политика

Undefined

Архитектура и политика

Tags: 

Намерата ми беше за ова да пишувам откако ќе го слушнам и денешното предавање на Томислав Медак, но бидејќи есапот дома и на пазар не е ист, одиме вака.

Пред 2 дена го слушав Теодор Целакоски од Мултимедијалниот институт од Загреб на тема „Уметност и активизам – формати и значења на политичкото дејствување и влијание на независната културна сцена“. Предавањето беше за хрватското движење „Право на град“ каде што Тео има активна улога, а кое го организира (релативно) успешниот граѓански протест за зачувување на улицита „Варшавска“ во Загреб. Како што разбрав, од предавањето има аудио снимка, и бидејќи не сакам овде да го раскажувам, заинтересираните може да го пингаат организаторот.

Моето видување е дека приказната за хрватското право на град е интересна за нас од повеќе аспекти и од неа можат да се црпат лекции за Скопје2014 - всушност мислам дека некои од тие лекции се добро научени (или барем добро набубани - да се изразам школски) од локалните актери.

Предавањето мене ми послужи да си потврдам некои свои размислувања што може да се сумирааат во една реченица: „Архитектурата е политика“. Мислам дека причините за неуспехот на Прва архи-бригада и Плоштад Слобода како две главни групи што ја водеа опозицијата против Скопје2014, но и на другите јавни опозиционери (нема да наведувам имиња сега), а во поново време и на Асоцијацијата на архитекти лежат во погрешното јавно пишување и објаснување токму на оваа реченица.

Намерно не велам „разбирање“ бидејќи веројатно е дека меѓу овие луѓе има такви (сите?) кои ја разбираат. Останува тоа дека таа не беше искомуницирана на начин што ќе биде приемчив за јавноста.

Архитектите згрешија (и грешат) што инсистираат на тоа дека прашањето за изгледот на Скопје е прашање на архитектура: стручна дебата за стиловите, правците и материјалите што се користат во градењето. Таквата стручна дебата ја промашува суштината и ја оттуѓува јавноста. Дури и „Форум Скопје“ што треба да биде хм - форум, всушност е настан затворен за пошироката јавност - освен архитекти и ретки заинтесирани, други луѓе нема. Нема ни опозиција. Тоа е повеќе или помалку настан на кој се случува „Preaching to the choir“.

Другите општествени активисти слично згрешија (и грешат) што го шират прашањето длабоко во политика, во поширок или преширок контекст на политичка борба (на пример: фати го крадецот!). Ваквиот пристап исто така ја оттуѓува јавноста. Тој не нуди јасни пораки туку повеќе материјал за медиумски шпекулации, а во опкружување во кое ретко и тешко се прави разлика меѓу „партиското“ и „политичкото“ исходот очигледно е уште еден хор.

Да сумирам: Скопје2014 е политичко прашање. Такво треба да биде од интерес на граѓаните во едно демократско општество, кои се политични по самото тоа што живеат во политичка творба (држава). Сфаќам дека сето ова тешко се голта во Македонија, но токму тоа требаше да биде и целта на опозицијата на Скопје2014 - да создаде заедничка точка на интерес околу која ќе се сплотат различни групи (секоја со своја поширока агенда?), но кои ќе понудат дискусија во врска со политичко-граѓанскиот аспект на проектот. Тоа не се случи. Можеби премногу се разликуваме од Хрватска и тоа е добар изговор, но можеби требаше малку повеќе напор за да се артикулира една јасна порака што ќе биде приемчива за поголем број луѓе.

На крај, ќе беше убаво да видиме како независната сцена (сфатена што е можно пошироко) во Македонија се здружува околу едно прашање - со што ќе го докажеше и своето постоење, но наместо тоа ќе живееме со уште една епизода на меѓусебни потценувања и обвинувања.

Економските индикатори како одредница за платите на политичарите

Tags: 

Во економската теорија (и практика) познат и често применуван е системот на наградување на менаџерите на компаниите со опции за акции. Идејата е дека, кога интересите на менаџерите ќе се изедначат со оние на акционерите, менаџерите ќе имаат поттик да ја направат компанијата што е можно поуспешна, бидејќи така и тие ќе имаат корист (цената на акциите ќе расте и за нив).

Не знам како точно се определуваат платите на политичарите низ светот. За Македонија ми се чини дека се определени со некои закони или слични регулативи, така што износот се добива како производ на просечната републичка плата со некој коефициент.

