За изборот и изборите

Tags: 

Има, нормално, две гледишта за изборите што ја чекаат Македонија во јуни.

Првото е тоа на владеачките партии и воглавно граѓаните кои се нивни поддржувачи. Нивното гледиште може да се сумира вака: Изборите се нормална работа во една демократска држава и опозицијата има секакво право да бара избори. Ако владата е сигурна во своето добро работење, како што е во случајов, тогаш изборите ќе бидат уште една потврда за тоа. Опозицијата може да се лути или да негодува, но секој што губи има право да се лути, а кај нас посебно затоа што тој некој губи во континуитет и патем има потврдено лоша репутација. Сепак и таквото негодување и разногласие не треба да биде чудно во демократија. Сѐ на сѐ политичкиот живот продолжува.

Второто е тоа на опозициските партии и воглавно граѓаните кои се нивни поддржувачи. Нивното гледиште може да се сумира вака: Ова не се само уште едни избори. Ова се „изборите“. Се одлучува за иднината на земјата. Моменталните владеачи ја довеле државата до пропаст со расипничко однесување, злоупотреби на моќ и други јасно одредени практики на лошо владеење. Значи ова не се избори што се вообичаена трка за освојување на власт, туку се избори за спасување на државата што се наоѓа на работ на бездна. Лошото владеење мора да заврши овде и сега и граѓаните, а посебно оние неопределените, треба да го завршат својот дел од работата. Во спротивно, најмалку што треба е да им биде јасно дека одговорноста за мрачната иднина што следи ќе биде (и) нивна.

Првото гледиште не бара дополнителна анализа – барем за мене. Можеби можеме да дебатираме за некои работи од начинот на кој партиите ги третираат своите изборни соперници, јавните настапи и слично. Но, тие остануваат прашања од втор ред (и се дел од изборното шоу), ако веќе се согласуваме дека изборите се „business as usual“.

Од друга страна, второто гледиште бара барем малку анализа. Прашањето овде не е дали е во ред човек да има гледиште дека државата е пред бездна и работите мора да се сменат. Прашањето, исто така, не е дали може да се приберат факти што можат да го поткрепат таквото гледиште и да се искористат за придобивање на потенцијални гласачи. Туку, прашањето е дали, ако сето тоа е навистина така, човек поседува вредности кои се предуслов или гаранција за да ги смени работите.

Да го илустрираме ова со пример: Ако од опозициската говорница ја критикувам Владата бидејќи од Законот против дискриминацијата ги изоставила хомосексуалците, прашањето е дали моите вредности се такви што хомосексуалците во Македонија ќе ги добијат сите граѓански права штом бидам избран, или пак моето критикување е само заради критикување? Тоа што на јавноста ѝ се познати нормативните ставови на актуелната власт во врска со ова прашање, може да ме стави „во тесно“.

Добро, можеби ова е маргинално прашање – сепак допира малубројна група граѓани. Што правиме со другите посеопфатни прашања што ги допираат сите? Полициска држава, надгледување на граѓаните, лустрација, контрола на буџетското трошење? Кои се вредностите од кои човек од опозицијата поаѓа во врска со овие прашања? И, ако има такви вредности, зошто не се преточени во предлог-закони што ќе бидат изгласани на првиот работен ден на новото собрание? На пример, закон со кој сите тајни досиеја ќе се стават на интернет?

Сега, зошто се вредностите важни? Ако опозицијата тврди (а тврди) дека власта е авторитативна и има поставено и разработено механизми за замолчување на новинарите, за местење на тендери и избори, за неодговорно трошење на буџетски пари, за богатење на партијата итн., тогаш таа треба да докаже, или барем да покаже, дека штом ќе дојде на местото на власта, ќе има од каде да тргне – од своите вредности – за да го промени сето тоа. Во спротивно, личи како опозицијата да сака да ги обуе истите авторитативни чизми што ги овозможуваат сите критикувани работи и реката, малку – колку што има време, бидејќи државата е пред бездна, да ја сврти на својата воденица.

