слободен софтвер

Undefined

Успешни приказни за слободниот софтвер

Tags: 

Приказнава е за брат ми. Брат ми е научник - диатомолог, што ќе рече многу-многу не го боли за компјутери, софтвери, слободни или не. Било како било, ми доаѓа брат ми пред некое време и ми вика да му го средам компјутерот што го користи на факултет: „Ај среди го компјутеров, да не фаќа вируси, да сурфам без п*рно прозорчиња да ми скокаат додека читам некој труд.“

Бидејќи мене сѐ уште не ми е стигната маичката од ТинкГик со текст "No, I won't fix your computer", не ми преостануваше ништо освен да речам океј: „Океј.“ И така, едно саботно претпладне пред некои 2-3 недели јас седнав да го средам компјутерот.

Да, инсталирав Слеквер. Брат ми веќе некое време прави рекорди дома во Kasteroids, па запознаен е со излгедот и чувството на KDE. Му реков дека се ќе му биде исто како дома: „Куме, се ќе ти биде исто како дома. Без вируси, на кирилица, на македонски.“
Целата работа траеше не повеќе од 2 часа. Се работеше од прва. Немаше проблеми со хардвер. За момент се изнервирав за звукот, мислев дека alsa-та пак нешто заебава ама брзо ми текна дека сум заборавил да ги вклучам звучниците. Ги вклучив и се си работеше.

Така, по 2 часа, му велам на брат ми дека се е готово: „Средено куме, се ти работи.“ Ама малиот шизик, доаѓа и ме известува дека сакал и некој софтвер за правење некои биолошки чуда, анализи, дрва и не знам што: „Слушај, а да ми најдеш некое софтверче што за правење филогенетска анализа?“

„Што е тоа?“И ми објаснува сега дека тоа ти било некое софтверче во кое си внесуваш податоци за биолошки карактеристики на разни родови и видови, па ти се прават дрва, па подредуваш, па 'рчкаш таму-ваму и на крај излегува научен труд.

„Еве за да правам вакви работи.“ - објаснува брат ми, покажувајќи на некоја книга со американско потекло.

Мене сеуште не ми е јасно, па одлучувам да го прашам Google. Тој фино ме упатува на Mesquite (Миша, фала за download!). И што да видам! Уште едно парче слободен софтвер (LGPL) кое што прави се што му треба на брат ми, иако за да го дознаам последново требаше да поминат десетина дена додека тој го проучи софтверчето.

Сега, додека го чекам пивото-награда за вложениот напор, го пишувам ова на блог. GNU/Linux има уште еден нов среќен корисник.

Предавање за идните новинари

Tags: 

Веќе некако традиционално (по трети пат) студентите по новинарство слушаа предавање за слободниот софтвер и други поврзани прашања. Вака отпосле ми се чини дека премногу нови теми беа презентирани и дека студентите беа помалку затечени.

Сепак искрено се надевам дека овие предавања ќе бидат од некаква корист и иднината ќе донесе помалку игнорантни новинари. Јас одлично си поминав и среќен ќе бидам ако барем еден студент биде заголицан од овие теми.

Овој пат презентацијата е значително изменета во споредба со старите (видете овде за нив). Оваа презентација не се однесува толку многу на слободен софтвер, т.е. опфаќа и други теми поврзани со слободата и работата со компјутери. По мое видување прилично попогодна содржина за групи на слушатели кои не се конкретно заинтересирани за софтвер.

Перу: FLOSS во Владата!

Tags: 

Слешдот ја има веста и сите потребни врски.

Со 61 глас за 0 против и 5 отсутни (воздржани?) од 66 конгресмени, перуанскиот конгрес изгласал 6 иницијативи кои имаат врска со слободниот софтвер. Очигледно работата на конгресменот Villanueva се исплати.

Три пати ура за Слободен софтвер Македонија!

Tags: 

Па еве сме, неколку дена по завршувањето на маратонот на кој беше преведен корисничкиот интерфејс на слободниот OpenOffice.org 2.0 и солиден дел од помошта на апликацијата, а веќе прилично луѓе блогирале и коментирале на темата: „што потоа?“. Така, во најмала рака, неучтиво би било јас ништо да не напишам. :)

Една од работите што особено многу ме радува и секогаш ме прави задоволен, е кога некои луѓе кои што врска немаат со софтвер воопшто, во некој неврзан муабет, откако ќе дознаат дека јас некако сум поврзан со ОССМ, ми велат дека ние сме биле вистинска НВО... не како другите, кои прават фарси и други работи означени со неубави зборови.

