Линукс.нет.мк: upgrading...

Tags: 

Пошто Томе (мртва врска) одлучил да спомне нешто, еве јас да појаснам. Сабејлечки кликам на linux.net.mk обележувачот, и оп, гледам албански знамиња и други обележја на страната. Си мислам некој да не се зезал, му ѕвонам на Стојмир и констатираме дека станува збор за the real thing.

Испаѓа дека извесен mhz искористил некој (додуше прилично стар) exploit и го рокнал сајтот. Пото брзо, брзо се пофалил (затворен форум) кај другарите. Таму ќе видите и кој се друг бил жртва на малата вжештена глава.

Искрено не верувам дека mhz е од Македонија, но кога би дознале дека е, радо би му стегнале една тужба. И така новиот кривичен закон е добро среден за ваквиот криминал.

А да, и две слики од кракот:

Словенија ја наградува својата FLOSS заедница

Tags: 

Словенечкото министерство за информациско општество (да, да, словенците имаат вакво министерство) објавува дека со вкупен фонд од 5 милиони толари (ух, не знам колку евра се ова), наградува повеќе проекти од областа на слободниот софтвер/софтверот со отворен код. Баш и не можам се да преведем од словенечки, па можете да го следите линкот и да видите што точно пишува.

Добро, ако прочепкате по документите и старите вести ќе видите дека словенците имаат и други интересни работи на оваа тема. Еве линкови, да не се мачите во барање.... еден и уште еден.

Сурфање на Wiki

Tags: 

Се ставив во некој сурферски режим последниве саат-два. Заглавив на Wikipedia и на нејзините страни - сестри. Утре државен празник па може и името на нашава земја ќе се појави на главната страна на Wikipedia во делот Selected anniversaries.

Aко барате добар tagline, одете на Wikiquote. Јас начекав еден од прва: "A bus station is where a bus stops. A train station is where train stops. On my desk, I have a work station..."

Додуше, побарав дали има цитат од некој познат(?!?) македонец. Од Гоце нема, од Славко (Јаневски) нема. Аха, добро, од Ацо освојувачот има, но Самоил го нема. Се опробав и на балкански рамки - Тито го нема, Иво Андриќ е тука.

Сега го читам Вуди Ален.

Mozilla и spellcheck?

Tags: 

Гледам Стојмир објавил некаков речник со 40 000 зборови. Сега баш би било супер некој да го земе речников, и да проба да ја проработи Mozilla и нејзиниот spellcheck-ер со македонски зборови.

Се разбира ако некој има време... јас некако кнап сум.

Патентите и слободниот софтвер

Tags: 

После толку многу муабети за тоа дека патентите можат да му нанесат силен удар на слободниот софтвер, еве малку олеснувачки вести. Daniel B. Ravicher од
Public Patent Foundation, се обидува да го исчисти воздухот со малку логика. Заклучокот е дека неслободниот софтвер треба повеќе да се плаши од патентите, а слободниот помалку. Прочитајте тука.

Каде исчезна магијата?

Tags: 

Денес е 1 септември и конечно најдов време да напишам збор два на страницава. Не дека нешто ново се случило... Последното нешто на странава вели дека сеуште го нема македонскиот WindowsXP -- епа сеуште го нема.

Но, нема и многу нови работи од светот на слободниот софтвер во Македонија. Деновиве навршија 2 години од иницијалниот собир во градскиот парк на кој беше одлучено да се започне организирано делување на полето на слободниот софтвер во Македонија -- или со други зборови беа удрени темелите на НВО Слободен софтвер Македонија.

Оттогаш направивме многу работи. Но како што изминуваат деновите ми се чини дека постојано го губиме еланот. Како да одиме надолу, наместо нагоре. Последниот настан кој беше организиран од ОССМ -- денот на слободниот софтвер, не беше ништо посебно. Идејата за настанот беше супер, растеше и растеше, и одеднаш пукна како балон и се што остана беше мал собир во паркот.

