слободен софтвер

Undefined

Слободен софтвер за ОТП 2.0

Tags: 

Еден од контроверзните моменти во македонското образование беше случајот од 2006 година, со ОТП наставници кои предаваат информатика.

Основи на техниката и производството всушност беше предмет кој совршено одговараше на индустриското доба - повеќе или помалку ги подготуваше учениците за работа во фабрика (или најмалку за специјализираните средни училишта од разните производствени сектори). Ситуацијата со наставницие по ОТП на одреден начин укажува(ше) и на (почетокот) на крајот на тоа време (иако за Македонија во причини за таа ситуација може да се вброи и транзициското уништување на производството и можеби и нешто трето).

Она што се смени во производството е поместувањето кон економија базирана на знаење или базирана на информации. Ова поместување во суштина значи дека главниот фокус на производството веќе не се физичките туку информациските добра (повторно со задршка дека сепак ова можеби и не е во целост вистина за Македонија). A eдно од најпрепознатливите информациски добра на новото време е софтверот, за кој, слично како и за книгите, важи правилото дека ќе пишуваш подобро колку што ќе читаш подобро.

За наша среќа денес во Македонија во сите училишта има софтвер кој слободно може да се чита. Уште еден проект кој не помина без својата доза на контроверзност беше инсталирањето на слободен софтвер во сите училишта во земјава.

Така, случајно или не, сега се исполените доволно услови да отпоче ОТП 2.0 во училиштата - учење на производство на информации, и тоа не само по предмет специјално наменет за тоа, туку речиси по сите предмети.

Ова го пишувам во очи на НСНД во Штип, првиот поголем собир после долго време на корисници на слободен софтвер, но пред сѐ хакери и активисти. Повелете во Штип, па макар и само на планираната вечерна пастрмајлија.

Патем, со ова, блогов го одбележува и 500-тиот запис.

„Бесплатен“ е слаба маркетинг стратегија, со „слободен“ знаеш што добиваш

Tags: 

Кога ќе помислите на Mozilla Firefox, на која негова особина прво ви текнува? Според Mozilla Македонија, македонската група за маркетинг на Mozilla Firefox, најважната особина е тоа што тој е бесплатен. Но, навистина, може ли да се рекламира некој производ како бесплатен, кога и сите негови конкуренти се бесплатни: тој е исто толку бесплатен колку и другите!

firefox македонија

Mozilla Firefox сигурно има и други згодни особини, како на пример неговата докажана безбедност и сигурност, безбројните проширувања, но и некои веќе вообичаени фалинки, како менаџирањето на меморијата за која технички поткованите корисници секогаш жестоко дискутираат. Сепак, мислам дека ниту едно од овие не е толку важно, колку што е важно што неговиот код е слободен.

Се чини дека ова е сепак претежнок збор да се каже, посебно на англиски јазик каде што покрај „слободен“ значи и „бесплатен“. Токму оваа двозначност на зборот натера некои луѓе од заедницата на слободен софтвер предводени од Ерик С. Рејмонд да го сковаат терминот „open source“ под кој ќе се развива маркетинг стратегијата за промовирање на слободен софтвер (free software). Еден од првите големи успеси на овој маркетинг беше токму кодот на Mozilla сопственост на тогашен Netscape кој соочен со убиствената конкуренција преку ценовна трка кон дното од страна на Microsoft, одлучи програмерскиот текст да го отвори за меѓународната интернет заедница на програмери.

Многу работи се променија од тогаш до денес: мрежата еволуираше, изборот за корисниците се врати, монокултурата на Internet Explorer полека се надминува. Конечно и Mozilla Firefox доби голем број на поддржувачи. Сите тие придонесуваат од различни причини и со различни цели. Голем број од нив му припаѓаат на движењето за слободен софтвер. За Македонија на пример, една од главните причини што Mozilla Firefox е достапен на македонски јазик е што обезбедувањето на слободен софтвер на македонски беше една од првите и главни програмски определби на Слободен софтвер Македонија. Зборуваме за времето кога Mozilla Firefox (тогаш под друго име Phoenix) беше во својата развојна верзија 0.7 или 0.8 и неговата употреба за обични корисници не се препорачуваше. Сепак, тоj беше еден од двата (вториот беше обемниот Mozilla Suite) слободни прелистувачи за интернет за корисниците кои не користат GNU/Linux. Организацијата го стави меѓу своите приоритети за да им донесе слободен софтвер на македонски на корисниците на оперативните системи на Microsoft. Но ваквите мотиви, иако веројатно постојат на други места во светот, се повеќе случајни. Официјалната политика на фондацијата Mozilla е „open source“. Официјално, на врската за преземање на Mozilla Firefox стои „free“ и се мисли на „бесплатно“ (ние овде сепак го преведуваме како „слободно“). Се разбира, има луѓе кои работат за Mozilla и кои ја промовираат слободата, но повторно тоа се лични ставови.

