2с.мк

Македонски

2с.мк и Македонија и Републиката

Tags: 

Пред некое време некој на твитер прашуваше: што правиш ти за Македонија или некое такво мрчење и се присетив на времето кога една од задачите на Слободен софтвер Македонија беше локализација на слободен софтвер и нужно според тоа обзнанување на името на земјата во меѓунарднте проекти (каде што нормално најчесто веќе имаше луѓе од Грција).

Не го правиме ова повеќе, затоа што повеќе не локализираме толку многу, дека веќе има воспоставена пракса итн. Но во секој случај, збориме за времето значи и пред кампањата на ФИООМ — “Don’t you FYROM me“. Одамна значи.

Не го пишувам ова за да се искурчиме — но зошто и да не—тие напори да се вметне Македонија во меѓународен проект како Македонија или Р. Македонија или барем ебениот ISO стандард (како што е во случајот со Мозила) беа толку пред некоја друга граѓанска организација од Македонија да се бави со тоа (ОК можеби СМК се бавеле со тоа отсекогаш).

Како и да е, она што ме потсети на сите овие мрчења од минато е дебатата за внесување на Македонија во Дебиан (еден од најважните — ако не и најважниот проект за слободен софтвер). Во таа дебата извесен Сивард од Холандија објаснувајќи го својот став за случајот, вели нешто што ете 10 години ми стои во глава (10х @gdamjan за свежо url):

I live in a monarchy, and i would trade it in for a republic any day.

Не знам како сум го разбрал ова тогаш (веројатно позитивно штом сум го запамтил), но денес кога гледаме како Републиката ни се губи (ако не е и веќе изгубена), се чувстувам како сонот да се истрошил.

Веќе не сум ни сигурен дека вреди и треба да се инвестира во нешто што не е / престанува да биде Република.

Република Конфликт на интереси

Tags: 

Неколку дена пред да заврши рокот за тенедерот за локализација за слободен софтвер за училиштата кој го организира PEP заедно со USAID и Министерството за образование и наука на Р. Македонија, Слободен софтвер Македонија се обрати до проектот со цел да ги пренесе своите забелешки во врска со тендерот и да објасни како тоа може негативно да влијае на пошироката заедница на слободен софтвер во Р. Македонија.

Барањето за средба со претставниците на PEP беше одбиено од нивна страна бидејќи тендерската процедура била во тек и претставувало конфликт на интереси да се состануваат со потенцијален учесник на тендерот, а како таков ја препознале Слободен софтвер Македонија.

Денес, според речиси официјалните информации, дознавам дека друштвото „Генреп“ го добило тендерот. Затоа сметам дека потребно да прибелeжам дека еден од водечките луѓе на оваа компанија, Климент Симончев е истиот човек кој ја има пишувано Kонцептуалната стратегија за употреба на софтвер со отворен код во училиштата (изработена исто така во соработка со USAID и МОН), во која се наоѓаат многу програми кои тој ги препорачува за употреба во училиштата, а кои пак се исто така дел од тендерот кој го распиша PEP.

Јавна дискусија за македонскиот јазик и информатичката комуникација

Tags: 

Изминативе години сум присуствувал на многу настани на кои сум ја претставувал идејата за слободен софтвер и организацијата Слободен софтвер Македонија, но ми се чини дека не сум присуствувал на посрамен настан од оваа расправа денес за македонскиот јазик и информатичката комуникација.

Замислете, во рамките на манифестацијата 2008 - Година на македонски јазик, организирана под покровителство на претседателот на Владата на Р. Македонија, главниот говорник направи одлична презентација за локализацијата на Windows Vista и MS Office 2007 на македонски јазик. Леснотијата со која тоа се турка на ваков настан е просто зачудувачка.

Ако има некој од Microsoft (или партнер компанија или нешто трето) што го чита овој запис, немој да го сфаќате ова погрешно. Всушност сакам да Ви честитам за одличната работа. Нема друга компанија која поумешно и помудро си го брани својот интерес и си ги промовира своите активности. Навистина, секоја чест.