Прашањето, логично е, дали ние сме вистински цивилен сектор заради тоа што никогаш не влегле пари во нашата организација, или пак затоа што едноставно добро си ја работиме работата?

Сега, кога наеднаш после превод на ОО.о 2.0 ќе се повика на разно-разни прашања за награди од фирмите и некаква нивна (морална ?!?) одговорност, одеднаш имаме ситуација во која ќе започне некакво оценување на состојбата. Па ги имаме Јован, Васко и Игор, како дрмаат на темата.

Од кај да почнам... ако нашата сериозност во работата до сега не го убедила Јован да не ни се обраќа со „дечките“ не верувам дека еден преведен ОО.о 2.0 ќе натера некого од пошироката јавност да става пари во касичка за ОССМ. На страна се, не постои никаква логика во тоа да се очекува некаква „корпоративна одговорност“ од приватниот сектор, кога истиот (во Македонија) во голема мера нема никаква одговорност кон сопствените вработени (читај придонеси, работно време и сл.).

Васко, кај си бе? Главоболки-шмавоболки. Точно е дека парите се заебана работа. Јас знам барем еден пример каде волонтерска дружина се раскурцала заради кеш, ама строго контролирани возови се строго контролирани возови. Ако нешто добро се дефинира, главоболките сигурно ќе бидат незначителни.

Сега, Игор, кој по ѓаволите, крстува текст во духот на насловот на продолжението до Star Wars во кое добрите губат? Ало?!? :) Факт е дека волонтеризмот не е вечен. Јеби га, луѓето стареат, па работа, жена, деца, одење по риба, играње тенис... кој ќе најде време за преведување на XXXX линии за да имаме некоја следна верзија од некој софтвер на македонски јазик, особено во услови кога се знае дека софтверот баш и не го користат многу луѓе. Веројатно ни е потребна добра корисничка основа за да знаеме дека за некое време од сега ќе можеме да се потпреме на други луѓе. Но можно ли е ова? Ако речеме дека од локализацијата водечки проекти се Gnome, KDE, OO.o и Mozilla, тогаш вкупниот број на луѓе што се задолжени за сите нив не е поголем од 7. 7 луѓе се малку луѓе, ако се земе предвид дека на ossm-members има околу 150 претплатници. Да не го спомнувам фактот што од оригиналната постава на ОССМ активни се помалку од број на прсти на една рака.

И може ли ОССМ да направи разлика? Било како било, ОССМ (или нејзините волонтери!) веќе прават разлика. Ефетките можеби се мали, што ќе рече, можеби можат да бидат и поголеми, ама добрите дела и идеи секако остануваат запаметени.

Сега, ќе помогне ли некој во тестирањето на кандидатите на mk-firefox-1.0.7, за корисниците од утре од mozilla.org да можат да симнат пачирани верзии на овој прелистувач? Ај да видиме.

А да, положив. :D

Маратон

Tags: 

Иако маратон некогаш се однесува на било кој атлетички настан кој бара голема издржливост, поконкретно маратон се однесува на тркачки настан од 42 195 метри.

Оваа реченица е неспретен превод од Википедија, слободна енциклопедија. en.wikipedia.org/wiki/Marathon_sport

Ние преведуваме нешто повеќе илјади стрингови (околу 50 000) од OpenOffice.org 2.0, на долги патеки... каков настан!

Дека слободниот софтвер не е бесплатен

Tags: 

Денеска е 8 септември, и kppp веќе ми регистрирал преку 300 денари на дајл-ап-мт-нет. Постојаните промени во датотеките за локализација (еве, десетина датотеки се променети во последниве десетина часа) на ФФ и ТБ постојано ми ја зголемуваат сметката.

Отприлика со преводите за новите верзии започнав да се занимавам крајот на јули. Август цел со 1500+ денари за интернет. Септември, ако продолжи со исто темпо, како и октомври до конечните 1.5, собрано заедно со данокот, ќе имам цех од 5-6 илјади денари.

