Submitted by Новица on
Tags:
Ова време минатата година се откажав од дајл-ап интернет. Се вратив, очигледно, заради некои е-обврски, ама еве сега пак размислувам за вадење на модемот. Цела година ништо позначајно не се смени во врска со прашањето за Интернет, цени, можности за поврзување и сл.
Ова време минатата година исто така пишував еден текст за Интернет во државава. Лајт мотивот ми беше една мисла од Тимоти Лири:
Дали не е точно дека слободата во било која земја префектно се мери со процентот на персонални компјутери во рацете на поединците?
Оваа реченица е од стар текст, од 1986 година. Сигурен сум дека ако Лири беше жив денеска ќе го речеше истото само наместо персонални компјутери ќе речеше Интернет.
Поентата која сакав да ја направам тогаш е многу едноставна: На моќниците во нашата држава (владата, големите компании, политичките партии...) им одговара низок процент на пенетрација на Интернет, (а земајќи ги предвид високите давачки за хардвер, и (релативно) низок процент на персонални компјутери во земјава) од едноставна причина што тоа значи помалку слобода за граѓаните.
Интернет е свет на краеви. И во ситуација кога средствата за комуникација внатре во земјава (не можете да отидете никаде со воз, јавниот превоз не чини, бензинот е скап), а и на релација дома-странство се никакви (визи за сегде, а често забранети влез и во земји за кои не треба виза (види Хрватска)), Интернет може да биде нашата дупка за влез во чудесниот свет на... сè. Исто така, мрежата можеме да ја користиме за соработка. Ако веќе не можам да патувам низ земјава, едно WikiWiki на Интернет може да биде одлу(и)чен дом за сеќавање на нови луѓе и мислења и остварување на соработка, соработка која (и сега ќе бидам малку оптимист) можеби ќе вроди со нешто што ќе ја турне земјава кон подобро, притоа земајќи дел од моќта на пашите. И овде не мислам на некаква политичка револуција бла бла бла, туку баш на избегнување на тие работи и креирање вредност која ќе донесе дополнителен квалитет во нашето секојдневие. Нешто во смисла на она што еднаш го имам прочитано од Линус Торвалдс, дека тој (со развојот на Линукс) нема намера да го уништи Мајкрософт - тоа би бил само ненамерен спореден ефект (цело интервју, NYT).
Значи уверен сум дека тоа што немаме доволно Интернет е свесна одлука.
И сега назад на Тимоти Лири. Човеков има пишувано многу за слободата, авторитарните режими, мислење со своја глава итн. Цитат, 1990 година:
Горбачов беше вчудоневиден кога дозна дека голем дел од советската младина, по добивањето на слобода на печатот, повеќе беше заинтересирана за НЛО-и, панк-рок, астрологија и хашиш одошто за политички прашања.
Не знам што се случило подоцна со советската (сега руска, украинска... итн.) младина, ама прилично сум сигурен дека употребата на Интернет во земјава е отприлика на ова ниво. Дури и моментално жешките места изобилуваат со работи кои се sidestepping од политичките прашања. Општиот квалитет можеби не е нешто посебно висок, но може да се најдат и некои корисни дискусии, како и иницијативи за остварување на некои повисоки цели (кои не ми се допаѓаат многу-многу). Но, сè на сè, мислам дека добри работи се случуваат на македонскиот Интернет, земајќи ги предвид ограничувањата.
Прашањето што останува е кога ќе имаме малку повеќе слобода? Викендов е викенд на бесплатен дајл-ап Интернет и заради тоа им благодарам на мт.ком и он.нет. (Секако јасно ми е дека тие ова го прават од чисти бизнис побуди.) После долго време успеав на раат да искликам повеќе хипер-врски од вообичаено, да направам catch-up, да видам што се случува - и богами има што да се види, полно работи се случуваат. Но, ова завршува денес на полноќ и се враќа стандардната шема на мала/ограничена слобода. Така, до крајот на месецов најверојатно ќе го извадам модемот, а за да останам во тек, ќе нарачам некои книги, ќе читам така офлајн и ќе чекам некој да даде одговор на горното прашање.
На крај оставам уште една мисла за македонската блогерска заедница (која сака да порасне и да се надрасне) и другите чинители на нашиов Интернет. Повторно веќе цитираниот чичко:
If you write stoned, edit straight. If you write straigth, edit stoned.