Следните 5 минути

Tags: 

До крајот на мај има вкупно 12 работни вторници. 6 од нив дефинитивно припаѓаат на „Сподели знаење“. Останатите може ќе припаѓаат на „Сподели кино“ доколку успееме да се договориме за распоред во Точка.

Она што сум спремен да го направам и во што се надевам на помош од Дамјан, Игор и Миша е овие 12 датуми да имаат сигурно обезбедено 1 час содржина на теми поврзани со слободен софтвер, интернет, веб2.0, авторски права и сл. Ако падне договор со Точка распоредот би бил ФЕИТ: демонстрација на некои работи што можат да се прават со слободен софтвер; Точка: проекции на филмови, анимации или предавања на некои релевантни ликови од странство на горните теми (и потоа ако има време и желба - дискусија). Ако не се договориме со Точка, тогаш кино секој сам од дома ќе си споделува. :)

Другиот еден час што веројатно ќе останува на ФЕИТ е слободен/празен за секој оној кој сака да даде некаков свој придонес. Јас моите идеи ќе ги бележам на викито на Лугола.

Размислував нешто повеќе за сите активности во врска со слободен софтвер и заедницата во Македонија и ми се чини дека овие 3 месеци што остануваат до почетокот на летото се добар рок за полно работи. Веќе подолго време мислам дека клучна работа е да ја доведеме веб инфраструктурата на Слободен софтвер Македонија во модерно доба. Се надевам дека овие некои мали придвижувања што почнаа да се случуваат благодарение на Глиша и Игор ќе бидат поттик конечно да се собере критична маса на луѓе за да се направи нешто солидно. Ако се појави интерес кај студентите на ФЕИТ кои мора да одработат пракса, тогаш пракса под капата на Слободен софтвер Македонија, токму на вакви некои веб проекти може да се покаже како одлична варијанта. Исто така во наредниве месеци, веројатно после Велигден ќе треба да го одржиме и веќе традиционалниот инсталационен фестивал. За овој настан се уште немаме солидна локација, но ајде да речеме дека има уште време за потрага.

Оние што беа во Точка на нашиот последен официјален собир знаат дека Дамјан рече дека размислува за повлекување. Јас исто имам слични мисли на ум и иако се уште ништо не е одлучено, постои можност за целосен log out од лето па натаму.

Мислев дека е ОК ова да се знае за да не излезе после нож на грло во случај прославеното место „претседател на Слободен софтвер Македонија“ да остане празно. Вака сите заинтересирани страни можат да се подготвуваат за иднината.

Ете тоа. Ајде да сработиме нешто до 31 мај.