Накратко, еден софтвер може да има неколку предности пред некој друг софтвер: една од нив може да биде цената, друга техничките карактеристики, трета базата на корисници и четврта слободата на кодот. На почетокот Mozilla Firefox најмногу се развиваше благодарение на последните две предности пред другите прелистувачи. Во последно време, фокусот е свртен и кон техничките карактеристики, неговата супериорност во однос на другите. Исто така, во последно време дискусијата од „open source“ е пренасочена кон „open web“. Но сѐ уште речиси никој не зборува за слободата.

Ако ги погледате сите конкуренти во категоријата „најдобар прелистувач“ ќе видите дека по првата точка сите се изедначени: никој веќе не продава прелистувачи. Техничките карактеристики се широко поле за дискусија: Internet Explorer се чини е надвор од конкуренција поради своите чести безбедносни дупки, но Opera е тука како „најбрзиот прелистувач“. Mozilla Firefox добива многу пофалби за своите безбедносни можности и прилагодливост, но сега тука е и Google Chrome, за кого на пример правењето проширувања е детска играчка во споредба со системот на Mozilla. Internet Explorer сѐ уште има најмногу корисници, но сите тие речиси никако не можат да учествуваат во неговото создавање, како што е тоа можно со Mozilla Firefox и Google Chrome. Кодот им е слободен токму на овие два (Google исто така го користи терминот „open source“).

Интересно е тоа што Google премногу не ја рекламира слободата на кодот на Chrome. Но, тоа не е ништо ново за нив: како компанија со прилично голем општествен капитал и чиста репутација вредностите кои ги промовираат се малку различни. Сепак, ова не ги спречува корисниците на GNU/Linux и Windows да го користат Chrome. Што е поинтересно, изгледа дека за повеќе GNU/Linux дистрибуции пакувањето на Chrome (или Chromium како што се вика изворниот код) е полесно одошто за веќе вдомениот Mozilla Firefox. До сега не сум прочитал ниту една статија за проблеми во врска со дистрибуирањето на овој прелистувач, додека Mozilla и нејзината политика за брендот на Mozilla Firefox беа голема пречка за пакување и дистрибуирање на прелистувачот на некои од поголемите дистрибуции како Debian и Ubuntu.

Интересно е што и Mozilla како свој главен конкурент почнува да го гледа токму Chrome. Се споредува javascript engine-от кај двата прелистувачи: Mozilla се труди да го направи барем да биде исто толку брз колку и тој на Chrome, а и почнуваат да го поедноставуваат системот за правење проширувања токму по примерот на Google. Дури и во јавните говори Chrome добива значително време. На пример Брајан Кинг од Mozilla, на конференцијата за слободен софтвер во Косово, покрај прашањата за техничките детали на Firefox наспроти Chrome, мораше да одговара и на незгодните прашања за тоа дали Google, еден од најголемите донори на Firefox, ќе продолжи да биде тоа сега кога има свој прелистувач.

Но повторно, дискусијата за слободата на софтверот е некако избегната и јас мислам дека тоа ќе биде пресудно во најновите војни на прелистувачите. Во област како што е софтверот, техничката супериорност не е трајна категорија. Секој копира од секого (дури и кога не го признаваат тоа), а уште полесно кога програмерите од една одат во друга компанија (како што беше случајот со главниот развивач на Firefox кој од Mozilla премина во Google) и секоја нова можност, па дури и најмалата весела финта, лесно го наоѓа патот до повеќето платформи. Со два во суштина слободни прелистувачи ова копирање и имитирање ќе биде уште полесно. Прашањето е сега, зошто да се остане верен на Mozilla Firefox?

Google Chrome брзо ќе добие голема база на корисници пред сѐ помеѓу програмерите, проширувања ќе се пишуваат, и на Google сѐ уште може да му се верува. Mozilla може да ја премести играта на друго поле само ако почне да инсистира на слободата на кодот, и посебно на фактот дека нејзиниот е „copyleft“ благодарение на GPL, наспроти BSD лиценцата на Chrome. Ова ќе ги задржи посветените корисници и програмери кои ја делат идејата дека слободниот код треба да остане слободен и веројатно ќе привлече нови. Linux е совршен пример за моќта на GPL. Останува да видиме дали вакво нешто ќе се случи. Во меѓувреме сурфам на Chromium.

Забелешка: Авторот на овој текст беше долгогодишен преведувач на македонски на Mozilla Firefox и други производи на Mozilla.

Уште една иницијатива за хаклаб во Скопје

Tags: 

За случајните читатели на блогов, кои можеби се заинтересирани за хакирање, објавувам порака од нашата поштенска листа:

Случајно стапивме во контакт со некоја екипа уметници кои држат фини простории во центарот на градов. Разговаравме за тоа некако да се здружиме и да направиме заеднички простор каде меѓу другото ќе има и хаклаб.

Сѐ уште не знаеме дали тие ќе сакаат да делат простор со компјутерџии и под какви услови, но без разлика, ние може да пробаме да се преброиме колку луѓе сме, кој сѐ е зантересиран и колку пари е спремен да даде за кирија и трошоци, како некој вид на чланарина месечно.