Она што крајно ме разочарува, и за што впрочем го пишувам ова, е фактот што сите институции во државава кои по дефиниција треба да работат за јавниот интерес не го прават тоа. Незамисливо ми е како државниот (потенцирам државниот) филолошки факултет до сега не најде за сходно да направи официјален речник за превод на софтвер што ќе биде јавно достапен, а соработувал со Microsoft за да направи ист таков исклучиво наменет за негови потреби и „заштитен со авторски права“. Незамисливо ми е како настани покриени со државни (т.е. пари на граѓаните) се користат за промовирање на приватни интереси. И конечно, незамисливо ми е лицемерието кога јавно сите институции повикуваат на соработка, а истите тие ја имаат затворено вратата на Слободен софтвер Македонија во изминативе години при сите обиди за добивање на стручна помош.

Во врска со остатокот од дискусијата, благодарност до Филип од Метаморфозис што ги пренесе поентите за слободниот софтвер пред публиката. За дискусијата имаше список, а тој беше пред мене, па мене само ми остана да кажам дека речиси сите проблеми што можат да ги замислат јазичарите, најлесно се решаваат со слободниот софтвер. Излезе дека се мачеле луѓето со фонтови, а не знаеле дека постои DejaVu.

Ех, а јас нешто сум објаснувал за слободен софтвер на мајчин јазик.

Да купиме проектор за Слободен софтвер Македонија

Tags: 

Уште едно СподелиКино пропаѓа поради немање проектор.

Па ајде да купиме еден.

Линијата за донации на Слободен софтвер Македонија е отворена.

Покажете се.

Пет години Сободен софтвер Македонија. Па што?

Tags: 

Утре (недела, 28.10.2007 г) навршуваат 5 години од основачкото собрание на непрофитната Слободен софтвер Македонија (2c.mk). Имаме журка по повод тоа, па можете да дојдете на прославата.

Пред 3 години имав причини да пишувам подолги текстови. Тогаш ми се чини завршив мошне храбро и со оптимизам:

Ако не постоеше ОССМ...

За крај размислете за ова. И покрај големата активност на ОССМ, јавноста сеуште многу малку знае за слободниот софтвер. Јавноста многу малку знае за софтверот воопшто. Може ли некој да претпостави што ќе пишуваше по весниците ако ОССМ не ја кренеше оваа буна?

Сигурен сум дека Владата ќе добиеше аплаузи за одлична зделка. Медиумите немаше да чепкаат многу-многу. Кој ќе ги чита сите тие работи? ВМРО-ДПМНЕ ќе се побунеше за некој изборен поен, но со стандардните а-ла Семос критики. Потоа работата ќе се заборавеше.

Навистина не може да се каже дека ваквиот исход на настаните е некој успех за ОССМ. Но, вака, со ОССМ која го одржува вниманието, другите одговорни организации можат да преземат чекори. ОССМ успеа да ја одржи топката во игра. И тоа вреди нешто.

Се смени ли нешто изминативе години? Што е со Слободен софтвер Македонија? Секако има долг список на активности. Знаевте за сите овие работи?

Слободен софтвер Македонија ми се чини е една од ретките grassroot (не знам соодветен превод) организации во земјава. Не сме ничија ќерка, сестра. Не сме под ничија капа. 99% од работите што воопшто се работат за и околу организацијата и, впрочем, целата заедница се pro bono - волонтерски. Сепак и покрај бројните пофалби за нашата работа и несомнено богатото резиме не можеме да добиеме финансиски средства од вообичаените донори за ниту еден проект кој би ја проширил и подобрил целокупната активност.

2c.mk истовремено неверојатно тешко добива место во медиумите. Често имаме полно работи да кажеме или објавиме или објасниме. Сепак, повеќето медиуми се незаинтересирани. Големите се особено недостапни. Штета за тоа. Среќа што го имаме Интернет (веб страници, поштенски листи, irc канал и сл.).