Другите проекти постојано би требало да се on-going исто така се во застој. Со вакво расположение поверојатно е дека прво ќе излезе OpenOffice 2.0 отколку македонскиот превод на 1.1.

Мириса на апатија, и сите треба да се обвиниме за тоа. Ќе ја пронајде ли ОССМ повторно својата острица? Ќе има ли нови идеи и свежа крв или и ОССМ ќе заврши како избушена гума на буниште?

Каде исчезна магијата што не движеше пред 15-тина месеци?

Каде е македонскиот Windows XP?

Tags: 

Точка 2 од активностите кои Microsoft се обврзува да ги превземе со потпишаниот договор вели:

2. Ќе започне со развој на верзии на Windows XP и Office XP локализирани на македонски јазик, веднаш по потпишувањето на овој договор. Windows XP ќе биде локализиран до 01.07.2004, а Office XP до крајот на календарската 2004 година. Microsoft ќе обезбеди Macedonian Language Interface Packs за сите нови верзии на наведените производи во текот на времетрањето на овој Договор.

Епа, денеска е 12 јули. Точно 12 дена после 01.07 кога требаше да се појави локализираниот Windows XP, а него го нема. Нема воопшто никакви новости за тоа до каде е преводот. А медиумите и Владата се преокупирани со децентрализацијата.

Каде е македонскиот Windows XP?

Nvu и другите од семејството Mozilla

Tags: 

Пред некоја недела на страницава ги закачив најновите XPI-ја за Mozilla, Firefox и Thunderbird. Денеска го закачувам и XPI-то за Nvu - web уредувачот базиран на Composer-от на Mozilla, кој сеуште е во рана фаза на развој.

И покрај тоа неговото преведување беше лесно бидејќи успеав да ги искористам веќе готовите преводи од Mozilla и ете сега имаме jar-ови со превод. Јас и не можам да го пробам преводот, бидејќи tar.gz-то со Nvu нешто ми е заебано, а сега не можам пак да го симнувам од Интернет. Па кој може нека проба дали работи преводот.

Сите XPI-ја во делот Макзила.

Јазичари аман помогнете!

Tags: 

На 09.06.2004 на Агора се појави текст за преведувањето на софтвер на македонски јазик. Текстот (со наслов „Микрософт, аман ѕирни го јазикот!“) пред сè се однесуваше на преводот кој Мајкрософт го прави, но закачи и некои теми кои на еден или друг начин имаат врска со слободниот софтвер и неговата локализација на македонски.

Го прочитав текстот и до Агора пратив e-mail со коментари за некои од работите во текстот. Поминаа петнаесетина дена, а тој одговор не се појави на Агора. Затоа еве го тука.

Драга Агора,

Како член на Слободен софтвер Македонија и човек кој поголем дел од своето време троши на локализација на слободен софтвер се чувствувам повикан да пишам збор два кон текстот „Микрософт, аман ѕирни го јазикот!“ кој се појави на твоите страници. Се надевам дека таму ќе има место и за овој мој текст.

Пред почнам со оние неколку работи кои сакав да ги напишам за преведувањето на слободниот софтвер на македонски јазик, сакам да кажам нешто „противниците“ кои „протестираа“. Ваквиот авантуризам во изразувањето може лесно да ја искриви сликата за активностите на Слободен софтвер Македонија. Така сакам да одам on-the-record за две работи: Слободен софтвер Македонија не е противник на Микрософт. Воопшто движењето за слободен софтвер нема никаква врска (нити позитивна нити негативна) со Микрософт како таков. За
заинтересираните, одговорот на прашањето „Дали Микрософт е големиот сатана?“ (кој патем е Не!) може да се најде преведен на македонски на страниците на Опасна багра, а оригиналниот текст чиј автор е таткото на
ова движење Ричард Сталман може да се најде во архивите на страниците на проектот GNU.