Признавам, не сум претерано добар во политички анализи и многу порадо би пишувал за опасностите од ACTA, но дефинитивно би прочитал текст од некој постручен за вредностите на оние луѓе од опозицијата кои имаат прилика идеите да ги спроведуваат во дела, пред сѐ во општините.

Претставка до УКИМ за пријавите и другите обрасци

ПрилогГолемина
Plain text icon pretstavka-ukim.txt5.38 KB

Tags: 

Денес до УКИМ доставив претсавка во врска со цените на обрасците и нивната можна идна дистрибуција бесплатно на интернет - прашања што ги истражував пред десетина дена: http://novica.softver.org.mk/node/596. Во основа тоа е истиот текст од блогот. Мојата адреса е замаглена, и копија испратив по е-пошта до правобранителот на студентите за човекот да биде во тек. Слики подолу.

Според Законот за постапување по претставки и предлози (Службен весник на РМ бр.82/08 од 8.07.2008 год.) треба да добијам одговор во рок од 30 дена:

Член 9
1) Органот кој постапува по претставките и предлозите е должен да му одговори на подносителот за основаноста и за резултатите од постапувањето во рок од 15 дена, а за сложени прашања во рок од 30 дена од приемот на претставката, односно предлогот.

Не знам дали една претставка може да смени нешто. Но, бидејќи пријавите и другите обрасци се во надлежност на Универзитетот, ова е шанса за сите студенти што мислат дека 50,00 денари за семестрален лист е погрешно да се придружат со достава на оваа или слична претставка до архивата на Универзитетот (зградата на Ректоратот, четвртата врата десно). Така, можеби 100 или 200 претставки ќе сменат нешто.

Го прикачувам мојот текст на овој запис во случај некој да сака да го искористи.

Дополнето: Ако патот не Ве води до Бит-пазар, претставката може да се прати прати по повратна пошта. Повратницата како доказ дека Универзитетот го примил писмото.

Дополнето 12.04.2011 година: Одговорот од студентскиот правобранител.

Демократскиот капацитет

Tags: 

Избори или не често се коментира за демократијата на политичките партии во Македонија. Долгогодишни лидери и партиски избори со еден кандидат се вообичаената слика. Интересното е во тоа што ова се случува во демократска Р. Македонија. За жал, не знам дали може некаде да се најдат информации за лидерството во СКМ во недемократската СР Македонија.

Но, за среќа, постои друга институција каде лесно може да се следи демократскиот капацитет. Оваа институција е важна од две причини: 1. Тоа е местото од каде доаѓаат најголем дел од високообразованите лица во земјава, или со други зборови, тие што во суштина подоцна во животот ги активно ги создаваат стандардите за политичкото однесување во општеството и 2. Тоа е местото каде што работат најголем дел од интелектуалците во земјава и со тоа местото од каде најчесто пристигнуваат критиките до политичките партии за нивната недемократичност.

Таа институција е Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“.

Така ако одите на списокот на ректори на УКИМ ќе видите дека во главно, ректорувањето траело две учебни години, се додека не стигнеме во деведесетите кога наеднаш ректорската задача трае повеќе. Не знам дали деканските истории се исто така достапни на интернет, но една прошетка низ холот на Филозовскиот факултет ќе Ви биде доволна да видите дека последниот декан служел од 1991 до 2009. Сега, ете веќе 2 години факултетот има нов декан. Не се сеќавам на годините, но и кога студирав на Економски, факултетот имаше долгогодишен декан.

Сигурен сум дека сето ова е регулирано со статути и слично и од формална точка е во ред. Затоа вистинското прашање е дали во недемократската Македонија промените во управите биле шминкерски колку да се рече дека ги има, и сега во демократска Македонија шминката е тргната и ги гледаме работите се такви какви што навистина биле и уште повеќе продолжуваат да бидат.

