Submitted by Новица on
Tags:
Изминативе години сум присуствувал на многу настани на кои сум ја претставувал идејата за слободен софтвер и организацијата Слободен софтвер Македонија, но ми се чини дека не сум присуствувал на посрамен настан од оваа расправа денес за македонскиот јазик и информатичката комуникација.
Замислете, во рамките на манифестацијата 2008 - Година на македонски јазик, организирана под покровителство на претседателот на Владата на Р. Македонија, главниот говорник направи одлична презентација за локализацијата на Windows Vista и MS Office 2007 на македонски јазик. Леснотијата со која тоа се турка на ваков настан е просто зачудувачка.
Ако има некој од Microsoft (или партнер компанија или нешто трето) што го чита овој запис, немој да го сфаќате ова погрешно. Всушност сакам да Ви честитам за одличната работа. Нема друга компанија која поумешно и помудро си го брани својот интерес и си ги промовира своите активности. Навистина, секоја чест.
Она што крајно ме разочарува, и за што впрочем го пишувам ова, е фактот што сите институции во државава кои по дефиниција треба да работат за јавниот интерес не го прават тоа. Незамисливо ми е како државниот (потенцирам државниот) филолошки факултет до сега не најде за сходно да направи официјален речник за превод на софтвер што ќе биде јавно достапен, а соработувал со Microsoft за да направи ист таков исклучиво наменет за негови потреби и „заштитен со авторски права“. Незамисливо ми е како настани покриени со државни (т.е. пари на граѓаните) се користат за промовирање на приватни интереси. И конечно, незамисливо ми е лицемерието кога јавно сите институции повикуваат на соработка, а истите тие ја имаат затворено вратата на Слободен софтвер Македонија во изминативе години при сите обиди за добивање на стручна помош.
Во врска со остатокот од дискусијата, благодарност до Филип од Метаморфозис што ги пренесе поентите за слободниот софтвер пред публиката. За дискусијата имаше список, а тој беше пред мене, па мене само ми остана да кажам дека речиси сите проблеми што можат да ги замислат јазичарите, најлесно се решаваат со слободниот софтвер. Излезе дека се мачеле луѓето со фонтови, а не знаеле дека постои DejaVu.
Ех, а јас нешто сум објаснувал за слободен софтвер на мајчин јазик.