Понатаму, Слободен софтвер Македонија не протестираше пред Универзалната сала. Слободен софтвер Македонија само ја искористи маркетинг кампањата на Микрософт за промоција на слободен софтвер. Идејата за овој настан е објаснета на страниците на Слободен софтвер Македонија. Патем се извинуваме за превидот кој се случи со „одсекогаш“. Од друга страна можеби и добро е што се случи тој превид (а и оние на Микрософт), бидејќи очигледно отвори место за дебата. Но, сега настрана тоа. Верувам дека овие грешки на авоторот се ненамерни, исто како и нашето одсекогаш“.

Преведувањето на слободниот софтвер на македонски јазик го прават волотнери во своето слободно време. Има прилично широк спектар на луѓе кои се бават со оваа работа, но за жал, колку што ми е мене познато, ниту еден од нив не е на Филолошкиот факултет, а камоли да е македонист. Сепак Слободен софтвер Македонија (ОССМ) прави чесни напори да излезе со некакви правила за преведување и речници кои би се користеле. Конкретно скица на правилата е достапна на странта на Малина. ОССМ многупати ги повикала луѓето кои не се „компјутерџии“ да се приклучат кон нејзините проекти (тука спаѓаат и оние чија работа е јазикот), со цел работата која се работи да добие поголемо значење за македонското општество воопшто. Но, ретко кој се има одзвиено на тие повици.

Рабирам дека дебатирањето за тоа како Микрософт ќе ги преведе своите програми на македонски јазик е мошне интересно. Но претпоставувам и дека, во крајна линија, ќе има малку полза од тоа. Ако се сеќавате, чувме жалење од студентите на Филолошкиот факултет дека никој не ги повикал да помогнат во локализацијата на WindowsXP.

Затоа сакам да ја искористам оваа можност (се разбира доколку ми биде дозволено) да ги повикам истите тие студенти и сите други кои имаат некаква работа со македонскиот јазик да се приклучат pro bono кон работата на ОССМ и да помогнат квалитетниот софтвер кој го произведува светската FLOSS заедница да добие квалитетен македонски превод. Секако оваа работа ќе биде потешка од искажување незадоволство кон активностите на Микрософт, но ќе биде и шанса да го докажеме она што отсекогаш сакаме да го докажеме - дека нѐ бива. Впрочем резултатите од ваквата работа многу побрзо и полесно ќе бидат видливи. Нови преводи (како и нови верзии) на програмите кои се слободен софтвер се
појавуваат скоро секои 3-4 месеци, а и промената и подобрувањето на преводите е прилично едноставно.

Исто така сакам да ги повикам и сите оние кои во некакви владини, полувладини и слични проекти, произведоа и напишаа речници и лексикони на македонскиот јазик, да ги отворат тие речници и да дозволат истите да се користат во алатките за проверка на правопис и речниците кои и припаѓаат на групата на слободниот софтвер.

П.С. По читањето на текстот на Даниел глаголот „презема“ во преводот на Mozilla ја доби својата правилна форма -- онаа без „в“. Всушност преводот на Mozilla и почна без „в“, но потоа некој рече дека правилно е со „в“ - така било во некој речник. Потоа некој друг рече дека во неговиот речник пишува дека правилно е без „в“. И потоа повторно со „в“. Се надевам дека конечно Даниел знае што зборува и дека нема да морам по 5-ти или 6-ти пат да ги поправам оние околу 200 линии кои го содржат тој збор.

Ќе ја искористам оваа прилика и директно да го поканам Даниел да ги прегледа преводите кои јас ги работам (оние на семејството Mozilla и jabber клиентот Psi), да поправи некои грешки и да разреши некои мистерии - се разбира pro bono.

И секако ќе го поканам да помогне во изработката на речник кој би се користел при преведување на слободен софтвер, како и да даде совети и идеи за правилата од Малина.

Почеток

Tags: 

Стартува малечка страница на која ќе ги чувам работите што ги качувам на Интернет. Првава страница е малку празна, но другите делови се колку-толку пополнети.

Еве ја работи, па да видиме како ќе биде.

Страници