Граѓанството како јавна функција [или уште неколку идеи за навредата и клеветата]

Tags: 

Уште на почетокот, во неговиот наслов, новиот предлог-закон (мртво URL) покренува прашања. Што значи „граѓанска одговорност“? Дали е таа „одговорност на граѓаните“ или е „одговорност според граѓанското право“ или трето „нечија одговорност според граѓанското право“? Ова внимание кон деталите не е само вежба по граматика. Првото значи дека одговорност може да се бара кај сите граѓани, второто дека таа може да се бара од сите физички и правни лица како што се дефинирани во граѓанското право, и третото дека опфатот на одговорноста сепак е некако ограничен.

Мислам дека и покрај тоа што во мотивите и анализите за овој предлог-закон стојат новинарите и нивните интереси опфатот е преголем, посебно во делот каде одговорноста за делата се лоцира кај „други форми на уреднички oбликувани програмски содржини кои се објавуваат, односно емитуваат дневно или периодично во пишана форма, звук или слика, на начин достапен за широката јавност“. Кој може да каже дека еден профил на твитер не е уреднички обликуван од својот автор, нема програмски содржини, не емитува дневно или периодично во пишана форма, и не е достапен на широката јавност? Според тоа предлог-законот јасно натежнува кон опфаќање на сите граѓани во одговорност од навреда или клевета.

Но, ова, ми се чини, е помалиот недостаток.

Мислам дека предлог-законот не успева да направи разлика во третирањето на јавните работи [res publica] и приватните работи. Исто така мислам дека ова не е случајно. Навреда и клевета ретко, ако воопшто, се случуваат помеѓу приватни лица. Дури и да се случуваат, тие уште поретко завршуваат на суд. Настрана од рационализацијата дека закон се предлага заради угледот и честа на Перо и неговиот комшија Митко, она за што де-факто се предлага законот се приватните чувства за навреда и клевета што произлегуваат од говорот помеѓу јавните лица, во нивните секојдневни односи во јавната општествена сфера. Токму и во тоа е проблемот.

Ако јас напишам нешто за премиерот што тој можеби ќе го оцени за навреда или клевета, на тоа треба да се гледа како пишување на граѓанин на Републиката за премиерот на Републиката, а не како пишување на Новица за Никола. Оваа разлика е важна бидејќи, кога зборуваме за првиот случај, подоцнежната судска постапка би требало да ја води Република Македонија, а не физичкото лице кое ја врши функцијата на премиер на Републиката. Оваа разлика е исто така важна бидејќи казната што ќе ја изрече судот во првиот случај треба да ја отсликува јавноста на нашите функции и јавноста на спорот. Казната не би требало да биде плаќање кон физикото лице кое ја врши функцијата на премиер на Републиката, туку кон трезорската сметка на Републиката, или ако немам пари, тогаш во јавните работи што се извршуваат од страна на државата [на пример, чистење на улици].

Ова гледање на „граѓанството“ како „јавна функција“, додуша [и за жал] не е интимно со нашата традиција, туку потекнува од САД и нивното уставно право каде на граѓанската јавна функција се гледа како на темелно одговорна за интегритетот на владата. Не би требало дополнително да се објаснува дека истата идеја за „јавност“ важи и за новинарите, кои, барем што се однесува до западната традиција, се четвртата [покрај судската, законодавната и извршната] власт во демократските републики. [Патем, се разбира, идејата Републиката да води спор сама со себе, преку своите различни јавни функции за нејзиниот углед и чест е апсурдна, и тоа го прави ваквиот закон излишен за јавните работи].

Тоа што новиот предлог-закон не успева да ги воочи и исцрта овие разлики значи дека приватните чувства на лицата што извршуваат некои јавни функции остануваат да бидат третирани како поважни од изјавите на сите други јавни лица во јавната сфера. Ова особено важи во време кога Интернет ја вмрежуваа таа јавна сфера насекаде околу нас. Последново се потврдува всушност со погоре цитираниот дел од предлог-законот според кои одговорност се проширува да опфаќа „други форми на уреднички oбликувани програмски содржини кои се објавуваат, односно емитуваат дневно или периодично во пишана форма, звук или слика, на начин достапен за широката јавност.“