Баш толку ми требаат за да си ги купам патиките Адидас што ги сакам.

The Revolution Will Not Be Televised

Tags: 

Венецуела да ти одела ол-д-веј опен-сорс Ова Уфо ми го кажа.
Две поеми во тој контекст.

The Revolution Will Not Be Televised - Оригинал. И документарец со овој наслов за Венецуела имало (Уфо го има!).

Revolution is not an AOL Keyword - Римејк.

Конференција за локализација на слободен софтвер

Tags: 

Конференцијата заврши, и јас се вратив. Белград е убав, београѓанките исто, а организациите кои работат со слободен софтвер во поширокиот Балкан се исто така мрење како и ние. :) На почеток, презентацијата што ја зборев ја има во делот презентации, ако некој сака да ја види. Конечниот резултат од конференцијата е кревање на некоја веб страна од каде би протекла некаква регионална соработка. Ова ќе биде некоја слична иницијатива како онаа нашата од пред година и нешто, па ај да видиме дали ќе профункционира нешто.

Инаку, луѓето од Унгарија, Романија, Хрватска, Србија и Црна Гора и Босна и Херцеговина (словенците не дојдоа) се соочуваат со слични проблеми како и ние. Малку луѓе, слаба активност, користење на фразата „би требало да се направи“ наместо „јас ќе направам“ и слично. Се чини дека значително помалку проблеми имаат оние кои имаат интернет во нешто поголеми количини, и каде има поголемо присуство на странски фирми и нешто поразвиен пазар. Но сепак, дури и унгарците во својата фондација се бројат на една рака, а само тројца ја бркаат целата работа.

Хрватите најавија дека оној системот кој го користат за веб локализација планираат да го потсредат, да го направат да може да се локализира со што и другите луѓе би го користеле. Мада, тоа Perl скирптите ми се чинат заебани. Исто дознавме дека Дебиан на големо работи на некои алатки за локализација преку веб.

Унгарците некако највеќе ме изненадија со едно програмче што се вика s3po кое додуше го видовме само како работи во Windows. Програмчево (сеуште бета) служи за превод на документација. Работи така што од англиските документи (xml, sgml) го вчитува само текстот што е за превод и после ги снима преводите во ист или друг формат по желба, најверојатно по стандардите на The Linux Documentation Project.

Ете така. Мојата презентација е подолу.

Малку на страна. Србите да ти имале студии за cyber law. И што ли сакав уште да допишам? Ај кога ќе ми текне.

Godot

Tags: 

Скица: верзија 0.1

Алатката за развој на речник (glossary), codenamed Godot треба да биде веб базирана алатка за развој на речник со компјутерски зборови (glossary). Се изработува за потребите на проектот за македонско OpenCD кој го подготвуваат Слободен софтвер Македонија и Метаморфозис.

Godot треба да овозможи дистрибуирана изработка на речник со често користени зборови во софтверот, кој ќе може да се користи за побрзо, полесно и поконзистентно локализирање на софтвер од англиски јазик на македонски јазик.

Забелешка: Практично би било софтверот да овозоможува да се започне развој на glossary во било кој јазик (UTF-8), врз основа на постоечки мостри (template) на англиски јазик.

Зошто нова алатка?

Потребата за нова алатка произлегува од тоа што во овој момент нема софтвер кој би можел да ги задоволи потребите за една ваква работа. Она што е на располагање се некои апликации за bug-tracking кои можат да послужат на некој начин, но нивната намена едноставно не е за развој на речник. Некои други алатки за веб локализација се сеуште во почетна фаза на развој и сеуште ги немаат сите потребни можности.

Сиже за Godot

Лиценца: GPL
Технологија: MySQL + Python или PHP
Платформа: Веб (работа преку прелистувач/browser)
Намена: За крајниот корисник (end user)

Поделба на улогите

Godot треба да овозможи креирање на речник во кое што ќе може да учествува секој што е заинтересиран. Затоа софтверот ќе работи со корисници кои ќе можат да се пријавуваат во системот. Ќе има 3 или 4 групи на корисници:

  • Анонимни кои ќе немаат право на пишување на страните;
  • Обични корисници кои ќе можат да коментираат, гласаат, даваат свои предлози;
  • „Лектори“ - корисници кои ќе имаат повеќе или помалку пресуден збор во одлуките за прифаќање или одбивање на соодветните преводи;
  • Администратори - корисници кои покрај претходната ќе имаат обврска и за одржување на системот.

