блоговите што ги следам доби редизајн на Wordpress и како резултат на миграцијата целиот rss се превчита уште еднаш.

Така фатив текст што сум го пропуштил: Глобализацијата и ширењето на моралниот круг. Од него:

At one time the benevolent affections embrace merely the family, soon the circle expanding includes first a class, then a nation, then a coalition of nations, then all humanity…

First, the rate of donation to the world account increased significantly with the extent of a country's globalization, as measured by a globalization index. Second, within countries the rate of donation to the world acount increased with an individual's globalization index (based on measures such as whether the individual worked for an international firm, watched foreign movies, called people abroad etc.) Thus, globalization increases the potential for global cooperation.

Утрово читам Reddit. Еве мал, симболичен доказ кон горните тврдења: http://i.imgur.com/M2wbg.jpg

Саботна лектира: Premediation

Tags: 

Не се сеќавам како, но изминатава недела сум налетал на еден нов блог: http://premediation.blogspot.com/, пишуван од Ричард Грусин од Универзитетот во Висконсин.

Имав 4 текста отворени, и со ништо посебно друго за правање вечерва почнав да ги читам (заедно со другите 30-тина јазичиња што изминатава недела се насобрале во Firefox-ов).

Ми се видоа интересни, па да ги споделам. Не се чувстувам доволно информиран да пишам нешто со свои зборови на темите што ги отвара Ричард.

Еве ги текстовите (врски и цитати):
Violence, Agency, and Technical Mediation in Arizona

...an angry man who finds a gun becomes a different agent that an angry man without one; the alliance of man and gun produces the potential for a different action than an angry man alone, transforming the possibility of say violent words or physical violence into the possiblity of gun violence. Similarly a gun on the shelf of a gunstore is a very different agent than a concealed weapon brought to an Arizona Congresswoman's meet and greet.

Jared Lee Loughner and the Affective Contagion of Violent Rhetoric

In his brilliant 2008 book, Affective Mapping, Jonathan Flatley details the ways in which Heideggerian stimmung, or mood, and Raymond Williams' structure of feeling, describe how individual and collective affect can be influenced by the affective environment created by natural, social, cultural, and technical factors. Mood, Flatley argues, extrapolating from Heidegger, is how "historical forces most directly intervene in our affective lives." Flatley follows Heidegger (whose experience in Nazi Germany made this evident almost daily) in seeing moods as "an atmosphere, a kind of weather," which are not inner states but work through us both individually and collectively. "Stimmung is a collective, public phenomenon, something inevitably shared. Moods constitute the 'way in which we are together.'"

Egypt, Premediation, and the Liveness of Futurity

What is interesting about the emphasis on liveness in the media coverage of the Egyptian demonstrations is that, unlike many earlier global media events, the focus on liveness is less about immediacy and real-time coverage than it is about trying to determine where these events are heading, what the future will bring. Think, for example, about two major live media events from the summer of 1997, internet and televisual coverage of the Mars Pathfinder's unmanned exploration or the fatal vehicle crash that killed Princess Diana. These late 1990s remediation events emphasized the immediacy of globally networked telecommunication and its hypermediacy in various media formations--the story was immediacy, connectivity, and real-time coverage. In premediation events like those unfolding in Egypt, the story is much more focused on potentiality, or the liveness of futurity.

Was Egypt an Internet Revolution?

While I have no patience with utopian technologically determinist claims that social movements like those currently under way in the Middle East are caused by Facebook or Twitter or YouTube or mobile phones or cable news networks like Al Jazeera, I have even less patience for the stubborn resistance of Gladwell, Rich, and others to the idea that these social media networks have little or no effect on the ongoing events in the Middle East. We do not have to deny the amplifying, intensifying, and co-creative effects of social media in order to recognize the mass popular movements in the Middle East as the expression of revolutionary fervor or agency.

Википедија како филтер

Tags: 

Вчера (24.02.2011) бев на промоцијата на истражувањето за говор на омраза во бугарските и македонските медиуми.

Како вообичаено,новите медиуми (блогови, Facebook) биле дел истражувањето. Дел од пристутните поставија прашања во врска со вклучувањето на овие во анализата, а посебно во однос на тоа што изборот на важноста наспроти се поголемата распространетост на истите може да биде проблематичен.

Моите 2 центи во врска со ова се за Википедија.

Фејлмерските и уредувачките војни и говорот на омраза (и/или нетрпеливост) се честа слика на страниците за разговор на Википедија. Сепак, статиите што ги читаат обичните сурфери на интернет (најчесто) се (или барем треба да бидат - според бирократијата на Википедија) прочистени од ваквите „испади“.

Типичен пример за ова се статиите на Википедија на англиски за теми како што е „прашањето за името“. Википедија (како енциклопедија), т.е. нејзините уредници, не зазема(ат) став во врска со ова, туку следејќи ја својата врвна политика за Неутрална гледна точка, во статијата што му е достапна на читателот ги пишува двете гледишта: македонското и грчкото. Ова е случај и со (многу) други статии на Википедија на англиски, кои за локалната публика можеби не се од горливо значење, на пример, статијата за „интелектуална сопственост“, каде покрај објаснувањата за тоа што е овој концепт, јасно се прикажани спротиставените мислења од, условно речено, малцинската група на академици и/или активисти.

Сега, интересно би било да се истражи до која мера бугарските и македонските уредувачи на соодветните јазични изданија на Википедија се придржуваат до Неутралната гледна точка и имаат доволно доблест или храброст, во рамките на изданието каде придонесуваат, да ги прикажат двете, (некаде најмалку двете) гледишта во врска со опеделени прашања кои што најчесто се извор на проблеми (историја, јазик и слично).

Википедија на македонски, каде што понекогаш придонесувам, си го има својот дел на уредувачки војни и навреди на лична основа, а претпоставувам дека тоа е така и Википедија на бугарски, иако не можам да кажам за сигурно бидејќи никогаш не сум ја посетил.

Во врска со ова, и моето чувство дека Википедија на македонски во последно време станува Македонска Википедија.

Страници