Скопје 2014 низ очите на економисти

Tags: 

Не е прв пат да референцирам кон „Маргинална револуција“, блог на двајца професори - економисти од САД. Денешниот текст е “When and where do great feats of architecture come about?” и тој води до истоимениот текст на Аџај Шах.

Еве два цитати од таму:

Transparency

You only need to impress someone when there is asymmetric information, where that someone does not know how great you are. Shah Jahan needed to build big because the targets of his attention did not know the GDP of his dominion and his tax/GDP ratio. In this age of Forbes league tables, Mukesh Ambani does not need to build a fabulous structure for you to know he's the richest guy in India. A merely functional house suffices; a great feat of architecture is not undertaken.

Accountability

The incremental expense of going from a merely functional structure to a great feat of architecture is generally hard to justify. Hence, one might expect to see more interesting architecture from autocratic places+periods, where decision makers wield discretionary power with weak checks and balances. As an example, I think that Britain had the greatest empire, but the architecture of the European continent is superior: this may have to do with the early flowering of democracy in the UK.

Авторот продолжува со анализа споредувајќи ја архитектура на денешна Кина и Индија со овие критериуми, но секој од нас може истото да го направи и за Македонија.

За слободата на говорот

Tags: 

Во ретко несувопарен текст објавен деновиве во Службен весник и достапен на интернет може да се види како судовите во Македонија, од најниските до највисоките, ја ценат слободата на говор.

Накратко станува збор за барање до Уставниот суд од адвокат од Скопје за заштита на слободите и правата гарантирани со член 16 од Уставот на Републиката, а повредени со пресуди од пониските судови.

Барањето е во врска со дело „клевета“. Не знам до која мера македонското судство функционира на принципот „преседан“, но оваа одлука личи на нешто што може да влијае во поставувањето стандарди во врска со други предмети за ова дело.

Посебно интересна е нормативната анализа, и на судот и на судијата Игор Спировски кој има издвоено мислење, во која може да се препознаат вредностите што ги имаат и застапуваат македонските судии.

Лично се согласувам со издвоеното мислење на судијата Спировски, меѓу другото и дека „слободата на изразување не е обезбедена само за пријатни и ненавредливи изјави и ставови со кои се согласуваме или кон кои сме индиферентни, туку и за изјави што се вознемирувачки или шокантни.“

Една идеја за студентските движења

Tags: 

Дали знаете кои државни обрасци се достапни за употреба само преку комерцијални продавачи?

Студентските индекси, пријави, семестрални листови и слично за државниот УКИМ.

Се разбира не сум 100% сигурен во ваквата констатација, бидејќи не можам ни да замислам какви сѐ не обрасци се потребни за комуникација со државните институции. Сепак, моето какво-такво познавање на состојбите вели дека:
- во Агенцијата за катастар на недвижностите обрасците се бесплатни и достапни на интернет,
- во МВР обрасците за пасоши, лични карти и возачки дозволи се бесплатни,
- даночните пријави од УЈП се бесплатни и достапни на интернет, а дополнително Управата ги испраќа по пошта до обврзниците,
- Заводот за статистика исто така ги испраќа своите обрасци бесплатно по пошта до лицата што треба да предадат информации за статистички потреби,
- обрасците за регистрирање на фирми и сѐ друго на Централниот регистар на РМ се бесплатни и достапни на интернет.

Мислам дека се ова доволно примери за илустрација.

Сега да се вратиме на апсурдната ситуација со УКИМ (и можеби со другите државни универзитети?). Еден индекс на УКИМ чини 500 денари. Станува збор за 30тина страници во А6 формат. Со 8000 бруцоши годишно тоа се 4.000.000 денари годишно. Мислам дека за овој тираж и формат нема печатница во Скопје што ќе даде повисока цена од 1 евро за парче. Ништо не друго не останува да се праша за ова, освен „кај се парите?“. Пријавите за испит пак се на своја „симболична цена“ од 30 денари. Не знам дали некој знае и може да објасни како еден образец што го изготвува државна институција се продава по претерани 30 денари? Пријавите се трошат по стотици илјади секој семестар. На печатење сигурно не чинат повеќе од 2 денари? Образецот за заверка на семестрар пак има посебна цена од 50 денари? Станува збор за иста А4-ка како пријавата за испит, со горе-долу исто количина боја на неа. Кој, како и зошто одредил арбитрарно повисока цена за овој образец?