Не знам зошто државните менаџери не добијат ист третман, така што нивните плати би се врзале со некои економски индикатори што ја изразуваат благосостојбата на луѓето. На пример, познат индикатор е Џини коефициентот. Овој коефициент е индикатор на (не)еднаквоста на расределбата на доходот или богатството во едно општество. Коефициентот се движи од 0 до 1 и повисока вредност значи поголема нееднаквост. Ако се сложиме дека од интерес на сите во општеството е да има поголема еднаквост во дистрибуцијата на доходот и дека тоа е една од задачите на политичарите, тогаш нивните плати можат да се пресметуваат по формула која ќе овозможи поголеми плати доколку коефициентот се движи кон нула.

Друг индикатор може да биде HDI. HDI исто така се движи од 0 до 1. Во 2009 највисок има Норвешка (0.971), Македонија е 72-ра со 0.817. Ако повисок HDI значи и повисока плата за политичарите, тогаш тие ќе имаат повеќе мотив да работат на трите компоненти кои го оформуваат индексот: очекување на животен век при раѓање, знаење и образование и животен стандард - кои што очигледно се категории кои токму спаѓаат во описот на нивните работни задачи, а секако се од интерес на граѓаните.

Ете идеја.

Природни и политички катастрофи

Tags: 

Ми се чини дека големите природни катастрофи ја одбележуваат првата декада од 2000-тата.

2004 беше цунамито во Индонезија.
2005 беше Катрина во Њу Орлеанс.
2010 беше земјотресот во Хаити.

Сигурно има и други, но овие беа медиумски најексплоатирани.

Ако може да се извлече некаква поука од овие настани е тоа дека природните катастрофи не можат да се спречат, но можат да се спречат (или намалат) последиците кои тие ги предизвикуваат.

За цунамито, проблемот со кој се соочија спасувачите кои доаѓаа на лице место беше непостоењето на еден стандард за комуникација помеѓу владините служби во Индонезија. Сега не можам да најдам релевантна статија на темата, но дебатата беше околу (не)употребата на отворени стандарди, недостатокот на интероперабилност и воглавно неможноста за размена на податоци помеѓу различните служби, спасувачи и организации. Сето ова резултираше со побавна работа и недостаток на координација, што веројатно чинело животи и пари.

Владата на Индонезија сигурно не можела да го спречи цунамито. но можела да ги ублажи последиците со помудра политика во ИКТ решенијата што ги користела. Којзнае, можеби таму местеле тендери, или пак децентрализацијата направила раздор помеѓу централната и локалните власти, па секој си користел свои решенија кои не можеле да комуницираат помеѓу себе.

Катрина пак на површина ги извади сите неуспеси на администрацијата на САД и тоа речиси на сите нивоа на власт. Темата е истражувана на многу места, а посебно во 4 часовниот документарен филм на Спајк Ли - When the levees broke, според кој непогодата можела да се избегне доколку насипите (или каналите) биле правилно дизајнирани во што потфрлиле инжинерите на американската војска, а и патењето на луѓето потоа можело да се избегна ако властите интервенирале на време. Ваквите заклучоци во филмот всушност и се поддржани од други истраги спроведени од страна на американскиот конгрес и восјка.

Владата на САД сигурно можела да изгради подобра инфраструктура за заштита од поплави околу Њу Орлеанс, впрочем делтата на Мисисипи и самата би требало да биде доволна за поголемо внимани кон опасноста од поплави, но веројатно е тешко да се посветиш на некоја таква досадна работа кога водиш две војни (три заедно со таа против дрогите) и се спремаш за трета.

Земјотресот во Хаити и неговите катастрофални последици ги натера некои од економистите да прогласат дека „државата Хаити повеќе не постои“. Она што ги шокира луѓето е фактот дека вакви земјотреси не се нешто ново во светот, па зошто тогаш толку жртви и разрушување? Сличен земјотрес во Сан Франциско во 80-тите години (ми се чини) зел десетици жртви наспроти стотици илјади во Порт-ау-принс.

Секако, владата на Хаити не можела да го спречи земјотресот, но можела да обезбеди владеење на правото и да пропише стандарди за изградба на објектите кои ќе следат некои сеизмолошки стандарди, но од она што може да се прочита тие баш и не правеле ништо посебно, освен можеби што успешно во континуитет краделе.

Затоа, кога македонските политичари ќе изјават дека не треба да се прави политичко прашање од природните непогоди кои деновиве ја погаѓаат нашата мала држава, тие, барем за момент, се во право.

