Ја читав објавата за најновиот натпревар „Биди иновативен“ ги наградува бизнис идеите и помислив за тоа какви идеи ќе се појават на него и дали познатата „не измислувај топла вода“ ќе има некакво влијанија меѓу учесниците.
Мислам дека во општествово и стопанствово ни фали уште многу „топла вода“, па си реков која идеја што е „топла вода“ може некако да придонесе во земјава. Дали поради преголемото влијание на Берлин или поради нешто друго, првото нешто што ми текна беше автобуска линија до аеродром. Не е нешто сложено: ти требаат неколку автобуси, избор на 2-3 станици (пр. Бисер, Холидеј ин, Александар палас, последна 15-ка), договор за реклами со хотели и слично, возен ред според просечното време на полетување од аеродром (и слетување), и горе-долу тоа е тоа. Јасно е дека ова не би поминало на натпреварот, ако ништо друго, тогаш поради високите вложувања што се потребни од почеток за бизнисот да проработи.
Сепак, одлучив малку повеќе да се занимавам со идејата, и откако не успеав да сфатам зошто некој со повеќе пари или бизнис-храброст не го направил ова до сега, прашањето го поставив пред постарите и помудрите. Еве што прибрав како информација:
Порано (некогаш?) имало автобус до аеродром. Сега сѐ уште има автобус до селото што е (релативно) близу до аеродромот;
Некоја такси компанија (воглавно составена од жители на селото) го држи монополот за превезување на патници од аеродромот до Скопје. Монополот се одржува со насилство. Возачите од други компании биле бркани, а до сега имало бројни случаи на физичка пресметка меѓу „конкурентите“;
Затоа, најчесто, другите такси компании возат од Скопје до аеродром и потоа се враќаат празни назад;
Но, некои среќници, можат да возат и во обратна насока. Ако авио-патникот побара информација за превоз од некое од службениците во аеродромот, тие ќе повикаат пријател кој работи во некоја такси компанија, кој ќе дојде на аеродромот со таблата во багажник. Така ќе ги заобиколи „бариерите за влез“ на пазарот;
И на крај, непознато е дали е потребна посебна дозвола од градот (или друг надлежен) за сега да се воспостави нова редовна линија, но преовладува чувството дека некакви тесни интереси го менаџираат и овој хаос.
Случајно в раце ми падна копија од „Бушава азбука“, книга издадена во 1987 година, и се присетив дека како дете ја имам листано.
Првата реакција ми беше: ајде да ја ставиме на интернет. Ја нема во книжари, повеќето потпишани издавачки куќи веќе не постојат, а тоа е забавна книга за децата кои ја учат азбуката. Се обидов да го направам токму тоа.
За жал, скенерот со кој што располагам е мал, а книгата е во невообичаен формат, и при скенирање губам дел или од горниот или од долниот дел од содржината на страницата.
Ако некој има скенер за А3 формат што може да го понуди, може да остави коментар.
Сепак, PDF или слики не се баш најзгодниот медиум за презентирање на содржина на интернет. Па си помислив што ако го направиме ова во интернет стил: HTML, CSS, JavaScript? Првата идеја што ја имам е S5: лесно за управување низ содржините, без многу тракатанци наоколу. За почеток веројатно се потребни малку понапредни CSS вештини и, секако, цртачки вештини за сите илустрации.
Отсекогаш ми се допаѓало тоа што разни држави си ја преземале славата за спасот на Европа од Отоманската империја.
Се разбира сѐ почнува со Австријците и виенската битка. Таму каде што паднале Турците наводно завршувала Европа, сѐ јужно е ориентот... ама не баш, бидејќи Словенците и Хрватите се бореле на страната на Австро-Унгарија и тоа во првите борбени редови (сигурно нешто како операцијта црнците напред во СаутПарк)... и така секој со своја приказна до долу до Македонија. Всушност македонците биле најзаслужни за сопирањето на царските војски, дека биле бељаџии и не ги оставале раат. Па војската морала да се мачи со тукашните побуненици наместо одлучно да напредува кон север.
Нема ништо посебно и во оваа некоја желба за прославување на минатото кога веќе славиме сѐ и сешто, ама она што ми падна во очи е следново:
Ако инсистираме на европската традиција и посебно на нејзиното заштитување од влијанието од исток, а знаеме дека во коренот на таа традиција европејците пред се ја гледаат античка Грција, тогаш како по ѓаволите истовремено инсистираме на тоа дека антиката на овие простори не била баш грчка? (Забелешка за потенцијалните тролови на блогов: не велам дека ова горе е вистината, само ги наведувам различните гледишта.)
Ми се чини дека дел од западниот свет на кој сакаме да му припаѓаме е и мислењето дека Словените дошле од зад Карпатите. Не знам, можеби некои руски научници кои често се цитирани по форумиве, се во право и не е баш така преселбата на овие народи, ама пак тука го гледам ова жонглирање со едно топче повеќе.