При креирањето на корисничкиот пристап, новите корисници би можело да оставаат податоци за своите квалификации: пример ако се пријавува студент по македонски јазик, тој тоа може да го наведе во соодветно поле. Така тие информации ќе можат да се земат предвид кога ќе се оценуваат предлозите/коментарите кои тој ќе ги остава. (Забелешка: ова може да биде злоупотребено ако се оставаат лажни информации)

Обичните корисници ќе можат да гласаат за понудените предлози за превод на некој збор, и да даваат нови предлози за превод. Ова треба да се овозможи на тој начин што во делот за анкета ќе има опција за додавање на превод-збор. Обичните корисници исто така ќе можат да пишуваат коментари за тоа што мислат за некој превод, дали е добар и зошто не и слично. Обичните корисници исто така ќе можат да предлагаат нови зборови кои би се нашле во речникот.

Лекторите и администраторите ќе можат да ги отвараат, затвараат или ако е потребно да ги ре-отвараат зборовите (значи да го одредуваат нивниот статус (нови, преведени..)). Нивниот глас во анкетите ќе вреди повеќе (пример обичен корисник 1 глас, овие 3 гласа). Овие ќе бидат задолжени и за додавањето на нови зборови во речникот и преглед на предлозите од страна на корисниците.

Може да се разгледа и концептот за „карма“. Пример, обичните корисници кои значајно ќе придонесат можат да добијат нешто повисок статуст (повеќе да им вреди гласот), но без да добијат дополнителни права и обврски во администрацијата на системот или уредувањето на зборовите.

Структура на веб страницата (што ќе гледаат обичните корисници)

Забелешка: за изгледот може да се укратат некои UI трикови од GMail.

Главната страна ќе има упатство за користење на системот, место за пријавување на корисници и попис на зборови. Последното може да биде направено така што зборовите ќе бидат поделени по категории (компјутерски зборови, математички зборови, статистички зборови итн.) и потоа поделени по азбучен ред. Пример:

Компјутески зборови

А Б В Г Д Ѓ Е Ж З Ѕ И Ј К Л Љ М Н Њ О П Р С Т Ќ У Ф Х Ц Ч Џ Ш

Ваљда не голтнав некоја буква. :-) Кликањето на некоја буква (значи овие се врски) треба да води до страна која ќе ги покажува сите зборови на таа буква. Границата може да биде 40 зборови по страна. На главната страна може да има и место за пребарување.

Откако ќе се пријават корисниците на главната страна ќе добијат и опција да предложат некој збор кој би се нашол во речникот. Исто така, бидејќи претпоставуваме дека тие кои се пријавиле имаат и интерес да следат што точно се случува, може достапни да бидат и информации во посебни блокови за зборови кои се нови, затворени, најактивни, или на им кои е потребно итно внимание.

Со кликањето на некој збор се отвара страна која го прикажува зборот, описот (дали е именка, глагол... но и што значи, објаснување ако е потребно), анкетата за него, коментарите за него, неговиот статус и евентуално слични зборови со него или зборови кои на некој начин се поврзани со него. Во коментарите покрај името на корисникот се гледа и неговата улога/карма.

Дополнителни опции за обичните корисници, како поставки за тоа кои зборови (групи на зборови) би сакале да ги следат, колку зборови/коментари по страница, барања за изгубени лозинки и слично можат да се додадат.

Структура на веб страната (што дополнително ќе гледаат администраторите/лекторите)

Опции за (не)одобрување на конечен превод, затварање/отварање на дискусија/анкета. Бришење на коментари (само во случај ако се комплетно оф-топик - значи ако застрани дискусијата, но не и ако според некого се тотално глупи идеи за превод). Блок кој известува за нови предлози кои треба да се додадат во речникот.

За овој документ

Документов е напишан како заклучок од кратката, но продуктивна дискусија во недела 20.03.2005 во 17 часот. Учествуваа: Новица Наков, Дамјан Георгиевски, Арангел Ангов и Иван Стојмиров (и едно чоколадо :-)).

Pages