Можеме да покажуваме кон инцидентите во разни работни средини каде од различни причини се користи слободен софтвер преведен на македонски јазик. Некои луѓе од таму велат дека им били баш корисен.

Но на крај, ако повлечеме црта, едно е сигурно. Ако уште утре ги снема од лицето на земјата и Интернет сите нешта кои се доказ за постоење и служат како референца, ништо нема да се случи, никој нема да забележи.

Ова некако ме донесе до еден есеј на Огњен Стрпиќ објавен во придружната книга (PDF) на изложбата System.hack() на нашите пријатели од Хрватска:

Danas najrasprostranjeniji slobodni softver cine programi kao sto su web-server Apache i (prema zastupljenosti, u puno manjoj mjeri) Mozillin web-klijent Firefox. Iako je s procvatom Interneta, osobito weba, softver vezan za taj segment upotrebe znatno dobio na vaznosti, i Apache i Firefox drustveno su zapravo nevazni. Zasto? Zamislite na cas da ih nema. Sto se promijenilo? Nista. Isti broj ljudi manje-vise jednako pregledava isti broj web-stranica koje se i dalje manje-vise jednako posluzuju.

Pravde i postenja radi, mislim da postoji jedan druπtveno utjecajan slobodan softver: to je Wiki Warda Cunninghama. Wiki je istinski inovativan i u ovih dvanaest godina vise nego masovno iskoriπten koncept, koji je dozivio nebrojene varijacije i poneke doista spektakularno utjecajne primjene (npr. Wikipedia).

Колку вистина има во работите што ги напишал Огњен? Ѕирнете ја книгата. Има интересни есеи.

Среќен 5-ти роденден Слободен софтвер Македонија.

Ден на слободен софтвер во Скопје, 15.09.2007 г.

Tags: 

Цело лето работа и еве време е да се пофалиме дека ќе се приклучиме во светската прослава на денот на слободниот софтвер која оваа година е закажана за 15 септември. Веќе напишав вест на Сподели знаење: врска.

Се надевам дека нема да има никакви пречки за одржувањето на настанот. И се надевам дека ќе имаме време да известиме за тоа ако ги има.

Патем, да не речете не сте знаеле: Секој оној кој ќе биде фатен како не блогира за ова ќе добие соодветна пошта од милитантното крило на 2с.мк. :-)

Следните 5 минути

Tags: 

До крајот на мај има вкупно 12 работни вторници. 6 од нив дефинитивно припаѓаат на „Сподели знаење“. Останатите може ќе припаѓаат на „Сподели кино“ доколку успееме да се договориме за распоред во Точка.

Она што сум спремен да го направам и во што се надевам на помош од Дамјан, Игор и Миша е овие 12 датуми да имаат сигурно обезбедено 1 час содржина на теми поврзани со слободен софтвер, интернет, веб2.0, авторски права и сл. Ако падне договор со Точка распоредот би бил ФЕИТ: демонстрација на некои работи што можат да се прават со слободен софтвер; Точка: проекции на филмови, анимации или предавања на некои релевантни ликови од странство на горните теми (и потоа ако има време и желба - дискусија). Ако не се договориме со Точка, тогаш кино секој сам од дома ќе си споделува. :)

Другиот еден час што веројатно ќе останува на ФЕИТ е слободен/празен за секој оној кој сака да даде некаков свој придонес. Јас моите идеи ќе ги бележам на викито на Лугола.

Размислував нешто повеќе за сите активности во врска со слободен софтвер и заедницата во Македонија и ми се чини дека овие 3 месеци што остануваат до почетокот на летото се добар рок за полно работи. Веќе подолго време мислам дека клучна работа е да ја доведеме веб инфраструктурата на Слободен софтвер Македонија во модерно доба. Се надевам дека овие некои мали придвижувања што почнаа да се случуваат благодарение на Глиша и Игор ќе бидат поттик конечно да се собере критична маса на луѓе за да се направи нешто солидно. Ако се појави интерес кај студентите на ФЕИТ кои мора да одработат пракса, тогаш пракса под капата на Слободен софтвер Македонија, токму на вакви некои веб проекти може да се покаже како одлична варијанта. Исто така во наредниве месеци, веројатно после Велигден ќе треба да го одржиме и веќе традиционалниот инсталационен фестивал. За овој настан се уште немаме солидна локација, но ајде да речеме дека има уште време за потрага.

