Економските индикатори како одредница за платите на политичарите

Tags: 

Во економската теорија (и практика) познат и често применуван е системот на наградување на менаџерите на компаниите со опции за акции. Идејата е дека, кога интересите на менаџерите ќе се изедначат со оние на акционерите, менаџерите ќе имаат поттик да ја направат компанијата што е можно поуспешна, бидејќи така и тие ќе имаат корист (цената на акциите ќе расте и за нив).

Не знам како точно се определуваат платите на политичарите низ светот. За Македонија ми се чини дека се определени со некои закони или слични регулативи, така што износот се добива како производ на просечната републичка плата со некој коефициент.

Не знам зошто државните менаџери не добијат ист третман, така што нивните плати би се врзале со некои економски индикатори што ја изразуваат благосостојбата на луѓето. На пример, познат индикатор е Џини коефициентот. Овој коефициент е индикатор на (не)еднаквоста на расределбата на доходот или богатството во едно општество. Коефициентот се движи од 0 до 1 и повисока вредност значи поголема нееднаквост. Ако се сложиме дека од интерес на сите во општеството е да има поголема еднаквост во дистрибуцијата на доходот и дека тоа е една од задачите на политичарите, тогаш нивните плати можат да се пресметуваат по формула која ќе овозможи поголеми плати доколку коефициентот се движи кон нула.

Друг индикатор може да биде HDI. HDI исто така се движи од 0 до 1. Во 2009 највисок има Норвешка (0.971), Македонија е 72-ра со 0.817. Ако повисок HDI значи и повисока плата за политичарите, тогаш тие ќе имаат повеќе мотив да работат на трите компоненти кои го оформуваат индексот: очекување на животен век при раѓање, знаење и образование и животен стандард - кои што очигледно се категории кои токму спаѓаат во описот на нивните работни задачи, а секако се од интерес на граѓаните.

Ете идеја.