За да биде работата уште позачудувачка, ваквите монополистички цени на обични обрасци за комуницирање со државна институција ги плаќа единствено група на граѓани што нема свои примања, и воглавно се смета за сиромашна.

Не знам дали ова ја допира моменталната „битка за автономија“ на УКИМ, но ако ја допира, тогаш убаво би било универзитетот автономно да ги скенира и стави сите обрасци потребни за студиите како PDF-а на својата веб-страница.

Новинарите, од друга страна, би можеле да се заинтересираат чија е печатницата што има ексклузивно право на печатење на овие обрасци.

Студентите? Ајде да фотокопираме пријави!

Македонскиот народен мудрец vs. светот

Tags: 

Помина некое време откако последен пат го агрегирав мудрецот овде. Во меѓувреме му отворив tumblr.

Првата серија: http://novica.softver.org.mk/node/562
Втората серија: http://novica.softver.org.mk/node/570

TEDxSkopje - една година потоа

Tags: 

Вчера се случи објавата на последните три видеа од TEDxSkopje 2010. Скоро една година откако разговарав за идејата за TEDx со Илина (поздрав!), TEDxSkopje 2010 е завршен (или ќе заврши во следниве 24 часа со качувањето на остатокот на видео материјалите на интернет). Тоа е добра временска дистанца да видиме (со препознатливите зборови на Мисирков): „Шчо напраифме и шчо требит да праиме за однапред?“

Мојата лична мотивација да се зафатам со TEDx беше да видам дали може да се направи, се разбира, во Македонија. Под „да се направи“ мислам на тоа да се организира настан што ќе ја постави сцената за поинаков (пред сѐ квалититативно) говор во јавната сфера. Денес, додека ги средувам впечатоците од вчерашните видеа, мислам дека тоа сме го постигнале. Ми требаше оволку време да го заклучам ова бидејќи јас на овие презентации всушност и прв пат ги гледам говорите на 12-те TEDx-совци. Затоа посебно мили ми е што вчера видов дека Небојша Вилиќ во својот говор ја допрел темата за јавниот настап.

Уште еден говор, оној на Клајд Масгрејв, прекрасно се надоврзува на тоа што се случуваше околу TEDxSkopje, почнувајќи од првите средби со идеи, па до последниот кадар што се монтираше. Идејата дека треба да им се помага на луѓето без да се бара нешто за возврат совршено се вклопува во приказната на триесетина луѓе кои одвоија од своето време, знаење, вештини и пари за да го смислат, спроведат и овозможат TEDxSkopje. Причините? Забава и задоволство. И овие две прецизно сумираат една од поентите на говорот на Никос Чаусидис.

Очигледно овие три говори имаат поголемо лично значење за мене. Не ги издвојувам како „објективно најдобри“, ниту пак ова е некаков заеднички став на целиот тим на TEDxSkopje. Ова нека биде мало појаснување, за некој од другите говорници да не се најде погоден. Патем, почнувањето и завршувањето по распоред беше уште еден личен приоритет.

Па, што следи?

Најлесно би било да се каже дека следи потрагата по говорниците за TEDxSkopje 2011. Но, за мене поважно е ширењето на квалитетот на јавниот говор и настап што TEDxSkopje помогна да се создаде, било тоа на интернет или во физички простор. Вторава работа секако е и поголем предизвик, па се надевам дека ќе причинува и поголемо задоволство.

За крај, ќе се вратам на Небојша Вилиќ, кој во својата завршна мисла, згодно, исто како и Роп Гронгрип на 27c3, ја цитираше Маргарет Мид: „Never doubt that a small group of thoughtful, committed citizens can change the world. Indeed, it is the only thing that ever has.“

Страници