Оние што беа во Точка на нашиот последен официјален собир знаат дека Дамјан рече дека размислува за повлекување. Јас исто имам слични мисли на ум и иако се уште ништо не е одлучено, постои можност за целосен log out од лето па натаму.

Мислев дека е ОК ова да се знае за да не излезе после нож на грло во случај прославеното место „претседател на Слободен софтвер Македонија“ да остане празно. Вака сите заинтересирани страни можат да се подготвуваат за иднината.

Ете тоа. Ајде да сработиме нешто до 31 мај.

Во очекување на успешни работилници

Tags: 

Па, утре (19.02.2007) започнуваат работилниците за слободен софтвер кои UNDP FYR Macedonia ги организира во рамките на проектот Support to e-Governance initiatives based on Free/Open Source Software at the local level.

Како што веројатно сите знаат, Слободен софтвер Македонија е некако вклучена во овој проект, па иако немаме никаква врска конкретно со овие работилници, сакам да се заблагодарам за рекламата која ја добиваме преку постерот.

Но, морам и да се запрашам за тоа дали со овие активности ќе се постигне некаков значаен ефект за слободниот софтвер. Уште пред почетокот забележувам проблеми. Така, не треба многу думање за да се забележи дека истиот тој постер зборува за „слободен софтвер со отворен код“ што како такво не постои и е потенцијална замка за дезинформации. Исто така и веб страницата за настанот е направена во ASP што не е слободен софтвер, па прашањето останува: како ќе ги подучите другите да користат нешто, ако вие не го користите, т.е. ако не давате пример?

Но, во духот на една мисла чиј автор не го знам: „Don't attribute to malice what can be explained by incompetence“, се надевам дека овие грешки од страна на UNDP FYR Macedonia не се намерни.

Исто така, се надевам дека ќе имаме успешни работилници. Лугола, do your best!

Денес, конференција за е-Општество

Tags: 

Денес, јас и Арангел како претставници на Слободен софтвер Македонија бевме на конференција со име е-Општество.мк. Ќе почнам од крајот: ручекот беше добар. :) Така фино си поминавме, имаше интересни фаци, смешки, сеир, добри поенти и се друго што е потребно за една конференција да се нарекува себе си конференција.

Инаку текстов во кој што ја коментирам конференцијата и работите поврзани со неа ми е поделен на три дела: белешки за тоа, белешки за ова и белешки за она.

Белешки за тоа

Во последно време ми се чини дека сум бил на повеќе вакви слични настани и се повеќе ми се чини дека луѓето кои се наоѓаат зад микрофонот (поточно македонските претставници) не живеат во ист свет со остатокот од македонските граѓани, вклучително и со голем дел од публиката. И добро, ова можеби и не е толку лошо, ќе си помислите ете таму некој на говорницата има некаква визија, но луѓе ви се молам... мислам дека сето ова нема никаква смисла. Зошто? Во публиката едноставно немаше луѓе што можат да прашаат (дискутираат) нешто. За мене тоа е очигледен доказ дека овие прашања едноставно не допираат до луѓето, дека најпросто не се дел од нивниот свет. И тоа е тоа, а не дека немаше интересни теми, имаше. Додуше имаше и некои прилично досадни, но впечатокот останува.