Не знам дали има пример некоја држава да се приклучи во одреден свет, без притоа да ги прифати неговите гледишта. Можеме ли ние да бидеме дел од западот, а да не ги прифатиме неговите доминантни гледишта?
Не знам каде, но се сеќавам дека сум видел реклами за рационализирање на трошењето вода и тоа за затворање на чешмата додека човек четка заби. Не знам ни дали беа македонски рекламиве - сеедно.
Нашиот водовод, кој постојано се жали на неразумно трошење вода, може да размисли за лепенки со поракта „гаси ја чешмата“ на секое пакување паста за заби. Ова не би требало да биде проблем да се направи, ако се договорат со увозниците, кои и така мораат да лепат декларации на македонски јазик.
На пр. Водовод ги сноси трошоците за печатењето на декларација + порака „гаси ја чешмата“, а увозниците лепат. Нивниот поттик ќе биде во заштеда за печатење, а на Водовод пристап до широка популација на корисници на неговите услуги.
Не бев присутен на сите вечери, туку само вчера (сабота) и завчера па моите впечатоци овде се само од тие два дена.
Општиот впечаток ми е дека на форумот недостасуваше опозиција. Сите присутни, вклучувајќи ги и гостите од странство кои се искажаа на темата „Скопје“, беа на иста линија во врска со сета нова архитектура и споменици кои се градат во градов - дека тоа не е добро, не е убава архитектура, дека е нетранспаренто и сл. Недостасуваше некој од оние што се одговорни за сета градба да каже како и зошто мисли (а според тоа и спроведува) на таков начин. Недостасуваше некој што ако ништо друго барем се сложува со ова што се гради и начинот на кој тоа се прави. Освен еден испад дека Лумикс личи на змија што е симбол на злото и оттука треба црква до него што е симбол на доброто и некаков повик за македонска гордост други реакции на „одбрана“ немаше. На крајот и модераторката на настанот искажа жалење за ваквата ситуација. Но, и недостатокот на опозиција на форумот сепак носи своја порака, а тоа е дека на одговорните лица веројатно не им е многу гајле за тоа што некој таму дебатира. Се разбира, ова за нас отвара прашање поврзани со отвореноста, демократичноста и транспарентноста на овие процеси, но ми се чини дека тоа не се нови прашања исто како што не е ни недостатоткот на дијалог.
Јас учествував со две забелешки. Во петокот беше отворено прашањето за консензус од страна на еден архитект од Италија. Во неговото обраќање тој објасни дека градежни апсурди се случуваат и во Италија, но Берлускони, кој владее популистички, ја има поддршката од граѓаните и таму постои консензус во врска со тие проекти. Се разбира има некои обични луѓе и архитекти кои се против, но нивниот број е незначаен. На крај, тој постави прашање дали има консензус во Македонија.
Откако никој не одговори, јас се јавив со коментар дека според владата и мнозинството граѓани консензус е постигнат и кај нас (конкретно за градбата на црквата на плоштад). Владеачката партија го црпи своето одобрение од изборите кои ги доби со масивна победа, а во програмата за тие избори има црква на плоштадот. Се разбира и кај нас има луѓе кои што не мислат дека тоа е добра идеја, но паралелата со Италија е премногу очигледна и неизбежна.
Вчера, посебен впечаток ми остави презентацијата на Елизабета Аврамовска која е професор по ликовна уметност. Таа преку примери од други градови се обиде да објасни дека на други места се гради со некаков концепт, со некаква идеја и дека градбите на крајот носат некаква порака. Нејзината поента беше дека тоа не е случајот кај нас. Присетувајќи се на една изјава на Небојша Вилиќ, реков дека очигледно постои некаква идеја зад објектите кои се градат. Плоштадот на кој доминираа поштата и телекомот, важни симболи на комуникација особено во пред-интернет времето, и трговскиот центар и стоковната куќа кои може да се гледаат како некакви центри за конзумеризам, а градската кафана и сите кафулиња за хедонизам, се изменува и сега таму ќе има нови симболи „ на општественото уредување на Кралството на СХС или, подоцна, Кралството на Југославија значи (воз)обновување на нејзините три столба: војската, капиталот и религијата“.
И овде го имаме прашањето за тоа дали на мнозинството тоа му се допаѓа или не, и што можат да прават оние на кои не им се допаѓа, што ме враќа назад на прашањето за непостоење на дијалог и транспарентност во процесите, и тоа како што рече еден млад архитект од Скопје (чие име не го запамтив), посебно за оние градби кои се дел од идеологијата на власта.
Оттука, не мислам дека може нешто посебно да се направи во врска со новата архитектура во градот само со архитектонски дебати. Ми се чини дека е потребен поширок политички (или ако сакате општествен) ангажман за да се постигне нешто повеќео од само дебати на маргините на вниманието на пошироката јавност.
Поминало многу време откога сум објавил нешто подолго од блог запис на ова место, па еве сега мало освежување во таа смисла.
