Godot

Tags: 

Скица: верзија 0.1

Алатката за развој на речник (glossary), codenamed Godot треба да биде веб базирана алатка за развој на речник со компјутерски зборови (glossary). Се изработува за потребите на проектот за македонско OpenCD кој го подготвуваат Слободен софтвер Македонија и Метаморфозис.

Godot треба да овозможи дистрибуирана изработка на речник со често користени зборови во софтверот, кој ќе може да се користи за побрзо, полесно и поконзистентно локализирање на софтвер од англиски јазик на македонски јазик.

Забелешка: Практично би било софтверот да овозоможува да се започне развој на glossary во било кој јазик (UTF-8), врз основа на постоечки мостри (template) на англиски јазик.

Зошто нова алатка?

Потребата за нова алатка произлегува од тоа што во овој момент нема софтвер кој би можел да ги задоволи потребите за една ваква работа. Она што е на располагање се некои апликации за bug-tracking кои можат да послужат на некој начин, но нивната намена едноставно не е за развој на речник. Некои други алатки за веб локализација се сеуште во почетна фаза на развој и сеуште ги немаат сите потребни можности.

Сиже за Godot

Лиценца: GPL
Технологија: MySQL + Python или PHP
Платформа: Веб (работа преку прелистувач/browser)
Намена: За крајниот корисник (end user)

Поделба на улогите

Godot треба да овозможи креирање на речник во кое што ќе може да учествува секој што е заинтересиран. Затоа софтверот ќе работи со корисници кои ќе можат да се пријавуваат во системот. Ќе има 3 или 4 групи на корисници:

  • Анонимни кои ќе немаат право на пишување на страните;
  • Обични корисници кои ќе можат да коментираат, гласаат, даваат свои предлози;
  • „Лектори“ - корисници кои ќе имаат повеќе или помалку пресуден збор во одлуките за прифаќање или одбивање на соодветните преводи;
  • Администратори - корисници кои покрај претходната ќе имаат обврска и за одржување на системот.

При креирањето на корисничкиот пристап, новите корисници би можело да оставаат податоци за своите квалификации: пример ако се пријавува студент по македонски јазик, тој тоа може да го наведе во соодветно поле. Така тие информации ќе можат да се земат предвид кога ќе се оценуваат предлозите/коментарите кои тој ќе ги остава. (Забелешка: ова може да биде злоупотребено ако се оставаат лажни информации)

Обичните корисници ќе можат да гласаат за понудените предлози за превод на некој збор, и да даваат нови предлози за превод. Ова треба да се овозможи на тој начин што во делот за анкета ќе има опција за додавање на превод-збор. Обичните корисници исто така ќе можат да пишуваат коментари за тоа што мислат за некој превод, дали е добар и зошто не и слично. Обичните корисници исто така ќе можат да предлагаат нови зборови кои би се нашле во речникот.

Лекторите и администраторите ќе можат да ги отвараат, затвараат или ако е потребно да ги ре-отвараат зборовите (значи да го одредуваат нивниот статус (нови, преведени..)). Нивниот глас во анкетите ќе вреди повеќе (пример обичен корисник 1 глас, овие 3 гласа). Овие ќе бидат задолжени и за додавањето на нови зборови во речникот и преглед на предлозите од страна на корисниците.

Може да се разгледа и концептот за „карма“. Пример, обичните корисници кои значајно ќе придонесат можат да добијат нешто повисок статуст (повеќе да им вреди гласот), но без да добијат дополнителни права и обврски во администрацијата на системот или уредувањето на зборовите.

Структура на веб страницата (што ќе гледаат обичните корисници)

Забелешка: за изгледот може да се укратат некои UI трикови од GMail.

Главната страна ќе има упатство за користење на системот, место за пријавување на корисници и попис на зборови. Последното може да биде направено така што зборовите ќе бидат поделени по категории (компјутерски зборови, математички зборови, статистички зборови итн.) и потоа поделени по азбучен ред. Пример:

Компјутески зборови

А Б В Г Д Ѓ Е Ж З Ѕ И Ј К Л Љ М Н Њ О П Р С Т Ќ У Ф Х Ц Ч Џ Ш

Ваљда не голтнав некоја буква. :-) Кликањето на некоја буква (значи овие се врски) треба да води до страна која ќе ги покажува сите зборови на таа буква. Границата може да биде 40 зборови по страна. На главната страна може да има и место за пребарување.

Откако ќе се пријават корисниците на главната страна ќе добијат и опција да предложат некој збор кој би се нашол во речникот. Исто така, бидејќи претпоставуваме дека тие кои се пријавиле имаат и интерес да следат што точно се случува, може достапни да бидат и информации во посебни блокови за зборови кои се нови, затворени, најактивни, или на им кои е потребно итно внимание.

Со кликањето на некој збор се отвара страна која го прикажува зборот, описот (дали е именка, глагол... но и што значи, објаснување ако е потребно), анкетата за него, коментарите за него, неговиот статус и евентуално слични зборови со него или зборови кои на некој начин се поврзани со него. Во коментарите покрај името на корисникот се гледа и неговата улога/карма.

Дополнителни опции за обичните корисници, како поставки за тоа кои зборови (групи на зборови) би сакале да ги следат, колку зборови/коментари по страница, барања за изгубени лозинки и слично можат да се додадат.

Структура на веб страната (што дополнително ќе гледаат администраторите/лекторите)

Опции за (не)одобрување на конечен превод, затварање/отварање на дискусија/анкета. Бришење на коментари (само во случај ако се комплетно оф-топик - значи ако застрани дискусијата, но не и ако според некого се тотално глупи идеи за превод). Блок кој известува за нови предлози кои треба да се додадат во речникот.

За овој документ

Документов е напишан како заклучок од кратката, но продуктивна дискусија во недела 20.03.2005 во 17 часот. Учествуваа: Новица Наков, Дамјан Георгиевски, Арангел Ангов и Иван Стојмиров (и едно чоколадо :-)).