Ако имате некои прашања, прашај те овде.

http://slobodensoftver.org.mk/hacklab - а ова е местото за пријавуање.

Конференција за слободен софтвер во Косово

Tags: 

Утре одам за Пришитна. Таму овој викенд се случува голема конференција за слободен софтвер.

Ова е прва конференција од ваков тип во нашето поблиско соседство. Можеби слична на оваа е само хрватската.

Јас ќе имам мала презентација таму на тема „Заедници кои се распаѓаат“. Ќе зборувам за Македонија и нашата заедница.

Во 2002 г. работите околу слободниот софтвер почнаа слично и во Македонија: со конференција и гостин од ФСФ.

Седум години подоцна, „Слободен софтвер Македонија“ сѐ уште не може да добие прописни фондови за работа, сѐ уште нема свои канцеларии и бројот на луѓе кои активно придонесуваат секојдневно се намалува. Секако, нема ни конференција

Ќе зборувам за овие неуспеси. Најверојатно ќе биде кратко и можеби и другите луѓе кои патувааат од овде ќе придонесат некако во дебатата.

За мене лично, ми се чини дека ова ќе биде последната активност поврзана со слободен софтвер што ќе ја правам локално/регионално.

7 години звучи и некако предолго.

Иднината на преводот на Firefox и другите производи на Mozilla

Tags: 

Не знам кои се шансите некој да го следи мојот блог, а да не го следи блогот специјално наменет за вести поврзани со локализацијата на Firefox и сл., па сепак ќе ја пренесам и овде информацијата дека на повидок е пензионирање на досегашниот локализациски тим. Па еве:

Сметаме (Новица и Дамјан) дека е згодно да известиме дека не планираме уште долго да се занимаваме со преводите на Firefox и другите производи на Mozilla.

Сега го буткаме Firefox 3.1 кој што треба да излезе деновиве, но планови за понатаму немаме.

Ова пред сѐ се одразува на иднината на преводот на Thunderbird 3.0 кој исто така треба да излезе скоро, па супер би било ако се јави некој заинтересиран да го прави тоа.

Голема поволност е што за разлика од минатото, сега има некои веб алатки за преведување, па сега (би требало да) е далеку поедноставно да се прават преводите. (На пример: https://l10n.mozilla.org/narro/narro_project_list.php.)

Aко има заинтересирани може да потрошиме и некој ден на обука за тоа како функционира системот на Mozilla, но за тоа потоа.

Во блиска иднина, очекувајте известување за тестирање на Firefox 3.1.

Објавено на: http://mozilla.blog.com.mk/node/196447

Република Конфликт на интереси

Tags: 

Неколку дена пред да заврши рокот за тенедерот за локализација за слободен софтвер за училиштата кој го организира PEP заедно со USAID и Министерството за образование и наука на Р. Македонија, Слободен софтвер Македонија се обрати до проектот со цел да ги пренесе своите забелешки во врска со тендерот и да објасни како тоа може негативно да влијае на пошироката заедница на слободен софтвер во Р. Македонија.

Барањето за средба со претставниците на PEP беше одбиено од нивна страна бидејќи тендерската процедура била во тек и претставувало конфликт на интереси да се состануваат со потенцијален учесник на тендерот, а како таков ја препознале Слободен софтвер Македонија.

Денес, според речиси официјалните информации, дознавам дека друштвото „Генреп“ го добило тендерот. Затоа сметам дека потребно да прибелeжам дека еден од водечките луѓе на оваа компанија, Климент Симончев е истиот човек кој ја има пишувано Kонцептуалната стратегија за употреба на софтвер со отворен код во училиштата (изработена исто така во соработка со USAID и МОН), во која се наоѓаат многу програми кои тој ги препорачува за употреба во училиштата, а кои пак се исто така дел од тендерот кој го распиша PEP.

Текст за terminologija.org.mk и сл. во Gnuzilla

AttachmentSize
File tekst-gnuzilla-mk.odt16.43 KB

Tags: 

Во најновиот број на Gnuzilla има едно текстче за http://terminologija.org.mk што го пишував.

Не е којзнае што, ама пак да се пофалам. :)

Новогодишна честитка до нашиот министер

Tags: 

Ги знаете сите оние приказни како соседните држави ја престигнуваат Македонија на патот кон ЕУ, НАТО, иднината, развојот, економскиот раст и сл.?

Еве уште една таква потенцијална приказна. На српските блогови се збореше неколку дена, а еве сега и објава од нивното министерство: Србија оди на слободен софтвер.

Останува да видиме дали ова ќе се исплони. Некои сметаат дека е предизборен трик. Лично мислам дека покрај Косово, сите други предизборни зезанции во Србија се лук и вода.

Дали Македонија, која во очите на меѓународната заедница на слободен софтвер важи за една од повозбудливите приказни, ќе заостане повторно и по кој знае кој пат зад своите соседи?

Одговорот ќе го чекаме во новата година.

И толку од мене во оваа 2007.

Pages