Скопје2014

Tags: 

I. Зошто е важно?

Кога министерката за култура ќе рече дека „Бранко Црвенковски во својата 20-годишна политичка кариера не изгради апсолутно ништо во Македонија и зачудува од каде тој се доживува како авторитет кој може да коментира дали е нешто кич или не.“, таму ќе видите слабо формулирана политичка изјава, и тоа поради неколку причини.

Очигледното е: зошто би очекувале некој кој не е стручен во архитектура и уметност воопшто да го дожувуваме како авторитет? Се разбира не очекуваме. Но, би очекувале сепак да се земат предвид мислењата на стучните лица, а токму за нив Владата е глува. Но, можеби во Владата сметаат дека само тие што „градат“ се авторитети?!?

И ако е така, и ако Бранко Црвенковски воопшто нема никаков кредибилитет бидејќи тој „не изгради апсолутно ништо“, тогаш во ова има повеќе вистина одошто може да изгледа на прв поглед, бидејќи навистина Црвенковски не „изгради“ ништо: ниту независно судство, ниту квалитетно образование, ниту Вашето омилено што недостасува од јавниот сектор. Но, ваквото „градење“ всушност го руши кредибилитетот на сите политичари во последните 20 години во Македонија, бидејќи никој ништо нема изградено.

Третото е буквалното читање на изјавата, дека Црвенковски не изградил ништо од бетон и стакло. И ова можеби е најмалиот негов грев. Од каде па потребата Владата да гради нешто повеќе од патишта во капитализам и парламентарна демократија? Чинам, големите градења на разно-разни објекти беа симбол на комунистичките (но и другите авторитарни системи)?

И поради последново, Скопје 2014 е важно. Важно е затоа што и покрај сите спорни активности на Владите до сега, било тоа биле ТАТ и Микрософт, ОКТА и Телеком, или нешто трето, Скопје2014 единствено ќе остави траен белег во Македонија. Тоа ќе ги погоди сите граѓани без разлика дали живеат во Скопје или доаѓат во главниот град повремено, без разлика дали се млекари и ги извисил Сведмилк, или се лозари и ги извисил Тиквеш.

А знаејќи го досегашниот „успех“ на политичарите (и тоа не само македонските), на едно нешто може да сметаме: парите секогаш се тука некаде во врвот на приоритетите. И највозвишените идеи за градење на државите и пумпање на идентитетот криеле дебели туциња пари.

II. Зошто не ми е гајле?

Лани во ноември имав здравствен проблем кој бараше трчање на дежурен лекар. Кога стигнав, ми рекоа дека не може да ме снимат бидејќи апаратот не работел. Гоце може ќе ми замери, но тоа што следеше беше трчање по луѓе и вртење телефони за да стигнам на снимање пред тие што закажале во септември, но што може човек да прави во таква сутиација? Моралните дилеми на страна, она што главно ме загрижува е зошто сум воопшто во таква сутиација кога и јас и моите родители редовно цел работен век плаќаме придонеси?

Но, можеби тоа било моја лоша среќа и реформите во здравството навистина ќе донесат подобри услуги за сите? Да се потсетам тогаш на патешествието постдиплмоски студии. Последното пријавување ме соочи со тоа дека македонските судски и нотарски печати не се признаваат во странство. А зошто? Зошто дипломата што ја издава македонскиот водечки универзитет, факултетот што е во водечките 1000 бизнис школи во светот не вреди ни колку празен лист од книжарница надвор од границите на РМ? (Некој со право ќе рече дека истава диплома често не вреди ништо ни во РМ, бидејќи партиските книшки се подобра референца).

На крај, тука се решенијата за извршување за радиодифузна и комунална такса што ги пратија МРТ и Градот. Правна сигурност некој ќе рече? Џабе правобранителот вели дека МРТ греши кога извршителите ги љуштат парите директно од банкарска сметка. Слично е и со застарените комуналните такси од градот што пред 10 дена блокираа илјадници фирми. А банките, верните чувари на пари, наместо да ги заштитат своите клиенти сепак се одлучија да подлегнат под уште еден политички притисок, често одбивајќи воопшто да дадат информација за тоа кај отидоа париве од жиро-сметката.

Па зошто да ми биде гајле дали на плоштадот ќе има еден или десет коња кога ништо друго не функционира? Каков план можам да правам за иднината?

Да ја оправувам работата во државата немам ниту намера ниту желба. Ми останува само да бегам. Ако не успеам, тогаш ќе го гледам Скопје во 2014 и ќе тонам во просечност.