Стандардно, ние (оССМ) се интересиравме за Законот за слободен пристап до информациите од јавен караткер. И тука нема што ново да се додаде, барем не сега за сега. Од другите поинтересни коментари од публиката вреди да се спомене оној на Ѓоко Јовановски (Злочко). Станува тој да праша го праша Јани Макрадули како мислат да го зголемат бројот на интернет корисниците во Македонија (како што е наведено во НСИО). Г-динот Макрадули одговара дека цените не се толку голем проблем, т.е. дека доколку има содржини и владини сервиси на нет, луѓето безразлика колку е скапо ќе си бркаат работа - демек поисплатливо било така отколку на шалтер. Искрено се сомневам во ова. Впрочем зголемената понуда на, на пример, скапи и полни со информации весници во трафиките не ја зголемува нивната читаност, безразлика на кој јазик се тие.

Мене особено добар впечаток ми остави г-динот Колин Вајтхаус од еGovUK. Прво човекот изгледаше дека точно знае што зборува. Второ мислам дека направи особено добра забелешка за од македонска страна презентираниот top-down пристап во прашањата поврзани со интернет воопшто - дека тој не чини. На другата страна, еден од нашите говорници, уредник на Време чие име го заборавив, ми остави впечаток дека не знае што зборува. Само како да склопил некој есеј, како домашна задача, кој го презентираше пред публиката.

Друга работа што особено ме загрижи беше некој спомнат закон за е-општество. Ова веќе неколку пати го слушам и никако не можам да замислам како тоа со закон ќе се спроведе, креира или не знам што... некакво општество. Како со закон се прави општество? Ќе чекам некој да ми го објасни ова.

Белешки за ова

Сеуште сме на конференцијата. Сега прашањето е зошто не сме ние (оССМ) таму. Не пишувам за ова со некакви лоши намери, но навистина ме зачудува тоа што Слободен софтвер Македонија немаше свој претставник меѓу говорниците. Впрочем Слободен софтвер Македонија е единствената оригинално македонска, неќерка, grass-root организација која има огромно искуство во работа со софтвер и работи врзани со него, која има значаен придонес во општествово, која изминативе три години направила огромни напори во промовирањето на некакви работи поврзани со е-* итн. Сигурен сум дека имаме што да споделиме со публиката (и јавноста), безразлика колку е таа незаинтересирана за ваквите прашања.

Друга работа што ме загрижи е употребата на терминот „софтвер со отворен код“ во неколку наврати од страна на презентерите. Последно што ми падна во очи беше она од г-динот Бардил Јашари од организаторите и некакви наши соработници во работата со слободниот софтвер. Навистина не ми е јасно зошто не се користеше терминот „слободен софтвер“ или пак конгломератот „слободен софтвер и софтвер со отворен код“. Впрочем, кога станува збор за некакви пошироки влијанија на софтверот во општеството и работи поврзани на пример со образование, единствен валиден термин е „слободен софтвер“. Знаете, постои битна разлика меѓу „слободен софтвер“ и „софтвер со отворен код“. Моралните, етичките, политичките импликации на првиот се она што го прави важен. Но, имајте на ум и дека некој софтвер може да биде со отворен код, а сепак да не биде слободен (иако ова е навистина редок случај), додека спротивното не е возможно.

Особено ме загрижи тоа што ова дојде од организација со која ние, Слободен софтвер Македонија соработуваме за работи, прашања и активности кои се поврзани со слободен софтвер.

Белешки за она

Добро, Метастазис навистина имаат проблем со нашето име. Името на организацијата е Слободен софтвер Македонија или на англиски Free Software Macedonia. Тоа не е Отворен софтвер, Слободен софтвер со цртка Македонија или на англиски па со цртка. Мислам, имаме судски документ во кој стои дека се викаме Слободен софтвер Македонија и ич не ми е јасно како ова може да биде тешко за паметење.

И, ве молам другари Метасинтезис, не сме активисти (не навлегувам овде во детали зошто не сме). Ако веќе мора да пишува нешто под моето име, секогаш може да се стави некаква друга ознака... и секако секогаш може да бидеме прашани што тоа може да пишува таму.

Се надевам дека одговорните од Метаморфикс ќе ги запаметат овие работи.