Во прилог на ова закачен е еден текст со наслов: Ослободување на информациските добра -
За промената на пазарните структури и производството како резултат на иновации во правото и технологијата. Идејата ми беше од поодамна и веројатно некако зрееше до сега, па конечно еве го резултатот на Интернет.
Им се заблагодарувам на сите што ми помогнаа со давање идеи и предлози да го направам текстот подобар, иако не успеав сите тие да ги внесам... нешто поради тоа што не знаев како, нешто поради тоа што мислев дека нема потреба. Сепак, текстот останува отворен за коментари и можеби некако ќе го направиме подобар.
Текстот е закачен и на Scribd, за оние што не им се клика на слепо еве го воведот:
Овој текст е преглед на некои од современите идеи што се поврзани со производството и дистрибуцијата на информациските добра. Бидејќи моето познавање на темата е ограничено, текстот не се обидува да изнесе којзнае какви новини, туку само да презентира и евентуално сублимира дел од овие идеи, така што би му биле јасни на секој читател кој има основни познавања од економските и правните концепти поврзани со монополите и авторските права. Истовремено се надевам дека ќе биде доволно интересен за да поттикне понатамошно истражување на темата.
Текстот започнува со презентирање на вообичаената економска анализа за производството на информациски добра и ги објаснува правните механизми без кои таквото производство не би било можно во формата што денес ја знаеме како доминантна. Потоа, објаснува кои се иновациите што се случиле во правото и технологијата (или како што вели Лоренс Лесиг во правниот код и во програмерскиот код) и како тие иновации го менуваат пазарот и производството, посебно на софтверот. На крај, дава краток преглед на случувањата во другите области на производство на информациски добра каде што се случуваат исти или слични поместувања.
И веројатно нема подобра слика за ситуацијата во која се наоѓаме кога ќе видите дека фотографијата на Фликр е видена 551 пат, а на плоштадот одвај има грст цвеќе.
Малку знам за тоаа дали американските политичари биле толку храбри колку што ги портретира популарната култура, но претпоставувам дека има малку вистина во сето тоа, инаку од каде целото наследство на кое на пример се повикуваше и Барак Обама.
Еден таков возбудлив портрет е оној за Едли Стивенсон во филмот Тринаесет дена. Овој политичар е познат по тоа што успешно му се спротиставил на Советскиот амбасадор во ОН (неговиот говор од тој судир е цитиран на многу места). Во филмот, пред да оди на конечното соочување во ОН, Едли се соочува со својата политичка судбина на состанокот во Белата куќа. Не можам да го најдам тој исечок на YouTube, па подолу има цитат од сценариото.
Сцената што се одигрува изгледа вака: Сите важни лица од американската политика и војска се присутни на состанок кај Кенеди. Се дебатира што да се направи следно. Има две опции, двете водат во нуклеарна војна. Тогаш проговорува Едли:
Adlai clears his throat. Everyone looks over at him. He stares down at his clasped hands for a beat. He's anguished about what he's going to say.
ADLAI
There is a third option. With either course we undertake the risk of nuclear war. It seems to me maybe one of us in here should be a coward.
He smiles weakly, but gets no response from anyone.
ADLAI (CONT'D)
So I guess I'll be. Our third choice is to cut a deal. We trade Guantanamo and our missiles in Turkey, get them to pull their missiles out. We employ a back channel, attribute the idea to U Thant. U Thant then raises it at the U.N.
Adlai looks for support around the room, but meets only stony gazes. From McCone and General Taylor, contempt. Dead silence for a long, long beat. Kenny's heart goes out to Stevenson as he watches the man commit political suicide. Even Sorensen, standing behind him, unconsciously moves away. At last the President speaks.
Немам поим дали ова навистина вака се случило, или пак е ставено во филмот поради драматушки потреби.
Сепак, она што сигурно го знаеме е дека немаше нуклеарна војна помеѓу САД и СССР.
За нас, прашањето е кој ќе биде македонскиот кукавица? Не ги следам премногу изборните пораки на претседателските кандидати, но од она што можев да го прочитам во весници, Нано Ружин и Љубе Бошковски се единствените што имаат изјавено барем нешто што може да оди во категорија политичко самоубиство: Ружин со тоа дека е подготвен да ја преземе одговорноста за името и Бошковски со тоа дека Македонија му е поважна од неговиот рејтинг. (За жал не можам да најдам врски до овие изјави, поради генерално нефункционалниот систем на трајни URL-а на македонските весници).
Група уметници се обиделе да направат мудар трик (и не знам дали ова е добар опис) на Википедија, со тоа што ќе направат само-референцирачки текст за Википедија уметност...
Нивниот обид завршил со брзо бришење од еден администратор, и сега покрај дебатата дали текстот е таков каков што треба да биде за на Википедија, има и дебата дали се испочитувани правилата за бришење на статии на енциклопедијата.
Исто така интересно е што на википедија страницата за концептуална уметност е додадена референца за овој обид, но и таа е брзо избришана.