Слободен софтвер за ОТП 2.0

Tags: 

Еден од контроверзните моменти во македонското образование беше случајот од 2006 година, со ОТП наставници кои предаваат информатика.

Основи на техниката и производството всушност беше предмет кој совршено одговараше на индустриското доба - повеќе или помалку ги подготуваше учениците за работа во фабрика (или најмалку за специјализираните средни училишта од разните производствени сектори). Ситуацијата со наставницие по ОТП на одреден начин укажува(ше) и на (почетокот) на крајот на тоа време (иако за Македонија во причини за таа ситуација може да се вброи и транзициското уништување на производството и можеби и нешто трето).

Она што се смени во производството е поместувањето кон економија базирана на знаење или базирана на информации. Ова поместување во суштина значи дека главниот фокус на производството веќе не се физичките туку информациските добра (повторно со задршка дека сепак ова можеби и не е во целост вистина за Македонија). A eдно од најпрепознатливите информациски добра на новото време е софтверот, за кој, слично како и за книгите, важи правилото дека ќе пишуваш подобро колку што ќе читаш подобро.

За наша среќа денес во Македонија во сите училишта има софтвер кој слободно може да се чита. Уште еден проект кој не помина без својата доза на контроверзност беше инсталирањето на слободен софтвер во сите училишта во земјава.

Така, случајно или не, сега се исполените доволно услови да отпоче ОТП 2.0 во училиштата - учење на производство на информации, и тоа не само по предмет специјално наменет за тоа, туку речиси по сите предмети.

Ова го пишувам во очи на НСНД во Штип, првиот поголем собир после долго време на корисници на слободен софтвер, но пред сѐ хакери и активисти. Повелете во Штип, па макар и само на планираната вечерна пастрмајлија.

Патем, со ова, блогов го одбележува и 500-тиот запис.