Социјалните медиуми и моќта

Tags: 

Во извонредната и во интернет време стара книга „Мрежната илузија“, авторот Евгениј Морозов ќе напише: „Твитовите нема да ги замаглат сите наши национални, културни и религиски разлики; тие можат всушност да ги акцентираат. Сајбер-утопиското верување дека интернет ќе нѐ претвори во убер-толерантни граѓани на светот, кои ќе ги тргнат на страна злите предрасуди и ќе го отворат умот кон она што го гледаат на мониторите, се покажа како неосновано. Во повеќето случаи, единствените луѓе што сѐ уште веруваат во идеалот на електронското глобално село се оние што ќе станеа толерантни космополити и без интернет: шетаната интелектуална елита. Обичните луѓе не читаат страници како Global Voices - агрегаторот на најинтересните блогерски написи од целиот свет. Наместо тоа многу поверојатно е тие да го користат интернет за повторно да ја откријат нивната култура - и ако смееме да речеме, нивната национална нетрпеливост.“

Морозовската визија за интернет за многумина е мрачна и неговото пишување е предмет на чести критики. Но, ако можеме барем делумно да се согласиме со горната оценка, тогаш за очекување е да најдеме пресликување на општеството - вистинскиот живот во онлјан светот - на интернет.

Од друга страна, еден од клучните аргументи на луѓето вообичаено поврзувани со Силиконската долина [Клеј Ширки, Итан Цукерман, меѓу другите и за разлика од Морозов], е дека алатките на интернет, ако не веднаш тогаш на крајот на денот, ќе помогнат во општеството и тоа не само во високоразвиените земји од Запад, туку на Глобалниот југ, онаму каде што често нема демократија, слобода на печат или економски развој. Глорификацијата на интернет и на технологиите надградени над него кажува дека пресликувањето навистина е можно, и дека шансите всушност се поголеми за либерален, демократски исход.

***

На медиумите, воглавно се гледа како на организации кои имаат две [главни] функции: една да ја разградуваат моќта и втора да ја воспоставуваат моќта. Првата е поочигледна и за неа почесто се зборува. [На пример, тоа до сега било тема на три мои текстови на РСЕ: „Поп културата и новинарството“, „Идеалот за четвртиот столб“ и „Пирамидата на цензурата“.] Но, како што забележува Роберт Рајт во неговата книга „Логиката на човековата судбина“ со појавата на печатницата на Гутенберг за прв пат во историјата имало инструмент за ефикасна комуникација кој можел да мобилизира широки групи на луѓе на основа на нивните сличности кои и понатаму ќе ги хармонизира, и тоа се случувало токму со првите испечатени весници. Како што вели Рајт, печатницата го засилила националното владеење со креирање на заедничка културна база на голема територија, стандардизирајќи ги обичаите, митологијата и пред сѐ јазикот. Создавањето на националните држави веројатно ќе било потешко без печатницата. Исто така и создвањето на јавното мислење и неговото управување.

[Мојот впечаток е дека во Македонија речиси и да не се зборува за оваа втора фунција на медиумите, но и дека токму таа е таа која е подоминантна и можеби затоа и повеќе пишуваме за првата. Примери за [обиди за] хомогенизација на јавното мислење има безброј. „Нашиот јужен сосед“ прв ми паѓа на памет, па можеби и обидите се успешни.]

***

Ако медиумите играат клучна улога во разградување и воспоставување на моќта и ако интернет денес сигурно игра некаква улога, тогаш кои се можните расплети?

Мислам дека интернет и социјалните медиуми носат демократизација на каналите [со секоја задршка дека воопшто може да се зборува за демократизација на платформи кои наликуваат на трговски центри], но не и на вештините. Вистина, денес е полесно од кога било да се објави, но што е тоа што ќе се објави сепак останува целосно зависно од вештината, а не од платформата. Во однос на медиумите, тоа ми се чини уште повеќе важно. Ако зборуваме за воспоставување на моќта, за хомогенизирање на јавното мислење и доминирање во јавните теми и дебати, тогаш технологиите се како алатки од соништата. Ако имате медиумски пејсаж што е доминиран од определен центар, тогаш тој денес лесно може од печат и екран да стигне преку апликација од фејскбук до сите компјутери, до мобилни уреди, до промовирани твитови и статуси, и со помош на верната публика што секако ја има да се сподели доволно пати и на доволно места што ќе го направи сеприсутен. Ако зборуваме за разградување на моќта, тогаш работите стануваат покомплицирани, затоа што едноставно предусловите за тоа се потешки.

Во моето сеќавање одекнува еден краток текст од Сет Годин од 2006 година. Како експерт по маркетинг, Годин ја објаснува разликата меѓу добра и лоша повратна информација. Накратко: никој не го бара вашето мислење, потребна е вашата анализа. Социјалните медиуми отвараат канали за сите и наеднаш секој може да го каже неговото мислење, но ретко кој снабдува анализа. А анализата е клучната особеност на онаа медиумска работа чија цел е првата функција: разградување на моќта и надгледување на власта.

Можеби токму затоа, во презентацијата за „Трите работи што новинарите ќе ги работат во 2050 година“, Анали Њуиц зборува за новинарите како професионални кои ќе мора да научат програмски јазици и други специфични технологии, а не да бидат на пример – вешти твитерџии.

Можат ли новинарите да бидат хакери? Или хакерите новинари? Или едноставно – дали можеме да очекуваме дека ќе се појават луѓе кои своите аналитички способности ќе ги поткрепат со технолошки вештини и ќе изнесат вистинити информации и детална анализа во јавноста, така што граѓаните ќе можат да носат информирани одлуки и покрај експлозијата на канали каде преовладуваат мислења? Ако можеме да сметаме дека примерите од нашата околина се доволно веродостојни тогаш одговорот е да.

Игралиштето уште еднаш се помести. Споделувањето на напишаниот текст на Фејсбук можеби е доволно за оние новинари кои сакаат да учествуваат во воедначување на јавното мислење, но не е доволно за оние новинари кои сакаат опстојат на идеалот за чувари на демократијата. Ова се стари вести на интернет.

Текстот е објавен на РСЕ: http://www.makdenes.org/content/article/24996086.html

Овој текст е изведен од предавањето „Социјалните медиуми и новинарството“ прв пат одржано на 25 април 2013 на на Високата школа за новинарство при МИМ, а потоа уште еднаш на 16 мај 2013 во хаклабот КИКА.

2 Comments

Odlicna analiza Novica.

Odlicna analiza Novica.

Odlicna analiza Novica.

Odlicna analiza Novica.