Политичко прашање треба да се прави од последиците од тие непогоди, и неодговорно би било да е поинаку.

Исланд и слободата

Tags: 

Навистина е интересно да се види како некои земји реагираат на проблеми и кризи. Еве го Исланд, откако банкротираше: Icelandic Modern Media Initiative.

According to Reporters Sans Frontiers (RSF), Iceland went from being placed first in the world for freedom of expression (2007) to 9th (2009). It is time this trend was rectified.

The goal of the IMMI proposal is to task the government with finding ways to strengthen freedom of expression around world and in Iceland, as well as providing strong protections for sources and whistleblowers. To this end the legal environment should be explored in such a way that the goals can be defined, and changes to law or new law proposals can be prepared.

Во суштина спремаат Закон според кој новинарите ќе бидат целосно заштитени. Повеќе има и на Гардијан: Iceland's fight for press freedom.

Скопје2014 == Bikeshed

Tags: 

Painting the Bikeshed е еден од незаборавните моменти од историјата на интернетот, иако корените се всушност во книга за јавната администрација (колку згодно!). Да не преведувам:

Parkinson shows how you can go in to the board of directors and get approval for building a multi-million or even billion dollar atomic power plant, but if you want to build a bike shed you will be tangled up in endless discussions.

Parkinson explains that this is because an atomic plant is so vast, so expensive and so complicated that people cannot grasp it, and rather than try, they fall back on the assumption that somebody
else checked all the details before it got this far. Richard P. Feynmann gives a couple of interesting, and very much to the point, examples relating to Los Alamos in his books.

A bike shed on the other hand. Anyone can build one of those over a weekend, and still have time to watch the game on TV. So no matter how well prepared, no matter how reasonable you are with
your proposal, somebody will seize the chance to show that he is doing his job, that he is paying attention, that he is *here*.

Цитирано од Painting the Bikeshed.

Воопштена верзија од овој закон има во закоот на Сајр (политички научник, универзитет Колумбија): "In any dispute the intensity of feeling is inversely proportional to the value of the stakes at issue."

Ми се чини дека ова одлично ја илустрира дебатата за Скопје2014. Проектот чини ситни пари во однос на најголемиот буџет во историјата на Македонија, а сепак дебатите за буџетот се ограничени и всушност никој не може да мобилизира граѓани да протестираат против тоа.

Во однос на големината и сложеноста на државата/економијата/општеството, плоштадот на Скопје е шупа. И, како што Паркинсон вели погоре, секој знае да направи шупа.

Repost: Spook Country - William Gibson

Tags: 

“A nation,” he heard himself say, “consists of its laws. A nation does not consist of its situation at a given time. If an individual’s morals are situational, that individual is without morals. If a nation’s laws are situational, that nation has no laws, and soon isn’t a nation.”

Првиот пат.

Скопје2014

Tags: 

I. Зошто е важно?

Кога министерката за култура ќе рече дека „Бранко Црвенковски во својата 20-годишна политичка кариера не изгради апсолутно ништо во Македонија и зачудува од каде тој се доживува како авторитет кој може да коментира дали е нешто кич или не.“, таму ќе видите слабо формулирана политичка изјава, и тоа поради неколку причини.

Очигледното е: зошто би очекувале некој кој не е стручен во архитектура и уметност воопшто да го дожувуваме како авторитет? Се разбира не очекуваме. Но, би очекувале сепак да се земат предвид мислењата на стучните лица, а токму за нив Владата е глува. Но, можеби во Владата сметаат дека само тие што „градат“ се авторитети?!?

И ако е така, и ако Бранко Црвенковски воопшто нема никаков кредибилитет бидејќи тој „не изгради апсолутно ништо“, тогаш во ова има повеќе вистина одошто може да изгледа на прв поглед, бидејќи навистина Црвенковски не „изгради“ ништо: ниту независно судство, ниту квалитетно образование, ниту Вашето омилено што недостасува од јавниот сектор. Но, ваквото „градење“ всушност го руши кредибилитетот на сите политичари во последните 20 години во Македонија, бидејќи никој ништо нема изградено.

Третото е буквалното читање на изјавата, дека Црвенковски не изградил ништо од бетон и стакло. И ова можеби е најмалиот негов грев. Од каде па потребата Владата да гради нешто повеќе од патишта во капитализам и парламентарна демократија? Чинам, големите градења на разно-разни објекти беа симбол на комунистичките (но и другите авторитарни системи)?