П.С. Знаете, најуспешните земји во е-сенешто се Ireland, Israel и India. Водечки IT производи се некои со името iPod... Гледате аналогија? Земјиве всушност се iReland, iSrael и iNdia. Дефинитивно тука во прашање е добра карма од i-то. Мислам дека вака на повидок е удар кој тепа две муви. Македонија треба да ја прекрстиме во Имакедонија. Така ем ќе ја добиеме кармата од i-то на почетокот на името, ем ќе го решиме спорот со грците. iMacedonia. Јес!

Три пати ура за Слободен софтвер Македонија!

Tags: 

Па еве сме, неколку дена по завршувањето на маратонот на кој беше преведен корисничкиот интерфејс на слободниот OpenOffice.org 2.0 и солиден дел од помошта на апликацијата, а веќе прилично луѓе блогирале и коментирале на темата: „што потоа?“. Така, во најмала рака, неучтиво би било јас ништо да не напишам. :)

Една од работите што особено многу ме радува и секогаш ме прави задоволен, е кога некои луѓе кои што врска немаат со софтвер воопшто, во некој неврзан муабет, откако ќе дознаат дека јас некако сум поврзан со ОССМ, ми велат дека ние сме биле вистинска НВО... не како другите, кои прават фарси и други работи означени со неубави зборови.

Прашањето, логично е, дали ние сме вистински цивилен сектор заради тоа што никогаш не влегле пари во нашата организација, или пак затоа што едноставно добро си ја работиме работата?

Сега, кога наеднаш после превод на ОО.о 2.0 ќе се повика на разно-разни прашања за награди од фирмите и некаква нивна (морална ?!?) одговорност, одеднаш имаме ситуација во која ќе започне некакво оценување на состојбата. Па ги имаме Јован, Васко и Игор, како дрмаат на темата.

Од кај да почнам... ако нашата сериозност во работата до сега не го убедила Јован да не ни се обраќа со „дечките“ не верувам дека еден преведен ОО.о 2.0 ќе натера некого од пошироката јавност да става пари во касичка за ОССМ. На страна се, не постои никаква логика во тоа да се очекува некаква „корпоративна одговорност“ од приватниот сектор, кога истиот (во Македонија) во голема мера нема никаква одговорност кон сопствените вработени (читај придонеси, работно време и сл.).

Васко, кај си бе? Главоболки-шмавоболки. Точно е дека парите се заебана работа. Јас знам барем еден пример каде волонтерска дружина се раскурцала заради кеш, ама строго контролирани возови се строго контролирани возови. Ако нешто добро се дефинира, главоболките сигурно ќе бидат незначителни.

Сега, Игор, кој по ѓаволите, крстува текст во духот на насловот на продолжението до Star Wars во кое добрите губат? Ало?!? :) Факт е дека волонтеризмот не е вечен. Јеби га, луѓето стареат, па работа, жена, деца, одење по риба, играње тенис... кој ќе најде време за преведување на XXXX линии за да имаме некоја следна верзија од некој софтвер на македонски јазик, особено во услови кога се знае дека софтверот баш и не го користат многу луѓе. Веројатно ни е потребна добра корисничка основа за да знаеме дека за некое време од сега ќе можеме да се потпреме на други луѓе. Но можно ли е ова? Ако речеме дека од локализацијата водечки проекти се Gnome, KDE, OO.o и Mozilla, тогаш вкупниот број на луѓе што се задолжени за сите нив не е поголем од 7. 7 луѓе се малку луѓе, ако се земе предвид дека на ossm-members има околу 150 претплатници. Да не го спомнувам фактот што од оригиналната постава на ОССМ активни се помалку од број на прсти на една рака.

И може ли ОССМ да направи разлика? Било како било, ОССМ (или нејзините волонтери!) веќе прават разлика. Ефетките можеби се мали, што ќе рече, можеби можат да бидат и поголеми, ама добрите дела и идеи секако остануваат запаметени.

Сега, ќе помогне ли некој во тестирањето на кандидатите на mk-firefox-1.0.7, за корисниците од утре од mozilla.org да можат да симнат пачирани верзии на овој прелистувач? Ај да видиме.

А да, положив. :D

Страници