И поради последново, Скопје 2014 е важно. Важно е затоа што и покрај сите спорни активности на Владите до сега, било тоа биле ТАТ и Микрософт, ОКТА и Телеком, или нешто трето, Скопје2014 единствено ќе остави траен белег во Македонија. Тоа ќе ги погоди сите граѓани без разлика дали живеат во Скопје или доаѓат во главниот град повремено, без разлика дали се млекари и ги извисил Сведмилк, или се лозари и ги извисил Тиквеш.

А знаејќи го досегашниот „успех“ на политичарите (и тоа не само македонските), на едно нешто може да сметаме: парите секогаш се тука некаде во врвот на приоритетите. И највозвишените идеи за градење на државите и пумпање на идентитетот криеле дебели туциња пари.

II. Зошто не ми е гајле?

Лани во ноември имав здравствен проблем кој бараше трчање на дежурен лекар. Кога стигнав, ми рекоа дека не може да ме снимат бидејќи апаратот не работел. Гоце може ќе ми замери, но тоа што следеше беше трчање по луѓе и вртење телефони за да стигнам на снимање пред тие што закажале во септември, но што може човек да прави во таква сутиација? Моралните дилеми на страна, она што главно ме загрижува е зошто сум воопшто во таква сутиација кога и јас и моите родители редовно цел работен век плаќаме придонеси?

Но, можеби тоа било моја лоша среќа и реформите во здравството навистина ќе донесат подобри услуги за сите? Да се потсетам тогаш на патешествието постдиплмоски студии. Последното пријавување ме соочи со тоа дека македонските судски и нотарски печати не се признаваат во странство. А зошто? Зошто дипломата што ја издава македонскиот водечки универзитет, факултетот што е во водечките 1000 бизнис школи во светот не вреди ни колку празен лист од книжарница надвор од границите на РМ? (Некој со право ќе рече дека истава диплома често не вреди ништо ни во РМ, бидејќи партиските книшки се подобра референца).

На крај, тука се решенијата за извршување за радиодифузна и комунална такса што ги пратија МРТ и Градот. Правна сигурност некој ќе рече? Џабе правобранителот вели дека МРТ греши кога извршителите ги љуштат парите директно од банкарска сметка. Слично е и со застарените комуналните такси од градот што пред 10 дена блокираа илјадници фирми. А банките, верните чувари на пари, наместо да ги заштитат своите клиенти сепак се одлучија да подлегнат под уште еден политички притисок, често одбивајќи воопшто да дадат информација за тоа кај отидоа париве од жиро-сметката.

Па зошто да ми биде гајле дали на плоштадот ќе има еден или десет коња кога ништо друго не функционира? Каков план можам да правам за иднината?

Да ја оправувам работата во државата немам ниту намера ниту желба. Ми останува само да бегам. Ако не успеам, тогаш ќе го гледам Скопје во 2014 и ќе тонам во просечност.

Пушење

Tags: 

ВМРО-ДПМНЕ омекна, на летните тераси ќе се пуши:

На тераса и во летни бавчи на угостителските објекти, односно ресторани, кафулиња, кафе-барови, отворени летни дискотеки и плажи во периодот од 1 март до 31 октомври ќе биде дозволено пушење. Ова го предвидува предлог- законот за измени и дополнување на Законот за заштита од пушењето, кој вчера на Собранието му го предложија пратениците на ВМРО-ДПМНЕ.

„Во делот каде што ќе биде дозволено пушењето, терасите и летните бавчи нема да смеат да имаат покриви ниту дополнителна опрема која на објектот ќе му дава затворен карактер“, изјави вчера претставникот на пратеничката група на владеачката партија, Влатко Ѓорчев.

Вистинска чистка на нелегалните тераси на кеј:

Како никогаш досега општинската инспекција од Центар вчера ги уриваше незаконски заградените тераси на кејот на Вардар. Педесетина ангажирани извршители од рано изутрина почнаа со демонтирање на најлоните, подовите и воопшто на сите делови од конструкциите од нелегалните градби. Безмилосна чистка истовремено се вршеше на терасите на сите седум локали на шеталиштето. Освен општинските работници во акцијата се вклучија и дел од сопствениците на кафулињата со свои работници. Иако револтирани, сепак, кафеанџиите не даваа отпор.

Добро, само мене ли ми изгледа ова на местенка?! Се чини дека општината, со пари од граѓаните, експресно пред измените на законот за пушење на газдите во центарот им ги претвори просторите од „затворен карактер“ во „отворени летни тераси“.

Страници